Премиерот Груевски го честита празникот Свети Сава на припадниците на српската заедница во Република Македонија

„Почитувани припадници на српската заедница во Република Македонија,

Дозволете ми од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија да Ви го честитам големиот национален празник Свети Сава, и да Ви посакам добро празнично расположение, исполнето со многу здравје, радост, среќа и бериќет.

Владата на Република Македонија активно работи на одбележување и празнување на културниот, етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници во Република Македонија. Во овој дух, веќе петта година по ред, официјално и со се поголеми манифестации се одбележува 27 јануари, денот посветен на Првиот српски архиепископ - Свети Сава, кој од секогаш бил сегмент на идентификација, препознавање и почит на српскиот народ насекаде во светот, и во Република Македонија.

Сакам да истакнам дека како и досега, така и во иднина ќе продолжиме да го даваме својот придонес за почитување на етничките, верските и традиционални вредности на српската заедница во Република Македонија, и ќе создаваме услови за унапредување на нејзиниот културен и образовен развој. Со тоа ќе дадеме пример не само на сегашните, туку и на сите идни генерации, како треба да се уважуваат и негуваат меѓусебните односи како универзална цивилизациска придобивка во нашата држава. Во духот на вредностите, да продолжиме со реформите и модернизацијата и со останатите активности за понатамошно подобрување на состојбите во секоја област, со унапредувањето на можностите за економски раст и развој и зголемување на стандардот на населението, со европската и евроатлантска интеграција на нашата земја, и изградбата на силна и модерна Република Македонија. 

Уште еднаш, честитајќи Ви го празникот, вам и на вашите семејства, Ви посакувам деновите од Светосавската недела да ги поминете со добро здравје, духовен мир и општа благосостојба.

Нека Ви е честит големиот празник и за многу години!

Никола Груевски“