Мерки и препораки за заштита и превенција од КОВИД-19

Што е КОВИД-19?

КОВИД-19 е заболување предизвикано од SARS-CoV-2 , вирус од фамилијата Коронавирус, првично откриен во Кина во декември 2019 година. Вирусот е причинител на акутно вирусно респираторно заболување. Преносот од човек на човек е можен, преку допир и преку капков пат (кивање, кашлање и слично). 

Првичните искуства покажуваат дека постарите лица и хронично болните се изложени на поголем ризик од компликации и тешки форми на заболувањето. Периодот на инкубација на вирусот е најмногу 14 дена, во кој заразените лица не покажуваат симптоми, но можат да го пренесат вирусот на други лица. 

Сите патници кои доаѓаат од земјите со висок и среден ризик треба да се задржат во само-изолација од 14 дена во нивниот дом и да пријават на надлежните доколку почувствуваат симптоми.

Кои се симптомите на заболувањето со КОВИД-19?

Првичните симптоми кои се јавуваат кај лицата заразени со вирусот КОВИД-19 се:

  1. Треска и висока температура;
  2. Тешка кашлица;
  3. Отежнато дишење.

Болеста може да предизвика сериозни компликации кои може да ја нарушат функцијата на:

  • органите за дишење;
  • кардиоваскуларниот систем;
  • на бубрезите.

Болеста може да варира од лесна до тешка форма, со можни фатални последици.

Лекувањето на заболените е палијативно и симптоматско.

Во овој момент не е достапна антивирусна терапија, ниту пак вакцина за превенција од заболување со КОВИД-19.

Како да се заштитите од заболувањето со КОВИД-19?

  • Мијте ги рацете често, користејќи сапун и вода, подолго од 1 минута, внимавајќи да ги опфатите сите делови од дланката и прстите.
  • Избегнувајте близок контакт со болни лица или лица кои се вратиле од патување од земја со висок или среден ризик.
  • Користете средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња.
  • При кашлање или кивање покријте ги носот и устата со марамче за еднократна употреба и веднаш потоа фрлете го на безбедно место. Доколку немате марамче, покријте ги носот и устата со рака свиткана во лактот.
  • Следете ги препораките на Министерството за здравство и редовно информирајте се од надлежните институции за најновите вести и насоки.

Што доколку се сомневате дека сте заболени од КОВИД-19?

Броеви за контакт доколку имате симптоми на КОВИД-19:

ИЈЗ Скопје 078 387 194​​​​​
ЗД Скопје - Ало докторе 02 15 123
ЦЈЗ Скопје 071 289 614
ЦЈЗ Битола 071 261 330
ЦЈЗ Тетово 075 240 464
ЦЈЗ Штип 078 365 613
ЦЈЗ Велес 071 219 278
ЦЈЗ Кочани 071 373 913
ЦЈЗ Куманово 070 215 851
ЦЈЗ Охрид 070 723 029
ЦЈЗ Прилеп 076 475 747
ЦЈЗ Струмица 072 235 543
ПЕ Гостивар 076 365 161
ПЕ Гевгелија 078 545 444

Според препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести, сите патници, кои пристигнуваат од ризичните региони, како и тие кои се во самоизолација, веднаш штом почувствуваат какви било симптоми, карактеристични за КОВИД-19 треба да се јават на телефоните за контакт при епидемиолошките служби, кои се достапни за територијата на целата држава.

Мерките се воведени од самиот почеток и се препорачува секој граѓанин да ги следи овие препораки, кои укажуваат да не се оди на матичен лекар за да се избегнат ситуации во кои тие се ставаат во директен контакт и ризик со можно заболени пациенти.

Како до правилна домашна само-изолација?

  • Останете дома, освен во случај на итност. Доколку имате можност, работете од дома.
  • Одделете се од останатите во различни простории. Редовно проветрувајте ги просториите.
  • Доколку имате на располагање, користете посебен тоалет/бања. Во спротивно редовно дезинфицирајте го оној кој сите го користат.
  • Избегнувајте заедничко користење предмети за домаќинство како крпи за раце, постелнина, чаши, прибор за јадење.
  • Доколку нарачувате храна/продукти преку достава, друг член на домаќинството да ги превзема, избегнете контакт со доставувачот.
  • Бидете на безбедно растојание со другите помеѓу 1 и 2 метри.
  • Чистете ги површините во домот коишто најчесто ги користите.
  • Следете ги препораките за превенција од здравствените установи.

Доколку чувствувате исти или слични симптоми на грип, не посетувајте доктор, туку јавете се во центрите за јавно здравје.

Што доколку патувате во и од земјите со висок и среден степен на ризик?

Доколку треба да патувате во некоја од земјите кои се на листата на земји заведена со висок или среден степен на ризик, се препорачува да го одложите вашето патување, освен доколку станува збор за патување поврзано со медицински цели.

Доколку патувате од некоја од овие земји, задолжително мора да пријавите на граничната полиција дека патувате од таква земја и да започнете со период на домашна само-изолација во период од 14 дена. 

Доколку во моментов се наоѓате во некоја од наведените земји препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти. Повеќе информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk.

За подетални информации околу развојот на состојбите во Италија, македонските граѓани можат да го контактираат нашиот Генерален конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или venice@mfa.gov.mk.

 

Листа на ризични земји за патување

(обновени податоци 24 март 2020 според СЗО)

Мерки на Владата за спречување на ширењето на КОВИД-19

Владата на Република Северна Македонија на 27 март 2020 година ја одржа 30-тата седница на која како прва точка го разгледа и усвои записникот од Дванаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19.

Како една од точките на овој состанок, на оваа седница на Владата ја разгледа и усвои Информација за регионалните и ЕУ активности  со цел олеснување на транспортот и трговијата на стоки по појавата на пандемијата со КОВИД-19 и за прифаќање на Заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА за олеснување на транспортот и трговијата на примарни производи во Западен Балкан и помеѓу Западен Балкан и земји членки на Европската Унија.
Согласно оваа информација Владата ги задолжи канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија во соработка со Министерство за финансии - Царинската управа, Министерството за економија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за земјоделство и водостопанство и Министерството за транспорт и врски да ги координира активностите поврзани со имплементација на мерките содржани во Заедничкиот предлог на  Секретаријатот на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА.

Заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА за олеснување на транспортот и трговијата на примарни производи во Западен Балкан и помеѓу Западен Балкан и земји членки на Европската Унија, има за цел да ја олесни трговијата и транспортот на стоки со преземање единствено на дополнителни мерки на претпазливост, кои што се, или кои треба да бидат преземени, за да се обезбеди дека нема да дојде до избувнување КОВИД-19. Царината и другите контроли на стоки во легитимната трговија остануваат под трговските правила на ЦЕФТА и правилата што произлегуваат од договорите за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и регионалните партнери.

На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за изменување на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Северна Македонија, која ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, и која утврдува дека отплатата на главницата на обврзницата за надоместување на селективните кредити на Народна банка на Република Северна Македонија ќе се изврши на 1 април 2021 година.

Продолжувањето на рокот за отплата на обврзницата утврден со оваа Уредба е со цел средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година наменети за отплата на обврзницата да се искористат за справување со последиците што корона вирусот ги има врз економијата во земјата.

Владата на Северна Македонија денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа за време на вонредна состојба, со која се овозможува активностите за донесување и доставување на Годишните сметки на единиците на локалната самоуправа и периодичните финансиски извештаи да бидат одложени за време на траењето на вонредната состојба.

На оваа седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба, со која даночните обврзници имаат можност фактурите, покрај во хартиена форма, да ги издаваат и во електронска форма. Ова е со цел да се олесни работењето на даночните обврзници, како и да се спречи користењето на хартија со цел намалување на ризикот од ширење на коронавирусот COVID-19.

Денеска е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за заштита и спасување за време на вонредна состојба за координирање на работата на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и градот Скопје).

Уредбата утврдува дека за време на траење на вонредната состојба координирањето на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и градот Скопје) се врши од страна на координативно тело кое го сочинува главен координатор, заменик на главниот координатор и членови на штабот.

Главен координатор на координативното тело е заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, д-р Бујар Османи.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од известување до Генералниот секретар на Советот на Европа за отстапување на Република Северна Македонија од одредени членови на Европската конвенција за човекови права, согласно чл.15 од конвенцијата, а како последица на пандемијата COVID-19.

Воведувањето на вонредна состојба во Република Северна Македонија и мерките донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за спречување на ширењето на пандемијата на територијата и за справување со здравствените ризици влијаат на уживањето на правата гарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи. Конвенцијата, сепак, овозможува повеќе права и слободи да бидат ограничени врз основа на законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите.

Оттука, заштитата на здравјето претставува легитимна основа за ограничување на наведените права со цел да се овозможи да се преземат мерки за справување со сериозните ризици по здравјето на населението или на поодделни делови на населението, под услов да бидат: засновани врз закон, неопходни во демократско општество и посебно насочени кон превенција на болест или грижа за болни лица.

На оваа седница Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за локалната самоуправа за време на вонредна состојба, со која донесувањето на буџетот и годишната сметка на буџетот на единиците на локалната самоуправа се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

Владата денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примената на Законот за јавните претпријатија за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека вишокот на средствата кои се остварени од работењето на јавните претпријатија основани од Владата, се уплаќаат во буџетот на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија, согласно оваа уредба, ќе носи одлука за распоредување на средствата на правните лица со потешкотии во работењето кои покажуваат финансиска загуба предизвикана од вонредната состојба, врз основа на претходно утврдена листа.

На оваа седница Владата ја разгледа и усвои информацијата во врска со можностите на Министерството за локална самоуправа за учество на конкретни активности согласно планот на Министерството за здравство за справување со состојбата од настанатата епидемија.

Согласно оваа информација, Министерството за локална самоуправа, во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка, преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, ќе обезбедат набавка на средства за кои Министерството за здравство ќе ги утврди како итни и најнеопходни.

Владата на Република Северна Македонија на 29-та седница го разгледа и усвои записникот од единаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 26 март 2020 година.

На оваа седница, а во врска со Одлуката од 28-та седница за проширувањето на забраната за движење за време на викенд деновите во сабота и  недела од 16:00 часот до 05:00 часот, е утврдено појаснување за ова ограничување кое се однесува на земјоделците заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури.
Во делот на исклучувањето на земјоделците од сите донесени одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата, се допрецизира дека истиот се однесува на земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период.

Дополнително, оние земјоделци, фармери, сточари и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Министерството за информатичко општество и администрација истите да ги издаде.

За ова, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соодветно да го информира земјоделскиот сектор.
На денешната 29-та седница Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за укинување на увозната давачка - царинската стапка за потрошен медицински материјал, и за лекот „хлорокин“ (chloroquine).

Во насока на обезбедување сеопфатен и координиран пристап во идентификување и пренасочување на достапната билатерална помош за активностите за спречување на КОВИД-19, на оваа седница Владата ги задолжи сите органи на државната управа кои добиваат помош од билатерални донатори итно да го известат Секретаријатот за европски прашања за висината на средствата кои стојат на располагање за секој од проектите. СЕП потоа, ќе достави формално барање до билатералните донатори за пренамена на средствата за справување со КОВИД-19, согласно утврдените приоритетни потреби.

На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за земјоделско земјиште.

Согласно оваа Уредба, роковите кои се определени согласно Законот за земјоделското земјиште за донесување на одлука по отпочнати  постапки со прибирање на понуди кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и почнуваат одново да течат по истекот на траењето на вонредната состојба.
По истекот на траењето на вонредната состојба изборот на најповолен понудувач во отпочнатите постапки со прибирање на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари ќе се врши согласно Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми на денешната седница информираше за поставувањето на Националната платформа за е-настава која од денеска ќе се користи во образовниот процес за време на вонредната состојба, и дека се работи на решение за учениците кои немаат пристап до интернет.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за извршени инспекциски надзори со Извештаи за 24 и 25 март 2020 година.

Владата на Република Северна Македонија на својата 28-ма седница го усвои Записникот од Десеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 25 март 2020 година.

