Арифи: Пристапниот дијалог чекор напред кон ЕУ

Пристапниот дијалог не е замена за почетокот на преговорите, но е голема можност да продолжиме со реформите, да им се даде динамика, особено во поглавјата 23 и 24, изјави на денешната прес-конференција вицепремиерката задолжена за евроинтеграции Теута Арифи.

Според неа, овој дијалог на високо ниво што ќе го води премиерот Никола Груевски е добра можност која треба да се искористи бидејќи ќе и овозможи на земјата да оди чекор понапред, но истовремено ќе остави простор за да може да се одвива другиот процес за решавање на прашањето за името.

Во врска со целта на завчерашната посета на Атина и средбата со грчкиот вицепремиер Теодорос Пангалос, Арифи истакна дека намерата и била да го отвори и олесни процесот на евроинтеграција на Македонија. Таа очекува оваа средба да биде почеток на нови средби меѓу Атина и Скопје.

Во однос на писмото од премиерот Никола Груевски упатено до грчкиот премиер Лукас Пападимос, Арифи посочи дека таа го предала во добра волја, а за успех на процесот оценува дека тој треба да се води подискретно.

- Мислам дека реакциите ќе дојдат потоа. Јас само го предадов писмото, а тој го прими. Тоа е работа на двајца вицепремиери, а во однос на сериозноста на целиот процес мислам дека е добро тој да се држи подискретно отколку да е тема на дискусија во медиумите, рече вицепремиерката.

Запрашана дали има сознанија за скора посета на медијаторот Метју Нимиц на Македонија и на Грција, Арифи рече дека тоа би бил позитивен сигнал.

- Ние како Република Македонија сме отворени да го прифатиме. Се надевам дека ќе има позитивна атмосфера во двата града. Тоа би бил позитивен сигнал за процесот, оцени вицепремиерката за европски пашања Теута Арифи на прес-конференцијата на која се осврна за нејзините активности во изминатиот период.