Македонија од Европската комисија ќе добие 36,9 милиони евра неповратни средства за решавање на повеќе горливи прашања  од сите сфери на реформите неопходни за приближување до Европската унија.

Тоа го овозможува Спогодбата за финасирање на Националната програма за компоненетната помош во транзиција и институционална надградба во рамките на Инструментот за претпристапна помош - ИПА за 2010 година што денеска во Владата на Република Македонија ја потпишаа вицепремиерката за европски прашања и национален координатор за странска помош Теута Арифи и директорката во Директоратот за проширување на Европската комисија Александра Кас Грање.

- Со денешниот чин потврдуваме дека Република Македонија има полн капацитет да ги мобилизира средствата од претпристапните фондови и да ги направи достапни за широк опфат на институции и корисници, рече вицепремиерката Арифи по потпишувањето на Спогодбата.

Средствата, нагласи, во прв ред ќе се трошат за реформа на судството, ревитализација на објекти од културното наследство, поддршка  на граѓанското општество и на еднаквоста, борба против корупцијата, подобрување на јавните услуги,...

Заблагодарувајќи се на, како што  кажа, нашите пријатели од Европската комисија, Арифи рече дека и во иднина смета на нивната поддршка и соработка.

Директорката Кас Грање посочи дека финасиската Спогодба кореспондира со Програмата  на ИПА за 2010 година - Компонента 1, која е поврзано главно со техничка помош и градење на институции за да се помогне во исполнувањето на критериумите за пристап до ЕУ.

- Тука сме за да ви помогнеме на патот за исполнување на политичките услови за влез во Европската унија. Голем дел од средствата ќе се искористат за поддршка на судството, борбата против корупцијата, контролата на границите,... Ќе ви дадеме поддршка да ги исполните и економските критериуми и ќе ви помогнеме да влезете во проектите кои се поврзани со размена на знаења кои ќе помогнат граѓаните да се интегрират во ЕУ, рече Кас Грање.

Таа им се заблагодари на вицепремиерката Арифи и на сите експерти кои беа дел од програмата и нагласи оти тешката заддача допорва доаѓа, а тоа е имплементирањето на програмата.

Импелементацијата мора да се направи со децентрализациски режим што значи дека вие како земја ќе управувате со тие фондови. Сите средства мора да се искористат соодветно, истакна Кас Грање.

 

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски учеството на 27. Сесија на Министерската конференција на Франкофонијата што се одржува во Париз, ја оцени како можност за размена на ставови и мислења со 56-те земји членки на Франкофонијата, што всушност претставува повеќе од една третина од земјите членки на ОН.

- Конференцијата нуди одличен форум за размена на ставови и мислења по актуелни политички случувања поврзани со меѓународната политика, изјави Попоски за МИА.

Според него, ова е и одлична можност да се направи промоција на приоритетите на нашиот регион од аспект на валоризирање на човековите права, културната и јазичната разноликост во Југоисточна Европа и придонесот кој Организацијата на Франкофонијата може да го даде во овој правец преку афирмативен пристап за целиот регион.

На Конфернцијата, нагласи, беа опфатени и демократските процеси кои се одвиваат во арапскиот свет со резултатите од најновите избори и можната антиципација на следните чекори, како и ефектите на меѓународната сцена кои може да ги има демократскиот развој на овие општетства.

- За нас, секако ова е одлична можност да увидиме на можните развои од аспект на Република Македонија и импликациите кои тоа ќе ги има врз нашата позиција на меѓународно ниво, истакна Попоски.

Во тој правец, додаде, за поздравување е фактот што можеме да видиме успешен развој на демократски процеси во други средини, каде што и ние можеме да дадеме определен придонес. Целиот регион го гледа како можен чинител во трансферот на определени искуства во тој домен.

Министерската конференција, на која учествуваат надлежните министри за Франкофонијата, е одлична прилика и за билатерлани формални и неформални средби.

Министерот Попоски имаше повеќе билатерлани средби меѓу кои и со францускиот сенатор и поранешен премиер задолжен за Франкофонијата Жан-Пјер Рафаран. На средбите се разговарало за повеќе прашања. - Во еден дел беа поврзани со дискусиите кои ги имаме на Министерската конференција за демократските процеси во повеќе земји членки на Организацијата на Франкофонијата, појасни Попоски.

