Прес

Новиот Клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании „Гранит“ и „Бетон“ во соработка со една италијанска компанија, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

- Оваа понуда е избрана како најприфатлива за доделување на договорот за изведба, а истовремено ги исполнува сите услови кои се предвидени за изградба на вакви комплексни објекти. Изборот е направен врз основа на добивање на одобрување од страна на Банката на Советот на Европа. Комисијата за секој чекор и одлука добиваше одобрение од стручен тим на Банката за развој на Советот на Европа, истакна Тодоров.

Посочи дека со заокружување на оваа фаза од постапката се става крај на сите шпекулации и коментари, дека овој проект е само празно ветување и, како што рече, ова покрај тоа што е еден од најсериозни проекти за македонското здравство во овој момент е еден од најсериозните проекти и за Банката на Советот на Европа и во целиот процес се вклучени врвни експерти.

- Потпишувањето ќе биде по доставување на валидната банкарска гаранција од понудувачот за квалитет на изведбата во вредност од 10 проценти. Оваа процедура трае од 15 до 25 дена. Почетокот на изведбата се очекува да биде во тек на јуни 2017, а изведувачот ќе работи во фази со цел да се овозможи непречено функционирање на Клиничкиот центар во Скопје, рече Тодоров.

Нагласи дека прво ќе се обезбедат времени пристапни патишта во рамки на Клиничкиот центар, како и трансфер на Клиниките за неврологија, кожна и очна клиника во простор каде ќе ги извршуваат своите функции додека трае градбата.

- Рокот за завршување на градбата на новиот Клинички центар е предвиден за 45 месеци. Вкупната новопроектирана нето површина на оваа зграда изнесува 47 илјади метри квадратни, околу 6,5 илјади метри квадратни проодни тераси и покривни градини. Зградата се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром хелидром за транспорт на пациенти на десеттото ниво со површина од 531 метар квадратен, нагласи Тодоров.

Според него, станува збор за грандиозен објект, што заедно со објектот со кој се спојува, ќе има нето површина од повеќе од 70 илјади метри квадратни и ќе внесе голем број подобрувања во секојдневните активности на Клиничкиот центар.

- Сите системи вградени во зградата за приоритет го имаат третманот на пациентот и неговото олеснето и ефикасно движење - од системот за болничка сигнализација и означување во кој е вклучена и најсовремена дактилна сигнализација за слепи лица, преку зголемување на капацитетот на вертикалниот болнички транспорт со нови 5 болнички лифтови, па се до сместувачките капацитети во болничките соби кои се исклучиво апартмански со еден или два кревети и тоалети во секоја соба и содржат автоматизирана климатизација и вентилација со филтриран воздух, системи за повик на сестра, централен систем за медицински гасови кој за првпат ќе биде инсталиран 100 процентно во сите болнички и соби за интервенции, истакна Тодоров.

Нагласи дека овој систем за првпат ќе се примени во јавното здравство во Република Македонија со комплетна изолација и третман на секој пациент, при што сите строги критериуми за климатизација и потребен над и под притисок во кабините, предпростории за филтер и услови за стерилност ќе бидат обезбедени.

- Оваа инвестиција претставува круна во македонскиот здравствен систем. Со оваа инвестиција го унапредуваме највисокото ниво на здравствена заштита, терциерното ниво, на кое се третираат и најсложените и најкомплексните здравствени состојби, а за кои условите со новиот Клинички центар ќе бидат подигнати на едно многу повисоко и посовремено ниво. Кога ќе се изгради ќе биде најсовремен здравствен објект во поширокиот регион на Југоисточна Европа, изјави Тодоров. 

Владата на вечерашната вонредна седница одлучи да се формираат комисии за испитување на штетите настанати кај овошните и лозовите насади од ниските температури и мразот. Тие од утре ќе излезат на терен и ќе направат записници за штетите. 

Како што информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, формирана е и комисија од повеќе институции која треба да утврди методолгија по која ќе се изврши исплаќање на штетите.

- Изминатите две вечери температурите се спуштаа и до минус седум степени и може да се заклучи дека штетите кај овошните и лозовите насади се доста големи. Земјоделците треба да бидат безгрижни и сигурни дека ќе ги обештетиме, имајќи во предвид дека и во изминатите години сме имале вакви штети. Ќе најдеме начин и пари да ги обештетиме, изјави министерот Цветков по седницата на Владата. 

