Прес

Голем број нови апарати се набавени и донесени на Клиниката за токсикологија, а најголем дел од нив се ставени во функција. Станува збор за опрема во вредност од 11,5 милиони денари (околу 180 илјади евра).

Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети Клиниката каде се сретна со менаџментот на таа јавна здравствена установа.

- Оваа клиника во голема мерка функционира како Интернистички ургентен центар, постојано се справува со зголемен број на пациенти. Од година во година се зголемува бројот на пациентите, а и структурата на пациентите е различна. Од тој аспект одлучивме да инвестираме во нова опрема, делумно замена на постојната опрема која ја имале, делумно набавка на иста опрема, но во поголема количина, на пример поголем број монитори, а делумно и опрема која претходно воопшто ја немале, изјави Тодоров.

Посочи дека очекува сериозно да се подобри квалитетот на работа на Клиниката и да се олесни работата и на докторите и на целиот здравствен персонал, како и да се подобрат условите за пациентите во таа јавна здравствена установа. Набавката на нова централна мониторинг станица, потенцира, е нешто што го немало тука, имало монитори, но во форма на централна мониторинг станица немало и не функционирало такво нешто во оваа Клиника.

- Тоа многу ќе помогне во работата на Клиниката имајќи предвид дека досега овој Интернистички ургентен центар функционирал само со четири монитори, а сега се набавени дополнителни 14. Исто така, набавени се и нови ЕКГ апарати, нови дефибрилатори, нешто што сериозно ќе помогне да се подобри работата на оваа Клиника. Очекуваме уште еден дел од оваа опрема да пристигне во наредните денови со што комплетно ќе се заокружи целата оваа набавка на опрема за Клиниката за токсикологија, рече Тодоров. 

Посочи дека на средбата со менаџментот на Клиниката разговарале и за потребата од кадар. Оваа Клиника, како и во поголем број здравствени установи, истакна, има постојано потреба од нов кадар и од доктори, сестри и од болничари.

- Иако јас откога сум министер досега имаме вработено во здравството околу 5.000 здравствени работници и соработници, сепак се уште има потреба од нови вработувања во здравството. Ова е еден процес кој никогаш не треба да сопре. Впрочем, тоа било и најголемата грешка што е направена во минатото, еден кадровски егзодус со кој се оставија голем број на болници без потребниот персонал, особено без доктори и сестри. И со 5.000 вработувања во овој период не се затвори таа дупка која беше креирана како резултат на долго време невработувања во здравството, рече Тодоров.

Според него, здравството е област во која не смее да се импровизира особено во делот на кадарот и грешките кои се направени во минатото се рефлектираат и чувствуваат и од тој аспект имаат обврска постојано да инвестираат во човечките потенцијали во здравството. - Опремата е многу значајна, зградите исто така, но она што го прави здравството силно се доволниот број посветени здравствени работници без кои не може да се замисли нормално функционирање на здравствениот сектор, додаде Тодоров.

Економскиот директор на Клиниката за токсикологија, Никола Ташев се заблагодари на Министерството за здравство за добиената опрема со која, како што рече, ќе го зголемат квалитетот и условите за работа.

Доктор Лидија Петковска истакна дека новата опрема најмногу ќе помогне во следењето на пациентите кои се сместени во интензивна нега, како и во работата во амбулантскиот дел - мониторирање на тежок пациент, користење на пулсоксиметрите, новите ЕКГ апарати, нов дефибрилатор, со што ќе им се олесни амбулантското работење и работењето во хоспиталниот дел.

 

Не е пристојно ниту соодветно кога Премиер или Претседател од соседна земја директно се меша во внатрешни работи. Особено не во период по демократски спроведени избори и пред формирање на влада, бидејќи се испраќаат погрешни сигнали во регионот, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски во однос на прашањето за мешањето на Тирана и Приштина во внатрешните работи на Македонија.

- Секако дека е опасен овој пристап во место со мултикултурна традиција. Многу е далеку од практиката на добрососедството. Доколку сите сме согласни дека иднината ни е во Европа, тогаш борбата е да обезбедиме стабилност, мир, правда и економски просперитет за сите граѓани. Секогаш сме биле крајно коректни во соработката со соседите. Најдобро ќе биде и тие да ни се придружат по тој пат, наместо да се поставуваат мини кои носат ризик за сите, подвлекува Попоски. 

