Соопштенија за јавноста

Претставници на Владата на Република Македонија денеска положија свежо цвеќе на француските гробишта во Битола и на германските гробишта во Прилеп, по повод одбележувањето на примирјето од Првата светска војна во 1918 година и во спомен на загинатите, повредените, исчезнатите и на раселените лица од сите војни и од сите народи.

Владината делегација ја предводеше министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, во придружба на министерот Зоран Шапуриќ, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Ленче Николовска, посебен советник во кабинетот на премиерот, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски. Покрај владината, делегација на Министерството за одбрана предводена од државниот секретар г. Драган Николиќ со полковник Марјан Јачевски, раководителот на секторот за цивилно-воена соработка, г. Тони Петрески и полтполковник Цветковски од АРМ положија свежо цвеќе на гробиштата во Битола и Прилеп.

Комеморативните церемонии по повод „Денот на народната жалост“ и „Денот на примирјето од Првата светска војна“ беа организирани од амбасадите на Сојузна Република Германија и на Република Франција.

 

 

 

Министерот во Владата на Република Македонија Едмонд Адеми задолжен за дијаспората, после едномесечните консулатации денес ја потпиша одлуката за формирање на работна група за Националната стратегија за соработка со дијаспората која ја сочинуваат претставници на министерствата кои имаат надлежности во области важни за дијаспората, и претставници од граѓански организации, и индивидуалци, кои работат на прашања и теми врзани за дијаспората.

Ова е првиот чекор кон она за што се залагаме, а тоа е институционален пристап кон градење на меѓусебна доверба помеѓу институциите и дијаспората, истовремено, овозможувајќи сите чинители во оваа област директно да учествуваат во креирањето на идните политики кои се врзани за дијаспората, пред се во делот на политичките права, административно-правните процеси, економско-инвестиционата клима, култура, образование, наука и млади.

Процесот на изработка на стратегијата ќе вклучува, консултации, јавни дебати и целосна инклузивност со сите засегнати и заинтересирани страни, со цел да добиеме документ со јасни и прецизни решенија на прашања што се од интерес и на државата и на дијаспората. Ги повикуваме и охрабруваме сите заинтересирани чинители кои имаат предлози за содржината на Националната стратегија за соработка со дијаспората, да го следат процесот и да се вклучат со свои мислења и ставови.

Развивањето на оваа стратегија за соработка со дијаспората преку импементација на повеќе мерки, позитивно ќе влијае во идентификување и воспоставување релации и подршка за разни видови на соработка на одредените области, кои воедно се и клучните четири столба врз кои ќе се темели националната стратегија за соработка со дијаспората, што значи дека треба да се изградат и мостови на доверба и партнерство меѓу институциите на системот и иселениците, од кое ќе произлезат придобивки и за државата и за дијаспората.

Во изготвување на Националната стратегија за соработка со дијаспората со советодавна улога активно ќе учествува и Меѓународната организација за миграција, IOM (International Organization for Migration), преку експертот по прашања на миграции, Проф. д-р Верица Јанеска од Универзитетот Св.Кирил и Методиј, Економски институт - Скопје.

 

 

 

 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на денешната прес конференција го најавија првиот Дигитален Самит за земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи во Македонија на пролет следната година.


Македонија како домаќин на Самитот се наметнува како активен чинител во сферата на регионалната соработка.


„Како една од приоритетите цели и предуслов за одржлив развој е потребата од инфраструктурно поврзување. Градењето мостови на соработка не треба да биде само декларативна заложба. Но покрај патишта, пруги и коридори, треба да иницираме и мостови на електронско поврзување. Воспоставувањето единствен дигитален пазар е еден од врвните приоритети на ЕК за периодот 2015-2019. Дигиталната агенда е важна и за нас. Дигитализацијата ќе овозможи низа нови можности и перспективи, ќе не направи покомпетитивни, ќе минимизира низа бариери и ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните, индустријата и бизнис заедницата“, истакна министерот Димитров, осврнувајќи се на важноста од организирање на ваков настан.


„Да се надеваме дека Самитот ќе биде предвесник на нови можности и перспективи во дигиталниот свет. Во реалниот свет, наредната пролет очекуваме нови перспективи на нашиот пат кон Брисел, и за ЕУ и за НАТО. Тоа е добро и за нас и за регионот“, заклучи Димитров.


