Интервјуа

Министре, донесе ли битни промени изминатава, 2011 година во земјоделството?

Карактеристично за македонското земјоделство во 2011 година беа осцилациите, не само во производството, туку и во откупот и продажбата но, она што ги одбележа изминатите 12 месеци е секако исклучително високата оценка од Европската комисија за спроведените реформи.

Исклучително добра 2011 беше за производителите на житни култури. Покрај одличниот род, тие остварија и далеку повисоки откупни цени во споредба со 2010 година, за  некои култури дури и до 70 проценти повисоки од ланските. Годината беше добра и за производителите на грозје. Откупната сезона помина без проблеми. Дефинитивно, 2011, во наредните неколку години ќе биде репер за квалитетно вино.

Без проблеми се одвива и откупот на тутунот. Производителите се задоволни од проценката и од досега постигнатата просечна откупна цена. Лошо помина градинарствиото поради појавата на „ешерихија коли“ која кај доматите и краставиците ја намали продажбата за повеќе од 70 отсто. За жал, домашните потрошувачи беа скептични и не го купуваа нашиот зеленчук иако анализите потврдија  дека е безбеден.

Во овој временски период вообичаено погласни се производителите на јаболка но, оваа година и покрај намалениот род за триесеттина проценти, проблеми нема. Добро го изменаџиравме и производството на ориз. Се стабилизира пазарот и ја заштитивме домашната продукција.

До каде е исплатата на субвенциите, кога ќе се објави следната Програмата за финансиска поддршка и каде главно ќе се насочат најавените 130 милиони евра?

Исплатата на субвенциите се одвива тековно и согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Треба да заврши најдоцна до јуни наредната година. И во 2011 први поддршка добија тутунарите. На повеќе од 31.000 тутунари, врз основа на доставените списоци од откупните компании, во почетокот на годинава им беа исплатени 1,58 милијарди денари. За произведено и продадено кравјо, овчо и козјо млеко се врши исплата на субвенциите во фази со цел континуирано обезбедување на земјоделските стопанства со неопходните средства за организирање на производството на млеко. За оваа намена досега се префрлени 206 милиони денари на 10 илјади млекопроизводители. Прв пат оваа година исплатата се врши врз основа на законски регулиран откуп на земјоделски производи за зачувување на конкурентските услови и договорните односи.

Во октомври почна исплатата на субвенциите за мерките за растително производство за што досега се исплатени околу 800 милиони денари, приближно 356 милиони за поледелски култури, 106 за производство на зеленчук, 228 за лозарство и 110 за овоштарско производство. По завршување на периодот на задолжително чување на животните – 31 октомври, почна и исплатата на субвенциите за одгледувачите на говеда за што на сметките на  сточарите ќе лeгнат околу 56 милиони денари.

Во услови на новонастанатите состојби во земјоделството во Европа како појавата на болеста предизвикана од бактеријата ешерихија коли, губењето на традиционалните пазари за градинарски култури во јуни 2011 година и отежнатиот извоз на вино, Владата интервенираше со воведување нови мерки во градинарство и во лозаро-винарскиот сектор. На барање на земјоделците извршивме неколку прилагодувања на условите и критериумите за добивање субвенции, како и продолжување на роковите за аплицирање.

И во 2012 година мерките за финансиска поддршка се структуирани да овозможат постигнување на клучната цел на економските политики на Владата, а тоа е подигање на конкурентноста на македонското земјоделско производство на домашниот но, пред се, на странските пазари. Потврда за позитивните резултати во таа насока е континуирано зголемениот извоз на земјоделски производи во последниве неколку години.

Во првите месеци од 2011 продолжи ланскиот позитивен тренд во извозот, кога според статистиката го евидентиравме историски најголемиот извоз на земјоделски производи  во изминативе 20 години вреден 424 милиони евра. Заклучно со октомври, на странските пазари сме извезле земјоделски производи во вредност од 380,6 милиони евра, што е повеќе за 35,4 милиони евра споредбено со истиот период лани. Очекуваме дека до крајот на годинава ќе ги надминеме ланските резултати во извозот. Ваквиот позитивен тренд секако се должи на ефективната владина политика во изминативе години.  

Владината Програма во делот на земјоделството е насочена кон прогрес, кон развој на земјоделството како една од приоритетните стопански гранки. Затоа, субевнциите за земјоделците од година во година се се поголеми. Од симболичните 6 милиони евра во почетокот на 2005 ги зголемивме на дваесеттина. Годинава одвоивме 115 милиони евра, а за 2012 се предвидени 130 милиони евра.

Ветеното го исполнуваме. Во 2013 година за субвенции ќе одвоиме  135 милиони евра, во 2014 – 140, во 2015 дури 150 милиони евра.

Владата и во 2012 година ќе продолжи со силна финансиска поддршка на земјоделските производи со висок квалитет и извозен потенцијал како што се тутунот, виното, овошјето и зеленчукот, но и на другите сектори кои се исклучително важни за обезбедување храна за населението. Убеден сум дека ова е формулата за зголемување на извозот, но и за  замена на увозот со зголемено домашно производство. Еден од приоритетите се инвестициските мерки за набавка на нова механизација, во прв ред трактори, мерка која и во изминативе години се покажа како една од поатрактивните за земјоделците. Секако, остануваат и мерките за изградба на инфраструктура во селата, мрежа за наводнување, како и поддршка на преработувачката индустрија. Со годинашната Програма за рурален развој акцент ќе се стави на поддршката за здружување на земјоделците, односно за  формирање и фукционирање на земјоделски задруги.

Програмата за субвенционирање и во 2012 година ќе ги поддржи одгледувачите на добиток, производството на млеко, пчеларството. Обезбедивме финансиска поддршка и за производите со пониска продуктивност кои се важни за обезбедување основната храна како што се житните култури, оризот и сончогледот. Нови дополнителни мерки  се планираат и за одгледувачите на говеда за производство на месо што е во насока на зголемување на домашното производство, како и за другите сточарски гранки. За органските производители и за оние кои ќе имплементираат повисоки пазарни стандарди, планирана е поголема финансиска поддршка. Останува мерката за кофинансирање на трошоците за осигурување на производството, за  вршење агрохемиски и педолошки анализи, како и дополнителните плаќања за производство во рурални подрачја, за регистрираните земјоделци, младите фармери и за жените земјоделки.

Напоменувам дека ќе продолжи реализацијата на политиките за земјоделците кои се од исклучителна важност за создавање услови за забрзан развој преку инвестиции, како што се обезбедување на поволните кредити преку Земјоделско кредитниот дисконтен фонд со 4, односно 5 отсто каматна стапка за примарното производство и преработувачката индустрија. Размислуваме и за низа други поволности како што се осигурување на земјоделците по најповолните основици и даночно ослободување до 300 илјади денари приход, како и минимално паушално оданочување на земјоделското производство над оваа сума. 

Какви новини беа воведени во земјишната политика и за колку од државните површини се склучени договори за закуп?

За да го зголемиме производството и извозот, да го стабилизираме секторот и да создадеме услови за искористување на секоја педа слободно државно земјоделско земјиште, во соработка со земјоделците, донесовме нови правила за распределба на државните ниви и ги донесоваме измените на Законот за земјоделското земјиште. Според новите правила, постапката за давање земјоделско земјиште во државна сопственост во закуп освен со јавен оглас, се спроведува и со прибирање понуди по пат на јавен повик. На ваков начин, понудувачите самостојно, со геодетски елаборат ги определуваат катастарските податоци за земјоделското земјиште во државна сопственост за кое конкурират.

Исто така се овозможува за државно земјоделско земјиште да аплицираат, покрај  регистрираните земјоделци, и лица кои се евидентирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства на Министреството. Се намали и почетната цена за закуп. Најниската сега изнесува 5 евра за хектар за земјиштето од пониските класи до 25 евра за повисоките. 

Новина е и тоа што законското право на плодоуживање по истекот на договорот се трансформира во право на закуп. По овој основ деновиве Министреството за земјоделство во Свети Николе склучи повеќе од  220 договори  за закуп.

Во комисиите за доделување државно земјоделско земјиште според новите правила има и претставници од Заедницата на единиците на локалната самоуправа покрај претставниците од земјоделските здруженијата кои и досега учествуваа во комисиите за распределба.

Согласно измените, може да се аплицира за добивање државно земјоделско земјиште и за подигање оранжерии што не беше случај досега, а претставуваше  децениски проблем за оваа категорија производители.

Досега, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство има склучено 5.350 договори за закуп и плодоуживање на земјоделско земјиште во државна сопственост на околу 143.610 хектари.

Во споредба со периодот до 2006 година кога  беа склучени само 411 договори за закуп за вкупно 98.150 хектари, денес, државните ниви се делат транспарентно, достапни се за секој заинтересиран земјоделц, а не само за одредена, привилегирана група граѓани.

Од 2006 до денес објавивме 55 јавни огласи и повици за доделување државно земјоделско земјиште во закуп и тоа на целата територија на Република Македонија. Доделени се 45.462 хектари, а склучени се 4.939 договори по сите основи.

Министерството за земјоделство во соработка со Државниот земјоделски инспекторат скенира 35 отсто од договорите за закуп склучени до 2006 година. На дел од нив се констатирани голем број неправилности кои се однесуваат на непочитување на програмата за користење на земјиштето, незаконско давање на земјата во подзакуп, неплаќање закупнина на државата, па дури и необработување на нивите. За вавките случаи е предвидено раскинување на договорите. Очекуваме дека на ваков начин ќе се ослободат околу 5.000 хектари квалитетна државна земја.

Во 2012 година ќе иницираме донесување закон со кој ќе го регулираме користењето и на приватното земјиште. Идејата е максимално да се искористи обработливото земјиште во функција на што поголема продукција на храна. По теркот на развиените земји, се размислува и за воведување данок за оние што имаат земјоделско земјиште, а не го обработуваат.

„Агрокор“ го отвори откупно-дистрибутивниот центар во Струмичко. Владата најави уште неколку вакви објекти...

Оваа Влада серизозно се посвети на решавање на проблемот со откупот на земјоделски производи. За таа цел, со пари од буџетот, но и на база на јавно-приватно партнерство ги насочивме активностите кон осовременување на постоечките и изградба на нови откупно-дистрибутивни центри и ладилници. Со овие инвестиции се создаваат услови и за подобрување на маркетингот на македонските земјоделски производи, за воведување современи пазарни стандарди, што е услов за зголемување на квалитетот и квантитетот на  земјоделските производи и олеснет пласман.

Во текот на оваа година и лани, Министерството во соработка со општините почна активности  за идентификување 14 локации за изградба на  откупно-дистрибутивни центри за свежо овошје и зеленчук. Дел од нив  се објавени и продадени. Во Врапчиште на 4 хекатри ќе инвестира турската компанија „Актекс груп“ од Измир, а во Богданци на 5 илјади метри квадратни откупно-дстрибутивен центар ќе гради инвеститор од Дубаи. Во Кочани, во Облешево и во Штип ќе инвестираат домашни компании.

Стартот со работа на хрватски „Агрокор“ во Струмица го означи почетокот на современото, стандардизирано производство, на организиран откуп и пласман по квалитет. Тоа за нас е доволна основа за тоа каде да се насочиме во годините пред нас, па и како да ги креираме политиките за развој на земјоделството, секако, по теркот на она што го бара пазарот. Инвестицијата на „Агрокор“ ќе се развива, според планираното на уште 4.4 хектари. Наскоро со инвестиција од околу 11 милиони евра ќе се гради и дополнителен објект за работа.

Но, не застануваме овде. Во преговори сме и со други странски инвеститори кои веќе најавија дека идната година ќе инвестираат во изградба на откупно-дистрибутивни центри во Македонија. За таа цел, од постоечките 14 локации Министерството за земјоделство почна кон крајот на 2011 година со идентификување нови 18 наменети за што во 2012 планираме да се распишат огласи и да се понудат на продажба. Исто така државата кофинансира половина од трошоците на домашните инвестиции за изградба на откупно-дистрибутивни центри преку ИПАРД и Програмата за рурален развој.

Станува ли нашето вино бренд и колку го препознаваат пребирливите европски купувачи?

Годинава успеавме да ги надминеме проблемите и да реализираме поголем извоз на вино од ланскиот. Вкупно извезената количина заклучно со ноември изнесува 842.973 хектолитри и е за 20,4 проценти  поголема од лани.

И оваа година ЕУ е најзначаен пазар за извоз на македонско вино. Таму, до крајот на минатиот месец се пласирани 462.535 хектолитри што е за 43 отсто поголема од вкупно извезената количина вино во ЕУ, односно за 22 проценти поголема од просечната извезена количина на вино во ЕУ за периодот 2008-2010 година. Традиционално голем беше интересот за бесцаринската квота за извоз на наливно вино која оваа година беше искористена уште во мај.

Нескромно ќе кажам дека пласманот на македонската боговска капка на традиционалните пазари во регионот, но и извозот во земји како Нигерија,  Швајцарија, Исланд, Русија и Хонг Конг е само уште една  потврда за нас дека  она што го произведуваат нашите винари е квалитетно и пазарот го бара. Важна е соработката, производството на квалитетна суровина за производство на врвно вино. Проблеми имало и ќе ги има, но важно е дека конечно почна отворено да се договара и преговара. Сериозно почна да се гледа на иднината на овој сектор кој за Република Македонија има огромно значење поради извозниот потенцијал, но и поради фактот што оваа гранка ангажира голем број луѓе во производството и преработката.

Оваа Влада реално го процени потенцијалот на лозаро-винарскиот сектор. Токму затоа стартувавме со реализација на проектот за изградба на 100 нови винарски визби. Основа на овој прокет е развојот на алтернативниот туризам, на винскиот, но и на селскиот. Поради покажаниот интерес од домашните, но и од странски инвеститори го проширивме проектот со можност за изградба на нови 50 винарски визби.

Во Република Македонија виното отсекогаш имало големо значење и претставува неизбежен дел од културата и традицијата. Тоа е уникатен промотор на нашата земја  и во меѓународни рамки. Оттука, неопходни се нови развојни инвестиции и имплементирање на меѓународните стандарди. Убедени сме дека преку овој проект ќе се зголеми  производството и ќе се прошири можноста за продажба и промоција. Ова е основа и за намалување на извозот на наливно вино, за отворање нови туристички сместувачки капацитети. Преку ваква интеграција на земјоделството и туризмот ќе се зајакне туристичката понуда, а со тоа ќе се овозможи и  самовработување на локалното население.

Во функција на развој на овој проект, а на барање на голем број винари, од идната година, по донесувањето неколку подзаконаки акти, и тие кои произведуваат вино ќе може да го продаваат во капацитетите во кои ќе вршат и винарски туризам.

До каде е исплатата на лозарите?

За откупеното грозје од реколтите 2008, 2009, и 2010 година во најголема мера е завршена исплатата. Преостануваат уште 15 проценти кои до 15 јануари ќе се реализираат.

За оние визби кои доставиле нотарски изјави дека ги имаат намирено обврските кон лозарите, односно дека е исплатено откупеното грозје, но за кои од страна на производителите има реакции дека сепак не се  исплатени, Министерството за земјоделство во целост ќе ги санкционира. Оние визби кои имаат поголеми обврски кон лозарите трајно ќе ја изгубат лиценцата, а ќе бидат и предмет на инспекциски надзор  од страна на  надлежните финансиски институции.

Од примената на измените на Законот за вино, 22 винарски визби се избришани од регистарот на Министерството за земјоделство што е уште една потврда дека Законот целосно се применува и важи подеднакво за сите. 

Католичкиот Божиќ е своевиден тест за пласман на македонското јагне. Сметате ли на поголем извоз во 2012-та и колку е генерално напреднато сточарството во последните неколку години?

