Седници на Влада

Дневни редови, соопштенија и одлуки од седниците на Владата на Република Македонија.

На денешната 75-та владина седница министрите ја усвоија  информацијата за предлог - договорот за доделување на државна помош на друштво за производство и трговија „Теламон Европа Македонија ДООЕЛ Скопје“. Станува збор за нова инвестиција во Република Македонија, која изнесува 4 милиони евра. Според бизнис планот на компанијата, предвидени се 300 нови вработувања во првите 5 години. Компанијата Теламон произведува машини за спојување автоматски машини за сечење кабли, ленти, машини за пресекување и затворање. Инаку, компанијата е една од најголемите во САД и свои претставништва има на 9 локации: Индијана, Илиноис, Калифорнија, Арканзас, Охајо, Њу Џерси, Канзас и Мисури, два меѓународни капацитети во Кина и еден во Мексико. Фабриката во Република Македонија ќе биде четврти меѓународен капацитет и седиште на Теламон - Европа. 

Владата на седницата донесе одлука за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 и за висината на закупнината, а потоа го усвои нацрт – договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за трговија и услуги АИМ ПРОПЕРТУ ДООЕЛ Скопје, како закупец на земјиште, како и ја прифати нацрт – одлуката за давање на согласност на договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за трговија и услуги АИМ ПРОПЕРТУ ДООЕЛ Скопје, како закупец на земјиште. 

Владата на 75-тата седница ја усвои предлог - завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, со конечен извештај на овластен државен ревизор. Во завршната сметка е констатирано дека минатата година капиталните инвестиции изнесувале 19,8 милијарди денари, вкупните приходи биле 179,706 милиони денари, додека вкупните расходи 196,561 милион денари. Според анкетата на работна сила, бројот на вработени во 2017 година се зголеми за 2,4% во однос на 2016 година, со што просечната стапка на вработеност достигна 44,1%, а стапката на невработеност се намали на 22,4%. Просечната бруто-плата во 2017 година забележа раст од 2,6% на номинална основа, со тенденции на повисок раст во последната третина од годината, како резултат на покачувањето на минималната плата.

На предлог од Mинистерството за труд и социјална политика, министрите го прифатија предлог – законот за спречување и заштита од дискриминација. Со него се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација, како и составот и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Целта на овој закон е да се гарантира принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи. 

На предлог на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство Владата ја усвои предлог - програмата за капитални трансфери за центри за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој. Со оваа програма ќе се реализираат активности за поддршка на плански региони со цел имплементација на проекти за подобрување на пристапот до обработливи површини во подрачја на интензивна земјоделска дејност. Средствата за реализација на програма се утврдено во Буџетот на Република Македонија за 2018-та година и изнесуваат 30 милиони денари.

Како материјал за информирање Владата го разгледа и конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Јавна установа за деца - детска градинка на Општина Центар - 13 Ноември Скопје, предложен од Државниот завод за ревизија. Ревизијата во извештајот изразува неповолно мислење во однос на вистинитото и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности во финансиските извештаи за 2016-та година, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики. 

Владата на седницата ја прифати информацијата за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на проект за инфраструктура за изградба на МХЕЦ на река Стровија и пропратни објекти КО Стровија, во општина Долнени, со предлог-одлука. 

Исто така министрите го прифатија и предлог – законот за изменување на Законот за основање на Технолошко – техничкиот факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. 

На денешната седница, Владата одлучи да му предложи на Собранието претседател и членови на Регулаторната комисија за енергетика и тоа:

Марко Бислимоски,  за претседател
Наташа Вељановска, за член 
Атанаско Тунески, за член 
Куштрим Рамадани, за член

Исто така Владата на седницата го именуваше Александар Дамески за директор на КПУ Затвор, Прилеп.  
 

На денешната, редовна 74 седница, Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Предлог - закон за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните, на предлог на Министерството за надворешни работи.

 

Предлог-законот за ратификација ќе биде доставен до Собранието на Репубика Македонија.

