Интервјуа

Глас на Америка:  Какви се очекувањата од промоцијата на еден ваков собир во Лос Анџелес?                                   

Пешевски:  Очекувањата се да информираме што поголем круг на инвеститори за можностите на Македонија; да ја раскажеме приказната за Македонија, која трпи големи позитивни промени во последните 5-6 години; да го разбудиме нивниот интерес; да ги зголемиме можностите за нивно инвестирање.

Глас на Америка:  Меѓутоа, странските инвеститори се жалат на правна несигурност, на нетранспарентност на тендерите, на моделите на плаќање, неефикасната јавна администрација.  Ваш коментар?   
 

Пешевски:  Да го погледнат индикаторот на Светската банка за водење бизнис и ќе видат дека во Македонија тие се на еднакво ниво како оние во западните држави на ЕУ, дури би рекол и во две третини од нив - подобри.  Се разбира, системот не е совршен, но би рекол дека работиме подобро од поголемиот број држави во Европа.
 
Глас на Америка:  Според спроведените реформи во регионот, Македонија високо котира, не само според Дуинг бизнис, туку и извештаи на други меѓународни финансиски институции.  Па сепак, отсуствуваат странските инвестиции, споредено со соседите?      
 

Пешевски:  Не би се согласил со тоа.  Не треба да се споредуваат апсолутни износи, туку треба да се споредуваат инвестициите по глава на жител.  Целта на владата не е да привлекува странски инвестиции, туку да создава поволна клима за сите инвеститори.  Инвестиците во Македонија во бруто-износ секоја година како учество во брутодомашниот производ - растат. Дури и во првите шест месеци од оваа година кога имаше криза, тие се за пет проценти поголеми од вкупните бруто-инвестиции од истиот период минатата година.
 
Глас на Америка:  Колку финансиската и економска презадолженост на Грција влијае врз Македонија?                                 
 

Пешевски:  Секако, тоа не е поволно за нас, бидејќи Грција во своите подобри денови беше еден од позначајните трговски партнери на Македонија.  Целиот тој призвук на нестабилност во Грција дава призвук на нестабилност во регионот и не влијае поволно за нас.  Реално, преголеми директни ефекти или прелевања на кризата во Македонија нема.  Тоа влијае на кризата во цела Европа, но драстично нема големо (влијание, н.з.) врз Македонија.

 

Извор: „Гласот на Америка“

Новинар : Јане Бојаџиевски

Министре, има ли паралелизам во Министерството за образование со оглед на тоа дека се изнагледавме на многу различни одлуки како во Министерството, така и во релациите со општинските училишта каде што се директори и градоначалници од редовите на албанската етничка заедница?

Во Министерството за образование и наука, како и во сите други институции во Македонија има јасно поставена структура на управување во Министерството со соодветни овластувања и ингеренции за секој функционер и вработен. Во такви услови не можеме да разговараме за дуализам, туку за заеднички напори за остварување на зацртаните проекти и надминување на предизвиците со кои се соочуваме.
 

Дали образовниот систем и, секако, учениците стануваат жртва на меѓупартиските и меѓуетничките недоразбирања?

За политиката нема место во образованието, тоа е јасно и треба да биде почитувано од сите политички субјекти. Користењето на образованието во политички цели можеби ќе донесе некој поен на дневнополитичка основа, но на подолг рок сите ќе изгубиме со такви настани.

Градоначалниците, практично, имаат слободни раце да носат одлуки, без притоа да се консултира Министерството. Постои ли злоупотреба на надлежностите и прекин во комуникацијата со Вас и како да се надмине тоа?

Согласно со процесот на децентрализација, градоначалниците се оние што управуваат со образованието во рамки на своите општини. Некаде тоа функционира одлично и е пример како локалната власт може да го унапреди процесот на образование. Во мал дел од општините тоа е предизвик затоа што се користи за други цели кои не придонесуваат ниту на еден начин за квалитетно образование. Министерството за образование и наука треба да биде еден вид контролор на овој процес и сметам дека законската регулатива во тој дел може да биде подобрена, што ќе овозможи поквалитетна контрола над начинот со кој градоначалниците менаџираат со образованието.

Вашиот став е дека ставањето табли со новите имиња на училиштата во Чаир без одобрение од Министерството е спротивно на законот. Најавивте казни за правниот субјект и за директорите на училиштата. Дали со тоа се реши проблемот? Што ќе биде ако надлежните во Чаир ги платат казните, а не ги тргнат таблите со новите имиња, како што се случи?

Ставот за ова прашање беше кажан во јавноста во неколку наврати од страна на Министерството и на Државниот просветен инспекторат. Постапката е во судска процедура и очекуваме судска одлука која ќе ги потврди наодите на Инспекторатот пред да се разгледаат понатамошни мерки.

ЕУ финансира (инвестира) околу милион евра за интегрирано образование. Може ли да објасните што значи поточно интегрирано образование?

Неколку донатори помагаат во реализација на програмата за интегрирано образование, меѓу кои УСАИД, ЕУ и норвешката влада. Целта е во етнички мешани училишта да се креираат програми и активности за ученици од различна етничка припадност кои ќе им помогнат преку зголемена интеракција да научат да ги почитуваат меѓусебните разлики во однос на јазикот, религијата или културата. Веќе реализиравме кампови на мултикултурата, заеднички екскурзии, како и подобрување на условите во овие училишта и уште многу други активности за кои секогаш поддршката од наставниците и родителите е пресудна за успех. Досега сме пријатно изненадени од позитивната реакција на сите. Интегрираното образование е иднината на нашиот образовен систем.

Кои проекти се досега спроведени во областа на образованието и што ќе следува понатаму за подобрување на оваа важна сфера?

Кога зборуваме за реформи во образованието, мора да ја направиме природната граница помеѓу основното и средното образование, од една страна, и високото образование, од друга страна. Ќе се осврнам само на мал дел од проектите. Во основно и во средно веќе најавивме проект за превод на учебници од кои се учи во Велика Британија, кој планираме да го реализираме во почетокот на идната година. Продолжуваме со интензивна реконструкција и изградба на училишта во цела Македонија. Употребата на информатичката технологија во училиштата останува приоритет и затоа донацијата од „Телеком“ во форма на интерактивни табли за училиштата е од исклучителна важност. Во високото образование продолжуваме со проектот што им овозможува на наши студенти целосна стипендија доколку се запишат на најреномираните 100 универзитети во странство (од областа на техничките науки првите 200). За следниот период посебно во фокус на нашето внимание ќе биде и законската регулатива за евалуација на студиските програми и високообразовни институции која ја спроведува Одборот за акредитација и евалуација. Квалитетот на високото образование мора да биде во преден план на сите реформи кои ги спроведуваме со цел да овозможиме конкурентна работна сила за пазарот на труд, а со тоа и конкурентна економија.
 

Деновиве во медиумите се појавија написи за доцнење на платите на неколку универзитети во Скопје и во другите градови, а има и поплаки дека нема греење во одредени високообразовни институции. Се соочува ли Министерството со образование со финансиски проблеми?

Во услови на светска економска криза, Владата овозможи вработување на 200 лица во јавните високообразовни институции. Поголем дел од тие вработувања се веќе реализирани пред крајот на самата фискална година без да се дозволи каков било застој во сервисирањето на обврските по основа на плати и други тековни трошоци кои се во надлежност на Министерството.

Една од најболните точки во образованието секоја година е битката за студентско легло во домовите во земјава. Студентите обвинуваат за партиска поделба на сместувањето. Постојат ли вакви злоупотреби?

Секој од студентските домови има своја управувачка структура која е одговорна за распределбата на сместувањата да ги спроведе максимално транспарентно и во согласност со правилата и законите што ги регулираат овие прашања. Министерството за образование и наука планира донесување и на нов закон за студентски стандард кој ќе овозможи дополнителни механизми за утврдување на одговорност доколку има вакви појави.

Дали сте разочаран зашто токму преку грбот на Министерството за образование и лично преку Вашиот грб се прекршуваат некои политики што немаат никаква врска со дејноста образование?