Министерот Манчевски се осврна на предвидениот концепт и теми за Дигиталниот Самит.


„Според предлог концептот презентиран на состанок во Регионалниот совет за соработка во Сараево, Дигиталниот Самит ќе трае два дена, а ќе бидат опфатени неколку теми како што се: Дигитални мрежи и услуги, поврзување и пристап, доверба и безбедност, дигитални вештини и дигитална економија и општество. Овие теми ги обединува дигитализацијата, четвртата индустриска револуција каде неизбежен дел се и лажните вести. За предизвиците во оваа област предвидуваме посебна работилница“, информираше Манчевски.


Дигиталниот самит предвидува и експо дел, каде дигиталните компаниите ќе имаат можност да ги претстават своите остварувања. Ова ќе претставува единствена можност за македонските сопственици на ИТ компании, образовни ИТ институции, иноватори и претприемачи, да ја презентираат својата работа и да остварат соработка со лидерите од оваа област во регионот, како и да го прошират својот бизнис во регионот и во ЕУ.


Министерот Манчевски, непосредно пред прес конференцијата оствари работна средба со сите засегнати страни, кои ќе бидат вклучени во организирање на Дигиталниот Самит.

 

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев како член на висока Владина делегација учествува на „Виенскиот економски форум: Дијалог за иднината“, кадешто се обрати на панелот„Живееме во дигитално време: Визии и реакции на инвеститорите“.
 

Вицепремиерот истакна дека истражувањата покажуваат дека дигитализацијата на компаниите е корисен процес и дека оние компании кои спровеле дигитална трансформација прикажуваат раст од 26%. Во овој момент дигиталното работење на компанииите од Република Македонија и од Западен Балкан изнесува во просек 10% од вкупното работење на компаниите, но позитивно е тоа што 63,3% од фирмите сметаат дека дигитализацијата претставува можност за унапредување на нивниот начин на работа и токму тука се гледа потенцијалот од натамошна дигитализација на стопанството.
 

„Сопствениците на компаниите мора да бидат свесни дека ако сакат да бидат конкурентни на меѓународните пазари, нивните компании мора да бидат во чекор со процесот на дигитализација. Тоа не e само начин на живеење или тренд, дигитализацијата е предуслов да бидете дел од економските односи, во спротивно сте надвор од играта. На бизнисот му требаат реални податоци во реално време, а тоа е само дел од она што дигитализацијата го овозможува. Владата на Република Македонија силно го поддржува овој процес, особено кај малите и средните претпријатија. Со комплетирање на процесот на дигитализација во компаниите, се намалуват трошоците, компаниите стануваат ефикасни и ефективни, а сето тоа резултира со зголемување на нивната конкурентност“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
 
Економскиот форум се одржува денес во Новаматик центарот во Виена, а на него присуствуваат голем број на претставници од бизнис заедницата во Република Австрија.
 
 
 
 
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска имаше средба со амбасадорот на Република Чешка, неговата екселенција Мирослав Томан.
 
Во срдечниот разговор, премиерот Заев му посака добредојде и успешна работа на амбасадорот Томан, кој од своја страна истакна дека му е особено значајно што како амбасадор на Република Чешка ќе го даде својот придонес во продлабочувањето на пријателските врски меѓу двете држави.
 
Премиерот Заев ја нагласи досегашната поддршка на Република Чешка во многу области, и особено ја издвои соработката на двете земји во делот на контролата на границата на Република Македонија. Оваа соработка продолжува и понатаму, и се проширува на заеднички иницијативи за обуки на безбедносните структури како што е граничната полиција и на АРМ.
 
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев го информираше амбасадорот на Република Чешка за напорите на земјата да ги интензивира и да им даде нова динамика на евро-атлантските процеси, и истакна дека нашата земја очекува Чешка и понатаму да го охрабрува проширувањето на ЕУ, особено во однос на земјите од Западен Балкан. 
 
Амбасадорот на Република Чешка Мирослав Томан нагласи дека неговата земја со особен интерес го следи овој процес и посебно ги поздравува напорите на Република Македонија за квалитетно поместување на оваа ситуација во интерес на граѓаните на земјата. Амбасадорот Томан како посебно значајно ја истакна новата добрососедска и регионална политика на Република Македонија како препознаена европска вредност.
 