 

На денешната седница на владата усвоена е одлука за разрешување на директорот на КПУ Прилеп, Слободанчо Ристески.

Владата на Република Македонија на својата седница одржана вечерва донесе одлука да го декласифицира договорот насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“, кој е поставен на веб страната на владата на линкот: http://vlada.mk/node/14958.

На седницата со која претседаваше Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, ги информираше членовите на владата за текот на процесот на реализација на договорот во кој се предлага името Република Северна Македонија.

Министерот Димитров истакна дека Спогодбата на пријателски начин ги утврдува интерпретациите на поимот Македонија, при што на достоинствен начин се заштитени достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на нашиот народ.

Министерот за надворешни работи информираше и за чекорите што следуваат за реализацијата на овој договор кој ја става нашата земја поблиску до членството во НАТО и ЕУ.

Со договорот се прецизира идната соработка во насока на стратешко партнерство кој отвора големи перспективи за продлабочување на пријателството меѓу двете земји.

Премиерот Заев на седницата нагласи дека тој силно верува во договорот, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината за земјата, и дека оваа влада треба да биде горда на ова решение, како историска одлука, затоа што испишува нова страница во историјата на нашата земја.

Претседателот на Владата Зоран Заев истакна дека постојат силни аргументи овој договор да се афирмира и брани до негова целосна реализација, за што конечен збор ќе дадат граѓаните на референдум.

На седницата министрите во Владата на РМ едногласно го усвоија извештајот за договорот и го овластија министерот за надворешни работи да ја потпише Спогодбата.

На денешната редовна 72 седница Владата на Република Македонија го утврди новиот текст на Предлог - законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Целта на предложениот закон е негово усогласување со одредбите од 4-та ЕУ Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година.

Согласно оваа директива, меѓу другото, се прецизираат и усогласуваат одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување на регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар на РМ. Со тоа се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици, и се намалува износот на забраната за вршење на готовински плаќања од 15.000 евра на 2.000 евра.

Владата денеска го утврди новиот текст на Предлог - законот за изменување на Законот за трговскитe друштва, во кој се предвидува да се изврши бришење на одредбите за тајни друштва од Законот за трговските друштва за да се зголеми транспарентноста во правниот промет и да се намалат можностите за даночно затајување. На овој начин и со отстранување на оваа форма од правниот промет, Република Македонија ќе ја задржи оцената за размена на информации по барање на даночни цели и истата ќе има позитивно влијание и во однос на скрининг мисијата на работната група при Советот на ЕУ, која ја креира листата на некооперативни јурисдикции за даночни цели.

Министрите во Владата на Република Македонија ја разгледаа и усвоија Информацијата за потребата за изградба на пливачки базени од „Проектот пливачки базени“, и ја задолжија Агенцијата за млади и спорт, да преземе активности за реализација на проектот во координација со останатите надлежни министерства и со локалната самоуправа.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од продолжување на рокот за повлекување на парични средства од Договорот за заем (кредит) склучен помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Експорт Импорт банка од Кина од 08.01.2014 година и ПБЦ од 02.01.2014 година, за да биде продолжен и усогласен со новодоговорениот рок за извршување на работите со изведувачот на изградба на автопатот Кичево-Охрид.

Владата го усвои новиот текст на Информацијата со Анализа на рангот на Република Македонија кај индикаторот „Услови за прекугранично тргување” со предлог-мерки за подобрување на состојбите согласно препораките на извештајот Doing Business 2018 на Светска Банка.

На денешната седница е разгледана и усвоена Информацијата за извршена компаративна анализа во однос на надлежноста за управување со имот опфатен со финансиска мерка, и е задолжено Министерството за правда, во соработка со Агенцијата за управување со одземен имот, да изготви Предлог – Закон за изменување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и во определен рок да го достави до Владата на Република Македонија.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за текот на подготовката на Проектот за унапредување на социјалните услуги и да го задолжи Министерството за финансии да ја подготви и да ја достави до Светска банка Апликацијата за избор на услови за обезбедување на заем од Светска банка за Проектот за унапредување на социјалните услуги.

