Премиерот Заев со амбасадорот на Кувајт Алатики: Ги поздравуваме стратешките определби на Владата да биде членка на НАТО и ЕУ, постојат услови за унапредување на економската соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Државата Кувајт во Република Македонија, со седиште во Софија, д-р Јакуб Апатики со кој разговараа  за билатералните односи меѓу двете земји, истовремено изразувајќи интерес за  натамошен развој и унапредување на меѓусебните односи во сите полиња од заеднички интерес.

На средбата, на која присуствуваше и Абдулкадар Мемеди, нерезидентен амбасадор на Република Македонија за Кралството Саудиска Арабија, Султанатот Оман и Државата Кувајт беше потврден интересот на нашата земја за зајакнување на политичкиот дијалог со размена на посети на високо ниво, вклучувајќи и бизнис делегации, како и интересот за унапредување на соработката во рамките на меѓународните организации и институции.

Премиерот Заев со амбасадорот Алатики, разговараше за актуелната политичка ситуација во земјата, потенцирајќи ги стратешките приоритети на Македонија за членство во НАТО и Европската Унија. 

Премиерот Заев ги поздрави заложбите на Државата Кувајт, особено конструктивната позиција како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН во врска со глобалните безбедносни прашања, поддржувајќи ги напорите за постигнување стабилност и траен мир на Блискиот Исток. 

Двајцата соговорници, искажаа интерес за интензивирање на економските односи и трговската размена, со организирање на средби меѓу бизнис делегации и претставници на Стопанските комори на двете земји. 

Исто така, беше разговарано и за искористување на можностите за размена на искуства во областа на здравството, обука на доктори и размена на медицински кадар, како и за зајакнување на соработката во областите, како што се инвестициите, инфраструктурата, туризмот.