Моја задача останува да се обидам да обезбедам поквалитетно образование за сите кои се дел од овој процес. Можам само да повторам дека обидите на некои индивидуи да го вовлечат образованието во нивни дневнополитички цели се јасни за секој граѓанин и нема да им донесат поени, туку, напротив, ќе бидат изолирани и осудени од пошироката јавност.

 

Извор: „Утрински весник“

Новинар: Наум Котевски

 

Економски.мк: Економски.мк објави дека Владата во партнерство со кинеска банка ќе почне со изградба на автопати од Коридорот 8. Кога ќе почне реализацијата на овие големи инвестициски прокети?

Јанакиески: Владата на Република Македонија е цврсто решена да ја подобри патната инфраструктура во земјава и во изминатиот период континуирано имплементираме повеќе проекти со кои се овозможи изградбата на голем број нови локални патишта, реконструкцијата на регионални патишта, но и изградба на автопат – во делот на комплетирање на патниот Коридор 10.

За дел од патиштата кои претходно беа предвидени да се градат по пат на концесија, со оглед на тоа што немаше интерес од страна на компаниите, ние овозможивме алтернативен извор на финансирање. Користејќи ги преференцијалните кредитни линии, во соработка со „Експорт Импорт Банката“ на Кина планирана е изградба на патните правци Миладиновци – Штип, Штип – Кочани, Кичево – Охрид и Охрид – Св. Наум.
Во текот на изминатиот период остварени се средби со повеќе заинтересирани компании кои искажаа сериозен интерес за учество во проектот. На маргините на Конференцијата на Секретаријатот за соработка помеѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа и првиот состанок на Националните координатори, Амбасадорот на Република Македонија во Народна Република Кина, г-дин Оливер Шамбевски го потпиша взаемно усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија и Експорт Импорт Банката на Народна Република Кина. Очекуваме наскоро да ги комплетираме процедурите и во првиот квартал на 2013 година да започнат градежните активности на делницата Миладиновци – Штип, за која и веќе е изработена целокупната документација.

Согласно заклучок на Владата на Република Македонија, во текот на месец октомври 2012 година потпишан беше договор за давање на консултантски услуги со Меѓународната Финансиска Корпорација (IFC), која е ангажирана како финансиски трансакциски консултант за изградба, одржување и наплата на патарина на делницата Гостивар – Кичево и одржување и наплата на патарина на делницата Скопје – Гостивар. Според договорот, консултантот ќе има задача да обезбеди консултантски услуги и изработка на студии и анализи, а исто така до Владата на Република Македонија да предложи финансиски модел и мерки на имплементација на проектот за концесија на патните правци. Ангажманот на консултантот ќе биде се до моментот кога Владата ќе потпише договор со потенцијалниот најповолен понудувач.

Економски.мк: Проектот гасификација конечно ќе почне да се реализира догодина. Во буџетот предвидени се пари за изработка на физибилити студија, а експертската јавност критикува дека пак ќе се трошат пари за нешто што веќе било направено. На што ќе се однесува таа студија и кога ќе почнат градежните работи за овој мега проект?

Јанакиески: Не знам за која експертска јавност станува збор. Во минатото речиси сите владини проекти кои се за доброто на Македонија во медиумите на некој начин се мета за неразумна критика од страна на таканаречени експерти по се и сешто кои имаат една и единствена цел – да направат ситен дневнополитички скор за себеси.

Не е точно дека била направена студија каква што правиме, ова е нешто што се прави за првпат во Република Македонија, согласно сите стандарди во оваа област. Ние добивме и грант од 170.000 евра од Европската банка за обнова и развој за техничка помош за изработка на Студија за влијание на животна средина за целиот проект за Национален гасификационен систем на Република Македонија. Во тек е постапката за избор на консултант кој ќе ја прави студијата и целата постапка е транспарентна, согласно правилата на ЕБОР. Се очекува во рок од 5 месеци по потпишување на договорот со консултантот, да биде изготвена анализата на проценката за Студијата за социјалното влијание и влијанието на животната средина на Националниот Гасификационен систем на Република Македонија. По изборот на консултант, ќе се отвори можноста за отпочнување на постапка за добивање на заем од ЕБОР за изградба на магистрална делница од Националниот гасификационен систем на Република Македонија.

Владата на Република Македонија донесе заклучок со овие средства да се финансира изградбата на делови од магистралните правци во две фази и тоа прва фаза во вредност од 113.230.818 €, која ги опфаќа магистралниот правец од ТЕЦ Неготино – Кавадарци–Прилеп–Битола и РЕК Битола–Кременица-граница со Република Грција, како и магистралниот правец Скопје-Тетово-Гостивар . Во втората фаза, која е во вредност од 145.170.452 € е предвидена изградбата на магистрален правец Хамзали – Ново Село (граница со Република Бугарија) , правецот Гостивар-ТЕЦ Осломеј-Кичево и преостанатиот дел на магистралните гасоводи од Националниот гасоводен систем во Република Македонија.

Согласно Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за регулирање на обврската на поранешниот СССР по пресметките сврзани со стоковната размена меѓу поранешниот СССР и поранешната СФРЈ, во тек е интензивна коресподенција помеѓу руската компанија „Стројтрансгас“ предложена од страна на Руската Федерација за изградба на делницата Клечовце-Штип-Неготино, со крак до ТЕЦ Неготино и АД Македонски енергетски ресурси Скопје во државна сопственост.

Разговорите се на ниво на решавање на соодветни технички прашања околу проектната документација, формално-правни и останати елементи, важни за формирање и доставување на конечна понуда за изградба и се очекува во најкраток период да бидат финализирани сите отворени прашања и дилеми, а со тоа и подготовка на Нацрт-Договорот за изградба на делницата.

Економски.мк: Продажбата на државно градежно земјиште треба да донесе инвестиции. Дали сте задоволни од динамиката со која тече продажбата, како и од собраните финансиски средства по овој основ?

Јанакиески: Заложбите на Владата на Република Македонија и активностите на Министерството за транспорт и врски во изминатиот период се очигледни и даваат резултати. Токму во тој поглед во изминатиот период се преземавме низа активности со цел овозможување полесни процедури за економските субјекти кои се заинтересирани да градат свои капацитети на територијата на Македонија.

Токму тоа се потврдува, односно преку процесот на отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија секојдневно се реализираат големи инвестиции. Ние овозможивме и самите општини, оние кои ќе ги исполнат соодветните услови, кои најмногу се однесуваат на капацитетите за работење, да можат самите да го продаваат и издаваат под закуп земјиштето што сметам дека е уште едно дополнително олеснување за бизнис-секторот затоа што можат целокупната постапка од отуѓување на земјиштето до обезбедување на градежно-техничка документација да ја завршат на едно место. Ние постојано во рамките на своите законски надлежности на брз и ефикасен начин да им овозможува на компаниите од земјава и од странство да обезбедат простор и погодна локација за развој на сопствениот бизнис. Се разбира сето ова е со цел да има нови инвестиции и раздвижување на економијата.

Економски.мк: Државата продава земјиште и во проектот Сончев град за кој тендерот е веќе распишан. Има ли заинтересирани компании за него?

Јанакиески: Министерството за транспорт и врски неделава даде согласност на планската документација која ни е доставена од општина Сопиште и викендов општината треба да објави оглас за отуѓување на земјиштето. Станува збор за една целосна градежна парцела со површина од 83,56 хектари со намена за изградба на три типа на објекти и – домување во станбени куќи со посебен режим на користење и заштита, ова се куќи со висок стандард и вили за кои минималната површина на градежната парцела изнесува 500 метри квадратни, домување во станбени куќи, што ги опфаќа сите видови куќи со дворови, како што се самостојни, двокуќи, куќи во низови, атриумски куќи и други, како градби со максимум три посебни станбени единици.