Тој посочи дека согласно законот штетите се исплаќаат до 100 отсто и не е стриктно утврдено колкав ќе биде процентот на исплата.

- Висината на исплатената штета ќе зависи од големината на оштетувањата, од вкупната сума која ќе треба да се обештети и согласно средствата со кои располага Министерството во нашите програми. Процентот не може да се одреди веднаш, туку ќе го одредиме согласно штетата и согласно парите со кои располагаме, прецизира Цветков.

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски рече дека од денеска направениот увид на терен може да се согледа дека неспецифичните временски услови и мразот предизвикаа штети врз јаболковите насади во Преспанскиот регион, но и во сите останати региони во Македонија со исклучок на една или две општини во јужниот дел.

- Комисиите кои се формирани вечерва утре ќе бидат на терен и ќе се направат итни и првични анализи и процени на настанатата штета од мразот. Согласно првичните процени и воспостановената методологија ќе се утврди на кој начин ќе се одреди износот и вредноста на штетата, изјави Костадиновски.

Тој истакна дека од 2012 година Владата субвенционира 60 отсто од износот на полисата за осигурување од ризици во земјоделството и додаде дека рапидно е зголемен бројот на замјоделците кои ја користат таа мерка.

- Во последните години неповолните временски прилики и климатските промени кои се карактеристични за Република Македонија поттикна се повеќе  земјоделци да ја користат оваа мерка. Но, сепак може да кажам дека се уште не е на задоволително ниво.  Поучени од неспецифичните временски услови и временските  неприлики сметам дека земјоделците од година на година ќе почне помасовно да ја користат оваа мерка, рече Костадиновски.

На вечерашната седница на Владата беа присутни и повеќе градоначалници од општините каде има најголеми штети на насадите.

Околу 43 илјади лица се вработени досега во Македонија преку владините мерки за вработување, а за годинава се планирани уште нови 10 илјади.

- Досега остварените вработувања зборуваат дека сме направиле позитивен исчекор во намалување на невработеноста, но, исто така и овие десет илјади планирани за годинава, за кои верувам дека ќе се реализираат, зборуваат дека сме на вистинскиот правец, рече министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими по посетата на компанијата за канцелариска опрема и технички уреди „Анхоч“, корисник на овие владини мерки.

Тој додаде дека и проектите Македонија вработува еден и два исто така дале позитивни ефекти.

- Само преку Македонија вработува 1 се обезбедени 25.000 нови вработувања, а 6.600 вработувања досега преку Македонија вработува 2. Ги повикувам сите компании да го искористат периодот до 20 јули, до кога е крајниот рок за аплицирање за Македонија вработува 2, да аплицираат и да ги искористат поволностите што ги нуди токму овој проект, се со цел зголемување на вработеноста и креирање нови работни места, истакна Ибрахими.

Потенцира дека во изминатите десетина години била постигната бројка од над 150 илјади вработувања, што, како што истакна, значи дека Владата креирала добри политики и ги реализирала во насока на намалување на невработеноста.

Раководителот на Центарот за вработување Скопје, Слободанка Алексовска истакна дека компанијата што денеска ја посетија е многу успешен пример на компанија која има вработено лица преку овие мерки.

- Ова е една од многуте компании што ги користи мерките со цел да им се овозможи полесно да отворат нови работни места со помош на значајни финансиски надоместоци кои ги добиваат преку мерките, а на таков начин се овозможува невработените полесно да најдат слободни работни места, рече таа.

Алексовска напомена дека во моментов се отворени повици за повеќе од активните мерки и апелираше сите кои сакаат да искористат некоја од поволностите што ги нудат тие да аплицираат во центрите за вработување во Република Македонија.

Ивица Ангелески од  Анхоч информира дека како компанија имаат искористено дел од поволностите за вработување нови лица што ги нуди Владата на Република Македонија и тоа преку проектите Македонија вработува еден и два, како и мерката за вработување лица до 29 години.

Тој информираше дека на ваков начин тие имаат вработено 38 лица што, како што истакна, е една третина од вкупниот број вработени во компанијата.