Во делот на разговорот за продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји, премиерот Заев информираше за новите политики на владата во однос на охрабрувањето на странските инвеститори, и истакна дека двете земји имаат сериозни потенцијали за продлабочување на економските врски.
 
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, истакна дека привлекувањето на странските инвеститори и создавањето услови за добра бизнис средина за нив, е врвниот приоритет на владата и дека иницијативите од Република Чешка се охрабрување за овие политики. Амбасадорот Томан истакна оти фирмите од Чешка ќе го препознаат добриот развој на настани и можностите кои ги имаат во Македонија.
 

 

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски на денешната прес конференција го претстави вториот дел од анализата за тоа колку поранешната Влада потрошила во периодот од 10 години на привлекување на странски директни инвестиции, наспроти конкретните резултати добиени од истите.


Пред два дена, на прес конференција Владата објави дека биле потрошени 225 милиони евра, за влез на 25 странски компании, кои оствариле 20.000 вработувања.


На денешната прес конференција беа објавени податоци под ставката трошоци за привлекување на странски инвестиции. Анализата покажува дека овој столб од трошоците, направени во изминативе 10 години е исклучително висок, нерационален, и остава простор за многу идни анализи, под-анализи па дури и истраги.


Станува збор за потрошени над 130 милиони евра пари на граѓаните на Република Македонија. Сумираните бројки покажуваат дека поранешната Влада потрошила над 31 милиони евра за реклами во странски медиуми, пари на граѓаните на Република Македонија.


Дополнително на ова, Владата на Никола Груевски во домашните медиуми платила 12,5 милиони евра „За привлекување на странски инвестиции“.


За таканаречените роад шоуа, министрите без ресор заедно со Никола Груевски, потрошиле точно 5,6 милиони евра пари на граѓаните на Република Македонија.


Економските промотори чија улога, како што рече Бошњаковски, никогаш не беше јавно и транспарентно објаснета и беше во конфликт со македонската дипломатија, ги чинеле граѓаните на Република Македонија цели 12,5 милиони евра.


Во овој дел од анализата особено се истакнува една дополнителна бројка, а тоа се дополнителни приходи, станарини, закуп и друго – на министрите без ресор кои биле задолжени за странски инвестиции 2,8 милиони евра им биле исплатени како дополнителни бенефиции надвор од месечната бруто плата.

 

Генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски, денеска оствари средба со две мрежи на граѓански организации, претставници на ИПА2 механизмот и на неформалната група од 89 организации, кои минатата година јавно реагираа и имаа забелешки на одделни решенија од одлуката за формирање на Совет за соработка на Владата со граѓанскиот сектор, што го формираше претходната влада.

На овој работен состанок беше потврдена заедничката заложба за функционален Совет за соработка на Владата со граѓанскиот сектор, при што Владата ја презеде обврската сериозно да ги разгледа сите изнесени ставови и забелешки што ги изразија здруженијата на граѓани.

За таа цел, преку инклузивните политики што Владата на Република Македонија ги спроведува, тој функционален Совет за соработка на Владата со граѓанскиот сектор ќе претставува еден од најважните механизми што ќе ги вклучи граѓанските организации како коректив и партнер на Владата во креирањето и спроведувањето на политики во интерес на граѓаните.

 

Информациите дека Владата на Република Македонија објавила „расипнички“ оглас за набавка свежа риба, замрзната риба, октоподи и морски плодови во вредност од 400.000 денари се тенденциозни и без соодветно и неопходно објаснување.

Од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, соопштуваат дека се работи за годишна набавка за потребите на кабинетот на Претседателот на државата, на Собранието на Република Македонија, на Владата на Република Македонија, на Клубот на пратениците, на претседателската вилата на Водно, како и за потребите на државните вили во Охрид.

Оваа набавка е вообичаена пракса и низ годините наназад, и служи за свечените приеми на странските делегации и гости во текот на цела година.

 

 

П1: Какви се моменталните меѓудржавни односи помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина?