Исто така, предвидена е и изградба на станбени згради каде се опфатени сите видови на згради – станбено-деловни и станбени згради со резиденцијални станови кои можат да бидат изградени како самостоечки, блоковски низи, терасести и слично. Во планот е предвидено и заштитно зеленило во кое спаѓаат уредени зелени површини чија основна намена е да ги изолираат зоните со инкомпатибилни намени и имаат улоги на тампон зони.

Со оглед на тоа што станува збор за атрактивна локација, која е блиску до градот, а дополнително на ова од страна на Агенцијата за државни патишта е предвидена и изградба на нов пат, очекувам да има интерес од страна на инвеститорите и реализацијата на овој проект, но и на други проекти што ги овозможивме, како што се на пример висококатниците во општина Аеродром, би требало да го раздвижи пазарот на недвижности во Скопје и да придонесе кон поголема конкурентност и флексибилност на цените.

Економски.мк: Реконструкција на железничката инфраструктура и модернизација на желенизцата остануваат приоритети и за догодина. Што конкретно ќе се работи во 2013 година?

Јанакиески: Во 2013 година, поточно во првиот квартал од годината, се планира да се започне со градбата на делницата од Коридорот 8, источната страна, односно ќе започнат градежните работи на делницата од Куманово до Бељаковце во должина од 30 км. За ова аделница е веќе обезбеден кредит во висина од 46.400.000 евра од Европската Банка за обнова и развој, и обезбеден е грант за исплаќање на фирмата која ќе врши надзор над градбата.
Исто така, во 2013 година ќе продолжиме со изработка на осноните проекти за делницата од Бељаковце до Крива Паланака во должина од 34 км. За оваа намена се обезбедени грант средства за исплаќање на фирмата која ќе ги изработува прокетите. Се планира во текот на 2013 и 2014 година прокетите да бидат изработени и во втората половина на 2014 година да започне постапката за избор на градежната фирма која ќе ја извадеува градбата. Паралено со изработката на прокетите, Министерството за финансии во соработка со Министерството за транспорт и рски ќе ги започнат разговорите со двете Банки – ЕБОР и ЕИБ за обезбедување на заем во висина од 145.000.000 евра за изведување на градежните работи, а исто така ќе се обезбедат и средствата за потребите на надзорот над градбата.
За последната делница од овој дел од Коридорот 8, во 2013 година ќе започне постапката за избор на прокетантот. За оваа секција средствата ќе се обезбдат преку ИПА фондовите. Исто така од фондовите на ИПА ќе започне постапката за ибор на фирма која ќе ги изработува осноните прокети за делницата од Кичево до граница со Република Албанија.
Што се однесува до обновата на возниот парк, во првиот квартал од 2013 година ќе се објави тендерот за избор на призводител на нови 6 патнички гарнитури што претставуваат комплетно нови возови за патниците, како и набавката на нови 150 товарни вагови од различен тип. Рокот за производство и испорака на овие возни средства ќе биде 36 месеци, што значи до 2016 година истите треба да бидат произведени и испорачани во Република Македонија.

 

Извор : Eкономски.мк

Промовиравте буџет што ќе тежи 2,7 милијарди евра, факт е дека прв пат тој е поскромен за разлика од претходните. Одите и прилично со реална стапка на економски раст од 2 процента. Дали треба ова да се доживее како своевидно отрезнување на Владата и соочување со состојбите и во земјава и во Европа?
Буџетот е реален и ја одразува состојбата и очекувањата за развојот на настаните во европската економија. Кризата претставуваше голем предизвик за сите што се вклучени во правењето на економските политики овие години, бидејќи не се одвиваше според ниту една економска теорија ниту, пак, личеше на кризите низ кои претходно минуваше светската економија. Од сите тие случувања, логично е да извлечеме поуки за тоа како да се справуваме со ваква длабока криза. Овој пат информациите што ги добиваме од Европа не се добри, не се оптимистички за да може да се очекува брзо заздравување на европската економија, а со тоа и на македонската економија. Тоа го рефлектиравме и во проекциите за буџетот. Притоа, настојуваме буџетската политика да биде во функција на справување со последиците од кризата. Проектираниот раст за Македонија за 2013 година од 2 отсто ќе биде нешто повисок од просекот во Европа, но е помал од потенцијалниот економски раст кој би можеле да го оствариме во постабилни надворешни услови.

Првпат проекциите на Министерството за финансии се под оние на Народна банка на Македонија?
Финансиските институции како што се Светска банка, ЕБОР, НБРМ излегуваат на секои три месеци со проекции и ја имаат таа предност почесто да можат да ги менуваат проекциите. Со оглед на тоа дека буџетот е едногодишен план на приходи и расходи на државата, правиме проекции на годишно ниво. Притоа, ги имаме предвид и проекциите на останатите институции. И претходните години проекциите беа правени внимателно и беа реални во времето кога ги правевме. На пример, во 2011 година македонската економија оствари раст од 3 отсто, при што во првата половина од годината тој изнесуваше над 5 отсто. Министерството за финансии ја правеше проекцијата за 2012 година во есента 2011 година, имајќи ги предвид актуелниот раст на македонската економија и фактот дека во Европа состојбата изгледаше релативно стабилна. Но, потоа кризата во европската економија нагло се продлабочи и проекцијата погледната 6 месеци подоцна изгледаше превисока. Затоа навреме, уште во мај ги приспособивме буџетот и проекцијата на новите состојби. Ги користевме истиот пристап и истите влезни податоци при проектирањето на буџетот за 2013 година. Но, сега македонската и европската економија се во рецесија, со очекувања за стагнација на ЕУ-земјите за следната година, затоа и нашата проекција за 2013 година е со многу умерен раст. Се разбира, добро е ако оствариме подобри резултати од тоа што го проектираме, но има доста ризици во однос на тоа со колкава брзина Европа ќе излегува од кризата, така што немаше доволно аргументи да одиме со друга проекција.

Ги потенцирате капиталните инвестиции кои треба да одговорат на притисоците од европската криза. Со оглед на тоа што досега тие никогаш не се реализираа целосно, верувате ли дека в година навистина 385 милиони евра ќе завршат во патишта, гасификација и железница?
Капиталните инвестиции се стожерот на развојниот дел од буџетот и затоа секоја година инсистираме на колку што е можно поголем износ и поддршка на економијата. Тоа е особено значајно во вакви времиња кога извозната побарувачка е намалена и важно е да креираме домашна побарувачка во делот на инвестициите и ангажман на домашните претпријатија. Главниот проблем во реализацијата на капиталните инвестиции во сите 20 години во Македонија беше капацитетот на администрацијата и потребното време за да се подготви проектната документација, поради што реализацијата не беше толкава колку што беше планирана во буџетот. Во последните години има подобрување во реализацијата на капиталните инвестиции, но би кажал дека има уште простор за подобрување. Притисокот врз министерствата да ги реализираат планираните капитални инвестиции ќе продолжи и следната година. Со оглед на тоа дека во најголем дел се работи за повеќегодишни проекти кои се во позрела фаза, очекувам да има повисока реализација. Втор тип проекти се новите што ќе почнат во текот на следната година и ќе имаат интензивна реализација. Такви се автопатот на Коридорот 10, пругата од Куманово до Бељаковце, како и националната гасоводна мрежа. Тоа се проекти за коишто се обезбедени средства и мислам дека таму ќе има добра реализација.

За гасификацијата се издвоени само 4 милиони евра, што ќе се реализира со нив?
Средствата во буџетот за 2013 година не се единствените, ниту главните средства со кои ќе се реализира проектот за гасификација. Главните средства за реализација на националната гасоводна мрежа се од исплатата на клириншкиот долг на Русија кон Македонија во износ од 60 милиони долари. Тие средства Русија ќе им ги исплаќа директно на фирмите што ќе бидат ангажирани во изградбата на националната гасоводна мрежа, затоа не се составен дел на буџетот. Средствата што се ставени во буџетот за 2013 се само дел од кофинансирањето што треба да го обезбеди Македонија, кое за целиот период на изградба на првата фаза треба да изнесува 15 милиони долари.