- Поволностите што ги дава Владата преку мерките не се од помош и од интерес само на лицата кои бараат работа за полесно да се вработат, туку им помагаат и на компаниите кои имаат потреба од нови вработени, рече Ангелески и изрази надеж дека вакви мерки ќе продолжат да се спроведуваат и во иднина.

Откриен е дијабет кај три до пет отсто од вкупно 250.000 граѓани кои биле посетени од медицински екипи во домашни услови во изминатите три години  преку проектот „Домашна визита“. Новооткриени пациенти со зголемени нивоа на маснотии се околу два процента од вкупно посетените.

- Генерално, со проектот овозможуваме повозрасните лица да направат контролен преглед на крвниот притисок или нивото на шеќер во крвта во домашни услови, без да треба да се оптоваруваат да патуваат до матичните доктори, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Во неколку случаи, потенцира, се  детектирани пациенти со многу високи вредности на шеќер во крвта, при што веднаш се повикува Итната медицинска помош, а пациентот се транспортира во најблиската болница со цел навремено интервенирање.

Во реонот на Здравствен дом Скопје, најчести дијагнози кои ги детектирале патронажните тимови се кардиоваскуларните заболувања, за кои на пациентите им биле дадени совети за практикување здрави стилови на живот.

Како исклучително позитивен пример со проектот министерот Тодоров го наведе случајот кога бил спасен живот на повозрасна пациентка кај која патронажниот тим констатирал многу висок притисок, околу 220-230. При разговор со семејството било констатирано и дека пациентката извесно време има бубрежна инсуфициенција, по што веднаш била повикана Итна медицинска помош, била дадена потребната терапија и практично бил спасен животот на пациентката, рече Тодоров.

Како што информира, во реонот на Крива Паланка, највозрасен пациент кој редовно е посетуван од патронажните служби е 93-годишен. Во Прилеп, пак, во изминатиов период е забележан зголемен број лица со респираторни проблеми кои не посветиле внимание дека се работи за заболување сметајќи дека е состојба предизвикана од временските прилики, па затоа веднаш се упатени да се јават кај матичните лекари.

Преку тековниот седми циклус од проектот, во рамки на кој се посетуваат пензионери, од септември 2015 година досега се посетени 170.120 лица, меѓу кои само во реонот на Здравствен дом Скопје, 25.691 лице. Со претходните циклуси се опфатени постари и изнемоштени лица, лица со хронични заболувања, со посебни потреби, корисници на правата од социјална заштита, со инвалидност, потешкотии во движење, работно неспособни, корисници на надомест за туѓа нега, како и лица од рурални и потешко достапни населени места.

Патронажните визити во домашни услови ги спроведуваат над 300 патронажни тимови од сите здравствени домови во државата, кои вршат мерење на крвниот притисок, нивото на шеќер и холестерол, а воедно даваат совети за исхрана, за физичка активност и други совети.

Поектот „Домашна визита“ се спроведува во согласност со препораките на Светската здравствена организација. 

Предвремени парламентарни избори заедно со локалните се излез од политичката криза во земјава. Единствен гарант за зачувување на унитарноста на Република Македонија е формирање и развивање на силно граѓанско и мултиетничко општетсво, изјави денеска премиерот Емил Димитриев. 

- Вака како што сака некој да ги постави работите во Македонија со исклучување на мнозинскиот Македонски народ, мнозинството Турци, Роми, Власи, Бошњаци и други етникуми, сметам дека ова не може да биде реализирано. Второ во постизборниот период во Република Македонија се отворија дискусии кои длабоко задираат во уставното уредување на земјава, а кои не беа дел од предизборната кампања или многу малку се зборуваше за тоа. Јас сметам дека ваквите теми на се привилегија на политичките елити колку тие да се сметаат за способни да се справуваат со овие процеси, и за вакви теми единствен фактор којшто може да каже и да се изјасни е народот на нови парламентарни избори кои би биле организирани заедно со локалните, рече Димитриев.

За Република Македонија, како што кажа премиерот, еднинствена алтернатива е организирање нови парламентарни избори во кои партиите сето она што сметаат да го работат постизборно ќе мора да го кажат предизборно.

