Прес

Шеесет и еден проект од областа на креативните индустрии ќе добијат финансиска поддршка од Министерството за култура. Тие се избрани на четвртиот конкурс на кој аплицирале 114 проекти. Триесет од прифатените се на физички лица, 31 на граѓански здруженија и други правни субјекти. Со нив вкупно 211 проекти добиле поддршка од почетокот на објавувањето на конкурсите во 2013 година. 

Меѓу поддржаните се проектите дигитална керамика, апликации на кирилица на дизајнерски производи, прва модна колекција со 3д печатење, прв македонски бренд на покуќнина (Мираз), Фестивал на фигури од овошје и зеленчук, неколку проекти на здруженијата на граѓани наменети за лица со посебни потреби.... Избрани се од комисија во состав Митко Хаџи-Пуља, Роберт Јанкуловски, Андреј Бартлинг, Гордана Вренцоска и Беким Мемети. 

Резултатите од четвртиот конкурс на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која рече дека целта на конкурсите (кои произлегуваат од Националната стратегија за развој на културата 2013-2017) е да се поттикнат младите луѓе да го развиваат креативниот потенцијал и да создаваат инвентивни и квалитетни производи од кои ќе создадат бренд и ќе имаат финансиски бенефит.

- Овие проекти имаат естетска, оригинална, практична и применлива вредност; евидентна креативност и иновативност и одржливост на пазарот и навлегуваат во подрачјето на визуелните уметности: графички дизајн, мултимедијален дизајн, индустриски дизајн, дизајн на производ и моден дизајн, како и манифестации, фестивали и конференции и форуми од областа на креативните индустрии. Конкурсите ни овозможија да идентификуваме, но и да дефинираме препознатливи брендови на македонската култура и уметност, кои имаат за цел да ја вбројат нашата држава во редот на европските земји кои го препознаваат креативниот потенцијал како свое национално обележје, истакна Канческа-Милевска. 

За претходните три конкурси Министерството намени вкупно 15,5 милиони денари, а за обединување на креативците и место каде тие ќе ги претстават своите производи  го помогна и отворањето на Центарот за дизајн и иновации - Јавна соба. Таму на 6 февруари ќе биде отворена изложба на субвенционираните проекти. На конкурсот е поддржан и проект на овој центар - оваа година ќе биде отворена детска работилница, како и работилница во која дизајнерите ќе ги развиваат своите прототипови. 

Членовите на комисијата се задоволни од одѕивот на учесниците на конкурсот и сметаат дека со проектите веќе се формира сцената на креативни индустрии во Македонија. Апелираа до заинтересираните учесници на идните конкурси да внимаваат на пополнувањето на апликациите. 

Митко Хаџи-Пуља рече дека конкурсите треба да се објавуваат и натаму зашто имаат генеративна улога и се значајни на три интерактивни нивоа - економско, културно и образовно. Предложи во другите градови да се отвoрат павилјони - постојани изложбени и продажни места на производите на креативните индустрии кои ќе имаат и едукативна функција

Авиокомпанијата Чех ерлајнс ќе ја обнови редовната авионска линија Скопје – Прага од 20 мај годинава, со три лета неделно. Билетот во еден правец чини 5.039 денари (85 евра), а повратен 9.725 денари (159 евра) со вклучени такси.

Воспоставувањето на редовната линија Скопје- Прага го потврдија денеска на прес-конференција Јан Тот, директор за комерција, врски и маркетинг во Чех ерлајнс и генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски, во присуство на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Летови од Скопје кон Прага, како што најави Тот, ќе има во понеделник, среда и во петок, со тргнување во 4 часот наутро и пристигнување на аеродромот „Вацлав Хавел“ во 6 часот и 10 минути. Од Прага за Скопје, пак, летовите ќе се реализираат во вторник, четврток и во недела навечер во 22:25 минути, со пристигнување на „Александар Велики“ 25 минути по полноќ.

Од 20 мај ќе има летови за Прага во понеделник и во петок, а од Прага за Скопје во четврток и во недела. Од 13 јуни односно од 14 јуни се воведува и третиот лет,  полетувања за Прага во среда и за Скопје од вторник.

