Премиерот Заев на седницата на Комисија за уставни прашања во Собранието на Република Македонија: Преку поддршка на иницијативата за измени на Уставот, пратениците ќе покажат дека ја поддржуваат иднината на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев се обрати на седницата на Комисијата за уставни прашања во Собранието на Република Македонија, каде денеска е отворен Предлогот за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија. 

Во обраќањето пред пратениците од власта и опозицијата, претставниците на Комисијата за уставни прашања, гостите на седницата на Комисијата за уставни прашања, премиерот Заев рече:

"Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија и претседател на Комисијата за уставни прашања во Собранието, господине Џафери,
Почитувани пратеници и членови на Комисијата за уставни прашања,
Почитувани гости, новинари,
Почитувани граѓани на Република Македонија,

Ми претставува посебна чест што ми e дадена можност пред составот на Комисијата за уставни прашања на Собранието на Република Македонија, накусо да ја образложам и аргументирам иницијативата на Владата на Република Македонија за измени во Уставот на Република Македонија.

Како што ви е познато, Врз основа на член 130 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, на седницата, одржана на 08.10.2018 година одлучи на Собранието на Република Македонија да му поднесе - ПРЕДЛОГ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СО НАСОКИ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УСТАВОТ.

Во оваа насока, согласно Договорот од Преспа, Владата на Република Македонија посочува дека Собранието на Република Македонија, согласно позитивните законски прописи кои ја регулираат постапката за уставни измени, треба да усвои амандмани кои ќе овозможат:

  • Додавање на придавката „Северна“ во името на Република Македонија;
  • Измени во Преамбулата на Уставот на Република Македонија со кои при наведувањето на државно-правните традиции, ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, со неговите конститутивни одлуки.
  • Уставен амандман со кој ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и со тоа ќе се прецизира поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии. Тоа ќе значи заштита на територијалниот интегритет на Република Македонија и на соседните земји; и
  • Предлог за промена на Членот 49 од Уставот со кој ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина. 

Почитувани пратеници, членови на Комисијата за уставни прашања во Собранието на Република Македонија,

Во духот на работата на Владата на Република Македонија – максимално транспарентно и одговорно, веднаш после одлуката на владата за оваа иницијатива, предлозите за уставните измени беа достапни за целата јавност во Република Македонија.

Дозволете ми да пренесам дека општиот одзив од увидот и реакциите на јавноста се дека во иницијативата за измени на Уставот на Република Македонија, согласно Договорот од Преспа нема ништо спорно. Стручната, академската јавност, оцени дека предложените насоки се во согласност со меѓународно право, и со меѓународните стандарди за човековите слободи и права и особено со интересите на Република Македонија и нејзините перспективи низ евроатлантските интеграции.

Она што го зборувавме во референдумската кампања сега е пред очите на целата македонска јавност. Таму јасно се гледа дека тие измени заслужуваат поддршка од сите пратеници, во име на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ и во име на клучниот интерес на сите граѓани, а тоа е подобар живот тука во Македонија.

Се разбира, оваа иницијатива се покренува на начин кој е во согласност со предвидените законски и институционални рамки за уставни измени. Оттаму Собранието на Република Македонија, како законодавен дом, е институцијата, а пратениците се народните избраници кои ќе ја донесат одлуката слободно, СЛЕДЕЈЌИ ГО ИНТЕРЕСОТ НА ГРАЃАНИТЕ.

Пратениците се тие кои преку поддршката на оваа иницијатива, всушност, ќе покажат дека ја поддржуваат иднината на Македонија. Својата одлука треба да ја донесат согласно волјата на граѓаните и по сопствено убедување, да не подлегнуваат на никаков притисок. 

Почитувани пратеници,

Со решението на спорот меѓу Република Грција и Република Македонија, изградивме пријателство меѓу двете земји и двата народи. Пријателство кое никогаш не било поголемо. 

Во нашите раце е клучот за отворање на европска перспектива за економски развој и подобар живот за граѓаните. Перспектива и место во заедницата на европските народи за најдобра заштита на достоинството, идентитетот и иднината на сите граѓани на Република Македонија.

Решаваме две-и-пол-децениски спор за да ја извлечеме нашата земја од стегите на изолацијата. 

Решаваме 25-годишен спор којшто земјата ја влечеше надолу. Кога сите мислеа дека нема излез, ние се одваживме и ТРГНАВМЕ НАПРЕД.

