Царовска: 40 деца од понеделник ќе одат во нова градинка во битолско Кравари

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска присуствуваше на отворање на новата градинка во с. Кравари, Битолско. Објектот „Пролет 1“ е дел од ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, има површина од над 200 м2, со двор од 500м2.

„Инвестираме повеќе пари во детската заштита и подобрување на условите за згрижување на деца од предучилишна возраст, а во овој процес посветуваме особено внимание на руралните средини кои со години беа запоставувани. Буџетот за проширување на капацитетите на градинките за следната година го зголемивме за 300%. Со овие средства ќе ги изградиме првите големи градинки во Македонија за последните две децении. Паралелно, го менуваме начинот на кој државата се грижи за децата, поставуваме нови стандарди и го подобруваме квалитетот на предучилишното образование“, изјави Царовска.

Новиот адаптиран простор „Пролет 1“ има капацитет за згрижување на 40 деца од 2 до 6 годишна возраст, со целодневен престој. Објектот „Пролет 1“ е адаптиран и опремен согласно сите стандарди на МТСП.

Градинката располага со две занимални, санитарна просторија за деца и кујна. За опремување на просторот МТСП издвои 696 илјади денари и обезбеди пет нови вработувања.
Изминатата година и пол МТСП посветено работеше на изградба на нови и проширувањена постојните капацитети на детски градинки. Како резултат, отворени се 11 градинки со капацитет од 600 деца и обезбедени се 68 вработувања додека 13 градинки со капацитет за 682 деца и 97 нови вработувања ќе профункционираат до крајот на годинава. Тоа се 24 градинки, најголем дел во руралните средини кои со години беа заборавени дека постојат.

Министерството за труд и социјална политика неодамна обезбеди 30 милиони евра од Светска банка, од кои 16 милиони се наменети за изградба на нови градинки и проширување на постоечките обезбедувајќи простор за нови 7.000 деца. Паралелно ќе се зголемува и бројот на вработени со што се очекува во наредните четири години застапеноста на децата од 35 % да се зголеми на 50%.