Соопштенија за јавноста

 

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Дозволете, во присуство на Министерот за финансии, да ве информирам дека Владата денеска го усвои ребалансот на буџетот и го достави до Собранието и тоа според предлог кој произлезе од сеопфатната и детална анализа на Министерството за финансии, коешто од доаѓањето на Министерот беше целосно посветено за да ги испегла, нивелира и внимателно да ги проектира сите буџетски ставки во приходниот и во расходниот дел.

Основната цел кон која стремеше Владата беше да креираме ребаланс кој на најдобар можен начин ќе ги усогласи разликите од проектираното и оствареното, како и да се предложи буџет кој ќе овозможи реализација на политиките од програмата на новата Влада за кои дадовме ветување пред сите граѓани на Република Македонија дека ќе бидат остварени според  предвидената динамика.

Преку овој ребаланс, ќе се овозможат услови за непречено спроведување на финансиските политики на новата Влада и со тоа ќе се создадат неопходните услови за сервисирање на граѓаните и на економијата во земјата.

Основниот инструмент што го применивме за овој ребаланс беше да ги скратиме непродуктивните трошоци со што постигнавме заштеда на значајни финансиски средства кои ќе бидат наменети токму за потребите на граѓаните.

Треба да имаме предвид дека ребалансот на буџетот не е нов буџет, туку станува збор за негова адаптација, при што ваквото прилагодување е направено со проекција со која приходите за наредниот период се сведени на реални очекувања, а буџетскиот дефицит не е зголемен, односно е проектиран на 2,9 отсто од бруто домашниот производ.

Ребалансот на буџетот е правен и врз основа на проекциите за растот на економијата, односно бруто домашниот производ. Проекцијата на претходната влада била дека БДП-то за 2017 година ќе изнесува 3 отсто. Имајќи предвид дека во првиот квартал растот на БДП-то изнесуваше 0 отсто, нашите проекции се дека до крајот на годината ќе постигнеме раст од 2,2 отсто. Тоа е реална проекција, ако имаме предвид дека Светската Банка ни предвидуваше 2,8, а Народната Банка на Македонија 2,7 отсто.

Овие интервенции и вака дизајнираниот ребаланс се резултат на домаќинското работење на оваа Влада.

Дозволете ми да го аргументирам овој наш став. Имено, измените кои обезбедуваат домаќинско работење и ребаланс на буџетот се однесуваат на:

   Ревидирање на приходната страна на буџетот за 1,5 отсто надолу, односно за 2.907 милиони денари, во согласност со остварувањата во првите шест месеци од годината.

   Реалоцирање на средства помеѓу буџетските корисници наменети за исплата на плати.

   Алоцирање на дополнителни 1245 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да се обезбеди непречена исплата на пензиите и трошоците за вториот пензиски столб, нешто што требало да биде проектирано уште при проекциите на буџетот, како и дополнителни 200 милиони денари за навремена исплата на СИТЕ загарантирани социјални права на граѓаните на Република Македонија.

   Намалување на сите непродуктивни трошоци на Владата и на сите нејзини институции како што се службените патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање. Во оваа насока трошоците се намалуваат за повеќе од 10 отсто.

Кога сме кај овие трошоци, сакам да ве известам дека најголемо кратење во оваа ставка е направена кај буџетот на премиерот, или ставката Влада на РМ.

Вкупните средства со ова кратење од премиерскиот буџет изнесуваат нешто повеќе од 420 милиони денари. Тоа се средства кои беа планирани да бидат потрошени за кампањи, емитување и реемитување на рекламни спотови во странство, како и за селективна распределба на одредени граѓански органзации.

Колку за споредба, во досегашната пракса ниту еден ребаланс на буџетот не посегнувал по кратење на премиерскиот буџет. Напротив, буџетот на претходните премиери од година во година само растел.

Почитувани,

Овој ребаланс, што го ставаме на усвојување пред пратениците во Собранието, потврдува дека оваа Влада со своето домаќинско работење покажува конкретна грижа и поддршка за граѓаните на нашата земја, за подобрување на животниот стандард, како и за поддршката за малите и средни претпријатија.

Токму во оваа насока со измените и дополнувањата на Буџетот за 2017 година се обезбедени средства за:

   Субвенционирање на минималната плата, со цел истата да изнесува 12 илјади денари, од први септември. Со оваа мерка се предвидува владата да субвенционира околу 70 отсто од потребниот пораст на бруто платата, а со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 70 илјади наши вработени сограѓани;

   Со ребалансот на буџетот трајно ќе се реши проблемот на стечајните работници кои досега не беа опфатени со постојните законски решенија. Тоа се сите овие наши сограѓани кои со години, и на лето и во студови протестираа ширум земјата. Со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 3000 лица и нивните семејства кои ќе се стекнат со право на месечен надомест;

   Кратењето на непродуктивните трошоци во буџетот ќе обезбеди и поддршка на домашниот туризам, преку субвенционирање годишен одмор за  работниците со ниски приходи во износ од 60 милиони денари. Тоа се пред сѐ работниците од кожарската и текстилната индустрија. Тоа значи поддршка и за туристичките капацитети во Република Македонија и годишен одмор за најслабо платените работници.

