Македонија предводник во регионот по искористеноста на ИПАРД средствата

Македонија бележи евидентен напредок во имплементацијата на ИПАРД и е предводник во регионот од аспект на искористеноста на средствата од претпристапните фондови, оцени високиот европски претставник Џерард Кили од Комитетот за следење на ИПАРД по денешниот состанок.

Интензивно се разгледуваат можностите за проширување на Програмата со нови мерки што ќе овозможи, напомена Кили, уште поголема реализација.

- Задоволни сме од имплементацијата на ИПАРД Програмата во земјата. Ако биле прифатени сите поднесени апликации, ќе се искористеле околу 43 милиони евра што е добар степен на реализација. Мора да се детектираат проблемите при поднесувањето барања и да се отстранат, рече Кили.

Според него, ИПАРД средствата за оваа година не се целосно искористени, но нема да бидат загубени. Проектираната сума можеби нема да биде искористена ниту идната, 2012, но Македонија дефинитивно се движи во добар правец.

- Интересот за ИПАРД постои и може само да се зголемува. Верувам дека ќе се достигне степенот кога ќе биде можна негова стопроцентна реализација, нагласи Кили.

Досега се објавени вкупно пет ИПАРД јавни повици кои резултираа со 100 одобрени апликации во вкупен износ од 12 милиони евра, средства за инвестиции во земјоделството, прехранбената индустрија и руралниот развој.

- Со ова докажавме дека ИПАРД фондовите се реалност во Република Македонија и нашиот агросектор е подготвен да се соочи со предизвиците за користење на идните структурни ЕУ фондови. Но, истовремено треба да бидеме свесни дека се наоѓаме на самиот почеток. Ни претстои уште многу работа, спроведување реформи и конкретни мерки, долгорочно да планираме, а секојдневно да интервенираме. Да советуваме, да градиме капацитети и што подобри услови за земјоделците, потенцира заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.

Агроекологијата и реализирањето локални стратегии за развој преку т.н. лидер пристап се двете нови мерки со кои ИПАРД треба да се прошири. Се разгледуваат и можностите за вметнување проекти кои предвидуваат модернизација на системите за наводнување и изградба на шумски патишта за заштита на шумите од пожари.

- Дискутираме и за проширување на можностите за инвестирање во рамки на постоечките мерки. Посебно се осврнавме на финансирањето проекти за подигнување нови овошни и лозови насади, за пренамена на лозјата во овошни насади вклучително и трпезно грозје, за воведување земјоделска механизација, зголемување на средствата по проекти особено на оние насочени кон достигнување на стандардите за животната средина во свињарството и живинарството, за отворање нови сточарски фарми, за безбедност на храна, нови технологии и иновативни производи во прехранбената индустрија, за нови капацитети за рурален туризам и нови економски дејности за самовработување во руралните средини како цвеќарството, калемарството, аквакултурата, одгледувањето дивеч, посочи Коњановски.

Како што информира директорот на Платежната агенција Тони Димовски, денеска завршува рокот за поднесување барања по петтиот ИПАРД оглас за кој пристигнале 60 апликации.

Високите европски претставници порачуваат дека освен развојната компонента на ИПАРД која подразбира максимално искористување на средствата, многу е битна и втората, воспоставување систем на контрола и следење, односно намалување на ризиците од евентуална злоупотреба на парите од фондовите и нивно сведување на нула.