Вашата одлука, почитувани пратеници, ќе ја испрати во историјата времената референца  - ФИРОМ. 

Придобивката е бесценета - зајакнат идентитет и гаранција за безбедност, стабилност, гарантиран економски развој и просперитетна иднина на нашите граѓани.

Македонскиот идентитет е заштитен за век и векови. Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите Нации, Macedonian, без фусноти, признаен о прифатен и од нашиот јужен сосед Грција. 

Нашиот влог во компромисот е дефинирање на прецизирано, македонско име за нашата држава. Име кое е достоинствено и географски прецизно - Република Северна Македонија.

 

Почитувани пратеници,

Првите чекори се веќе направени.

После ратификацијата на договорот во Собранието на Република Македонија, Република Грција испрати писмо до претседателот на Европскиот совет, со кое го извести дека веќе нема пречки и дека препорачуваат да добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

И датумот го добивме, во јуни 2019 година очекуваме да ги отвориме првите поглавја, а скрининг процесот и работата на заедничките тела на Европската Комисија и на Владата на Република Македонија, веќе започнаа со заедничка работа.

На Самитот на НАТО на 12 јули во Брисел, Македонија ја доби поканата за полноправно членство, како 30-та членка на Алијансата. Во јануари не очекува столчето во Советот на НАТО, веднаш откако ќе го потпишеме Пристапниот Протокол.

За да го потпишеме, ни треба спроведување на иницијативата за уставни измени во Собранието. Со тоа ќе ја оствариме една од највисоките стратешки цели на Македонија од независноста до денес - членство во насилниот сојуз на светот, НАТО, што неминовно води и кон наше членство во ЕУ.

Ќе застанеме рамо-до-рамо со нашите западни партнери. 

Стабилна Македонија, членка на НАТО значи гаранција за безбедноста и стабилноста на земјата. Безбедноста гарантирана со членство во НАТО е гаранција за инвестиции и економски развој.

Членството на Македонија во ЕУ гарантира силни институции, правна држава, зголемена мобилност и еднакви шанси за нашите млади. Младите од Македонија ќе бидат еднакви со своите врсници од ЕУ, нема да има потреба да вадат пасоши од други држави.

 

Почитувани пратеници,

Не е лесно ова прашање, но на овие прашања се препознава лидерството. 

Интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ не може да биде попречена од каква била закана или обид за заплашување или за поткуп или што било друго. Сега е време сите што се за НАТО и ЕУ да ги поддржат измените и заедно да ја однесеме Македонија напред.

Сега е време да ја потврдиме заедно одлуката од 1993 година според која членството во ЕУ и НАТО се наши заеднички и врвни стратешки приоритети. Сега е време да се ефектуира декларацијата за членство во НАТО, што овој собраниски состав ја донесе во јули оваа година. Пред само три месеци Собранието на РМ, вие пратениците, покажавте дека членството во НАТО е врвен натпартиски интерес и дека за тоа прашање постои највисок граѓански, меѓуетнички и политички консензус.

Сега сите пратеници, без разлика на која партија ѝ припаѓаат, имаат историска должност и обврска пред граѓаните, да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет, а тоа е патот кон НАТО и ЕУ кој води преку македонско-грчкиот договор.

Од пратениците во Собранието на Република Македонија се очекува одлука во таа насока и како израз на почитување на волјата на граѓаните коишто гласаа на референдумот, како и на волјата на околу 80% од граѓаните кои континуирано се изјаснуваат дека го одобруваат членството на нашата земја во ЕУ и НАТО.

Почитувани пратеници,

Изминаа 25 години во калкулации и празни зборови. 

Македонија нема веќе генерации за губење.

Да покажеме дека сме подготвени да ги преземеме лидерството и одговорноста. Повикувам на вашата одважност и на должноста на да се следи интересот на граѓаните и да се прифати историската можност. 

Повикувам на обединување околу врвните државни и национални приоритети. Да дадеме максимална поддршка за прогрес на нашата земја и да донесеме силна одлука.

Бидете оние што ќе ја поведат Македонија напред, кон светот и кон подобар живот за сите граѓани. 

Тоа е нашата одговорност, за тоа им служиме на граѓаните", рече премиерот Заев во обраќањето пред пратениците и присутните на седницата на Комисијата за уставни прашања, каде тече расправа по Предлогот за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија.