Соопштенија за јавноста

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска се сретна со претставници на Европската банка за обнова и развој, потпретседателот Пиер Хелборн, придружуван од помошник директорот, Олег Левитин, регионалниот директор за Западен Балкан, Холгер Муент, извршниот директор за Македонија, Франс Векерс и директорката на ЕБРД во Македонија, Анка Јоана Јонеску.

На средбата е констатиран поттик на позитивна клима и енергија од новата Влада за развој на Република Македонија.

Претставниците на ЕБРД изразија интерес и подготвеност за помош и поддршка на приватниот сектор во Македонија, преку финансиски проекти што вклучуваат развој и едукација на капацитетите на компаниите, поддршка на инвестиции во инфраструктурата, како и експертска помош во законодавството што се однесува на економскиот напредок на земјата.

„Владата е силно ориентирана кон развој на економијата во Македонија, отворање нови и подобро платени работни места и финансиска стабилизација на семејствата, а со тоа и на државата. Затоа ги разгледуваме и ги земаме предвид сите можности во нашата определба да го помогнеме развојот на домашните компании. Свесни сме дека отворањето на евро-атлантските перспективи ќе биде силен поттик и за странски инвестиции и затоа работиме на интензивна реформска агенда што ќе ги обезбеди“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев ја поздрави долгогодишната успешна соработка на Република Македонија со Европската банка за обнова и развој. Изразена е волја од двете страни за продолжување на соработката преку проекти што можат да придонесат во подигнувањето на животниот стандард на граѓаните во Македонија.

Претседателот на Владата, господинот Зоран Заев, од име на Владата и од свое име на Нотарската комора на Република Македонија, како и на претседателот на комората г-дин Васил Кузманоски им го честита приемот во Советот на нотаријатите на Европската унија (CNUE).

Советот на нотаријатите едногласно ја одобри апликацијата на Нотарската комора на Република Македонија на  Генералното собрание кое се одржа во Шпанија на 16 и 17 јуни годинава.

Со ова македонската нотарска комора се здоби со статус на набљудувач во CNUE.

Нотарската комора на Македонија исто така е член и на Меѓународната унија на нотаријатите (UNIL).

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, испрати честитка за изборот на новата Влада на Република Србија и стапувањето на должноста на Ана Брнабиќ за Претседател на Владата на Србија, со желба за успешна  реализација на идните активности.

„Поаѓајќи од нашите определби за натамошна изградба и унапредување на добрососедските односи, очекувам дека ќе продолжиме со плодната соработка меѓу Владите на нашите две земји, како и меѓу надлежните институции, по прашања од заеднички интерес, како придонес во зајакнувањето на меѓусебните односи.

Сигурен сум дека нашите заеднички напори, воедно дополнително ќе придонесат кон стабилноста, безбедноста и европската перспектива на нашиот регион.

Во очекување на нашите идни средби и соработка, почитувана колешке Брнабиќ, примете ги изразите на моето највисоко почитување“, се вели во честитката на премиерот Зоран Заев.

И понатаму пристигнуваат честитки за изборот на новиот премиер Зоран Заев и за новата Влада на Република Македонија.

Во писмото со најтопли честитки на Генералниот секретар на ОБСЕ, господинот Ламберто Заниер, се истакнува дека новата Влада претставува можност да се забрзаат реформските процеси како и принципите што ги застапува оваа меѓународна организација како што се владеењето на правото и функционирањето на демократски и одговорни институции.

Во писмото со честитки, Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер до премиерот на Република Македонија, Зоран Заев ја пренесува и подготвеноста на оваа организација целосно да ја поддржи новата Влада на Република Македонија во предизвиците што стојат пред неа во наредниот период.

Поддршка за новиот премиер и за новата Влада на Република Македонија пристигна и од премиерот на Косово, господинот Иса Мустафа. Косовскиот премиер изразува убедување дека Република Македонија со новата Влада ќе обезбеди мирна иднина и просперитет за сите нејзини граѓани и дека Република Косово и понатаму ќе биде отворена за развојот на односите меѓу двете соседски земји.

Честитки по повод именувањето на новиот премиер на Република Македонија Зоран Заев пристигна и од лидерот на најголемата опозициска партија на Република Грција, Кирјакос Мицотакис.

Господинот Кирјакос нагласува дека изборот на Зоран Заев за премиер отвора ново поглавје кое најавува промени во односите меѓу двете земји. Лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, во своето писмо со честитки најавува и подготвеност на неговата партија целосно да ги поддржи процесите за стабилност, соработка и економски врски меѓу сите земји во регионот.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев претпладнево се сретна со специјалниот претставник на Обединетите Нации во разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција, Метју Нимиц.

На средбата се разговараше за можностите за придвижување на разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција во врска со спорот што ги блокира евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

Посредникот Нимиц ги поздрави демократските промени во Република Македонија, што отвораат можност за напредок на државата.

