Премиерот Заев и министерката Дескоска се сретнаа со новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија: Заеднички договоривме насоки за амандманите, разговаравме за модалитетите за собраниското Координативно тело за помирување

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерката за правда Рената Дескоска, денеска имаа консултативна средба со новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, која гласаше за отворање на процесот за уставни измени во Собранието на РМ.

По средбата, премиерот Заев имаше изјава за медиумите, и одговараше на прашања на новинарите.

Изјавата на премиерот Заев ви ја пренесуваме во целост:

- Како што беше најавено и очекувано, денеска заедно министерката за правда Дескоска, направивме една консултативна средба со пратениците од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, која што во меѓувреме е конституирана, во делот на она што произлезе од процесот на барањето поддршка за уставни измени. 

Темата на денешната консултативна средба беше постапката за подготвување на нацрт амандманите да разговараме за првите три точки од вкупно четири што беа испорачани до мене како Претседател на Владата и до Владата на РМ, како правно-формално изготвувачи на нацрт амандманите, за да бидат вградени токму оние елементи што се важни за нив.

Можам да констатирам дека во тој дел изнајдовме конкретни насоки за нас како изготвувачи на амандманите во делот на зајакнување на македонскиот идентитет, и во делот на гаранцијата дека процесот до крај ќе биде спроведен и нема да биде блокиран од Грција, односно, гаранција дека уставните амандмани ќе влезат во сила по ратификацијата на договорот во грчкиот парламент. Исто така се согласивме и за насоките во делот на употребата на новото име за внатрешна употреба. 

Ние сега ќе работиме на амандманите, и пред да ги официјализираме во парламентот, ќе се консултираме уште еднаш, ќе им ги предочиме на новата пратеничка група за да може да ги потврди. Очекуваме дека до крајот на работната недела ќе ги формализираме во постапка до самиот парламент. 

Втората точка на оваа наша денешна средба за консултации беше четвртата точка од барањето, односно создавањето на Координативно тело во Собранието на РМ во кое што треба да се зборува за помирувањето, кое што треба да се случи во Република Македонија. Знаете дека јас тоа и јавно го прифатив вечерта кога се гласаше во парламентот. Денеска на средбата ги разработивме деталите. Остануваат следните чекори за формирање на тоа Координативно тело кое треба да биде предводено од Претседателот на Собранието, секако доколку тој прифати, да има тројца од членови од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери од Коалицијата за подобра Македонија, како и координаторите на сите пратенички групи во Собранието на РМ. Со формирањето и конституирањето на тоа тело ќе биде разработена целата методологија, аспектите, модалитетите за работа на телото за национално помирување, за кое што постои заеднички интерес да го спроведеме.

Јас сум задоволен од состанокот. Имавме рационален состанок. За мене се нормални овие работи и верувам дека ќе успееме да се усогласиме за да можеме да ги запазиме сите законски рокови, како и роковите што парламентот ги даде кон Владата и не задолжи во рок од 15 дена да ги доставиме нацрт амандманите за измени на Уставот.

На прашање на новинарите дали предлог законот за амнестија што до Собранието на РМ што го достави ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив, премиерот Заев одговори:

- Апсолутно не, бидејќи во Собранието на РМ веќе е во тек таква иницијатива. Тоа е дел од прашањата на телото за координација за кое ви зборував претходно, со кое треба да ги изнајдеме механизмите за помирување. Тој предлог закон е начин како да се урне целиот овој процес. Процесот за помирување во Република Македонија е започнат и затоа го формираме координативното тело овде со парламентот. Тоа нема да влијае на правниот систем на државата. Со координативното тело ќе изнајдеме механизми како да го постигнеме помирувањето. Предлогот кој доаѓа пост фестум, како наметнување на решенија, го дерогира правниот систем.