- Затоа што граѓаните треба да имаат појасна претстава на кого го даваат гласот и во кој правец ќе се движат работите во иднина, истакна Димитриев кој денеска ги посети новоизградените простории на Општинската јавна установа детска градинка „Весели цветови“, Општина Делчево.

Во врска со најавите за отворање на бегалски кампови во земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, Димитриев беше дециден дека во Македонија нема да се дозволи отворање бегалски кампови.

- Република Македонија даде огромен придонес во справувањето со мигрантската криза и тоа беше забележано од сите земји на ЕУ и пошироко. Ние и во иднина така ќе се однесуваме, меѓутоа за евентуално формирање кампови за згрижување бегалци во нашата земја, нашиот став е категорично не, бидејќи во државава бегалците доаѓаат од земја-членка на ЕУ, земја која е безбедна и не гледаме никаква логика во нашата земја да се формираат бегалски кампови. На тој предлог ние како држава се спротивставуваме, рече премиерот Димитриев.

Владата распиша огласи за изградба на секундарна и терцијарна гасоводна мрежа преку јавно-приватно партнерство за Скопскиот, Западниот и Источниот регион. Вкупната проценета вредност за изградба на оваа гасоводна мрежа е околу 150 милиони евра.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска на прес-конференција појасни дека ќе бидат опфатени сите 17 општини во Скопскиот регион, 36-те општини во Источниот регион и 26-те општини во Западниот регион.

- Со ова започнува процесот на секундарна и терцијарна гасификација односно паралелно со изградбата на примарната гасоводна мрежа ќе се работи и на изградба на систем со кој директно ќе се поврзат крајните корисници - државните институции, компаниите и граѓаните на Република Македонија, истакна вицепремиерот Пешевски.

Тој додаде дека според нивните проценки, се очекува до 2022 година да бидат завршени околу 70 проценти од гасификацијата на целата територија на Македонија. 

Огласите се веќе објавени во Службен весник и на страницата на Бирото за јавни набавки, а од утре ќе бидат објавени и во јавните гласила во Република Македонија и во „Фајненшл Тајмс“ а извесен период ќе бидат достапни и на платформата ТЕД – официјалното гласило за тендери на Европската Унија. 

- Сметам дека овие огласи ќе предизвикаат големо внимание кај заинтересираните компании и дека ќе се зголеми конкуренцијата, а на крај бенефит ќе имаат како компаниите кои ќе ги добијат концесиите, така и Република Македонија и крајните корисници, нагласи Пешевски.

За разлика од претходните огласи, во овој оглас има неколку суштински разлики како од технички аспект, така и во однос на тоа дека периодот на концесија е продолжен од 20 на 30 години, а и приклучокот којшто треба да го субвенционира Владата е намален за дваесетина проценти.

- Има неколку суштински разлики како во техничкиот изглед на самиот јавен повик од аспект на имплементација на приоритетни и помалку приоритетни општини, но она што е суштински важно е дека рокот на концесија е продолжен од 20 на 30 години. Исто така и самиот приклучок којшто го предвидува Владата да го субвенционира е за 20 проценти намален. Има и голем број технички подобрувања коишто споредено со она што беше порано се пренесени од искуствата и консултациите со експертската јавност. Има и сериозни подобрувања во она што се вика драфт верзија на концесискиот договор, рече Христијан Мицкоски, претседател на тендерската комисија и советник на претседателот на Владата.

Во однос на примарната гасификација на прес-конференцијата во Владата беше соопштено дека досега целосно е изграден магистралниот гасовод од Клечовце до Штип, додека во тек на реализација се три магистрални гасоводни делници од Штип до Неготино, од Неготино до Битола и од Скопје преку Тетово до Гостивар. Во следниот период се очекува да се започне со изградба на уште 13 делници на магистрални гасоводи и осум краци за поврзување на гасодоводот со индустриските зони. Вкупната инвестиција за примарната гасоводна мрежа изнесува околу 350 милиони евра. Доколку се се одвива според планираното се очекува примарниот гасоводен систем да биде готов до 2020 година. 

Tри милиони евра за вкупно 60 проекти предвидува годинашната Програма за рамномерен регионален развој.

