Премиерот Груевски на македонско-холандски бизнис форум во Хаг

Запознавање на холандските компании со потенцијалите за инвестирање во Република Македонија е целта на денешниот македонско-холандски бизнис форум во Хаг на кој ќе се обрати премиерот Никола Груевски.
 
Претседателот на Владата во холандскиот град ќе одржи и средба со неколкумина извршни директори на моќни холандски компании.

На форумот е најавено присуство на повеќе заинтересирани инвеститори од неколку области, кои преку презентации ќе имаат можност да ги погледнат и да слушнат за потенцијалите на земјата.

Кралството Холандија е мошне важен трговски партнер за Македонија и во 2009 и 2010 година го зазема 14-то место на листата на најголемите трговски партнери на земјата.

Според податоците, во месеците од 2011 година, трговската размена увоз-извоз меѓу двете земји изнесува 120 милини долари.

Со оглед на фактот што Холандија е една од економски најстабилните и најразвиени држави во Европа, обемот на трговска размена со Македонија е оценета на задоволително ниво, но со постојан дефицит на македонска страна до 2009 година. Иако од 2005 до 2007 година се забележува зголемување на обемот на трговска размена за околу 45 проценти, сепак позитивен е фактот што дефицитот на македонска страна се намалува паралелно со зголемувањето на извозот од Македонија.

Позначајни извозни производи од Македонија во Холандија за 2010 година се производи од црната металургија и текстилни производи, а од земјоделските производи - други живи растенија, овошни сокови и друго. 

Од Холандија во Македонија се увезува други инструменти и апарати за медицина, хирургија и ветерина, памучни ткаенини, семе од зеленчук, живина исечена и замрзната, апарати за озонотерапија, оксигенотерапија и вештачко дишење, полиетри и останати производи.

Претходно, форум од ваков тип се одржа и во Кралството Белгија. Владината делегација во Брисел ја предводеше Груевски, а во неа беа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, Веле Самак, министерот за привлекување странски инвестиции и Виктор Мизо, директорот на Дирекцијата на Технолошко-индустриските развојни зони.

Премиерот во рамки на посетата на Брисел се сретна и со претседателот на Европската унија, Херман Ван Ромпуј, откаде замина за Марсеј на 20-тиот Конгрес на на Европската народна партија (ЕПП).