Според Тот, оптимистички се првичните резултати од продажбата на билетите за летовите Скопје – Прага што стартуваше од декември. – Интересот за релацијата меѓу двата града, како и за летовите за конекција од Прага првенствено до Германија и Скандинавија е веќе потврден, рече Тот кој очекува директната врска Прага – Скопје да придонесе за натамошен развој на деловните односи меѓу двете земји и да биде привлечна за туристите.

Министерот Мисајловски истакна дека воведувањето на линијата е резултат на барањето од граѓаните и оти Прага беше една од најпосакуваните дестинации. – Одлуката за нова линија која се надевам дека ќе ги исполни нашите и очекувањата на граѓаните доаѓа во време кога авиосообраќајот во Македонија бележи најдобри резултати од кога било благодарение на мерките што континуирано ги спроведуваме, рече Мисајловски, дополнувајќи дека отворањето на македонскиот пазар и воведувањето нови линии се приоритет во авиосообраќајот.

Нашата упорност, посочи Мисајловски, резултираше со нови 20-ина линии до европските дестинации со многу поволни цени и достапност на билетите. Од напролет, потсети министерот за транспорт, освен кон Прага, ќе бидат воведени уште три нови линии, кон Братислава, Копенхаген и Берлин.

Генералниот директор на ТАВ Македонија појасни дека редот на летање е направен да одговара на македонските деловни и туристички патници кои патуваат во Чешка. Двете целни групи ќе може да го планираат престојот така што ќе имаат време од два полни дена со една ноќ или еден продолжен викенд.

Чех ерлајнс ја опслужуваше линијата Скопје – Прага од 2005 до март 2012 година, кога операциите беа прекинати поради преструктуирање на компанијата.

Повторното летање за Прага, како што рече Крстевски, ќе овозможи поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија.

– Очекуваме поголем прилив на чешки туристи, како и зголемување на карго превозот, наведе Крстевски, укажувајќи дека пристигнувањето на патниците на новите летови од Скопје кон Прага е координирано со поаѓањето на многу летови на Чех ерлајнс со што патниците од Скопје ќе можат да го продолжат патувањето до повеќе традиционални дестинации како што се Амстердам, Брисел, Франкфурт, Дизелдорф и Париз и градови во Скандинавијата.

Очекувањата на ресорното Министерство и на концесионерот со македонските аеродроми ТАВ Македонија се дека повторното воспоставување на линијата Скопје-Прага ќе придонесе за натамошен раст на бројот на патници и операции. Како што информираа Мисајловски и Крстевски,  минатата година за 22 проценти  е зголемен вкупниот број патници на аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, односно нивниот број достигна 1.560.381. Бројот на воздухопловните операции, пак, е зголемен за 11 проценти и изнесува 11.510.

Со средства во висина од 44 милиони денари во наредниот период преку комбинирани мерки за обука и субвенционирано вработување ќе се вработуваат лица од социјално ранливите категории, долгорочно невработени, постари лица над 50 години, како и млади до 29 години.

Како што појасни на денешната прес-конференција заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов преку комбинирање на овие две мерки годинава треба да се вработат 333 невработени лица.

- Предвидена е субвенција за обука од 6.200 денари месечно по лице во период од три месеци, како и субвенција за плата за лицата кои ќе бидат обучени во износ од 19 илјади денари месечно во период од шест месеци. Вкупно средства кои може да ги искористи една компанија за да вработи невработено лице преку овие мерки за обука и субвенционирано вработување изнесува 132 илјади денари, информира Спасов.

Додаде дека како и за сите мерки, и за оваа мерка предвидени се средства за вработување на млади до 29 години. Така околу 30 проценти од средствата се планирани за вработување на млади лица преку овие две комбинирани мерки и да се постигнат околку 100 вработувања.

Овие мерки се спроведуваат од 2013 година и досега преку нив се вработени 660 лица.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски појсни дека комбинацијата на овие две мерки е направена поради тоа што било увидено дека  така се постигнуваат подобри резултати отколку спроведување на двете мерки поединечно.

- Ова е можност за сите оние кои немаат некои квалификации, познавање или некое занимање, во период од три месеци пред се да створат работно искуство или знаење, а потоа да добијат субвенционирано вработување во траење од шест месеци. Работодавачот потоа има обврска лицето да го задржи на работа уште 12 месеци, истакна Поповски.

