Премиерот Заев на средба со Амбасадорот на Молдавија, Горда: Да ја зајакнеме меѓусебната соработка за силни економии за граѓаните на двете земји

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Амбасадорот на Република Молдавија Штефан Горда.

Амбасадорот Горда, на премиерот Заев му пренесе честитки од Владата на Република Молдавија, за возобновените добри односи со соседите на Република Македонија, и за откочувањето на евроатлантските процеси на Македонија, што, како што беше речено, претставува храбар потег и манифестација на лидерство.

Тој исто така се заблагодари и за поддршката што Република Македонија ѝ ја дава на Република Молдавија во рамките на меѓународните организации.

Премиерот Заев, заблагодарувајќи се на честитките, истакна дека Владата на Република Македонија продолжува да презема одлучни чекори во насока на подобрување на иднината и животот на граѓаните на Република Македонија.

Тој исто така рече дека Владата е расположена за унапредување на пријателските односи на Република Македонија со Република Молдавија, преку зближување на бизнис заедниците и интензивирање на економската, трговската и соработката во повеќе општествени сфери.

Во таа насока, премиерот Заев, преку амбасадорот Горда упати покана до премиерот на Република Молдавија, за организација на меѓусебни официјални посети на владини делегации, придружени со претставници на бизнис заедниците на двете земји, како иницијација за подобро запознавање на можностите и капацитетите за интензивирање на заедничката соработка.