Заев: Најпрвин благодарам на поканата. Задоволство е што сум овде бидејќи за нас Македонија, Сараево е бајка. Започнувајќи од 1984 година со Вучко, Македонија и Босна Херцеговина немаат отворени прашања. Не сме имале ниту во минатото, ниту пак сега. Тоа се одлични перспективи за добра соработка. Многу сме слични како земји. Две мултиетнички земји во овој специфичен Балкан кои што го негуваат мултикултурализмот, мултирелигизмот и  мултиетничноста генерално која што претставува склоп на различности кои воедно се и европски вредности. Со сериозни аспирации заедно за Европската Унија и НАТО верувам дека можеме многу да си помогнеме, но истовремено можеме и многу да ја унапредиме соработка во секој аспект од секојдневниот живот на нашите граѓани.

Звиздиќ: Како што кажа и мојот драг и уважен колега премиер и пријател, регионалните односи и односите меѓу Босна и Херцеговина и Македонија, но и севкупните односи во регионот на Западен Балкан се наоѓаат на една нагорна линија. Можеби за тоа најдобро говори тоа што денеска имаме посета на Босна и Херцеговина и Сараево од страна на премиерот Заев и премиерот Пленковиќ. Утре е заедничката седница на владите на Босна и Херцеговина и Хрватска и повторно очекуваме дека премиерот Заев официјално и службено ќе ја посети Босна и Херцеговина. Што значи, сметаме дека одржувањето на заеднички регионални состаноци со теми за креирање заеднички проекти посебно во делот на унапредување на економската соработка е од исклучително значење на Западен Балкан но е од уште поголема важност да покажеме пред Европската Унија дека станува збор за регион кој има големи по отворено потенцијали. Она што за нас е најважно е дека сите земји од регионот имаат идентични надворешно-политички цели, а тоа се европските интеграции и интеграции во НАТО. Ми се чини дека овие заеднички цели претставуваат најмал заеднички содржител во целокупните интереси. Помеѓу нашите две држави не постои било какво отворено прашање со констатација дека сосема сигурно можеме да ги унапредиме веќе постоечките економски односи.

П2: Господине Заев, има доста сличности во двете држави како што и претходно кажавте. Дали се Македонија и Босна и Херцеговина на некој начин доказ дека на подрачјето на југоисточна Европа и те како можат да функционираат мултиетнички држави?

Заев: Јас мислам Да. Барем во мојата земја а верувам и Босна, секогаш не е лесно да се менаџираат различностите. Но спротивно од тоа, позитивниот аспект на граѓаните, политичарите, на оние кои имаме одговорности во државата да го разбереме она што е различно од нас без разлика на кој аспект. Јас сум нов политичар поради тоа што мојата политичка партија  ја гласаа сите етнички заедници во Македонија, гласаа мултиетничка влада на Република Македонија. Различностите од секој аспект како што реков културата, етникумот, религијата се различности на кои што се темели таа Европа. И имате убави моменти кога ќе видите како Македонците се борат за Бошњаците или Албанците или Србите се борат за Хрватите или било кој. Тогаш тоа дава една голема надеж. Јас мислам дека нашите различности се една наша предност и треба да ги искористиме за добробит на развој на нашите земји. Сакам да бидам радосен како христијанин на Рамазан Бајрам, да ми дојдат моите сограѓани кои што се од муслиманска вероисповед на Божик и на Велигден. Овие различности не прават богати. Такви различности, ако бидеме паметни како граѓани на овие мултиетнички земји можат да бидат сериозна предност за нашата иднина.

П3: Премиеру, во претходниот одговор споменавте дека влез во ЕУ и НАТО се заеднички желби и на Македонија и на Босна и Херцеговина. Колку ни се слични патиштата за влез и колку меѓусебно можеме да си помогнеме еден на друг на тој пат?