Појасни дека во моментов се повикани компаниите да се отворат и работодавачите да поднесат барање за вработување, а паралелно се мотивираат и невработените лица да аплицираат на мерката за да може да се направи соодветно поврзување меѓу работодавачите и невработените лица. Пријавувањето е отворено до исполнување на предвидената бројка за вработување на невработените лица. 

Почна спроведувањето на проектот на Министерството за здравство, кој ќе овозможи поголема грижа за лицата болни од малигни заболувања односно дисперзирано давање терапија на тие пациенти во нивното место на живеење или многу поблиску до нивното место на живеење, што ќе значи нивно растеретување од дополнителни трошоци, а ќе се овозможи и растеретување на Клиниката за онкологија во Скопје од зголемена фреквенција на пациенти.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција на која го образложи проектот, рече дека врз основа на темелна анализа на различните аспекти на лекувањето со кои се соочуваат лицата со малигни заболувања увиделе дека потешкотии им создава централизираното давање терапија како таблетарно, така и хемотерапија, односно фактот што за терапијата и контролата сите пациенти мораат да дојдат во Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Според него, тоа создава дополнителен товар особено за пациентите од другите градови кои трошат финансиски средства, време, отсуствуваат од работа, патуваат до Скопје, ангажираат уште еден придружник бидејќи тоа се лица кои често се и во тешка здравствена состојба и тоа го прават секој месец или некои од нив на секои три месеци.

- Токму со цел да ги олесниме овие процедури за пациентите во соработка со Клиниката за онкологија воведовме комплетно нов концепт на дисперзирана администрација односно дисперзирано давање терапија на онколошките пациенти. Идејата е да ја доближиме оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење на пациентите и да ги растовариме од дополнителни трошоци за патување до Скопје и од дополнителни физички потешкотии имајќи предвид дека станува збор за лица во потешка здравствена состојба, рече Тодоров. 

Посочи дека дисперзирано давање терапија почна во Клиничката болница во Тетово, каде во текот на декември и досега се извршени две посети и дадена е терапија на 40 пациенти и тоа не само на пациенти од тој град туку и на пациенти од Гостивар.

Од 15 јануари, нагласи, почнува дисперзираната терапија во Општа болница Кичево и планирано е да бидат опфатени околу 20 пациенти.

- Истиот ден ќе се направи уште една посета и на Клиничка болница Тетово, и предвидено е вкупно да опфатиме околу 40 пациенти (во двата града). Од 22 јануари ќе почнеме и во Општа болница Велес и во Општата болница во Гевгелија, каде е предвидено да опфатиме по околу 20 пациенти, потенцира Тодоров.

Дополнително, укажа министерот, до крајот на февруари со ваква активност ќе започнеме и во Општата болница Охрид, каде што ќе гравитираат и пациентите од Струга, Клиничка болница Битола, каде што ќе гравитираат пациентите и од Прилеп, Крушево, Ресен и Демир Хисар и Клиничка болница во Штип со регионот, а до крајот на март и во останатите болници каде што ќе има соодветни услови.

- Дисперзирањето на терапијата за малигни заболувања е една глобална тенденција и ваков концепт е развиен во Велика Британија, Германија. Дисперзираното давање терапија ќе го спроведеме во две фази, и тоа во првата фаза која ќе ја отпочнеме веднаш, ќе биде опфатена хормонска и антихормонска терапија (таблетарна, интрамускулна и субкутана терапија), односно околу 1.000 пациенти на годишно ниво ја примаат оваа терапија на Клиниката и тие немаа да имаат потреба да доаѓаат во Скопје за да ја добијат терапијата, истакна Тодоров. 

Секој од нив, посочи министерот, има најмалку четири пати во текот на годината треба да дојде на Клиниката во Скопје за да ја прими оваа терапија.

- Сто и дваесет од овие 1.000 пациенти треба да ја примат оваа терапија најмалку 18 пати во текот на годината. Ова значи дека над 7.000 посети помалку ќе има на Клиниката за онкологија по комплетното воведување на дисперзирано давање терапија на онколошките пациенти. Исто така, освен хормонска и антихормонска терапија, во првата фаза ќе се аплицира и бисфосфонатна терапија наменета за сите пациенти со коскени метастази од било кое потекло и таргетирана терапија за пациентите со карцином на дојка и карцином на желудник, рече Тодоров.