Ако се земе како своевиден тест пласманот на македонското јагне за време на Католичкиот Божиќ, можеме да сметаме за поголем извоз на јагнешко месо за 2012 година. Тоа го потврдуваат и бројките. Овој месец се заклани 31.187 јагниња и се произведени 301.496 килограми јагнешко месо, додека во декември лани беа заклани 27.261 јагниња, а се произведоа 266.000 килограми јагнешко месо. Овде би напоменале дека економската криза би можело да има  влијание врз пласманот на македонското јагне на италијанскиот, грчкиот и хрватскиот пазар во 2012 година.

Годинава откупната цена на македонското јагне за килограм жива мера беше 200 до 210 денари прва класа, 190 до 200 втора класа и 175 до 190 денари трета класа.

Согледувајќи ги потресите кои се случија во млечната индустрија изминатава декада бројот на добиток се задржа на исто ниво, со благ пораст на некои од секторите. 

Македонија во 2012 ќе биде претседавач на Постојаната работна група за рурален развој во ЈИЕ....

И големите европски земји веќе не препознаваат како лидер на регионалната соработка во земјоделството и руралниот развој. Република Македонија во 2012 година  ќе претседава  со Постојаната работна група за регионален рурален развој на земјите од ЈИЕ. Во тој контекст, при преземањето на претседателството во ноември оваа година бевме и домаќини на 5-тата конференција на министрите за земјоделство од ЈИЕ.

Македонија ќе го искористи претседателствувањето за зајакнување на регионалната соработка. Соработката меѓу земјите во регионот паралелно се одвива и на политичко, но и на техничко ниво. Земјите во регионот преку оваа иницијатива која ги обединува во рамки на процесот на приближување кон  ЕУ почнаа со заземање заеднички ставови за одредени прашања од интерес за приближување кон ЕУ и реформи во земјоделството. Тие ставови ги дискутираат со Европската комисија.

Во текот на нашето претседателствување ќе покренеме бројни иницијативи на кои ќе направиме рекапитулација на најголемиот настан во регионот на техничко ниво при што Македонија ќе биде домаќин на Форумот за земјоделска политика во октомври следнава година.

Нашето министерство и воопшто РМ, е посветена на развивање добрососедски односи и решавање на отворените проблеми во земјоделството, руралниот развој и трговијата со земјоделски производи.

Ако ме прашате што беше најголемо достигнување во изминатата година на оваа регионална соработка можам слободно да кажам дека земјите од регионот го наметнаа прашањето за претпристапна помош во делот на земјоделство и рурален развој за сите земји во регионот без оглед на нивниот статус во однос на ЕУ.

Министре Димовски, ќе ги посетите ли тутунарите на откупните пунктови веднаш по новогодишните празници кога вообичаено е шпицот?

Состојбата со откупот ја следам континуирано и директно на терен. Секако дека би ги посетил производителите веднаш по празниците, но дотогаш останувам на отворена линија со Сојузот на здруженијата на тутунопроизводителите, инспекторите и со откупните компании со кои секојдневно контактирам и се консултирам. По ланските немили настани, годинава нема речиси воопшто проблеми, а тоа деновиве го потврдија и тутунарите и откупувачите на заедничката средба во Министерството за земјоделство.

 Извор: МИА

Новинар: Мирјана Чакарова

 

Политичките партии НСДП и СДСМ во Собранието поднесоа интерпелација, незадоволни како што велат од повеќе прашања. Како го коментирате барањето за интерпелација?

- Со ваква опозиција и јас и јавноста се навикнавме на напади и прозивки без основа или поднесување на интерпелации без аргументи. Тие повеќе пати се одлучија на ваков чекор, во услови кога практично и нема реализиран случај во борбата против организираниот криминал во кој што опозицијата не се стави на спротивната страна од институциите кои инсистираат на владеење на правото и застана во одбрана на аргументите на осомничените. Тоа е нивното поимање на правната држава и на борбата против криминалот, што во минатото резултираше со катастрофална репутација за Македонија во меѓународни рамки и срамното 106-то место на кое се најдовме на листите на  „Транспаренси Интернешенел“ кога тие раководеа со државата. Тоа ја покажува и нивната инвентивност, како и недостатокот од идеи или проекти кои би можеле да им ги понудат на граѓаните.

Затоа залудно е да се оптоварувам со нивните одлуки и мотиви. За мене е важно тоа што после првите две интерпелации следеа избори на кои граѓаните јасно и недвосмислено и кажаа не на ваквата политика на опозицијата и ги казнија транзициските манипуланти заглавени во 90-тите години од минатиот век.

Чувствувате ли одговорност барем за некои од прашањата кои ги посочуваат пратениците од опозицијата, претходно говореа за степенот на корупцијата односно за недоволната борба против корупцијата?

- Јас чувствувам одговорност пред граѓаните. Со оглед на багажот кој го имаат СДСМ и НСДП, но и односот кој секојдневно го демонстрираат во борбата против криминалот и корупцијата, тешко може искрено и сериозно да се сфатат и третираат нивните обвинувања. Октоподите, пропаднатите штедилници, криминалот со фри-шоповите, шверцот на нафта и цигари се само дела од достигнувањата на актуелната гарнитура во СДСМ и НСДП. Македонија на Црвенковски и на Петковски беше претворена во црна дупка на Балканот каде не постоеја закони.

Во овие пет години успеавме да го вратиме угледот на Македонија, а борбата против криминалот и корупцијата наиде на позитивни оценки од страна на сите меѓународни институции. Каде се во приказнава Црвенковски и Петковски? Се разбира, од другата страна. Црвенковски го амнестираше Заев за криминал тежок 8 милиони евра, а Петковски деновиве учествуваше во протести пред судот за ослободување на лица осомничени за тежок криминал. Мене не ме чуди што тоа не го толкуваат како притисок кон судската власт. Во нивната матрица е врежано дека оние кои работат по нивна партиска директива не подлежат на законите. Добро е што граѓаните ја прочитаа оваа матрица и што во континуитет им велат не ве сакаме повеќе.

Дали според Вас, полициската акција „Кампања“ односно прашањето во врска со прислушувањето на Љубе Бошкоски беше клучно за ваквото барање на опозициските пратеничките групи во Собранието?  Влијаеше ли на ваквата одлука и незадоволството на определен број граѓани и за случајот Мартин Нешковски и обвинувањата за постоењене полициска бруталност и надминување на надлежностите?

- Не можам со сигурност да кажам се додека не го видам образложението за најавената интерпелација, но од тоа што досега е соопштено иницијативата на Петковски е инспирирана токму од неговото незадоволство од одговорите кои ги доби во врска со измисленото прислушкување во случајот „Кампања“. Јасно беше дека Петковски ќе мора да се жртвува по налог на неговиот политички ментор и можеби да ја фрли низ вода политичката кариера градена цел живот, но тоа е негова лична одлука која не сакам да ја коментирам. После непромисленото и апсурдно тврдење на Црвенковски дека бил прислушуван, ама за тоа немал докази, беше очекувано дека истиот во игра ќе уфрли некоја марионета за да го одвлече вниманието на медиумите од непријатните прашања кои би следеле. За да не помислат медиумите да прашаат колку е политички одговорно да се пласира вака сериозна теза без никаков доказ, во приказната влета Петковски со тврдење дека осомничениот во случајот „Кампања“ бил незаконски прислушуван, а преку него целата опозиција. Менторот на Петковски веројатно мислеше дека со ваквиот потег ќе заврши целата тема. Сепак тој е пензионер, но Петковски е пратеник кој мора да одговара за своите постапки пред граѓаните и затоа мора да инсистираме целиот случај да излезе на виделина. Јавноста мора да знае дали Петковски заради сопствена промоција и по налог на својот ментор ја злоупотребил својата функција, навредувајќи ги институциите и одговорните лица дека незаконски прислушувале во случајот ?

Затоа ја очекувам собраниската расправа во која на виделина ќе излезат манипулациите на Петковски, без разлика дали тоа ќе значи крај на неговата политичка кариера.

Дали и колкав удел при барањето на интерпелацијата имало убиството на Мартин Нешковски не можам да кажам, но не би ме изненадило и нема да биде прв пат, опозицијата да се обиде да извлече политички поени од ваква трагедија. Впрочем бевме сведоци дека нивните луѓе кои јавноста ги поврзува со атентати и неброени сомнителни и нерасчистени убиства се појавија во прв ред на протестите. Истите оние со кои се поврзува ликвидацијата на Диме Поштарот, кои без истрага ја затворија смртта на Трајан Бекиров и кои не си поднесоа оставки по атентатот на претседателот Глигоров, сега лицемерно се обидуваат да профитираат од настанот. Разликата од тогаш до сега е фактот што случајот е расчистен, а виновникот е на суд. Во собранието неколку пати се расправаше, но не може да се исклучи дека повторно би го актуелизирале прашањето согласно нивната максима, „изманипулирај, искористи и профитирај“.

Како го оценувате настапот на претседателот на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана Тито Петковски, кој од таа позиција побара да се утврди политичка одговорност за вас? Ве обвинува за непочитување на Собранието, пратениците и законите.

- Според мене настапот на Петковски, во најмала рака беше непримерен за човек кој целиот свој работен век го поминал на политичка функција. Иако не можам да го оправдам, се обидувам да го разберам. Лидер е на мала и незабележлива партија и мора да се бори за наклоност кај неговиот ментор. Не знам како поинаку би ги толкувала неговите ставови дека не бил судот тој што ја ценел законитоста на доказите. Следејки ги неговите изјави се добива впечаток дека Петковски живее во друго време. Во време кога судот на партијата одлучувале кој доказ е валиден, а кој не и кој треба да биде осуден, а кој не. Многу е неблагодарно да спорите со ваквото толкување на законите. Се доведувате во опасност да се спуштите на истото ниво и да изгледате несериозно. Кој го почитува Собранието и вољата на граѓаните, најверодостојно кажуваат самите граѓани на избори, а тие шест пати досега рекоа дека манипулациите на опозицијата ниту се нивна воља, ниту пак опција која треба да се поддржи. Впрочем на секое барање на Петковски соодветно одговаравме. Тоа што нему лично не му се допаѓаа одговорите бидејќи не ја поткрепуваа тезата на неговиот ментор е веќе негов проблем. Немам намера да лажам дека имало прислушување или дека министерството располага со докази прибавени со помош на таква истражна мерка за да го спасувам неговиот углед.

Министерке Јанкулоска ги слушнавме и вашите одговори на обвинувањата и реакциите на политичките партии во врска со овој случај, сепак може ли да ни кажете кои истражни посебни мерки беа применети со Бошкоски за време на изборната кампања и како течеше комуникацијата со Комисијата на чие чело е Петковски?

- Комуникацијата подразбира размена на информации во две насоки. Јас можам да говорам само во име на Министерството. Од наша страна  се што сторивме беше максимално коректно и согласно законот. За жал целата кореспонденција започна согласно стилот на транзициските политичари со обвинувања без никакви аргументи. Наместо прашање и дијалог се соочивме со обид за уривање на угледот на државните институции дека истите незаконски прислушувале. Дури потоа уследи барањето на кое одговоривме и посочивме дека таква мерка воопшто не е употребена. Петковски продолжи преку одредени медиуми да ја форсира тезата дека и тој и Црвенковски биле прислушувани преку случајот „Кампања“ и побара увид во материјалите. Повторно му укажавме дека може да го посети МВР кога сака, но дека такви материјали не постојат бидејќи неговите тврдења се најобична политичка измислица. Тој повторно манипулираше дека не му било дозволено да влезе во МВР, иако и во јавно објавениот одговор се гледа дека тоа не е вистина.

Во првиот одговор до Петковски точно ги наведовме и броевите на судските наредби за примена на посебни истражни мерки и токму заради тоа информацијата беше класифицирана. Во наредбите се точно опишани и мерките кои му се наложуваат на МВР, како и причините поради кои МВР треба да ги употреби тие мерки. Наместо Петковски да провери дали овие наредби постојат во судот, тој се одлучи подлабоко да навлезе во манипулацијата и да продолжи да ги клевети институциите.

Обвинителството веќе јавно одговори дека сите наредби, докази и примената на посебните истражни мерки се чисти како солза, а судот ги прифати сите докази приложени во постапката.

Претпоставувам дека Петковски контактирал со одбраната во случајот и дека му било укажано дека воопшто не е изведен доказ добиен со прислушување, но веројатно неговата суета не дозволува да ретерира и да им се извини на сите одговорни лица од полицијата, обвинителството и судот кој работеа на овој случај, а кој ги понижи и навреди набедувајќи ги за незаконско прислушување.

Вие сте најдолго прв човек на МВР од независноста на РМ. Се чувствувате ли комотни во една од најжешките министерски фотељи, постојано со обвинувања по разни прашања и повикувања да дадете оставка?

- Факт е дека ја отпочнав шестата година откако раководам со Министерството за внатрешни работи, но не можам да говорам за некаква комоција во позицијата. Не заради обвинувањата и нападите од страна на опозицијата, туку заради начинот на кој што ги гледам и оценувам работите. Комотноста воопшто не е една од категориите со кои се обидувам самата да ја вреднувам мојата работа. Ниту очекував, ниту посакував, ниту пак се надевав на некаква комотност. Верувам дека нема да бидам комотна се до оној момент додека ја извршувам оваа функција. Самата не можам да се помирам со никаква комоција кога знам дека ме чека уште многу работа. Дури и да почне да не фали опозицијата, јас не можам да се опуштам се додека не го исполниме тоа што го ветивме на граѓаните.

Во овие пет ипол години имаше многу моменти кои предизвикаа и радост и гордост, но и тага и разочарување. Се разбира дека особено во тешките моменти ви доаѓа да се прашате што и како понатаму. Сепак, кога работите во интерес на сопствената земја тоа е најсилната мотивација што дава поттик за понатаму. Ја прифатив оваа одговорна позиција бидејќи сметам дека можам да придонесам при спроведувањето на политиките кои граѓаните веќе шест пати по ред ги поддржаа. Кога ги носам одлуките не поаѓам од тоа дали нешто сакам или не сакам, туку дали тоа е добро или лошо и дали можам или не можам да најдам решение за одреден проблем. Верувам дека се уште можам да придонесам на сегашната позиција и мотивацијата за работа за мене и за мојот тим е на високо ниво.

Имате ли слободно време кога се дружите со пријателите, се занимавате да речеме со некое ваше хоби... што најповеќе ве релаксира, може да ве насмее?

- Слободното време, за жал, беше една од првите жртви на функцијата што ја извршувам. Истото веќе и не ми е проблем, бидејќи ретко го имам. Тоа што останува научив повеќе да го ценам и настојувам максимално ефикасно да го искористам со моите најблиски. Уживам во спортот и рекреацијата, скијање во зима или возење велосипед кога временските услови се подобри. Може да ме релаксира добра книга или филм. Насмевката најчесто ми ја измамува некој интересен виц, а во замена за добар виц некогаш може да послужат и безидејните настапи на опозицијата.

Извор: МИА

Новинар: Цветанка Миновска

Што го одбележа работењето на Министерството за транспорт и врски во 2011 година?

- Слободно можам да кажам дека изминатава година реализиравме голем број проекти кои повеќекратно позитивно ќе се одржат на економскиот развој на нашата држава како и за подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на Република Македонија.  Еден од најкапиталните проекти е модернизацијата и реконструкцијата на двата аеродроми во Македонија, со што добивме претставителни порти кон нашата земја за сите кои го користат авионскиот превоз. Овој проект кој се реализира по пат на концесија претставува нешто што требаше одамна да се случи. И покрај скептицизмот кој од различни страни беше изразуван за време на неговата имплементација, сепак неизбежна реалност е дека Македонија денес има нови, модерни и репрезентативни аеродроми.