Нови 20 десктоп компјутери, два ТВ уреда и два печатача, како и опрема за безжичен интернет и пакет услуги од Македонски Телеком доби читалната во реновираниот блок „Б“ на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Опремата во вредност од над 900.000 денари е донација од Македонски Телеком.

На претставувањето на новата дигитална читална присуствуваа заменикот министер за образование и наука Спиро Ристовски и директорот на стратегија и корпоративни комуиникации во Македонски Телеком Климентина Тунтева Кржаловска.

Спиро Ристовски изрази задоволство што една од најголемите компании во Македонија одлучи да донира опрема за потребите на студентите, кои се нашите идни генерации и на кои тоа најмногу им е потребно.

- Со оваа донација Македонски Телеком покажува дека е исклучително сериозна, општествено одговорна компанија и верувам ваквиот позитивен пример и другите компании од бизнис заедницата ќе го следат и ќе помогнат во делот на општествено одговорно спроведување на активностите кои значат подобрување на стандардите на функционалноста и секојдневието на студентите, рече Ристовски.

Посочи дека Министерството за образование и наука ќе продолжи со реализирање  на голем број активности за подобрување на целокупната инфраструктура во овој студентски дом и во останатите студентски домови во земјата.

Кржаловска посочи дека основниот мотив за донацијата е поддршката на младите, образованието и унапредувањето на информатичкото општество, како и дека со опремувањето на читалната студентите добиваат современо катче за учење, информирање и дружење.

Процесот на приближување на националното законодавство со законодавството на ЕУ, доведе до многубројни начела во врска со мерките кои треба да се преземат за ублажување на климатските промени. Македонија е потписник на Парискиот договор за климатските промини, а со тоа продолжува и кон натамошните заложби за намалување на мисиите за стакленички гасови.

Ова денеска го истакна  заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Арбр Адеми на дебатата по повод Меѓународниот ден за животна средина, во рамките на кампањата „ЕУ Разговори" на тема „Париски дговор-климатски промени и управување со водите".

- Македонија интезивно ги искористува ЕУ и ИПА фондовите како и другите  билатерални донации. Во рамките на ИПА1 обработена е и подготвена оперативна програма за регионален развој за 2007 до 2013 година која има за цел да ја поддржи животната средина, подобрување на квалитетот на животот и економскиот развој. Во ИПА2 фондот според националниот стратешки документ за оваа област се предвидени средства од 113 милиони евра. Очекуваме во наредните месеци да ја добиеме финасиската спогодба, со што ќе ни се отвори вратата за понатамошна имплемнентација на тие активности, информира Адеми.

Амбасадорката на Франција Лоренс Оер истакна дека по потпишувањето на Договорот од Париз за климатските промени следува неговата ратификација, со конкретни чекори за имплементирање на мерки за борба против загадувањето и климатските промени во Република Македонија.

- Мораме да ги преземеме неопходните чекори за да го решиме проблемот со глобалното затоплување. Јас сум многу среќна, бидејќи овој проблем не може да биде решен без дебата. Благодарна сум на двајцата министри што го прифатија овој предизвик. На 4 јули во Париз ќе бидеме домаќини на уште еден самит, самит на Западниот Балкан, и планираме да ја ставиме животната средина при врвот на приоритетите за граѓаните, за регионот и за Европа, рече Оер.

Според  министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, средбата треба да придонесе за продлабочување на дебатата меѓу органите и невладиниот сектор во однос на климатските промени.

На дебатата учествуваа претставници од владиниот сектор, граѓанските организации и професори кои делуваат на полето на животната средина. 

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска најави дека наскоро ќе се отвори Национална канцеларија за трансфер на технологии во која сите заинтересирани на едно место ќе можат да ги добијат сите неопходни информации за примена на нови технологии и иновации.Со отворањето на Канцеларијата се очекува значително да се подобрат технолошките капацитети на домашната индустрија преку намалувањето на јазот помеѓу знаењето и достигнувањата достапни на глобално ниво и во нашата држава.

