Доделени статуетките за „Претприемач на годината 2018“

„Претприемништвото е моќен двигател на економскиот раст и придонесува кон отворање на нови бизниси и создавање на работни места, проширување на пазарите и негување на нови вештини и способности. Токму малите и средните претпријатија во Европа секоја година создаваат повеќе од 4 милиони нови работни места“, истакна министерот Бектеши на отворањето на 12-та по ред традиционална манифестација „Претприемач на годината 2018“, на која беа доделени наградите за најуспешни претприемачи на микро и мали претпријатија во Македонија.

Согласно ЕУ - стратегијата за раст „Европа 2020“, во која како посебна иницијатива се издвојува поддршката на МСП и претприемништвото, министерот Бектеши се осврна на мерките и активностите во рамки на годишната Програма за конкурентност, иновации и претприемништво на Министерството за економија, чија цел е создавање на поттикнувачка клима за отворање на нови и за јакнење на постојните микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, како и за развој и унапредување на институционалната инфраструктура за поддршка на бизнисот и јакнење на претприемачкиот дух.

„Годинава од оваа Програма финансиски беа поддржани околу 138 претпријатија, 19 занаетчии, 9 проекти на фондации, здруженија на граѓани и занаетчиски комори, кои аплицираа и исполнија услови за мерките во програмата. Со поддршката на МСП и на претприемништвото во Македонија ќе продолжиме и следната година, со што ќе отвориме нови можности за сите вас да добиете поддршка во реализацијата на вашите бизнис активности. Таа поддршка ќе ве охрабри, ќе ви даде дополнителен стимул и може да ви отвори нов деловен аспект, идеја за нови производи или можност за освојување на нови пазари“, порача Бектеши.

Во име на Сојузот на стопански комори на Македонија, пред присутните се обрати претседателката Данела Арсовска, која осврнувајќи се на строгите критериуми за избор на претприемач на годината, стави акцент на високиот број на фирми кои успеаја да ги задоволат критериумите.

„Оваа година сметам дека успехот е најголем, затоа што токму годинава беше исполнета со можеби најголемите и најбројните предизвици досега, не само во рамки на регионот, туку и наши, внатрешни, политички, кои значајно влијаеја и врз економијата. Затоа е посебно изненадувачки што годинава имавме најмногу кандидати кои влегоа во потесениот круг за избор“, рече Арсовска.

Лазар Недановски од Македонската развојна фондација за претпријатија, која годинава одбележа 20 години од своето работење, ја претстави процедурата за избор на претприемач на годината, согласно податоците од Централниот регистар на Македонија.

„Минатата година од 70.000 активни деловни субјекти, согласно критериумите беа издвоени 112 претпријатија, од кои 70 мали, а 42 микро. Овие 112 претпријатија имаат речиси 2.000 вработени, прават приходи од 76 милиони евра и добивка од 8 милиони евра“, истакна Недановски, додавајќи дека овие бројки говорат дека фирмите имаат визија, гледаат можности, преземаат иницијативи и напорно работат за да постигнат успех, а успехот треба да се награди.

Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, ја истакна улогата на оваа комора во поддршката на МСП и уделот кој го имаат нејзините членки во подобрување на бизнис-климата и олеснување на околностите за водење бизнис во земјата, како и во делот на промоција на домашните компании на странските пазари.

„Стопанската комора на Северозападна Македонија ќе биде секогаш подготвена да даде придонес во развојот на претприемништвото и развој на домашната економија“, рече Хоџа.

Изборот на најдобрите претпријатија се темелеше на 4 критериуми кои треба да бидат исполнети од страна на фирмите во последните 3 години: континуиран раст на бројот на вработени, раст на приходите, добивката и инвестициите. Од 112 мали и микро претпријатија, кои ги исполнија овие критериуми, 2 мали и 2 микро претпријатија се закитија со статуетки.

Првата награда во категоријата мали претпријатија ја доби Ваљон Купа од „Евита Груп“ од Дебар, која е една од водечките компании во Македонија за професионални консултантски услуги на бизнис секторот, менаџирање на проекти, транспорт и логистика, градење на капацитети, развој на старт ап капацитети, како и други технолошки решенија за клиенти во приватниот сектор. Второнаграден во истата категорија е Филип Ристевски од „Пиксел“ од Скопје, дигитална маркетинг агенција која е посветена на создавање на иновативни дизајни, на технолошки напредни веб страници и на уникатна дигитална комуникација низ сите маркетинг канали.

Во категоријата микро претпријатија првонаграден е Сашко Андонов од „Течко Нет“ од Кочани, компанија со примарна дејност компјутерско програмирање и e-commerce development и развиена мрежа на локални партнери во САД, Канада и Австралија. Втората награда му припадна на Александар Билјаноски од „Мое Студио Дадар“ од Скопје, студио за убавина кое успешно работи веќе 10 години, користејќи најнови методи и највисоки меѓународни стандарди.

Манифестацијата „Претприемач на годината“ ја организираат Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонска развојна фондација за претпријатија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, покровител на манифестацијата е Министерството за економија, а Штедилница Можности се јавува како спонзор на настанот.