Премиерот Заев на средба со заедниците на Власите: Негување на посебностите и традициите на Власите е придонес кон концептот „Едно општество за сите“

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска прими делегација на заедниците на Власите во Република Македонија со претставници на Заедницата „Браќа Манаки“ од Битола, од Демократскиот Сојуз на Власите, како и други претставници на заедниците на Власите во нашата земја.

 

Параскева Петровска, долгогодишен новинар и уредник на Редакцијата на влашки јазик во МТВ, го запозна премиерот Заев со работата на редакцијата, и изрази очекување дека наскоро Собранието на Република Македонија ќе го усвои новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за да може, согласно новите предлози, програмата на влашки јазик да започне да се емитува со зголемен број на емисии и зајакнати капацитети на редакцијата, за да може да се исполни една од целите на оваа програма – чување и негување на влашката традиција, култура и јазик во Република Македонија.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев истакна дека и тој искрено се надева дека опозицијата ќе го откочи блокирањето на законот и дека, конечно, ќе се создадат услови за работа на една професионална и одговорна јавна радиодифузна компанија која треба да биде еден од главните афирматори и промотори на мултикултурниот концепт на нашата земја, и сервис за граѓаните од сите етнички заедници во Република Македонија.

 

Во име на Заедницата на Власите „Браќа Манаки“ од Битола, претседателот на оваа заедница Христо Чолаковски го информираше премиерот за активностите на оваа заедница во Битола, и информираше и побара решение за некои имотно-правни прашања на оваа заедница.

 

Во името на Демократскиот Сојуз на Власите, Никола Бабовски укажа на потребата од доследно спроведување на предвидените можности за спроведување на изучувањето на влашкиот јазик како изборен предмет таму каде што има интерес за тоа.

 

Премиерот Заев истакна дека целосно ги поддржува изразените очекувања на заедниците на Власите, и дека тоа е согласност за залагањата за негување на посебностите и традициите на етничките заедници во нашата земја согласно концептот „Едно општество за сите“.