Оцени дека членството во Франкофонијата за Македонија значи додадена вредност.

- Сметам дека ние имаме определена додадена вредност со самиот факт што негуваме едно мултиетничко општетство, каде што разноликостте ни се додадена вредност. Од тој аспект, изучувањето на секој странски јазик, за секој граѓанин на Република Македонија претставува додадена вредност. Од аспект на Франкофонијата, извесно е дека пред повеќе децении Францускиот јазик бил повеќе афирмиран во нашата земја. Денес Англискиот ја има земено доминанатната улога, што е логично во нашето модерно општество. Но не треба да се занемарува познавањето на дополнителен јазик, мислам дека во тој правец треба да ја гледаме можноста за афирмативни акции за промоција на други европски јазици, вклучително и Францускиот, рече Попоски. 

Шефот на македонската дипломатија, смета дека во Македонија постои простор за подобрување во овој правец. - Сметам дека повеќе можеме да направиме за афирмацијата која ги нуди Организацијата на Франкофонијата, особено во делот на образовната соработка и можностите кои се пружаат за наши студенти за студирање на франкофонски универзитети, посебно во делот на техничките, но и на социјалните науки, нагласи Попоски.

 

Вклучување на Ромите во образовниот систем, зголемување на степенот на нивното образование и вклучување во активните политики за вработување со докфалификации и преквалификации се начините на кои тие можат да станат поконкурентни на пазарот на трудот и да имаат подобар пристап до работни места.

Таквите мерки, смета министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, се решение за надминување на проблемот со вработувањето на Ромите и за подобрување на нивниот живот, заради што, како што вели, во земјава се спроведуваат како дел од повеќе проекти во рамки на „Декадата на Ромите“.

- Владата преку Министерството за образование и наука како дел од активностите поврзани со „Декадата на Ромите“ секоја година доделува стипендии за средношколци Роми, а досега се доделени 650. Министерството за труд и социјална политика спроведува проект за условени парични трансфери кои ги добиваат децата на семејства во социјален ризик кои редовно посетуваат настава во средните училишта. Морам да бидам искрен дека над 90 проценти од тие корисници се Роми. Со тоа ќе се придонесе во нивниот континуиран развој и образование, за да можат потоа да се запишат и на факултет и да бидат поконкурентни на пазарот, изјави министерот Ристовски кој ја отвори меѓународната конференција за вработување „Пристојна работа за Ромите“ организирана во рамките на претседателствувањето со „Декадата на Ромите“ на Република Македонија.

Ние како министерство и Владата воопшто, рече Ристовски, сме фокусирани на фактот дека правилниот и вистински образовен систем и образовната надградба на Ромите може да продонесе до нивна конкурентност на пазарот на трудот и оти тоа е единствената формула за успех.

Тој апелира во наредниот период Ромите да ги прифатат можностите што им ги нуди Владата за да може да си го подобрат животот и да го решат проблемот со вработувањето.

Министерот без ресор Неждет Мустафа информира дека во изминатите три години стотина Роми се вработени во јавната администрација. Во наредниот период планирани се вработувања на уште седумдесетина Роми, со што, како што вели, ќе се исполни процентот на правична застапеност во јавната администрација согласно Рамковниот договор.

Целта на денешната конференција е да се разменат искуствата на земјите членки на Декадата во областа на зголемување на вработеноста на ромската популација и најдобрите практитки во земјите кои не се членки на Декадата, како и да се анализираат резултатите што се постигнати од досегашните мерки и активности.

С О О П Ш Т Е Н И Е

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, во придружба на заменик претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставрески, денеска (четврток, 1 декември 2011 година) во Токио оствари средба со претседателот на Јапонската агенција за меѓународна соработка, г-ѓа Садако Огата.

На средбата се изрази задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји кои ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање, при што се нагласи дека постои огромен, неискористен потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, а особено во економската сфера. Премиерот Груевски изрази благодарност за досегашната техничка помош доделена преку програмите на Јапонската агенција за меѓународна соработка, кои во Република Македонија се имплементираат повеќе од десет години, а меѓу кои неизбежно се истакнуваат проектите за подобрување на медицинската опрема и изградбата на хидро-системот „Злетовица“.