„Се работи за проект на кој министерството интензивно работи и кој е дел од нашите програмски определби за поддршка и поврзување на високо образовните установи, научно-истражувачките институции и стопанството низ призма на трансфер на технологии и примена на иновации во насока на поттикнување и стимулација на севкупниот општествено-економски напредок на државата“, рече Ристовски.

Националната канцеларија за трансфер на технологии, ќе има и регистар на експерти за разни индустриски области од земјава, и регистар на достапни лаборатории и услуги на лабораториите. 

„Целта на нејзиното основање е да се централизира понудата на услуги од типот на советување на македонските компании во делот на интелектуална сопственост, заштита и права, увоз, односно приспособување и примена на технологии и иновации кои не се нови во светот, но може да бидат нови кај нас, како и за учество во програмите на ЕУ преку подучување за начинот и постапката за аплицирање со проекти“, потенцира Ристовски.

Техничка опременост и целосната функционалност на Националната канцеларија финансиски ќе биде овозможена од Министерството за образование и наука, во рамките на „Проектот за развој навештини за поддршка на иновации“. Почетниот буџет за овој проект изнесува речиси еден милион евра. 

Нови 150 наслови на аудио книги наменети за слепи и лица со оштетен вид беа промовирани денеска во рамки на проектот „400 аудио книги за лица со оштетен вид“. Досега се промовирани и достапни за слепите лица 340 наслови. На денешната промоција најавено беше и снимање нови 400 наслови.

Новите аудио книги се од едициите на Министерството за култура (поезија, класици, раскази, македонска книжевност) кои набрзо ќе бидат достапни за користење во Народно-универзитетската библиотека, Националниот сојуз, како и во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид. 

- Меѓу поважните проекти за слепите лица е проектот „400 аудио книги“ кој се реализира веќе трета година по ред, а го започнавме како заедничка иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за култура, Националниот сојуз на слепи лица и медиумите. Денеска на наше задоволство промовираме 150 наслови на аудио книги од едициите на Министерството за култура - поезија, класици, раскази, македонска книжевност, рече на денешната промоција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Со овие наслови и оние кои претходно беа реализирани, додаде Спасов, слепите лица ќе имаат на располагање  над 340 наслови на аудио книги од различна тематика достапни за нивна едукација и блискост со пишаниот збор. Тој најави и снимање дополнителни 400 наслови.

- Бидејќи проектот беше општо прифатен и слушајќи ги барањата на слепите лица пред се на учениците и студентите, одлучивме годинава да го зголемиме фондот на книги кои ќе бидат снимени и понатака достапни за јавноста. Во тек е постапка која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика за снимање нови 400 наслови која, според нашите очекувања, ќе започне летото 2016, а ќе заврши наредната година. За таа цел издвоивме буџет од 4.600.000 денари, истакна Спасов.

Појасни дека во новите 400 наслови застапени се дела од изданијата  135 тома Македонска книжевност (на македонски, албански и турски јазик) дела од странски автори во едициите Нобеловци и Ѕвезди на светската книжевност во издание на Министерството за култура.

Досега реализираните проекти, рече претседателот на Националниот сојуз на слепи лица Жарко Селковски, се од големо значење за слепите лица за подобрување и олеснување на секојдневниот живот.

- Еден од позначајните проекти е снимањето на овие аудио книги кои се од голема вредност за нас слепите лица, пред се за оние кои покасно го изгубиле видот, не можат да го користат црниот тисок или не го познаваат брајовото писмо, рече Селковски.

Овие 150 книги, додаде тој, го збогатуваат фондот кој е достапен преку веб страницата на Сојузот и да се најдат во библиотека при НУБ „Свети Климент Охридски“. 

На 30 лица со инвалидност денеска им беа доделени грантови од по 5.000 евра за почнување сопствен бизнис. Според проектот на Владата се очекува до средината на месец јуни и останатите 70 лица кои се влезени во процесот на квалификации и имаат добри бизнис планови да ги добијат неповратните средства.

Договорите за првите грантови за самовработување за лицата со инвалидност денеска им ги додели министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

- Секој човек има свои способности, свои знаења и свои умеења. Така и лицата со инвалидност имаат свои способности и вештини. Со овој грант за самовработување ние ја поттикнуваме нивната креативност им помагаме да го реализираат својот сон, да се самовработат да формираат свој сопствен бизнис и да имаат редовни средства за своја лична егзистенција. Верувам дека овие средства ќе ви помогнат во реализација на вашата замисла на вашата идеја. Ви честитам за борбеноста во животот и ви честитам за храброста да започнете да работите сопствен бизнис, да ја реализирате својата идеја и да се самовработите, рече на доделувањето на договорите Спасов.

