Телефонски разговор Заев - Јункер: Европската комисија ќе ја разгледа можноста за изземање на компаниите од Македонија од анти-дампинг мерките за увоз на челик и алуминум

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев разговараше телефонски со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Разговорот доаѓа по иницијатива на премиерот Заев во однос на прашања од исклучителна важност за Република Македонија, да го информира претседателот на ЕК за реформските процеси во земјава, со кои се исполнуваат задачите кои Европскиот совет ги одреди како предуслов за формален почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година, како и за политичките процеси за усвојување на уставните амандмани.

Во разговорот премиерот Заев го информираше претседателот на ЕК Јункер за двата паралелни процеси кои Европската комисија ги отвори во врска со увоз на производи од челик и алуминиум, а кои директно засегаат неколку компании од Република Македонија.

Премиерот Заев посочи дека времените заштитни мерки и анти-дампинг постапките со кои се засегнати неколку држави, меѓу кои и Македонија, имаат негативни последици кон економијата на државата.

Притоа, бидејќи Македонија незаслужено се најде на листата за овие мерки, премиерот Заев го замоли претседателот на ЕК Јункер да ја разгледа можноста за изземање на нашата држава од времените заштитни мерки и побара решавање на ова прашање со взаемно прифатливо решение, во рамките на процесот на стабилизација и асоцијација.

Дополнително, премиерот Заев изнесе уверување дека постоечката верификациска мисија на Европската комисија, во македонските компании, за анти-дампинг истраги ќе заврши успешно и дека европските експерти ќе се уверат дека нема дампинг практики во овие компании.

Премиерот Заев и претседателот Јункер на крајот од разговорот се согласија дека Македонија покажува видлив и значителен напредок на полето на реформите, а очекувано е и успешно завршување на процесот на уставните промени утврдени во Договорот со Грција.

Заедничка е оценката дека доколку нашата држава продолжи и го засили темпото на реформи и завршување на процесот на уставните измени ќе го трасира патот за почеток на преговорите по европските избори во 2019 година.