Во јануари МОН ќе објави конкурс за стипендии за студирање во странство

Од 15 јануари до 30 мај 2012 ќе трае Конкурсот на Министерството за образование и наука за стипендии за студенти кои ќе запишат додипломски или постдипломски студии на првите 100 универзитети во светот, според рангирањето на Шангајската листа во 2011.  За студии од областа на техничките науки, ќе се земаат предвид првите 200 рангирани универзитети на листата,  поради нивната дефицитарност.

Министерот за образование и наука Панче Кралев на прес-конференција соопшти дека за стипендиите за студирање во странство од 2012/2013 МОН воведува новини во критериумите.

- Една од позначајните новини е дека по завршување на студиите, студентите ќе имаат можност да изберат дали да се вработат во странска компанија од листата Fortune 500 и таму да останат три години или да се вратат во Македонија каде што 6 месеци ќе им бидат на располагање на државните институции и право да бараат работа во приватниот сектор, рече Кралев.

Ако студентите не се вратат во државата и останат во странство и по трите години поминати во некоја од 500-те водечки компании, ќе бидат обврзани да го надоместат трошокот за добиената стипендија во трикратен износ.

Предност да добијат стипендија ќе имаат студентите запишани на универзитет што во 2011 е повисоко рангиран на Шангајската листа. За прв циклус студии треба просечна оценка 5, а за втор циклус над 8,5. Критериум е и познавање на јазикот на земјата во која студентот ќе студира.

Стипендиите ќе бидат од два типа, по избор на студентите - делумна (само за школарината) и целосна (за школарина и за трошоци за живот). Нивниот број не е утврден зашто, како што посочи министерот Кралев, МОН сака да овозможи стипендии за што поголем број кандидати. Буџетот за оваа намена за следната академска година е 300.000 евра, но со оглед дека годината почнува во септември, можно е и негово зголемување со ребаланс ако има поголем интерес.

- Досега аплицираа многу малку студенти. На минатиот повик имаше само шест. Затоа не сакаме да ставиме рамка, за 20, 30 или 50, туку МОН сака да им обезбеди стипендија на сите што ќе ги задоволат условите за студирање во странство. Се надевам дека овојпат ќе има зголемен интерес, истакна министерот Панче Кралев.