По отворањето сопствен бизнис лицата со инвалидност ќе можат да вработуваат и нови лица, а со неповратните средства од 5.000 евра ќе можат да набават опрема и репроматеријали.

- Грант од 5000 евра ќе добие секое лице со инвалидност кој што го има поминато процесот на неколку месечна обука и изработка на бизнис план. Сите оние кои што имаат потреба од дополнително вработување ќе добијат по дополнителни 92 илјади денари за секое новоотворено работно место, до две новоотворени работни места. Грантот може да се движи во вкупен износ од 480.000 денари што е солидна сума за да се започне со реализација на било која бизнис идеја, за формирање на мала компанија или мал бизнис, рече министерот за труд и социјална политика Спасов.

За реализација на овој проект, појасни тој, Владата на Република Македонија има обезбедено 50 милиони денари за финансирање на 100 нови компании за 100 лица со инвалидност и за финансирање на околу 200 нови работни места. За 2016 година, како што рече, со овој проект се очекува да бидат отворени нови 300 работни места во Република Македонија.

 

Учениците кои треба да го подобрат знаењето по одреден предмет може да бидат бесплатно  подучувани од студенти волонтери кои ќе бидат внесени во базата на Интерактивниот портал за тутори. Министерството за образование и наука ќе го спроведува новиот проект од октомври. 

Порталот за студенти-тутори е во подготовка. Тоа ќе биде платформа со податоци на студенти кои доброволно и бесплатно ќе им даваат дополнителни часови на основци од шесто до деветто одделение и на ученичци од средните училишта.

Проектот денеска на прес-конференција го најави заменик-министерот за обрзование и наука Спиро Ристовски. Рече дека заинтересираните студенти кои сакаат да подучуваат може да аплицираат во електронски систем на МОН кој е специјално изработен за оваа намена. Тој е сега  во фаза на тестирање и се очекува да работи од септември, кога и ќе може да се пријавуваат потенцијалните тутори. Апликациите на студентите ќе бидат проверувани од посебна комисија. 

- Тој ќе прерасне во база со студенти тутори, од каде преку директно логирање, родителите на учениците кои сметаат дека нивните деца имаат потреба од туторска поддршка, самостојно ќе ги избираат нивните подучувачи. Тоа од една страна ќе ја поттикне социјалната одговорност на самите студенти и ќе придонесе кон развој на нивните туторски, односно способности за подучување. Додека, од друга страна, сето тоа би резултирало со поголем степен на знаење кај учениците кои би биле подучувани од нив, рече Ристовски.

Бенефит од волонтерството ќе имаат студентите кои ќе придонесат во подобрувањето на успехот на ученикот за некој предмет. Доколку студентите тутори кај најмалку двајца ученици иницираат повисока оценка и резултати по соодветниот предмет во тековната година, споредено со минатата, ќе добијат дополнителни 10 поени при аплицирањето за студентски стипендии.  

Студентот тутор ќе подучува во домот на ученикот, под надзор на негов родител или старател, со кого заедно ќе ги договораат термините за дополнителните часови. 

Во условите за тутор е наведено дека треба да биде редовен студент со просечна оценка од минимум осум по предметот за кој се пријавува да подучува, да достави препорака од професор/и дека е подобен за тутор. 

Студентите тутори ќе можат да се пријавуваат за одржување часови по одреден предмет или група предмети, но најмногу по четири предмети, односно најмногу за подучување четири ученици по еден предмет. 

Бројот на термини за преглед овој месец е зголемен за 12 проценти споредено со истиот период минатата година. Поконкретно, во мај 2015 година во системот се евидентирани 380.784 термини, додека овој месец 425.979 термини. За 16 проценти, пак, е зголемен бројот на прегледи.

Ова го покажуваат податоците од Национален систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“, кои денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за здравство Никола Тодоров. Eдна од реформите, која доби меѓународни признанија и е меѓународно призната, нагласи, е реформата „Мој термин“.