Во 2011 година видливо беше и тоа дека продолживме да ја реализираме нашата заложба за изградба на добра патна мрежа и се реализираа голем број на проекти за изградба на локални, но и на регионални патни правци. Во овој дел, кога се прави еден ваков рекапитулар, со задоволство можам да потсетам дека годинава ја завршивме изградбата на автопатот Табановце – Куманово, а се заокружи финансиската конструкција и започна постапката за избор на изведувач на градежните работи за изградба на автопатната делница Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10 за што очекуваме во првата половина на 2012 година да започне и изградбата со што целиот коридор 10 во Македонија ќе биде изграден на ниво на автопат. Со проектот за изградна на локални патишта во изминативе 2 години изградивме повеќе од 100 патишта пред се до рурални средини кои претходно немаа добар пристап до патната мрежа, а оваа година се заврши изградбата, односно реконструкцијата и на 5 регионални патишта.
Оваа година, по долги децении возење во стари и делумно исправни автобуси, граѓаните на Скопје добија нови и современи автобуси, кои се далеку поудобни и побезбедни од претходните. Во сообраќај во главниот град се 80 нови нископодни и 68 двокатни автобуси кои се уникатни и препознатливи само за Скопје. Дополнително, по постапките кои ги спроведовме, во Скопје ќе бидат доставени и нови 134 двокатни автобуси, 15 отворени двокатни автобуси за панорамско разгледување и 16 нови миниавтобуси за приградските линии.

Скопје доби уште едно ново обележје, а тоа е жичарницата на Водно, која е на потегот од Средно Водно до Милениумскиот. Ова е реализација на уште еден капитален и долгоочекуван проект, а за оправданоста на оваа инвестиција и значењето кое таа го има сведочи огромниот интерес и бројката од повеќе од 100.000 посетители за неполни 6 месеци.

Од големо значење за подобрувањето на животниот стандард и економскиот развој на секоја средина е добрата инфраструктура. Свесни за тоа, континуирано ја даваме својата безрезервна поддршка за изградба на истата во населените места ширум Македонија. Освен во делот на изградба на локални патишта, Владата на Република Македонија им помага на општините и во делот на изградба на комунална инфраструктура. Годинава започна со реализација проектот за водоснабдување и одведување отпадни води  кој е финансиран од Европската инвестициона банка и Буџетот на Република Македонија а средствата ќе бидат дадени на општините како грант од Владата на Република Македонија со цел општините да обезбедат одржливост на изградените системи.  Се надевам дека 2011 година многумина ќе ја паметат и по тоа што започна процесот за решавање на нивното најзначајно прашање – прашањето за домување во рамките на процесот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти.


Колку ќе се инвестира идната година  во патната инфраструктура и кои се плановите во делот на изградбата на автопатиштата од Коридорот 8?

- Согласно предлог-буџетот на Агенцијата за државни патишта, за изградба и реконструкција на патишта за 2012 година предвидени се повеќе од 78 милиони евра. Овие средства се наменети за подобрување на патната мрежа во преку изградба на нови и рехабилитација на постојните патишта. Предвидено е да продолжат активностите за изградба на регионалните патишта Штип - Струмица на делницата Сурдулци-Радичево, рехабилитација на автопатот Катланово - Велес и рехабилитација на регионалните и локалните патишта финансирани со заеми од Светската банка и ЕБОР  во чии рамки  ќе се опфатат  4 регионални патишта, и тоа:  Струга - Дебар, Радовиш - Конче, Кавадарци - Мушов Гроб и Ангелци - Вељуса, а ќе се рехабилитираат и околу  140 локални патишта.
Во однос на изградбата на патната инфраструктура на Коридорот 8, како што веќе информиравме, во овој период истече предвидениот рок согласно јавниот повик за доставување барања за учество во постапката за доделување концесија за вршење на работите за изградба, реконструкција, одржување, наплата на патарина и користење на државните патишта во Македонија. Со оглед на фактот дека до крајниот рок не е доставено ниту едно барање за учество во постапката од страна на компаниите кои ја поминаа фазата на претквалификација, во следниот период Владата ќе ја утврди динамиката и начинот на финансирање за реализација на предвидените проекти кои се опфатени со двата пакети, сé со цел создавање подобра и поквалитетна патна инфраструктура во Република Македонија.

Овој месец добивме позитивен одговор од НАТО дека во 2012 година ќе ја продолжиме добрата соработка која ја воспоставивме при реализација на проектот за санација на мостовите на коридорот 10. Станува збор за средства во висина од 8,6 милиони евра кои ќе се искористат за санација на 16 моста на патната делница Скопје – Велес. Во 2012 е предвидено изготвување проектна документација и избор на изведувач, а реални градежни работи во 2013 година.

Кои активности и инвестиции се планирани во железничкиот сектор?

- Во првата половина на 2012 година планирано е започнување на градежни работи за ремонт на делниците долж Коридор 10 и тоа Табановце – Куманово и Миравци – Смоквица, а во втората половина од 2012 година се планира да се објави тендер за избор на фирма која ќе го врши ремонтот на делницата Ногаевци – Неготино, а се планира градежните работи да започнат во текот на  2012 година.  За изведување на градежните работи веќе се обезбедени средства по пат на кредитно задолжување од Европската Банка за обнова и развој во висина од 17,6 милиони евра.

Во 2012 година, Министерството за транспорт и врски ќе продолжи со реализација на повеќе проекти со што полека, но сигурно работиме на отпочнување со доизградбата на железничкиот дел од коридорот 8 во Македонија. На самиот почеток на 2012 година се планира да се обезбедат потребните средства за изработка на инвестиционо – техничката документација по пат на грантови од меѓународните финансиски институции, до средината на 2012 година да се објави тендер за избор на фирма, а до крај на годината да се склучи договорот. Покрај тоа, според предвиденото, во првата половина на 2012 година треба да се изготви тендерската документација за изработка на техничката документација за изградба на делницата од Кичево до Лин, граница со Република Албанија. Воедно, што се однесува до одржувањето на постојната мрежа на Коридор 8, до средината на 2012 година се планира да се изработат основните проекти за рехабилитација на оваа делница, а средствата за оваа намена се обезбедени преку инструментот WBIF, а поддржани од Европската Банка за обнова и развој. Согласно правилата на банката, извршен е избор на консултант кој има задача во рок од 12 месеци да ги изработи основните проекти, да даде техничка помош на ЈП „Македонски Железници Инфраструктура“ – Скопје при подготовката на техничката документација за избор на градежна фирма и помош во постапката за склучување на договор со фирмата која ќе работи на рехабилитацијата на делницата од Куманово до Белјаковце. Според нашите планови, до средина на 2012 година е предвидено да започне постапката за избор на градежна фирма која во рок од 2 години треба да ги изведе градежните работи. Во почетокот на 2012 година, планирано е да се поднесе апликација за обезбедување на грант - средства во висина од 2.5 милиони евра за избор на фирма која ќе врши надзор над градбата, со која би се потпишал договор до крај на 2012 година.

Како се одвива на терен легализацијата на дивоградбите, колку објекти се легализирани и можни ли се законски измени во насока на олеснување на процесот?

- Процесот за легализација на бесправно изградените објекти на територијата на Република Македонија се одвива според планираното и задоволен сум од бројот на поднесени барања за легализација на објектите согласно крајниот рок. До крајниот рок за поднесување на барањата беа доставени вкупно 353.060, а според информациите од локалната самоуправа, досега се легализирани повеќе од 10.000 објекти. Сепак, бројот на издадени решенија од страна на општинските власти од ден на ден се зголемуваше повеќе. Во овој историски процес, важно е општините со полн капацитет да работат на решавање на комплетните барања и да се запазат законските рокови, со цел поефикасно да го заокружиме целокупниот процес за легализирање на бесправните објекти на територијата на Република Македонија.

Во насока на олеснување на  процесот третата недела во јануари на  седница на Економскиот совет во Владата ќе презентирам измени на  Законот за  третман на бесправно изградени објекти, на што работиме по забелешките кои ги добивме од општините и ЗЕЛС.  Измените се во насока на допрецизирање на законот. Ќе има измени  и на Законот и на Правилникот  за да може што поголем број објекти да се легализираат  и да се допрецизираат  некои нејаснотии. Првата наша цел кога го правевме законот беше што  поголем број луѓе да аплицираат, а  сега кога дојдовме  до процесот за легализација треба да ги поедноставиме процедурите за да може  тој да се одвива побргу. Општините имаат неразјаснети  прашања,  пример за постапување за функционална целина, односно дали да се легализира ако првиот спрат е карабина, а вториот изграден. Има нејасностии  и околу корисничките права на земјиштето, со оглед дека има доста кориснички права на земјиште на субјекти кои не постојат. Трет сегмент е тоа што одреден објект на лице место е куќа, а во Деталниот урбанистички план (ДУП) е зграда, или обратно, па сега прашањето  е кои комуналии да се пресметуваат.

Што со најавените казни за тие што не пријавиле нелегален објект?

- Законот што го предложија пратениците е сеуште  во собраниска процедура. Го поддржувам затоа што треба еднаш засекогаш да се стави крај на нелегалната градба и  покрај тоа што има дел од општините кои и после законот  на некој начин дозволуваат или не ги санкционираат дивите градби. За некои општини веќе  презедовме   конкретни мерки и во наредниот период за нив ќе има санкционирање.


Какви се ефектите во поглед на почнати инвестиции по лицитациите  со државното градежно неизградено земјиште што ги спроведе Министерството и колку сте задоволни од  динамиката на преземање на надлежностите на општините во менаџирањето со земјиштето?

- Министерството за транспорт и врски во 2011 распиша 177 јавни објави за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, по пат на јавно наддавање. Врз основа на спроведени јавни наддавања, Министерството за транспорт и врски со најповолните понудувачи има склучени 185 договори за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија со цел реализирање на предвидените инвестиции и истите се солемнизирани. Од отуѓеното земјиште во 2011 година собрани се средства во висина од приближно 12.5 милиони евра од кои 80% се слеваат во општинскиот Буџет а останатите 20% во Буџетот на Република Македонија.
Од јули 2011 година, единиците на локалната самоуправа имаат законска можност да управуваат со постапките за отуѓување на земјиштето по пат на јавно наддавање и до сега вкупно 14 општини самите управуваат со градежното неизградено земјиште откако ги исполниле потребните законски услови. Во постапка е одлучување по барањата на 12 други општини за пренесување на надлежностите во делот на управување со градежното земјиште.

Ја користам оваа прилика, да упатам уште еден апел до сите градоначалници што поскоро да ги исполнат условите согласно Законот за градежно земјиште, да ги преземат потребните чекори и да ги исполнат законските услови кои ќе им овозможат управување со градежното неизградено земјиште во сопственост на Република Македонија.

Како се одвива процесот на приватизација на општествени станови  и кои се плановите за изградба на станови за социјално ранливите групи?
 
- Продажбата на становите во општествена сопственост  е континуиран процес кој се реализира во изминатиот период и овој процес ќе продолжи и во 2012 година по поднесените барања на носителите на станарско право кои поднеле барање согласно крајниот рок - 31 декември 2010 година, како и за лицата кои го добиле или ќе го добијат правото да ги купат становите согласно Законот за домување. Постојат повеќе случаи односно категории на барања за откуп на општествените станови и тоа од страна на корисници на станови за кои се водат судски постапки, станови за кои ќе се одлучи да не се продаваат односно да бидат заменети со друг стан од страна на Владата на Република Македонија, станови кои до 31 декември 2010 година не се внесени во евиденцијата на станови во сопственост на Република Македонија, станови за кои се водат постапки за пренос на правото на користење на стан по основ на Законот за денационализација и Законот за припадниците на безбедносни сили на Република Македонија и членовите на нивните семејства. Овие носители на станарско право да поднесат барање за откуп на станот во Министерството за транспорт и врски по завршување на постапките, и истите ќе можат да ги купат становите по поволни услови согласно Законот за продажба на становите во општествена сопственост. Заклучно со крајот на оваа година вкупно се поднесени 1.603 барања за откуп на општествени станови, а од нив завршени се 161 предмет. За споредба, во периодот од 2001 до 2009 година биле поднесени вкупно 67 вакви барања, а биле решени 6.

Вториот дел од Вашето прашање се однесува на Проектот за домување на социјално ранливи групи, чија вкупна вредност изнесува 50,7 милиони евра и со истиот е предвидена изградба на вкупно 1.754 стана во 26 градови на територијата на Република Македонија. Досега се изградени и вселени  осум објекти со 339 станa и тоа два објекти во Скопје, и по еден објект во Македонска Каменица,  Кавадарци, Охрид, Кичево, Кочани и Крива Паланка. Во тек е изградбата на  220 станови во Битола, Штип и Берово.

Кога ќе се реализира најавата за субвенционирање авиокомпании од државата и кои се следните чекори  за унапредување на состојбите во таа област?

-  Министерството за транспорт и врски презеде активности во врска со дополнување на Законот за воздухопловство и додадовме нов член со кој се дава основ Владата на Република Македонија да додели финансиска поддршка на авиопревозниците кои оперираат и ќе оперираат од аеродромите во Република Македонија. Постапката за донесување на дополнувањето на законот за воздухопловство е во собраниска процедура и очекуваме истиот да биде усвоен на почетокот на 2012 година.

Можам да истакнам дека со усвојувањето на споменатото дополнување, потребно ќе биде да се донесе тригодишна Програма со која ќе се определи висината на финансиските средства и Одлука со која ќе се определи начинот и критериумите за доделување на истите од страна на Владата на Република Македонија.

Со реализација на активностите, се очекува значително зголемување на бројот на патниците во воздушниот сообраќај во државата, да се зголеми бројот на авиопревозниците, воспоставување нови дестинации и формирање поконкурентни и подостапни цени во воздушниот сообраќај.

Почнавте активности за усогласување на домашното законодавство со Европската директива за аудиовизуелни медиумски услуги со презентирање првични предлози, но наидовте на критики дека излегувате надвор од директивата со т.н лесна регулација што ја предлагате.  Ќе има  ли ново законско решение или промени во постојните?

- Ние ја започнавме дебатата за тоа дали е потребно да се направи ново законско решение или да се направат измени во постојното во делот на оперирањето на медиумите. Наша главна цел е имплементирање на европското законодавство и во оваа област, секако поаѓајќи од начелото на заштита на слободното новинарство. За овој процес добивме и поддршка од Европската Комисија, која испрати еден од своите експерти во рамките на инструментот за техничка помош TAIEX. Очекуваме до крајот на оваа недела да добиеме записник од експертот кој ќе ни даде конкретни насоки што понатаму. Во наредниот период ќе има многу јавни расправи заедно со министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски  бидејќи од 1 јануари тој ги презема  ингеренциите во делот  на радиодифузијата и електронските комуникации. Ние почнавме со овој закон, така што ќе одиме до крај со измена на законската регулатива и ќе  комуницираме со сите инволвирани страни.

Станува збор за три  столбови на кои се потпираат нашите предлози - првиот е ЕУ директивата  за аудиовизуелни политики,  вториот се препораките од Советот на Европа и третиот е извештајот за напредокот на Македонија од Европската Комисија. Направивме компаративна анализа со земји  како што се Словенија и Хрватска и сите искуства што мислевме  дека се добри за Република Македонија ги дадовме како предлог текст и треба да се дискутира. Не велиме дека мора да стои во законот. Со т.н лесна регулатива се предвидува електронските  и печатените медиуми, значи веб  порталите и печатените само треба да се регистрираат  односно да  има база на податоци каде треба да се регистрираат. Нашата идеја беше сите добри пракси што се од земјите од регионот и од Европа да ги имплементираме во нашиот закон бидејќи имавме доста забелешки дека целокупниот пазар не е регулиран.

Вашиот ресор и Вие како министер за транспорт годинава често  бевте прозивани за случајот со уривањето на станбено-деловниот „Космос“, како, според опозицијата, еден од одговорните за нелегално уривање на голем објект со голема инвестиција, како и за „упад“  во повлекувањето на мислењето на Архитектонскиот факултет?