Тоа го обезбедува оваа Влада со измените и дополнувањата на буџетот за 2017 година.

И тоа не е се’:

   Со износ од 9 милионии евра, или приближно 500 милиони денари, ќе се дополнат активните политики и мерки за поддршка за нови вработувања. Кога го најавуваме ова пред сѐ ги имаме предвид младите и проектот „Гаранција за млади“ како дел од програмата на оваа Влада, со што на секој млад човек државата ќе му понуди или вработување, или дошколување, или практика и тренинг, за да биде конкурентен на пазарот на трудот, за да сака да останe да живеe и да работи во својата земја, Македонија;

   Со околу 135 милиони денари ќе се обезбеди поддршка за малите и средни претпријатија како и за поддршка на домашни гринфилд инвестиции. Тоа значи, штом ќе се донесе ребалансот на буџетот, условите што важеа за странските компании, од истиот момент ќе важат и за домашните компании. Поддршка во делот на ослободување од  даноците, персоналниот и данокот на добивка, директна поддршка во инфраструктурата, директна државна помош во зависност од бројот на работни места, како и во зависност од степенот на користењето на суровини од домашно потекло;

   Со овие измени и дополнувања на буџетот се обезбедуваат 500 милиони денари за поддршка во привлекувањето донации од ИПА програмата за интензивирање на активностите поддржани од Европската Унија, во предпристапниот период на нашата земја во евроинтеграциите.

   Ќе го поддржиме проблемот на земојделците којшто циклично се јавува секое лето и есен со директен државна интервенција со конечна цел да ги заштитиме земјоделците во делот на постигнување на онаа цена која што за нив значи минимум трошоци во нивното работење. Од први септември ќе почнеме со решавање на акутни прашања за земјоделските работници и со животот на село. Ќе почнеме со постапка на нивелирање и тампонирање на полски патишта ширум цела Македонија во вкупна вредност од 30 милиони денари, и уште неколку друг мерки кои тековно ќе ги најавуваме.

Почитувани,

Од макроекономски аспект ќе се задржам на само неколку поенти.

Приходите од даноците било предвидено да се остваруваат со стапка од 8,9 отсто, додека Министерството за финансии оваа стапка ја проектира на 6,9 отсто.

Вкупните приходи претходната владина гарнитура ги планираше во висина од 187,6 милијарди денари, додека нашите проекции за до крајот на годината се задржуваат на бројката од 184,7 милијарди.

Расходите биле позиционирани на 206, 2 милијарди денари, додека со овој ребаланс тие се проектираат на 203,3 милијарди.

Проектираниот буџетски дефицит за оваа година е 18,6 милијарди денари, односно 2,9 отсто од Бруто домашниот производ, односно тој не е зголемен ако се знае дека претходната влада го позиционираше на 3 отсто.

Почитувани граѓани, рековме дека парите ќе одат кај граѓаните, дека ќе растат платите, дека ќе ги поддржиме домашните претпријатија за нови работни места.

Токму поради тоа, еве не` денес, пред вас, исправени, со вистинска реформа со која создаваме услови за нови финансиски и економски политики, нови политики кои живот значат, живот за сите во Македонија!

Благодарам за вниманието.

Информацијата дека во зградата на Владата на Република Македонија се блокирани одделни медиуми е објавена без соодветно и неопходно објаснување. Најточната интерпретација на привремениот прекин до пристап до одделни интернет страници, е дека станува збор за интервенција, за која постојат сериозни индиции дека се работи за намерна саботажа за да се создаде слика дека новата Влада не е транспарентна и отворена за критики.

Утврдено е дека блокирањето на пристапот е само кај дел од персоналните компјутери во Владата, но не и во целиот систем, што јасно укажува дека е направена блокадата во оној дел каде што некој имал пристап.

Набргу по утврдувањето на состојбата, Секретаријатот на Владата презеде соодветна постапка и интернет комуникацијата во зградата на Владата е вратена во редовна состојба каква што е постојано. Тоа само ги потврди сомневањата дека некој од затекнатите вработени во владините служби преземаат чекори со намера да ја компромитираат работата на новата Влада.

Сите надлежни служби вршат соодветни проверки за случајот и за утврдената одговорност јавноста ќе биде информирана.

Сакаме да ја увериме јавноста дека Владата на Република Македонија никогаш нема да отстапи од декларираниот принцип за целосна транспарентност, одговорност, отчетност и отвореност.

Феномените каков што е овој, блокирање и пропагандистичка хајка, беа секојдневие на претходната влада. Промените што настанаа и што ги спроведува оваа Влада се креирани овие појави да бидат само сеќавање дека биле редовна пракса за време на претходната власт.

 

На иницијатива на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во Македoнската акaдемија на науките и уметностите (МАНУ) се одржа средба со претседателството и со раководителите на одделенијата на академијата.

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменикот претседател на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министрите за правда и економија,  Биљен Саљији и Крешник Бектеши, како и од високи раководители од неколку други министерства, ги поздрави и срдечно добредојде им посака претседателот на МАНУ, академик Таки Фити.