Како дел од оваа точка, на предлог на Комисијата за заразни болести, и по заклучок на Главниот координативен кризен штаб за целосна координација за спречување на внесување и ширење на коронавирусот COVID-19, Владата донесе одлука измени и дополнувања на забраната на движење на целата територија на Република Северна Македонија за време на деновите на викендите.

Со овие измени и дополнувања забраната за движење во деновите на викендот, односно во сабота и недела, ќе започнува во 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот. Сите јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот.

Сите претходно донесени забрани и ограничувања, остануваат во сила.

На оваа своја седница Владата донесе Уредба со законска сила за примена на законот за буџетите за време на вонредна состојба, која, како што утврдува членот 1 од уредбата ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

За Фискалната стратегија за среднорочен период од три години, Завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија, прераспределбата во рамки на одобрените буџети на буџетските корисници и прераспределбите меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Во Член 2 се утврдува дека активностите за подготовка и донесувањето на Фискалната стратегија за среднорочен период од три години и Завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

Уредба со законска сила за примена на законот за буџетите за време на вонредна состојба во Член 3 наведува дека буџетските корисници, можат со прераспределба да ги намалат одобрените средства со буџетот до 70% на ниво на ставка, во рамки на потпрограма и буџет, а во Член 4 дека Владата на Република Северна Македонија одлучува за прераспределбите меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите, на предлог на Министерството за финансии.

Со усвоената уредба се дава поголема флексибилност на буџетските корисници при управувањето и користењето со планираните средства, односно се овозможува по ефикасно делување во справувањето со епидемијата.

На денешната седница е усвоена и Уредба со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба, која се донесе како мерка за поддршка на компаниите кои претрпеле штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување и ширење коронавирусот COVID-19, на Владата на Република Северна Македонија, се предлага намалување на каматата на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки, така што се предлага да се пресметува и наплатува камата во висина од 0,015% за секој ден задоцнување, наместо 0,03% како што уредува Законот. 

Исто така, се уредува дека Управата за јавни приходи нема да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за месеците април, мај и јуни 2020 година.

На оваа седница Владата ја усвои и Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба.

Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба, се предлага како мерка за поддршка на обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност и кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на коронавирусот COVID-19, да бидат ослободени од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година.

Право на намалување на износот на аконтациите на данокот на личен доход се предлага ќе имаат даночните обврзници кои остваруваа доход од самостојна дејност и ги вршат дејностите наведени согласно Националната класификација на дејности-НКД Рев.2: угостителска дејност (шифра 56- дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79- Туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55-Објекти за сместување) и транспорт (шифра 49-Копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50- Воден транспорт и шифра 51- Воздухопловен транспорт) и кои го исполнуваат следниот услов:

- Даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Исто така се предлага правото на намалување на износот на аконтациите на данокот на личен доход да се однесува и на други даночни обврзници кои имаат претрпено штети во своето работење, кои покрај гореспоменатиот услов исполнуваат еден од следните услови:

- Вкупните приходи на даночниот обврзник се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или

- Бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките од став (1) на овој член да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во однос на месец февруари 2020 година, или

- Даночниот обврзник затвори најмалку 50% од продажните местата преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

Владата денеска донесе и Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на добивка за време на вонредна состојба, со која како мерка за поддршка на компаниите кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на коронавирусот COVID-19, ќе бидат ослободени од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година.

Право на намалување на износот на аконтациите на данокот на добивка ќе имаат даночните обврзници кои ги вршат дејностите наведени согласно Националната класификација на дејности-НКД Рев.2: угостителска дејност (шифра 56- дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79- Туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55- Објекти за сместување) и транспорт (шифра 49-Копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50- Воден транспорт и шифра 51- Воздухопловен транспорт) и кои ги исполнуваат следните услови:

- Да не исплатува дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година) и

- Даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Исто така, правото на намалување на износот на аконтациите на данокот на добивка да се однесува и на други даночни обврзници кои имаат претрпено штети во своето работење, кои покрај гореспоменатите услови исполнуваат еден од следните услови:

- Вкупните приходи на даночниот обврзник се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или

- Бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките од став (1) на овој член да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во однос на месец февруари 2020 година, или ако

- Даночниот обврзник затвори најмалку 50% од продажните местата преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

На оваа 28-ма седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците.

Со неа се утврдува како во текот на вонредната состојба да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите коишто заради коронакризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците. На Уредбата работеа Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација.

На предлог на Министерството за економија, денеска Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба:

Со членот 1 од Уредбата се регулира примената на Законот за трговските друштва за време на траењето на вонредната состојба, при што е уредено дека за свикување и одржување годишно собрание на акционери и собир на содружници, од страна на органот на управување на акционерските друштва, односно органот на управување на друштвата со ограничена одговорност, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Во таа насока со членот 2 од Уредбата се овозможува пролонгирање на роковите за свикување и одржување годишно собрание на акционери, како и собир на содружници, од страна на трговските друштва, за време на траењето на вонредната состојба. Пролонгирањето на роковите се однесува и на започнатите постапки за свикување и одржување годишно собрание на акционери, односно собирот на содружници.

Се предвидува дека ова законско решение ќе овозможи поволни услови за трговските друштва во однос на обврската за свикување и организирање годишни собранија на акционери, односно собири на содружници, во чии рамки се усвојуваат годишни сметки и финансиски извештаи, како и се одобрува работата на членовите на органот на управување во друштвото.

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за внатрешни работи за време на вонредна состојба со која се утврдува дека приправничкиот стаж на полицаец – приправник кој има склучено договор за вработување во Министерството за внатрешни работи на 1 ноември 2019 година согласно членовите 99 и 102 од Законот за внатрешни работи, трае пет месеци.

Оваа уредба е донесена заради прогласената вонредна состојба во државата која наложува ангажирање на целокупниот капацитет на организациските единици во рамки на Министерството, вклучително и полицајците – приправници, и од тие причини се предлага оваа уредба со законска сила, со која траењето на приправничкиот стаж на полицаец - приправник (утврден во член 102 од Законот) се скратува од шест на пет месеци.

На овој начин ќе се овозможи дополнителен број на полициски службеници, согласно потребите, динамиката, обврските и задачите што ги има полицијата, за спроведување на одлуките, препораките, заклучоците и мерките што ги утврдува Владата на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија на 27-та седница ја дополни Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија со забрана за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железничкиот патнички јавен превоз.

Согласно ова, со Одлуката за дополнување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење во општина Куманово, им се препорачува на економските оператори што имаат големи производствени и продажни капацитети на подрачјето на територијата на општина Куманово да го приспособат своето работење со редуциран број на вработени, имајќи ја предвид забраната за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железнички патнички јавен превоз или целосно да ги затворат производствените и продажните капацитети.

Со оваа одлука се задолжуваат Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје да подготват посебен план со екипи за да се преземат сите потребни мерки и активности за да се спроведе поголем број на тестирања на подрачјето на територијата на општина Куманово, со цел  континуирана детекција и организација на следење на состојбата со бројот на инфицирани лица од Коронавирус (COVID-19), за поефикасен третман на истите, како и да се упати стручен медицински персонал и да се обезбеди техничка помош за потребите на Општа Болница – Куманово.

Оваа одлука влегува во сила од 25 март 2020 година.

На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за организирање авионски превоз на македонски граѓани со моментален престој во странство на територијата на Република Северна Македонија за време на вонредна состојба.

Во Член 1 од Уредбата се вели дека за време на постоење на вонредна состојба прогласена во државата, по претходно прибавена листа од Министерството за надворешни работи на пријавени патници, македонски граѓани со моментален престој во странство се организира авионски превоз со цел пренесување на македонските граѓани на територија на Република Северна Македонија.

Членот 2 утврдува дека за авионскиот превоз на македонските граѓани со моментален престој во странство Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија објавува јавен повик по дестинација и број на патници врз основа на доставените листи од страна на Министерството за надворешни работи, со цел прибирање на понуди за чартер летови од градовите во Европа до Република Северна Македонија.

По објавување на јавниот повик од страна на Генералниот секретаријат крајниот рок за прибирање понуди е 12 часа од моментот на објавување на повикот. Критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниската цена.

Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор.

Во Членот 3 од Уредбата со законска сила за организирање авионски превоз на македонски граѓани со моментален престој во странство на територијата на Република Северна Македонија за време на вонредна состојба се утврдува дека лицата при влез во авионот потпишуваат договор помеѓу нив и Владата на Република Северна Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија и пополнуваат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.

Лицата ќе бидат превземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.

Лицата кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите на сметка согласно склучениот договор.

На 27-та седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за начинот на постапување со медицинскиот отпад и отпадот од лицата во самоизолација и карантин потенцијално контаминиран со COVID-19. Оваа информација Владата ќе ја достави информацијата до Главниот координативен кризен штаб на разгледување и на постапување до операторите кои постапуваат со медицински отпад.

На оваа седница Владата го усвои Записникот од Деветтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 24 март 2020 година.

Владата усвои Уредба со законска сила за примената на Законот за туристичката дејност за време на вонредна состојба.

Уредба со која туристичките агенции ќе издаваат ваучери во вредност на сумата уплатена за аранжманот кој бил откажан како резултат на кризата со Коронавирусот.

Со оваа мерка на туристичките агенции ќе им се овозможи да издаваат ваучери на клиентите во износ на уплатената сума којшто може да се искористи за било кое следно патување заклучно со 31.12.2021 година.

На тој начин клиентите кои поради настанатата ситуација со кризата од Корона вирусот ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства на износот што го уплатиле, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржат финансискиот товар кој би се распределил на подолг временски период.  Издавањето на Ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира со согласност од двете страни, односно Туристичката Агенција и патниците.

Туристичките Агенции кои ќе престанат да ја вршат дејноста ќе имаат обврска средствата во целост да им ги вратат на клиентите. Туристичките Агенции кои нема да ги почитуваат условите за издавање на Ваучери, ќе добијат соодветни казни согласно Законот за туристичка дејност и Законот за прекршоци.

Владата денеска усвои и Уредба со законска сила за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (covid-19) за време на вонредна состојба, според која, Законот за јавните набавки (“Сл.Весник на РМ бр.24/19) ќе се применува за време на постоење на вонредната состојба.

Со оваа Уредба (Член 2) со законска сила се уредува прашањето за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од КОРОНА ВИРУСОТ (COVID-19) за време на вонредна состојба во Република Северна Македонија.

Во Член 3 се вели дека:

(1)Владата на Република Северна Македонија ќе спроведе интервентна набавка на минимум 2000 заштитни маски дневно за потребите на Република Северна Македонија од домашни производители.

(2) Интервентна набавка на заштитни маски може да биде со материјал погоден за производство на заштитни маски на економскиот оператор или со материјал погоден за производство на заштитни маски обезбеден од Владата на Република Северна Македонија.

(3) Предмет на набавката ќе биде производство, пакување и дистрибуција до институции кои имаат потреба од заштитни маски.

 (4) Економските оператори треба да ги исполнуваат следните услови и тоа:

- Испорака на минимум 2000 маски дневно;

- Испораката ќе се врши за период на траење на вонредната состојба;

- Единечна цена по маска  40 денари плус ДДВ со материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор;

- Единечна цена по маска од 25 денари плус ДДВ за материјал обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија;

- Материјалот обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија ќе биде доделен на еден економски оператор кој ги исполнува условите, а доколку се јават повеќе економски оператори кои ги исполнуваат условите ќе се спроведува јавно наддавање, а договор ќе се склучи со економски оператор кој ќе понуди најниска единечна цена;

- За материјалот од кои ќе се изработуваат заштитните маски потребно е да се поседува соодветен Сертификат за квалитет издаден од страна на овластена лабораторија.

Член 4 од Уредбата со законска сила за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (covid-19) за време на вонредна состојба утврдува:

(1) Владата на Република Северна Македонија преку Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ќе објави јавен повик за набавка на заштитни маски.

