Во акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ традиционално и годинава во општина Дојран учествуваше и гостинска делегација од општина Кукуш, Грција.

Гостите од соседството, Анастасиос Аманатидис и Панос Амиридис заедно со градоначалникот на општина Дојран Глигор Чабулев, и министерот за образование и наука Панче Кралев, засадија дрвца на Граничниот премин Дојран и на локалитетот кај Калдрмата во Нов Дојран.

- Денешната акција е повод да засадиме заедно дрвца на пријателство, но и можност да се зближуваме преку заедничките проекти кои се во подготовка, изјави градоначалникот на општина Дојран Глигор Чабулев.

- Задоволство ми е да се приклучам кон акцијата за пошумување, која започна пред неколку години низ цела Македонија, а со бројната масовност од страна на граѓаните целосно се оправдани заложбите за подобра еколошка и животна средина за сите нас, изјави Кралев при учеството во акцијата за пошумување во Дојран.

Министерот Кралев заедно со градоначалникот на општината Чабулев разговараше и за проектот за изградба на ново училиште во Стар Дојран, за кој веќе е завршена тендерската постапка, а со електронското јавно наддавање извршен е изборот на најповолната понуда и се очекува за десетина дена да започне изградбата на новата училишна зграда.

Тој прошета и низ новоизградената пешашка патека во Стар Дојран каде деновиве пред почетокот на акцијата за пошумување беше извршено садење на 500 дрвца од типот „туји“ и "хамаципарис", поставени во новоизградените 50 жардињери долж новата пешачка патека и централниот градски плоштад.

Годинава со акцијата ќе биде разеленет теренот од два хектари во шумско стопанската единица Карабалија, оддел 65 и 66, на локациите кај Калдрмата и на теренот на Граничниот премин Дојран со нови 10.000 садници на чемпрес, јасен, бор и багрем обезбедени од Шумското стопанство „Кожув“ од Гевгелија. 

 

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска учествува на 5.Седница на Мешовитиот Комитет на ЦЕФТА во Париз, со кој претседава Република Косово.

На седницата Сарачини ги презентираше напорите на Република Македонија во имплементацијата на ЦЕФТА, кои истовремено треба да го олеснат патот на земјата до пристапните преговори за членство во Европската унија.

Истакнувајќи дека идната година, во која претседавач ќе биде Република Албанија, за земјите на ЦЕФТА договорот ќе биде година на значителни предизвици на економски план, согласно обврските што произлегуваат од договорот, министерот ги претстави достигнувањата на Република Македонија во поглед на деловната клима.

- Тоа го покажавме со скорешното рангирање на Република Македонија од 34. на 22 место во Извешајот на Светска банка Доинг бизнис 2012, и високото трето место како топ реформатор, споредено со минатиот извештај, по преземените реформи за олеснување на процедурите за водење бизнис. Последниот извештај на Европската комисија е уште една потврда дека земјата успешно се справува со предизвиците кои ги носи моменталната економска ситуација во светот, рече Сарачини.

Потенцираше дека ЦЕФТА земјите се значаен трговски партнер за Република Македонија и вкупната размена во 2011 година е околу 28 проценти од вкупната трговска размена на Македонија со светот.

Република Македонија во септември 2011 година го ратификува Дополнителниот протокол за либерализација во земјоделството, а почна да се применува од ноември со Албанија и Хрватска.

Министерот истакна дека со Албанија се применува целосна либерализација, што значи се укинаа царинските стапки за 46 отсто од земјоделските производи и информираше оти останува да заврши ратификацијата со Република Молдова, за да може да се применува новата либерализација, која опфаќа дополително ослободување од царински стапки на 48 проценти од земјоделските производи. Со Република Хрватска е задржано постојното ниво на либерализација. Со останатите земји на ЦЕФТА веќе претходно постоеше целосна либерализација во земјоделството.