Како што одлучи денеска на седница Советот за рамномерен регионален развој, 19 проекти се за развој на планските региони, 18 се за развој на селата, а 23 се за развој на подрачјата со специфичини развојни потреби. Најголем дел од проектите, 48, или 75 отсто, се однесуваат на проектирање или изведување инфраструктурни зафати.

Според одлуката на Советот, најмногу буџетски средства ќе добие најмалку развиениот, Североисточниот плански регион, 21,5 милиони денари, додека најмалку пари се планирани за најразвиениот, Скопски регион, 8,8 милиони денари. За Источниот плански регион се проектирани 11,7 милиони денари, за Југоисточниот 13,8, за Пелагонискиот 14,8, за Полошкиот 16,4, за Југозападниот 17,6 и за Вардарскиот плански регион 19,5 милиони денари.

- Унапредувањето на планските региони преку реализација на проекти од страна на центрите за развој и општините е одлична можност за јакнење на конкурентноста и за поголем раст на локалната економија, за создавање нови работни места, подобрување на условите за образование, поттикнување на културниот и рекреативниот дух, како и обезбедување подобар животен стандард, истакна вицепремиерот за економски прашања и претседавач со Советот Владимир Пешевски на заедничката прес-конференција во Владата на која присуствуваше и министерката за локална самоуправа Ширет Елези.

Осврнувајќи се на проектите, Пешевски напомена дека во Североисточниот плански регион фокусот е ставен на подобрување на условите за рурален развој и развој на туризмот, во Југозападниот регион ќе се изведуваат енергетски ефиканси објекти, во Полошко ќе се рехабилитира локалниот пат од Сушички мост до Русино, во Југоисточниот ќе се работи на изградба на два патни правца, меѓу местата Чанаклија и Нова маала и меѓу Муртино и Еднокуќево,... 

- За граѓаните на Демир Хисар добра вест е дека ќе се реконструира регионалниот зелен пазар за кој ќе се инвестираат преку 100 илјади евра, подвлече вицепремиерот.

Во однос на подрачјата со специфични потреби за кои се усвоени 23 проекти, Пешевски рече дека покрај изработка на техничка документација, рехабилитација или изградба на локални патишта, се предвидува и реконструкција на домови на културата, заштита на животната средина, водоснабдување, уредување простор за рекреација и поттикнување на локалниот туризам.

Компонентата со која се опфатени селата брои 18 проекти, а од вкупно одвоените средства за оваа намена секој од осумте плански региони добива еднаков дел. Притоа, сите проекти се од инфраструктурна природа. - Иако овие проекти се со помала финансиска вредност, нивната употребна вредност по завршувањето ќе биде голема и значајна за граѓаните, дополни Пешевски.

Министерката Елези информира дека до Советот за рамномерен регионален развој на јавниот повик за 2017 година биле доставени 88 проекти, од кои 60 се одобрени. 

- Од 2009 година, кога почна програмата за рамномерен регионален развој, досега, се финансирани 560 проекти со вкупно една милијарда денари. Нашата цел е средствата за развој на планските регони секоја година да се зголемуваат во рамки на буџетот, но и од други меѓународни фондови со што ефектите ќе се мултиплицираат и ќе се имплементираат поголеми стратешки зафати, потенцира министерката Елези.   

Одговарајќи на новинарско прашање, напомена дека сите досега поддржани проекти за рамномерен регионалан развој се реализирани со над 99 отсто. 

Граѓаните и бизнис заедницата од денеска можат да имаат увид во урбанистичките планови на целата територија на државата преку геопроталот на Агенцијата за катастар на недвижности преку врската: http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/. Тоа го овозможува новата електронска услуга што денеска беше промовирана во присуство на премиерот Емил Димитриев и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

-  Станува збор за услуга со која сите граѓани и бизнис заедницата можат преку електронски пат да проверат што е предвидено во нивната или други парцели, што е предвидено во ДУП-овите за градење,... Со оваа алатка може да ги видат и цените на градежното земјиште, изјави Димитриев.

Тој посочи дека новата електронска услуга е една од најклучните реформи што  ги има направено Катастарот во изминатиот период со многу посветена работа и континуитет со што, потенцира, сме многу понапред од многу земји во Југоисточна Евроа, па и пошироко.