На оваа 72 седница на Владата на РМ, е разгледана и Информацијата за реализација на активности за воведување дуално стручно образование во средните стручни училишта,  Министерството за образование и наука е задолжено да ја извести Владата за реализација на активностите за воведување дуално стручно образование од учебната 2018-2019 година, најдоцна до 15 август 2018 година.

Владата го разгледа Извештајот за работа на Инспекциски совет и Информацијата за работа на инспекциските служби за прв квартал за 2018 година, и препорача формирање на работна група која треба да предложи мерки за зајакнување на капацитетите и за рационализација на инспекциските служби согласно препораките на извештаите на Европската Комисија.

Владините министри денeска ја разгледаа Информацијата за прогресот и реализацијата на проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан, како и Информацијата за напредокот на проектот за модернизација на железничка линија Табановце-Гевгелија кој предвидува воведување на Европскиот систем за контрола на возовите ETCS ниво 1 по должината на железничкиот Коридор 10 и подобрување на сигнализацијата на целата мрежа во Република Македонија и инсталирање на глобален систем за мобилна комуникација во железница GSM-R.

Владата на Република Македонија на денешната седница донесе oдлука за давање на согласност на Договорот за доделување на државна помош на Друштвото за производство, трговија и услуги БАУМЕР ДООЕЛ Скопје, кое ќе произведува софистицирана мерна опрема и која, како дел од својата инвестиција ќе организира развојно истражувачки центар. 

Министрите во владата денеска донесоа одлука за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 и за висината на закупнината со Друштво за производство, трговија и услуги БАЛКАНЛАР ПЛАСТИК ПРОИЗВОДСТВО ДОО увоз - извоз Скопје, како закупец на земјиште. Сопственото учество на компанијата во оваа инвестиција изнесува 8 милиони евра, и предвидува 80 вработувања.

На оваа, 71 седница, Владата на РМ донесе Одлука за давање на согласност на Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштво за производство, трговија и услуги ЗЕНИТ ИНТЕРНАЦИОНАЛ ПРОДУКТС ДООЕЛ Скопје, како закупец на земјиште, и одлуки за определување на периодот на закуп и за висината за закупнината на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1. Овој договор за државна помош за една странска инввестиција е 13 по ред за една година и вреди 3 милиони евра.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за формирање на Комисија за евалуација на барањата за финансиска поддршка на инвестиции, и го задолжи Министерството за економија, врз основа на доставените номинации, да достави Решение за формирање на оваа комисија.

Владата на Република  Македонија на денешната редовна 71 седница донесе одлука да го определи заменик претседателот задолжен за европски прашања д-р Бујар Османи да претседава со 15-от состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација кој ќе се одржи на  19 и 20 јуни 2018 година во Скопје.

Со оваа одлука се задолжува Секретаријатот за европски прашања да ја координира подготовката на 15-от состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација кој ќе се одржи на  19 и 20 јуни 2018 година во Скопје, и на кој ќе бидат разгледани клучни прашања  од важност за процесот на интеграција на Република Македонија кон Европската Унија. 

Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајoт за извршени преговори со усогласен текст на Договорот за статус меѓу Република Македонија и Европската Унија за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија (ФРОНТЕКС), и го определи Оливер Спасовски, Заменик Претседател на Владата на РМ и министер за внатрешни работи, во име на Владата на Република Македонија, да го потпише Договорот за статус меѓу Република Македонија и Европската Унија за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија.

На денешната седница, владата ја разгледа и усвои информацијата за подготовки за одржување на Првата заедничка владина седница помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Одлуката за вкупната инсталирана моќност на повластените производители на електрична енергија кои користат повластена тарифа, и донесе Одлуката за вкупната инсталирана моќност на повластените производители на електрична енергија кои користат повластена тарифа.