- Дополнителниот протокол има значаен придонес во однос на интензивирањето на натамошната трговска размена меѓу земјите. Во делот на трговијата со услугите, активностите на ЦЕФТА продолжуваат во насока на констатирање на потребата од подготовка на споредбен преглед на постојните бариери во услужните сектори на ЦЕФТА земјите, со цел согледување на потенцијалите за преговори. Приоритетите и активностите на ЦЕФТА, особено во делот на мониторинг рамката за елиминирање на нетарифните бариери, во значителна мерка влијаат кон исполнувањето на економските критериуми и регионалната соработка кои ги поставува како критериум ЕУ, рече Сарачини.

Министерот го потенцираше особено позитивниот аспект на Мултилатералната мониторинг рамка за елиминирање на нетарифните бариери, како проект кој во моментот го спроведува ОЕЦД, чија цел е воспоставување систем преку кој регуларно би се идентификувале нетарифните бариери.

Информираше дека Македонија веќе покренала иницијатива за склучување договори за слободна трговија со земјите од барцелонскиот процес - Египет, Тунис, Алжир, Јордан, Мароко, со цел вклучување на медитеранската кумулација во процесот на пан-европската кумулација на потекло на стоката. 

 

Република Македонија е целосно подготвена, направени се сите реформи согласно НАТО стандардите, вклучувајќи ги тука и мировните мисии и сме максимално подготвени за полноправно членство во Алијансата, потенцира министерот за одбрана Фатмир Бесими, одговарајќи на новинарско прашање какви се очеквуањата од претстојниот НАТО Самит што треба да се одржи во мај идната година во Чикаго, САД.

Тој истакна дека иако главна тема на Самитот ќе биде воведување на новиот концепт на „смарт дифенс“, членството во НАТО останува стратешки приоритет за Министерството за одбрана односно за Република Македонија.

На новинарско прашање дали има билатерални средби и индивидуални ветувања од земји - членки на НАТО за поддршка, Бесими повтори дека граѓаните на Република Македонија треба да бидат сигурни дека ќе се направат максимални ангажмани во сите аспекти, за да може Република Македонија на достоинствен начин да стане полноправна членка.

- Тоа што треба да се знае е дека тоа што е максимален напор од наша страна во овој период веќе се прави и ќе продолжи да се прави, изјави Бесими, денеска по засадувањето дрвца во кругот на МО. 

Министерот за одбрана Фатмир Бесими, заменик началникот на Генералштабот на АРМ Насер Сејдини и акредитирани воени аташеа во Република Македонија посадија садници во дворот на Министерството, со што се вклучија во 8. акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“.

Во есенската акција 200 припадници на АРМ низ седум региони во Република Македонија на 10 локации, информира министерот Бесими, денеска засадуваат дрвца, кои симболично значат градење на здрава животна средина за идните генерации.

- Есенската акција е под мотото „Да ја градиме нашата иднина“ односно поддршка за иднината на Република Македонија, а значи мир, стабилност и развој, изјави министерот за одбрана Фатмир Бесими. 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во рамки на есенската акција за пошумување „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“ пошумуваше кај месноста Присое во општина Кратово.

Оваа локација ќе се пошуми со 10 илјади садници. Министерот посочи дека Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и голем број институции, ја поддржале осмата акција за пошумување.

- Во есенската акција, според планираното, треба да се посадат околу шест милиони садници, со што уште еднаш ќе покажеме дека зачувувањето на природата и на шумите е еден од нашите приоритети, изјави Димовски.

Кампањата за пошумување, како што рече министерот, е потврда на фактот дека со секоја нова акција се зголемува и свеста на граѓаните за важноста на шумите и за нивното зачувување.

Мотото на есенската кампања за пошумување е „Испраќаме писмо на љубовта, почитта и пријателството - засади мир, пријателство и љубов“. 

 

Под мотото „Садиме денес-пишуваме и праќаме писмо на мирот“ денеска на 400 локации низ Македонија ќе бидат засадени 5,7 милиони садници во рамки на есенската акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“.

Во осмата акција дрвца ќе бидат засадени во близина на населените места, природните и вештачките езера, во националните паркови и покрај регионалните и локалните патишта.

Водечкиот настан на кампањата е „Писмото на љубовта, почитта и пријателството - засади мир, пријателство и љубов“.