- Новата услуга на Катастарот ќе има далекусежни позитивни последици во работењето  на градежните компании и кај луѓето, бидејќи дава огромна транспарентност, прилично голем број информации и е од голема помош, рече Димитриев и додаде дека креирањето нови услуги за граѓаните треба да продолжи и во иднина.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески посочи дека во изминатите десет години Катастарот доби огромна поддршка од Владата и додаде дека денешната посета на премиер на инситутцијата е четврта по ред. Со новата електронска услуга на Катастарот, посочи, транспарентноста на планирањето и податоците е загарантирана. 

- На геопорталот на Агенцијата за катастар на недвижности од денеска секој граѓанин може да види што има во неговата грдежна парцела и што е предвидено да се гради во неговата парцела и во соседството, а бизнис компаниите  може да видат кое е слободно земјиште преклопено со податоците од Катастрот за целата територија на Република Македонија, рече Трпески.

Нагласи дека во мементов на Регистарот за градежно земјиште, поточно на веб-порталот веќе се објавени преку 1.000 урбанистички планови.

Графичкиот регистар за градежно земјиште ги прикажува урбанистичките планови во просторот заедно со катастарските планови. Достапни се информации содржани во урбанистичкиот план за секоја градежна парцела, како и информација дали таа е слободна или веќе е реализирана.

Со овој регистар е направена стандардизација во изработката на сите видови урбанистички планови и урбанистичко-планската документација, овозможен е транспарентен преглед на локациите каде што има донесено урбанистички планови и урбанистичко-планска документација, овозможен е преглед на сопственоста на катастарските парцели кои ја сочинуваат градежната парцела, преглед на градежното земјиште по нумерички показатели (намена, катност, површина итн.), како и преглед на градежните парцели во државна сопственост.

Графичкиот регистар за градежно земјиште овозможува и историски преглед на секој урбанистички план, односно кога е донесен, кога и со која одлука на советот е ставен вон сила, важност на планот, а доколку се работи за измена и дополнение на дел од урбанистичкиот план и бројот на одлуката со која е донесена измената.

Преку овој регистар, планерот уште во рана фаза има јасна слика од кои катастарски парцели е составена секоја градежна парцела што ја дефинира, како и податоци за сопственоста на катастарските парцели од кои е составена градежната парцела.

Во Графичкиот регистар на градежно земјиште се внесени: 10 урбанистичко-плански документации за градби од посебен интерес, 19 детални урбанистички планови, 110 архитектонско-урбанистички планови, 7 урбанистички планови за села, 31 локална урбанистичко-планска документација, 277 инфраструктурни проекти, 1 ГУП и 4 ГУП-ови за градски четврти или вкупно 2557 урбанистички планови вклучувајќи ги и урбанистичките планови и урбанистичко-планските документации донесени пред воспоставувањето на овој регистар за градежно земјиште. Во Графичкиот регистар на градежно земјиште се внесени вкупно 47.638 градежни парцели, односно 14.912.966 метри квадратни вкупна површина на градежно земјиште во Македонија. 

Шеесет и девет проекти од 90 пријавени на Конкурсот за финансирање проекти на креативните индустрии ќе бидат поддржани годинава од Министерството за култура.

- Препознавањето на креативните индустрии и во тој контекст и идентификацијата на економската производствена и профитабилна димензија на културата беше еден од приоритетите на Министерството за култура, кој го зацртавме и во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година, изјави на денешната прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Оваа стимулативна мерка, како што кажа, во изминатите пет години колку што се реализира овој конкурс, даде големи резултати и понуди широк простор за презентирање на вештината, имагинацијата и талентот на младите креативци во нашата држава, како и нивно соодветно валоризирање на пазарот.

Оваа година на конкурсот се пријавија 90 индивидуалци, граѓански здруженија и други правни субјекти, меѓу кои и здруженија на граѓани чии проекти се наменети за лица со посебни потреби.

Комисијата предложи финансиска поддршка за 69 проекти од областа на графичкиот, индустрискиот и модниот дизајн, како и проекти за дизајн на производ. Ова, како што кажа Канческа-Милевска, се проекти во кои се користат и традиционалните вештини и ресурси и се креираат нови и современи контексти. На листата на поддржани проекти се апликациите на 41 физичко лице и 28 граѓански здруженија и други правни субјекти, од кои четири проекти се наменети за лица со посебни потреби.