- Наша постојана битка е да го зголемуваме бројот на термини и на тој начин да се намалува времето на чекање и здравствените услуги да бидат што е можно подостапни за оние на кои им се потребни. Процентуално најголемо зголемување на термини има во спедните специјалности: радиотерапија, рендген снимање, компјутерска томографија и услуги од специјалностите за ревматологија, хематологија, пулмологија, респираторна алергологија, кабинет за дијабетес и друго, рече Тодоров.

Појасни дека се залагаат да се отвораат поголем број термини онаму каде тоа е најбарано и најпотребно. За сите овие здравствени услуги, потенцира, термините се зголемиле за 50 или повеќе проценти во споредба со истиот период минатата година. Според него, ова е многу значајно за пациентите имајќи предвид дека станува збор за прегледи кои се релативно чести, така што на овој начин овозможуваат граѓаните побрзо да закажат определен преглед.

- На пример за компјутерска томографија во мај 2015 година биле дефинирани 3.430 термини, додека во мај оваа година вкупниот број дефинирани термини изнесува 5.154, односно бројот на термини е зголемен за 1.720 или за 50 проценти повеќе во споредба со 2015 година. Зголемувањето на бројот на термини за 50 проценти овозможува оваа услуга побрзо да биде достапна на оние пациенти на кои тоа им е потребно, истакна Тодоров.

Нагласи дека на ниво на јавни здравствени установи најмногу зголемени се термините во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија - дури за 174 проценти. Ова, укажа министерот, е многу значајно затоа што кај онколошките болести од исклучителна важност е времето на закажување преглед и заради тоа зголемувањето на бројот на прегледи или термини е во правец на намалување на времето на чекање и побрзо достапна здравствена услуга.

На Клиниката за радиологија бројот на термините е зголемен за 127 проценти, на максилофацијална хирургија - за 124 проценти, на пулмологија и алергологија - за 78 проценти и во Здравствен дом Скопје, во Поликлиниката Драчево за 72 проценти.

- Континуираното зголемување на бројот на термини во системот „Мој термин“ резултира со зголемен број на прегледи или на прегледани пациенти и пружени здравствени услуги. Во април 2016 година бројот на прегледани пациенти е за 16 проценти поголем во споредба со истиот период минатата година. Ова значи дека со зголемувањето на бројот на термини се овозможува и поголем број пациенти во определен временски период да добијат здравствена услуга, рече Тодоров.

Појасни дека зголемувањето на бројот на термини за преглед за 12 проценти и зголемувањето на бројот на прегледи за 16 проценти ја покажува зголемената ефикасност на целиот здравствен систем.

- Јавни здравствени установи во кои најмногу се зголемил бројот на прегледани пациенти во однос на април 2015 година се Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, Здравствен дом Битола, Универзитетска клиника за хематологија, Универзитетска клиника за радиологија, Специјалната болница по гинекологија и акушерство Чаир, Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија. Кај сите овие установи бројот на прегледани пациенти во април се зголемил за најмалку 55 проценти во споредба со април минатата година, рече Тодоров.

Ги наброја и докторите кои минатиот месец реализирале најмногу прегледи, а тие се: Славица Вељановска од Клиниката за радиотерапија и онкологија - со дури 757 прегледани пациенти, Љиљана Славковска од Институт за трансфузиона медицина - Куманово со 685 прегледани пациенти и Викторија Перцан од Клиниката за ендокринологија - со 635 прегледани пациенти, која и минатиот месец имала најголем број прегледи.

- Бројот на реализирани рецепти во април 2015 година и април 2016 година е речиси идентичен. Само за изминатиот месец се реализирани 1.778.552 рецепти, 2.000 повеќе од април 2015 година. Бројот на пациенти кои ги подигнале тие рецепти е 491.611. Просечната возраст на пациентите кои биле прегледани во април е 49 години додека просечната возраст на пациентите кои подигнале лек во аптека е 60,5 години, посочи Тодоров.

Според податоците од Мој термин, минатиот месец, нагласи министерот, 22 доктори доцнеле на првиот закажан преглед подолго од еден час три пати или повеќе од три пати во месецот. Според него, директорите на тие јавни здравствени установи треба да преземат сериозни мерки и да нема доктори на кои во континуитет ова им се случува.