Писмото, како што информира организацискиот одбор на акцијата, содржи недвосмислена и јасна порака дека преку засадувањето иднина со свои раце ќе кажеме дека засадуваме не само дрвца, туку и пријателство, добрососедство, толеранција и взаемна почит.

- Писмото е повик за масовно заедништво во кое преку чинот на лично учество во акцијата со свои раце, со едно срце, ќе засадиме иднина за нас и за светот. Писмото е силна порака дека не дозволуваме да бидеме обезимени и не би дозволиле таква неправда да биде нанесена никому, не само нам, објаснуваат организаторите.

Во знак на согласност со Писмото, граѓаните денеска ќе можат да се потпишат во тетратки кои по одржувањето на акцијата ќе бидат испратени до Обединетите нации и до Европската комисија.

За помасовно учество во акцијата Владата го прогласи денешниот ден за неработен, што ќе се одработи в сабота на 26 ноември.

Акцијата во неделата симболично ја почнаа премиерот Никола Груевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски со засадување дрвца во центарот на Скопје, завчера дрвца садеа амбасадорите на странските земји во Република Македонија и претставници на верските заедници. Во разеленувањето на државата вчера се вклучи и претседателот Ѓорге Иванов со садење садници во Градскиот парк во Велес.

Осмата акција за садење дрвца е во духот на прославата на светскиот настан наречен „Година на дрвото“ прогласена од Обединетите нациии.

Во изминатите седум акции засадени се 38 милиони стебла, а со оваа вкупно ќе бидат насадени околу 44 милиони садници.

Првата акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“ беше спроведена на 12 март 2008 година кога беа засадени два милиона дрва. 

 

Австриската компанија Текспорт во наредната година ќе инвестира еден милион евра во изградба на фабрика за производство на заштитна облека при работа. Инвеститорот конечната одлука ја објави денеска на Македонско-австрискиот бизнис форум што се одржа во Виена, а на кој беа присутни околу 150 компании заинтересирани за инвестирање во Македонија.

Фабриката, јави известувачот на МИА, ќе биде лоцирана во Виница, ќе вработува 200 лица, а се очекува да почне со производство на крајот на 2012 година. Сопственикот Отмар Шнајдер изјави дека земјиштето е купено и оти во текот на зимата ќе се подготвува реализацијата. Ова е трета инвестиција на австриска Текспорт во Македонија.

– Почнавме во 1999 година во Скопје со 60 луѓе, сега имаме 200 вработени, во Кочани има околу 200 и во новата инвестиција се очекуваат вработувања од 200 вработени, изјави Шнајдер.

Тој изрази задоволство од условите за работа и од работната сила која е квалификувана за производство на ваква висококвалитетна облека. Производството го пласира главно во Европа, како и во Јужна Америка и Саудиска Арабија.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, ова е доказ дека стратегијата на Владата за привлекување инвестиции дава резултати. - Овие форуми се користат за воспоставување иницијални контакти, за анимирање на компаниите во државите во кои доаѓаме и за завршување на преговорите или разговорите со компании кои имаат одлучено да инвестираат во Македонија, изјави Пешевски.

Тој потенцира дека новата инветиција била најавена во предизборието. Пешевски посочи дека владиниот тим имаше средби и со други компании во Виена и оти се надева дека вакви позитивни вести ќе има и во иднина.

Пред австриските стопанственици беа претставени потенцијалите за инвестирање, а како сектори во кои може да има соработка беа производство на автомобилски компоненети, енергетка, информатика, текстил, земјоделство...

Австрија е водечки инвеститор во Македонија со 370 милиони евра инвестиции од 2007 до 2010 година. Годинава приливот на инвестиции од Австрија изнесува 10 милиони евра. Присутни се во енергетскиот сервис, банкарскиот, осигирувањето, телекомуникациите... Постои голем интерес за влез во енергетскиот сектор, а како целни сектори каде се очекуваат инвестиции од Австрија се автомобилски компоненти, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, обновливи извори на енергија, градежништво и недвижности и туризмот и инфрастрктурата.