Со оваа одлука се врши усогласување на постоечката фактичка состојба за прашањата кои што се премет на нејзиното уредување, а се однесува на вкупната инсталирана моќност на електроцентралите за кои се применуваат повластените тарифи за купопродажба на електрична енергија, согласно одредбите од новиот Закон за енергетика. 

Владата на Република Македонија го разгледа и прифати  Акцискиот план за Проектот „Зајакнување на дневните  болници“ , и го задолжи Министерството за здравство на секои 6 месеци до Владата да доставува информација за прогрес на активности од Акцискиот план, се до конечна реализација на Проектот „Зајакнување на дневните  болници”.

Проектот „Зајакнување  на дневните  болници“ се однесува на концепт на  воведување на „one day surgery“(еднодневна терапија од областа) и други „out patient“ процедури без ноќевање и болнички престој на пациентите во случаи кога нема потреба од опсервација на состојбата на пацинетот. Во оваа насока ќе бидат изготвени упатства  и ќе бидат адаптирани соодветни просторни услови во рамките на општите и клиничките болници каде постојат услови врз основа на направена проценка.

На денешната седница, Владата на Република Македонија го именува д-р Гоце Чакаровски, за Национален координатор за здравство.

На предлог на Управата за заштита на културното наследство, Владата денеска донесе Одлука споменичката целина „Археолошки локалитет Хераклеа Линкестис” во Битола, да биде прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија - големо значење.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за активностите за изработка на среднорочна Стратегија за општествена одговорност на Република Македонија.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои  одлуката за формирање на Дигитален форум за информатичко комуникациски технологии. Дел од задачите на форумот се да учествува со советодавни услуги за забрзување на дигиталната трансформација на Република Македонија, за промоција на дигитализација и нови бизнис модели во земјата, за начинот на промовирање на Република Македонија како следна дестинација за ИКТ инвестиции во Европа, како и за други прашања поврзани со дигиталната трансформација на Република Македонија. 
 

Владата на денешната редовна седница ги усвои Предлог-законите за изменување на Законите за безбедност на производите, за заштита на потрошувачите и на законот за контрола на предметите од скапоцени метали. Измените на сите 3 закони се поврзани со измените во Законот за државен пазарен инспекторат кој претрпи измени поради конфликт со важечката систематизација на Државниот пазарен инспекторат со која се укина одделението за прекршоци. Со измените на наведените 3 закони се овозможува да се формира одделението за прекршоци во Министерството за економија. 

Министрите на седницата ја разгледаа информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот - Подобрување на квалитетот на податоците во катастарот. Проектот подразбира подобрување на постојната нестандардизирана структура на записите, односно на податоците кои се содржани во катастарот на недвижности. Имено, високо квалитетните податоци се дел и од Визијата 2020 која предвидува Агенцијата за катастар на недвижности да биде современа институција со цел целосно воспоставени примарни и секундарни бизнис - процеси. Тоа ќе овозможи размена на високо - квалитетни и ажурирани дигитални податоци и сервиси на национално и регионално ниво, придонесувајќи кон економски раст и развој на општеството. 

Како материјал за разгледување на седницата беше разгледана информацијата од Работната група за приоритетот „Младинска работа“ со конкретни предлози, план/програма за работа и очекувани идни активности од страна на Владата и другите државни институции. 

На краток рок се предвидени низа активности чија реализација отвора можност младинската работа да биде вклучена во делот на активните мерки за вработување, кои нудат обуки за стручни квалификации во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2019 година, како пилот обука.

Националната стратегија за млади 2016-2025 на долг рок ќе ја регулира и ќе ја интегрира младинската работа во рамки на постојната законска регулатива, односно ќе се инкорпорира во Законот за млади, кој е во подготвителна фаза. 

На денешната 70-та седница министрите ја разгледаа и ја прифатија информацијата за степенот на реализација на активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија - ревизија 2017 година, предвидени за реализација заклучно со последниот квартал од 2017 година, со предлог заклучоци. Целта е членовите на Владата да бидат континуирано информирани, обврска која почнувајќи од септември минатата година ја има Секретаријатот за европски прашања. 

