Попоски во Брисел се сретна со извршниот генерален секретар на Европската служба за надворешна акција, Пјер Вимонт

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска во Брисел се сретна со извршниот генерален секретар на Европската служба за надворешна акција на ЕУ, Пјер Вимонт.

Попоски, како што информира МНР, говорејќи за подготвеноста на Република Македонија за почеток на преговорите за пристапување со ЕУ, побара поддршка за што поскоро донесување на одлуката од страна на Советот, а согласно веќе дадените препораки на Европската комисија.

- Очекуваме да надвладее европскиот интерес за отпочнување на пристапните преговори со Македонија, со што ќе се зајакне кредибилитетот на процесот на проширување на Унијата со земјите од Балканот, истакна министерот Попоски. Тој ја подвлече и целосната посветеност на македонската страна на разговорите за надминување на разликата околу името со Грција што се водат во рамките на Обединетите нации.

Шефот на дипломатијата ја пренесе цврстата заложба на Владата за континуирано спроведување на реформите во клучните области на правосудството, јавната администрација, борбата против корупцијата, медиумите, како и економските реформи, со цел натамошно подигнување на степенот на исполнување на Копенхашките критериуми и унапредување на квалитетот на живеење на македонските граѓани.

Извршниот генерален секретар на Европската служба за надворешна акција на ЕУ, Пјер Вимонт оцени дека процесот на проширување е од исклучителна важност за Унијата и во кризни периоди како што е тековниот. Високо се цени досието на постигнати резултати на Македонија во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ и се охрабруваат натамошни постигнувања во овој правец.   

На средбата се разговараше и за заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, при што се поздравени активностите за хармонизација на Република Македонија рефлектирани во спроведувањето на рестриктивните мерки на Унијата, учеството во воената мисија Алтеа и подготовките за придонес во Борбената група на ЕУ 2/2012. Стана збор и за тековните приоритети на Европската служба за надворешна акција во контекст на денешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, соопшти МНР.

Министерот Попоски и вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи денеска во Брисел ќе учествуваат на осмиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија.

Делегацијата на ЕУ ќе ја предводи данскиот министер за надворешни работи Вили Совндал во својство на ко-претседавач со Советот, а ќе учествуваат и комесарот за проширување Штефан Филе, како и извршниот директор на Европската служба за надворешна акција Мирослав Лајчак.

На состанокот на Советот ќе се разговора за односите меѓу Република Македонија и ЕУ во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација, исполнувањето на политичките и економски критериуми, хармонизацијата со правото на ЕУ, финансиската соработка и имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Ќе бидат разменети мислења и за состојбата во Западен Балкан, како и други меѓународни прашања од заеднички интерес за двете страни.