Министерката Шекеринска на Европскиот форум во Виена: Македонија е позитивен пример во регионот

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествуваше на 22. Европски форум кој се одржува во Виена на тема: „ЕУ како водечки актер за безбедност и одбрана“. Во рамките на Форумот Шекеринска имаше обраќање на панел дискусијата посветена на  Југоисточна Европа, Македонија и нејзината улога во стабилноста на ЕУ.

„Република Македонија неодамна имаше успешен исход на Пристапните разговори за членство во НАТО и очекуваме позитивните тенденции да продолжат и да резултираат и со почеток на преговори со ЕУ. Сето тоа е резултат на долги подготовки и соработка со Алијансата и со ЕУ за исполнување на политичките и воено-безбедносни стандарди. Вложивме огромни напори и посветеност и остануваме на тој пат“, истакна министерката Шекеринска. Притоа Шекеринска наведе дека за првпат е забележан напредок и во политичката клима во Македонија со учество на дел од опозицијата во процесот на уставни измени кои се неопходни за членството во НАТО, и дека тоа е резултат на заложбите на сите да ја видат Македонија успешна и интегрирана во Европа.

Министерката ги посочи договорите со Грција и Бугарија како пресвртна точка во надворешната политика на Македонија и евроатлантските интеграции, и притоа рече дека нивното постигнување барало многу работа и откажувања но сето тоа вреди бидејќи е осигурана иднината на граѓаните. 

„Убедена сум дека дијалогот е единствениот начин за сите нас во регионот да ги надминуваме билатералните разлики и недоразбирања. Искрено се надевам дека нашиот пример ќе служи како поттик во развојот на односите меѓу земјите од регионот“, рече министерката.

Министерката заклучи дека политиката на проширување на ЕУ е инвестиција во мирот, безбедноста, просперитетот и стабилноста на Европа и дека интеграцијата на Западен Балкан ќе биде голема победа на Европската унија. Како аргумент Шекеринска ги наведе зголемувањето на економските и трговски можности како и подобрувањето на животниот стандард на земјите аспиранти од една страна и зголемената трговија за Европската унија од друга страна.

Домаќини на Форумот беа Австрискиот институт за европска и безбедносна политика и Дипломатската академија на Виена, а учество зедоа повеќе актуелни и поранешни функционери од регионот, Австрија и пошироко, како и авторитети од областа на одбраната и безбедноста.