„Газпром“ и Хрватска го растурија договорот, дали може тоа да и' се случи и на Македонија?
Македонија не е изоставена од „Јужен тек“. Руската страна во јули оваа година достави договор до македонската за вклучување на земјата преку крак во Јужен тек и откако ќе се усогласи договорот од двете страни, истиот ќе биде потпишан и Македонија ќе биде вклучена во „Јужен тек“. Ние бевме во неповолна позиција на почетокот, кога Македонија воопшто не беше спомната за разлика од другите земји кои уште во 2008 година беа предвидени да бидат дел од гасоводот „Јужен тек“. Важно е што успеавме, сепак, Македонија да стане дел од „Јужен тек“. Тоа е стратегиски битно за Македонија и ќе придонесе да се намали цената на гасот и да се обезбеди стабилна испорака на гас.

Дали можете да се обврзете пред бизнисмените дека навистина капиталните инвестиции нема да доживеат кратење доколку има потреба од ребаланс?
Буџетот е проектиран многу реално и затоа верувам дека нема да има потреба од ребаланс. Треба да се имаат предвид реализациите на капиталните инвестиции во изминатите пет-шест години и да се споредат со реализациите во периодот пред тоа за да се види дали тие реално се зголемени или не. Со сите ребалансни кратења, бизнисмените имаат причина за задоволство, бидејќи последниве неколку години двојно е зголемен износот на капитални инвестиции. Тој се движи меѓу 250 и 300 милиони евра годишно. Претходно тие изнесуваа околу 150 милиони евра. Реализацијата тогаш била околу 60 отсто во однос на планираното, а сега е околу 80 отсто. Нашата цел е секако таа да биде меѓу 90 и 100 отсто. Верувам дека со подобрување на капацитетот на администрацијата, но и со реализација на проектите кои се во позрела фаза ќе успееме дополнително да го подигнеме нивото на реализација.

Кај некои бизнисмени како да има револт за земјоделските субвенции. Дали вложувањето во овој сектор ги даде посакуваните ефекти во поглед на зголемено земјоделско производство, вработувања?
Не би ги поставил работите едно против друго, или едно во замена за друго. Гледаме да има доволно средства и за земјоделството и за капитални инвестиции. Тоа е нашата политика и тоа не само за овие два сектора, туку за сите сектори. Покрај капиталните инвестиции, тука обезбедивме и 250 милиони евра од Европската инвестициска банка што им се на располагање на фирмите под повластени услови. Никогаш претходно немало толку многу пари на располагање за македонските претпријатија. Ако претпријатијата ги искористат тие средства и ги реализираме капиталните инвестиции согласно со планот, како и редовно плаќање на сите обврски, ќе се даде силна инфузија на стопанството.

Ставката за договорни услуги, која следната година изнесува околу 413 милиони евра, секогаш била енигма за јавноста. Може ли објаснување што подразбира таа?
Секако. Вкупно планирани средства на ставката за договорни услуги се 25.388 милиони денари. Од нив најголем дел, околу 77 отсто или 19.493 милиони денари, се средства за здравствените услуги кои ФЗОМ ги префрла на болниците, како за плати, така и за материјални трошоци. Друга поголема позиција се договорните услуги во МОН од 1.873 милиони денари, од кои се финансираат, главно, договорните услуги на факултетите и нивната научно истражувачка работа, потоа превод на најдобрите светски учебници, бесплатни учебници, бесплатен превоз на деца со посебни потреби итн. Министерство за здравство ќе финансира од оваа ставка здравствени програми во износ од околу 380 милиони денари. За закупнини и услуги на нашите дипломатско-конзуларни претставништва се предвидени 370 милиони, 94 милиони во судска власт за судски вештачења и адвокатски услуги, 100 милиони за локални избори во ДИК... Значи, воопшто не станува збор за непродуктивни трошоци, туку услуги кои имаат соодветна намена и се неопходни.

Платите нема да се зголемуваат во администрацијата во 2013 година, но пензиите ги зголемивте. Мораше ли да се направи ова покачување и тоа баш во март, пред изборите?
Во услови на ваква криза во светот и во Европа, буџетот треба да одговори на две потреби. Едната е да обезбеди средства за поддршка на стопанството, а другата да ги заштити најранливите категории. Во тие најранливи категории спаѓаат примателите на социјалната помош и пензионерите, а во поширока рамка и земјоделците. Преку 170.000 пензионери во Македонија имаат пензија под 12.000 денари. Од тој аспект, зголемувањето на месечната пензија за 550 денари (плус индексацијата), за секој од нив е многу значајно. Во однос на тајмингот, се работи за случајна коинциденција со политичкиот циклус. Доказ за тоа е фактот што го имавме најавено тоа зголемување уште во 2011 година, во изборната програма и сега го реализираме ветеното. Единствено се поместува за два месеца, зашто обезбедените средства во буџетот се толку што ни дозволуваат да се реализира тоа од март.

Во јавната администрација следната година само за плати ќе отидат 376 милиони евра. Практично повторно две третини од буџетот ќе бидат наменети за плати, пензии и социјални трансфери. Кога ќе може да го надминеме овој систем на неразвоен буџет?
Подобрувањето на структурата на буџетот веќе се реализира со зголемувањето од година на година на капиталните инвестиции, и тоа е среднорочна цел. Но, погрешна е констатацијата дека развојниот дел на буџетот се состои само во расходната страна. И приходната страна треба да се реализира од развоен аспект. Ако така го погледнеме буџетот во Македонија, тој е најразвоен од речиси сите во Европа. На приходната страна имаме предвидено најниски можни даноци, а даноците се еден од главните трошоци за фирмите. Со самото тоа даваме силен импулс за развој на домашната економија. Нашата политика е да им ги оставиме средствата на фирмите на располагање, тие подобро знаат каде да ги распоредат и на каков начин да ги економизираат. Ако се погледне приходната и расходната страна заедно, односно најниските даноци во Европа и силниот импулс со капитални инвестиции, придонесот на буџетот во поддршка на развојот е голем.

Дали и оваа година нема да се чепка даночната политика, односно нема да се зголемуваат даноците?
Не само оваа година, туку до крајот на мандатот. Нашата политика е дека ниските даноци и рамниот данок се најдобар даночен систем. Тука се разликуваме со политичките конкуренти од СДСМ кои и порано, а и сега во овие околности на криза предлагаат прогресивно даночно оптоварување. Тоа е лош предлог кој, за среќа, на стопанството нема да се реализира.

За в година е проектирано дека 290 милиони евра од буџетот ќе се финансираат од странски извори. Дали е домаќинска политика тоа задолжување и дали граѓаните ќе можат да спијат мирно, ќе имаме ли да ги вратиме ратите?
Со долг од околу 30 отсто од БДП, Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа. Тоа не' прави различни од многу други земји кои неодговорно се однесуваа во изминатиот период и сега имаат големи должнички проблеми. И во иднина ќе продолжиме со одржување на пониски нивоа на буџетски дефицит и на државен долг. Тоа е значајно за идните генерации. Политичарите мора да имаат предвид кои се краткорочните ефекти од одредени политики, но и да се однесуваат одговорно кон иднината, на долг рок. Значи, Владата води грижа и ќе останеме меѓу најнискозадожените земји во Европа.

Извор: „Утрински весник“

Новинари: Соња Маџовска, Нина Нинеска-Фиданоска

 

 

Курир: Неколку земји, членки на Европската Унија алармираа за бројот на лажни азиланти. Кои мерки МВР ги превзема за надминување на овој проблем и спречување на злоупотребата на безвизниот режим?

