УКИМ промовираше 49 учебници и учебни помагала

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска промовираше 49 учебници и учебни помагала од професори на УКИМ, кои Универзитетот ги објави минатата година со сопствени 10 милиони денари. Средствата се обезбедени од централниот фонд за издавачка дејност, која првпат во историјата на УКИМ функционира на универзитетско ниво.

Министерот за образование и наука Панче Кралев на промоцијата истакна дека издавачката продукција на Универзитетот е важна за развојот на наставата и науката и ја поздрави посветеноста на факултетите кои за краток период обезбедиле пари за објавување значаен број учебници и прирачници.

- Овој обемен проект е реализиран за релативно кратко време од почетокот на функционирањето на единствената обединета издавачка дејност на Универзитетот... Корисниците на средствата од фондот за издавачка дејност на Универзитетот првпат имаат можност за солидарна партиципација во овој толку важен сегмент за развојот на наставно-образовната и научноистражувачката дејност во Република Македонија, истакна Кралев.

Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски рече дека новите изданија  се од сите наставно-научни области и се значајни за книжниот фонд на УКИМ, кој ќе биде уште побогат со уште 80-ина наслови кои се во подготовка.

- Првпат во историјата на Универзитетот издавачката дејност функционира на универзитетско ниво. За оваа цел УКИМ лани издвои 10 милиони денари.  Се надеваме дека тој фонд ќе се проширува од година во година и дека следната година ќе промовираме уште поголем број изданија. Во постапка на печатење се уште 86 наслови, рече Стојковски.

Ректорот додаде дека овие учебници ќе бидат кооординирани со стручните книги од светски универзитети од владиниот проект за превод на 1.000 наслови.

- Студирањето не значи учење од единствен учебник, како во средно и основно. Сите изданија објавени од Владата, а тие се капитални зашто од 1945 немало толку, се во функција на подобрување на наставниот процес. Тие им се на располагање на студентите, сместени се во факултетските библиотеки и служат како основни учебници, рече ректорот Стојковски.