По 70 години реновирана метеоролошката станица во Крива Паланка

По цели 70 години се реновираше главната метеоролошката станица во Крива Паланка, која е дел од мрежата на станици на мeтеоролошкиот набљудувачки систем во Република Македонија.

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство преку Управата за хидрометеоролошки работи, отсега навремено ќе добива податоци за временските услови, климата и нејзините промени од кои во голема мера зависи земјоделското производство.

На барање на Управата за хидрометеоролошки работи, Владата на Република Македонија, донесе одлука за обезбедување на 2 милиони денари од буџетот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за реновирање на станиците во Крива Паланка, Штип и во Демир Капија, и 3 милиони денари за поправка на радарскиот систем во Ѓуриште.

Владата во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Управата за хидрометеоролошки работи ќе продолжи да презема мерки за осовременување на метеоролошкиот набљудувачки систем од кој зависи земјоделското производство.

Во насока на справување со климатските промени и добивање точни информации, е и Проектот за намалување на негативното влијание од климатските промени, поддржан од ФАО,  преку којшто се набавени модерни агрометеоролошки станици, инсталирани на три локации: Градско, Кочани и Струмица, а кои ќе бидат управувани од Управата за хидрометоролошки работи.

Градежните работи во Крива Паланка се завршени и во моментов се работи во Штип и во Демир Капија.

Во овие три производни региони каде што се произведуваат стратешки земјоделски култури: градинарски, овошни и ориз, е многу важно редовното следење на временските прилики.

Информациите ќе бидат достапни до земјоделците преку веб страна со која управува УХМР, а на која покрај временската прогноза и сезонските прогнози, се  презентирани и други информации кои им се потребни на земјоделците за преземање на соодветни агротехнички мерки.