Јанкулоска: Од почетокот на визната либерализација, од крајот на 2009-та година, па во текот на целата нејзина имплементација евидентно се појавија определени проблеми, се појави одреден број на граѓани, државјани на Република Македонија кои свесно или изманипулирани од други лица направија одредена злоупотреба на визната либерализација. Поаѓајќи од фактот дека визната либерализација барем засега е најголемата придобивка од процесот на евроинтеграциите и има огромно значење на граѓаните на Република Македонија. Ние правиме максимални напори бројот на таканаречените лажни азиланти или попрецизно бројот на лица кои прават било какви злоупотреби поврзани со визната либерализација да се намали односно во идеални случаи да се сведе на нула. Во таа смисла МВР во соработка со други надлежни институции превзема различни типови на мерки кои подразбираат дејствување на различен начин. Пред се тука станува збор за превентивно дејствување, односно отстранување на причините заради кои ранливите категории на лица се охрабруваат да патуваат во земјите од ЕУ и таму да побараат азил. Делуваме и низ подобрување на условите за живот, образовние, здравството, прилагодување на социјалните примања кои ги имаат се со цел да не бидат мотивирани да заминат од Македонија, онака како што тие велат од економски причини. Од друга страна делуваме превентивно и во делот на информирање на овие граѓани, бидејќи факт е дека најголемиот дел од нив во своите апликации за барање азил навеле причини кои воопшто не се основа за да се добие азил. Впрочем и незначителниот број на лица од РМ кои во изминатите години добиле азил во било која земја од ЕУ зборува дека барателите на азил од РМ неминовно ќе бидат вратени во земјава и во таа смисла во превентивното дејствување ние настојуваме да ги информираме овие граѓани преку непосредни контакти, трибини и дирекна комунација дека едно вакво патешествие е неисплатлива работа, а крајот на истото е сосема извесен, тие ќе бидат вратени во Република Македонија. Паралелно со тоа ние превземаме и репресивни мерки кои подразбираат откривање на случаите каде што се случила злоупотреба и неодамна информиравме за неколку случаи каде што беа пријавени токму организаторите на злоупотребата на визната либерализација, односно лица кои потикнувале наши граѓани да заминат во западноевропските земји, односно посредувале при ваквите патувања со цел барање на азил. МВР заедно со надлежните инспекторати прави бројни проверки и на туристичките агенции и на транспортните претпријатија, меѓутоа продолжуваме и со оперативните дејства на терен  во смисла на откривање на оние лица кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и оние лица кои се јавуваат како организатори на ваквите патувања. Исто така согласно Законот за надзор на државна граница како Министерство воведуваме засилени контроли на граничните премини и како резултат на ова на речиси 7.000 граѓани на РМ не им е дозволен излез од земјава поради тоа што тие не биле во состојба да ја докажат целта на патувањето, односно доказите кои ги нуделе како наводна причина за нивното патување не ги исполнувале условите под кои функционира визната либерализација. Се на се ние интензивно работиме се со цел да се намали оваа бројка на таканаречени лажни азиланти, контактираме и со соодветните безбедносни служби и со властите на државите каде проблемот е најголем, за да низ еден партнерски однос се обидеме заедно да дејствуваме во смисла на брза и навремена размена на информациите за да може соодветно да реагираме и на некој начин да се справиме со оваа негативна појава, бидејќи не би сакале да се доведеме во ситуација каде однесувањето на еден помал број на граѓани ќе го доведе во прашање она што е голема придобивка за над 2 милиони државјани на Република Македонија

Курир: Се позачестени се и полициските акции каде се откриваат емигранти од Авганистан, Пакистан и останатите земји кои најчесто преку Грција влегуваат во Македонија. Како МВР се справува со нив, дали тие се згрижуваат кај нас или се враќаат во своите земји?

Јанкулоска: Воопшто проблемите поврзани со миграциските текови, легални и нелегани, посебно проблемите поврзани функционирање со системот на азил, некако заради проблемот со злоупотреба на визната либерализација ние ги гледаме повеќе од едната страна, односно од страна каде државјанин на Република Македонија претставуваат проблем за една земја. Меѓутоа бројките и фактите покажуваат дека и РМ не е помалку загрозена во однос на европските земји во смисла на притисокот од луѓе кои бараат азил и кои доаѓаат од земјите на Блискиот и Далечниот Исток, односно земјте каде имаше сериозни политички промени и потреси. Факт е дека Македонија се наоѓа на еден транспортен коридор и патиштата од Грција кон европски држави водат низ Република Македонија. Бројот на имигранти од тие земји е навистина голем и посебно голем е притисок од границата со Грција и посебно на сите ние е добро познато освен притисокот од азилантите проблем проблем е и функционирањето на институциите и во тоа смисла неколкукратно е зголемен бројот на баралети на азил во Република Македонија, но и притисокот од нелегални мигранти со кои се соочуваме пред се во делот на границата со Грција. Ние како држава настојуваме системот на азил онаму каде што е неопходно да бидат истражени и соодветно да бидат процесуирани случаите да функционира бидејќи навистина има луѓе кои имаат вистинки причини да го искористат овој систем, но од друга страна натојуваме да функционираат договорите за реадмисија, односно враќање на лицата со незконски престој во државите каде што претходно престојувале. Имаше определени проблеми во минатото за кои јас во повеќе наврати зборував, меѓутоа со сите сили се трудиме овој систем да функционира бидејќи за земја како што е Република Македонија, бројот од околу 500 баратели на азил во една година е навистина огромна бројка со која тешко може да се справиме, односно претставува голем притисок на нашиот систем на азил, посебно ако се земе во предвид фактот дека оваа бројка е нколкукратно зголемувана во однос на било која претходна година. Наспроти проблемите кои условно речено ги предизвикуваат нашите граѓани во другите земји од Европа и РМ се соочува со миграциски бран кој доаѓа од нашата јужна граница и ние тука мора соодветно да реагираме, односно да овозможиме оние законски механизми да функционираат, но и оние лица кои незаконски престојуваат да најдеме начин да ги вратиме онака како што налагаат договорите за реадмисија.

Курир: Неодамна Македонија повторно беше рангирана во групата земји кои успешно се справуваат со трговијата со луѓе. Колку оваа категоризација е значајна за македонската полиција и како тече борбата против овој криминал?

Јанкулоска: Некако одговорот на ова прашање природно се задоврзува на претходните теми. факт е дека во денешно време трговијата со луѓе е еден од најсериозните проблеми со кои државите се соочуваат и многу често, да не речам во најголем дел од случаите, овој проблем, овој криминал има меѓународна компонента. Во изминативе години навистина направивме многу сериозни напори прво за да Македонија се најде во групата земји кои најуспешно се справуваат со трговијата со луѓе. Заедно се Хрватска ние сме единствена земја од поширокиот регион, дури ако се споредиме со земјите кои веќе се членки во ЕУ. Сега предизвикот е уште поголем бидејќи откако ги достигнавме тие стандарди за борба против трговијата со луѓе и успеавме да се позиционираме во групата на најуспешни земји, ние треба да направиме напор да останеме во таа група и во таа смисла ги правиме сите законски и нормативни измени за да бидеме поефиксни во овој дел, но и практично имплементираме практики кои се покажале како ефективни во други земји се со цел во секоја наредна година да покажеме дополнителен напредок и во делот на откривање на ваквите случаи, но и во насока на превентивно делување и во делот на грижа за жртвите од трговија со луѓе. Навистина голем е предизвикот, но ние сме максимално посветени, тоа е мултиинституционална борба иако фокусот е на МВР, сепак тука во голема мера свое учество и влијание имаат и другите институции, односно другите министерства, но пред се Националната комисија за борба против трговија со луѓе.

Курир: Во однос на Законот за кривична постапка се прават нови измени. Колку истите ќе влијаат за поефикасна истрага?

Јанкулоска: Законот за кривична постапка кој е донесен од Собранието и кој парцијално веќе стапува во сила од ноември годинава е една целосна реформа на кривичното право и навистина измените кои се воведуваат со овој Закон се историски и радикални во смисла на начинот на водење на истрагата и постапките. Меѓутоа фактот што ние веќе прилично долго време се подготвуваме за имплементација на овој закон и таа подготовка на правиме заедно со Обвинителството и судовите ми дава за право да верувам дека успешна ќе биде имплементација на Законот за кривична постапка, а тоа во крајна линија ќе значи една моќна алатка за борба против криминалот. На почетокот неговата имплементација ќе започне во делот на организран криминал, а потоа онака како што се предвидени роковите ќе се имплементира и на остатокот од обвинителставата и јас верувам дека со еден ваков подобро координиран и синхронизиран настап на институциите ќе имаме една поефикасна борба против криминалот.