Звиздиќ: Можеме многу да помогнеме еден на друг како земји затоа што тој пат не е само сличен туку и скоро идентичен. Некои основни базни карактеристики и постулати на нашите две држави се скоро исти и таа основа е скоро идентична на повеќето национални држави на Балканот и токму како што и премиерот Заев одговори, покажува дека и ние може да ја збогатиме Европа со тој вид на мултикултури и евро квалитетни традиции кои говорат за квалитет на самиот соживот. Она што е во фокус на нашиот интерес  е зголемување на меѓусебните трговски размени, што е сега на ниво од некои 300 милиони марки со навистина избалансирани односи, но со сигурност можат да бидат унапредени и ние во иднина ќе работиме на тоа.  Пред се на инфраструктурно поврзување, ќе биде неопходно да воспоставиме редовна авио линија помеѓу нашите две држави, да одржуваме бизнис форуми за презентација на нашите потенцијали  и конечно да ги поврзуваме нашите стопанственици. Ние сметаме дека политичарите треба да отвараат патишта, а стопанствениците се оние кои ќе може да креираат клучни  врски вклучувајќи го притоа и она што можеме да направиме во соработка за размена на искуства од сегментот на културата, спортот и други области. Што значи, имаме исти цели, одиме по истиот пат, практично се наоѓаме на исти статус кога говориме за влез во ЕУ. Македонија има кандидатски статус, Босна и Херцеговина треба во најскоро време да добие, што значи и едната и другата држава очекува отварање на поглавјата за динамизирање на патот кон ЕУ, секако нови чекори како НАТО пактот бидејќи знаеме дека ова ќе ни ги донесе најважните придовки, а тоа се мир и стабилност. Ако успееме да ги зачуваме овие две вредности на просторот на Западен Балкан, тогаш уште посериозно можеме да говориме за економски развој, нови инвестиции, отварање на нови работни места бидејќи токму во тој дел сме соочени со исти проблеми,  иселувањето на многу млади луѓе и прашањето дека имаме сериозен проблем во големи инвестиции се додека нашиот регион не биде во потполна стабилност.

П4: Господине Заев каков е вашиот став за влез во ЕУ на вашата држава?

Заев: Ние бевме во длабока криза. Веќе неколку години Македонија стагнираше комплетно и еве веќе од 2005 година Македонија е со кандидатски статус. Ние имаме условена препорака за почеток на преговорите која што е веќе две ипол години, но после ова навистина ги отворивме сите места.  Досега ги отворивме сите перспективи, имаме озбилни позитивни препораки за целиот овој регион па така и за Македонија. Нашата влада веќе го усвои Планот 3-6-9 месеци за да ги спроведеме неопходните реформи кои се важни за нашите граѓани, а после тоа се важни за нашите перспективи во Европската Унија. Сакаме да ја унапредиме соработката во целиот регион така и со нашите соседи, веќе го решивме или е пред решавање прашањето со Бугарија. Имаме проблем со нашиот јужен сосед Грција околу името Република Македонија. Но веруваме дека постои решение и на тој проблем затоа што веруваме дека навистина можеме да имаме само добробит за двете земји и за целиот регион ако ја унапредиме соработката, а јас велам вака, Западниот дел на Европа ќе се почитува повеќе ако ние повеќе соработуваме и тоа е повеќе од јасно. Нашите министерства  веќе работат на заокружување на процесот на здравствените легитимации, возачките дозволи ако стигнат до 23-ти ќе потпишеме договор за со лични карти нашите граѓани да ги поминуваат границите. Тоа е европска тенденција и треба да ја почитуваме. Се работи за граѓани на две големи пријателски земји. Треба да ги отвориме сите патишта за поголема трговија, за повеќе заемни инвестиции, за размена на образование односно студентите од Македонија да дојдат во Босна и обратно, во делот на спортот, културата и слично. Имаме доста време пред нас за добра соработка.

П5 : Наскоро ќе учествувате на самитот во Трст. Кои се вашите очекувања?

Звиздиќ: Мислам дека одиме со реални и оправдани очекувања. Некој може да смета дека се преголеми очекувања, но навистина се подготвувавме во текот на изминатата година во смисла на изработка и презентација на навистина добри проекти, што се однесува до Босна и Херцеговина посебно во однос на транспортната инфраструктура. Предложени се шест до седум проекти и очекуваме да повеќето бидат финансирани, вклучувајќи квалитетни грантови, а потоа и квалитетни инвестициони средства. За нас е важно дека ги исполнивме сите критериуми кои беа побарани пред одржувањето на самитот во Трст, ја усвоивме транспортна стратегија, ја усвоивме стратегијата за животна средина, ги освоивме и реализиравме сите софтвери, што значи подготвени заминуваме во Трст. Она што е важно во регионална смисла е дека горе во Трст ќе повториме некои важни регионални проекти, дека е време за просторот на Западниот Балкан да се гледа на еден интегративен начин со неговите вклупни капацитети и потенцијали, но и ние на нашите простори да функционираме со релаксирачки односи во смисол на проток на луѓе од двете земји и капитал. Членски сме на ЦЕФТА што значи треба да ги отстраниме царинските бариери, да пуштиме енергија за наши меѓусебни економски односи и сум сосема сигурен дека тоа ќе донесе придобивки за сите граѓани за овие две држави, но и за целиот регион. Секако оваа наша меѓусебна соработка нема да влијае на индивидуални аспирации за напредок кон европска интеграција. Тоа секако останува цел на секоја држава, а ние меѓусебно ќе си помагаме на тој пат како што очекуваме да нашите соседи кои се веќе членки во ЕУ како што се Хрватска, Словенија, држави со кои имаме добра соработка како Австрија и Германија  па еве и Грција и Бугарија ни помогнат на тој наш пат за влез во ЕУ, бидат наши лобисти и да и објаснат на Европската Унија дека е од големо значење да земјите од Западен Балкан бидат интегрирани. Сакаме да промениме еден поим кој се користи во последните шест или седум години, а говори за проширување на Европската Унија. Не, Европската унија не се шири, туку таа ги интегрира земјите од Западен Балкан кои според  дефакто се во Европа, а за да се придвижиме кон тоа треба да ги исполниме условите за да бидеме дел од таа заедница.