(2)Право на учество на јавниот повик ќе имаат сите домашни производители кои ќе ги исполнат условите од членот 3 на оваа Уредба со законска сила.

(3) Јавниот повик за набавка на заштитни маски ќе трае 24 часа од моментот на неговото објавување.

(4) Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија ќе формира Комисија од 3 члена за оценка на пристигнатите понуди по објавениот јавен повик.

(5)Најдоцна во рок од 2 дена од денот на завршувањето на јавниот повик, Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија по доставен Извештај од Комисијата, до Владата на Република Северна Македонија ќе достави предлог за склучување на договор за набавка на заштитни маски со добавувач кој што ги исполнува условите од објавениот јавен повик. 

(6) Со Договорот за набавка на заштитни маски ќе се уредат односите помеѓу Владата на Република Северна Македонија и избраниот економски оператор во однос на количината на набавката, квалитетот, времето и начинот на испораката, единечната цена, роковите за испорака, роковите за исплата на договорената цена како и други прашања кои се од значење за уредување на меѓусебните односи.

(7) Исплатата на договорените испорачани заштитни маски ќе се врши преку Владата на Република Северна Македонија - Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Владата денеска донесе уредба со законска сила за запирање на примената на Законот за извршување, со која се запира примената на Законот за извршување, извршување до 30 јуни 2020 година, освен доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

Според оваа Уредба, Член 2 утврдува дека извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен:

- Во предметите за побарувања врз основа на законска издршка;

- Со распределба на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услови;

- Со дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба.

Уредбата утврдува дека работодавците на должниците, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ и носителите  на платен промет се должни да запрат со постапување по издадените налози од страна на извршителите, во периодот определен со Член 1 на оваа Уредба, односно до 30 јуни 2020 година.

Основните судови во Република Северна Македонија, се должни да донесат одлуки по поднесените приговори за незаконитости при извршувањето врз основа на Член 86 од Законот за извршување, а Апелационите судови по поднесените жалби против решението на судот по приговор врз основа на член 87  од Законот за извршување, со цел да се создадат услови за непречена распределба на средствата пристигнати на посебните сметки на извршителите.

Уредбата влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“. 

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата за вклучувањето на Република Северна Македонија во НАТО Процесот на одбранбено планирање (NDPP).

Со заклучок на седницата се задолжува Министерството за одбрана редовно да ги следи сите обврски за Република Северна Македонија, да ги информира сите вклучени институции за следните чекори и да го координира целокупниот процес. По укажана потреба, во НАТО Процесот на одбранбено планирање за Република Северна Македонија да предложи вклучување и на други национални институции и да ја информира Владата на Република Северна Македонија (два пати годишно - јануари и јуни), како и Работниот комитет за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, за периодичните препораки од НАТО во НАТО Процесот на одбранбено планирање.

Процесот на одбранбено планирање (NDPP) е сеопфатен, темелен и детален процес чија цел е поддршка на трите клучни задачи на НАТО (колективна одбрана, кризен менаџмент и кооперативна безбедност). Најважно за НАТО во NDPP е да се осигура дека земјите членки можат да дадат соодветна поддршка на нивото на амбиција на НАТО, со соодветни капацитети во поддршка на поставените мисии и цели. Посебно значење во овој процес има капацитетот на секоја земја за градење на реални планови, поддржани со ресурси, како и на имплементација на преземените обврски. NDPP се одвива во континуитет, секоја година, со точно утврден ред на доставување на Извештаи од страна на земјите членки, како и реализација на билатерални и мултилатерални консултации со НАТО.

Министерството за надворешни работи доби задолжение да ги координира активностите во однос на областа „Стабилизација и Реконструкција” во НАТО Процесот на одбранбено планирање и во координација со Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи да ги имплементира препораките од НАТО и за преземените мерки и активности да ја извести Владата на Република Северна Македонија, најдоцна до крајот на јуни 2020 година.

Се задолжуваат  Министерството за финансии, Министерство за економија, Министерство за транспорт и врски, Министерството за здравство, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а се укажува на Агенцијата за електронски комуникации, да учествуваат во НАТО Процесот на одбранбено планирање и во координација со Министерството за одбрана да ги имплементираат препораките од НАТО, во одделните области.

Се задолжува Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство активно да се вклучи во НАТО Процесот на одбранбено планирање, да ги преземе сите неопходни мерки за координација на други субјекти во изградба на поголема отпорност во оваа област, како Агенција за храна и ветеринарство и други институции за кои ќе оцени дека е потребно.

Центарот за управување со кризи е должно да ги координира активностите во однос на областа „Цивилна подготвеност” и во координација со Министерството за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување и другите институции вклучени во националниот кризен менаџмент да ги имплементира препораките од НАТО.

Работниот комитет за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, најдоцна до 30 април 2020 година (пред почетокот на мултилатералните консултации на РСМ со НАТО во Брисел), треба да достави предлог до Владата на Република Северна Македонија, во врска со носителот/институција која ќе биде носител на процесот на подготовка и креирање на новата Националната Безбедносна Стратегија, а согласно препораките од НАТО

Владата на Република Северна Македонија на својата 26 седница одржана на 23 март 2020 година, ги усвои записниците од седмиот и осмиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржани на 22 март и на 23 март 2020 година.

На оваа седница Владата го прифати предлогот на министерот за здравство, по препорака на Комисијата за заразни болести, за дополнително ограничување на движењето на одредени категории граѓани.

Согласно новите измени и дополнувања на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија со забраната за движење за сите граѓани, се забранува движење на населението на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 21:00 часот до 5:00 часот наредниот ден. 

Дополнително, се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст од 67 години, во временски период од 11:00 часот до 5:00 часот наредниот ден. 

Со овие измени и дополнувања се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст до 18 години, во временски период од 21:00 часот до 12:00 часот наредниот ден, и се забранува движење на возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 21:00 часот до 5:00 часот наредниот ден.

Новите одлуки за ограничување на движењето важат од 24 март 2020 година.

На оваа, 26-та седница, Владата донесе Уредба со законска сила за примената на Законот за стечај за време на вонредна состојба.

Според оваа уредба, за поведување на стечајна постапка и поведување на претходна постапка, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

На стечајните должници кои ги исполнуваат условите за отворање на стечајна постапка или поведување на претходна постапка, нема да се отвораат стечајни постапки и да се поведуваат претходни постапки за време на траењето на вонредната состојба.

Сите започнати постапки, како претходна постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајната постапка над стечајниот должник, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

Владата донесе одлука за укинување на увозната давачка - царинската стапка за одредени стоки - потрошен медицински материјал согласно Задолжението број 15 од Петтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб, одржан на 20 март 2020 година и Задолжението број 13 од Шестиот состанок на Главниот координативен кризен штаб, одржан на 21 март 2020 година, а во врска со ослободување на царинските давачки за сите медицински помагала и потрошниот медицински материјал кој се увезува во Република Северна Македонија.

Одлуката има за цел да се надминат евентуалните негативни последици, т.е. нарушувања на пазарот во земјата, во однос на снабденоста со овие стоки, како резултат на прогласената пандемија на Коронавирусот COVID-19 од страна на Светската здравствена организација и преземените рестриктивни мерки од страна на одделни земји во вид на ограничување на извозот на овие производи. 
 
На оваа седница Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.

Според оваа Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 70 од 19.03.2020 година), во членот 1 на оваа одлука по зборовите “и дезифекциони средства ”се дополнува со зборовите “потрошен медицински материјал и медицинска опрема и апарати”. 

По ставот 2 на овој член се додава нов став 3, кој гласи: “По исклучок од ставот 2 на овој член, за производите чија увозна цена е повисока од највисоката цена што се применувала на 11 март 2020 година, треба да се користи трговската маржа утврдена до 11 март 2020 година”.

Во членот 2 на оваа одлука зборовите “ќе се применуваат до 30 април 2020 година” се менуваат и гласат: “ќе важи до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија”.

На својата 26 седница Владата донесе Уредба со законска сила за измена на Законот за облигационите односи.

Донесувањето на оваа уредба е со цел да се олеснат условите за работа и плаќање на реалниот економски сектор, како и на граѓаните во државата во услови на сериозно нарушена економска состојба и ликвидност на правните субјекти, а како последица на пандемијата КОВИД-19 и во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата, што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.

Со оваа уредба членот 266-а од ставовите (1), (2) и (6)Законот за облигациони односи се менуваат и гласат:

(1) Стапката на казнената камата се определува на месечно ниво и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Северна Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).

(2) Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секој месец, и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата). 

(6) При пресметката се користи последната референтна стапка утврдена и објавена на веб страницата од Народната банка на Република Северна Македонија.

 Владата на својата 26-та седница донесе и Уредба со законска сила за примена на Законот за општа управна постапка за време на вонредна состојба, со која се уредуваат определувањето и продолжувањето на роковите во управна постапка, за време на траење на вонредната состојба.

Според оваа уредба роковите кои согласно Законот за општата управна постапка се определени за преземање на одделни дејствија во постапката, односно роковите кои ги определува овластеното службено лице, кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

На оваа седница е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за основното образование за реализација и организација на наставата во основните училишта и за оценувањето на учениците за времетраење на вонредната состојба.

Според одредбите од оваа уредба со законска сила наставата во основните училишта се организира преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.
Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа Уредба се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.

Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.

За употреба на видот на средствата за електронска комуникација од став 2 на овој член одлука донесува основното училиште.

За периодот на организирање на наставата во основните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците.

Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.

Владата на оваа седница ја усвои и Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба, која ќе се применува за реализација и организација на наставата преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.

Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа Уредба се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.

Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.

За употреба на видот на средствата за електронска комуникација одлука донесуваат средните училиште.

За периодот на организирање на наставата во средните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците.

Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.

Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, со која се уредуваат начинот на изведувањето на студиските програми и проверката на знаењето на студентите во сите три циклуси на високото образование, продолжување на мандатот на органите и телата на високообразовните установи односно јавните научни установи, како и рокот за важност на постојните акредитации, односно ре-акредитации на студиските програми.

Студиските програми за стекнување на високо образование на сите три циклуси на високообразовните установи односно јавните научни установи и проверката на знаењето ќе се изведуваат преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација. 

Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа уредба се средства кои обезбедуваат двонасочна комуникација при реализација на студиите без заедничко физичко присуство на учесниците во активноста.

Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта и други системи за електронска размена на податоци.

Одредбите не се однесуваат на меѓународната физичка мобилност и учество на меѓународни собири на студиската програма за трет циклус-докторски студии.

За употреба на видот на средства за електронска комуникација одлука донесува високообразовната установа, односно јавната научна установа.
Преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација се спроведуваат предавањата, вежбите, форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуалната настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, консултативно-инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), како и одбраната на дипломска/и, магистерска/и и докторска/и задача/труд.

Полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација под услов да се обезбедени соодветни технички решенија кои обезбедуваат идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето.

Работата на Стручната служба во високообразовните установи односно јавните научни установи ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација.

Акредитацијата односно ре-акредитацијата на постојните студиските програми на сите три циклуси на високото образование, чија важност престанала или ќе престане со важност за време на вонредната состојба, продолжува да важи најмногу до една година од денот на влегувањето во сила на оваа уредба.

Високообразовната установа која до денот на истекот на мандатот на органите и телата, не извршила избор на нови органи и тела, мандатот им продолжува до изборот на нови органи и тела.

Високообразовната установа е должна најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанување со важење на оваа Уредба да започне, односно да ја продолжи постапката за избор на органите и телата од став 1 на овој член.

На оваа седница е донесена и Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, со која приватните здравствени установи надвор од мрежата на здравствени установи кои вршат дејност за интензивна нега и терапија, ќе ја вршат оваа дејност во мрежата на здравствени установи за укажување на здравствени услуги на пациенти заболени од заразната болест Коронавирус COVID-19.

Фондот за здравственото осигурување на Република Северна Македонија ќе склучи договори со овие институции со кој ќе се утврдат обемот и видот на здравствените услуги кои приватната здравствената установа ќе ги врши во периодот на важењето на оваа уредба, согласно прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување.