Воедно, премиерот Груевски изрази задоволство и од новите проекти за 2012 и 2013 година, како што е проектот за подобро менаџирање со отпад, обуките за промоција на туризмот и грант во областа на културата за поддршка на Охридското културно лето, при што нагласи дека сè уште постои простор за зголемување на меѓусебната соработка. Притоа беше пренесена подготвеноста на македонската страна за натамошни меѓусебни консултации за согледување на можностите за започнување нови инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за ублажување на климатските промени и заштита на животната средина, преку искористување на поволните услови за финансирање од страна на Јапонската официјална развојна програма за кои Република Македонија ги исполнува квалификационите услови. Во тој контекст, премиерот Груевски ја информираше г-ѓа Огата дека македонската страна е подготвена да предложи два проекти, и тоа проект за модернизација на ТЕЦ Битола кој има за цел намалување на емисиите на штетни гасови во воздухот согласно ЕУ стандардите, како и проект за модернизација и доизградба на колекторскиот систем околу Охридското Езеро кој има за цел подобрување на еколошката заштита на охридскиот езерски регион.

Вкупната вредност на двата проекти се проценува дека изнесува нешто над 100 милиони евра и во следниот период ќе следуваат консултации за утврдување конкретни чекори за нивна операционализација. На средбата премиерот Груевски ја информираше г-ѓа Огата и за останатите детали од точките кои што претходниот ден се разговараа со јапонскиот премиер Нода, како и за организирањето на двата бизнис-форуми, во Токио и Осака, на кои се презентираат поволностите и компаративните предности кои што ги нуди македонската економија и можноста јапонските бизнисмени да ја искористат Република Македонија како порта за водење на нивниот бизнис во европски рамки.

Владината делегација попладнето замина за Осака, каде што утре, на последниот ден од посетата, во соработка со Јапонската надворешна трговска организација ќе се организира и вториот бизнис форум пред јапонските инвеститори.

ДВ: Господине Груевски, каде го гледате проблемот – интересирање очигледно има – за поголемо присуство и позабрзано влегување на странски капитал со „гринфилд“ инвестиции во Македонија?

Груевски: Па ние практично последните месеци имаме позасилено доаѓање на странски компании во Македонија - околу десетина крупни, глобални компании веќе не само што објавија, туку и започнаа да градат свои фабрики во Македонија. Претходно две години светската економска криза беше една од причините за нивно намалено доаѓање. Само што почна од јануари наваму да олабавува ситуацијата на глобалниот пазар, веднаш добивме резултат од нашите напори, кои не застанаа дури ни за време на таа светска економска криза во 2009 и 2010 година, кога исто така вршевме презентации, вршевме реформи внатре во земјата, создававме подобри услови за бизнис. Светската банка го препозна тоа, го презентираше и само што дојде периодот кога почна да попушта светската економска криза, почнаа да доаѓаат и резултатите од сите наши напори претходно.

Она што во иднина не’ плаши, што може повторно малку да ги забави инвеститорите во нивните намери да вложуваат, или пак да го забави нашиот пораст, е должничката криза во Европа

Не од аспект дека ние имаме преголем долг, бидејќи ние имаме релативно низок долг од 26,3 проценти, туку од аспект на тоа дека самата Европа се наоѓа во потешкотии. Тоа е еден од ризиците, како во минатото, така и во иднина. Други крупни проблеми нема, затоа што компаниите гледаат бизнис интерес таму, каде што има добри услови за правење бизнис. Се надевам дека наредната година Европа нема да влезе во рецесија, иако е јасно дека ќе има помал пораст отколку во оваа година. Но, очекувањата се дека како континент сепак нема да влезе во рецесија, особено не Германија, која е моторна сила на економијата во Европа - што значи дека можеме да се надеваме дека во годината што претстои сепак ќе имаме инвестиции, сепак ќе имаме одење напред и дека ќе има резултат од сите овие посети што ги направивме.

ДВ: Колку ги оценувате шансите, колку е реално германски фирми позасилено да се појават во Македонија?

