Премиерите Заев и Борисов положија свежо цвеќе пред споменикот на поранешниот Претседател на Република Македонија Борис Трајковски

Претседателите на Владите на Република Македонија и на Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска положија венци свежо цвеќе пред споменикот на поранешниот Претседател на Репубика Македонија, Борис Трајковски, во Струмица.

Двајцата премиери по оддавањето почит за Борис Трајковски, ги отпочнаа работните активности на заедничката седница на двете владини делегации. На оваа седница која доаѓа како резултат од
Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се разговара за продлабочување на соработката во областа на економијата, енергетиката, инфраструктурата, прекуграничната соработка, потребните реформски процеси за европските и евро-атлантските интеграции. На седницата ќе бидат потпишани повеќе билатерални договори.

Двете Влади денеска ќе потпишат заедничка Декларација од првата средба меѓу Владите на Република Македонија и Република Бугарија, во која се нотирани заложбите за унапредување на соработката во сите сфери.

Според агендата на овој настан, како завршница на програмата ќе се одржи заедничка прес конференција на двајцата премиери, како и свечено предавање на донација на општина Струмица од страна на Владата на Република Бугарија.