Нагласи дека за таа цел, веќе е во подготовка електронско решение, односно софтвер за распоредување на терапијата за секоја болница. Во секоја од болниците кои ги споменав, информира Тодоров, ќе има наменето по една просторија како работна станица за администрација на терапија, а прегледите ќе ги врши стручен медицински кадар – онколог (или уролог за пациентите со карцином на простата).

- Од септември, тоа е втората фаза на проектот, планираме да го доусовршиме овој концепт и да овозможиме дисперзирање и на хемотерапијата, односно на еднодневните хемотераписки режими. Идејата е тие да бидат подготвени на Клиниката за онкологија, со претходна он-лине потврда (во рамки на софтверот) за адекватни резултати од биохемиските анализи на пациентите. На овој начин, месечно би се давале над 200, можеби и 500 хемотерапии додека подолгите хемотераписки протоколи и понатаму ќе се аплицираат на Клиниката, истакна Тодоров.

Појасни дека во изминатиот период биле фокусирани на олеснување на овој дел од лекувањето на лицата со малигни заболувања. До 2013 година, истакна, сите пациенти мораа еднаш месечно да доаѓаат на контрола на Клиниката, а од 2013 година за дел од пациентите овозможивме да доаѓаат со упат на 3 месеци.

- Исто така, на Клиниката за онкологија во завршна фаза е формирањето и адаптирањето на Кабинет за централна гравиметриска подготовка на хемотерапија (во кој покрај подготовка на хемотерапија, ќе се врши и тотална парентерална прехрана и подготовка на раствори за кардиоплегија – наменети за кардиохирургија). Дисперзирањето на терапијата и доближувањето на оваа услуга до пациентите е уште една мерка во насока на унапредување на третманот и лекувањето на пациентите со малигни заболувања во Република Македонија, додаде Тодоров.

Сите невработени лица кои имаат бизнис идеја до крајот на јануари можат да аплицираат за грант за самовработување преку отворање сопствен мал бизнис. За реализација на оваа мерка за самовработување годинава се предвидени средства од 207 милиони денари, со кои треба да се отворат 920 мали бизниси и да се остварат околу 1.000 вработувања.

Годинава има одредено зголемување на висината на грантот и тој може да се движи од од 201 до 349 во зависност од тоа колку е бизнисот одржлив и иновативен, дали има план за развој на сопствената команија. Може да се финансира и дополнително вработување со грант од 92 илјади денари.

- Мерката за самовработување преку грант се реализира од 2007 година и е една од најуспешните мерки за вработување кои ги реализира Владата на РМ. Досега преку мерката се основани над 7.700 компании. За годинава се планира основање и создавање нови 920 компании или отворање на 1.000 нови вработувања. Средствата во висина од 207 милиони денари се наменети за основање на компаниите и за набавка на опрема и репроматеријали, истакна на денешната прес-конференција дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој појасни дека грантот опфаќа обука за претприемништво набавка на опрема и репроматеријали и советодавна поддршка за правање на одржлив бизнис план. 

- Околу 30 проценти од грантовите се планирани за бизнис идеи на млади лица до 29 години, односно околу 300 мали компании да основаат овие лица. Тоа значи дека 64 милиони денари се наменети за поддршка на младите невработени лица кои имаат бизнис идеја и сакаат да ја реализираат, рече Спасов. 

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВМР) Влатко Поповски информира дека над 73 проценти од малити бизниси кои се на ваков начин финансирани до 2014 година се активни. Над 85 проценти од учесниците кои формирале фирма, како што рече, иако некои од нив затвориле фирма, се вработени на друго работно место.

Поповски појасни дека сите заинтересирани барањата можат да ги поднесат до сите центри за вработување во Република Македонија, и да се информираат за условите и на веб страницата www.samovrabotuvanje.mk

Вкупно 19 милиони евра е инвестицијата на италијанската градежна компанија „Кондоте“ која гради четири мали хидроелектрани во Македонија.

Како што рече денеска на прес-конференција министерот за економија Беким Незири, електраната на Ештеричка река, над Пробиштип, е готова и ќе стартува со работа зимава, додека останатите три, две на Зрновска река во Кочанско и една на Кадина река во Скопско, се во различни фази од градба.

- Инвестицијата на „Кондоте“ ангажира многу локални компании што придонесе за развој на регионалната економија, но посебно радува фактот што иако компанијата влегува со само 19 милиони евра, претставува потенцијален инвеститор кој ќе продолжи да вложува во Македонија, истакна Незири.

