Министерот Бесими го отвори реновираниот Воено медицинскиот центар на АРМ

Министерот за одбрана Фатмир Бесими и началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, денеска во присуство на претставници од МО и ГШ на АРМ и Командата за логистичка поддршка денеска свечено го отворија реновираниот Воено медицинскиот центар (ВМЦ) на АРМ во Скопје.

Ова е уште еден чекор во подобрување на условите, на стандардот на војниците на АРМ, потенцира Бесими, уште повеќе што е од исклучително значење за нивното здравје.

- Една војска со здрави војници е успешна војска и со воен медицински центар согласно НАТО стандардите денеска Република Македонија може рамноправно да учествува во мировните мисии како што се тие во Босна и Херцеговина и во Авганистан, изјави министерот Бесими.

Во рамки на ВМЦ, информира тој, се наоѓа и Центар за обука на медицински персонал, кој се очекува да прерасне во регионален центар во кој ќе се обучуваат војници за меѓународни мисии.

Како составен дел на Јавното здравство, во ВМЦ, има вработено 148 медицински персонал, а со новото обединување на воените амбуланти во составот на ВМЦ, вкупниот број е 280 лица - медицински персонал.

Како што информира началникот на ГШ на АРМ, Котески, ВМЦ како составен дел на Јавното здравство, регулиран со Законот за одбрана и со решение на Министерството за здравство и од Фондот за здравство, покрај основната намена, за давање здравствена поддршка на припадниците на АРМ, ќе се занимава со превентивна, секундарна заштита и консултативна дејност.

- Во состав на ВМЦ имаме и Центар за обука на медицинскиот персонал, особено за персонал што ги извршува задачите не само во мирновремени услови, туку и во воени услови, изјави генерал - мајор Котески. Од составот на ВМЦ во моментот во мировни мисии учествуваат во Сараево и во Мајнама во Авганистан.

Командантот на ВМЦ, полковник Андреја Наумовски истакна дека во отворањето на ВМЦ се заокружува процесот на трансформација поранешната Воена болница, кој започна во јануари 2010 година, со што се доби ефикасен ВМЦ согласно стандардите на НАТО.

- Ќе обезбедуваме примарна медицинска и стоматолошка заштита, специјалистичка заштита и медицинска поддршка на активностите на терен на единиците на АРМ, за поддршка високи личности и делегации од земјава и од странство, како и реализација на партнерската цел - Роле - 2 мобилна полска болница за медицинска поддршка на АРМ, но и на НАТО, рече Наумовски.

Центарот се наоѓа во организациско-формациската структура на Командата за логистичка поддршка и претставува носител на медицинското обезбедување на АРМ, со главна мисија за зачувување и унапредување на здравјето првенствено на припадниците на АРМ.

Во структурата на ВМЦ, покрај командата се наоѓаат и Центарот за превентивна медицина, Воената амбуланта, Центарот за специјалистичко консултативна дејност и Центарот за медицинска обука.

Во новите простории на ВМЦ кои се наоѓаат во продолжение на општата Градска болница „8-ми Септември“ ќе биде сместена командата на ВМЦ и ординациите на Центарот за специјалистичко консултативна дејност, кој е опремен со најмодерни медицински апарати за спроведување на систематски специјалистички и здравствени прегледи за интерна медицина, неврологија, психијатрија, офтамологија, оториноларингологија, рентген дијагностика и стоматологија.