Груевски: Ние во претходните денови и во Виена, и во Минхен, и тука во Диселдорф водевме поединечни, многу конкретни разговори со група од компании, дури и со одредени рокови, така што очекувањата ми се релативно високи, барем за таа група компании кои подолг период вршат истражувања на пазарот и сега веќе имаме конкретни разговори околу тоа, која локација би ја избрале, под кои услови би влегле и така натаму. Можам да кажам дека сега имав можност да сретнам најмалку 5-6 такви компании, да разговарам со нив околу многу детали за нивно влегување – и од тој аспект сум оптимист дека во текот на наредната година дел од нив ќе дојдат во Македонија и ќе почнат да градат фабрики.

ДВ: Претпоставувам дека станува збор за мали и средни претпријатија, веројатно и интересот е токму кај такви, бидејќи и сугестиите од германска страна беа во тој сегмент да се бараат партнерите за Македонија.

Груевски: Јас толку не сум оптоварен дали некоја компанија е голема или мала – гледам колку работни места ќе отвори. За мене е ирелевантно дали таа компанија е голема или мала. Наша задача, како влада, е да обезбедиме да дојдат колку што е можно повеќе компании и да отворат колку што е можно повеќе работни места. Ако е голема – уште поубаво, ако е големо име, тоа ќе придонесе за имиџот на земјата. Меѓутоа, ако не е голема, а отвори 1.000 или 1.500 работни места, тоа се 1500 семејства во Република Македонија, кои во овој момент немаат заработувачка, кои примаат социјална помош, кои се на работ на егзистенција. Тоа е нашата цел, тоа е нашата мисија.

ДВ: Зборуваме исклучиво за економски параметри. Дали можеби поради политичките проблеми странските инвеститори се воздржани, со оглед на тоа дека Македонија се‘ уште е надвор од ЕУ и НАТО – или воопшто немате впечаток дека тоа сега, во оваа фаза, се појавува како проблем за странско инвестирање?

Груевски: Влезот во НАТО и ЕУ сигурно ќе ни помогне во иднина, меѓутоа во овие разговори што ги имав ниту еден не го постави тоа како некаков проблем.

Извор: Дојче Веле

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски

 

Понудивме силни аргументи зошто Македонија треба што поскоро да биде дел од ЕУ. Почнувањето на процесот на преговори за членство ќе помогне на целиот регион, бидејќи ќе испрати позитивен сигнал за неговата евроинтеграција, изјави за МИА министерот за надворешни работи Никола Попоски кој денеска учествуваше на конференцијата организирана од фондацијата „Пријатели на Европа и Конард Аденауер“.

Сметаме дека аргументите кои ги нуди Македонија во овие кризни моменти, како од аспект на одговорно менаџирање на макроекономските параметри, така и со константниот придонес кој го дава за задржување на стабилноста во регионот, нашата држава заслужува час поскоро да почне преговори со ЕУ. Се надевам дека нашиот јужен сосед ќе препознае можност за конструктивност и промоција на европскиот дух на соработка во регионот, рече Попоски.

На конференцијата панелистите упатија прашање и за очекувањата од Хашката пресуда, на што македонскиот министер Попоски одговори дека Македонија како одговорна членка на Обединетите Нации ќе ја почитува судската одлука и меѓународното право.

Попоски објасни дека тужбата против Грција е покрената со цел да се обезбеди правната сигурност која постоеше до април 2008 година, кога Грција направи грубо кршење на една одредба од Временската спогодба.

 Македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими денеска во Подгорица, во рамки на неговата дводневна официјална посета, оствари средба со црногорскиот колега Боро Вучиниќ, на која разговараа за прашања од заеднички интерес од областа на одбраната и евроатланските интеграции на двете земји.

Регионалните иницијативи биле во фокусот на разговорите бидејќи заедничка била констатацијата дека регионалната соработка е најдобар пат до остварување на целите за евроатлански интеграции. На средбата е разговарано и за натамошно заедничкото искористување на расположливите ресурси.

- Имаме желба нашите пријатели од Македонија да ги надминат проблемите кои ги имаат со својот јужен сосед и да се создадат услови земјата што поскоро да стане полноправен член на НАТО и ЕУ, а во тој поглед ја имаат поддршката од Црна Гора, изјави црногорскиот министер за одбрана на заедничката прес-конференција, по средбата со министерот Бесими.

Министерот Вучиниќ изрази благодарност за школувањето на кадети од Црна Гора на Воената академија во Република Македонија, додека пак министерот Бесими изрази задоволство од обуката на тројца македонски пилоти во воздухопловната база во Црна Гора.