Курир: Дел од медиумите блиски до опозицијата во изминатиов период пишуваа дека посебно случаите кои предизвикуваат големо внимание во јавноста, паѓаат на суд. Ја извршува ли МВР професионално работата во однос на прибирањето на неопходните докази?

Јанкулоска: Кога ги анализираме ваквите тези во опозициските медиуми пред се заедно со настапите на опозицијата во јавноста, Собранието, нивните прес-конференции, навистина се доведуваме во една ситуација каде што со аргументи треба да се спротивставите на политички мотивирани дискусии кои не се базираат на аргументи и таквата дебата навистина како да се води на два паралелни колосеци. Ние се повикуваме на бројките и на фактите, тие се повикуваат на потребата за дневно политичка промоција или поентирање на дневно политички теми. Сепак фактите говорат дека ваквите констатации се мотивирани исклучиво од политички причини и ако ги споредиме бројките по однос на поднесени кривични пријави, завршени судкси процеси, осудени лица односно лица кои биле прогласени за виновни, ќе видиме дека ваквата констатација воопшто не кореспондира со фактичката состојба и не контрадикторна дури и со самите нстапи на истите тие медиуми  и на истите опозициски политичари кога буквално за секоја поднесена кривична пријава тие безусловно застануваат на страната на оние кои се осомничени за сторен криминал. Ќе потсетам само на неколку случаи кога тие дадоа безрезервна поддршка на осомничените за сторени тешки кривични дела, а потоа низ една судска постапка се докажа дека навистина таму се работеле за сериозен криминал. Само во случајот познат како „Пајажина“ судот пресуди над 100 години затвор, а истите тие медиуми и истите опозициски политичари, дури и пред да започне официјално судењето ги прогласија за политички мотивирани процесите, односно за процеси зад кои нема докази и аргументи. Нормално во една судска постапка, судот го кажа последниот збор и ја донесе одлуката по однос на тој конкретен случај. Или, пак, по однос на случајот „Кампања“  исто така и таму безрезервно застанаа во одбрана на осомничените, јас би рекла без да ги знаат фактите и без да се грижат и заинтересираат за истите, но и таму судот донесе соодветна одлука. Тоа само зборува дека се нема еден конзистентен пристап, значи за нив е неприфатливо дека борбата против криминалот и корупцијата треба, мора и ќе биде неселективна  и таа се однесува на секого без оглед на тоа дали се работи за лица од нивниот политички табор, за обични граѓани или претставници на институциите. Исто така ако погледнеме низ призмата на бројките факт е дека една незначителна многу мала бројка на поднесени кривични пријави резултираше со ослободителни пресуди. Најчесто тоа беа кривични пријави поднесени од други институции, а не од МВР, меѓутоа независно тоа е само потврда дека судовите носат одлуки врз основа на доказите и агрументите, а не врз основа на притисоците од јавноста, па макар тие притисоци да доаѓале и од опозициските политичари или опозициските медиуми што во основа е отприлика истата теза или истата група на луѓе која само ги менува методите на нивното дејствување. Јас можам да кажам дека ние ќе продолжиме со истиот начин на функционирање, односно ќе продолжиме да се бориме против криминалот и корупцијата на неселективен начин, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не, а фактите потврдуваат дека во еден огромен број на случаите, судот сепак утврдил вина кај сторителите и донел пресуда со која сторителите се прогласени за виновни. Легитимна е дискусијата да се спори околу висината на казната или дали лицето кое е прогласено за виновно е осудено на условна или ефективна казна затвор, бидејќи факт е дека за некои од случаите во јавноста имаше очекување на повисоки казни. Меѓутоа самата потврда од страна на судот дека доказите се доволни за едно лице да биде прогласено за виновно, само потврдува дека институциите професионално си ја работат својата работа.

Курир: Кој е ефектот од соработката која македонската полиција ја има со полициите од регионот, но и со ФБИ, особено во реализација на заедничките вежби?

Јанкулоска: Во практиката ние многу често се соочуваме со ситуации каде криминалот има меѓународна компонента, а тоа значи дека дејствијата кои се превземаат се на територијата на повеќе држави што само по себе значи дека во овие дејствија мора да се вклучат полициите од повеќе земји, или меѓународни институции, организации кои се занимаваат со борба против криминал. Во таа смисла исклучително корисно е кога имаме можност полициските службеници кои директно да терен се соочуваат со носењето на одлуки како да постапат во дадена ситуација кога имаат случај со меѓународна компонента може и практично да испробаат и да симулираат ситуации слични на оние во реалноста. Затоа настојуваме да имаме блиска соработка и со регионални и меѓународни институции и организации, но и со безбедносните служби од другите држави како што е ФБИ или било која друга служба на друга држава со која имаме заеднички интереси, а тие се борба против меѓународниот криминал или транснационалниот криминал. Бројките говорат дека во случаите каде сме постапувале заедно имаме добар успех и реализација и тоа е мотив повеќе да продолжиме со заеднички вежби, но и со заеднички полициски акции каде ќе дадеме одговор на меѓународниот криминал.

Курир: Во тек е процедура за новиот Закон за приватно обезбедување. Дали со негово донесување ќе се воведе ред во агенциите за обезбедување?

Јанкулоска: Ние сме длабоко уверени дека новиот Закон ќе значи една нова страница во областа на приватното обезбедување, бидејќи постоечката регулатива датира од 1999 година кога и условите за работа и проблемите со кои се соочувале лицата и компаниите кои работат во областа на приватното обезбедување биле различни од оние со кои се соочуваат денес. Токму затоа одлучивме наместо да одиме со козметички измени и дополнувања да направиме еден целосно нов закон што ќе ги рефлектира сите ситуации, односно сите проблематични состојби и ќе даде одговор на прашањата кои се наметнале како отворени во изминатиов период на дејствување. Воедно новиот Закон ќе ги нормира правилата на постапување или правилата на однесување кои со претходниот Закон и воопшто не беа регулирани и на тој начин не само што ќе воспоставиме една сосема јасна регулатива во делот на приватното обезбедување, туку и ќе создадеме можност за една подобра и потемелна контрола од страна на МВР врз агенциите за обезбедување што во крајна линија очекуваме да резултира со повисок квалитет на услугите кои овие компании ги даваат, но и со почитување на многу повисоки стандарди во оваа област, бидејќи и приватното обезбедување исто како и дејствувањето на полициските службеници во рамките на нивното обезбедување, понекогаш во своето работење е на работ на засегање на основните човекови слободи и права кој за на се врвен приоритет.

Курир: До каде е постапката за вработување на новите 300 полициски службеници, има ли кадар кој ќе ги задоволи потребите на полицијата?

Јанкулоска: Ние ја завршивме постапката на селекција на кандидатите, што значи дека во скоро време тие веќе ќе почнат со основната обука за полицаец. Навистина имавме огромен интерес што на некој начин го забави и самиот процес на селекција, бидејќи инсистиравме на детална проверка на сите аспекти од апликацијата освен во оној дел на моторичките способности имаше низа тестови кои се однесуваа на нивното општообразовно познавање, на нивниот психолошки профил, нивната здравствена состојба. Сите овие фази на проверка беа доследно спроведени и од една бројка над 7.500 кандидати ние успеавме да ги селектираме оние 300 кои беа највисоко позиционирани на ранг листата. Верувам дека направивме добар избор бидејќи имаше исклучително силна конкуренција и сега овие лица ќе почнат да се обучуваат за полицаец и откако таа ќе заврши во рок од 12 месеци, тие доколку успешно ја поминат обуката ќе бидат ангажирани во Министерството за внатрешни работи.

Курир: Кога МВР очекува да ги добие новите автомобили кои ќе ги заменат „крајслерите“, согласно договореното со компанијата која го доби тендерот?