Претседателот на Владата на Република Македонија истакна дека една од главните причини поради која што е иницирана оваа средба e да се отворат процеси на соработка за да бидат вградени сите сугестии на МАНУ во актуелните политики што ги иницираше Владата. Премиерот Заев нагласи дека во оваа фаза од развојот, согласност на принципите за инклузивност, на Република Македонија ѝ треба знаењето и мудроста на сите нејзини граѓани, а особено научните работници во МАНУ. Претседателот на Владата изрази длабоко уверување дека академијата има потенцијали кои можат да бидат значаен дел од успехот што треба да го постигне Република Македонија после кризниот период во сите области.

Премиерот Зоран Заев укажа на фактот дека Република Македонија има исклучителна поддршка од Европската Унија и од останатата меѓународна јавност и дека оваа историска прилика е мотивација и за научните работници во МАНУ да бидат дел од процесите кои од Македонија ќе направат уште една успешна европска и регионална приказна.

Пред членовите на Претседателството на МАНУ и пред другите присутни свое обраќање имаше и заменик претседателот за европски прашања, Бујар Османи кој истакна подготвеност и отвореност за учество на академијата и на одделни нејзини членови во имплементацијата на Планот 3 – 6 – 9 како стратешки патоказ за реформи кој има за цел да ја отстрани условеноста на препораката за преговори со ЕУ.

Тој изрази надеж дека досегашната соработка на МАНУ преку Советот за соработка меѓу академијата и Секретаријатот за европски прашања во наредниот период ќе добие нова продуктивна соработка за остварување на заедничката цел.

Академик Фити изрази благодарност што до оваа посета на премиерот на највисоката научна установа во земјата дојде токму од премиерот, уште повеќе што ова е прва посета на највисока владина делегација на институција надвор од составот на државните органи.

Академик Фити ги запозна гостите со работата на МАНУ, како и со активностите кои академијата ги подготвува во пресрет на свеченоста по повод значајниот јубилеј – 50 години од основањето на МАНУ. Во својот поздравен говор претседателот на академијата изрази уверување дека голем дел од активностите на оваа институција има проекти кои можат да бидат од исклучителна полза за владините политики и изрази подготвеност одделенијата на академијата и нејзините членови да учествуваат со совети во предзвиците што стојат пред новиот владин состав.

Во дискусијата на средбата на високата владина делегација во МАНУ учествуваа и повеќемина академици со поддршка на иницијативите искажани во оваа прилика.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на манифестацијата важна за бизнисот во Југоисточна и Средна Европа, „Најменаџер и најкомпанија за 2017", во Сараево, доби специјално признание, „Европска личност на годината" и „Носител на позитивни промени во регионот", за ангажирање по прашања од политиката, бизнисот и економијата, развивање и јакнење на пријателски, регионални и меѓународни соработки, како и за создавање услови за унапредување и подобрување на животот кај граѓаните.

Неговата порака е дека благодари за довербата, што ја добива втора година по ред со најава дека ќе ги унапредува заедничките односи во интерес на целиот регион.

Премиерот Заев присуствуваше на традиционалниот бизнис собир, што се одржува 36 пат во Сараево, во организација на Независната европска агенција, Европско здружение на менаџери и списанието Еуроменаџер, во партнерство со надворешно-трговската комора на БИХ, на којашто доби признание од позиција на премиер, а лани доби награда за најдобар градоначалник во Југоисточна Европа за 2016 година. 

Премиерот Заев денеска се сретна со претседавачот на Советот на министри на БИХ, Денис Звиздиќ, а вечерва има работна вечера и со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.

Пораката на високо политичко ниво од Сараево е дека постои силна определеност за меѓусебна соработка со цел интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ и НАТО.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација на економските ресори Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, денеска се сретна со над 200 претприемачи, бизнисмени и стопанственици од бизнис секторот на работна средба во организација на Стопанските Комори на Република Македонија.

Премиерот Заев ги слушна барањата и предлозите на стопанствениците и ја изрази цврстата определеност на Владата да ја интензивира соработката со бизнис заедницата како и одлучноста низ взаемна консултација да се носат одлуките во креирањето и спроведувањето на економските политики.

,,Владата ќе биде успешна ако соработува со бизнис заедницата. Бизнис заедницата има свој претставник во Владата преку заменикот претседател задолжен за економски прашања и наша цврста определба е да обезбедиме инклузивен процес и бизнис заедницата преку свој репрезент да учествува во секојдневното работење на Владата, одлучувањето и транспаретноста. Постои огромна мотивација и добра соработка помеѓу економските ресори во Владата, желбата да бидеме сервис за бизнисот и граѓаните е голема и очекуваме резултати од ваквата успешна соработка“ истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев, пред претставниците на бизнис секторот, ги презентираше економските политики на Владата со кои силно ќе се поддржат домашните фирми и ќе се обезбедат услови за нивен раст и развој. Владата исто така, посветено ќе работи на поврзување на домашните фирми со странските инвеститори и за таа цел ќе овозможи поддршка за странските и домашните инвеститори кои во процесот на производство ќе употребуваат домашни производи. Како што најави премиерот Заев со новиот ребаланс на буџетот ќе се кратат непродуктивните трошоци и  тие пари ќе се алоцираат за поддршка на стопанството.

