Почнува кампања за поголема безбедност на работниците во градежништвото

„Гради безбедно“ е мотото на кампањата за безбедност и здравје при работа во градежништвото што ќе ја спроведуваат Државниот инспекторат за труд, Синдикат за градежништво, Организацијата на работодавачи на Македонија, Бизнис Конфедерацијата на Македонија и Меѓународната организација на трудот.

- Целта на кампањата е да се зголеми свеста за значењето на превентивните активности за безбедност и здравје на работниците во градежништвото, и да ја зголеми свеста кај работодавачите за подобрување на заштитата при работа, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој појасни дека кампањата посебен акцент ќе стави врз работа на висина, на скелиња и на ископи, со оглед на тоа што, како што рече, анализите покажуваат оти најголем дел од несреќите се случуваат токму на овие работни места.

- Во наредниот период нашите инспектори ќе делуваат превентивно и ќе укажуваат на недостатоците кои треба да се отстраната, по што ќе следуваат интензивни инспекциски надзори и ќе бидат казнети тие што го злоупотребуваат трудот на работниците, не обезбедувајќи ја соодветната заштита и грижа за здравјето на работниците, најави министерот Ристовски.

Павел Трендафилов од Синдикатот за градежништво смета оти е крајно време да се направи ред во овој сектор, да се заштитат работниците и да се казнат оние кои не ги почитуваат законите и ја злоупотребуваат нивната работа.

- Имаме голем број работници на црно врз кои се врши класична злоупотреба, тортура, што пак, генерира и повреди и смртни случаи. МТСП преку државниот инспекторат треба конечно најостро и најригорозмоно да ги казнува сите работодавачи кои не ги почитуваат стандардите при работа и легислативата, рече тој.

Додаде дека Собранието ја има ратификувано Конвенцијата 94 која, како што рече, дава можност да им се одземе работата на оние работодавачи кои имаат вработени на црно, а добиваат работа од државата. - Треба така да почнеме да работиме и да им кажеме оти не е важен само бизнисот и профотот, туку и работникот оти тој го создава профитот, рече Трендафилов.

Ставот за потребата од заштита на работниците во оваа сфера го делат и Бизнис конфедерацијата и организација на работодавачите, бидејќи сметаат дека само добро мотивиран и заштитен работник може да даде максимум и за себе и за компанијата, а со тоа и за државата.

Минатата година во земјава имало 12 повреди со смртни случаи, од кои 5 биде во секторот градежништво.