 - За мене најважно е законот  да важи за сите и не треба да се злоупотребува еден случај во рамки на Собранието. Сите документи, докази, сите испитувања што беа и од инспекторот во рамки на Општина Гази Баба  и од Државниот инспектор за градежништво покажаа дека има градба која не е  во согласност  со одобрениот проект и тоа  беше санкционирано. А во поглед на шпекулациите за Архитектонскиот  факултет, професорите и деканот од таму имаат свој  авторитет и дигнитет, така што не верувам дека некој може да влијае на нивното мислење. 

Коментар за информациите во јавноста дека заминувате на некое од амбасадорските места.

-  Посветено ќе ја извршувам функцијата министер за транспорт и врски се додека сум на чело на оваа институција. Откако сум  министер за транспорт „ме носат“ постојано на некоја функција,  од   директор на Агенција за државни патишта, преку директор на УЈП, па министер  за финансии, па амбасадор, па не знам што. Сметам дека целта е едноставна, а тоа е да се демотивираат вработените во министерството и да се делегимитира моето работење. Најверојатно опозицијата нема со што да се занимава, па измислува приказни за мојата кариера.

Напорно ли е да се опстои пет години на министерска  функција?

- Да се биде министер на едно Министерство кое има голем број ингеренции и паралелно спроведува голем број проекти и реформи е доста напорно, но исто така бара големи откажувања пред се на приватен план, но кога се реализираат проекти кои се видливи тоа дава дополнителна сила за понатамошни успешни остварувања. Особено во 2011 година реализиравме  голем број проекти, меѓу кои и модернизацијата на аеродромите, автопатот  Табановце - Куманово, легализацијата како процес, сите постапки што ги скративме со Законот за градење и сите овие постигнати успеси ми дадоа дополнителна сила. Пред некој ден имавме состанок со инвеститори кои и претходно биле тука, но сега ми рекоа дека кога  пристигнале проверувале дали навистина слетале во Македонија или не. Новиот аеродром е еден од проектите што ќе се памети.

Кога дојдов на министерската функција, имав неколку основни цели – воведување на трет мобилен оператор, а сега веќе имаме и четврт, модернизација на аеродромите, што веќе е постигнато, како и започнување со изградбата на пругата кон Бугарија и комплетирање на патниот коридор 10 – два проекти коишто од ден на ден, со посветено и чесно работење се повеќе стануваат реалност. Имено, два од овие проекти се веќе реализирани, третиот е во поодмината фаза т.е  се прави евалуација на понудите и се очекува градбата да започне во првата половина од 2012,  а за Коридорот 8 се движиме во добра насока и имаме силна поддршка од меѓународните банкарски институции. Очекувам кон крајот на наредната година  да се склучи договор за рехабилитација на пругата Куманово - Белјаковце, а некаде во 2014 да почнеме со изградба на делот од Белјаковце до границата со Република Бугарија.  Веќе е направена  физибилити-студија, еколошка студија и ќе почне јавна расправа од јануари. ЕБРД не поддржуваат, ќе има ИПА средства, ќе се финансира слично како Коридорот 10, така што сме во добра насока да почне изградбата.

извор: МИА

новинар: Лидија Велковска

Скопје се уште дише воздух за кој упатените велат дека е опасен за здравјето на луѓето. Што вие како надлежно министерство преземате за да ја поправите ваквата слика?

Кога зборуваме за градот Скопје, мора да истакнеме дека местоположбата на Скопје е таква, значи Скопје е во котлина, и големо влијание на квалитетот на воздухот, освен другите фактори, имаат и метеоролошките и климатските услови. Знате дека во последните шест месеци во Македонија, односно во регионот, немаше дожд, исто така и климатските услови се такви да нема ветер, нема снег во овој период што е невообичаено. Меѓутоа, без разлика на тоа, ние ги следиме состојбите со воздухот, заедно со Градот Скопје. Наша надлежност е да ги инспектираме поголемите капацитети или капацитетите што имаат А-интегрирана дозвола. Тоа е наша редовна работа, но поради состојбата имаме и вонредна програма, нашите инспектори редовно ги следат и овие денови се на терен.

Министре, што покажаа таквите инспекциски контроли во индустриските објекти?

Податоците што ни доаѓаат и од инспекторите, но и од мониторинг станиците, покажуваат дека е зголемено нивото на таканаречените ПМ10 честички. Тие се помали честички, до 10 микрометри, што не се гледаат со голо око, но имаат негативно влијание и на амбиенталниот воздух, но и на здравјето на граѓаните. Нема зголемување на SO2 и на NO2 кои може да дојдат од поголемите капацитети. Меѓутоа бидејќи сме во време на сезона на греење, период кога мора да се користат разни енергенси за греење кои некогаш се и со лош квалитет, тие имаат поголемо влијание врз амбиенталниот воздух. Исто така, влијание има и сообраќајот, имаат влијание и градежните активности кои се одвиваат со поголем интензитет во последните години, со поголеми инвестиции. Меѓутоа, ние предлагавме и до Градот Скопје, да преземат мерки, кои може да бидат краткорочни и долгорочни. Краткорочните се околу сообраќајот. Градот Скопје како надлежна институција може да му предложи на МВР да има посебен сообраќај во Скопје, почести инспекциски надзори, повеќе активности на комуналниот инспекторат околу инспекциските надзори околу градилиштата во Скопје. Меѓутоа долгорочните се - да се гасифицира Скопје, да се користат енергенси со поголем квалитет, но и инсталирање на филтри на поголемите капацитети во Скопје.

Споменавте повеќе причини поради кои загадувањето е на високо ниво. Дали одредени македонски фабрики, индустриски објекти, кои што не ги почитуваат еколошките стандарди за работење ќе бидат соочени со некакви казни? Ќе се соочат ли со санкции? Што конкретно се прави во таа насока?

Мора да известам дека, според Законот за животна средина, до април 2014 година, сите капацитети во Република Македонија и таканаречени жешки жаришта мора да се усогласат со А-интегрирана дозвола, што значи да ги исполнат најдобрите стандарди. Тој рок нема да се пролонгира. Многумина од менаџерите на таквите капацитети бараа тој рок да се пролонгира и се уште се надеваат дека ќе се пролонгира, но мора да истакнам дека нема да го пролонгираме рокот и тоа од две причини – Едната е поради нивното негативно влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух, а другата е што ние како земја-кандидат за членство во ЕУ мора да ги исполниме стандардите што ги предвидува ЕУ. Ако ние случајно ги почнеме преговорите пред април 2014, ќе преговараме за секој капацитет одделно, значи нема да преговараме за сите капацитети одеднаш и може да дојдеме во ситуација да некој од тие капацитети биде затворен поради тоа што не ги исполнува еколошките стандарди. За да не дојдеме во таква ситуација, апелирам до менаџерите на тие капацитети, веќе да почнат со активности за исполнување на еколошките стандарди, зашто може да дојдеме до ситуација во април 2014, некои од тие капацитети да се затворат.

Една од главните причини, споменавте и вие, е и непланското градење. Дали вие како министер, еве од еколошки аспект, ќе инсистирате на некој начин да сопре градежната експанзија?

Со законите во Република Македонија е предвидено, за секој план што општината или некој друг сака да го имплементира или да го донесе, да подготви стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, што значи дека ние како Министерство сме на некој начин вклучени во донесувањето на Деталните урбанистички планови, но и на другите програми на општините, но и на приватниот сектор. Ние некогаш даваме и негативно мислење за некој план, но почесто даваме позитивно мислење зашто општините ги почитуваат нашите препораки. Меѓутоа има многу градежни објекти кои се градени пред да се донесат ваквите решенија во нашата регулатива. Тие се на некој начин историски градби кои ние не можеме да ги урнеме, бидејќи се дел од деталните планови. Меѓутоа, од кога е донесено ваквото решение, ве уверувам дека Министерството никогаш не дало решение да продолжи да се усвојува некој план кој е спротивен на еколошките стандарди и спротивен на интересите на граѓаните.

Факт е дека не секој од индустриските капацитети ги почитува еколошките стандарди, но колку се почитуваат тие стандарди во однос на возилата? Сведоци сме дека малтене од секој втор автомобил чади како од фабрика.

Во Македонија има стари возила, има возила кои не ги исполнуваат еко-стандардите. Ние како влада пред две години донесовме одлука да се дозволи купување возила со Еко 0 или Еко 1 стандард, но тоа правило веќе не важи, значи во Македонија може да се купуваат или увезуваат возила кои ги исполнуваат еколошките стандарди. Меѓутоа знаете дека стандардот на граѓаните е таков да не можат да ги менуваат нивните возила со подобри и најверојатно тоа има директно влијание и врз нивниот буџет, но и врз екологијата.

Кои се вашите аргументи против невладините организации со кои не се согласувате дека изградбата на хидроцентралата Бошков Мост и браната Луково Поле ќе имаат катастрофални последици врз животната средина?

Изградбата на тие капацитети е во енегретската програма на Владата на Република Македонија, но исто така е и во просторниот план на Република Македонија кој е усвоен во 2004 година од страна на Собранието на Македонија. Изградбата на тие капацитети, бидејќи е предвидено тие да бидат во рамките на границите на Националниот парк Маврово, мора да бидат според просторниот план на Националниот парк, но и според планот за управување со истиот парк. Просторниот план и планот за управување се во фаза на усвојување. Според нашата регулатива, никаде не се наведува дека е забрането во границите на Националниот парк да се градат такви капацитети. Во постапка е подготовка на студија за влијание врз животната средина, која ја подготвува инвеститорот. Во оваа фаза ние не може да се произнесеме дали ќе биде позитивно и негативно, зашто се уште не е доставена до нас. Кога ќе биде доставена, ние ќе може попрецизно да се произнесеме.

Велите дека студијата ја прави инвеститорот. Колку таа студија ќе биде релевантна, со оглед дека на инвеститорот му одговара да гради?

Не, не, значи јас кога кажав ја прави инвеститорот, според Законот, инвеститорот е должен да направи студија. Студијата мора да ја подготват стручни лица кои од Министерството за животна средина имаат лиценца за да изготват таква студија за влијание врз животната средина. На крај, ние како Министерство, со нашите експерти тука во Министерството, ја разгледуваме студијата и даваме мислење. Дали ќе биде позитивно или негативно во оваа фаза не можам да кажам.

Не мислите ли дека дислоцирањето на велешката Топилница само навидум го решава проблемот околу загадувањето, каков е вашиот став?

И за тој случај, ние во овој момент не можеме да кажеме која е локацијата и дали треба да се дислоцира, бидејќи исто така треба да се направи студија и студијата да предвиди друга алтернативна локација. Ние тогаш како Министерство, како надлежна институција за овој проблем, може да го дадеме конечниот став. Ние како Министерство се обидуваме на некој начин да ги лечиме раните, односно последиците од таквото загадување. Неколку години наназад ги праќаме децата од Велес на рехабилитација на Пелистер, но тоа не е доволно. Тесно ќе соработуваме со невладиниот сектор, општина Велес и со инвеститорот за да најдеме решение кое ќе биде во корист и на инвеститорот и на граѓаните и на државните институции во Република Македонија, бидејќи се работи за странски инвеститор, а ние не сакаме да ги избркаме странските инвеститори од Македонија. Напротив, сакаме да соработуваме со нив, да им понудиме подобри решенија. Меѓутоа, која било локација да се понуди или да се избере од инвеститорот, мора да ги исполнува најдобрите достапни техники за оваа работа.   

Со колкав буџет располага вашето Министерство и колку тие средства реално се доволни за успешно спороведување на европските закони во областа на животната средина?

Министерството за животна средина во 2011 имаше околу 293 милиони денари, а за 2012 има околу 15 отсто поголем буџет. Од нашиот буџет се финансираат пречистителните станици во Волково и во Сарај, изградба на канализациона мрежа во Гази Баба, изградба на филтер-станица во Гостивар и неколку други проекти од Проектот за инвестирање во животната средина. Меѓутоа, сметам дека буџетот на Минситерството треба од година в година да се зголемува, се со цел ние потоа полесно да аплицираме за кофинансирање од други меѓународни фондови.

Имате и план за справување со отпадот, со оглед на тоа што депониите се најчестиот извор на зарази?

Ова е во надлежност на општините, но ние како Министерство сме на располагање да им помогнеме на општините бидејќи знаеме дека тие некогаш немаат финансиски капацитети да спроведат постапки за депониите. Ние почнавме веќе со два региона. Со југоисточниот и со полошкиот регион сме во понапредна фаза, односно сме во фаза на појавување на тендерот за третата фаза, што ќе значи и определување на концесионерот за следните 30 години, што ќе менаџира со депониите во овие два региони. Два од другите региони веќе се одлучиле дека ќе одат со ИПА фондови околу подготовка на документацијата и концептот. Останатите региони чекаме да се одлучат кој концепт ќе го изберат – дали ќе одат преку конкурентниот дијалог или ќе одат преку ИПА фондови. Меѓутоа, ние немаме многу време за чекање, бидејќи ова е акутно прашање, прашање кое мора да се реши набрзина и сме на располагање на општините, односно на планските региони да им помогнеме.

извор: „Радио слободна Европа“

новинар: Марија Тумановска

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски изминатава недела во Брисел ги претстави аргументите со кои се бара да отпочне процесот на преговори со Европската Унија. Во разговорот за Дојче Веле, тој инсистира на фактот дека почетокот на преговорите ќе им даде одредена динамика на реформските процеси на земјата.

„ Тоа ќе ни овозможи да напредуваме со едно посилно темпо во сите насоки во кои е идентификувано дека ни се потребни дополнителни напори. Мислам дека мотивирачкиот фактор на отпочнувањето на преговори е од исклучително значење. Од друга страна пристапот на блокирање не е е европски и не е компатибилен со оние вредности кои ЕУ ги промовира. Нашата цел, нашата активност оди во насока да промовираме еден европски пристап на меѓусебно разбирање, на неблокирање и на давање на позитивен стимул за напредување во реформите. Мислам дека од тоа можат да извлечат полза не само Република Македонија, туку сигурно и сите земји членки на  Европската Унија, вклучително и Република Грција. Таа динамика треба да се искористи на следниот Совет, тоа беа пораките кои ги упативме. Во рамките на дебатите кои се развиваат во ЕП, мислам дека многу луѓе кои длабоко веруваат во европската идеја, препознаваат една посветеност, една можност да се одблокираат процесите на интеграција на Република Македонија.“, вели Попоски.

Очекувањата од пресудата во Хаг

Во Македонија и исто така во Брисел, сите погледи се свртени кон Хаг, каде во понеделник ќе треба да биде донесена пресудата од Меѓународниот суд по тужбата која ја поднесе Република Македонија, за кршењето на времената спогодба од страна на Грција. Во однос на очекувањата на оваа пресуда, шефот на македонската дипломатија вели дека „ единствената цел на оваа тужба е да се врати определена правна сигурност, која постоеше од аспект на спроведување на времената спогодба.“

„ Одлуката, секако е во рацете на Судот и Република Македонија апсолутно ќе ја почитува таа одлука, каква и да биде, како одговорна земја членка на ООН. Што ќе се случува потоа, не би сакал да прејудицирам, ниту пак можам да прејудицирам, бидејќи одлуката сега е навистина во рацете на Судот.“

Што ќе промени одлуката на Хаг?

Дали одлуката, без разлика каква таа ќе биде ќе промени нешто во односот на ЕУ и на процесот на евроинтеграцијата на Македонија?

