Трета јавна дискусија за нацрт амандманите за уставни измени во МАНУ: Имплементирањето на Договорот од Преспа обезбедува исполнување на евроатлантските интеграции на Македонија

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска, учествуваа на третата јавна дискусија за нацрт амандманите за уставни измени во согласност со Договорот од Преспа, која се одржа денеска во амфитеатарот на МАНУ.

Предлозите и сугестиите, кои беа изнесени на тричасовната дебата, на која експертски осврти дадоа академиците Владо Камбовски и Таки Фити и професорот Светомир Шкариќ, како и други претставници на академската заедница, граѓански организации и граѓани, ќе бидат сумирани и поднесени до Владата, која ќе ги изготви заклучоците од серијалот јавни дискусии и ќе ги достави во Собранието.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи истакна дека Преспанскиот договор е историски договор, кој е постигнат како што рече во една историска година за нас и дека тој ќе отстрани товар, односно еден голем камен, кој не ја оставаше Македонија да оди напред.

Вицепремиерот Османи се осврна на позитивните аспекти на Договорот, кој рече дека гарантира членство во НАТО и ЕУ и обезбедува сигурна иднина и од економски и од безбедносен аспект за сите граѓани, посебно младите кои не би сакале да останат во државата, ако таа им нуди неизвесна иднина.

„Евроатлантската ориентација и стратешка цел, никогаш, ниту во најтешките моменти од живеењето на нашата земја, не беше доведена под знак прашање. Над 75 проценти од населението, независно од етничката или верската припадност, континуирано беа и останаа за членство во ЕУ и НАТО. Тоа е голема обврска за сите сериозни политичари, а ние се сметаме за сериозни политичари и ви ветувам дека со сите наши одлуки, сега и натаму, ќе го следиме масовниот глас на граѓаните“, рече Османи оценувајќи дека Македонија е единствена земја која покажа како на европски начин се решаваат балканските идентитетски проблеми.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека Македонија не може да ја смени својата географска положба, ниту својата историја која е важна и темел на нејзиното постоење, но, во денешнината како што истакна, може да влијае за иднината, со преземање на одговорноста и со донесување на одлуки како Договорот од Преспа и неговата имплементација.

„Најголемата штета од нерешавањето на спорот со Грција е врз нас. Не е ниту САД, ниту Русија, ниту Европа, ниту Германија, ниту, пак, Грција. Не е точна тезата дека другите имаат интерес да се реши овој проблем“, рече министерот Димитров посочувајќи дека штетата најмногу ја трпиме самите ние, кои сме надвор од НАТО и Европската Унија.

Димитров истакна дека со Договорот од Преспа и решавањето на повеќедецениското прашање се затвора и поглавјето на идентитетските прашања, кое заедно со членството во НАТО и ЕУ, се трите цели кои Владата сака да ги постигне со овој Договор.

Академик Таки Фити во своето излагање, потсети на заклучоците од научната расправа на Академијата, која се одржа во септември, истакнувајќи дека имплементирањето на Договорот од Преспа ја обезбедува единствената алтернатива за Македонија, односно напредувањето во евроатлантските процеси. Академикот Таки Фити додаде дека договорот ги зајакнува и зацврстува идентитетските прашања, осврнувајќи се на потребата експертите да се изјаснат за да се изнајде решение за имињата на некои од институциите, откако ќе бидат усвоени уставните измени. Тој рече дека и во МАНУ нема едногласие по овие прашања, но оцени дека и тоа е легитимно, доколку за забелешките се понуди алтернативно решение.

Академик Владо Камбовски во обраќањето рече дека Договорот од Преспа е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права, додавајќи дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на елементите кои се содржани.

Камбовски се задржа и на, како што рече неколку императивни елементи, набројувајќи ја промената на официјалното име, решение кое го оцени како компромис кој ги балансира интересите на двете држави, а притоа не го оспорува националниот идентитет. Тука Камбовски подвлече дека во историјата, Македонија била и Демократска, Народна, Социјалистичка. Потоа, Академикот во врска со формулацијата за државјанство, ја оцени одредницата „граѓани на Република Северна Македонија“ како исправна формулација за уредување на статусот на граѓаните и особено дефинирањето на македонскиот јазик како официјален јазик.

Професорот Камбовски на дебатата ја начна и темата во врска со наоѓање решение, во случај да се јави ситуација како сегашната, кога Претседателот на државата не го потпишува Указот за Законот за ратификација на Договорот, кој веќе два пати е изгласан од пратениците и помина во Собранието на Република Македонија.

Професорот Светомир Шкариќ во своето излагање се задржа на предлогот, Договорот од Преспа да се смести во посебен амандман и да биде дел од уставниот поредок на Република Македонија, со што би се обезбедиле импликации врз уставните норми и правниот систем. Дел од сугестиите на Професорот се однесуваа на амандманот 34, предлагајќи одлуките на АСНОМ да останат такви какви што се и да се додадат зборовите „забележани или запишани во Прогласот“.

Според Шкариќ, уставните измени се многу полесни од тоа што изгледа и додаде дека тежината е поврзана со политичкиот процес, договорот на двете Влади.
На јавната дискусија, беа отворени и прашањата како да се регулираат интересите на македонските државјани во дијаспората, се слушаа различни мислења за тоа дали треба или не треба да се набројуваат другите етнички заедници по однос на дијаспората, како и прашања кои би се отвориле во периодот по стапувањето во сила на Законот за Договорот од Преспа, а кои се однесуваат на истражувања во научната дејност.

Дебатите за уставните измени, организирани од Владата како овластен предлагач на истите, продолжуваат во понеделник во Штип и Тетово.