Претседателот и сопственик на „Кондоте“ Дучо Асталди изрази задоволство од соработката со македонските надлежни институции и партнерот „ИМПГ“ ДОО Скопје.

- Особено сме задоволни од рамката што ја изготви македонската Влада за странските инвеститори, нагласи Асталди, додавајќи дека „Кондоте“ е заинтересирана за натамошни инвестиции во земјава.

Италијанската градежна компанија е една од водечките во светот, а на македонскиот пазар влезе во 2013 година. Има традиција од преку 130 години и гради инфраструктурни проекти на сите континенти, остварувајќи годишен обрт од 1,2 милијарди евра.

Како што рече министерот Незири, одговорајќи на новинарски прашања, со менаџерскиот тим на „Кондоте“ се разговара и за евентуално влегување на компанијата во реализација на проектите „Чебрен“ и „Галиште“, како и на патниот правец Скопје – Блаце.

Италијанската „Кондоте“ добива од државата т.н. фидинг-тарифи, како и останатите 64 концесионери во Македонија. Целта е, подвлече министерот Незири, производство на струја од обновливи извори и Македонија на среден рок да добие електрична енергија поевтина од сегашната.

На прашањето дали се размислува за евентуални измени на Законот за енергетика кои би овозможиле граѓаните кои произведуваат електрична енергија за сопствени потреби и да ја продаваат, Незири рече дека се прават анализи и не е исклучена таква можност. 

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и тим лидерот од Германското друштво за меѓународна соработка во Македонија (ГИЗ) Бенџамин Мор денеска потпишаа Меморандум за соработка за техничка поддршка во врска со Програмата за одржлив и инклузивен регионален економски развој во Република Македонија.

Владата, Министерството за локална самоуправа, ГИЗ, Швајцарската агенција за развој и соработка за реализација на Програмата за одржлив и инклузивен регионален економски развој обезбедија над 950 илјади евра. 

- Овие средства се планирани за реализација на активности во текот на 2016 година кои ќе придонесат за значително намалување на диспаритетите во и меѓу осумте плански региони во Македонија, со што ќе се овозможат подобри можности за живот на сите граѓани во сите региони од државата, истакна Пешевски. 

Програмата, како што рече, ќе се фокусира на три области. Во првата област се опафтени активности кои се поврзани со развивање и пуштање во функција на софтверско ИТ решение за координација при планирање на политиките, буџетирање и спроведување на програмите за рамномерен регионален развој. 

- Втората област на која ќе биде фокусирана оваа програма е подобрување на транспарентноста на Регионалните совети и зголемување на учеството на граѓаните и бизнисите во планирањето и донесувањето на одлуки на регионално ниво, нагласи вицепремиерот Пешевски. 

Со имплементацијата на активностите од втората компонента, како што рече, очекуваме поголема вклученост на бизнис заедницата, универзитетите и граѓаните во креирање и спроведување на политиките за реионален развој, што ќе придонесе за нови иновативни решенија и проекти, како и за зголемена транспарентност на работата на Регионалните совети. 

Со реализација на активностите од третата компонента на Програмата ќе се придонесе за зголемување на капацитетите на Центрите за развој на планските региони и нивните регионални партнери во врска со изготвување на конкретни проекти од поголем обем за специфични области, за добивање грантови или други видови на поддршка од различни извори на финансирање. 

Вицепремиерот Пешевски потсети дека изминатите две години преку реализација на Програмата за реагионален економски развој, во соработка со ГИЗ беа изработени 38 технички проекти во сите плански региони, за чија изработка беа наменети над 500 илјади евра, а чија изведба би чинела над 70 милони евра. 

- Владата континуирано ги зголемува директните средства кои се наменети за оваа програма и средствата во 2016, споредено со 2014 година се зголемени речиси за пет пати, односно од 1 милион евра на 5 милиони евра за 2016, рече Пешевски. Потсети дека од 2009 година, од кога се спроведува оваа програма, поддржани се над 420 проекти од сите осум плански региони. 

Бенџамин Мор смета дека изминатите години Македонија направи добар напредок во основање на структурите и процесите што , како што рече, придонесе до намалување на регионалните нерамномерности во државата. 

Заменикот-министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов потенцира дека досега се реализирани над 400 проекти за регионален развој, во вредност од 10 милиони евра.