Како што јави известувачот на МИА од Подгорица, најавени се и можности за обуки од аспект на скијање, нуркање и други активности кои се согласно билатералната соработка.

- Евроатланските интеграции се една од најдобрите алтернативи за земјите од регионот, односно членството во НАТО и ЕУ се можност и гаранција за стабилен и долгорочен мир во регионот и можност за негов развој, повеќе инвестиции и отворање работни места, истакна македонскиот министер за одбрана. Тој нагласи дека биле разгледани и нови иницијативи согласно концептот „смарт дефенсе“ (паметна одбрана) на НАТО односно како и на кој начин подобро да се искористат расположливите ресурси. Една од идеите на овој концепт е во текот на следната недела да се одржи средба на министрите за одбрана на групата А5 во Драч, Албанија, каде ќе се предложи иницијатива за еден заеднички пристап во набавките и користење на капацитетите во одбраната меѓу земјите во регионот.

За време на посетата, министерот за одбрана Бесими се сретна и со претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, на која исто така е разговарано за евроатланските интеграции, кои позитивно ќе влијаат врз економските аспекти, како и за значењето на билатералната соработка, не само во однос на Македонија и Црна Гора, туку и од аспект на регионот.

Македонија во последните 10 години постигна многу од аспект на реформите, но остануваат уште многу предизвици особено на политички и економски план, порачаа високите европски претставници на денешната конференција „Подобрување на економскиот потенцијал, идентификување на идните извори на раст“.

- Земјата се уште не го исполнува критериумот на функционална пазарна економија што ќе може да се носи со конкурентниот притисок и пазарните сили во ЕУ. И по 20 години стапката на невработеност е висока, сивата економија учествува со речиси 20 отсто во БДП, недоволно развиен е финансискиот сектор, странските директни инвестиции се на ниско ниво без јасни знаци на нивно постојано зголемување, нема совпаѓање на образованието со барањето на пазарот на труд, рече Александра Кас Грање од Директоратот за проширување на ЕК.

Сепак, додаде, макроекономската политика мудро се води, а фискалната е ориентирана кон стабилност.

Македонската Влада, како што нагласи вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, сите забелешки на Европската комисија ги зема предвид максимално сериозно и добронамерно гледа на нив.

- Неспорно е дека има потреба од натамошни чекори, но уште понеспорно е дека продолжуваме посветено да работиме на реформите. Убедени сме дека Македонија во брзо време целосно ќе ги исполни економските критериуми и дека ќе има забрзан економски раст, рече Пешевски.

Во ова време на криза, Македонија, напомена, за разлика од голем број држави во ЕУ, ја задржа својата макроекономска стабилност и направи многу реформи кои можеби не беа во целост признаени од ЕК, но голем број меѓународни и други финансиски институции ги потврдија резултатите.

- Навистина мислам дека нема простор да се критикува позицијата на Македонија кога во цела Југоисточна Европа имаме највисок економски раст. Исто така, за време на кризата немаше драстично зголемување на невработеноста, во годините пред кризата настана најголемото историско намалување, од 38 на 32 отсто. Она што го гледам од пракса во соработката со странските инвеститори, во голем број населени места од каде реално се пријавени голем број невработени, компаниите не доаѓаат толку лесно до нив. Се чини дека не постои толку силен интерес за наоѓање работа или веројатно тие луѓе работат некаде, но тоа е нешто на кое дополнително треба да работиме за да ни се разјасни, посочи вицепремиерот.

За другите критики што ги изнесе Грање во излагањето, Пешевски рече дека се извадени од Извештајот на Европската комисија со поголем акцент на негативните и политичките аспекти.

- Филозофијата на формирањето на ЕУ е економска обединетост. Би сакал да се задржиме на тие критериуми. Тука Македонија неоспорно има направено големи чекори во изминатуиот период иако има простор за подобрување и ние напорно работиме на тоа, нагласи Пешевски.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со „роад шоуто“ за презентирање на Македонија како атрактивна бизнис дестинација, Пешевски рече дека резултатите од овој проект се гледаат преку бројот на компаниите што ќе дојдат да инвестираат во земјата.