Владата на денешната седница одлучи на единиците на локалната самоуправа да им додели средства за финансирање на проекти за развој на селата, во износ од речиси 28 милиони денари, како и за финансирање на проекти за развој на плански региони, во износ од околу 195 милиони денари. 

На 70-тата седница исто така беше разгледана и прифатена информацијата за изменување и дополнување на Годишната програма за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и на Црвениот Крст на Република Македонија од приходите од игри на среќа и од забавните игри. Министрите ги прифатија и измените на одлуката за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри за 2018-та година.
Согласно годишната програма и согласно законските решенија ќе се финансираат дополнителни програмски активности во областа на детската и социјалната заштита на Црвениот Крст. Организацијата ќе обезбедува пансионски услуги за корисниците и волонтери за поддршка на реализација на проектот: „Бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик, деца корисници на посебен додаток и други права, со цел придонес во подобрување на социјализација на деца од семејства со социјален ризик“. 
Црвениот Крст исто така ќе ги спроведува стратешките определби на организацијата на национално и локално ниво кои овозможуваат да се креираат програми за подобрување на здравјето на луѓето и унапредување на социјалната интеграција на населението во заедниците, воспоставување на семејни врски во случај на разделени семејства, промовирање на меѓународно хуманитарно право, како и унапредување на системот за подготвеност и дејствување при катастрофи. 
 

Владата на седницата ја прифати информација за вработувањата во основните и средните училишта и донесе одлука Министерството за образование и наука да побара согласност од Министерство за финансии за вработување на лица на неопределено работно време во дејноста на основното и средното образование, за работни места за кои може да се оствари полно работно време.

Во однос на решавањето на проблемот со линданот во АД Охис - Скопје, Владата на седницата формираше работна група составена од: д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата, Садула Дураки, министер за животна средина и просторно планирање и д-р Аднан Ќахил, министер без ресор. Оваа работна група во рок од 3 месеци треба да ја информира Владата за можните решенија на овој долгогодишен проблем.

Со измените и дополнувањата на Правилник за инструментот за поддршка - кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно - технолошки акцелератори, кои беа усвоени на седницата, ќе се доделува финансиска поддршка за воспоставување (опционално) и работење на акцелератор, имплементацијата на пред-инвестициона програма и инвестиции. Преку овој Инструмент, Фондот за иновации и технолошки развој обезбедува финансиска поддршка до 75% од вкупниот буџет на проектот, за максимален износ од 500 илјади евра за оперативни трошоци. Услугите кои ќе ги обезбедуваат акцелераторите ќе бидат наменети за новооснованите старт-ап претпријатија и ќе се однесуваат на: канцелариски простор, административна поддршка, обука, советување и/или менторство, пристап до ресурси за поддршка на бизнисот, како и финансиски инвестиции.

Со измените, пак, на Правилникот за инструментот за поддршка - кофинансирани грантови за технолошка екстензија, се предвидува поддршка на усвојување и прилагодување на иновативни и напредни технологии и подобрување на деловните процеси во македонските мали и средни претпријатија. И за овој инструмент Фондот за иновации и технолошки развој, обезбедува финансирање до 50% од вкупниот буџет на проектот, во максимален износ од 500 илјади евра.

Владата на Република Македонија на денешната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со статусот на реализација на Договорите за концесија за вода за изградба на мали хидроелектрични централи, склучени со Министерството за економија. Притоа, Владата го одобри продолжувањето на роковите за започнување со комерцијална работа на неколку локации. Во име на Владата, министерот за економија ќе потпише Анекси на договорите за концесија со кои се одобрува продолжување на рокот за започнување со комерцијална работа.

Дополнително, министерството за економија е задолжено во соработка со министерството за животна средина и просторно планирање да подготви Информација со Акциски план за помош на инвеститорите во делот каде што имаат потешкотии со месното население и во рок од 30 дена да ја достават до Владата.