 На 26-тата седница на Владата е донесена и Уредба за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба.

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/20), во член 3, по ставот 3 се додава нов став 4, кој гласи:

„На лицата од член 2 ставови 2 и 4 од оваа уредба со законска сила може да им се одреди мерка строга изолација (карантин) и во угостителски објекти (хотели, мотели и сл.) кои се отстапени од страна на приватни правни лица кои вршат угостителска дејност, а кои од Владата на РСМ се определени за примена на мерката строга изолација (карантин).

За објектите утврдени во оваа уредба со законска сила се утврдуваат режимите за обезбедување, посебните простории за лицата кои покажуваат симптоми на вирусот, критериумите за исхрана, доставата на пратки (пакети) за потребите на лицата на кои им е определено мерка строга изолација (карантин), мерките за дезинфекција, работата на персоналот или волонтерите, собирањето смет и други потребни технички работи.

Превозот на лицата на кои им е определено мерка на строга изолација (карантин), од граничните премини до објектите од членот 2 став 3 и членот 3 став 4 на оваа уредба со законска сила, се одвива во два термини и тоа во 10 часот и во 20 часот, а од аеродромите од моментот на слетување.

Превозот на лицата го обезбедува Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат.

На оваа седница на Владата се усвоени и Информациите за извршени инспекциски надзори за спроведување на мерките за спречување внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 извршени на 22 и за 23 март 2020 година.

Со цел спречување на понатамошно ширење на вирусот на територијата на целата држава, Владата на Република Северна Македонија на 25-тата седница одлучи:

1. Да се забрани движење на населението во Република Северна Македонија во временски период од 21:00 – 06:00, а со цел спречување на ширење на заразната болест COVID-19 и заштита на населението во Република Северна Македонија.

• Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош/ животно загрозувачка состојба/лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица.

• Доколку поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска контрола, дополнително ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција, преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед. Ова е усогласен став со Министерство за внатрешни работи и е оперативно изводливо.

• Директорите на јавно здравствените установи ќе изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време и ќе го дистрибуираат до Министерство за внатрешни работи или друго Министерство/Установа, со цел изготвување на специјални пропусници/легитимации, за лицата кои ќе можат да се движат вон рестриктивните часови. Со тоа Министерство за внатрешни работи ќе има комплетен увид за временскиот период кога овие лица ќе се движат.

• Во контекст на постоечките рестрикции за движење не се опфатени припадниците на Министерство за внатрешни работи, Армија на Република Северна Македонија, противпожарните екипи, лицата вработени во комунална хигиена, кои се во моментот на работа во смена.

• Да се ограничи бројот на дежурните аптеки на територијата на градовите и да се назначат од Министерството за здравство или Агенцијата за лекови-МАЛМЕД или Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, одреден број на аптеки, кои ќе дежураат во рестриктивниот период, а во исто време да бидат локациски поврзани со дежурните здравствени институции. Пристапот до дежурните аптеки ќе се ограничи само на лица кои извршиле медицински преглед во здравствена установа, а како доказ за тоа ќе приложат медицински извештај од извршен преглед.

• Да се задолжат такси компаниите да воведат дежурства со ограничен број на возила и истите да бидат искористени исклучиво за превоз кон/од болничка установа или аптека. Таксистите задолжително да користат лична заштитна опрема во возилото (заштитна маска и ракавици).

2. Се забранува движење на возила од јавен превоз од 21:00 до 06:00.

3. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби, топлификација смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).

4. Да се организира меѓуградскиот и јавниот превоз со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50%  во возилото, или со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците.

5. Се забранува собирање на населението во групи поголеми од 5 (пет) лица во период од  06:00 - 21:00 на јавни места и површини.

Тоа го имавме како одлука, и сега гопотврдуваме и на овој начин.

6. Директорите/управителите на погони/фабрики на сите институции се задолжуваат да го  прилагодат своето работно време и производството согласно забраната за движење во предвидениот период.

7. Во трговските објекти, аптеки и јавни установи кои даваат услуги за населението каде плаќањето и работата се одвива на каси или шалтери, да се ограничи присуството на граѓаните согласно бројот на каси односно шалтери (колку каси/шалтери толку граѓани во исто време), односно врз основа на големината на објектот. Времетраењето на задржување во овие објекти го ограничуваат и одредуваат менаџерите на објектите.

Владата на Република Северна Македонија на оваа седница донесе Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес која во своите членови утврдува:

Член 1

Со оваа уредба се регулираат прашања поврзани со изборниот процес, се изменува и дополнува Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16 и 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 42/20) и се утврдува прашањето за примена на одредби од законите кои се однесуваат на изборниот процес.

Член 2

Мандатот на членовите на Државата изборна комисија се продолжува и ќе трае 6 месеци од денот на одржување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Член 3

Со денот на стапување во сила на оваа уредба се прекинуваат сите изборни дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година.

Член 4

Се задолжува Државната изборна комисија да ја обезбедат и чуваат постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите.

Член 5

Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба се сметаат за важечки.

Член 6

Се задолжува Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Член 7

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик.

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се преземаат никакви дејствија врз основа на Изборниот законик.

Член 8

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“, бр. 12/2019).

Член 9

Оваа Уредба стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

На оваа своја седница Владата го усвои Записникот од Шестиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 21 март 2020 година.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информација за исплата на пензии за март 2020 година на предлог на Кабинетот на заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

Вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска се обрати до Македонската банкарска асоцијација со барање поради вонредната состојба  со коронавирусот, банките да овозможат исплата на пензиите во пет групи  на пензионери според износот на пензија по работни денови од 25 март до 31 март 2020 година. По добиеното известување од Македонската банкарска асоцијација, Кабинетот на вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори, предложи, а Владата прифати да им се препорача на деловните банки да обезбедат исплата на пензии од 28-ми март.

На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за утврдување на задачи на Армијата на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредната состојба, со која се утврдуваат задачите на Армијата на Република Северна Македонија, за поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредната состојба, заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID 19.

Во Уредбата, меѓу другото, се вели дека Армијата формира и ангажира сили за поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи за:

- обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница со цел спречување на влез и излез на сите лица кои имаат намера да извршат нелегален премин на државната граница;

- контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување на мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање и

- физичко обезбедување на витални објекти кои се обезбедувани од Министерството за внатрешни работи.

Уредбата исто така определува дека Армијата формира и ангажира сили и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија, со цел спречување на ширење на епидемијата и отстранување на последиците настанати од епидемијата за укажување на помош заради спасување на луѓето и материјалните добра.

Владата на 25-тата седница го усвои Предлог-деловник за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија кој сега е дополнет со три нови одредби:

1. Во случај на итна и неодложна потреба за одржување на седница на работните тела на Владата, претседателот на работното тело може да ја отвори и води седницата на работното тело на Владата со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки).

2. Во случај на итна и неодложна потреба за одржување на колегиум на државните секретари, генералниот секретар може да го отвори и води колегиумот со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки), и

3. Во случај на итна и неодложна потреба за одржување на седница на Владата, претседателот може да ја отвори и води седницата на Владата со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки).

Владата на оваа седница ја донесе и Уредба со законска сила за примена на законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба со следните одредби:

Член 1

Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04; 139/08; 99/09;  149/14; 150/15 и 37/16), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

За видот на болеста која се пренесува од човек на човек за која при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин), за лицeто на коe му се одредува строга изолација (карантин), за одредување на мерката строга изолација (карантин), за објектите за спроведување на мерката строга изолација (карантин) и за местото  и за времетраењето на примена на мерката строга изолација (карантин), за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
 
Член 2

За заболени од заразната болест коронавирус COVID-19, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови или во здравствена установа, за што одлучува здравствен работник по извршена проценка на тежината на клиничката слика.

На лице кое било или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со коронавирус COVID-19 се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација) во времетраење од 14 дена, за што лицето потпишува писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе ја почитува мерката, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесува решение.

 Доколку лицето од ставот 2 на овој член не ја применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14  дена, во објекти определени од Владата на Република Северна Македонија, за што Државниот санитарен и здравствен инспекторат  донесува решение.

На лице кое влегува на граничните премини во Република Северна Македонија, а патува од високо, средно или ниско ризични земји утврдено согласно Листата на Светската здравствена организација, му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14  дена, во објектите од став 3 на овој член.  

Член 3

За времетраењето на мерката строга изолација (карантин), лицето не смее да ја напушта просторијата во која е сместено.

За безбедноста на објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, за спроведување на мерката строга изолација (карантин), се грижат Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана- Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат влезните пристапи во објектот, а доколку објектот е на катови ги обезбедуваат и сите катови.

Припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана-Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, во кои се спроведува мерката строга изолација (карантин), задолжително носат заштитна опрема.

Трошоците за исхрана и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата кои влегуваат на граничните премини во Република Северна Македонија, а патуваат од високо, средно или ниско ризични земји утврдено согласно Листата на Светската здравствена организација, се надоместуваат од средства од Буџетот на Република Северна Македонија.

Трошоците за исхрана и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата на кои не ја почитувале мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), се надоместуваат од страна на тие лица.

Член 4

Државниот санитарен и здравствен инспекторат во вршењето на инспекцискиот надзор заради отстранување на утврдените неправилности има право и обврски да поднесе кривична пријава против лицето од член 2 од оваа уредба со законска сила на која се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови, во здравствена установа или во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, доколку тоа своеволно го напушти карантинот пред истекот на неговото времетраење.

Доколку за лицето од став 1 на овој член се определи мерка притвор, истата  се спроведува во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

На оваа седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои и Информацијата за расположливи сместувачки капацитети за ставање на лица во државен карантин во хотелските и сместувачките капацитети во сопственост на државата, како и за сместувачките капацитетите во приватните компании што ги ппонудија своите хотели за згрижување на граѓаните.

Владата денеска ја разгледа и редовната информација за извршени дневни инспекциски надзори за спроведувањето на мерките и препораките за спречување на ширењето на коронавирусот.

Уредба со законска сила за утврдување на задачи на Армијата на РСМ за време на траењето на вонредната состојба

Уредба со законска сила за примена на законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба

Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес

На денешната 24-та седница, Владата на Република Северна Македонија го разгледа и усвои Записникот од Петтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 20 март 2020 година.

Согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, Владата ги усвои следниве заклучоци:

1. Се задолжува Комисија за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст) и истите да ги достави до Владата, за седницата што ќе се одржи на 21 март 2020 година (сабота).

Владата го задолжи д-р Венко Филипче, министер за здравство, да определи двајца епидемиолози што ќе присуствуваат на седницата на Влада, со цел да ги образложат предложените мерки и препораки на членовите на Владата.

2. Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот COVID – 19.

3. Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, во рамките на нивните надлежности, веднаш да пристапат кон спроведувањето на  досегашните донесени мерки и препораки од страна на Владата.

4. Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка.

За ова, се задолжува Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство да подготви соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапка за спроведување во државен карантин. 

5. Се задолжува Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, во соработка со Министерството за економија и Министерството за правда, да подготват уредба со законска сила во која правно ќе ги нормираат надлежностите на сите инспекторати и инспектори (надлежностите од инспекторите во Државниот пазарен инспекторат да бидат пренесени на сите инспекциски служби).

На предлог на м-р Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Владата заклучи да се измени Заклучокот под реден број 5 од Дваесеттата седница на Владата, одржана на 16 март 2020 година и да гласи:

- Професионалните возачи на товарните возила кои влегуваат и излегуваат од Република Северна Македонија, а кои не поседуваат дозволи издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, да бидат пропуштени на граничните премини при влез и излез, но истите се должни да ја обезбедат и приложат дозволата не подоцна од 24 март 2020 година.

- Се задолжува Министерството за транспорт и врски да достави документ во ексел верзија кој го располага за вкупно издадените сертификати на професионалните возачи за учество во меѓународен патен сообраќај до Министерството за внатрешни работи. Лицата наведени во овој документ задолжително поседуваат важечки сертификат за учество во меѓународен патен сообраќај издаден од Министерството за транспорт и врски, со цел истите да не подлежат на полициски проверки за постапување по изјавата за самоизолација.