- Годинава, политиката на рамномерен регионален развој добива на значење и преку зголемувањето на буџетската поддршка. Во буџетот на Република Македонија за 2016-та се обезбедени дупло поголеми средства или 300 милиони денари. Согласно законот, 70 отсто или 210 милиони се за проекти од регионално значење, рече Пренџов. 

Тој информира дека осумте плански региони за искористување на овие средства во текот на декември поднеле 35 проекти. Најмногу, Пелагонискиот со 8, а Полошкиот со два проекти. Според степенот на развиеност, и годинава за најмалку развиениот, Североисточниот плански регион се определени најмногу средства, 36 милиони и 330 илјади денари, а за најразвиениот, Скопскиот 15 милиони и 120 илјади денари. 

На настанот присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, градоначалници, претседатели на плански региони и раководители на Центрите за развој на планските региони. 

Министерството за образование и наука првпат ќе додели 30 стипендии за Роми запишани на редовни додипломски студии во академската 2015/2016 година на јавните и приватните универзитети. Во конкурсот, кој е објавен на веб-страницата stipendii.mon.gov.mk, се наведени условите кои кандидатите треба да ги исполнат, а рокот за аплицирање е до 11 февруари 2016.

Стипендиите се во месечен износ од 5.000 денари и ќе се доделуваат девет месеци. Десет од нив ќе им бидат доделени на Роми запишани во прва година на студии, а 20 стипендии се наменети за редовни студенти Роми кои се запишани во втора и во повисоките години на студирање.

Со тоа МОН го заокружува стипендирањето на припадници на ромската етничка заедница во сите степени на образование, откако се покажале позитивни резултатите од стипендирањето на средношколци Роми во изминатите неколку години, зашто се зголеми нивната вклученост во средното образование.

- Министерството за образование и наука во соработка со Ромскиот едукативен фонд во изминатите неколку години се заложија за изградба на систем за целосно стипендирање на образованието на учениците од ромската националност, што подразбира тие да добиваат стипендии за време на средното образование, но и по неговото завршување, односно продолжување на некоја од високообразовните установи во Македонија. Целта е преку финансиско стимулирање да им се помогне на младите Роми да стекнат што е можно повисок степен на образование и со тоа многу пoлесно да се интегрираат во општеството,  рече денеска на прес-конференција заменик-министерот Спиро Ристовски. 

Предност при изборот ќе имаат Ромите кои студираат на факултети што продуцираат наставен кадар затоа што тој е дефицитарен во образованието на ромски јазик. Наставници Роми сега се вклучени во редовните основни училиштa само во реализација на изборниот предмет Ромsки јазик и култура и нивниот број е 11, а само двајца професори во средно образование се од ромска националност.

Реџеп Али Чупи, директор на Управата за образование на заедниците, посочи дека новата стимулативна мерка е предвидена во Националата стратегија за Роми и во Акцискиот план за образование чија цел е поддршка на студирањето на судентите Роми. 

- Оваа година почнуваме со 30 стипендии за кои е обезбеден буџет од МОН. Во иднина е предвидено овој број да се зголемува. Преку Програмата за стипендирање на средношколци Роми, секоја година околу 40 проценти од вкупниот број завршени средношколци продолжуваат со нивното образование, односно се запишуваат и студираат на некој од факултетите во земјава. Тие преку овој конкурс ќе имаат можност да продолжат да бидат стипендирани и во текот на нивното високо образование, рече Чупи. 

Стипендирањето на средношколци Роми МОН го почна пред неколку години и досега стипендии им се доделени на околу 4.000 Роми во средно образование, односно по околу 600 во година. Со таа мерка вклученоста на Ромите во средно образование се зголемила за 60 проценти. Исто така, во последните години се поголем број Роми по матурата продолжуваат на факултет. Како што посочи Чупи, во 1997 година, на факултет годишно се запишувале четворица до пет Роми, а сега по околу 300 Роми се вклучуваат во високото образование.

Предлог-законот за слободни здравствени зони, како концепт за привлекување странски капитал кој предвидува воведување нови здравствени методи и постапки, трансфер на нова технологија во насока на подигнување на квалитетот на здравствена заштита во земјата  е усвоен на Владина седница и е влезен во собраниска процедура, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој потенцира дека концептот на законот, кој веќе беше презентиран во јавноста, е проширен во делот на банско климатското лекување, а се вклучени и сугестии и предлози изнесени во рамки на неговата презентација како бизнис модел и можност за инвестирање за време на посетите во здравствени установи во повеќе земји како САД, Данска, Германија, Шпанија, Франција и други, со цел да се овозможат што е можно поповолни услови за странските инвеститори.