„ Тужбата има многу прецизна цел, таа се однесува на фактот што ни е попречено правото да станеме членка на НАТО, во согласност со времената спогодба, врз основа на прекршување на определен принцип, кој што дотогаш беше воспоставен, односно непопречување  доколку членството во меѓународна организација се одвива во согласност со времената спогодба. Тоа што го посакуваме е таквата правна несигурност да биде отстранета.“

Одлуката за почеток на преговорите е во рацете на Советот на ЕУ

На прашањето дали е оптимист за одлуката на Советот на ЕУ за доделување на датум за преговори за Република Македонија, министерот Попоски одговара:

„ Сметам дека со фактите кои ги презентираме има доволна силна аргументација за промоција на европски пристап и истапување од логиката на блокирање. Европската Унија функционира според правилата кои се воспоставени и мислам дека добро ќе биде да бидат стимулирани добрите пракси, а да не бидат акцентирани можностите за блокирање кои секако и се понудени на секоја земја членка. Сметам дека со таков пристап кој е промотивен од аспект на позитивните ефекти кои може да ги генерира, Советот може да донесе одлука која ќе и даде можност на Република Македонија понатаму да напредува во европските интеграции и која во секој случај ќе придонесе кон зголемување на стабилноста и економскиот просперитет за целиот регион.“,  завршува македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во разговорот за Дојче Веле.

Извор: Дојче Веле

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски

 

ДВ: Господине Груевски, каде го гледате проблемот – интересирање очигледно има – за поголемо присуство и позабрзано влегување на странски капитал со „гринфилд“ инвестиции во Македонија?

Груевски: Па ние практично последните месеци имаме позасилено доаѓање на странски компании во Македонија - околу десетина крупни, глобални компании веќе не само што објавија, туку и започнаа да градат свои фабрики во Македонија. Претходно две години светската економска криза беше една од причините за нивно намалено доаѓање. Само што почна од јануари наваму да олабавува ситуацијата на глобалниот пазар, веднаш добивме резултат од нашите напори, кои не застанаа дури ни за време на таа светска економска криза во 2009 и 2010 година, кога исто така вршевме презентации, вршевме реформи внатре во земјата, создававме подобри услови за бизнис. Светската банка го препозна тоа, го презентираше и само што дојде периодот кога почна да попушта светската економска криза, почнаа да доаѓаат и резултатите од сите наши напори претходно.

Она што во иднина не’ плаши, што може повторно малку да ги забави инвеститорите во нивните намери да вложуваат, или пак да го забави нашиот пораст, е должничката криза во Европа

Не од аспект дека ние имаме преголем долг, бидејќи ние имаме релативно низок долг од 26,3 проценти, туку од аспект на тоа дека самата Европа се наоѓа во потешкотии. Тоа е еден од ризиците, како во минатото, така и во иднина. Други крупни проблеми нема, затоа што компаниите гледаат бизнис интерес таму, каде што има добри услови за правење бизнис. Се надевам дека наредната година Европа нема да влезе во рецесија, иако е јасно дека ќе има помал пораст отколку во оваа година. Но, очекувањата се дека како континент сепак нема да влезе во рецесија, особено не Германија, која е моторна сила на економијата во Европа - што значи дека можеме да се надеваме дека во годината што претстои сепак ќе имаме инвестиции, сепак ќе имаме одење напред и дека ќе има резултат од сите овие посети што ги направивме.

ДВ: Колку ги оценувате шансите, колку е реално германски фирми позасилено да се појават во Македонија?

Груевски: Ние во претходните денови и во Виена, и во Минхен, и тука во Диселдорф водевме поединечни, многу конкретни разговори со група од компании, дури и со одредени рокови, така што очекувањата ми се релативно високи, барем за таа група компании кои подолг период вршат истражувања на пазарот и сега веќе имаме конкретни разговори околу тоа, која локација би ја избрале, под кои услови би влегле и така натаму. Можам да кажам дека сега имав можност да сретнам најмалку 5-6 такви компании, да разговарам со нив околу многу детали за нивно влегување – и од тој аспект сум оптимист дека во текот на наредната година дел од нив ќе дојдат во Македонија и ќе почнат да градат фабрики.

ДВ: Претпоставувам дека станува збор за мали и средни претпријатија, веројатно и интересот е токму кај такви, бидејќи и сугестиите од германска страна беа во тој сегмент да се бараат партнерите за Македонија.

Груевски: Јас толку не сум оптоварен дали некоја компанија е голема или мала – гледам колку работни места ќе отвори. За мене е ирелевантно дали таа компанија е голема или мала. Наша задача, како влада, е да обезбедиме да дојдат колку што е можно повеќе компании и да отворат колку што е можно повеќе работни места. Ако е голема – уште поубаво, ако е големо име, тоа ќе придонесе за имиџот на земјата. Меѓутоа, ако не е голема, а отвори 1.000 или 1.500 работни места, тоа се 1500 семејства во Република Македонија, кои во овој момент немаат заработувачка, кои примаат социјална помош, кои се на работ на егзистенција. Тоа е нашата цел, тоа е нашата мисија.

ДВ: Зборуваме исклучиво за економски параметри. Дали можеби поради политичките проблеми странските инвеститори се воздржани, со оглед на тоа дека Македонија се‘ уште е надвор од ЕУ и НАТО – или воопшто немате впечаток дека тоа сега, во оваа фаза, се појавува како проблем за странско инвестирање?

Груевски: Влезот во НАТО и ЕУ сигурно ќе ни помогне во иднина, меѓутоа во овие разговори што ги имав ниту еден не го постави тоа како некаков проблем.

Извор: Дојче Веле

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски

 

Г-дине Тодоров, тргнавте на терен и забележавте многу аномалии. Владата на која и припаѓате веќе четири години има ингеренции да ги решава проблемите во овој ресор. Зошто толку пропусти толку долго време се оставени во статус кво ситуација?


Видете, ако тргнете во позиција која е во дупка 200 метри длабоко, дојдете до некои 100 метри значи сте направиле сериозно поместување нагоре, но во никој случај не треба да бидете задоволни од тоа што го имате во моментот. Треба да се трудиме да ја унапредуваме состојбата во секоја сфера на живеењето, а една од побитните е здравството. Од тој аспект, доста работи се направени, тргнавме од позиција во која имавме прилично стара и дотраена опрема и набавивме опрема во вредност од 100 милиони евра, во најголем дел е доставена и одлично се користи. Имавме плати кои што беа многу пониски во здравството, сега неколку пати се покачени платите и имавме инфраструктура во која неколкупати или воопшто не се инвестирало. Тука исто така почнавме еден проект во вредност од 100 милиони евра, 17 здравствени установи се реконструираат во рамки на тој проект и останува да започнат уште 4, вкупно 21, а до крајот на проектот треба сите здравствени установи да бидат целосно реконструирани. Затоа велам дека посебно во здравството неможеме да кажеме дека сме го достигнале врвот, но многу лесно може да се стигне дното. Имајќи предвид од каде тргнавме, јас сум задоволен сега, но никако не сум задоволен од нивото и затоа тргнав на тој начин за да се обидам да променам некои работи.

Мене ми делувавте прилично разочаран, дури ни како да не се поминати ниту тие 100 метри. Но, дали сте разочаран од самата улога на менаџерите во клиниките, бидејќи тоа беше една од првите најавени реформи уште во првиот мандат?

Можеби непотребно искрено ќе биде ова, но мислам дека докторите одлично си ја вршат својата работа во докторскиот дел, но кога ќе стане збор за управување со здравствените ресурси еден дел од нив потфрлуваат и затоа мислам дека не треба да ги обвинуваме нив. Во Македонија никогаш порано немало ваков тип на обука и немало можност докторите, професорите коишто имаат можност да управуваат со здравствените установи, да имаат таков тип на предзнаење. Тоа е увидено во повеќе земји во светот. Имајќи предвид дека современата литература здравствената услуга се повеќе не ја гледа како услуга туку како здравствен производ и бара повисоко ниво на менаџерско искуство. Од тој аспект сакам и да го дефинирам начинот на кој што веројатно се функционирало во Македонија до сега, но исто така сакам да ја дефинирам и мојата улога во целиот овој систем. Мојата улога во целиот овој систем не би било како докторите да оперираат, или како да си ја вршат здравствената дејност, во тоа не сакам ниту сум стручен да си ја мешам, но во секој случај ќе работам во оној дел којшто се однесува на организација на работата особено во здравствените установи, особено во делот на набавките, правните елементи, менаџирањето, се она што не е врзано директно со докторските знаења и вештини, но она што е врзано со знаењата и вештините на еден менаџер кој што треба да управува со здравствениот систем. Во целиот овој период видовте вие колку мерки имам преземено, сите овие мерки немаат допирна точка со докторската фела или со начинот на кој што тие работат.

 Дали на овој начин признавате дека во сите овие години останаа нејасни ингеренциите меѓу двајцата управители на болниците. Оваа забуна и во вашиот мандат избрка врвни стручњаци од клиниката. Мислите ли дека подлегнавте на таа забуна па дозволивте да се случи тоа?

Не, како резултат на ова воопшто се нема случено да одите ниту еден стручњак, ако некој одлучил да поднесе оставка на функијата, јас тоа го ценам, тоа повеќе го ценам отколку некој да остане на функцијата без да ги извршува работните задачи и обврски.

Меѓутоа веќе премногу врвни стручњаци ја напуштија клиниката?

Тоа е доста експлоатирана тема и точно е дека има определен одлив и тоа не се случува само во Македонија туку се случува во сите земји. Имајќи предвид дека приватното здравство секогаш и секаде во сите земји е подобро платено од јавното здравство и тоа е нешто што ги привлекува некои од стручњаците да заминат од јавното здравство. Меѓутоа јавното здравство има многу други предности, тука е Медицинскиот факултет и голем дел од нив се професори и не сакаат да ја напуштат професорската позиција и мислам дека тоа е една од работите коишто прилично ги држи експертите на клиниките. Мислам дека сепак во јавното здравство се уште имаме многу повеќе врвни стручњаци отколку на било кое друго место.

Не е тајна дека партизираноста не му е туѓа на здравството и веројатно нанесува штета на задржувањето на квалитетот. Гледате ли во тоа еден суштински проблем?

Гледам и се борам, тоа е нешто што ми пречи имајќи во предвид дека во Македонија има огромна традиција на партизираност. Вие знаете дека во времето на социјализмот потребна била партиска книшка за да некој се вработи и тоа на Македонецот не му е туѓо, сите знаеме дека треба да биде член на Сојуз на комунисти на Македонија за да се вработи на било која позиција, а не пак за некоја управувачка позиција. Мислам дека полека овие 20 години целото општество се труди да ја надмине таа состојба. Особено мене ми е битно ова да го нема во здравството, особено не при вработување на доктори, медицински помошен кадар итн. Во делот на тоа кој ќе управува со здравствените установи во делот на тоа дали тие ќе бидат политичките ангажирани, тоа е помалку битно затоа што на крајот на денот повеќе се гледа дали тој успешно управувал со здравствената установа или не, може да биде политчки многу активен и високо позициониран, а лошо да управува со здравствената установа и тогаш кој сака нека е од моја страна ќе биде променет. Исто така биле повикани многу експерти кои што воопшто не биле партиски определени  за да управуваат со сериозни капацитети.

Не ви пречи впечатокот на јавноста дека повеќе личевте на инспектор отколку на министер којшто се зафати веднаш за суштинските, наталожени проблеми во здравството?

Што е суштински проблем во здравството? Тоа е клучно прашање. Дали хигената не е суштинска работа, дали кога би биле во позиција да лежите на детската клиника или било која друга клиника и имате страшна нехигиена околу вас, лебарки, бубашваби итн... Тоа ќе го чувствувате за несуштинска потреба на здравството? Не! Во Франција има болници кои се стари по 150 години и тоа не значи дека тие треба да бидат нечисти. И мислам дека почнав да инсистирам на одржувањето токму поради тоа, затоа што ние сега ќе почнеме со реновирање и ако немаме ние култура на зачувување на јавното добро, тоа ќе се уништи. Што е разликата меѓу јавното и приватното здравство? Не е во здравствената култура. Граѓаните не можат да го евалуираат квалитетот на здравствената услуга, начинот на којшто докторот оперирал, или тоа во многу мала мера влијае на целокупната слика за здравството. Што ги мотивира таму, подобри услови, чисти ходници, подобра услуга, насмеани доктори, сестри, немање гужви, ред итн, и тоа се работи кои што ја креираат подобрата перцепција на приватното здравство, а ние како јавно здравство треба да се трудиме со сите сили да се приближиме на тој квалитет кој што го има таму. Од друга страна пак, на приватното здравство му недостасуваат некои области кои што се непрофитни центри и коишто не се одлучуваат приватните сопственици да ги имплементираат во своето работење, и затоа во тој дел е многу битно јавното здравство.

Промовиравте принцип на казни, на лични одговорности... На некој начин вие тоа го протолкувавте како ставање ред, но јавноста на тоа гледа некаков начин да влеете страв?

Оваа ситуација со поднесувањето на кривична пријава против непознат сторител најмногу што сакав да постигнам е да го тргнам стравот од здравствените работници. Затоа што ние постојано бевме сведоци на закани кон здравствените работници дека тој и тој лекар направил лекарска грешка. Извинете ама лекарска грешка во Македонија години наназад е кривично дело. На тој начин вие велите дека тој и тој доктор направил кривично дело, криминалец е. Му ја нарушувате честа и интегритетот на тој човек. Е тоа е неподносливо, неподносливо е за еден доктор да работи во такви услови. И јас реков ако е така, тогаш јас ќе поднесам пријава против непознат сторител за да  утврдиме дали тој човек за којшто вие тврдите дека е криминалец навистина сторил кривично дело. Ако сторил ќе си одговора, меѓутоа ако не сторил треба да се замисли оној којшто го набедил.

 

 

Извор: “Радио слободна Европа”

Новинар: Слаѓана Васовиќ Божиновска

I

Во ресорот земјоделство дојдовте од функцијата министер за одбрана. Можете ли денес, по речиси четири месеци на новата позиција, да направите некаква паралела од аспект на „тежината“, обврските, одговорностите?

Неколку години учествувам во работата на оваа Влада, прво како министер за локална самоуправа, потоа и како министер за одбрана. Кај неа видов силна посветеност на развојот на земјоделството. Тоа за мене беше уште поголем предизвик, да бидеме добар тим со министерот Љупчо Димовски, со државниот секретар и вработените, да постигнеме уште поголеми резултати.

Освен различност, меѓу некои сектори постои и голема сличност. Во Министерството за одбрана работев на осовременување на Армијата или набавка на оружје, но постои ли поадекватно оружје за самоодбрана на една нација од производството на храна? Мојата цел ќе биде тон повеќе пченица, тон повеќе пченка, тон повеќе компир, јаболка,... Тоа ми беа и првите размислувања кога дојдов тука.

Задоволен сум од работата во првите 100 дена. Министерството ја доби најголемата честитка од Европската комисија за успешно спроведените реформи. Постигнатите резултати се дополнителен мотив, не само за мене, туку и за сите вработени заедно да продолжиме со работа. Законодавството веќе го имаме, треба да се донесат уште многу подзаконски акти и нормативи. Но, направена е многу битна работа. Го поставивме темелот, фундаментот на модерното земјоделство во Македонија. Сепак, поставениот темел треба да се надгради. Важно е колку пари се одвојуваат за земјоделството, но многу позначајно е како тие се искористуваат и контролираат. Затоа, покрај драстичното зголемување на субвенциите, одиме уште еден чекор понапред. Се изготвува педолошка карта која треба да покаже каков е квалитетот на почвата во регионите и како да ги доусовршиме политиките на планирање и поддршка. Можеби ќе размислиме и за регионализација на субвенционирањето. Не сакаме да се случи земјоделец да посади култура што во некое подрачје не може да даде резултат. Во тој случај губи тој, но губи и државата.