Свое обраќање пред стопанствениците имаше и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори Кочо Анѓушев, кој потенцираше дека Владата ќе биде партнер на стопанството и дека со државна помош и поддршка ќе се поттикнуваат домашните фирми да бидат извозно ориентирани.

Претставниците на бизнис секторот ги пренесоа своите видувања и дадоа конструктивни предлози и идеи во функција на подобрување на условите за водење бизнис и за зголемување на соработката помеѓу државата и бизнис секторот. Заклучено беше дека ваквата суштинска соработка помеѓу Владата и бизнис секторот ќе продолжи и во иднина.

 

 

 

 

Одговори на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на новинарските прашања на прес конференцијата на 05.07.2017

П1:Кој е вашиот став за хомосексуалните бракови и кога очекувате ова прашање да се најде на дневен ред во Собранието?

Сакаме да ја слушнеме дебата по сите по сите проблеми и можни решенија на самите проблеми. Нашиот став како влада, но и како политички партии, е почитување на различностите и градење на еднакво општество за сите и остануваме на тие ставови и дополнително мотивирани за изнаоѓање на решенија. Владата не е најстручна по ова прашање, ги повикуваме стручните луѓе, експертите да ни презентираат меѓународни искуства, да отворат дебата во јавност, да ја слушнеме нашата јавност и согласно тоа да одиме со процедурите за изнаоѓање на решенија за ова прашање.

П2: Има уште помалку од еден месец до потпишувањето на договорот со Бугарија што го најавивте. Можете ли да ѝ откриете на јавноста што содржи тој?

Ние најавивме дека следи средба на министерско ниво и нивните кабинети каде што треба да најдат решение за едно мало, техничко прашање што мора да го решиме за да имаме официјално заокружен дел. Претстои период каде што министрите и кабинетите ќе го направат тој состанок и се надевам дека тогаш ќе биде решено прашањето. Некаде пред потпишувањето имаме намера да го објавиме договорот, да го отвориме на дебата, да го видат сите и дадат свои коментари. За мене тоа што ќе биде потпишано, надевајќи се дека тоа отворено прашање ќе биде решено, навистина отвара сериозни врати кон убави евроатлантски перспективи на Македонија, но и кон зголемување на билатералната соработка меѓу двете земји. Тоа е потврда за нашата посебност и во делот на идентитетот, народите и она што значи историја, но и потврда на заедничката историја којашто не само меѓу Македонија и Бугарија, туку и целиот Балкан и Европа ја споделува.

П3: Ќе побара ли извинување г. Димитров за изјавите на неговата колешка дека Македонија е дел од Бугарија, дека не постои македонскиот јазик и зошто немаше реакција? Во кој дел ќе се менува историјата, бидејќи тоа беше најавено?

Тоа што е наша посебна историја е само наша посебна историја. Тоа што е заедничка историја е и европска историја, но и балканска историја. Не прејудицираме да менуваме нешто од историјата, но ние може да ја промениме иднината и тоа зависи од нас. Ако бидеме мудри ќе отвариме блескава иднина за нашите граѓани на РМ, а со тоа ќе влијаеме и на подобра иднина на граѓаните на Република Бугарија. Јас на целиот овој процес гледам повеќе како шанса да ги наоѓаме начините како тоа ќе се зближиме и соработуваме. Затоа апелирам на позитивниот аспект на гледање на работите, но и транспарентниот и одговорниот аспект кадешто и граѓаните и институциите се тие кои на крајот ги носат самите одлуки.

П4: Ќе има ли промени во учебниците за историја?

Договорот се осврнува на тоа прашање дека ќе седнат експерти и историчари од двете земји и доколку постои некое проблематично прашање,тоа е прашање на историчарите.

П5: Од септември администрацијата ќе работи две смени. Дали тие што се вработени и седат дома ќе земаат плата или ќе се вработат нови?

Сите што засновале работен однос и што го исполнуваат законскиот услов за работниот однос, ќе бидат веднаш започнати постапки за нивно распределување и нивно ангажирање. Тие мора да бидат продуктивни во рамките на 8часовното работно време било каде, и во јавниот и приватниот сектор. Суштината на одлуката којашто беше вчера донесена и беше презентирана во јавноста, е флексибилноста во работното време, со можноста за втора смена во јавната администрација, но и опцијата на вработените во јавната администрација покрај 8.30, да почне во 7.30. Тоа ќе им даде можност на родителите за грижа на своите деца пред градинките, училиштата и ќе определуват можности. Ќе треба посериозна организација на раководителите во самите институции, но ќе даде убав позитивен аспект на семејството. На важноста на грижата кон децата, на важноста на човечноста во општеството. Ја отвараме оваа дебата, сакаме да ги слушнеме граѓаните, но пред сѐ вработените во јавната администрација, но знам дека тие не мораат да напуштат работно место за да добијат одобрение за градба. Можат кога се во делот на втората смена, тоа да го завршат во првата смена. Тоа е апсолутно во делот на слободата, демократијата и можностите што општеството треба да ги понуди.

П6: Вчера имавте одлука за поголеми субвенции на една голема група на граѓани. Можете да ни кажете повеќе околу тоа?