Јанкулоска: Тоа беше една постапка која ние ја водевме во еден транспарентен процес. Јавната набавка се одвиваше по електронски пат и 5 компании се обидоа да дадат понуда која најмногу ќе одговара на потребите на МВР. Компанијата која ја понуди најниската цена, која беше за цели 100 милиони денари пониска од првично понудената највисока цена, превзеде обврска да ги испорача возилата во рок од 90 дена од потпишување на договорот, а тоа е нека е до крајот на оваа година. Меѓутоа во јавноста деновиве имаше информации дека таа компанија веќе почнала со увоз на возилата. Во моментот кога ќе ја комплетираат потребната бројка на полициски возила со полициска изведба јас верувам дека дури и пред рокот предвиден со договорот компанијата ќе биде во можност да ги испорача возилата и со тоа и официјално да ја започнеме замената на старите крајслери со нови полициски возила. Ова ќе биде една солидна обнова на возниот парк на полицијата што секако ќе значи подобрување на условите за работа и подобрување на средствата со кои работи полицијата односно кои им се на располагање на полициските службеници.

 

Извор: Интернет портал „Курир“

 

Минатиот викенд ја изненадивте бизнис-заедницата, а и јавноста со најавата дека државата ќе почне да се раздолжува кон стопанството. Првите милиони евра веќе легнаа на сметките на стопанствениците. Бизнисмените, односно трите нивни комори ова постојано го бараа од Вас. Зошто дури сега почнавте со раздолжувањето?

 - Главната поента ја посочувате во вашето прашање, а тоа е дека почна операцијата за анулирање на доцнењата на поврат на ДДВ и на исплата на договорните услуги кон компаниите, и првите средства веќе легнаа на сметките на компаниите. И би додал дека оваа операција како што почна, ефективно и ефикасно, така и ќе заврши, а сите обврски државата ќе ги намири до февруари в година. Тоа е даден збор и ветување и тоа ќе биде исполнето, како што многупати сме докажале дека стоиме на зборот и ги исполнуваме ветувањата. Владата во целиот овој период најголемо внимание обрнуваше на економијата, соочени со светската економска криза и со европската должничка криза и нивните влијанија на намалувањето на перформансите на домашната економија. Се трудевме да го одржиме балансот и да не дозволиме крах на економијата, како што тоа се случи во многу други земји. Чинам и дека не дозволивме да има до толку негативни состојби како низ Европа, немаше масовни отпуштања од работа, не ги зголемивме и даноците, и истовремено спроведувавме редица проекти кои имаат општествена корист, во смисла на градба на болници и училишта, патишта итн. Фокусот да не се оптовари директно стандардот на граѓаните со владина мерка, стандард кој и така беше оптоварен од влијанија однадвор, односно да не се одземе дел од средствата насочени за граѓанските и општествени проекти и да се пренасочат тие средства на друго поле, придонесе да се продолжи рокот за сервисирање на нашите обврски кон стопанството и јас тоа го истакнав - ова пролонгирање е на некој начин наша одговорност, го лоциравме и еве најдовме модус и средства да се доведе во нормала. Бизнис-заедницата издржа, покажа општествена одговорност и ние како влада го почитуваме тоа и го вреднуваме, тие со толеранцијата што ја покажаа, иако претпоставувам дека не им беше лесно, имаа значаен придонес да не се создаде подраматична состојба. Сега кога, според многу експерти, влијанијата на европската должничка криза врз домашната економија е во најголем замав, средствата што ги пласираме во функција на раздолжувањето ќе им помогнат на компаниите да ги одржат својот бонитет и својата ликвидност, што ќе значи дека, од друга страна, ќе може да продолжат да функционираат на ниво што нема да придонесе да им се наштети на нивните капитални интереси и да не се дозволи да се отпуштаат работници.

Ви префрлаат оти со овој потег се фалите за нешто што е нормално - државата, односно Владата редовно да си ги намирува обврските кон сите. За годинава се планира да се исплати половината од долгот и за тоа, како што официјално беше кажано, имаме пари. Ако имаме пари да ја исплатиме половината од она што го должи државата кон бизнис-секторот, зошто досега не се вршеше поревносно сервисирање на обврските?

- Ако беше нормално време, без светска економска криза и без европска должничка криза, веројатно и оваа операција ќе беше нормална. Ама не е такво време, Европа е во сериозни економски проблеми, а таа е наш 90-отстотен партнер за извоз на нашите производи, и нормално е нејзината криза да се прелева и кај нас. Таа дури има влијание и на забавување на растот на Kина и на САД, па што останало за нас. Така што тоа што е нормално за нормално време, за вакво време е успех и изненадување. Патем речено, во сите земји на Балканот има доцнења на плаќањата по еден или неколку месеци, Македонија не е изолиран случај. Но, ние најдовме начин и сили да го решиме тоа.Ако некоја наша активност предизвикала позитивен одглас во јавноста, во прв ред кај стопанствениците, не значи дека се фалиме, туку дека навистина нашата заложба и дејства се корисни за стопанството, носат придобивки и ги помагаат компаниите. Некои велат дека секогаш е добар момент за вистинскиот потег. Владата е посветена на исполнување на обврските кон сите субјекти со кои има облигациски односи. Пензиите се исплаќаат редовно, секој 5-ти и 6-ти во месецот, и во законскиот рок, а ќе се согласите дека тоа во други времиња беше незамисливо, па имавме две-три групи пензионери, кои добиваа пензии во различен период од месецот. И платите редовно се исплаќаат.
Објаснив за предизвикот со облигациските обврски кон стопанството. За да го решиме овој проблем, имавме две солуции. Првата, која повеќепати ни ја понуди СДСМ, беше да прекинеме голем дел од инвестиционите проекти и тоа големите и да се доведеме во ситуација да се отпуштаат голем број работници, пред се, во градежништвото, но и во други 26 индустриски гранки поврзани со градежништвото, кои добиваат работа од него. Паралелно на тоа, намалувањето на капиталните проекти директно ќе влијаеше на намалување на економскиот раст, односно БДП, што, од друга страна, ќе влијаеше и на намалени приходи на буџетот и други негативни појави. Тоа ќе беше лошо сценарио, особено ако се знае дека државата, поради влијанието на европската должничка криза, е најголем инвеститор и во градежништвото и во други области.
Потоа дојде вториот предлог од опозицијата, кога СДСМ ни сугерира освен капиталните проекти, да ги намалиме и пензиите на пензионерите, платите во јавниот сектор, социјалната помош и субвенциите на земјоделците. Kога ова го предложи во Собранието преку пратеникот Стојко Пауновски, дури и потенцираа дека сите треба да ја осетат кризата. Третата солуција ќе беше да ги зголемиме даноците за да го наполниме буџетот и на тој начин да ги оптовариме граѓаните со поголеми давачки и да го нарушиме стандардот, но и да го намалиме перформансот на компаниите, бидејќи македонските производи ќе станеа поскапи и помалку конкурентни, што значи и пад на извозот, зголемување на увозот, пад на домашното производство и отпуштање вработени кои би се создале како вишок поради намаленото производство. Ова СДСМ исто така ни го предлагаше преку прес-конференции, преку различни форми, од понудата за воведување прогресивно оданочување, преку други различни форми. Хипотетички, ние можевме, за да бидеме поефикасни во сервисирањето на долгот кон компаниите, да ги зголемиме даноците и да земевме од компаниите повеќе за да им вратиме побрзо. Не гледам дека бизнисмените ќе беа задоволни со такво сценарио. Патем речено, овие две солуции беа предлог од опозицијата и мислам дека ќе беа штетни ако ги прифатевме.
Она што ние го спроведуваме како стратегија на подолг период, која беше свесно избрана, е да не зголемуваме даноци, да не кратиме од инвестициите во капитални проекти, да не намалуваме плати, пензии, субвенции и социјална помош, со пресметан ризик дека ќе се доведеме во ситуација да има доцнење во плаќањата. Подобро со мало доцнење да се добијат пари отколку воопшто да ги нема, во услови на светска криза и европска должничка криза. И тоа беше стратегија што даваше добри резултати околу три години. Во периодот кога увидовме дека компаниите се веќе исцрпени од европската криза, дека нивната резерва и акумулација е сведена на минимум и дека оваа стратегија почнува да станува контрапродуктивна, односно повеќе штетна отколку корисна, извршивме корекции во макроекономската политика, со мало зголемување на буџетскиот дефицит од околу 1 отсто во 2012 и исто толку во 2013 година. Обезбедивме евтини извори во тој правец, за што успеавме да добиеме начелна согласност од Светската банка да биде издаде гаранција за Македонија и со тоа да ја преполовиме каматата кон нас и стартувавме со масовен прилив на средства кон компаниите за да ги анулираме доцнењата. Операцијата за елиминирање или сведување на минимум на доцнењата почна и целосно треба да ја завршиме до крајот на февруари 2013-та, а половина од работата треба да е готова до крајот на ноември годинава.