Заев: Имаме една заедничка цел, целиот овој регион  некој го нарекува Западен Балкан а ние сме дел од Балканот и треба да се гледа заедно како што треба Европа да се гледа заедно. Верувам дека граѓаните на Босна и Херцеговина, а така и моите граѓани на Македонија сакаат да ја почувствуваат и Европа овде. Тоа значи дека ќе изградиме една заедничка стратегија која ја градиме веќе еден подолг период како земји за да настапиме заедно пред Европа да пуштат повеќе пари овде во делот на регионалните политики, ИПА фондовите и слично поради тоа што и Европа дефинитивно ќе го интегрира овој дел кога и економски ќе бидеме веќе приближно кон нив. И тоа е смислата на интеграцијата на европското семејство. Таму ќе го потпишеме договорот за транспортната заедница, сите ќе одлучиме за таа работа каде ќе биде седиштето, како ќе учествуваме во него заради тоа што ќе ни треба за сите овие регионални проекти. Верувам дека навистина ќе се одберат убави регионални проекти кои што навистина ќе овозможат уште подобро да се работи во самиот регион и уште посилно наше позиционирање пред западно европските земји.

П6: Претпоставувам дека ова е почеток на вашата посета на Босна и Херцеговина а и премиере ваша сигурна посета на Македонија. Дали може да се очекува заедничка седница на влада или состаноци со министрите од двете земји?

Звиздиќ: Ова го сметаме за почеток на една искрена и пријателска соработка. Јас очекувам нова брза посета на премиерот Заев на Босна и Херцеговина и мислам дека ќе имаме многу чести средби како во нашите држави така и на други меѓународни конференции. Секоја средба со премиерите овде во Западен Балкан со квалитетни пораки води кон подобрување на односите, презентација на проекти, води кон шанси за поголемо инвестирање. Наша основна цел е подобрување на економијата, отварање на нови работни места, задржување на младите луѓе овде и покачување на животниот стандард. Што значи премиерот Заев е секогаш добредојден во Сараево и Босна и Херцеговина, вратите се отворени, за брзо време очекувам да дојде како што и јас планирам за брзо време да го посетам премиерот Заев.

П7: Премиере Заев, ако не се лажам повторно доаѓате на 23 јули.

Заев: Не е само тоа. Денеска поминавме пола ден заедно, многу работи ги доближивме. Имав прилика да го запознаам прв пат и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ кој што е овде веќе во посета а се надевам дека двете земји ќе заправиме заеднички владини седници. Тоа е една придобивка и за Македонија но и внатре во регионот. Се надевам дека нашите влади многу брзо ќе имаат заеднички седници. Веќе за шест дена заедно сме во Трст, на 23ти и јас ќе бидам гостин со официјалната државна делегација овде во Сараево и делумно во Мостар. Тоа може само да испраќа позитивни пораки до граѓаните да соработуваат уште повеќе. Веројатно ќе очекувам брза возвратна посета на раководството на Босна и Херцеговина во нашата земја заради тоа што ако ние повеќе соработуваме ќе направиме повеќе напори да придобиеме повеќе бизнисмени да склучат повеќе договори, да направат поголем промет. Овие 300 милиони конвертабилни марки или 362 милиони евра на соработка може да бидат и 500 ако се потрудиме заедно. Наше е како што рече претседавачот на советот на министри овде, да ги држиме мирот и стабилноста, а да ги испраќаме пораките на пријателството. Бизнисмените да си го најдат веднаш интересот за профит, а тоа ќе значи и повеќе работни места за нашите граѓани, можеби и повеќе пари во нашите буџети кои што ќе ги враќаме назад на нашите граѓани. Тоа е филозофијата. Ние политичарите треба да бидеме навистина добри родители на нацијата, или татковци и мајки во државата. Навистина Македонија и Босна и Херцеговина имаат навистина добри перспективи заедно.