На оваа седница беше разгледана и информацијата на Министерството за надворешни работи за бројот на наши државјани кои оваа ситуација ги затекна во други држави. За да им се обезбеди можност да се вратат во земјата, Владата ги задолжи Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт и врски да подготват посебен план за хуманитарни летови, а нивна законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани.

Владата ја разгледа Информацијата за активностите за справување со затекнатите државјани на Република Северна Македонија во странство, со Предлог – одлука, ја усвои Информацијата и го донесе новиот текст на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови.

По овој повод Владата ги донесе следниве заклучоци:

1. Владата формира работна координативна група, со која да раководи д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија и  во состав: Пеце Мирчески, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија и претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски и Министерството за надворешни работи, со цел обезбедување на логистичка поддршка и операционализирање на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови и условите на преземање и транспорт на лицата до објектите во кои ќе бидат сместени овие лица во државен карантин.

2. Плаќањето на авионската карта за организираниот лет ќе биде на товар на патникот, додека трошоците за сместување, транспорт од аеродром и храна ќе бидат на товар на Буџетот на Република Северна Македонија.

3. Објектите кои ќе бидат определени за државен карантин да бидат обезбедувани од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (секој кат од објектот, секој влез и излез на објектот и просторот околу објектот).

4. Периодот во кој овие лица ќе бидат сместени во државен карантин да биде најмалку 15 дена, веднаш по нивното слетување.

5. Лицата кои ќе бидат сместени во државен карантин да бидат по едно до две лица во просторија.

6. Храната за овие лица да се дистрибуира директно до просториите, а хигиената во истите да ја одржуваат сами.

За ова, доколку е потребно, се задолжуваат Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда да подготват предлог – уредба со законска сила во која правно ќе се нормираат овие заклучоци.

Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ќе ги напушти границите на Република Северна Македонија да му даде да потпише лична изјава дека излегува од државата на своја одговорност и дека е запознаен дека поради пандемијата со коронавирусот голем број земји ги затворија границите и дека е отежнато движењето во странство, заради што државните органи на Република Северна Македонија не можат да гарантираат навремена помош за враќање во земјата.

На денешната седница на Владата донесе одлука за замрзнување на цените на лимон, портокал, мандарина и грејпфрут и клементините, и определи дека највисоката трговска маржа на овие производи ќе биде таа која што се применувала до 11 март 2020 година кога од страна на Светската здравствена организација (СЗО) беше прогласена пандемија на коронавирусот.

Владата на Република Северна Македонија донесе одлуки важноста на патните исправи и за личните карти, чиј рок на важење е истечен да се продолжи за време на траење на вонредната состојба.

Владата донесе одлука важноста на возачките дозволи чиј рок на важење е истечен да се продолжи за време на траење на вонредната состојба, а сите процесни дејствија за спроведување на обуките за оспособување на кандидат за возач во авто школите и за спроведување на возачкиот испит на кандидатот за возач во испитните центри, како и роковите на важење на документите што согласно закон се утврдени за спроведување на обуките, односно испитите, да се прекинат, односно да се суспендираат за време на траење на вонредната состојба.

На седницата се донесени и уредбите со законска сила, со кои полагањето на стручниот испит за проценувач, како и полагањето на испитот за стекнување на овластување за овластен геодет, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

На оваа седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од редизајнирање на Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) и Кредитната линија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел ставање на истите во функција на намалување на последиците од коронавирусот COVID-19, и го усвои текстот на Предлог-Анекс кон договор за администрирање на Посебен кредитен фонд и ја овластува д-р Нина Ангеловска, Министер за финансии, во име на Владата да го склучи Анекс-договорот со Развојна банка на Северна Македонија во насока ставање на средства во износ од 276.750.000 денари (4,5 милиони евра) во функција на намалување на последиците по економијата од Корона вирусот COVID-19.

Во врска со ова Владата го усвои текстот на Предлог-Анекс кон договор за воспоставување на кредитна линија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија и ја овластува д-р Нина Ангеловска, Министер за финансии, во име на Владата да го склучи Анекс-договорот со Развојна банка на Северна Македонија во насока ставање на средства во износ од 61.500.000 денари (1 милион евра) во функција на намалување на последиците по економијата од Корона вирусот COVID-19, и ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија да ги преземе сите неопходни чекори за оперативно да постапи по заклучокот.

На седницата е разгледана и усвоена информацијата за извршени инспекциски надзори во периодот од 16-18 март.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил вкупно 79 надзори. Констатирано е дека јавните превозници кај кои беше извршена контрола одржуваат високо ниво на хигиена, согласно обврската која им беше доделена. Во однос на контролата при влез на патници на скопскиот аеродром и граничните премини додека беа отворени, констатирано е дека сите патници пополнуваа писмена изјава со која под полна морална, материјална и кривична одговорност се обврзуваат да останат во самоизолација, а за истото им се издаваше и писмена наредба.

Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) во истиот период изврши вкупно 17 вонредни инспекциски контроли, при што е констатирано дека сите зголемени цени кај аптеките се должат на зголемената набавна цена на производите.

Државниот пазарен инспекторат извршил вкупно 8.200 надзори во извештајниот период. Констатирано е дека нема покачување на цените на производите во маркетите, а најголем дел од правните субјекти ги почитуваат мерките на Владата на РСМ во однос на забраната или начинот и времето на работење.

Од страна на инспекциските служби се затворени 6 угостителски објекти во Скопје, 3 во Тетово, по 2 во Битола и Гостивар и еден во Куманово.

Државниот инспекторат за транспорт констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај се одвива со намален интензитет од 68-80% и се уште се редуцира од страна на превозниците, а меѓународниот линиски превоз на патници е во целосен прекин.

Во однос на правата од работниот однос, Државниот инспекторат за труд реализираше вкупно 573 контроли во претходните три дена, при што се донесени 5 решенија и 26 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.

Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 19 март 2020 година, го разгледа и го усвои Записникот од Четвртиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 19 март 2020 година.

Истовремено, согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, ги усвои следниве заклучоци:

1. Се забранува пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“, секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден.

За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи, со патролни возила да го затвори пристапот кон Парк шума „Водно“.

2. Се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини.

За оваа цел, се задолжуваат Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.

3. Се забранува одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена.

За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи доколку е потребно ова правно да го нормира во Уредба со законска сила.

Согласно ова, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.

4. Се препорачува на сите работодавачи во Република Северна Македонија, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.

Исклучок од оваа мерка се вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.

Согласно ова, Владата на Република Северна Македонија, на седниците на Владата и работните тела на Владата да разгледува само материјали поврзани со постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија.

5. Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.

6. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и  во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.

7. Се задолжува Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство да оствари работна средба со здруженијата на сточари и Федерацијата на фармери, во врска со извозот на јагниња, како и утврдување на мерки што треба да се преземат во овој период.“

Денеска Владата ја донесе и Одлуката за ограничување на извозот на пченица и наполица  и брашно од пченица или наполица со тарифните ознаки 1001 19 00 00, 1001 91 90 00 и 1001 99 00 00  и 1101 00.

Ограничувањето на извозот  од член 1 на оваа одлука ќе се применува до 30 април 2020 година, со можност за продолжување доколку состојбата со пандемијата го бара тоа.

Оваа одлука е усвоена со цел да не се нарушат состојбите на пазарот во земјата, и да  се обезбедат доволни количини на брашно во земјата во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО и во услови на ограничен  увоз на брашно поради донесената одлука за забрана на извоз на брашно и други производи од Република Србија во времетраење од 30 дена, кое завршува до средината на април 2020.

На денешната седница е усвоена и Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства.

Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените на истите кои се применувале на 11 март 2020 година, кога од страна на Светската Здравствена Организација  е прогласена пандемија на Коронавирусот COVID-19 и ќе се применуваат до 30 април 2020 година.

Со оглед на прогласувањето на вонредна состојба во нашата држава се јави потреба од донесување на оваа уредба со која се уредува одложувањето на полагање на испитот за вештаци, правосудниот испит, испитот за медијатори и испитот за нотари за време на траењето на вонредната состојба. За времено одлагање на овие испити, Владата денеска ги донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за вештачење, Уредба со законска сила за примена на Законот за правосудниот испит, Уредбата со законска сила за примена на Законот за медијација, и Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот.

На предлог на Кабинет на заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Владата денеска ја прифати информацијата за економски мерки за справување со последици од Коронавирус, кои предвидуваат директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Кредитите се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти со грејс период од  6 месеци и рок на отплата од 2 години.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020-та година и ова да важи од денот на користење на мерката; понатаму, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради корона вирусот.

На оваа своја седница, Владата ја усвои и Одлуката за забрана на продажба на масло за горење екстра лесно масло за домаќинство ЕЛ-1 со содржина на сулфур најмногу до 0,1% (m/m), на бензинските станици во периодот од 15 aприл до 15 oктомври 2020 година.

Оваа одлука е донесена од причини што грејната сезона завршува на 15 април и тој вид на гориво исклучиво е наменето за затоплување на просториите на домаќинствата и на другите деловни простории, а неговата натамошна продажба после 15 април се забранува за да не се користи за погон на моторни возила и за другите видови на мотори.

Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 18 март 2020 година, врз основа на член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија заклучи до Собранието на Република Северна Македонија да поднесе Предлог Собранието на Република Северна Македонија, да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, и ширење и справување со коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија.

За претставници на Владата на Република Северна Македонија за образложување на овој предлог во Собранието на Република Северна Македонија се определуваат Оливер Спасовски, претседател на Владата на Република Северна Македонија, м-р Радмила Шекеринска Јанковска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за одбрана и д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Во прилог на предлогот за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, и ширење и справување со коронавирус COVID-19, Владата достави и Образложение во кое вели:

Пандемска епидемија или пандемија како состојба на ширење на заразна болест на широка територија, повеќе држави или континенти, а особено кога има ширење на поголема територија на нова непозната болест.

Во декември 2019 година, во градот Вухан, во провинцијата Хубеи во Народна Република Кина, се појавува нов коронавирус кој почна да се шири за кратко време и во другите провинции на Народна Република Кина. Оваа болест е акутна респираторна инфекција во категорија Б (врз основа на Упатството за превенција и третман на заразни болести на Народна Република Кина). Преземајќи серија превентивни и мерки на третмани, епидемијата во Народна Република Кина конечно е стабилизирана од стотици, до неколку случаи дневно. Останатите провинции во Народна Република Кина закрепнуваат од епидемијата, додека ширењето надвор од Народна Република Кина постојано расте.

На 11 март 2020 година, Светската Здравствена Организација прогласи пандемија на новиот коронавирус COVID-19, поради фактот дека се работи за нов вид на коронавирус, како и поради фактот дека е проширен на повеќе континенти. Со ова, Светската Здравствена Организација упати силна и јасна порака до сите земји во Светот дека состојбата со COVID-19 е крајно сериозна и дека секоја држава, согласно својата поставеност и здравствен систем, мора да почне да се подготвува за справување со оваа криза.

Овој вирус во Европа, во тој момент, беше проширен најмногу во Република Италија, каде што брзината на ширење достигна енормни размери.

Во образложението на Владата за утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, и ширење и справување со Коронавирус COVID-19, се наведени 6-те фази на развојот и ширењето на коронавирусот и болеста COVID-19, како и неговата етиологија, епидемиологија, начинот на пренесување и клиничката манифестација, и третманот.

Согласно претходно наведеното, Владата на Република Северна Македонија, на Единаесеттата седница, одржана на 25 февруари 2020 година, на Дванаесеттата седница, одржана на 28 февруари 2020 година, на Четиринаесеттата седница, одржана на 6 март 2020 година, на Петнаесеттата седница, одржана на 10 март 2020 година, на Шеснаесеттата седница, одржана на 11 март 2020 година, на Седумнаесеттата седница, одржана на 12 март 2020 година, на Осумнаесеттата седница, одржана на 13 март 2020 година, на Деветнаесеттата седница, одржана на 14 март 2020 година, на Дваесеттата седница, одржана на 16 март 2020 година, на Дваесет и првата седница, одржана на 17 март 2020 година, донесе пакет на одлуки, заклучоци, мерки и препораки за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост и сите останати државни институции, како и за единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, но и за приватниот сектор, сите во функција на утврдената потреба од преземање на мерки и активности за спречување на внесување и превенција од ширење на коронавирус COVID-19.