- Значаен сегмент во слободните здравствени зони покрај сегментот за изградба на болници е еден нов сегмент, а тоа е можноста инвеститорите да пружаат услуги на база на комплементарна и алтернативна медицина и што е особено значајно банско климатско лекување со сместување и физикална медицина и рехабилитација. Инвеститорот во зоната може да склучи договор со ФЗОМ само во овој случај на банско климатско лекување со сместување и овозможување на физикална медицина и рехабилитација. Исто така, предвидено е во законот да може да се склучуват договори со Министерството за труд и социјална политика во рамки на нивните програми за банско климатско лекување, посочи Тодоров.

Значајно е, нагласи, што корисникот на зоната има обврска да воведе посебни програми за банско климатско лекување со сместување, физикална медицина и рехабилитација, особено за деца или за болни од церебрална парализа и цистична фиброза.

- Ова се сегменти кои не се доволно развиени во делот на физикалната медицина и рехабилитација и затоа воведуваме обврска оној што како инвеститор ќе се јави во одредена здравстена зона да гради објект за банско климатско лекување со сместување, физикална медицина и рехабилитација да мора да предвиди минимум најмалку еден од овие три сегменти и тоа физикална рехабилитација за деца, за болни од церебрална парализа или за болни од цистична фиброза, појасни Тодоров.

Во однос на даночните  ослободувања во делот на банско климатското лекување важат даночните ослободувања за персонален данок на добивка под истите услови како и инвеститорите кои ќе основаат здравствена зона, односно болници, додека во делот на медицинска опрема и материјал за градење овие инвеститори ќе бидат ослободени од данок на додадена вредност и царина.

Според законските одредби, министерот за здравство потенцира дека кај банско климатското лекување право да ги користат услугите имаат и македонските и странски државјани, а доколку корисникот на зоната склучи договор со ФЗОМ тогаш пациентите-македонски државјани ќе можат да ги користат овие услуги со упат за банско климатско лекување како продолжено болничко лекување.

Услугите во болниците во зоните, пак, можат да ги користат странски државјани, а македонските или државјани на сите соседни држави може да ги користат со тоа што ќе ги плаќаат услугите со лични средства по цени коишто се до 30 отсто повисоки од највисоките цени на здравствените услуги на приватните здравствени установи во Македонија.

- Оваа одредба ја ставивме со цел да не направиме сериозно нарушување на пазарот на Македонија, имајќи предвид дека има болници коишто инвестирале без определени даночни олеснувања  и тоа во сите региони од државата. Доколку нема вакви ограничувања, во тој случај новите инвеститори ќе ги ставиме во далеку поповолна положба од постојните инвеститори што е спротивно на европската легислатива, нагласи Тодоров.

Тој додаде дека е предвидено од цената која што е зголемена за 30 проценти 50 проценти од вкупниот износ да биде државна давачка, за на тој начин, како што вели, практично да се плати оној дел од данокот од  којшто се ослободени како резултат на градба на болницата. На овој начин, нагласи, се поттикнува развојот на здравствен туризам.

- Тоа е целиот концепт којшто сакаме да го развиеме, а тоа е да поттикнеме здравствен туризам во Македонија и во делот на болниците, а особено во банско климатското лекување. Во овој дел имам големи надежи и очекувања затоа што Македонија има голем и добар потенцијал за банско климатско лекување којшто донекаде е искористен, но има можности за сериозно подобро искористување. И во тој сегмент планираме да имаме најмалку една посебна зона само за банско климатско лекување каде тоа го овозможуваат природните ресурси, рече министерот за здравство.

Тодоров потенцира дека овој концепт на слободни здравствени зони веќе се применува во Дубаи, во Турција и во Јужна Кореа. Станува збор за нов концепт кој што е во зародиш, а којшто се етаблира исклучиво во  развиени здравствени системи.