П7: Разговорот го започнавме со честитки така и ќе го завршиме. Денеска добивте признанија за Европски личности на Југоисточна и Средна Европа. Уште една честитка за крај. Ви благодарам што издвоивте време и бевте гости во Дневникот ТВ1. Ви посакувам многу среќа и успеси во работата во иднина и секако среќно заминување назад во Македонија.

Заев: Благодарам и на вас за поканата. Ја користам приликата да ги поздравам сите граѓани на Босна и Херцеговина.

 

 

Одговори на новинарски прашања:

П1. На кој начин и дали ќе се исплаќаат надоместоците за стечајците?

Надоместокот за стечајците согласно законот кој што ќе почне да се прави, доколку секако пратениците го усвојат овој ребаланс на буџетот по пат на дебата ќе биде согласно она кое што беше проектирано и очекувано барање на стечајните работници или многу приближно до тоа. Наша цел е навистина сите стечајни работници кои што со претходните закони не беа опфатени конечно да бидат опфатени со месечен надоместок.

П2: Какви се ставовите во делот на капиталните инвестиции и дали е предвидено издавање на евро обврзница?

Засега немаме предвидено издавање на евро обврзница. Со самата реализација на буџетот се зависи од исполнувањето на самиот буџет па така ќе ги носиме и политиките и транспарентно веднаш ќе информираме. Тоа што сакам да го знаете и за делот на капиталните инвестиции, ако биле проектирани некои 26 милијарди денари за капитални инвестиции а досега на полугодие, ќе ме корегира Министерот за финансии, некои 9 милијарди се реализирани, нереално е да ја лажеме јавноста со скриени завршни сметки дека тоа ќе се реализира. Капиталните инвестиции од 26 милијарди ги намалуваме некаде на 23 милијарди. Тоа е реално. Можевме да останеме на 26, можевме да ги зголемиме, но тоа не е чесно буџетско претставување. Логично е да ги дуплираме деветте милијарди на осумнаесет, дадовме амбиција на сите министри, посебна посветеност на проектите, експропријациите, тендерирањето, издавањето на одобренија за градба и имплементирање на капиталните инвестиции поради тоа што капиталните инвестиции се толку драгоцени. Секој денар пуштен во капитални инвестиции значи дополнително подобрување на севкупниот амбиент за живот во Македонија, пари вбризгани директно во стопанството, покачени плати кои што исто така значат враќање на значаен дел во буџетот на Македонија.

П3: Дали имате предвид колкав е долгот кон стопанството и на кој конкретен начин ќе се враќаат парите?

Значи засега откривме со циркуларот близу 400 милиони евра, тоа се некаде повеќе од 24,5 милијарди денари скриени непријавени долгови. Бројката ќе расте заради тоа што сеуште се кријат фактури во фиоки, сеуште не се евидентираат во официјалната евиденција, но и тоа не не исплаши. Секако, тоа се долгови кои што треба Македонија преку буџетот да си ги плати. Направивме договори, разговори за да може да пуштаме пари, се со конечна цел да тие пари се враќаат во стопанството, се раздолжиме како држава према пред се домашните компании и некои странски компании, но и било каде што должи државата. Вграден е тој долг и во скриените 23 милиони евра за струја на државните институции, некаде повеќе од 15 милиони евра неплатена вода, сметки за смет, канализација или слично на самите државни институции, се со конечна цел динамиката на раздолжување на државата со своите долгови да има засилен тренд и темпо, а притоа да алиментираме вакви политики. Тоа само по себе покажува колку се возможни заштити во непродуктивното трошење на буџетот за да можеме да ги исплаќаме долговите, а истовремено да понудиме нови перспективи кои што навистина живот значат за граѓаните.