Владата сериозно вчера дебатираше за начинот како да изнајдат средства во постојниот буџет за да интервенира согласно определбата за интервенционизам на владата за потреби на граѓаните. И реално земјоделството е таква дејност која негува и чуствува потреба од интервенционизми кога има дисторзија на пазарот. Конкретно тоа е бостанот.Пред неколку дена беше бресквата. Вчера Владата донесе одлука за дополнителни субвенции од два денари на сѐ што е предадено на регистрираните откупни пунктови од 3 до 15 јули. Тоа е дневно околу 500 тони бостан. Некаде околу преку 5-6 илјади тони директно ќе ги надомести трошоците за продукцијата на земјоделците од цела држава во делот на земјоделскиот производ бостанот. Мерката веднаш се имплементира, а буџетските средства се обезбедени од програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој и верувам дека тоа ќе значи директна поддршка на самите граѓани. Ако имаме повеќе пари пуштени кон граѓаните, нема зијан од таа работа. Парите ги употребуваат граѓаните за своите давачки.

П7: Граѓаните не се согласуваат со отварање на рудници во југоисточниот регион, првиот во Иловица, вториот во Казандол, и тие се уплашени дека тоа може да го уништи животниот простор таму и да го промени начинот на живот. Како Владата ќе реагира на сето ова, ако се знае дека граѓаните во целост ги одбија овие проекти. Како ќе се справите со овие барања на јавноста?

Оваа Влада е декларирана како Влада на граѓаните и нема поважно од животот и здравјето на граѓаните и апсолутно ги разбираме грижите коишто преку референдум ги прават кон исчекор да ја анимираат јавноста, но пред сѐ институциите. Владата на РМ нема ништо против рудниците, но постапките мора да бидат запазени. Еколошките студии, геотекстилот во заштитата, контролната улога на граѓаните внатре, сите аспекти согласно законот ќе ги разгледаме, но потенцирам нема поважно од животот и здравјето на граѓаните. Апсолутно државата е подготвена да се откаже од свои приходи во буџетот или било што друго наспроти императивот животот и здравјето. Веќе работат стручните служби да реагираат согласно референдумите. Она што е согласно закон и Устав, ќе биде постапено, во интерес пред сѐ граѓаните, но и во интерес на инвеститорите кои добиле дозвола за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини. Јас сум убеден дека можат се најдат решенија пред сѐ и над сѐ во интерес на граѓаните, а потоа и во интерес на инвеститорите.

П8: Колку министерството за финансии ја задолжи државата овој месец додека сте на власт, ако се знае дека бевте најголем критичар на задолжување преку државни записи? И уште едно прашање, министрите во анкетните листови покажаа богатство околу 40 милиони евра, коли, станови, имот, а велите дека во изминатиов период владеел режим. Како во режим стекнале толкав капитал?

Прво ние го реализираме буџетот донесен од претходната влада во кое има проектирано задолжување и ние го реализираме тоа. Никогаш не ветивме дека ќе престанеме со задолжување, заради тоа што би било мисловна именка. Невозможно е да се одржи буџетот вака проектиран, вака истрошен и целосно руиниран после целото ова непродуктивно трошење, без краткорочните и долгорочните задолжувања. Точно тоа што се случува со купување на пари од домашниот пазар е реализација на приходниот дел на буџетот за да може да биде следен расходниот дел на буџетот.Ниту повеќе, ниту помалку. Во другиот дел каде што декларирате богатството наспроти режимот... Режимот ја ограничи слободата од секој аспект. Тоа не значи дека луѓето немале право на живот, борбата продолжила, еден дел имат во наследство, еден дел се дојдени во Владата како експерти, дел се предложени од коморите, дел од граѓанските организации. Јас сум директно политичар кој што јавно го декларирам својот имот и не се срамам од тоа. Тоа е имот стекнат од моите родители, така е и од мене, од моето претходно работење, но и така е и со другите партиципиенти во Владата. Апсолутно, режимот го застанал севкупниот развој на граѓаните, така и на тогашните опозиционери, независни луѓе во општеството, но вкупно режимот беше преклопување на сите слободи и права во државата. Рековме украдена држава, узурпирана држава.

П9: Како ја коментирате иницјативата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на радиодифузната такса?

-Веројатно долго време е ВМРО-ДПМНЕ власт, па е малку изгубен во делот на опозицијата, малку повеќе е тоа од лицемерие што се прави. Единаесет години апели имаше за укинување на радиодифузната такса, и еве сега преминаа во опозиција и предлагаат закон преку кој се укинува радиодифузната такса. Ние ветивме пред граѓаните укинување на радиодифузната такса  и јас се надевам дека во оваа постапка на ребалансот на буџетот ќе изнајдеме средства  ако не повеќе во последниот квартал да ја нема радиодифузната такса. Наша цел е почетокот на септември, или еве, последниот квартал  почнува од почетокот на октомври, да ја укинеме радиодифузната такса. Насочени се сите капацитети на владата да изнајде решение една четвртина од потребите за финансирање на МРТВ, но и на СРД, МРД, како директна област, Македонска пошта којашто имала приходи од  дистрибуција, Управа за приходи одредени расходи, комплетен пакет, за да можеме согласно законско решение коешто го ветивме да ја укинеме радиодифузната такса. Јас се надевам дека иако оваа Влада почна од средината на годината, сепак одредени мерки ќе ги имплементира до крајот на годината и една од тие мерки е секако укинувањето на радиодифузната такса. Нека го почекаат законот од страна на опозицијата, ќе имаат можност да го поддржат во Собранието, а наша обврска ќе биде да најдеме пари, сѐ со цел да гарантираме финансиска независност на МРТВ, но и професионална управавувачка независност на националниот Радио сервис МРТ.