- Јавно се обврзавме да спроведуваме кампања во два правци: првиот докторите да не доцнат на закажаниот термин и второ пациентите да доаѓаат на закажаниот термин. Минатиот месец 42.456 пациенти не се појавиле на закажан термин и претходно не го откажале. Станува збор за 15 проценти од вкупниот број на закажани прегледи. Апелираме докторите да не доцнат на закажаниот термин за преглед и пациентите ако не доаѓаат задолжително да го откажат закажаниот преглед, додаде Тодоров.

Според Милан Аризанковски, директор на Управата за електронско здравство „Мој термин“, кај одредени специјалности постои драстично е намалување на времето на чекање.

- Кај други специјалности со зголемувањето на термините ние сме ги ставиле тие услуги уште подостапни на граѓаните, додаде Аризанковски.

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност прифати 44 од 173 апликации за програмата на ЕУ „Еразмус плус“ на првиот јавен повик (од 1 јануари до 2 февруари) и за нив одобри вкупно 2,13 милиони евра. 

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата Дарко Димитров денеска на прес-конференција  соопштија дека најголем дел од прифатените проекти се однесуваат на соработка и мобилност во областа на високото образование, проекти поднесени од основните и средните училишта, проекти за поддршка на стручното образование и за мобилност на младите. 

- Овој диверзитет особено ме радува затоа што покажува дека интересот за изработка и реализација на проекти со кои се развива меѓународната соработка, се поттикнува партнерството меѓу различните чинители во образованието, се зголемува флексибилноста и достапноста на формалното и неформалното образование, постои кај многу различни општествени категории - ученици, студенти, наставници, професори, граѓански здруженија, младински работници, волонтери, рече Ристовски.

Директорот Димитров истакна дека македонските образовни институции се повеќе се вклучуваат во европскиот образовен простор за што сведочат големиот број поднесени проекти. Тоа се должи на континуираните промотивни активности (презентации, инфоматеријали, обуки и работилници за подготовка на предлог-проекти и апликации) низ целата држава што ги организира Агенцијата за да се зголеми видливоста на програмата „Еразмус плус“ и можностите кои таа ги нуди.

Соопшти дека во високото образование грантови ќе добијат 14 високообразовни установи. Преку „Еразмус плус“ повеќе од 370 македонски студенти ќе имаат можност да поминат дел од нивните студии или да стажираат во компании низ Европа. Можност ќе имаат и повеќе од 80 универзитетски професори да остварат мобилност за наставен ангажман. Димитров е задоволен и што на овој повик ќе грантираат една стопанска комора што ќе и овозможи нејзина меѓународна соработка. 

- На повикот аплицираа повеќе од 60 училишта, од кои во 15 голем број од нивните наставници и ученици ќе имаат можност за мобилност и меѓународна соработка со училиштата од европските земји. Особено важно за нас беше да ги поттикнеме училиштата да аплицираат како партнерски училишта во проекти кои ги аплицираат нивни колеги и соработници низ Европа во останатите европски национални агенции. За оваа активност оваа година аплицираа 107 училишта од Македонија и ќе ги грантираме по завршување на процесот на селекција од нашите колеги од националните агенции во Европа, рече Димитров.

На 31 март заврши и вториот јавен повик кој се однесуваше на проекти од областа на образованието. На овој повик, за кој се предвидени 1,8 милиони евра, пристигнале 52 апликации чие разгледување е во тек. 

Ристовски и Димитров ги повикаа заинтересираните да се пријавуваат и на третиот јавен повик за финансирање од областа - млади. Тој е во тек и ќе трае до 4 октомври. Критериумите за аплицирање може да се видат на веб-страницата на Агенцијата (www.na.org.mk).

Буџетот кој Република Македонија го доби во рамки на програмата „Еразмус плус“ за 2016 година  е 4,7 милиони евра и е најголем износ кој државата го добила досега преку оваа европска програма за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот.

РМ е полноправна членка на оваа програма од 2014 година, кога доби буџет од 3,5 милиони евра. Во изминатите две години надминува 90 проценти искористеност на средствата од оваа ЕУ програма а, како што рече Ристовски, целта е за 2016 година да се постигне 100 проценти искористеност на достапните средства.