Премиерот Заев на Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба и на Соединетите Американски Држави: Република Македонија е препознаена по позитивниот придонес во секој вид на иницијативи за поширока и подобра соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествуваше во работата на свечениот дел на Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба и на Соединетите Американски Држави (А5). Во своето поздравно обраќање, премиерот Заев истакна:

Дозволете ми во име на Република Македонија, како земја претседавач на Јадранската повелба за 2017 година, да ви посакам добредојде и успешна работа на Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба и на Соединетите Американски Држави и кој се одржува под мотото „ИНТЕГРАЦИЈАТА Е ЦЕЛТА, СОРАБОТКАТА Е НАЧИНОТ“

Во развојот на НАТО низ историјата бевме сведоци на многу иницијативи кои имаа за цел да осигураат мир и благосостојба на сите граѓани низ целиот свет.

Кога зборуваме за успешни иницијативи кои се однесуваат на проширувањето на Северноатлантската алијанса, без никакво сомневање можеме да се повикаме на континуитетот и успешниот епилог на иницијативите како “Вишеградска група” за земјите Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, потоа ”Вилнус”, за Литванија, Летонија и Естонија.

Овие иницијативи послужија како мотивација за соработка и интегративни процеси на државите од Западен Балкан.

Во мај 2003-тата година Албанија, Македонија и Хрватска како членки во платформата Партнерство за мир, со цел да ги координираат своите активности во процесот на интеграцијата во НАТО, ја потпишаа Јадранската повелба, тогаш наречена А3, за регионална соработка, под покровителство на САД.
Во јануари 2009 година Јадранската Повелба доби нов формат, А-5, откако во оваа иницијатива беа вклучени и новите земји-членки на групата: Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Столбовите врз кои се издигна заедничката Јадранска повелба се: Партнерството и интеграцијата на државите потписнички во иницијативите на НАТО; Имплементацијата на реформите за демократија и владеење на правото; Почитување на човековите права и слободи; и Економските реформи. Сите овие столбови претставуваат предуслови за мир и стабилност во регионот.

Соработката на земјите членки на Јадранската повелба доби на суштина и во заедничките решавања на регионалните безбедносни проблеми, борбата против организираниот криминал и корупција, и безбедноста на границите.
За време на сите изминати години, Република Македонија, како држава потписничка на Јадранската повелба, со своето активно учество во мировните операции на Алијансата низ светот, ја презеде одговорноста активно да придонесува во заедничките вредности што ги делат земјите членки на НАТО.

Да се потсетиме дека Јадранската повелба ги мотивираше земјите членки во рекордно време да ги достигнат стандардите и критериумите за членство во Алијансата. Добивањето покана за членство не беше воопшто во прашање. И навистина, на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година – Албанија и Хрватска добија покана за членство во НАТО и станаа дел од оваа моќна организација.

За жал, Република Македонија остана пред вратите на НАТО поради спорот со Грција, иако сите се согласија дека нашата земја ги исполнува сите критериуми. И за жал, веднаш после тој настан, Република Македонија беше втурната во ретроградни политички процеси кои кулминираа со најтешката политичка криза во земјата по осамостојувањето. Оваа криза ги запре, па дури и ги уназади отворените евро-атлантски процеси.

Но, демократските сили на Република Македонија, во содејство со слободоумните граѓани на земјата, се издигнаа над кризата и апатијата што го беше запоседнало општеството, и ја вратија надежта.

Нашите граѓани се определија за градење на силна демократија, почит на човековите права, добро владеење, работни места и образование, за градење на кохезивно општество како стратешка инвестиција.

Продолжуваме да се водиме од вербата дека евроатлантските интеграции и регионалната соработка, базирани на солидарност и демократски вредности, се неопходни за долгорочна стабилност на регионот и на целиот континент.

Последно, но не помалку важно, овие заложби можеме да ги оствариме со силна поддршка од страна на САД, нашиот стратешки партнер, и ние сме особено благодарни за тоа.
Денеска Република Македонија стабилно и енергично чекори напред.

Убедени сме дека Република Македонија ги заслужува евроатлантантските перспективи. Над 75 проценти од нашите граѓани посакуваат членство во ЕУ и НАТО. Владата, со поддршка од граѓаните и од нашите меѓународни партнери го трасира патот на нашата држава кон НАТО.

Република Македонија секогаш ќе дава позитивен придонес во секој вид на иницијативи кои ќе донесат поширока и подобра соработка во регионот. Колку повеќе се среќаваме и зборуваме, толку повеќе се ослободуваме од предрасудите едни спрема други.
Владата на Република Македонија создава услови за градење национален консензус со сите клучни и одлучувачки политички субјекти: Со Претседателот на државата и со опозицијата за забрзување на нашата интеграција во НАТО.

Силно сме посветени на процесот на домашни реформи кои ја унапредуваат и зајакнуваат нашата демократија, за да бидеме во склад со политичките критериуми за членство во НАТО. Го зголемивме буџетот на одбраната и имаме одлучна политичка волја буџетот на одбраната да се зголемува секоја година за 0,2% од БДП. Исто така одлучивме да го зголемиме нашето учество во мировните мисии.

Воедно, посветени сме на наоѓање на начин да се надмине проблемот што го има Република Грција со името на нашата држава. Веруваме дека тоа е можно преку инклузивен пристап дома и со градење на позитивна атмосфера на добрососедство и соработка со Република Грција.

Оттаму, со право очекуваме Република Македонија да биде 30-тата земја членка на алијанската и ќе работиме за таа цел, заедно со граѓаните!