Беџети додели лиценци на 30 судски вештаци

Министерот за правда Блерим Беџети денеска на 30 судски вештаци им додели лиценци, со што се гарантира квалитетното извршување на дејноста вештачење.

- Почнувајќи од 19-ти овој месец ќе бидат доделени 300 нови лиценци за вештачење, по што ќе почне процесот на објавување на регистарот на вештаци, формирањето на Комората за вештаци, а со тоа и отпочнувањето на примената на Законот за вештачење, најави министерот.

Со новиот Закон за вештачење, како што истакна Беџети, високата професионализација на вештаците се регулира преку исполнување на условите и полагање на стручен испит, како и издавање лиценца на вештаците, со што се гарантира квалитетното извршување на дејноста вештачење.

- Особено внимание се посветува на постојаното стручно усовршување, облигаторно во однос на продолжување на лиценцата. Токму полагањето на стручен испит, издавањето на лиценцата за вештак и постојаното стручно усовршување е основната цел и задача на комисиите чии претседатели сте вие, им порача Беџети на вештаците.

Министерството за правда презеде повеќе активности со кои ќе се обезбеди доследна имплементација на Законот за вештачење, рече министерот, додавајќи дека се донесени подзаконските акти кои произлегуваат од Законот и формирани се комисиите кои ќе бидат задолжени за спроведување на стручниот испит за вештаци од соодветни области.