Следејќи го текот и прогресот на сите преземени мерки и активности за справување со оваа состојба за време на овој период, Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.62/20, 63/20, 64/20 и 66/20), Одлука за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.63/20), Одлука за забрана и посебен режим на движење на дел од територијата на Република Северна Македонија на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 63/20) и Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на мало („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 67/20).

Одлуките, заклучоците, мерките и препораките на Владата се донесени на предлог и во координација со сите надлежни државни институции и тела, особено на предлог на Групата за процена, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, Главниот координативен кризен штаб на Владата на Република Северна Македонија и економските ресори.

Како уште еден прилог на образложението за утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, и ширење и справување со коронавирус COVID-19, наведена е и моментална состојба со пандемијата во Светот со 201 илјада потврдени случаи и над 8000 починати лица. Вирусот е проширен во сите држави во Европа и на сите континенти. На ниво на Европа се потврдени над 74000 случаи.

Првиот позитивен случај во Република Северна Македонија е регистриран на 26 февруари 2020 година и до денес, 18 март 2020 година, бројката на потврдени случаи изнесува 35 позитивни случаи.

На денешната 22 седница на Владата на Република Северна Македонија утврдени се дополнителни мерки и активности за спречување на внесување, превенција и ширење на коронавирус COVID-19 го разгледа Записникот од Третиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 18 март 2020 година, го усвои Записникот и притоа ги донесе следниве заклучоци:

1. Се задолжува Министерството за надворешни работи и Министерството за здравство, да ги споделат сите информации, списоци, листи на наши државјани кои се затечени на граничните премини надвор од Република Северна Македонија, а во моментов организирано или поединечно се упатуваат/враќаат од овие држави кон Република Северна Македонија.

2. Се задолжува Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ги напушта границите на Република Северна Македонија, да му даде да потпише лична изјава со која ќе се обврзе во наредните три месеци да не се врати назад во Република Северна Македонија.

За оваа цел, се задолжува Министерството за надворешни работи да подготви терк на изјава.

Исклучок од ова се возачите на товарните моторни возила кои секојдневно преминуваат граничен премин од и во Република Северна Македонија или граѓани кои ги напуштаат границите поради здравствени причини или лекување во странство.

3. Сите производствени капацитети на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа на кои постои кризна состојба, да го организираат својот работен тек и процес, како и влез и излез во овие подрачја, согласно посебен режим и протоколите на Министерството за здравство, по примерот на фабриката Кнауф Радика АД.

4. Се задолжува Министерството за внатрешни работи и Царинската управа на Република Северна Македонија да стапат во контакт со АД Пошта на Северна Македонија, со цел да постапуваат согласно протоколите за превоз и транспорт за непречено спроведување на размена на пошта на меѓународниот поштенски сообраќај, потврдени со Министерството за здравство.

5. Се задолжува министерот за транспорт и врски, м-р Горан Сугарески, да стапи во контакт со директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со цел да се реши проблемот со дозволите и протокот на премин на граничните премини во Република Северна Македонија за македонските возачи на товарните моторни возила.

6. Се задолжува Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија да преземе активности и координација помеѓу Министерството за економија, Царинска управа на Република Северна Македонија и стопанските комори, за да се разгледа можноста по предлогот на Министерството за здравство кој се однесува за сите медицински помагала и потрошниот медицински материјал кој се увезува во Република Северна Македонија за потребите за справување со моменталната ситуација, да се ослободат 100% од царинските давачки.

7. Се задолжува Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство согласно протоколите и проценките од стручните лица на Министерството за здравство да преземат соодветни мерки и активности кон лицата кои во текот на денешниот ден ќе слетаат на Меѓународниот Аеродром Скопје со чартер лет од Република Германија.

8. Се задолжува Министерството за внатрешни работи – ОВР Шуто Оризари да ги интензивира теренските контроли на територијата на општината во функција на спречување од организирање на групни собири.

9. Се задолжува Министерството за надворешни работи, преку дипломатско – конзуларните претставништва во Република Северна Македонија да направи проценка за тоа колку државјани на Република Северна Македонија се надвор од државата, а бараат да се вратат во државата и врз основа на оваа проценка да се оствари контакт со WizzAir, со цел преку чартер лет организирано да се вратат во Република Северна Македонија. Ова да биде последна преземена мерка од Владата на Република Северна Македонија кон државјаните кои се надвор од границите на Републиката.

10. Се задолжува Фондот за здравственото осигурување на Северна Македонија, да ги интензивира контролите и надзорите кон ординациите на матичните лекари, имајќи предвид дека има зголемена појава на затворање на овие ординации.

11. Се задолжува Министерството за здравство да стапи во контакт со приватните производствени капацитети кои имаат можност и доставено понуда до Министерството за здравство за производство на заштитни маски.

12. Се задолжува Министерството за здравство да стапи во контакт со приватните здравствени болници, со цел согласно нивните можности да се ослободат нивните здравствени капацитети за потребите на Министерството за здравство во спроведувањето со настанатата ситуација и преку соодветен правен инструмент (договор за соработка, меморандум и сл) да ги дефинираат начинот, условите, критериумите и обврските на двете страни.

13. На предлог на Царинската управа на Република Северна Македонија, се задолжува Агенцијата за храна и ветеринарство да отстапи две пумпи за потребите на Царинската управа на граничните премини.“

На оваа 22-та седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за користење на средства од Развојна банка на Република Северна Македонија за поддршка на претпријатијата погодени од состојбата со коронавирусот со предлог одлука.

Оваа информацијата е подготвена со цел Владата на Република Северна Македонија да се запознае за потребата од користење на финансиски средства од развојната банка на Република Северна Македонија, кои ќе се користат за поддршка на деловните субјекти чие работење е погодено од состојбите поврзани со коронавирусот.

Сегашната состојба во Република Северна Македонија, поврзана со коронавирусот како и прогласената пандемија на состојба со коронавирус од страна на светската здравствена организација, наложи потреба од преземање на мерки за поддршка на бизнисот со цел олеснување, односно намалување на последиците што стопанството во Република Северна Македонија ги трпи како последица на коронавирусот. Во овој правец се предвидуваат кредитни шеми за поддршка на реалниот сектор кои ќе се реализираат преку Развојна банка на Република Северна Македонија.

Односно, една од мерките е и воведување на нова кредитна линија од 5 милиони евра, преку која ќе се кредитираат директно компании чија што економска активност е директно погодена од коронавирусот. Кредитирањето ќе се врши со поповолни услови – подолг грејс периоди, подолг рок за отплата и пониски каматни стапки од стандардните кредити. Кредитите ќе бидат во висина од 5.000 евра до 20.000 евра, а висината ќе биде во зависност од бројот на вработени во компанијата, за микро претпријатија со 1-10 вработени од 3 - 5 илјади евра, за мали претпријатија со 10-50 вработени од 5-15 илјади евра, за средни претпријатија со 50-250 вработени од 15-30 илјади евра.

Преку Развојна банка на Република Северна Македонија се планира директно кредитирање на компании погодени од коронавирусот и во износ од дополнителни 6 милиони евра од Компензационен фонд од странска помош и Компензационен фонд од друга странска помош, при што е потребно да се обезбедат услови за операционализација на овие средства.

За таа цел се предлага Владата да донесе Одлука за престанок на важење на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за прибирање, користење и управување со средства од економска помош од странство на Република Македонија број 44-7213/1-17 од 06.03.2018 година, објавена во Службен весник на Република Македонија, број 44 од 2018 година.

Исто така за операционализација на оваа кредитна линија потребно е Развојната Банка на Република Северна Македонија во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори и Министерството за финансии, да утврдат критериуми за оваа кредитна линија. Условите под кои ќе биде вршено кредитирањето ќе бидат поповолни од условите под кои кредити се даваат од страна на комерцијалните банки.

Поради погоре наведеното, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори ги предложи, а Владата на оваа седница ги усвои следните заклучоци.

1. Се задолжува Развојната банка на Северна Македонија во рок од 5 дена да достави информација до Владата со која ќе предложи формирање на кредитна линија за директно кредитирање на компании погодени од Kорона вирусот со поповолни услови од условите на кредитите од комерцијалните банки

2. Владата донесе Одлука за престанок на важење на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за прибирање, користење и управување со средства од економска помош од странство на Република Македонија број 44-7213/1-17 од 06.03.2018 година, објавена во службен весник на Република Македонија, број 44 од 2018 година

3. Се задолжува Министерството за финансии да ја извести Развојната банка на Северна Македонија дека може да врши пласирање на средствата од 6 милиони евра од Компензационите фондови и истото да го проследи и до Министерството за надворешни работи.

4. Се задолжува Министерството за Надворешни работи, по влегување во сила на Одлуката за престанок на важење на одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за прибирање, користење и управување со средства од економска помош од странство на Република Македонија број 44-7213/1-17 од 06.03.2018 година, објавена во службен весник на Република Македонија, број 44 од 2018 година, да достави Известување до Амбасадата на Јапонија во Република Северна Македонија, со цел информирање дека средствата ќе бидат ставени на управување и администрирање на Развојната банка на Северна Македонија

5. Се задолжува Развојната банка на Северна Македонија во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори и Министерството за финансии да подготви и да достави до Владата Информација со Предлог-Одлука, со која ќе се утврдат условите за директно кредитирање на деловните субјекти погодени од коронавирусот.

По повод предлогот на Ѓонул Бајрактар, заменик на министерот за труд и социјална политика, Владата заклучи Заклучокот од делот на Пред преминување на Дневниот ред од Дваесет и првата седница на Владата, да се измени и лицата од касарната Пепелиште да бидат однесени во депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија за кои од страна на Министерството за труд и социјална политика преку УНДП ќе обезбеди вода и храна и истата ќе биде дистрибуирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија, а Службата за општи и заеднички работи на Владата да обезбеди средства за лична хигиена за лицата што ќе бидат сместени таму.

Извадок од Нацрт-записникот од двесет и втората седница на Владата на РСМ - до Кабинет на ПВРСМ

Извадок од Нацрт-записникот од двесет и втората седница на Владата на РСМ - до МЗ

Извадок од Нацрт-записникот од двесет и втората седница на Владата на РСМ - до МТСП

Донесените мерки на 21-та Седница на Владата одржана на 17 март, 2020 година можете да ги прочитате на следниот линк.

Владата на Република Северна Македонија на редовната 20-та седница го разгледа Записникот од Првиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус COVID-19, одржан на 16 март 2020 година и согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, ги усвои следните заклучоци:

1. Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Центарот0 за управување со кризи и Министерството за здравство да ја разгледаат можноста преку соодветен начин сите лица кои се затекнати во своите викенд куќи за одмор и рекреација кои се наоѓаат внатре во подрачјата на општините на кои постои кризна состојба или во непосредна околина на истите (Маврово и Ростуша), безбедно да ги напуштат своите викенд куќи за престој, по претходна проверка од страна на епидемиолози.

Доколку не е можно спроведување и реализирање на оваа мерка, да се преземат мерки и активности од надлежните институции за редовен дотур на храна и продукти неопходни за овие лица.

2. Се затвораат сите гранични премини во Република Северна Македонија за премин на странски државјани – патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставниците од дипломатскиот кор во Република Северна Македонија, како и за други лица, за кои Министерството за внатрешни работи ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес. Овие товарни возила и лица ќе влезат во Република Северна Македонија според посебни услови за заштита согласно протоколот на Министерството за здравство.

