Премиерот Заев на средба со директорот на Европската младинска картичка: Со вмрежувањето на младите од регионот и Европа ќе ја забрзаме европеизацијата на земјава

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска го прими во посета директорот на Асоцијацијата на европска младинска картичка (EYCA), Манел Санчез.

Со оваа средба, како  што беше речено на разговорот, се актуелизира идејата за отпочнување на имплементацијата на европската младинската картичка во Република Македонија, со цел младите во земјава да ги користат истите бенефиции како нивните врсници од Европската Унија, што ќе донесе поголем квалитет во европеизацијата на државата.

Премиерот Заев, изрази задоволство што Република Македонија може, со свој придонес во развојот на размена на искуства идеи и човечки капацитети, да го поддржи развојот на младинските политики во рамките на Европската Унија, иако земјата сè уште не е официјално членка на Унијата.

На средбата, присуствуваа и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, директорката на Националната агенција за европски образовни политики и мобилност Лидија Димова, како и специјалниот советник за спорт и млади, Ѓорѓи Тасев, премиерот зборуваше за инклузивноста во пристапот, што ја засили мотивацијата на младите во креирањето на младинските политики на нашата земја.

Исто така, тој нагласи дека и институциите на земјава се спремни да се заложат за успешно имплементирање на овој проект, затоа што, според него, младинската картичка дефинитивно ќе ја засили мобилноста и соработката помеѓу младите во земјава, но и помеѓу младите од соседните држави и пошироко. Претседателот на Владата на РМ Заев, додаде дека таквата младинска соработка, интензивна комуникација и вмрежување ќе ја подобрат  информираноста на младите луѓе за подобро меѓусебно запознавање.

„Тука сме да го поддржиме имплементирањето на европската младинска картичка. Овој проект е одлична мотивација за уште поголема вклученост на младите во многу сфери на општествениот живот, затоа што претставува алатка за меѓусебно комуницирање на нивниот современ јазик преку заеднички теми на интерес. Со ова ги потврдуваме нашите вредности дека младите се високо на пиедесталот во нашето општество, и им излегуваме во пресрет да можат да бидат на исто рамниште со своите колеги и врсници од Европската Унија и државите од Европскиот континент“, рече премиерот Заев на средбата.

Директорот Санчез информираше дека веќе оваа картичка се користи во која веќе се користи во 40-тина земји во Европската Унија, и изрази благодарност за отвореноста на премиерот и Владата на Република Македонија, да го поддржат овој процес во блиска иднина.