Пред 6 - 7 години го дочекавме земјоделството буквално на колена. Потребна му беше силна инфузија. Сега, откако ја доби инјекцијата, претстои друг период, на осовременување со цел поголемо производство. Земјоделството сега е горе-долу стабилизирано, но потребно е со брзи чекори да се движиме кон европскиот аграр, кон поголем профит. На земјоделците од работата не смее да им останат само рапави раце, туку треба да имаат доволно средства за достоен живот, да ги исшколуваат своите деца. Затоа, продолжуваме со политиките за нивна силна поддршка.

Најавувате повеќе нови проекти. Ќе има приоритетни или сите ќе се спроведуваат паралелно со речиси иста динамика?

Еден од проектите што го ветивме и успешно го завршуваме е проектот за јавно-приватно партнерство и вложување во производство на семе и саден материјал. По распишаниот јавен повик, доделена е локацијата. Деновиве треба да се потпише договор со израелска компанија која во Македонија ќе направи погон за производство на семе и саден материјал. Ова многу ќе значи за нас како држава, но и за земјоделците. Исто така, ќе ги поттикне производителите да размислуваат за отворање други такви центри и да користат сертифициран, квалитетен семенски и саден материјал. Не е исто дали од земјата со која располагаме ќе произведеме три или шест тони пченица. Тоа зависи пред се од спроведување добри земјоделски практики, добра политика, но и од користење квалитетн посадочен материјал.

Друг, исто така веќе реализиран проект е градењето откупно-дистрибутивни центри. Тоа е инвестицијата „Агрокор“ вредна 20 милиони евра. Вложувањето на хрватската компанија ќе значи сигурен откуп и едуцирање на земјоделците за првокласно производство кое, пак, е гаранција за продажба и извоз на европскиот пазар чии потрошувачи се многу пребирливи. Министерството е отворено за соработка со сите што сакаат да вложат. Нашата цел е да се изградат што повеќе такви капацитети.

Сигурен сум дека во наредните неколку години ќе се изградат уште неколку откупно-дистрибутивни центри. Изминативе 100 дена Македонија ја посетија заинтересирани инвеститори од Турција и од соседните земји. Тоа покажува дека веруваат во капацитетот на македонското земјоделство што е мотив повеќе за нас уште повеќе да им помагаме на производителите. Во Богданци странски инвеститор веќе откупи земјиште, во тек е изработка на проектна документација за откупно-дистрибутивен центар со разладен капацитет од околу 4.000 тони. Ова е добар сигнал за други инвеститори.

Освен проектите што ги најавивме и кои се веќе речиси спроведени, работиме и на други. Еден од нив е решавањето на проблемот што сопствениците на долгогодишните насади го имаа поради нерегулирани имотно-правни односи. Во фаза е легализирањето на површините. Една третина е веќе завршена во неколку катастарски општини. Продолживме со доделувањето под закуп на земјоделските површини во државна сопственост. Во овој период околу 1.460 хектари се дадени под закуп и склучени се нови 317 договори со земјоделците за негова правилна обработка.

Подолго време во Министерството постоеше еден проект за доделување земјоделско земјиште на плодоуживање на ранливи категории граѓани. Направивме добра анализа и увидовме дека проектот треба да се постави на многу поздрави нозе, да биде издржлив, да ги извадиме социјалните случаи од позицијата во која се наоѓаат. Во оваа насока, во соработка со ресорното Министерство за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, изработивме две програми. Првата ќе ја поставиме ние преку Програмата за рурален развој. Секој што ќе добие земјиште на плодоуживање независно што ќе сади, во старт ќе добие еднократна поддршка, 20.000 денари за житни култури и 55.000 за раноградинарски култури. Од друга страна, преку Програмата на Министерството за труд и социјална политика во првата година од користење на земјиштето ќе се исплаќа социјалната помош во иста сума колку што претходно била и плус ќе се уплаќаат средства за социјално и пензиско осигурување. Втората година социјалецот ќе добива 50 отсто од социјалната помош и повторно средства за социјално и пензиско ќе се уплаќаат на неговата сметка во Буџетот на Министерството за труд. Третата година ќе го пуштиме сам на пазарот. Сметаме дека три години се доволен период за да го извлечеме од неповолната ситуација и да добиеме здраво земјоделско семејство. Целта на овој нов, модифициран проект за плодоуживање е да биде одржлив, не само декларативно да се спроведе. Ние сакаме земјиштето правилно да се обработува и да добие профит, а ресорот труд полека да ги вади ранлиите категории и да ги пушти на пазарот.

Некои проекти стартуваат идната недела. За што станува збор?

Моето размислување е дека министерот, заменик министерот и службениците многу почесто треба да одат на терен. Не може секој земјоделец, од Битолско, Струмичко, Куклиш, Зубово, ..., да дојде во Скопје и да изгуби цел ден, барајќи не по канцеларии. Затоа со министерот Димовски и раководните структури се договоривме од идниот викенд да одиме по подрачните единици и директно да разговараме со заинтересираните земјоделци кои имаат проблеми. Попладне, пак, ќе организираме стручни трибини и расправи зависно од регионот во кој се наоѓаме.

За неколку дена ќе стартува и т.н. земјоделски пазарен информативен систем кој во секое време ќе обезбедува точни дневни, неделни, месечни и годишни информации за цените на земјоделските производи од пазарите на големо, сточните пазари и откупно-дистрибутивните центри. Информациите ќе се објавуваат на МРТВ и на интернет страницата на Министерството, а во следната фаза од проектот и преку бесплатна телефонска линија, како и преку СМС пораки. Идејата е навремено информирање на земјоделците околу пазарните трендови на земјоделските производи. Практично, секој што сака ќе може да добие точна и навремена информација во секое време.

Информациите воопшто и оние од откупните пунктови ќе можат да ги објавуваат и останатите медиуми доколку имаат интерес.

Тука не застануваме. Идната година непосредните контакти продолжуваат преку нов проект „Канцеларија 365 дена“. Ќе набавиме шест возила и ќе ги опремиме како канцеларии. Тие буквално секој ден ќе бидат на терен. Тимот ќе го сочинуваат луѓе од Министерството, Платежната агенција, Агенцијата за поддршка на земјоделството. Така ќе бидеме поблиску до производителите со цел брзо и ефикасно решавање на проблемите.

Како посебно значајно го посочувате формирањето совет за иновации и нови технологии...

Преку советот во кој ќе бидат вклучени признати научни работници, ќе форсираме политика на давање средства за иновации. Околу еден отсто од Програмата за рурален развој или 200.000 евра ќе бидат наменети за иновации во повеќе области, земјоделска механизација и опрема, агрохемиско тертирање на почва и култури, семенски и саден материјал за создавање нови сорти, сточарство, трансфер на технологии и решенија од странски држави.

Најмногу ќе се финансираат тригодишни проекти за да се добијат резултати што поскоро. Оние што ќе бидат прифатени, за да не останат во фиока, ќе бидат промовирани. Тоа е практично втората фаза. Потоа ќе следува и финалната, примена на научните трудови во земјоделството за што ќе бидат обезбедени дополнителни субвенции за производителите.

Овој и други проекти ги работиме во соработка со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и луѓето од неговиот Кабинет. 

Последниве месеци интензивно укажувате на неопходноста од формирањето земјоделски задруги и од окрупнување на земјиштето....

Ако првата фаза од владините политики беше поставување добар темел и фундамент во земјоделството, втората е остварување што поголем профит, и лично за производителите и за државата. Да, клучни елементи за таквите политики се окрупнување на земјиштето и формирањето задруги. Двата проекти се почнати и ги движиме паралелно. До крајот на годинава ќе ја добиеме нацрт верзијата на стратегијата за окрупнување на површините. На почетокот од 2012 се очекува финалната верзија, а целиот проект планираме да го спроведеме до 2020 година. Преку пилот проектот што успешно е спроведен во Конче, ги увидовме слабостите што треба да се елиминираат.

На задругарството посветуваме посебно внимание. Една од негативните работи во однос на перцепцијата кај земјоделците е што тие ваквото здружување го поистоветуваат со периодот од 50-тите и 60-тите години кога им беа одземани имотите. За разлика од тогаш, нам целта ни е земјоделецот да има неприкосновено право на сопственост на земјиштето. Здружувањето, пак, го гледаме исклучиво од аспект на економски интерес - подобрување на преговарачката позиција на секој земјоделец и зголемување на производството, задругата да биде достоен партнер за дијалог со откупувачите. Силно ќе го туркаме овој проект. Предвидуваме да има два типа задруги, од помал и од поголем обем, зависно од бројот на членови и земјата што ќе се обработува. Тоа треба да поттикне натпревар, како мала задруга да стане поголема. Бенефитот е повеќекратен, најмалку пет отсто пониски цени на репроматеријалите за членовите на задругата, поголема финансиска поддршка, наместо 50 отсто, се планира 60 до 70 проценти кофинансирање за земјоделска механизација, државата ќе регресира и 20 отсто од надоместокот за вода што треба да плати задругата. Ќе се покриваат и дел од средствата што задругата ќе ги плати за осигурување на посевите, како и платите на менаџерите на задругата во првите години, најпрво 100 отсто, потоа 80, па 60 и на крај 40 проценти. Во суштина, планираме систем со кој ќе ги мотивираме земјоделците да станат членови на задругите.

Ќе се разгледува и можноста некои задруги зависно од дејноста за која се регистрирани, да добијат нова, бесплатна механизација.

Токму замената на застарената, амортизирана земјоделска механизација со нова, современа, е исто така една од клучните активности на Министерството?

Да, интензивно работиме и во овој дел. До март идната година треба да биде изготвена студијата која ќе покаже каква е фактичката состојба со земјоделските машини и која воедно ќе послужи како алатка за добивање пари од европските претпристапни фондови. Ако тоа се случи, дел од нашите средства, за националните програми, ќе ги пренамениме за нешто друго.

До каде се реформите во водостопанството?

Не можеме да зборуваме за интензивно земјоделство и поголеми приноси без современи системи за наводнување. Оваа тема ја разгледа и владиниот економски совет. Ги анализиравме сите почнати проекти. Ќе работиме на создавање услови за што поголема ефикасност на водостопанствата и претпријатијата кои обезбедуваат вода за наводнување, целиот тој систем да биде одржлив. Планираме од идната година да го поврземе со обезбедувањето стимулации. Ако еден земјоделец сака да користи субвенција, ќе мора да ја плати водата за наводнување. Ова ќе овозможи краткорочно подобрување. Но, паралелно, ќе се обидеме да најдеме странски инвеститори, концесионери, странски фирми заинтересирани за јавно-приватно партнерство во делот на управувањето со системите за наводнување. Незамисливо е огромни системи за кои државата дала многу пари денес да се користат со само 15 или 20 отсто од капацитети. Практично работиме на што поуспешно поставување на системот за наводнување.

Евидентни се заложбите на Министерството во воспоставувањето здрава, солидна комуникација меѓу производителите и преработувачите. Ќе продолжи ли таквата практика?

Уште од првите денови наметнавме една реченица која сакаме да се врежи во главата на секој земјоделец, „Договореното е најсигурно“. Ние иницираме дијалог меѓу земјоделците и откупувачите, инсистираме задолжително да склучуваат договори. Договореното е најсигурно зашто е всушност она што го бара пазарот. Изминативе 100 дена покажавме како се гради или попрецизно како се посредува при градењето на дијалогот меѓу засегнатите страни.

Со министерот Димовски годинава многу успешно ја изменаџиравме ситуацијата околу откупот на грозјето, нешто што беше голем проблем. Разговаравме и со производителите и со откупувачите и со винарските визби. Притоа, постигнавме договор кој значеше откуп на целокупното производство, до последното зрно. На крај добивме и задоволни винарии и задоволни преработувачи и задоволни лозари. Би потенцирал дека до крај ќе го почитуваме Законот за вино кој предвидува дека визбата што нема да ги исплати земјоделците, нема да добие дозвола за откуп или ќе ја изгуби лиценцата. Дијалог инициравме и меѓу производителите на житни култури што резултираше со успешен откуп на пченицата. Тие склучија договори со млиновите, а Владата излезе и со пакет мерки за спас на домашната продукција. Со постојани разговори и одење на терен успеваме на многу елегантен начин да го решиме и тој процес, да се откупи домашното жито, а задоволни да бидат двете страни.

Извор: МИА

Новинар: Мирјана Чакарова

Министерот за здравство, Никола Тодоров кој е првиот правник на ова функција, почна со драконски правни лекови да го лекува болниот пациент - македонското здравство. Со закана со затворски казни за лажни боледувања за лекарите, но и за пациентите, како и затвор за евентуалниот недостиг или повисоки цени на лековите, вели дека се обидува да го запре неконтролираното трошење на здравствениот денар, но и да ја врати насмевката на здравствените работници и на пациентите во јавното здравство. Штедењето го применува и лично и службено се вози во Голф5 стар над седум години. А приватно вози мотор марка Пјаџио, Тико и Сеат Ибица.

Велите дека буџетот на Министерството за здравството е зголемен за 30 отсто за наредната година и дека заедно со фондовскиот ќе тежи околу 400 милиони евра. Kаде ќе ги насочите парите и кога ќе почнете со реализација на некој крупен проект? До каде е идејата за изградба на нов клинички центар?

- Најголем предизвик во некои ЕУ-земји е како да се поделат плати и пензии, а ние имаме сериозно поголем буџет за здравството, и тоа за околу 30 отсто. Но и тие средства ни оддалеку не се доволни за нов клинички центар, за кој се потребни стотина милиони евра. И тоа е сериозен проект на кој сум посебно фокусиран. А уште на почетокот ги кажав целите. Првата е задоволството на пациентите и подигнување на квалитетот на здравствените услуги. Втората цел е апаратурата и едукацијата на докторите и трета - изградба на инфраструктурата. Во рамките на тоа е предвиден и проект со кој ќе се среди ситуацијата на скопските клиники. Имам конкретна идеја за тоа. Луѓето се учени таму да доаѓаат, има нова Гинекологија, а сега го средувам движењето и како да ги подобрам условите и комуникацијата меѓу клиниките.


Здравството од неодамна стана синоним за затворски казни. Најавивте дури и затворски казни за лекари и пациенти за лажни боледувања? Зошто и кривично гонење и дали навистина ќе се намалат злоупотребите или боледување нема да можат да добијат и оние што се навистина болни?

- Многу е лошо преку еден маргинален случај да се дефинира правило. Секогаш било можно некој што е навистина болен да не добие боледување поради некој каприц, незнаење, грешка на некој лекар. Нема црно-бело во светот. Не е возможно некој навистина болен да не добие боледување. А лекарите и треба да бидат исплашени зашто мора да се применува законот. Јас не ги плашам и не бркам вештерки, тоа не ми е целта. А во овие 20 години како да се бркале вештерки, „ќе се формирале комисии, ќе се испитувал случајот“. И се фрла дамка на целиот здравствен систем - дека ништо не чини, дека сите се катастрофа, дека сите поставуваат лоши дијагнози, дека се несовесни. Е, не, ќе се поведе постапка во рамки на правните процедури, а не преку „преки суд“ или со јавен линч, туку во рамките на правната процедура која е пропишана во Македонија во последниве 20 години. Значи, треба да се утврди дали има вина и виновникот да се казни. Но не може 20 илјади вработени во здравството да бидат заложници на еден или двајца што несовесно си ја вршат работата.



Не притискаат на разни начини
 

Со здравствениот денар што е на располагање в година ќе треба да им се даваат и повеќе услуги на пациентите. Kако ќе го постигнете тоа во услови кога секоја година се зголемува бројот на услугите што ги бараат пациентите?

- Во секоја земја во светот е истиот предизвик. Kако да се обезбедат што повеќе пари во здравството поради с` поголемиот број услуги што државата треба да ги дава. Но доста беше од политика на штедење во здравството. Се покажа во овие години дека оваа политика е непродуктивна, па да одиме со нова - со ефикасно трошење на расположливите средства. Имаме 400 милиони евра, тоа е огромна сума, колку за 200 километри автопат или три аеродроми. Прашањето е дали правилно се користат и дали има места од каде што неконтролирано протекуваат парите и нема директен бенефит на системот.