Инвестициските можности на земјата владиниот тим попладнево ќе ги претстави и пред бизнисмени во Германија.

 

С О О П Ш Т Е Н И Е 

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска во Минхен оствари средба со министерот за европски прашања на германската сојузна држава Баварија, г-ѓа Емилија Милер.

На средбата од страна на соговорниците беа истакнати добрите пријателски односи кои постојат помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија, како и односите на Република Македонија и сојузната германска држава Баварија на посебно ниво во рамките на општата македонско-германска соработка.

Соговорниците ја реафирмираа заложбата за понатамошно унапредување на соработката со акцент на развој и продлабочување на економските односи, трговската размена и инвестициите.

Бизнис форумот на македонски и германски компании кој ќе се одржи утре во Минхен е оценет како добра можност за воспоставување на сериозни контакти помеѓу стопанствениците од двете страни, и таквите настани ја имаат полната поддршка на политичките авторитети.

Премиерот Груевски ги акцентираше реформите и модернизацијата кои се спроведуваат во Република Македонија во насока на достигнување на стандардите за членство во Европската Унија и НАТО и унапредување на условите за економски раст и развој. Тој ја истакна големата улога, помошта и значајноста на поддршката која Германија ја дава на процесот на европски интеграции на Република Македонија.

Соговорниците разговараа и за повеќе конкретни форми на соработка на полето на евроинтеграциите кои се одвиваат помеѓу македонските и германските институции на полето на економијата, внатрешните работи, екологијата и локалната самоуправа, кои се одвиваат низ процес на консултации, и реализација на обуки, студии и проекти.

           

 

Премиерот Никола Груевски ја доби престижната награда за придонес кон економскиот развој на национално и регионално ниво на земјите членки на Виенскиот економски форум.

Наградата која се доделува на личности кои дале придоес за економска промоција на својата земја и на рeгионот преку успешно спроведени политики што ги одразуваат целите на Виенскиот економски форум, на премиерот Груевски му беше врачена вечерва во рамки на 8. Виенски економски форум на кој тој имаше и обраќање во завршната сесија.

Како што јави известувачот на МИА од Виена, Груевски посочил дека како врвен приориет на Репубика Македонија на политички и економски план останува визијата за заедничка сегашност и иднина во големото европско и евроатланско семејство, што ќе се постигне со членството во ЕУ и НАТО, што претставува голема придобивка за севкупниот просперитет на целиот регион и пошироко.

Пред присутните истакна дека владата е целосно посветена на зацртаните програмски активности со цел побрз економски развој на нашата земја. Посочувајќи на податокот дека од најголемиот дел од размената со странство 60 отсто е со земјите од ЕУ и 28 со земјите од Западен Балкан. Тоа покажува, рече тој, оти европскиот и региналниот балкански пазар се едни од најзначајните пазари во надворешно-трговската размена на земјата.

- Република Македонија во делот на макроекономските индикатори има стабилна макроекономска политика при што значително е зајакната финансиската регулатива. Една од важните макроекономски придобивки е ниската стапка на инфлација која во последната деценија во просек изнесуваше 2 отсто. Таа беше остварена благодарение на дисциплининарните макроекономски политики и одржувањето на фиксниот девизен курс на денарот со еврото. Дополнително, Република Македонија има избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит и низок јавен долг кој изнесува приближно 25 отсто од БДП. Во првата половина од 20111 година Македонија оствари просечен раст на БДП од 5,2 отсто, рече премиерот Груевски.

Тој додаде дека Македонија продолжува да биде земја со најлесна, најевтина и најбрза постапка за регистрирање, како и тоа дека се воведени ниски и рамни даноци од 10 отсто, дека етапно се намалуваат социјалните придонеси, се поедноставува бизнис регулативата.

- Порастот на БДП и странските директни инвестиции се резултат и потврда на сеопфатните реформи за подобрување на вкупната бизнис клима, рече премиерот и додаде дека врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Македонија како бизнис дестинација успеавме да привлечеме познати странски компании во ТИРЗ.