- Со денешните резултати вкупниот број на поддржани проекти во овие пет години се заокружува на 283 за кои од буџетот на Министерството за култура се издвоени 25,5 милиони денари, рече министерката за култура.

Според неа, конкурсот за креативни индустрии е само една од мерките кои ги презема Министерството и Владата во изминатиот период во насока на промовирање на знаењето како врвна вредност на општеството и создавање услови за размена и за вреднување на културните добра како придвижувачка сила на економскиот развој.

Осврнувајќи се на досега реализираните едукативни настани, обуки и форуми, како и гостувањата на многу експерти, меѓу кои и на Британскиот совет, Канческа-Милевска посочи и на отворањето на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“. Во овој Центар од 2015 година се реализирани огромен број тематски креативни работилници, други настани, како и изложби на несекојдневни и уникатни дела создадени од млади креативци кои беа претставени и во повеќе европски земји. Таму се изложени и дела поддржани со Конкурсот за креативни индустрии. 

Претседателот на Комисијата Митко Хаџи Пуља се осврна на повеќедимензионалноста на овој проект посочувајќи на економскиот, социолошкиот и културолошкиот аспект. Размислувајќи како понатаму да се поттикне развој на креативните индустрии, Хаџи Пуља рече дека е потребно образување на граѓаните и на младите за создавање нови производи, но не само во Скопје, туку и во внатрешниста. 

Гордана Вренцовска, член на Комисијата, рече дека на годинашниов конкурс во делот на моден дизајн имало проекти со потемелна димензија и квалитет. Според неа треба да се поттикнат и да се образуваат сите идни апликанти да го следат тој темелен моден пристап.

Меѓу поддржаните проекти во областа на графичкиот дизајн се проектот „Македонски печат“ на Томислав Лошков од Скопје, „Симболи на охридското филигранско“ на Мирјана Николоска од Охрид, проектот „Илустрирана културна историја“ на Центарот за културно наследство „Аксос“. Во областа на индустрискиот дизајн поддржани се проектите „Кожни производи – дизајнирање, изработка и примена“ на Елена Симоновска од Скопје, проектот „Карактерен дизајн“ на Кирчо Стојоски од Охрид и „Геометриски огледала“ на Александар Зарапчиев од Скопје. Во областа на дизајн на производ, Министерството за култура ќе ги поддржи проектите „Традиционална керамика во дизајн на етно кутија“ на Здружението на граѓани „Разбој“ од Велес, „Накитот на дедо ми“ на Здружението „Пеонија“ од Кратово и „Еко дизајн на декоративни предмети: стекнување на вештини на децата и младите со посебни потреби“ на Едукативно креативниот центар „Виножито“ ОД Скопје и „Рачна изработка на кукли и рамки од дрво“ на Здружението „Алегрето“ од Тетово.

Во областа на модниот дизајн ќе бидат поддржани проектите: „Традиционална марама во современ контекст“ на Здружението за култура и развој на креативни индустрии, „КУЛТ-ТРАНЗЕН“ од Струмица, ПРОЕКТОТ Чеиз“ на Јана Манева-Чупоска од Скопје, Модна колекција инспирирана од македонскиот фолклор и македонските народни носии на Ателјето Антонија Ристовска од Скопје и проектот Будење на скопски бисери“ на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ од Скопје и други проекти.

Антонија Ристовска, која има 20-годишно искуство како моден креатор и дизајнер оваа година првпат се пријавила на овој конкурс. Нејзината женска колекција, како што кажа на прес-конференција, ќе биде инспирирана од македонската носија, но и од емоциите проткаени во тие парчиња облека. Ова за неа претставувало поттик за промоција на културното наследство. Облеката што таа ќе ја дизајнира ќе биде инспирирана со носиите од дебарскиот и гостиварскиот крај, а делови од овие носии ќе бидат аплицирани на материјали коишто таа ги печати во Италија. Моделите ќе бидат рачно доработени со мониста и туфни коишто се дел од македонските носии.