Има ли такви места?

- Има. Тоа е со лековите и затоа воведуваме крупна реформа која се базира на три принципи: конкуренција и на цени и на пазар; регулација и на цени и на пазар и трето, недозволување здравствениот систем во Македонија да биде во позиција на уценетост, преку вештачки недостиг на лекови, пациенти кои велат дека овој лек е подобар, овој полош, здруженија, лекарски грешки. Ако се случи некоја реформа и нешто треба да се смени, веднаш се појавуваат лекарски грешки, случајно или не. Наеднаш ќе почине некој во болница, тоа ќе го снимат повеќе медиуми, или некој несовесно ќе лекува, некои здруженија ќе излезат и ќе кажат нема определен лек. Има многу начини преку кои може да им се направи притисок, анализирав и за претходните министри.

Kој го режира тоа?

- Многу често се случувало голем дел министри да паднат во таа замка, и тогаш што се случува? Не ја креираш политиката, туку одиш да решаваш некогаш наметнати, а некогаш случајни проблеми. И вниманието твое како министер го насочуваш на конкретен проблем, а времето проаѓа.

Но и Вие пред два дена излеговте со став токму за два случаја на сомневања за можни лекарски грешки?

- Мора да има системско решение и јас не планирам веќе да излегувам за вакви случаи. Kога ќе има ситуација и некој медиум ќе каже дека овде има лекарска грешка, тогаш вие тврдите дека има лекарска грешка. Ниту јас, ниту Министерството, ниту санитарниот инспекторат нема мандат да открие дали постои такво нешто или не. За судот да одлучува треба некој да поведе иницијатива. Дали јавен обвинител, дали оштетениот, дали е МВР или кој било друг граѓанин мора да има иницијатива. Има органи што се надлежни да ги испитуваат случаите. И многу ми е криво што порано ова не било случај зашто многу одамна ќе го решевме ова горливо прашање. Не се сите незнајковци, напротив, здравствените работници имаат голем капацитет и на квалитетен начин си ја вршат работата. Ние тоа треба да го унапредуваме. Неподнослив е притисокот што го трпиме.

Kој го наметнува притисокот што го чувствувате?

- Над 150 милиони евра се трошат за лекови, плус десетици милиони за медицински материјал, за помагала, реагенси и потрошни делови за апарати. Станува збор за бизнис од околу 250 милиони евра годишно. Тоа се исто толку причини зошто некои луѓе сакаат работите да останат исти. А треба да се променат, за да се овозможи рационално да се трошат овие пари. Не е лесно во услови на криза, кога се тресе целиот свет, да обезбедиш 400 милиони евра за здравството. Се чувствуваме непродуктивно кога гледаме дека и мал дел од нив се троши нерационално. Преку зголемена конкуренција сакам да направам притисок да се намалат цените, да не дозволам да има поделени сфери на влијание, „ова е моја клиника, ова е твоја и тука ти продаваш“. Тука многу ќе помогне концептот на паралелен увоз на лекови - ако некој лек е регистриран кај нас, кој било друг што ги исполнува условите може да го увезе истиот лек и да го стави на пазарот. Тоа автоматски ќе доведе до намалување на цените.

Дали брзата регистрација на лековите за 15 дена може да биде можност на мала врата да се протне и некој неквалитетен и помалку ефикасен лек? Да не бидат пациентите колатерална штета на овие мерки?

 - А што е неквалитетен лек? Од земјите што се предвидени - од ЕУ, Швајцарија, Норвешка, Kанада, САД, Јапонија, Израел, ако во нив е решено некој лек да биде регистриран, не може никој да ме убеди дека некоја лабораторија во Македонија ќе утврди дека во лабораторија во Јапонија е направена грешка.

Очекувате ли дека ќе ја извојувате оваа битка и дали сте сам во неа?

- Јас очекувам поддршка од 2 милиона граѓани кои треба да кажат дека некои работи треба да се променат. Веќе 20 години некои поголеми сили и интереси преовладуваат над интересот на граѓанинот, кој треба да е на врвот на пирамидата, а не веледрогерија, политичар, лоби-група или некој доктор. Од граѓанинот произлегува суверенитетот и на граѓанинот му припаѓа. Системот постои за граѓанинот и треба целосно да му е подреден. Но има и уште една многу битна работа - ако сакаме да постигнеме повисоко ниво на задоволство на пациентот, мора да постигнеме и повисоко ниво на задоволство на лекарот. Мора да има баланс на задоволство помеѓу здравствениот работник и пациентот. Ако има какво било отстапување, ќе имаме проблем. Ако се јави фрустрација кај пациентот, проблеми има лекарот и обратно.

 Дали в година клиниките и болниците ќе треба да одделат пари за лекарите да можат да одат на конгреси без да бараат средства од спонзори?

- Во буџетот на Министерството одвоивме 10 милиони денари за една година само за едукација на лекарите, кои треба да аплицираат кај нас и ќе добијат. Програмата е за едукација за четири години и тежи 25 милиони денари, а ќе опфати голем број здравствени работници. Наскоро ќе објавиме едукација за нови методи и за здравствени услуги што скапо ги плаќаме во странство. Ќе ги едуцираме нашите доктори за таков тип услуги за да немаме одлив на парите во странство. Kлучната работа е што државата ќе ги задржи со правни договори тие доктори во јавното здравство. Ние сме ги едуцирале, сме платиле за обука во Виена, Германија, Израел, во врвни клинички центри. Па имаме полно право да побараме тие да работат во наредните 7, 10 или 15 години во јавното здравство. Тоа е и еден од начините како да се борам против одливот во приватното здравство.

Пациентот ќе може да избира. Точно ли е дека Министерството не платило рати за новата опрема?

- Тоа е начин на менаџирање на Министерството и размислуваме како тоа да го изведеме. Има уште неколку апарати што не се донесени. Одолжувањето со плаќањето за 10-15 дена, можеби некогаш и повеќе, не значи дека не ги сервисираме обврските.

Им ги поделивте и првите парични казни на директорите, но зошто на решенијата нема и правна поука за тие да може да ги обжалат, кога лицето мора да има право на жалба?

- Очигледно е дека не се правници. Има еден амандман 21 во Уставот кој вели: „Kога не е овозможена второстепеност, се оди на Управен суд“. Не може до мене пак да се жали, тоа е кадија те тужи, кадија те суди. Во таков случај Уставот утврдува дека Управниот суд ја обезбедува постапката.

Знаете ли дека некои директори на клиники се казнети и ретроактивно - за период во 2009 година кога не биле финансиски директори сега се удрени по џебот? Дали ќе ја повлечете казната?

- Ако има грешка, не се срамам да ја поправам.

 Очекувате ли позитивен фидбек од паричните казни за 14 директори бидејќи овие мерки можат да се и контрапродуктивни – некои од директорите се жалат дека поради стресот од казните веќе го добиле синдромот „burn out“, па нервозата им ја пренесуваат и на вработените?

- Нервозата не е начин на менаџирање и од тоа ќе имаат многу негативен резултат. Менаџирање бара обмислени реакции во рамки на правилата на една здравствена установа. Ако имаме кавги, ќе биде уште полошо. Ред во државата мора да има.

Министерството и Фондот за здравство им должат на некои клиники пари по основа на програмите - на една хируршка клиника не сте платиле дури 8 милиони денари. Ќе наложите ли да им се платат неисплатените услуги?

- Има одредена динамика во која се плаќаат обврските и тие ќе бидат платени.

Селските ординации, како што тврдат лекарите, се пред клуч на врата откако Фондот за здравство им ја намали капитацијата од 85.000 на 60.000 денари? Наместо да ги стимулира лекарите да работат во рурални средини, Фондот ги демотивира...

 - Тоа е одлука на Фондот за здравство. Го чувствувам притисокот, а повеќе луѓе и лично ми се обратија. Со молба таа рурална амбуланта да не се затвори. Станува збор за поинаков начин на пресметување заради стимулирање, да се борат за повеќе пациенти.

 
Ама лекарите не се во град, туку во села каде што има и по 15-ина жители?

- Не е така. Директорката на Фондот вели дека во некои села повеќето од жителите не се водат кај селскиот лекар, туку кај матичниот во градот. Поентата е оние што живеат во помали места да одат кај тие лекари, кои треба да се борат за сите пациенти од местото. Ние двојно плаќаме за иста услуга, а Фондот сака да најде начин поефикасно да ги користи парите. Ќе одиме внимателно со ова.

Новиот начин на регионално упатување на пациентите, кој ќе почне од јануари, веќе предизвикува многу негативни реакции во овој пробен период - граѓаните и натаму сакаат да се лекуваат токму на скопските клиники?

- Сега пациентот може да избира кај кој лекар ќе оди на целата територија, но на исто ниво на здравствена заштита. На пример, ако треба да оди кај очен лекар во Гевгелија, тоа може да го направи и во Скопје, но во новата Градска болница на секундарно ниво. Не може матичниот лекар да оцени дали нешто може да се заврши на секундарно или терцијарно ниво. Некогаш може, ако станува збор за итен случај, да го прати директно на Kлиника. Но специјалистот ќе каже во други случаи каде треба пациентот да оди.

Спонзорствата за лекарите ќе се пријавуваат директно во Министерството!
 

Kако ќе ги стимулирате здравствените работници на чии ентузијастички плеќи е целиот товар во јавното здравство?

- Предвидувам измени во Законот за здравствената заштита - кога некој ќе добие спонзорство, мора да го пријави во Министерството за здравство, кој го дал и за што. Ќе имаме и електронски регистар, па ќе знаеме кој лекар од кој производител или веледрогерија добил спонзорство, во кој износ и за која намена. Потоа, има посебни етички правила - кодекс на фармацевтската индустрија кој вели: „Никогаш не смее да се дозволи учеството на конгрес или некоја едукација да биде причина да се препише некој лек“. Тоа мора да се казнува. Единствен начин тоа да се превенира е јавно објавување. И утре, ако настане некој проблем, сите многу лесно можеме да го поврземе.

Министерството доби околу 17 милиони евра плус

Буџетот за 2011 година изнесува 2.704.277.000, додека предлог буџет за 2012 година е 4.890.210,000 значи зголемувањето е над две милијарди денари, но бидејќи преземавме обврска од ФЗОМ за целосно здравствено осигурување за неосигурените лица, што изнесува милијарда и четиристотини шеесет и три денари (1.463.000.000). Значи реалниот буџет ќе биде 3.427.210,000 (57 милиони евра) односно реалното зголемување на буџетот на МЗ за следната година изнесува 26,7 проценти.

Бирото за лекови не е компанија за остварување што поголем профит

Ќе ги намалите ли цените за регистрација на лековите и за ставање на лекот на позитивната листа зашто според предлогот, треба да се платат 1.000 евра само за лекот да се предложи на позитивната листа, а ако биде одбиен, три години подносителот нема право да аплицира?

- Планирам измена на тарифникот за регистрација на лековите, колку се плаќа, какви се начинот и постапката, зашто тој е бариера плус за ограничување на пазарот и на конкуренцијата. Намерата ми е овие цени да се намалат и тоа е следната реформа што ќе ја реализирам во наредните 20-ина дена. Бирото за лекови не е компанија која треба да остварува што поголем профит, а ќе имаме почести контроли. Бирото е јавна институција која треба да обезбеди да има квалитетни лекови во Македонија и контрола која ќе обезбеди на пазарот да не ни се случуваат какви било аномалии.

Здравството е под неподнослив притисок

Оценете го здравствениот систем во овој момент и услугите што ги добиваат граѓаните?

- Сега гледам здравствен систем под сериозен и неподнослив притисок, кој мора да го промениме. Стегите треба да се тргнат за системот да функционира по правилата што важат во овој сектор, особено на медицинските протоколи кои треба да се применуваат. Ние треба тоа да го овозможиме и да се фокусираме на добрите работи во здравството. Да кажеме - имаме одличен хирург кој добил награда за тоа и тоа. Почнав политика на дентален туризам и да ја прошириме приказната за квалитетното македонско здравство што е можно пошироко. Оценувам дека здравствениот систем има потреба постојано да се подобрува, за што има потенцијал. Ние никогаш не можеме да стигнеме до врвот, а имаме уште многу скалила да искачиме - докторите да се едуцираат за методи што досега не ги работеле, за кои плаќаме грдни пари во странство. Имаме нова апаратура, неодамна еден професор од странство коментираше дека опремата што ја има на Очната клиника ја нема во половина Европа.

Третманот во јавното да биде како во приватното здравство

Најголемиот предизвик е односот кон луѓето, тоа е најголемата разлика меѓу јавното и приватното здравство - во приватна болница одите и добивате насмевка, термин, без турканици, достоинствено, а во јавното здравство често недостига и „повелете“. Е, на ова ќе се фокусирам многу сериозно, третманот да биде како кон човек и ништо поинаков од она што е во приватното здравство. Вработените во приватното здравство до вчера работеле во јавното здравство.

Новинари: Љубица БАЛАБАН, Антонио СПАСЕВ

 

Господине Груевски Вашата трета Влада наврши сто дена. Колку сте задоволен од постигнатото?

Сметам дека во изминатиот период Владата ги постигна зацртаните цели кои се утврдени во Програмата за работа, и кои се резултат на нашите ветувања на изборите. Се трудевме тоа што го имаме ветено во програмата за овој период да го оствариме. И мислам дека постигнавме добри резултати. Но, има уште многу да се работи. Кога велам уште многу, мислам на сите проблеми наталожени низ минатото, но и нови, кои се појавуваат заради најразлични околности. За прв пат е постигнат договор за утврдување на минимална плата помеѓу синдикатите, работодавците и владата. За прв пат Македонија добива најмодерен аеродром во ликот на аеродромот Александар Велики, исто како и обезбедената пратка од 69 двокатни и 84 еднокатни автобуси за јавниот превоз. Отворен е Музејот на македонската борба за државност и самостојност, поставени се споменични обележја на значајни ликови од нашата историја. Продолживме со мерките за подобрување на бизнис климата, намалувањето на даноците, го укинавме данокот за мали фирми кои имаат обрт до 3 милиони евра, промовиравме даночен модел за средните фирми кои имаат обрт од 3 до 6 милиони евра, обезбедивме 50 милиони евра за кредити по ефитна каматна стапка при која ја субвенционираме каматата во износ од 5,5 отсто. Намален е ДДВ за туристички услуги, при што е зголемен бројот на странски туристи за 25 отсто во само една година, а вработувањата во туризмот за 40 отсто. Особено ме радува, што во овој период десетина странски компании се решија за инвестиција во Македонија, со што ќе бидат отворени околу десет илјади нови директни работни места. 

Една од нив е „Агрокор“ која отвори откупно-дистрибутивен центар кој е од извонредно значење за земјоделството и за пласманот, и заедно со субвенциите кои ги даваме и кои идната година ќе изнесуваат 130 милиони, ќе биде од голема помош за земјоделците. За прв пат се донесе закон со кој државата, преку проектите „Купи куќа-купи стан“ и „Пола-пола рата“, ќе дава финансиска помош за купување на стан или куќа од домаќинствата. Како печат на нашите успешни политики дојде и признанието од Светската Банка која во најновиот извештај ја прогласи Македонија за трет најдобар реформатор за 2011/2012 година, ја унапреди позицијата на Македонија на глобалната листа за 12 места, и сега сме на 22 место во светот, при што зад нас се сите земји од регионот и 19 земји од ЕУ. Реномираната агенција Фич, во време кога ги намалува рејтинзите на многу помоќни економски земји, го потврди нашиот кредитен рејтинг. Тоа се факти, и аргументи дека се работи.

Во Вашето интервју за МИА навестивте оти е можно идната година Македонија да ја загуби препораката за датум за преговори за членство во ЕУ. Подготвен ли сте на таков ризик?