П10: Кажете ни нешто повеќе за со настанот во Црна Гора, на 2 август, на кој ќе се сретнете и со американскиот потпретседател Пенс?

Јас верувам дека за време на празникот и во очи на празникот да ги изменаџираме двата настани. Македонија има огромна чест да биде прв домаќин заедно со Црна Гора на потпретседателот на САД, којашто за нас значи силна поддршка на севкупниот регион, и тој состанок почнува во Црна гора некаде после пладне. Јас сум убеден дека можеме дел од активностите при официјалната државна посета на Бугарија на Македонија  да ги завршиме во очи на празникот и заради празникот, тоа е први август, секако да го одбележиме празникот рано наутро колку е тоа возможно, да се поклониме пред еден споменик од заедничката историја, и веднаш  да стигнеме во Подгорица и да го менаџираме процесот. Но тоа е само засега наша замисла, се надевам дека и бугарската страна ќе го прифати, за да можеме да ги движиме двете агенди паралелно.

П11: Може ли уште едно техничко прашање за договорот за добрососедство со Бугарија...?

Одговорите на решението ова прашање и јас и премиерот Борисов ги дадовме во нашите настапи во Бугарија, пред медиумите. Се работи за нешто за кое ние немаме предрасуди да не го зборуваме, да не го декларираме, а тоа е делот на народите, делот на заедничката историја, формулациите во делот на определбата на  заокружувањето на еден процес. Така да, од драматургиите околу предавство, околу лоши позиции на Македонија апсолутно нема потреба. Ниту Бугарија има предрасуди, ниту ние имаме предрасуди во вој дел. Да бидеме храбри, време е за лидерство да ги отвараме процесите и да изнаоѓаме решенија кои ни ја кочеле Македонија и перспективите на граѓаните. Апсолутно неплашејќи се од дебати, критика и различни ставови по ова прашање. Јас сум убеден дека овој договор треба да биде ратификувн во Парламентот, и тоа Парламентот како институција која ќе се изјасни за конечноста на евентуалното потпишување на договорот.

П12: Кога би се знаело името на новиот јавен обвинител и поднесениот закон на опозицијата да го предлага обвинителот?

Па, ќе го дефинирам како мало лицемерие. Ние ветивме после втората година на предлог на опозицијата да има јавен обвинител. Сега на Македонија, исправена пред реформите, и треба најврвниот експерт што може да си го најдеме дома за да биде државен обвинител. Тоа е првиот чекор кон враќање на правната држава, покрај СЈО и блескавата надеж на враќањето на правната држава. Сега дојде нова Влада предводена од тогашната опозиција треба да покаже на дело дека навистина е за враќање на правната држава. Јас очекувам експертско решение. Секако првиот чекор е разрешувањето од страна на Парламентот на Марко Зврлевски, објавување веројатно, не ги знам постапките, на конкурс, мислење од  Советот на обвинители, одлука на Влада како предлог и донесување на конечна одлука на Собранието. Мислам дека се такви постапките. Со целата транспарентност и дебата во нашето општество и слично. Би сакал уште неколку прашања да адресирам, според мене важни за граѓаните, сакам да ги охрабрам граѓаните на Охрид поради стравот од земјотресите, што е многу природно, многу човечко, земјотреси никаде во светот не можат да се предвидат, па ни во Македонија, но тоа што е тенденција согласно ИЗИИС, го споделија со нас дадоа свои ставови јас сакам само уште еднаш да го кажам. Тенденцијата е на стабилизирање на движењето на подземните плочи така да треба да бидеме храбри да продолжиме со секојдневните активности. Државата стои на располагање, Владата, сѐ што треба да асистираме на граѓаните, но лично јас очекувам дека нема потреба од понатамошно стравување. Во делот на Колска и проблемот кој е изразен во јавноста, ние одржавме состанок, јас и министерот Сугарески. Министерот Сугарески веќе ги пушти 2,7 милиони денари за платите на Колска, и имаме определена по закон процедура во денови за одблокирање на сметките. Тоа е правна процедура, законот не треба да е крши. Штом ќе биде одблокирана сметката од  УЈП новата директорка работи на тоа, платите веднаш ќе бидат исплатени на граѓаните.

