Обезбедени илјада билети и бесплатен железнички превоз за ракометниот натпревар Македонија - Полска

Владата на Република Македонија ја информира јавноста дека е обезбеден бесплатен железнички превоз и билети за 1000 македонски граѓани кои што во текот на утрешниот ден ќе може да присуствуваат на ракометниот натпревар Македонија-Полска, што во рамки на Европското првенство во ракомет се одржува во Белград, Република Србија.

Изборот на лицата ќе се направи вечерва преку лотарија што со почеток во 22 часот ќе се одржи во живо на првата програма на Македонската телевизија.

Трошокот за железничкиот превоз го покрива Владата на Република Македонија, додека билетите се набавени од страна на АД Макстил.

Со ова веруваме дека ќе се даде дополнителна поддршка и стимул на утрешниот натпревар на Македонската ракометна репрезентација.