3. Се затвора Меѓународниот Аеродром Скопје и граничниот премин на овој аеродром по истек на 48 часа од денот на влегувањето во сила на оваа одлука, освен за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и летови без патници за позиционирање на воздухоплови, со претходна најава до аеродромскиот оператор ТАВ Македонија ДООЕЛ, а АД М-НАВ Скопје да издаде НОТАМ препорака за истото.

4. Согласно мерките од заклучоците бр. 3 и 4, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Корона вирус COVID-19.

5. Се задолжува Министерството за здравство – Државен санитарен и здравствен инспекторат, за професионалните возачи на товарните возила кои влегуваат во Република Северна Македонија да издадат посебна дозвола или посебен здравствен протокол со кој ќе се обезбеди посебен здравствен и протоколарен режим на влез во државата на овие лица. Претходно дадената лична изјава се смета за неважечка.

6. Се задолжуваат Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт и врски, заеднички да ги разгледаат можностите за враќање на државјаните на Република Северна Македонија кои се затечени на аеродромите во Загреб, Истанбул, Виена и Варшава, односно со автобуски превоз овие државјани да бидат донесени во Република Северна Македонија.

7. Да се препорача на Судскиот совет и на Врховниот суд на Република Северна Македонија да ја разгледаат можноста и да препорачаат на претседателите на судовите да направат план за одложување на судењата, со исклучок на оние судски предмети кај кои постои потреба од итност на постапување, како што се предмети кои се пред застарување, предмети во кои се изречени мерки притвор или други мерки за обезбедување на присуство, како и предмети кај кои сериозно би било нарушено правото на судење во разумен рок, предмети кои се стасани до изрекување пресуди, предмети за кои се одлучува без јавна расправа и сл.

8. Да се препорача на Нотарската комора на Република Северна Македонија, Адвокатската комора во Република Северна Македонија и Комората на извршители на Република Северна Македонија да ги спроведуваат сите мерки, заклучоци и препораки донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија.

9. Се задолжува Министерството за внатрешни работи, возилата на граничната полиција да ги стави на располагање за потребите на Армијата на Република Северна Македонија за мобилните патроли во граничните предели.

10. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите и проверките на лицата кои се упатени да спроведат самоизолација и за почитување на мерките на Владата и за истото да ја известува Владата на дневна основа.

11. Се задолжува Министерството за внатрешни работи на дневна основа да ја известува Владата за исходот од извршените контроли на граничните премини, бројот на контроли и издадените дозволи.

12. Се укажува на Железници на Република Северна Македонија, Транспорт АД Скопје, по принципот на донесените одлуки од ЈСП Скопје, времено да ги прекинат мерките кои се однесуваа на бесплатните билети и бесплатниот превоз за возрасни лица.

13. Сите неопходни и итни потреби и набавки на сите државни институции во Република Северна Македонија, поврзани со обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус COVID-19, институциите да ги извршат со финансиски средства од сопствениот буџет за 2020 година.

14. Да се упати апел до граѓаните во Република Северна Македонија, да не патуваат надвор од државата.

15. Владата ги прифати Препораките на Министерството за здравство за превозниците кои патуваат во средно и високо ризичните земји.

На лицата кои патуваат низ земјите со среден и висок ризик на КОВИД – 19, а кои управуваат тешки товарни моторни возила за превоз на прехранбени производи и друга стока, за време на нивниот транзитен превоз и престој, товар или растовар на стока во овие земји, им се препорачува да ги почитуваат следните мерки за лична и колективна заштита:

- Им се ограничуваат контактите и движењата на патните правци од точка А до точка Б, освен заради потреба од обезбедување на храна и тоалет.

- Се забранува контакт со други лица

- Доколку излезат да купат храна или за тоалет, задолжително да користат лични заштитни средства и тоа:

- ракавици за еднократна употреба,

- заштитни маски N 95 или FFР 3 со единечен филтер

- нема потреба од носење на заштитни мантили како и заштитни наочари и каљачи

Заради можноста од остварување на директен респираторен контакт со заболени лица на КОВИД– 19, во мотелите, хотелите и рестораните се препорачува:

- Да спијат во кабините на своите моторни возила.

При враќање во РСМ да стапат во контакт со надлежна епидемиолошка служба Центар за јавно здравје заради добивање на натамошни инструкции за мерки и постапки доколку пројават симптоматологија.

За време на патувањето

- После секој контакт во маркет, продавница, тоалет задолжителна е дезинфекција на рацете

- Максимално избегнување на контакт со други лица повеќе од 10-15 секунди (особено со лица со симптоми)

- Почесто проветрување на кабината за време на возењето

- При престојот во кабина нема потреба од носење на лична заштитна опрема

- Забрането е примање на слепи патници

- Задолжително обезбедено средства за дезинфекција на раце на база на алкохол за време на патувањето

Се задолжува Здружението на лиценцирани авто превозници да изготви свој оперативен план за да се спроведе ротирање на возачите, односно нивна последователна промена при патувањата во средно и високо ризични земји.

Како 16-та точка од денешната 20-та седница, е утврдено да се задолжуваат Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи, обрасците со Изјавите за самоизолација да ги преведат и на албански јазик.

На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за увоз и извоз на прехранбени производи.

Во информацијата се истакнува дека работната група сочинета од претставници на Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за надворешни работи и Царинската управа предлага да се воведе забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време, и ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство и Царинската управа, да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.

Во врска со ова Владата ги задолжи Царинската управа, во соработка со Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, во наредниот период да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично) и за истото да ја информира Владата на Република Северна Македонија.

Владата донесе препорака за мелничко преработувачката индустрија да ја има во предвид бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите-членки на СТО во количина од 80.000 тони.

Како дополнителен заклучок поврзан со информацијата за увоз и извоз на прехранбени производи, Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, и Агенција за стокови резерви, заедно со мелничко преработувачката индустрија да ја утврдат моменталната состојба со залихите на пченица и брашно и за истото да ја информираат Владата.

Министерството за надворешни работи доби задолжение, преку мрежата на дипломатските и конзуларните претставништва на нашата земја да упати инструкцијата со цел обезбедување информации на дневна основа заради следење на воведувањето на евентуалните забрани на увоз и извоз на стоки кон Република Северна Македонија.

Во рамките на оваа точка Пазарниот инспекторат е должен да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри со цел да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи и воедно да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените и за истото редовно на секои три дена да ја информира Владата на Република Северна Македонија.

Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за стокови резерви да изработат листа на прехранбени производи кои што би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена, а Агенцијата за стокови резерви веднаш да достави листа на стоки кои ги има на залиха со податоци за количина.

Се задолжува Министерството за економија веднаш да достави до Владата на Република Северна Македонија предлог за ослободување 100% од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, одело хируршко текстилно, варикина и останати средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни наочари.

Владата на Република Северна Македонија на 20-тата седница донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа одлука влегува со сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, и е усвоена со цел да не се злоупотреби моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО.

На оваа седница се усвоени и информациите за извршените инспекциски надзори согласно Заклучок на Владата од седницата одржана на 13.3.2020 година, за контрола на спроведувањето на мерките за спречување и превенција од ширење на Корона вирусот од страна на Државниот санитарен инспекторат, од страна Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД), на Државниот пазарен инспекторат, на Државниот инспекторат за транспорт, И на државниот инспекторат за труд.

Прегледот на сите извршени инспекциски контроли, како и за донесените мерки, можете да го најдете во збирните извештаи направени на 15.03.2020 и на 16.03.2020 година.

Како дополнување на заклучоците и препораките од 19-тата седница, Владата на Република Северна Македонија упатува препорака до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија да даде упатства и препораки за итно и приоритетно постапување на сите јавни обвинителства во државата во постапките процесуирани од страна на надлежните институции во врска со донесените одлуки, мерки и препораки од страна на Владата на Република Северна Македонија, и другите надлежни државни институции.

Владата им препорачува на сите работодавачи во Република Северна Македонија, односно на секое раководно лице во институциите, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работата на вработените лица преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.

На оваа седница Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за  спречување на внесување и ширење на коронавирусот со која се затворааат сите копнени гранични премини во Република Северна Македонија за премин на патници и возила, освен граничните премини Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце. На граничните премини кои се затворени за премин на патници и возила, се дозволува исклучиво премин на товарни возила.

На следните линкови можете да ги преземете:

Нацрт записник со сите заклучоци од 19-тата седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 14 март 2020 година, тука.

Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, тука.

Владата формира Главен координативен кризен штаб, со кој ќе раководи претседателот на Владата на Република Северна Македонија и во состав од сите заменици на претседателот на Владата, министерот за здравство, министерот за одбрана, министерот за внатрешни работи, министерот за транспорт и врски, министерот за финансии, министерот за образование и наука, министерот за надворешни работи, директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, со цел целосната координација да се врши во ова тело.

  1. Да се затворат сите копнени гранични премини во Република Северна Македонија, освен граничните премини Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце кои да бидат отворени за премин на патници и возила.
  2. Да прекине со работа аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, односно да се затвори граничниот премини на овој аеродром, по 48 часа од донесувањето на оваа наредена мерка.
  3. Да се забрани влез на територија на Република Северна Македонија на странски државјани и од земјите со среден ризик согласно Листата на Светска здравствена организација објавена на веб страницата на Министерството за здравство, освен за оние лица за кои Министерството за внатрешни работи ќе даде дозвола по мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес. Овие лица да влезат во нашата држава под посебни услови и заштита согласно протоколот на Министерството за здравство.
  4. Да се затворат за посетители сите продавници во молови на територијата на Република Северна Македонија, освен супермаркети, продавници за храна и аптеки. Сите останати правни лица можат да работат и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл) и да вршат достава на нарачките.
  5. Се забранува целосно работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортските обложувалници.
  6. Сите угостителски објекти кои вршат  подготовка и продажба на храна можат да работат, без посета на потрошувачи (гости) и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл.) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд, пулт и сл.).
  7. Согласно овие мерки, Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.
  8. Се задолжува Министерството за здравство, на секој наш државјанин кој влегува на граничните премини во Република Северна Македонија, а патува од високо ризични или средно ризични земји, при влез, на граничниот премин да му издаде писмена наредба за спроведување задолжителна самоизолација и истиот да потпише писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе изврши самоизолација во која ќе ги наведе своите лични генералии,  со податоци за адресата и местото на престој за време на самоизолација.
  9. Се задолжува Секретаријатот за европски прашања, да подготви и итно до Владата да достави компаративна анализа за сите преземени мерки и начинот на нивното спроведување во земјите со висок и среден ризик.
  10. Се задолжува Министерството за финансии – Царинска управа, во соработка со Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за надворешни работи, итно да формира работна група, со цел до понеделник да подготви информација/предлог за увоз-извоз на прехранбени продукти.
  11. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ја извести јавноста и економските субјекти дека достава на прехранбени производи, медикаменти и останати потребни стоки на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа каде постои кризна состојба ќе се врши единствено во периодот од 8:00 до 14:00 часот.
  12. Се задолжува Секторот за односи со јавност на Владата на Република Северна Македонија овие заклучоци, мерки и препораки веднаш да ги објави на веб страницата на Владата и истите да ги достави до сите пишани и електронски медиуми, со цел редовно информирање на граѓаните.

Дополнително, Владата на Република Северна Македонија го разгледа Акциониот план од Главниот штаб за управување со кризи за превенција и справување со појавата и ширењето на Коронавирусот COVID-19 на дел од територијата на Република Северна Македонија на кои постои кризна состојба, на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа и притоа заклучи истиот да се измени и дополни со следниве укажувања:

  • Акцискиот план да се преработи согласно ново дадените препораки од страна на Министерството за здравство,
  • Работата на производствените капацитети на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа да биде дополнително координирана со посебен режим на работа согласно дејноста која ја остваруваат,
  • Да се прифати понудата од телекомуникациските оператори и да се дефинираат четири најбитни мерки/препораки кои треба да бидат испратени преку СМС пораки до граѓаните,
  • Се препорачува на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, за подрачје Дебар и Центар Жупа, за време на овој период, да постапува приоритетно согласно задолжителното упатство, по предмети и постапки поврзани со настанатата состојба,
  • Се препорачува на Судскиот совет на Република Северна Македонија, да даде наредба за работа на судот во општина Дебар по истиот принцип како даденото задолжително упатство  на Јавното обвинителство,
  • Се задолжува Министерството за одбрана да изврши итна набавка на средства за дезинфекција за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување и Армијата на Република Северна Македонија. Согласно ова, се задолжува Бирото за јавни набавки да даде дозвола за итна набавка.

