Средба на премиерот Заев со амбасадорот Палагусинец: Реформската демократска Влада на Македонија отвори перспективи за поголема соработка со Украина

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Украина, Ростислав Палагусинец.

Амбасадорот Палагусинец, во име на украинскиот премиер Владимир Гројсман, му врачи на премиерот Заев писмо со честитка за преземањето на должноста претседател на Владата на Македонија. Поздравена е демократската разврска на политичката криза и тоа што Република Македонија доби нова реформска Влада којашто отвора перспективи за државата.

„Главна преокупација на Владата се неопходните реформи за евро-атлантските интеграции што ги отвора новата Влада, како и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека новата Влада е насочена кон остварување на стратешките цели на Македонија, ЕУ и НАТО, но и кон економски развој на државата.

Во таа насока амбасадорот Палагусинец пренесе интерес од украински компании за инвестирање во Македонија, по политичката стабилизација и демократските промени. Договорено е Република Македонија да го примени искуството на високопрофесионални експерти од Украина, од областа на индустријата и градежништвото. Разгледана е можноста тоа да се направи при реализацијата на гасификацијата на Република Македонија.

Премиерот Заев изрази отвореност за соработка со сегашните и идните инвеститори од Украина заинтересирани за вложувања во нашата држава. Тој додаде дека унапредувањето на условите за функционирање на фирмите, како странски, така и домашни е фокус на Владата, за да отвори можност за нови работни места и повисоки плати за граѓаните на Македонија.  

На средбата е разговарано и за отворените можности за продлабочување на соработката помеѓу двете држави и во други области, како што се укинување на квотите за земјоделските производи, зголемување на општата трговска размена, целосно укинување на визите меѓу државите и интензивирање на соработката во делот на образованието.