Поддржаните проекти, делата што ќе бидат создадени со нив, ќе бидат претставени на изложба која се организира на крајот од секоја година. 

Лицата со попреченост можат да аплицираат за добивање грант за самовработување во висина од еден до 1,5 милиони денари во зависност од степенот на попреченост. Лицата со помал степен на попреченост во една календарска година ќе можат да добијат до еден милиони денари, а оние со потешка попреченост, односно  слепи лица или со поголем степен на телесен инвалидитет до 1,5 милиони денари.

Огласот за мерката која е дел од Оперативниот план за активни  мерки и политики за вработување за 2017 година е објавен денеска, а на него можат да учествуваат лица со попреченост кои се евидентирани во Агенцијата за вработување, но и лица со попреченост кои имаат потреба, знаење и желба да отворат сопствен бизнис.

- Со оваа мерка Владата дава сериозна поддршка на лицата со попреченост со цел охрабрување  за отпочнување на бизниси, за развој на бизнисот, нивно самовработување, но и вработување на останати припадници на оваа целна група или, пак, лица кои не влегуваат во рамки на целната група, рече портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција.

Тој прецизира дека на огласот можат да аплицираат  сите лица со попреченост, а во соодветна постапка  водена од Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) и специјална комисија ќе се оценуваат нивните бизнис планови и ќе се дава логистичка поддршка со цел обезбедување можност да се здобијат со средствата. 

- Лицето со попреченост ќе има можност да се здобие  со 270.000 денари основна помош во опрема и материјали од страна на државата и дополнителни 100.000 денари кои ќе бидат наменети за адаптација на неговото работно место во рамките на бизнисот кој има идеја да го води. Постои опција покрај самовработувањето да може да вработи дополнителни две лица кои можат да бидат со попреченост, но и не мора, и за секое од нив да добие по 92.000 денари, како и дополнителна помош од 36.000 денари за технички и логистички потреби, со што се на се се заокружува една сума од 590.000 денари, прецизира Ѓорѓиев.

Покрај тоа, нагласи, по изминувањето на девет месеци од работата на претпријатието, кое ќе биде  основана како резултат на оваа мерка, ќе се стекне со можност да добие дополнителни 20 или 40 просечни плати кои ќе бидат наменети за поддршка.

- Доколку основниот барател на средствата е лице со помал степен на попреченост ќе добие 20 просечни месечни плати, а ако е со поголем степен на попреченост 40. Во првиот случат директната владина помош ќе изнесува еден милион денари во една календарска година, а во вториот 1,5 милиони денари, рече Ѓорѓиев.

Посочи дека искуствата од претходните два циклуса во кои беше реализирана оваа мерка се многу позитивни и додаде дека се воспоставени 115 претпријатија во кои работат околу 150 лица.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски посочи дека за мерката се предвидени почетни средства и додаде дека во зависност од интересот бројот на корисници ќе се прошири.

- Лицата со попреченост од денеска ќе можат да поднесат апликација доколку имаат утврдено степен на работоспособност. Доколку го немаат тоа првично ќе бидат упатени до Комисијата за утврдување на работоспособност и дококу добијат зелено светло ќе бидат вклучени во обука за претприемаштво што ќе трае најмалку пет дена, а во зависност од потребите може да се продолжи додека е потребно. По завршувањето на обуката ќе добијат ваучер со кој ќе можат да изберат екпсерт од листата на АВРМ и заедно со него ќе изработат бизнис план. По тоа ќе биде  доставен до специјалната комисија што ја имаме воспоставено со УНДП и по рангирањето и  добивањето најмалку 60 бода ќе ги добијат средствата, рече Поповски. 

Основните средства што ќе ги добијат ќе бидат 270.000 денари помош во опрема и материјали, бесплатно отворање на компанија од страна на АВРМ, добивање  техничка помош во висна од 36.000 денари од страна на  експерт во  трење од две години од започнување на бизнисот, а во зависност од траењето  на фирмата и бројот на вработени и останатите предвидени средства со мерката.

- Компанијата за лицата со пореченост за целиот  период на нејзиното траење придонесите по основ на социјално осигурување ги плаќа, но во рок од 90 дена Министерството  за труд и социјална политика врши поврат на овие срества на компнијата што ги уплатила, појасни Поповски.