- Не можеме да прецизираме дали пет, 10 или 50 компании ќе дојдат, но настојуваме нивото на СДИ да го зголемиме. Генерално, политиката за подобрување на деловната клима е насочена кон сите вложувачи, не само кон странските. Се уште домашните инвеститори се многу позначителни од странските. Ако го погледнете вкупното, бруто ниво на инвестиции во првата половина од оваа година, тоа изнесува една милијарда евра што е историски највисоко од кој било претходен период, потенцира вицепремиерот и потсети дека во 2006 бруто инвестициите за цела година биле колку сегашните за шест месеци.

Според него, кога се промовира една држава надвор, се настојува тоа да биде максимално ефективно. - Пресметките покажуваат дека вкупното зголемено ниво на инвестиции многу пати ги надминува трошоците за промоција на Македонија во странство што значи дека исклучително умно се потрошени овие пари, рече Пешевски.

Тој го искористи учеството на конференцијата за да упати апел до Европскиот совет на својот следен состанок во Брисел да го отвори патот кон заокружување на македонскиот интеграциски процес и да донесе одлука за премин на земјава во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

- Со донесувањето таква одлука ЕУ уште еднаш формално ќе ја потврди искреноста на својата посветеност и заложба за целосна интеграција на Република Македонија во европското семејство, нагласи вицепремиерот Пешевски.

Отворањето на преговорите за членство ќе претставува заслужена награда за неуморната дведецениска економска и социјална трансформација. Воедно, напомена, ќе овозможи со силна мотивација да продолжи посветената работа за подобрување на социо-економскиот развој.

Потретседателот на Владата за европски прашања Теута Арифи во обраќањето на конференцијата подвлече дека процесот на проширување е клучен за развој на економијата, а оттука и за напредок на земјата. За мала, отворена економија како македонската, развојот на регионот има големо значење. Тоа, од своја страна, ќе овозможи заокружување на европскиот пазар.

- Членството во Унијата ќе овозможи поголем пазар, поголема конкуренција, повеќе странски инвестиции и повеќе врабптувања, рече Арифи, додавајќи дека оваа Влада продолжува да ги креира економските политики преку директна соработка и консултации со бизнис заедницата.

Македонското евроинтегрирање уште еднаш доби поддршка од Полска. - Вашата земја оди по вистинскиот пат, се соочува со предизвиците, но треба да продолжи со реформите, истакна Богуслав Винид, подсекретар во полското МНР.

Директоратот за проширување на ЕК од политичките слабости како посебно критични ги посочи реформите во јавната администрација, судството и слободата на медиумите. Силна демократија со стабилни институции и функционална пазарна економија се основата на Копенхашките критериуми што мора да ги задоволува секоја земја членка на ЕУ.

Пред повеќе претставници на мали и средни претпријатија денеска во Стопанската комора на Македонија во организација на Амбасадата на Холандија беа презентирани неколку холандски програми за поддршка на овој вид бизниси.

Како што истакна холандската амбасадорка Мариет Шурман не станува збор за нови програми туку за програми кои веќе постојат подолго време, но целта е дополнително да се информираат македонските компании за можностите за користење на холандска помош и условите кои треба да ги исполнат. Холандската Влада, посочи, нуди четири програми за помош на МСП - Посредништво во пронаоѓање партнери во Холандија за трговија и инвестиции, обезбедување експертиза од холандски компании за македонски компании, како и заеднички инвестициски програми и планови на холандски и македонски фирми.

- Има ограничувања во сите програми, но тие лимити се уште не се постигнати од страна на македонските компании. Програмата која најмногу се користи дозволува до 40 компании годишно да користат холандска експертиза. Македонски компании кои досега најмногу користеле ваква помош се од областа на туризам, земјоделство, производство на храна и текстил, рече амбасадорот Шурман.

За секој проект, подвлече, посебно се одобруваат различни средства, но максималниот износ кој што една компанија може да го добие како грант е 750 илјади евра, а пример е компанијата Стилкон, неодамна отворена во Куманово.

Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека Република Македонија има добри политички и економски односи со Кралството Холандија и го подвлече тоа што оваа и минатата година Холандија е прва во однос на инвестициите во Македонија.

- Како Министерство за економија секогаш ги поддржуваме ваквите настани, особено тоа што им се дава дирекна можност на нашите компании за аплицирање за средства и фондови со кои ќе можат да го развијат нивниот бизнис, рече министерот Сарачини.

