Дебата за јакнење на капацитетите на јавниот радиодифузен сервис: Приоритет на Владата е да се растерети јавниот сервис од политичко и било какво друго влијание и да се обезбеди програма за сите заедници

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска учествуваа на дебатата „Предизвиците и патот пред нас во насока на јакнење на капацитетите на редакциите на јавниот радиодифузен сервис“ во организација на Мисијата на ОБСЕ во Македонија.

- Правото на помалите заедници на медиуми на свој јазик е дел од нивното основно право на слобода на изразување, а ние во Мисијата на ОБСЕ во Скопје сакаме да помогнеме да се подобри нивниот пристап, рече Заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстeјн на денешната дебата.


Министрите Манчевски и Поповски пред присутните претставници на медиумската фела се заблагодарија за континуираната поддршка која на Владата и ја даваат членовите на мисијата на ОБСЕ во Македонија и на канцеларијата во Виена, особено во делот на медиумската сфера.

Истакнувајќи ја заложбата на Владата во правец на јакнење на капацитетите на јавниот радиодифузен сервис, министерот Манчевски истакна дека со воведувањето на новиот модел на финансирање на Македонската радио телевизија (МРТВ), преку државниот буџет, се обезбедува и финансиска стабилност на јавниот сервис, додека укинувањето на радиодифузната такса донесе олеснување за граѓаните од еден финансиски трошок.

- Со предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во координација со сите засегнати страни, предлагаме воведување на уште еден, четврти канал, на кој ќе се емитува програма на јазиците на заедниците. Ние како држава сме свесни дека формирање на нов канал ќе претставува предизвик за јавниот сервис, и затоа е од големо значење ангажманот на ОБСЕ во делот на јакнење на капацитетите на овие редакции - информираше Манчевски.

Тој оцени дека досега, вториот канал беше единствена можност за редакциите на малцинските заедници да презентираат своја програма, со ограничени финансиски, технички и човечки капацитети.

Министерот Поповски, подвлекувајќи дека овозможувањето на слободно и објективно изразување е право на сите, информираше дека вториот канал ќе емитува 24-часовна програма на албански јазик, додека четвртиот канал ќе емитува програма на помалку бројните заедници исто така 24 часа.

- Оваа дебата е резултат на концептот на едно општество за сите. Преку културните различности треба да се запознаеме, да биде презентирана нашата различност за да живееме заедно и да се почитуваме - рече министерот Поповски, додавајќи дека е потребна мултикултурна размена и комуникација меѓу редакциите на јавниот радиодифузен сервис, вклучувајќи ги и оние помалку бројните заедници.


- Имаме чиста намера и волја да почнеме да ги решаваме проблемите. Јавниот сервис треба да биде растеретен од политичко и било какво друго влијание - заклучи Поповски во дебaтата „Предизвиците и патот пред нас во насока на јакнење на капацитетите на редакциите на јавниот радиодифузен сервис“ во организација на Мисијата на ОБСЕ во Македонија.