- Очекуваме со имплементацијата на овој концепт и отворањето на слободните здравствени зони во Македонија ќе овозможиме сериозно високо ниво на квалитет на здравствените услуги, во смисла на примена на нови  операции и интервенции кои  досега не се извршувале во земјава, имајќи предвид дека болниците кои што ќе дојдат во земјава треба да ги исполнат највисоките светски стандарди со што очекуваме да дојдат едни од најдобрите и врвни болници од САД и Европа, рече Тодоров.

Иновативни проекти ќе спроведуваат десет „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија со грантови до 30 илјади евра од Фондот за иновации и технолошки развој, а седум фирми ќе ги комерцијализираат своите иновации со грантови до 100 илјади евра.

Добитниците на грантовите за 17-те избрани проекти на вториот повик на Фондот денеска потпишаа договори со директорката на оваа институција Јасмина Поповска, во присуство на премиерот Никола Груевски.

За избраните проекти со инструментот за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „стар-ап“ и „спин-оф“ се обезбедени  вкупно 277 илјади евра. Ќе ги користат претпријатијата „Максолушн нет“, Мобидониа“,  „Таг тајминг“, „Модулар Арт“, „Фабула Табула“, ДПТУ „Вортекс медио“, Алиментос, „Ајс Технолоџи Наташа“, „Интеркатив Гејминг“ и „Гардиан истеми“. Седум од проектите се од ИТ секторот, два од областа дизајн и уметност, а еден од технологии применети за спорт.

За останатите седум проекти избрани со инструментот кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации се обезбедени 600 илјади евра. Избрани фирми со овој инструмент се: „Металотехника“, „Иновејшн“, „Акрон“, „Био инжинеринг“, „Геосонд“, „Фарма биоаква“ и „Ни текна“. Два од проектите се од ИТ областа, а по еден од производство на неметални минерални производи и на мебел и по еден од инжинерство, градежништво и земјоделство.

На вториот повик на Фондот беа доставени 95 апликации за иновативни проекти, број што според премиерот Груевски е добар показател дека полека но сигурно се раздвижува базата на креативни умови, храбри поединци и групи, млади компании и перспективни претприемачи.

Груевски ги охрабри сите кои имаат свои планови во иднина во делот на иновациите и претпримеништвото да ги следат наредните огласи преку Фондот за иновации и технолошки развој.

- Владата на РМ и понатаму ќе ги следи и поддржува ваквите проекти. За 2016 година имаме испланирано 2 милиони 650 илјади евра со кои е планирано да се поддржат 25 стар-ап и спин-оф претпријатија, десет проекти за комерцијализација на иновации, два проекти за трансфер на технологии и еден деловно-технолошки акцелератор. Заклучно со 2017 година за инструментите преку Фондот за иновации имаме предвидено 10 милиони евра за поддршка, рече Груевски.

Според премиерот, актуелната Влада одлучила сериозно да ја промени атмосферата од минатото кога, како што рече, мноштво иновативни идеи згаснале или пак биле преселени во други држави кои многу порано тргнале по вистинскиот пат за поддршка на иновациите. Преземените бројни мерки, кампањи и конкретни проекти за поттикнување на претприемништвото и иновативниот дух биле со цел да се разбуди креативниот дух кај младите, да се промени начинот на размислување и да се искористи максимално знаењето, искуството, вештините и идеите. По формирањето на Фондот за иновации и технолошки развој и објавениот прв повик за финансирање новоосновани микро, мали  и средни претпријатија  во јуни годинава беа потпишани првите договори за финансирање проекти на 16 компании.

Директорката на Фондот Јасмина Поповска истакна дека преку јавните повици што годинава првпат ги организира Фондот се поддржани 33 претпријатија за развој на иновативни проекти. На останатите кои аплицираа, но не добија средства им порача да не се обесхрабруваат, да веруваат во своите идеи и да се пријават на следните повици.

- Фондот како нова институција се труди да се прилагоди на целната група односно претпријатијата  и да им помогнеме, да бидеме флексибилни во таа насока и да сме што потранспарентни  во активностите што ги спроведуваме и следната година да вложим еуште повеќе напори со позасилена динамика да поддржиме што повеќе иновативни бизниси, рече Поповска.

Со вториот повик Фондот доделуваше вкупно 1,3 милиони евра, но 400.000 евра наменети за кофинансирани грантови за трансфер на технологии нема да бидат распределени. Најголемиот дел од проектите што биле доставени за тој инструмент, според Фондот, не го исполнувале условот за секторски пристап.