Боб Смит, извршниот директор на Холандско-македонската комора која е во тек на основање, а вклучува 50 македонски фирми кои веќе имаат силни врски со холандски компании или намера за учество на холандскиот пазар, изјави дека повеќе холандски фирми соработуваат со текстилната индустрија во Македонија, а  очекува добра соработка и во секторот за вино.

- Најголем проблем е непознавање на условите од страна на холандските фирми за можностите во Македонија. Во земјоделскиот сектор Холандија има огромно знаење во однос на производство, опрема и друго  и таму гледам најголем потенцијал. Од друга страна Холандија е најголем трговец на земјоделски продукти и во иднина е можна сорботка и во таа област, но потребна е напорна работа, рече Смит одговарајќи на новинарско прашање за можноста за зголемување на билатералната економска соработка.

 

Понудата од високообразован кадар не се совпаѓа со потребите на работодавачите. Има струки што изумираат, а се уште се студираат на факултетите, како и професии од кои пазарот на труд е презаситен и дипломираните чекаат повеќе години за работа.

Тоа го покажала анализата што министествата за труд и социјална политика и за образование и наука ја направиле врз основа на бројот и профилот на невработени лица, регистрирани во Агенцијата за вработување. Целта на истражувањето на МТСП и МОН била да ги открие дефицитарните и суфицитарните занимања и според тие податоци  универзитетите да ги приспособат квотите за упис на студиските програми.

Ресорните министри Спиро Ристевски и Панче Кралев на прес-конференција истакнаа дека анализата е препорака за зголемување на квотите за упис за дефицитарни, односно намалување, мирување или целосно укинување на студиски програми што се суфицитарни на пазарот.

Според анализата, треба да се укине студиската програма за јавна администрација и за професор по општонародна одбрана и заштита. Со ова звање има околу 600 невработени, а на пазарот реално има потреба за еден до двајца.

Суфицитарни студиски програми за кои треба да бидат намалени квотите за запишување студенти се посочени: сообраќаен инженер за патен сообраќај, бизнис-администрација, професори по македонски јазик, филозофија, физичко воспитување, криминалист, правник, историчари и историчари на уметноста, географи, етнолози, неколку економски насоки, инженери по шумарство и по геологија, менаџер по туризам, хемичари.

Препорачано е во сукцесивно мирување да бидат ставени студиските програми: социјален работник, професор за предучилишно образование, воспитувач, учител, професори по македонски јазик и литература, историја, компаративна книжевност и за одделенска настава по македонски и по албански јазик.

Од друга страна, пак, има побарувачка за струки кои се дифицитарни на пазарот. За нив е препорачано да се поттикне интересот и да се зголемат квотите за упис на факултетите. Тиа се, главно, од техничките и од медицинските науки: градежен инженер, програмер, фармацевт, очен лекар, геодетски инженер, компјутерски инженер, професори за математика во основно и средно, економист Е-бизнис и ветеринар.

Министерот за образование и наука Кралев соопшти дека анализата ќе биде испратена до јавните универзитети во Македонија.

- Идејата е таа да биде земена предвид кога ќе се формираат квотите. Препораката до универзитетите е уште од сега да се размислува за реформирање и на измена, за да се генерираат студиски програми кои ќе одговараат на потребите на работодавачите. Целта на анлизата е да им помогне и на учениците полесно да најдат работа. Вакви анализи треба да се прават континуирано и од самите универзитети, рече Кралев.

Министерот за труд и социјала Спиро Ристевски посочи дека анализата е препорака, а не наредба до универзитетите зашто тие се независни.

- Нашата сугестија е дека врз основа на оваа анализа евидентно е дека неколку илјади граѓани чекаат, односно дека младите луѓе треба да се концентрираат на струки со кои сигурно ќе имаат работно место.  Нашиот фокус е повеќе на правилно насочување на  младите луѓе, односно на тие што треба да најдат работа, отколку на десетина професори кои предаваат предмети што треба да се преадаптираат, рече Ристевски. Тој додаде дека бројот на невработени се намалува и со преквалификација и доквалификација, но дека суштината на оваа анализа е превенирањето - младите навреме и правилно професионално да се ориентираат. 

Податоците за невработени, нивното образование и времето на чекање работа, од кои е составена анализата, се собирани во периодот јануари - септември 2011.