Сакам да ја искористам, исто така, приликата, да упатам апел до граѓаните дека оваа Влада е цврсто решена на изнаоѓање на проблеми кои се присутни кај граѓаните, во функција на решение на тие проблеми. Владата  унисоно стои на брзо донесување на законот за употреба на јазиците. Сакаме да ги почитуваме демократските процедури и ќе одиме со одлуката како што заменик претседателот на Владата го соопшти тоа што е напишано, но апсолутно ние гледаме на ова прашање како предизвик да се реши ден поскоро, заради тоа што треба да преминеме на она што е најважно, а тоа се економските проблеми на граѓаните. Сакам да ги повикам сите државни и општински институции да номинираат да достават готови проекти за школи за болници за патишта, за водоводи, за канализација, за инфраструктурни проекти. Ни требаат за реализација и креацијата на идните буџетот. Но, сакам да отворам и јавна дебата за младинската гаранција, тоа значи директно посочување на финансиски средства околу понуда за работни места, алтернатива на младите за нивно дошколување или нивно вработување. Ја отварам дебатата таа ќе биде составен дел и од идното буџетирање на Владата директно преку ребалансот, сакам да ја отворам Радиодифузната такса. Нека постои дебатата. Сакаме да ја имплементираме барем во последниот квартал на оваа година, да ја отворам дебатата за минималната плата, очекуваме првите решенија да се случат кон крајот на оваа година. Очекувам дебата по делот на решавање, конечно на проблемот на стечајците којашто министерката за труд и социјална политика веќе ја отвори. Се надевам ќе најдеме резерви во буџетот за и тие луѓе конечно бидат, ја дочекаат правдата и правото кое што го имаат. Отворам дебата за инвестициите во енергетиката, кои што Потпретседателот ги најавува комплетно, но и севкупно во нашата економија. Поддршка на туризмот, преку поддршка директно од буџетски средства, на работниците барем од неколку нископлатени дејности, во делот на нивното летување во нашите домашни центри, како алтернатива на пона што до сега беше. Отварам дебата и покана за зголемување на градежништвото во Македонија. Проекти кои чекаат поддршка од Владата, да дојдат во нашите економски ресори да добијат поддршка затоа што градежништвото е двигател на економските аспекти. Отварам дебата од потребата за тампонирање и гребење на полските патишта во земјоделските средини заради овозможување на поголемо земјоделско производство и квалитетен живот на земјоделците, но и за депониите во државата и за други отворени прашања. Сакаме да го слушнеме гласот на стручњаците, на граѓаните, на заинтересираните, за да може Владата во вистинска рамка да ги носи своите одлуки.

 

 

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се сретна со амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.

На средбата се разговараше за неопходните медиумски реформи коишто се меѓу приоритетите во реформскиот акциски План 3 – 6 – 9 на Владата.

„Нашата цел е да овозможиме професионално работење на јавниот сервис, МРТВ, медиумите и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, затоа што граѓаните имаат право на објективни, навремени и точни информации“ рече министерот Поповски.

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Поповски нагласи дека за новиот Закон за медиумите Владата отвори широка дебата којашто ги опфаќа сите засегнати страни како и општествената јавност, а се земаат предвид и европските искуства.

На средбата е поздравена одлучноста на Владата за транспарентно и отчетно работење на владините и државните институции како европска демократска вредност и во интерес на граѓаните на Република Македонија. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски.

Полскиот амбасадор Мултановски му го честиташе на премиерот Заев преземањето на должноста претседател на Владата на Македонија и оцени дека постои позитивна промена на расположението во Македонија  во насока на отворени можности што ги препознаваат и граѓаните, а и меѓународната заедница.

„Нашата цел е пробив во евро-атлантските перспективи затоа што иднината на граѓаните и на Македонија е во Европската унија и во НАТО. Голем реформски процес е пред нас, но со Планот 3 – 6 – 9 започнуваме акција за да ги спроведеме неопходните реформи и да ги отвориме перспективите за луѓето и за државата“, рече премиерот Заев.

На состанокот е изразена поддршка на инклузивните политики што овозможуваат вклучување на сите во неопходните демократски промени, како и за политиките на добрососедство кон што е определена новата Влада.

Амбасадорот на Република Полска потенцираше и дека Полска ја поддржува Македонија во евро-атлантските аспирации.

На средбата беше констатирано дека се создадени услови за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Република Полска на полето на културата, економијата, трговијата, а се разговараше и за можноста за помош од Полска којашто има искуства во програми коишто се однесуваат на употреба на средства од европските фондови во функција на потреби на граѓаните. 

Почитувани граѓани, почитувани медиуми,

Владата на Република Македонија го прави првиот чекор за сериозен пробив кон евро-атлантските интеграции, после големиот долгогодишен застој на државата.

Еве го Планот 3 – 6 – 9 што отвора перспективи на Република Македонија и на граѓаните кон Европската Унија и кон НАТО и којшто значително ќе го подигне квалитетот на живот во државата.

Тоа што Владата го создаде овој реформски документ значаен за иднината на Македонија, само месец по формирањето, и како што ветивме, отворено, инклузивно и транспарентно, со сите засегнати страни, ја покажува нашата силна определеност, да бидеме максимално одговорни кон обврските што ги презедовме. Република Македонија да биде почитувана држава на достоинствени граѓани, Македонија за сите.

Еве оттука почнуваме.

Ова е почетната точка, Планот 3 – 6 – 9, на итните реформски приоритети, што вчера го усвои Владата на Република Македонија.