Министрите на денешната седница ја разгледаа и ја усвоија информацијата за потребата за спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на Проектот за подобрување на железничката пруга на Коридор 10 финансиран по пат на заем од Европската банка за обнова и развој. Постапката за склучување на повеќегодишниот договор треба да ја спроведе Министерството за транспорт и врски, кое во исто време треба да ги обезбеди потребните средства за плаќање на преземените обврски, во рамките на максимално утврдените лимити за расходи за  2019 година и 2020 година. 

На предлог на Министерство за транспорт и врски, денеска Владата ја донесе Програмата за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници за периодот од 2018-2021 година, како и уредбата за начинот, поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка.

На денешната седница Владата донесе одлука за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Проект за инфраструктура за изградба на главен доводен цевковод во полошкиот регион кој ќе покрие повеќе општини.

Министрите на предлог на Министерството за финансии ја прифатија фискалната стратегија на Република Македонија 2019-2021. Среднорочната фискална стратегија претставува клучен документ за утврдување на среднорочните фискални цели на Владата на Република Македонија и нивно поврзување со стратешките приоритети на Владата, како и алатка за следење на динамиката на приходите и расходите во однос на фискалните цели.

Исто така, министрите го прифатија и текстот на  спогодбата помеѓу Министерството за образование и вработување на Република Малта и Министерството за образование и наука на Република Македонија за взаемно признавање на високообразовните степени, дипломи и сертификати.

Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за здравство, одлучи програмата за превенција на кардиоваскуларни болести во земјава да се дополни со 5 милиони евра од буџетот на Министерството.

Министрите ја разгледаа и ја усвоија Информацијата во врска со формирање на работна група која ќе подготви тендерска документација за спроведување на тендерска постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија и снабдувач во краен случај со електрична енергија. Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен на економски прашања е задолжен во рок од 7 дена да формира работна група составена од претставници од Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен на економски прашања, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика. Предлог за членови и заменици членови во работната група до Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен на економски прашања, треба да достават Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика.

Потоа оваа работна група, во соработка со Секретаријатот на Енергетската заедница, во рок од 60 дена треба да ја подготви тендерската документација за спроведување на тендерска постапка по пат на јавен повик согласно прописите со кои се уредува набавка на јавна услуга за избор на универзален снабдувач со електрична енергија и снабдувач во краен случај со електрична енергија и да ја достави до Владата на Република Македонија.

По однос на годишните извештаи за работата на Македонската радио телевизија за 2017 година, и за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за истата година, Владата на Република Македонија на седницата одлучи на Собранието да му даде негативни мислења.

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата 69-та редовна седница на која на дневен ред, меѓу другото, на предлог на Министерството за економија ќе биде разгледaна информацијата во врска со статусот на реализација на Договорите за концесија за вода за изградба на мали хидроелектрични централи склучени со министерството.
 
На денешната седница на владата ќе биде разгледана и информацијата од потребата за спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 - делница Куманово – Бељаковце“, како и за јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот "Подобрување на железничка пруга Коридор 10", финансирани по пат на заем од Европската банка за обнова и развој.
 
На предлог на Министерство за транспорт и врски, денеска на дневниот ред на владината седница ќе се најде и информацијата во врска со потребата за донесување на Програма за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници за периодот од 2018-2021 година и Уредба за начинот, поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка.
 
На оваа седница на разгледување пред министрите ќе се најде и Годишниот извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош, како и информацијата за спогодбата помеѓу Министерството за образование и вработување на Република Малта и Министерството за образование и наука на Република Македонија за взаемно признавање на високообразовните степени, дипломи и сертификати.
 
Министерството за здравство на денешната седница ја приложува на усвојување Предлог-програмата за изменување на програмата за превенција на кардиоваскуларни болести (КВБ) во Република Македонија за 2018 година.
 