Најавивте дека в година ќе земеме кредит од 200 до 250 милиони евра. Опозицијата Ве обвинува дека дополнително ја задолжувате државата, а експертската јавност главно смета дека сме во групата земји што не се презадолжени и дека има простор да си „дозволиме“ваков кредит. Kакви се всушност проекциите на Владата во поглед на задолженоста, односно ќе имаме ли сили да си ги отплаќаме обврските?

- Kако прво, ние и по оваа мала корекција на макроекономските политики, ќе останеме во групата на нискозадолжени земји и меѓу 5-6 најниско задолжени земји во Европа. Второ, и во однос на тековното задолжување, односно буџетскиот дефицит, Македонија ќе остане меѓу 10-15 земји со најнизок буџетски дефицит во Европа. Трето, многумина кога говорат за кредити и слично, забораваат дека државата освен што зема кредити, истовремено и враќа кредити. Тоа најчесто многумина го пропуштаат во анализите. Четврто, и многу важно, задолженоста на земјите не се мери само според апсолутниот износ на долг, туку тој се става во корелација со БДП. Според ова, дури и ако воопшто немаме дополнително задолжување во една година, задолженоста на земјата може да падне ако во таа година падне БДП, односно ако падне економијата. А ако ги зголемите даноците и со тоа ги намалите конкурентноста и извозот на домашните производи, ако ги намалите платите, пензиите, субвенциите, социјалната помош, директно ќе влијаете на куповната моќ и индиректно и на растот на БДП, бидејки граѓаните освен на странски, ќе ја намалат потрошувачката и на домашни производи. И конечно, ако ги намалите капиталните расходи, па макар тоа биле објекти за администрацијата, ќе падне градежништвото, а тоа ќе повлече надолу уште 26 стопански гранки и, секако, тоа сериозно негативно ќе влијае на растот на БДП. На овој начин, со дополнително намален БДП, задолженоста на земјата ќе порасне дури и ако нивото на долгови во апсолутен износ остане ист.
Инаку една од најгротескните начини да н` дискредитира опозицијата е тврдењето дека Македонија е високозадолжена земја. Во време кога ММФ, Светска банка и другите релевантни меѓународни финансиски институции во своите извештаи н` вбројуваат во групата земји со низок долг, а тоа го прават и меѓународните економски списанија, како на пример „Економист“ деновиве, кој секако ги следи извештаите на ММФ и СБ, а не на опозицијата во Македонија, кога редовно добиваме честитки за макроекономската политика и резултати, обвинувањата од СДСМ, морам да признаам, дека и ми годат. Kолку е поапсурдна опозицијата, толку е подобро за нас како политичка партија, затоа што народот гледа, чита, пристапот до интернет е огромен и најголем дел од луѓето веќе ги разбираат овие работи.
И да одговорам директно на прашањето: да ќе имаме сили да ги отплаќаме долговите и тоа, пред се, затоа што кога немаше светска и економска криза, во 2007 и во 2008 година, и покрај критиките од опозицијата, одлучивме предвремено да ја раздолжиме земјата, и наследениот долг од 39 отсто од БДП, по изборите во 2006-тата, го сведовме на околу 24 отсто, а сега е околу 30 отсто од БДП. Со овие чекори оставивме простор, ако обезбедиме финансирање за патиштата од Kоридорот 8 за кои не се јави заинтересиран концесионер, да можеме да дејствуваме, а земјата да не отиде во висока задолженост, туку максимум во средна задолженост, а ниската задолженост во ова тешко време на светска економска криза и европска должничка криза ни помогна да поминеме низ овој период со помали шокови.
Инаку овие 200-250 милиони евра ќе се наменат за различни потреби, исто како што е и во Франција и во Германија или Британија и да не заборавиме дека со дел од тие средства ќе се исплатат и обврските од плаќање на еврообврзницата што доспева следната година, што значи истовремено и раздолжување. Kако во домаќинствата, државите на глобалниот пазар имаат функција на домаќинство во општеството, некогаш земаат кредити и со нив задоволуваат потреби, некогаш земаат кредити за да создадат нова вредност во семејниот бизнис, на пример, со дел од тие кредити отплаќаат стари кредити, тоа е циклично движење и се додека е во умерени граници и се постапува дисциплинирано, како што ние постапуваме, врз основа на анализи, проекции, движења, приоритети во даден момент, и граници на однесување, опасност за општествениот интерес нема. Се друго, како некоја критика која ќе ја добиеме од политичките конкуренти за дневна употреба, е дневна политика. Инаку имам впечаток, дека по последните мерки, и позитивните реакции во јавноста, синдикатите, пензионерите, компаниите и бизнис заедницата, опозицијата е дезориентирана и осамена во критиките кон нешто кон кое нема простор за критика. Се прашувам за каков фронт говорат тие, кога нашите мерки и политики наидуваат на поддршка кај речиси сите општествени фактори и категории.

Постои сомнеж дека ако не се направи ребаланс на буџетот, односно не се изврши кратење на некои од планираните трошоци, буџетот нема да има сили да ги исполни овие обврски?

- Ребаланс на буџетот нема да има, не е потребно да има, и за тоа не треба да се прави фама. Она што требаше да биде скратено, пред се, трошоци што се однесуваат на државната управа и на нејзините функции, е скратено до максимум со претходниот ребаланс. Сега сме фокусирани на подготовката на буџетот за 2013-та, со кој освен што целиме да ги елиминираме доцнењата во исплатите, целиме и да не се случи повторно таква појава.

Домашниот бруто-производ годинава веројатно ќе биде меѓу 1 отсто, како што прогнозира НБРМ, и 1,5 отсто, колку што се проекциите на ЕБРД. Дали вината е само во надворешниот фактор, односно рецесијата што ја зафати и Европа?

- Причините за движење на економскиот раст во посочените интервали се исклучиво од влијание на надворешните фактори, односно од европската должничка криза и рецесијата што ја зафати Европа и се прелеа во Македонија. Условно кажано, најголем удар врз растот имаат намалените нарачки, кои нашите компании ги добиваат од земјите од Европа, дури 60 отсто од нашиот извоз се насочени кон земјите на Европската унија, компании што се погодени од негативните текови, и 30 отсто од нашиот извоз се насочени кон земјите од регионот, кои исто така се предодредени во најголем обем да извезуваат во земјите од ЕУ, значи и тие се погодени. Односно, 90 отсто од нашиот извоз, директно или индиректно, се насочени кон Европската унија, која минува низ тешки економски предизвици, и затоа разбирливо е најголемата причина за забавената економска активност и економски раст во нашата земја да се должи на ова надворешно влијание. Владата со својот ангажман, со своите инвестиции, во своите политики, ~ овозможува на нашата економија да има раст и да се менаџираат ефектите од надворешните влијанија. Ние досега обезбедивме 250 милиони евра евтин кредит за компаниите, на кои ја субвенционираме и каматата во висина од 5,5% и, според информациите од банките, токму кредитите од таа кредитна линија го претставуваат обемот на кредити што севкупно се побарувани или користени од компаниите. