Заокружен проектот за заедничко уредување на пазарот

Јакнење на институционалните капацитети во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, подготовка и усвојување на низа подзаконски акти согласно ЕУ легислативата и спроведување на законите за земјоделство и рурален развој и за квалитет на земјоделските производи, се само некои од придобивките на проектот за Заедничко уредување на пазарот (ЗУП) што се имплементираше изминатите 17 месеци со финансиска поддршка на Европската унија.

Проектот работеше заедно со сите засегнати страни, Владата, земјоделците и преработувачите, со цел развивање национална стратегија и рамковна политика за поддшка на основањето задруги.

- Проектот за ЗУП ни помогна при донесувањето важни подзаконски акти во секторите жито, млеко, месо, овошје и зеленчук, како и при креирањето мерки за поддршка на пазарот што Владата ќе ги усвои во претстојниот период, во момент кога постои голема сигурност за можниот датум за пристапување во ЕУ. Воедно ги идентификуваше областите за натамошна работа и развивање нови вештини со цел поголема инситуционална ефикасност,  рече ресорниот министер Љупчо Димовски на денешната завршна конференција за проектот.

Поддршката за основање задруги, додаде, ќе им обезбеди на земјоделците поголеми можности за пласман на производите и подобра цена.

- Задругите во европските закони се нарекуваат групи или организации на производители. Тие се главниот канал преку кој ЗУП на ЕУ обезбедува финансиска помош за поддршка на фармерите во секторите овошје и зеленчук. Но, предлозите на Европската унија за реформи на Заедничката аграрна политика по 2014 година ја прошируваат примената на групите и на другите сектори, како млекото, истакна Димовски.

Осврнувајќи се на постигнатото во изминатите година и пол, високиот претставник на ЕУ Дитер Тил порача дека мора да се води сметка за одржливоста на проектот. Во оваа насока, тој изнесе и неколку сугестии меѓу кои потребата од јакнење на човечките ресурси и лигвистичките способности. Англискиот јазик, нагласи, веќе е одомаќинет и не е „странски“ што практично значи дека треба да се учат и други.

Според Тил, особено е неопходно зајакнување на Државниот инспекторат за земјоделство со цел спроведување поефикасни контроли. Ова како забелешка беше нотирано и во Извештајот за напредокот од ЕК.

- Министерството треба да ги зајакне капацитетите на секторите за планирање, посебно одделението за анализа на политики во секторот за земјоделска политика и анализа, како и одделенијата во секторот за земјоделство кои се одговорни за големите производи. Исто така, треба да работи и на аранжманите за координација и напредок на процесите на усогласување со Заедничката земјоделска политика. Потребна е кадровска надградба бидејќи тоа е и ќе биде клучен елемент на Заедничката земјоделска политика. Членството во ЕУ е многу скапо и треба да се плати, овој аспект не смее да се заборави. Доколку сакате да играте во премиер лигата, потребен ви е соодветен стадион, подвлече Тил.

Во рамки на проектот за ЗУП беше развиен пазарниот информативен систем што обезбедува навремени, точни податоци за производителите на храна, трговците и сите заинтересирани, се спроведоа повеќе обуки на службениците за оценување и евалуација на ЕУ стандардите и се изготвија прирачници за потребите на Платежната агенција.