Во рамки на посетата на Австрија, премиерот Груевски вечерва ќе има средби во Федерацијата на австриската индустрија, а утре заедно со владната делегација ќе ги претстават можностите за инвестирање на Македонско-австрискиот бизнис форум. Најавена е и средба со претседателот на Стопанската комора на Австрија Кристоф Лајтл.

Владината делегација во Виена имаше повеќе средби со претставници на јапонски, американски и германски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија.

 

Македонија доби заем за финансирање на Буџетот за годинава и следната година од Дојче банка, Сити банка и Светска банка во износ од 130 милони евра од кои 100 милиони се гарантирани од страна на Светска банка.

Заемот, со основна каматна стапка од 4,25 проценти, која заедно со вклучените трошоци за еднократна провизија кон Светска банка од 0,5 отсто годишно и трошоците за еднократна провизија од 1,3 проценти кон Дојче банка и Сити банка во моментов изнесува 4,8 отсто, ќе биде отплатен еднократно пет години по денот на  повлекувањето на средствата.

Договорот за заем меѓу Република Македонија, Дојче банка, Сити банка и Светската банка и Договорот за гаранција заснована на политики меѓу Република Македонија и Светската банка беше официјализиран денеска во Министерството за финансии.

- Ова е далеку најдобрата финансиска понуда што можевме да ја добиеме. Со ниската каматна стапка и со поддршката што ја добивме со гаранцијата на Светска банка успеавме да заштедиме меѓу 25 и 30 милиони евра што во камати Република Македонија би морала да ги плати доколку немавме гаранција од Светска банка, рече вицепремиерот Ставрески по потпишувањето на договорите и додаде дека средствата наскоро ќе легнат на сметката на Република Македонија. 

Средствата, посочи, ќе помогнат да се подобри ликвидноста на Буџетот и да се исфинасираат бројните капитални проекти пред се, бидејќи, како што кажа, кај нив е најголемото зголемување на Буџетот за годинава и за идната година.

- Очекувам помал дел од средствата да бидат искористени до крајот на годинава, а повеќето да останат за првите неколку месеци од наредната година. Годинава се реализирани 75 проценти од капиталните инвестиции што е за околу 20 процентни поени повеќе од лани, појасни Ставрески.  

Сосотојбите во светската и европската економија и на пазарот на капитал се прилично сложени и во такви околности, истакна министерот за финансии, Република Македонија излезе на пазарот со цел да обезбеди средства за финансирање на Буџетот за оваа и следната година.

- Со поддршка од Светската банка успеавме да добиеме добра понуда и да ги обезбедиме средствата кои ние се потребини  со извонредни услови. Би сакал да се заблагодарам на Канцеларијата на Светска банка во Скопје и менаџментот на Светска банка во Вашингтон што ни ја понудија  оваа можност наместо буџетска поддршка во износ од 35 милиони долари Република Македонија да го искористи тој простор во функција на гаранција на наше задолжување кај реномирани светски банки, рече Ставрески.

Директорката на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Лилија Бурунчук истакна дека гаранцијата ги поддржува реформите кои ќе помогнат во намалувањето на идните ризици за стабилноста преку зајакнување на одржливоста во јавните финансии и отпорноста на финансискиот сектор.

- Гаранцијата заснована на политики се дава на земји кои имаат постигнато  успех на полето на макроекономската политика каква што е и Македонија. Тоа и управувањето со социоекономските реформи ја става Македонија во поповолна позиција во споредба со други земји од регионот, рече Бурунчук.  

Според неа, гаранцијата ја   поддржува и подобрената заштита на најранливите и и овозможува на Владата да позајмува во време на глобалните финансиски превирања под прифатливи услови и од различни финансиски извори.

Претставникот на Дојче банка и Сити банка Бен Добсон нагласи дека разговорите за заемот биле тврди и цврсти, но завршиле на добар начин за многу кратко време.

- Мислам дека ова е вториот заем што Светска банка го доделува врз оснва на договор за гаранција заснована на политики што е особено добро за Република Македонија. Сметам дека е голем успех за Македонија да се потпише ваков договор за заем во моменталните услови кои владеат на пазарите, рече Добсон.