Специјалниот претставник на ОН, Нимиц, му честиташе на премиерот Заев за неговите отворени проактивни политики, со коишто демонстрира пристап на решавање на проблемите, во интерес на граѓаните на Република Македонија, но и на регионот.

„Јас и Владата на Република Македонија сме определени кон чекори што ги решаваат проблемите на граѓаните на Република Македонија. За тоа водиме инклузивни политики и така ќе биде и со решавањето на ова прашање, што ќе го водиме исклучително транспарентно, а не затворено како досега, само преку државен консензус, со опозицијата, со Парламентот, со претседателот на државата и со граѓаните на Република Македонија“ рече премиерот Заев.

На средбата заеднички е заклучено дека евро-атлантските  интеграции се потребни за стабилноста и безбедноста на целиот Западен Балкан, но и дека тоа ќе придонесе за потребниот економски развој на државите и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните. Оценето е дека постои позитивна клима за нов импулс во развојот на добрососедските односи, преку чекорите за зголемување на довербата меѓу државите, што може да придонесе и во продолжувањето на процесот на преговори.  

 

“Поттикнавте позитивна енергија што се чувствува во земјата, а ја чувствува и Брисел, преку демократските политики на новата Влада на инклузивност и градење мостови меѓу граѓаните во земјата, добрососедство во регионот и отворена меѓународна соработка. Правецот во којшто се движи Македонија е добар и отвора перспективи за граѓаните и за евро-атлантските апсирации на земјата“. Ова е силната поддржувачка порака што ја пренесе на премиерот Заев, шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија, Бартол. Тој му го честиташе на премиерот Заев преземањето на должноста претседател на Владата на Република Македонија и изрази отвореност на Канцеларијата на НАТО во Македонија, за помош и поддршка во сите чекори што ги прават Владата и нашата држава, за членство во НАТО Алијансата.

„Свесен сум дека е време за лидерство што ќе обезбеди напредок на државата и од Македонија ќе создаде земја на среќни луѓе. Тоа е моја цврста цел, како и на новата Влада. Затоа Владата е одлучна, да ги остави предрасудите во минатото и да ја обезбеди иднината на државата, којашто е во НАТО и во Европската унија“, рече премиерот Заев. 

Претседателот на Владата, Заев, изрази уверување дека активниот реформски процес што го иницира Владата ќе биде сигнал за Европа и за НАТО дека граѓаните и Република Македонија заслужуваат да бидат дел од овие две најголеми меѓународни демократски организации.

На средбата, премиерот Заев го повтори очекувањето дека по Црна Гора, Македонија ќе биде следната земја членка на НАТО, за што од страна на претставниците на Канцеларијата на НАТО во Македонија е изразена јасна поддршка. Договорено е интензивирање на соработката со Канцеларијата на НАТО во Македонија и со земјите членки на Алијансата. На состанокот е констатирано дека фокусот на сите 29 земји членки на НАТО е кон Република Македонија и кон потезите на новата демократска Влада којашто покажа значаен пример, како низ мудри и одговорни политики, може да направат демократски промени.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се сретна со Питер Ван Хојте, европскиот експерт кој на покана на ЗНМ е во Скопје, со цел да помогне во медиумскиот реформски процес, придружуван од претставниците на ЗНМ, претседателот Насер Селмани и извршниот директор Драган Секуловски.

На средбата е изразена заедничка согласност дека медиумите се меѓу најважните столбови на едно демократско општество, во какво што е определена да ја гради Република Македонија, оваа Влада.

Поради тоа, од страна на експертот Ван Хојте и од претставниците на ЗНМ е поздравена иницијативата на премиерот Заев и на Владата, медиумските реформи да бидат меѓу приоритетите во реформскиот процес што го отвори Владата.

„Работиме и ќе работиме активно со претставниците на медиумската заедница во Македонија, со цел да поставиме долгорочно издржани, системски решенија во медиумската сфера, според најдобрите европски пракси. Се отворивме за целиот реформски процес, а тоа важи и за медиумските реформи. Ја консултираме целата експертска јавност. Го консултираме граѓанскиот сектор. Ќе ја вклучиме и опозицијата. Нашата цел е да обезбедиме МРТВ да биде кредибилен јавен сервис, професионално работење на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,  како и услови за објективно и непристрасно работење на сите други медиуми, бидејки интерес на сите граѓани е да бидат навремено и точно информирани“, рече претседателот Заев.

Европскиот експерт Ван Хојте оцени дека премиерот Заев и новата Влада со реформската определеност отвораат перспективи за квалитетен живот на граѓаните и европска иднина на државата и додаде дека е важно разбирањето на Владата за важната улога на медиумите во демократските промени, што очекува да го види и ЕУ. Тој посочи Македонија е на дното по медиумски слободи во извештаите на сите релевантни европски и светски институции и организации токму поради досегашното отсуство на политичка волја да се осигура слобода на говорот, професионално новинарство и заштита на новинарите. 

