Министерот Бесими на состанок на министрите за одбрана на земјите членки на САД-Јадранската Повелба во Драч

Делегација од Министерството за одбрана на Република Македонија, предводена од министерот Фатмир Бесими денеска учествуваше на состанокот на министри за одбрана од земјите членки на "САД – Јадранската повелба“ (Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Хрватска и Црна Гора), во Драч, Република Албанија.

На состанокот, покрај министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската група, во својство на гости присуствуваа и министрите за одбрана на Словенија и на Косово, адмиралот Ставридис, врховен командант на НАТО силите, претставници на НАТО Агенцијата НЦ3А, како и претставници од Европската Команда на САД, РАКВИАК и Советот за регионална соработка.

Состанокот, соопшти денеска Министерството за одбрана, беше потврда за дополнителното јакнење на регионалната соработка, а се разменети и ставови и искуства помеѓу земјите членки на НАТО и земјите аспиранти за членство во Алијансата, со цел исполнување на обврските и барањата за идно полноправно членство.

Министрите за одбрана уште еднаш ја поздравија политиката на отворени врати на НАТО и охрабрени од новиот стратешки концепт, заснован на принцип на пристап на вклученост и учество од најголемиот до најмалиот сојузник, го промовираа зајакнувањето на односите помеѓу НАТО и земјите партнери.

На состанокот било разговарано и за развој и одржување на регионалните капацитети врз основа на концептот на „смарт дефенсе“ (паметна одбрана), со цел здружување и споделување на одбранбените и безбедносни ресурси.

- Плодната и интензивна регионална соработка во А-5 формат претставува најдобар наш заеднички придонес кон визијата за целовита, слободна и мирна Европа. Прифаќањето и примента на новиот концепт на НАТО (паметна одбрана) ќе донесе нов квалитет во нашата регионална А-5 соработка. Јас сум убеден дека тоа е вин-вин приод за поуспешна модернизација на нашите вооружени сили и поголем заеднички придонес во меѓународни операции. Како министри за одбрана имаме обврска да создадеме политичка воља, доверба и ресурси да се развијат и остварат заеднички проекти за аквизиција на современа воена опрема, изјави министерот Бесими на денешната средба.

Министрите, стои во соопштението, ја потврдија заедничката декларација за трајно партнерство помеѓу НАТО и Авганистан и ја афирмираа намерата активно да учествуваат во системот за колективна безбедност и да помогнат во процесот на стабилизирање и чување на мирот во Авганистан, како и сеопфатен развој на таа земја.

Како и досега, континуитетот за одржување на овие средби и донесените заклучоци беа потврдени со потпишување заедничката изјава од страна на министрите за одбрана на земјите членки на САД-Јадранската Повелба. Во изјавата е потврдена поддршката на земјите членки на Повелбата за полноправно членство на Република Македонија во НАТО што е можно поскоро.

Дополнително на состанокот министрите за одбрана го потпишаа и Писмото за пристап на Босна и Херцеговина кон Меморандумот за разбирање, кој се однесува на принципите за придонес во Школото за воена полиција во ИСАФ во Авганистан.