Планот го насловивме 3 – 6 - 9 затоа што ги означува наредните временски точки на нашето заедничко придвижување напред.

За три месеци треба да ги заокружиме првите реформи.

Целта ни е до одржувањето на локалните избори да обезбедиме аргументација за Европската Комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.

За 6 месеци планираме да го заокружиме вториот реформски круг. Целта ни е до Советот на ЕУ во декември 2017 да покажеме сериозни резултати во повеќе области што ќе ја зацврстат перцепцијата за Македонија како сериозна земја кандидатка на Европската Унија.

За 9 месеци имаме намера да ги имплементираме третиот круг реформи, за до следниот Извештај на ЕК за Македонија да ги насочиме  земјите членки на Унијата кон дискусија за утврдување на датум за претпристапни преговори на Европската унија со Република Македонија.

Ова очекувам во брзо време да ги обезбеди и перспективите на Македонија во НАТО Алијансата. 

Најавувам:

-    Демократски Парламент;

-    Реформи во судството;

-    Реформи во медиумите ;

-    Борба против организираниот криминал и корупцијата ;

-    Реформи во јавната администрација ;

-    Реформи во безбедносните служби ;

-    Услови за фер и демократски избори според препораките на ОБСЕ/ ОДИХР и сите други релевантни меѓународни организации ;

-    Кохабитација со претседателот на државата.

Владата ќе продолжи да соработува со граѓанското општество како рамноправен партнер и коректор на нејзините одлуки, со целосно право да учествува во градење на политиките, да сугерира и да критикува. Имаме намера, дијалогот на Владата со граѓанското општество да биде континуиран, транспарентен и целосно инклузивен.

Ќе овозможиме опозицијата да се вклучи во спроведувањето, надзорот и консултациите околу мерките во Планот, како и сите други поединци, групи, партии, организации.

Сите реформи сакаме да ги направиме на принципиелна основа, низ темелно согледување на состојбите и системско решавање на проблемите, а не избрзани или половични решенија.

Тоа ќе бидат суштински промени во корист на секој граѓанин и затоа подаваме рака кон сите. Одлучни сме да работиме низ принципите на вклученост, правда и правичност.

Овие реформи за коишто зборувам, се потребни пред се заради нас, како граѓани и како држава. Сега постои политичка волја за промени.

Како премиер кој ја предводи оваа општествена акција што ја отворивме, апелирам: Се работи за иднината на Република Македонија, за иднината како граѓани и иднината на нашите деца. Нашата работа почнува сега.

Напорите да ги удвоиме. Имаме вистинска шанса Македонија конечно да ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински, еден по еден, да ги решиме длабоките проблеми.

Сегашноста да не ја испуштаме. Ова е моментот на позитивна клима и енергија што низ заедничките досегашни напори допре и до Брисел и демократскиот свет, коишто сакаат да ја поддржат Македонија.

Тоа води кон заеднички напредок.

Тоа води кон квалитетен живот на сите во Република Македонија.

 

Почитувани, доколку сакате да го преземете „Планот 3-6-9“ тоа можете да го сторите на следните линкови:

- План 3-6-9 на македонски јазик;

- План 3-6-9 на англиски јазик ;

- План 3-6-9 на албански јазик .

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев испрати честитка по повод Националниот празник на Соединетите Американски Држави до претседателот Доналд Трамп.

Во писмото со честитки до претседателот на САД Доналд Трамп, премиерот Заев, во свое име и во име на Владата на Република Македонија, упати најсрдечни и искрени желби за севкупниот просперитет на оваа земја и за благосостојбата на американскиот народ.

Честитајќи му го Денот на независноста на САД на американскиот претседател, премиерот на Република Македонија ги оцени односите со пријателските САД како исклучително важни, а заложбата за нивното севкупно натамошно зацврстување од голем интерес и желба на граѓаните на Република Македонија. Улогата на американската администрација, во функција на асистенција при обемните реформски процеси во Република Македонија, е незаменлива, се нагласува во писмото до претседателот Трамп.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, како особено важна ја оцени американската посветена политика кон обезбедување просперитет на државите од регионот на Југоистoчна Европа, и кон Република Македонија како нејзин стратешки партнер.

Премиерот Заев го нагласи интересот на Владата за натамошно севкупно унапредување и зацврстување на одличната соработка и партнерските односи со пријателските САД, и изрази цврсто уверување дека во периодот што претстои двете земји ги очекува интензивиран, плоден и отворен политички дијалог во сите домени од заеднички интерес.

Претседателот на Владата на Република Македонија, во писмото со честитки до претседателот Трамп по повод американскиот Национален празник – Ден на независноста, изрази благодарност за поддршката што САД континуирано ѝ ја дава на Република Македонија, особено во однос на нашите аспирации за што поскоро полноправно членство во НАТО.

„Би сакал да го истакнам своето очекување дека поддршката ќе продолжи и во иднина, а односите на пријателство и соработка, преку заеднички ангажман успешно ќе се развиваат и ќе се продлабочуваат со нагласена динамика“, се вели во честитката до претседателот Доналд Трамп по повод Националниот празник на САД.