Николовски: МЗШВ работи на мерки со кои ќе се овозможи откуп на целата количина индустриско јаболко

Со симболично откинување на првото јаболко, денеска во Ресен, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски го означи почетокот на годинешната берба на јаболка.

На манифестацијата Преспански јаболкобер, заедно со министерот Николовски присуствуваа  евроамбасадорот Самуел Жбогар и постојаната претставничка на УНДП во Македонија Луиза Витон.

Николовски соопшти дека поради лошата година за производителите на јаболка и појавата на вишок на род Владата заедно со МЗШВ работи на  мерки со кои ќе се овозможи откуп на целата количина индустриско јаболко.

„Знаеме за штетите кои оваа година ги имаше во преспанскиот регион, но има голем род и голема количина на индустриско јаболко. Нема да ги оставиме граѓаните сами. Тоа е клучната порака која денес сакам да ја кажам. Знаеме дека максимално 20. 000 тони може да собере преработувачката индустрија и дека ќе остане вишок на производство. Затоа Владата работи на мерки кои ќе го стабилизираат откупот, за што веќе утре имаме состанок со производителите, откупувачите и преработувачите“, изјави министерот Николовски.  

Министерот Николовски, посочи дека мерките за откупот на јаболка се очекува да бидат донесени на следната седница на Влада.

Во рамки на манифестацијата министерот со земјоделците и локалната самоуправа разговараа за политиките и придобивките од ЕУ и НАТО, за претстојната берба на јаболка, како и за сите мерки што досега Владата ги има донесено за развој на овоштораството вклучително и за производството на јаболка.

Николовски потенцираше во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, субвенцијата за предадено овошје во преработувачка индустрија е зголемена од 2 на 3 денари за килограм.

За 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен потенцијал. За реконструкција кај овошните насади особено кај јаболката за промена на асортимент се воведе нова поголема субвенција од 9.900 денари. Тоа се дополнителни мотивирачки средства за македонските стопанства за да го подобрат своето производство, порача Николовски.