Претставниците на ЗНМ, Селмани и Секуловски ги соопштија ставовите на ЗНМ и на пошироката медиумска јавност со којашто се во контакт, околу конкретни прашања поврзани со предвидените реформи во медиумите. ЗНМ бара посебно да се обрне внимание на заштита на новинарите од насилства од страна на државни институции, како и од притисоци преку нетранспарентни судски процеси, за што се потенцирани досегашни бројни примери.

На средбата премиерот Заев се заблагодари на европскиот експерт Ван Хојте за неговиот придонес во демократските процеси во Македонија. Исто така премиерот Заев и министерот Поповски најавија интензивна соработка со ЗНМ и претставниците на медиумската заедница во Македонија за сите суштински прашања од интерес за новинарите и медиумите во Република Македонија.  

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, упати честитка до премиерот Еди Рама за победатa на парламентарните избори, на коалицијата што ја предводи.

„Ви ја честитам победата на парламентарните избори, на Вас и на коалицијата што ја предводите, на парламентарните избори во Албанија.

Демократските избори во Република Албанија ја покажуваат определеноста на граѓаните на Албанија кон почитување на европските вредности, коишто се иднината на државата, но и на целиот регион.

Убеден сум дека ќе продолжи Вашата посветеност кон демократските и реформските процеси, според стандардите на ЕУ и НАТО.

Исто така, верувам дека ќе продолжи и пријателската и принципиелна соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија, низ меѓусебно почитување, разбирање и поддршка, во интерес на обезбедување квалитетен живот за граѓаните на нашите две држави, како и за развојот на стабилноста на Балканот во целина.

Перспективите на државите од Југоисточна Европа се во Европската унија и во НАТО и со одлучноста што ја покажуваме како одговорни политичари, уверен сум дека ќе ги осигураме посакуваните и потребните европски интеграции за граѓаните на нашите држави и на регионот“, напиша премиерот на Република Македонија, Зоран Заев во честитката до премиерот на Република Албанија, Еди Рама.  

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Грција во Македонија, Димитрис Јанакакис.

На средбата се разговараше за можностите што ги отвораат политиките на пријателство и на соработка во духот на меѓусебно почитување, што ги покажуваат владите на двете земји.

Констатирано е дека е создадена позитивна атмосфера за градење доверба и за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Грција, за што постои изразена волја од двете страни.

„Пративме позитивни сигнали за добрососедска соработка, затоа што новата Влада е определена кон примена на европските вредности и на политики на градење мостови.  Добиваме назад позитивни сигнали од нашите соседи, што го сметаме за голем исчекор во развојот на добрососедските односи и во отворањето перспективи за граѓаните и за Република Македонија“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев повтори дека стратешки определби на нашата држава се членство на Македонија во Европската унија и во НАТО. Тој соопшти дека новата Влада е силно фокусирана кон потребниот реформски процес за евро-атлантските интеграции, преку усвојување конкретен Акциски план, што одразува колку сериозно е посветена Владата да го подигне квалитетот на живот на граѓаните и да обезбеди напредок на државава. Премиерот Заев и во оваа прилика изрази надеж дека по Црна Гора, Македонија ќе биде следната земја, членка на НАТО.

Грчкиот амбасадор Јанакакис изрази подготвеност за соработка меѓу двете земји на различни нивоа. Во таа насока, на средбата се разгледани и можностите, освен за унапредување на политичката клима на доверба, и за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Грција на полето на економијата и инвестициите, културата, образованието, екологијата, туризмот, енергетиката, што се практична потреба на граѓаните на двете земји.  

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рамон Абароа Каранза.

Шпанскиот амбасадор Каранза пренесе честитка до премиерот Заев од шпанскиот премиер Маријано Рахој, за преземањето на должноста претседател на Владата на Република Македонија, како и за неговите мудри политики што овозможија мирен трансфер на власта и можност за развој на Република Македонија.

Премиерот Заев истакна дека новата Влада е определена кон демократски политики, базирани на европските вредности, затоа што стратешки цели на Република Македонија се интеграциите во Европската унија и во НАТО.

„Владата е посветена на политики на создавање доверба и на градење независни професионални институции во земјата, како и на градење мостови на соработка со соседите и со земјите од демократскиот свет. Република Македонија и нејзините граѓани заслужуваат перспективи и квалитетен живот и ние како Влада сме подготвени на тоа макотрпно да работиме, затоа што веруваме во успехот што следува“ рече премиерот Заев.

На средбата се потенцирани како важни инклузивните политики на премиерот Заев и новата Влада во престојниот процес на демократизација на општеството. Како посебно значајни се посочени реформите во правосудството, за да се овозможи функционирањето на правната држава и достапност на правдата за сите граѓани во државата.