Извадокот од Нацрт – записникот од 18-тата седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 13 март 2020 година можете да го преземете на следниот линк.

Одлуката за воведување кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, заради спречување на внесување и ширење и можноста од заразување од Коронавирус COVID-19, донесена на 18-тата седница на Владата на 13 март 2020 година, можете да го преземете на следниот линк.

Одлуката за забрана и посебен режим на движење на дел од територијата на Република Северна Македонија на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, од 18-тата седница на Владата на 13 март 2020 година на овој линк.

Одлуката за дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 за затворање на граничниот премин Џепиште – Требиште и граничниот премин Блато, и за затворање на Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ – с. Маврово - Маврови Анови, на следниот линк.

Мерките можете да ги погледете на следниот линк и на следниот линк.
  1. Се утврдуваат следните категории на лица кои треба да бидат ослободени од работа и работни активности врз основа на приложена потврда од матичен лекар за следниве состојби:
  • Хронични респираторни заболувања;
  • Тешки кардиоваскуларни заболувања;
  • Дијабет - ТИП1;
  • Малигни заболувања; и
  • Имуно-компромитирачки состојби.
  1. Согласно ова, се задолжува Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, да подготват и да достават листа со дијагнози во врска со горенаведените здравствени состојби.
  2. Сите вработени лица од здравствениот сектор да не користат годишни одмори, платени и неплатени отсуства, за време на овој период.
  3. Се задолжува Институтот за јавно здравје да подготви текст/порака за пишаните и електронските медиуми во однос на почитување на препораките против COVID-19, и да биде доставена до Министерството за здравство, за понатамошно процесуирање и објавување.
  4. Се задолжува Министерството за здравство, телефонскиот број на АЛО ДОКТОРЕ од флаерот да го пренамени во call-центар со зголемен капацитет кој ќе дава одговори/информации во врска со болеста COVID-19 (корона вирус). 
  5. Се препорачува на ЈП Македонска радио – телевизија, редовно, на дневна основа, преку телевизиските канали, како и Собранискиот канал да ги објавуваат сите заклучоци, мерки и препораки усвоени од Владата на Република Северна Македонија за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус), како и прес-конференциите на оваа тема.
  6. Се укажува на АД МИА – Скопје, редовно, на дневна основа да ги објавува сите заклучоци, мерки и препораки усвоени од Владата на Република Северна Македонија за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус), како и прес-конференциите на оваа тема.
  7. Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица во овие институции и фирми кои користат оправдано отсуство согласно донесените заклучоци, мерки и препораки на Владата, до надлежните организациони единици за човечки ресурси во нивните институции да побараат од овие лица да достават доказ/потврда за основот на користење на ова оправдано отсуство, (потврда издадена од детската градинка или уплатница за платен надомест за престој во детска градинка, копија од патна исправа за возраста на детето или копија од извод од матична книга на родени, потврда за редовен ученик од образовните институции или копија од свидетелство).
  8. Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица во овие институции и фирми кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение за кого е неопходна домашна грижа, еден родител да биде ослободен од работа и работни активности и неговото отсуство за време на овој период да биде евидентирано како оправдано од работодавачот. Овој заклучок се однесува и на самохраните родители.
    Дополнително, децата кои не посетуваат детска градинка или не се вклучени институционално во воспитно – образовниот процес, родителите на овие деца не се ослободени од работа и извршување на работни активности.
  9. Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица во овие институции и фирми кои користат оправдано отсуство согласно донесените заклучоци, мерки и препораки на Владата, до надлежните организациони единици за човечки ресурси во нивните институции да достават своја лична писмена изјава под морална, материјална и кривична одговорност дека во секое време ќе бидат достапни на работодавачот за вршење на службени работни задачи и обврски од својот дом, преку комуникација со електронска пошта, или пак, во текот на денот во итни ситуации да бидат и физички на своето работно место, во период од два до три часа (образец Изјава доставен во прилог на овој заклучок).
  10. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на граничните премини при излез од Република Северна Македонија, особено контролата на автобускиот превоз и дестинацијата.
  11. Сите воспитно – образовни институции да воведат ротационо дежурство, со цел издавање на потребните потврди и останати документи.
  12. Да се прекине со работата на библиотеките, студентските и ученичките домови на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена, а вработените лица во овие институции да бидат ослободени од работа во овој период.
  13. Вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови да се изземат од сите заклучоци, мерки и препораки на Владата.
  14. Се задолжува Министерството за внатрешни работи во текот на денешниот ден да објави соопштение во кое ќе се наведе дека ќе се преземат соодветни мерки за сите оние лица кои преку социјалните медиуми објавуваат дезинформации (невистини) на оваа тема, како и за медиумите кои ги пренесуваат овие информации.
  15. Економските ресори на Владата будно ја следат состојбата во економијата и стопанството преку домашните економски и финансиски институции, Светската банка и други и врз основа на направените анализи доколку е потребно ќе се пристапи кон воведување на соодветни мерки.
  16. Повторно се упатува препораката до приватниот сектор во однос на сите донесени заклучоци, мерки и препораки од Владата за моменталната ситуација.
  17. Се задолжува Министерството за здравство, преку центрите за јавно здравје и во соработка со единиците на локалната самоуправа да изврши дезинфекција на сите детски градинки и училишта на територијата на Република Северна Македонија.
  18. Се задолжува Секторот за односи со јавност на Владата на Република Северна Македонија овие заклучоци, мерки и препораки веднаш да ги објави на веб страницата на Владата и истите да ги достави до сите пишани и електронски медиуми, со цел редовно информирање на граѓаните. Редовното информирање на оваа тема ќе се врши преку Секторот за односи со јавност на Владата на Република Северна Македонија.

    Преземете ги мерките и заклучоците од 16-тата Седница на Владата тука.

  1. Да се заострат мерките и активностите за превенција од ширење на корона вирусот.
  2. Да се прекине со воспитно – образовниот процес и наставата во сите детски градинки, основни и средни училишта и високо – образовни установи и во јавните научни институти на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена. Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни програми како што се курсеви за странски јазици и слично.
  3. За спроведување на оваа мерка еден од родителите на децата до 10 години, што ќе бидат ослободени од обврската да одат во градинките или да ја следат наставата, ќе бидат ослободени и од обврската да ги извршуваат работните обврски.
  4. Да се забранат масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на Република Северна Македонија, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1000 учесници.
  5. Да се забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 30 дена.
  6. Да се воведе задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните држави, во период од 14 дена (согласно листата на Светската здравствена организација).
  7. Да се забрани извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од Република Северна Македонија, освен со посебна дозвола која ја издава Министерство за здравство.
  8. Да се препорача на возрасните и високоризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.
  9. Да се препорача избегнување на патување во земји кои се од висок и среден ризик, согласно листата од Светската здравствена организација.
  10. Државната изборна комисија да ги ослободи од понатамошно учество во изборниот процес вработените од јавните здравствени установи и да бидат заменети со други лица.
  11. Физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваа препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
  12. Да се воведе health locator карта за сите летови и сите авиокомпании, односно образец кој ќе го пополнуваат патниците со податоци за полесно контактирање доколку за тоа се укаже потреба.
  13. Да се забрани организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високо ризичните земји, како и од тие земји кон Република Северна Македонија.
  14. Да се зајакне присуството на волонтерите од Црвениот крст на Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за здравство, на сите гранични премини.
  15. Целосно да се почитуваат мерките за превенција од оваа болест, упатени од Министерството за здравство кои се однесуваат на засилени хигиенски мерки.
  16. Да се упати заклучок и препорака од страна на Владата на Република Северна Македонија до сите органи на државната управа и до едниците на локалната самоуправа за времен прекин од работни обврски (не одење на работно место и да останат во своите домови) за бремените жени и хроничните болни лица.
  17. Сите јавни претпријатија и приватни компании што вршат јавен превоз на патници да вршат редовна дезинфекција на превозните средства.
  18. Владата им препорачува на сите владини и државни институции, како и на јавните претпријатија да ги откажат сите патувања или да ги организираат предвидените состаноци преку интернет комуникацијата.
  19. Се задолжуваат сите владини и државни институции, како и јавните претпријатија да воведат мерки за заштита и за дезинфекција во сите државни институции на влезовите во институциите. Оваа мерка Владата им ја препорачува и на компаниите од реалниот сектор.

    Преземете ги мерките и заклучоците од 15-тата Седница на Владата тука.

Донесените мерки на 14-та Седница на Владата одржана на 6 март, 2020 година можете да ги прочитате на следниот линк.

Донесените мерки на 12-та Седница на Владата одржана на 28 февруари, 2020 година можете да ги прочитате на следниот линк.

Донесените мерки на 11-та Седница на Владата одржана на 25 февруари, 2020 година можете да ги прочитате на следниот линк.

Мерки и препораки на министерствата

 

 

Често поставувани прашања

Како и другите респираторни заболувања, инфекцијата со КОВИД-19 може да предизвика умерени симптоми вклучително: течење на носот, болки во грлото, кашлица и треска. Кај некои лица може да се јави потешка клиничка слика, односно може да дојде развој на пневмонија или тешкотии во дишењето.

Да, КОВИД-19 предизвикува респираторнo заболувањe и може да се пренесе од човек на човек, обично по близок контакт со заболен, на пример дома, на работно место или во здравствена установа.

Луѓето кои живеат или патуваат во област каде што циркулира КОВИД-19 може да бидат изложени на ризик од инфекција.

Треба да се направат дополнителни истражувања за да се дадат прецизни информации за тоа како КОВИД-19 влијае врз луѓето. Според достапните податоци, постарите лица и лицата со претходно постоечки заболувања (дијабет, срцеви заболувања и др.) имаат поголем ризик за развој на потешки симптоми.

Новиот коронавирус е респираторен вирус кој примарно се пренесува преку контакт со заболено лице, односно преку неговите респираторни секрети кои се распрскуваат во вид на ситни капки кога заразениот кашла и кива, преку плунка или течење од носот. Важно е сите да практикуваат добра лична хигиена. На пример, кога кивате или кашлате користете марамче за една употреба и веднаш фрлете го, а доколку немате марамче покријте ги устата и носот со раката свиткана во лактот. Исто така, многу е важно луѓето редовно и темелно да ги мијат рацете со сапун и вода или со дезинфициенси базирани на алкохол.

Сѐ уште не е познато колку долго преживува КОВИД-19 на површини, иако првичните информации сугерираат дека вирусот може да преживее неколку часа. Едноставни средства за дезинфекција можат да го уништат вирусот, со што веќе не е можно да зарази луѓе.

Според моментално достапните податоци, се смета дека е можно лицата заразени со КОВИД-19 да бидат заразни и пред да развијат симптоми на болест. Сепак, вирусот најчесто го шират лица кои имаат симптоми.
 

Поважни контакти

ИНФОРМАЦИИ И АДМИНИСТРАТИВНИ ПРАШАЊА
Институција Лице за контакт e-mail телефон
Елена Ристоска administrativniprasanjakorona@zdravstvo.gov.mk 076 445 967
МЗ Сања Саздовска administrativniprasanjakorona@zdravstvo.gov.mk 075 268 829
МТСП Мартина Иванова mivanova@mtsp.gov.mk 072 278 043
МТСП Ивона Кусакатска ikusakatska@mtsp.gov.mk 070 329 383
MO Драган Каруловски dragan.karulovski@mod.gov.mk 02 328 2539
MO Бесим Хасалари besim.hasalari@mod.gov.mk 02 328 2535
ME Александра Спасевска aleksandra.spasevska@economy.gov.mk 071 351 353
ME Бојана Јосифовска bojana.josifovska@economy.gov.mk 02 3093 452

Последни вести