Владини активности во рамки на одбележувањето на државниот празник 11-ти Октомври, Денот на Народното востание

По повод државниот празник 11-ти Октомври, Денот на Народното востание, предвидени се серија на владини активности. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска (10.10.2018) ќе има свое обраќање во рамки на заедничкото чествување на државниот празник на градовите Прилеп и Куманово, на манифестацијата којашто ќе започне во 19:00 часот пред Участакот во Прилеп. 

Покрај премиерот Заев, свои обраќања ќе имаат и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јовановски и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Во текот на утрешниот ден (11.10.2018), Владина делегација предводена од Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев во 08:30 часот во Прилеп ќе оддаде почит и ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на Методија Андонов - Ченто, Споменикот на Кузман Јосифовски Питу и на Могилата на непобедените.

Централната владина прослава ќе се одржи во дворот на Владата на РМ каде Владина делегација предводена од заменик претседателката на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска со почеток во 09:00 часот ќе оддадат почит и ќе положат свежо цвеќе на Споменикот на ослободителите на Скопје во дворот на Владата на Република Македонија во рамки на церемонијалното одбележување на кое ќе се обратат претставници на борците од НОБ и ЗПВРМ, Радмила Шекеринска.    

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев ќе ја предводи владината делегација којашто во 11:00 часот ќе оддаде почит и ќе положи свежо цвеќе на Спомен Костурницата во Куманово. Во рамки на овој настан Претседателот на Владата на Република Македонија, ќе има свое обраќање.