На 69-тата седница на Владата на РМ ќе биде разгледан и посебниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за можните злоупотреби на буџетските средства, јавните фондови и средствата на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал за изборен период – предвремени парламентарни избори 2016 година, кој доаѓа како предлог на Собранието на Република Македонија.
 
Собранието на Република Македонија на увид на министрите во владата ги достави и годишните извештаи за работата на Македонската радио телевизија за 2017 година, и за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2017 година.
 
На седницата на владата денеска ќе биде разгледана и информацијата за реализација на кредитите и проектите од ЕБРД со гантограм и динамика на реализација, и за техничките и финансиските аспекти на имплементација на проектите на АД МЕПСО.
 
На денешната седница Владата ќе го разгледа и извештајот за работата на Дирекцијата за ТИРЗ за периодот од 01.07.2017 до 31.12.2017 година.
 
Владата на Република Македонија, својата редовна 69 седница, е предвидено да ја започне во 12:00 часот. 

На денешната седница на Влада беше донесена програмата за измени и дополнувања на Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) којашто покрај пензионерите ќе ги опфати и лица до 18 годишна возраст на семејства корисници на социјална парична помош во Република Македонија за 2018 година.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од  подобрување на состојбата на општинската патна мрежа. За таа цел владата задолжи повеќе институции меѓу кои и Јавното претпријатие за државни патишта да изготви детална анализа и преглед на рехабилитирани општински патишта со помош на средствата од заеми, одобрени за таа намена. Исто така ќе се изготви и преглед на годишните износи на финансиските дотации до единиците на локална самоуправа наменети за одржување на општинските патишта за последните десет години. 

На седницата задолженија добија и ЗЕЛС во соработка со општините и Министерството за локална самоуправа да изготват анализа на состојбата со општинските патишта и преглед на општински патишта во лоша и многу лоша состојба, во кој ќе вклучат приоритети. 

По добивањето на овие анализи Министерството за транспорт и врски ќе достави акциски план за подобрување на состојбата на општинската патна мрежа.

Министрите ги усвоија конечните извештаи за извршената ревизија на финансиското работење за 2016 година на Јавна здравствена установа Институт за јавно здравје и Институт за медицина на трудот. Владата ги испрати двата ревизорски извештаи до Основното јавно обвинителство. 

Владата на денешната седница го разгледа и прифати усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Канада за меѓувладини трансакции, вклучувајќи набавка на безбедносна и сигурносна опрема, обуки и услуги.

На денешната седница како материјали за информирање беа разгледани Извештајот за реализација на Програма за конкурентност, иновации и претприемништво, информацијата за здравствената состојба на шумите во Македонија, како и годишниот извештај на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција за 2017 година.  

На седницата беше усвоена информацијата за отворање на Канцеларија за соработка со дијаспората во Општина Штип во согласност со Програмата за работа на Владата за 2018 година. 

На денешната седница Владата на Република Македонија го именуваше Дарко Радевски за член на Одбор на директори на АД Водостопанство. 

Владата на донесе Решение за формирање на Комисија за спроведување на реформи во пензискиот систем којашто ќе биде должна да ја информира Владата на Република Македонија за текот на спроведување на активностите за имплементација на истите.

На предлог на Министерството за здравство министрите на денешната седница ќе го разгледуваат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, како и Предлог - програмата за изменување и дополнување на Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери во Република Македонија за 2018 година. 

Пред министрите на денешната седница на Владата ќе се најде конечниот извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Јавна здравствена установа Институт за јавно здравје на Република Македонија – Скопје.

На дневен ред на 68-мата седница е и Извештајот за реализација на Програма за конкурентност, иновации и претприемништво за 2017 година. 

Министрите ќе разгледуваат и три извештаи предложени од Собранието на Република Македонија, односно годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита од дискриминација за 2017 година, годишниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за примени пријави од укажувачи за 2016 година, како и годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2017 година. 

Почетокот на 68-мата седница на Владата на Република Македонија е предвиден за во 12:00 часот.