П4: Дали овие бројки ќе беа конкретно поголеми или помали доколку знаевме колку луѓе живеат во Македонија?

Веројатно пописот кој што го дава податокот за бројот на жителите во Македонија дава и многу економски податоци. Јас верувам ако имавме попис како Република Македонија, досега проектите ќе беа уште попрецизни овде, а прецизноста на проектите значи резервоар нов да решиме некој нов проблем како што се деца на улица, деца што спијат под мостови или сл. Пописот само уште еднаш се потврдува при овој ребаланс на буџетот дека и е неопходен на Македонија. Владата вети во првите две години извршување на попис за Република Македонија.

П5: Зошто не е предвидено во планот 3-6-9?

Поради тоа што веруваме дека за три месеци ние не можеме да го завршиме пописот. Секако следните проекции на шест и девет месеци ќе ги објавиме. Не би сакал заради тоа што знаете дека дебатираме со граѓанскиот сектор, опозицијата, МАНУ, експерти, универзитети на секој дел. Сеуште Владата согледува слабости на системот кои што постојат, а се пречка за пописот. Штом ќе ги имаме сите инпути како информација ќе бидеме подготвени и ќе објавиме информации за ова прашање.

П6. Прашање околу патната инфраструктура

Буквално сите патишта што се почнати и проектирани, недовршени ќе ги продолжиме. Се што е инфраструктура и училишта ќе продолжиме. Продолжуваме таму каде што има сали недовршени, да ги завршиме. Продолжуваме со се што е капитално во државата. Само надополнуваме со нови проекти. Има 2-3 училишта во Источна Македонија, 2-3 во централна, 2-3 во Западна Македонија. Буквално каде што трендот на деца треба да го следиме, ќе расте. Имаме нови училишта за децата од македонска националност, албанска, турска, ромска. Но, истовремено она што значи пример заглавена проекција на одредено проектирање на одредена патна делница, обврзуваме да биде тендерирана и веднаш да почнаме со извршување. Ги решаваме причините за застојот на автопатот Кичево-Охрид и автопатот Миладиновци-Штип, се надевам дека многу брзо ќе бидат решени, се работи за имотно-правни односи, промашај на косини и траси. Правно формално штом се заврши, парите постојат, тоа се за двата автопати кинеските кредити, некаде околу 580 милиони евра, кредити што ќе ги враќаме сите граѓани на Македонија. Целта е ден поскоро да почнат активностите и да бидат завршени овие автопати. Но, продолжуваме со патиштата Штип-Кочани, Штип-Радовиш, Градско-Росоман-Прилеп и многу други делници. Се надевам дека ќе ги завршиме сите проектни документации за патот Скопје-Блаце и за многу други, а ги има преку 20 коишто треба да бидат остранети некои проблематични ситуации кои ќе ги отстраниме и веднаш ќе почнеме со реализација.

П7. Кога очекувате да помине ребалансот на буџетот во Собранието?

Јас очекувам многу брзо, бидејќи Деловникот е јасен, 20 дена буџетот мора да отстои во Собрание. Знаејќи дека веќе денес е испратен до архивите на Собранието, јас очекувам пред празникот Илинден буџетот да биде донесен почитувајќи ги сите деловнички рокови и правата на пратениците да дебатираат, даваат сугестии и да одлучуваат по Буџетот.

П8. Рековте дека најголемото кратење е направено во кабинетот на премиерот, 420 милиони денари проектирани, дали значи трошоците ги сведовте на нула?

Не, од вкупниот буџет на премиерот кој бил проектиран на околу 1 милијарда и 600 милиони денари, минусирано е 420 милиони. Тоа се некаде околу 30% од потребите на кабинетот на Премиерот и Генералниот секретаријат во трошењето, заради тоа што како и во другите министерства и овде, зафативме непродуктивни трошења. Ќе ви кажам еден податок, можеби е соопштен. За CNN договорот во Влада е 950 илјади евра. Веднаш ги прекинуваме овие договори, заради тоа што вакви трошења не и требаат на Македонија. 450 милиони или 380 милиони денари беа само кампањите од секаков вид. Невладините организации, 50 милиони денари, близу милион евра, не ни требаат, заради тоа што поддршка кон невладиниот сектор да, но на еден транспарентен начин, не во очите на менување на Владата 50 милиони евра да се поделат на сомнителен начин.