Јас ја искоментирав изјавата на еврокомесарот Филе, кој на очигледно договорено прашање соопшти дека е можно да ни биде одземена препораката. Таквата прејудикација ја разбравме соодветно. И јас се почувствував повикан да одговорам и да искажам несогласување со оваа негова изјава, и со нејзиниот тон. Тоа е моја обврска и одговорност и тука нема ништо страшно, ниту пак е ерес, како што од опозицијата сакаат да претстават. Јас сум должен да реагирам во вакви околности и да одговорам на оваа суптилна порака. Ако сега имаме препорака и сме блокирани поради противењето на Грција, и е спречен понатамошниот наш прогрес кон евроинтеграциите, тогаш и ако ни ја одземат препораката нема ништо да се смени. Освен тоа што опозицијата во Македонија ќе проба тоа да го искористи за стекнување на некој ситен политички поен, врз грбот на националниот интерес, но тоа е карактеристично за нив. И сега сме блокирани, и тогаш ќе бидеме блокирани. Значи, повторно се' се сведува на спорот со Грција, а тоа беше и основната моја констатација, и кога го добивме Извештајот, и на изјавата на Филе, и во интервјуто на МИА. 


Во кој правец очекувате да се развиваат односите на Скопје со Брисел по пораките што ги пративте до Филе во интервјуто за МИА?


Нашите односи се базирани на заедничката верба во европските вредности. Тоа треба да се односи на партнерство, пријателство и соработка, а не на монопол и диктат од било која од страните. Мислам дека и ние и тие веруваме во заеднички вредности. Слобода, правда, еднаквост. Тоа се идеалите поставени од Шуман, Моне, Аденауер, тие се посилен столб од секој договор. Јас верувам во вредностите, и силно верувам во концептот на Обединета Европа.

Дали писмата до еврокомесарот Филе што ги пратија од Македонија значат дека се исцрпени сите политички средства на Владата во борбата за зачувување на македонскиот јазик?


Од Вашето прашање некој ќе може да извлече заклучок дека алудирате дека стотиците реакции на самостојни и независни институции, како МАНУ, Институтот за македонски јазик, Институтот за национална историја, друштвото на писатели на Македонија, спортски федерации, ДЛУМ, или Друштвото на Југословените итн., се поврзани со нас. Но, реакциите на македонското општество се автохтон проглас. Тие се автентични, и секое нивно поврзување со некого, со политичка партија, со Владата, е наивно, нецелисходно и неоправдано. Мислам дека тоа се исправни реакции, особено затоа што доаѓаат од претставниците на општествени групи од целиот спектар. Видете, нормално е да има реакции, немаше да е нормално ако немаше. Граѓаните се силно вознемирени, нарушено е достоинството на една нација.Тоа не може ниту една партија да го постигне, тоа е внатрешен изблик на незадоволство од одредена дискриминација. Политичките средства кои ги има Владата не се исцрпени, и по мене никогаш нема да се исцрпат, а ако се исцрпат ние ќе излеземе и тоа ќе го кажеме. Во овој случај Владата ги презема сите дипломатски, комуникациски, политички мерки за да се обезбеди заштита и почитување на меѓународните правила и принципи. И во оваа акција сите мора да сме обединети. По скоро три-неделното молчење и обид за дефокус и очајна критика заради критика, гледам дека и СДСМ сега се приклучува кон противење на негацијата на македонскиот јазик, но повторно несовесно, и тотално неодговорно, во нивни стил, се трудеше да покаже колку ја сака Европската унија и колку се тие подготвени да сторат кога би биле на власт. Тоа би го нарекол аматерско кокетирање.



Би сакал да се осврнам и на митот за постоење на придавката во некои од поранешните извештаи, што е добра работа.

 
Времето сега не е исто како пред букурешка Македонија, кога Грција ги отвори картите, го постави ветото, и јавно го посочи македонскиот идентитет како проблем, составен дел од спорот за името, го покажа вистинското лице. Претходно ако се сеќавате имаше еден куп прилики, извештаи и спорадични реакции на Грција, кога преку ноќ ни се бришеа придавките. Сетете се на кампањата „Не ме фиромирај, кажи Македонија“, која беше организирана од невладини организации, поради загрозување на идентитетот во време на СДСМ. Но тогаш сето тоа беше спорадично. Комплетно неспоредливо е времето кога СДСМ беше на власт, и денешницата, во постбукурешка Македонија, кога ветото ги отвори картите на соседите и суштината на спорот. Како и да е, без разлика на политичките недоразбирања и внатрешната дебата, сакам да кажам дека ние мора да се обединиме за ова прашање, и да нагласам дека секоја помош е добредојдена. 

Имате ли план „Б“ во случај Грција да не отстапи од барањата за името?

Последните настани се најдобар доказ дека не се работи само за името, туку и за идентитетот. Прашањето е длабоко и комплексно. Рационално е да се очекува дека Грција ќе се вразуми и наместо да се трудат толку да остават перцепција дека работат на ова прашање и дека тие прават максимум додека ние сме непопустливи, треба вистински да почнат да прават чекори кои се во насока на изнаоѓање на решение. Оттука, прашањето дали имаме план Б, или Ц итн. сметам дека е премногу фаталистичко. Инаку, еве уште еднаш да напоменам, ние сме за решение на деценискиот спор со Грција, но, решение кое ќе е одржливо, кое ќе е избалансирано и правично. Решение, со кое ќе нема промена на Уставот со цел промена на името, нема да бидат прифатени предлози кои ќе го нарушат идентитетот. Секое прашање ќе оди на референдум пред граѓаните. 

Стравувате ли дека гласачите ќе Ви свртат грб доколку направите договор со Атина?

Не е прашањето дали јас се плашам дали граѓаните ќе ми свртат грб, прашањето е дали ќе е добро ако јас им свртам грб на граѓаните? Ќе се согласите дека не е добро. Во ниту една земја, ниту еден политичар, ниту една теорија не говори дека е добро да се сврти грб на сопствениот народ. Впрочем ние сме имале случаи на домашни политичари кои свртеле грб на народот, го измамиле, не исполниле ветувања, оделе спротивно од неговиот интерес, и видовме како поминаа. Или се заборавени, или се господари, деспоти сами во своите партии. Зошто би излегувале на избори гледајќи ги граѓаните во лице барајќи ја нивната доверба, за потоа да им свртиме грб? И јас и граѓаните сме на истата страна и сакаме подеднакво добро на нашата татковина. И токму заради ова е референдумот, за никој да не се чувствува изневерен.



Очекувате ли промена на курсот кон Македонија од страна на Грција по последните случувања таму?

Ситуацијата во Грција се менува од час во час и можно е да се случат промени додека да излезе ова интервју во весник. Не може да се предвидат сите чекори кои му стојат на располагање на премиерот Папандреу. Можна е широка коалиција, можен е пад на владата, можно е владата да опстане, можно е да има референдум, можно е да нема референдум. Како и да е, ние се соочуваме со ситуација во последните месеци, односно од јуни наваму, немаме никаков контакт во однос на барање на решение за името. И тоа не е по наша вина туку затоа што тие се целосно фокусирани на кризата. Тие во овој период не сакаат да дискутираат по ова прашање. Моја претпоставка е дека како и да се одвиваат работите таму, не можеме да очекуваме во една ваква хаотична состојба во која се наоѓа нашиот јужен сосед тамошната влада која и да е и во која форма и да биде составена ќе биде во можност да се фокусира и да постигне компромис по прашањето кое не засега нас. Од тој аспект, ние сме во една неповолна ситуација.


Како го коментирате фактот што коалицискиот партнер ДУИ го направи еврокомесарот Филе почесен граѓанин на Чаир, а Ахмети по средбата со Волерс рече дека ако не се забрза членството во НАТО и ЕУ ќе има меѓуетнички немири?

Не би го коментирал посебно. Ако така решиле, и ако мислат дека е добро, нека тераат така. Можеби има нешто што Филе направил за Чаир, а јас тоа да не го знам. Не би ја коментирал и изјавата додека не се сретнам со господинот Ахмети за да ги чујам изворно деталите и мотивите. Често пати во минатото се случуваше да има погрешна интерпретација на неговата па и на други изјави. Би кажал дека ние правиме се што е во наша моќ да се решат проблемите и дека ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. 

Македонија во последно време е под блиско меѓународно набљудување во однос на медиумските слободи. Како лидер на земјата, како се чувствувате поради тоа?

Јас сметам дека Македонија и во оваа сфера е на повисоко скалило на квалитет во однос на многу земји кандидати и аспиранти за членство во ЕУ, но и од многу членки на ЕУ, иако не велам дека се е идеално и дека не може да биде подобро. Но, овде би ве потсетил на дебатата во Европскиот парламент одржана на почетокот на март каде што беше нагласено дека сосотојбата во медиумите во ЕУ е загрижувачка.Тогаш, Оливие Базил од „Репортери без граници“ среде Европарламент изјави дека во Грција и Летонија има убиства на новинари, во Ирска има казна за новинари за богохулење во висина од 25 илјади евра, во Британија правниот систем дозволува кривично гонење на новинари од сите делови на светот, во Чешка постои закон за прислушување, а во Словачка постои задолжително право на одговор со што не се заштитува изворот, и дека постојат астрономски казни за клевета. И во Хрватска е исто, и во Србија и во Црна Гора. Со едно впишување на зборот цензура на светскиот интернет пребарувач излегуваат 50-тина страници кои се однесуваат на случаи во земјите од регионот. Чудно е зашто во Македонија овој проблем почна да се развива по случувањата во А1 телевизија, и тоа се користи за политички напади врз Владата. Тоа го сметам за непринципиелно, особено што и еврокомесарот за правда Вивијан Рединг, вели дека рацете на ЕУ се врзани бидејќи нема директива за медиуми. Се прашувам, ако вакви ситуации постојат секаде, која е целта на пренагласувањето во Македонија? Се плашам дека слободата на медиуми се повеќе може да се злоупотреби и да станува параван за непринципиелно и непрофесионално новинарство. И дека е навистина некоректно ако проблемот се лоцира исклучиво во Владата, а новинарите притоа да имаат посебен статус, односно да се забранува тие да бидат предмет на дискусија. Таа приказна одговара некому, што мислам дека е некоректно. Значи, сакаат да ја имаат моќта да критикуваат, да етикетираат, но не сакаат да ја носат одговорноста за кажаниот збор, како што ја носат на пример сите останати професии и општествени групи кои често се предмет на опсервација на новинарите (судии, лекари, бизнисмени, синдикати, спортисти, актери, уметници, академици, писатели, земјоделци, професори, студенти, итн.).

Отпочнавме дебата со новинарската фела во Македонија за подобрување на детектираните состојби, соработуваме со ОБСЕ на ова поле, и очекувам придвижување напред, иако сум сигурен дека и во моментов сме понапред од многу земји. Ние сакаме слободно новинарство и почитување на професионалните стандарди, тоа го сакаат и новинарите, и кога тоа е така понатамошен напредок мора да има.


Господине Груевски имавте ли грешки во изминатите пет години и кои се тие?

Не греши само Бог. Често пати велам дека кој работи и греши. 

Битно е само грешките да не бидат крупни и стратешки, и кога ќе се погреши и увиди грешката, тоа да се признае и поправи. Со оглед на тоа дека ја добиваме поддршката на шест изборни циклуси, веројатно народот, смета дека и моите и грешките на Владата не се огромни и непоправливи, и затоа и ни ја дава довербата. Граѓаните ни дадоа огромна поддршка на овие избори од 440 илјади гласови, и тоа после две и пол години тешка светска економска криза и блокада од Грција. Сепак, таа поддршка е со мало намалување за околу 8-9 отсто во однос на 2009 кога добивме 480 илјади гласови. Јас тоа го разбирам вака: добри сте, генерално добро терате, продолжете да работите вака и уште повеќе, но сепак, има некои сегменти од кои не сме задоволни, и на некои приоритети треба повеќе да се фокусирате и да ги форсирате, а пред се економијата. И да, во ова време кога нова економска должничка криза и рецесија во Европа е во нејзиниот почеток, неминовно е дополнително да се продлабочи фокусот на економските проблеми. Тоа го правам и ќе го правам.

Значи нема да има повеќе споменици?

 

Со последните три одлуки за подигнување на спомен обележја на Кузман Јосифовски- Питу, д-р Христо Татарчев и Павел Шатев, и со поставувањето на овие и другите споменични обележја, кое поставување треба да финишира до крајот на 2012 година, се заокружува програмата за подигнување на споменичните обележја. Значи завршува процесот. Не би можел да исклучам во целост дека во иднина, во смисла доколку се појави некоја посебна граѓанска иницијатива дека нема да се подигне некој друг споменик, но тоа ќе биде исклучок. Како што реков, програмата е веќе заокружена.

 

Како го коментирате враќањето на тешката артилерија во СДСМ и најновите случувања таму?


Кога прочитав дека во СДСМ се вратиле старите кадри Илинка Митрева, Грчев, Никола Поповски, Таки Фити, Софија Тодорова, Тихомир Илиевски, Бузлевски итн., и дека тоа било враќање на тешката артилерија од нивна страна, не можев да поверувам. Си реков, навистина ова е тешка артилерија, ама е артилерија од Прва Светска Војна, застарено оружје, а ова е време на беспилотни летала, на сајбер војници, на невидливи авиони, компјутери. Оружјето, со кое условно кажано СДСМ сакаат да пукаат е од едно друго време, и за во музеј. Но, што може да понуди друго еден политичар, кој зема највисока пензија, во оваа смисла воен ветеран, освен оружје од времето кога бил генерал? Сите оние кои до неодамна глумеа експерти, сега се повторно во старото јато на СДСМ, и ако ова е изненадувањето кое го најавуваат, навистина сме изненадени што кај нив упорно ништо не се менува, што не е добро за државата, затоа што сето ова таму се рефлектира и на политичката клима и амбиент во Македонија.

 

Оваа генерација сака да го зачува правото на именување

Зошто имате толкав отпор кон компромис со Грција кога е јасно дека се вртиме во круг во поглед на зачленувањето во НАТО и ЕУ? Јасно е дека не може да се постигнат истовремено двете цели- и членство и уставно име. Што чекаме?

 

Неточни се тезите дека имам отпор кон компромис, нешто за што се труди опозицијата да ги убеди сите. Не се работи за време, се работи за принципи и за вредности. И нема потреба од вакви апокалиптични пристапи, што чекаме, или едното, или другото итн. Сепак, се работи за нашиот идентитет, а тоа не е прашање кое се решава за миг, поттикнат од ваквиот, да се биде или не пристап, и во мал круг на луѓе. Погледнете ги анкетите, огромно мнозинство од граѓаните не се за било каков компромис. Зошто се потценуваат граѓаните, кои јасно го кажуваат својот став? Зошто упорно се создава атмосфера во која ние треба да прифатиме се', или во спротивно се создава страв дека ќе одиме во провалија? Крајно време е да се престане со ваквите иронично самопонижувачки позиции, односно да се застане смирено и да се погледне реалноста. Ние сме самостојна држава, со систем, институции, слободно-мислечки граѓани, и мора, мора да веруваме во себе! Апсолутно, нацијата има приоритети, како и секоја нација, и ако оваа генерација оцени дека најголем приоритет е зачувување на основното право на именување и самоопределување, тогаш мора да се почитува и тој факт при политичките одлуки, и при поставувањето на вакви прашања и тези. Ако некоја друга генерација постави други приоритети за сметка на идентитетот тогаш нека се однесуваат согласно вредностите и верувањата. Исто како што имаме и јасен став дека веруваме во европските вредности, и дека сакаме интеграција во Европската Унија, и ние нема да се откажеме никогаш од тој приоритет.

Извор: “Утрински весник

Новинар Соња Крамарска