Премиерот Заев на средба со претставници од ЕБРД: Има поттик на позитивна клима за развој на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска се сретна со претставници на Европската банка за обнова и развој, потпретседателот Пиер Хелборн, придружуван од помошник директорот, Олег Левитин, регионалниот директор за Западен Балкан, Холгер Муент, извршниот директор за Македонија, Франс Векерс и директорката на ЕБРД во Македонија, Анка Јоана Јонеску.

На средбата е констатиран поттик на позитивна клима и енергија од новата Влада за развој на Република Македонија.

Претставниците на ЕБРД изразија интерес и подготвеност за помош и поддршка на приватниот сектор во Македонија, преку финансиски проекти што вклучуваат развој и едукација на капацитетите на компаниите, поддршка на инвестиции во инфраструктурата, како и експертска помош во законодавството што се однесува на економскиот напредок на земјата.

„Владата е силно ориентирана кон развој на економијата во Македонија, отворање нови и подобро платени работни места и финансиска стабилизација на семејствата, а со тоа и на државата. Затоа ги разгледуваме и ги земаме предвид сите можности во нашата определба да го помогнеме развојот на домашните компании. Свесни сме дека отворањето на евро-атлантските перспективи ќе биде силен поттик и за странски инвестиции и затоа работиме на интензивна реформска агенда што ќе ги обезбеди“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев ја поздрави долгогодишната успешна соработка на Република Македонија со Европската банка за обнова и развој. Изразена е волја од двете страни за продолжување на соработката преку проекти што можат да придонесат во подигнувањето на животниот стандард на граѓаните во Македонија.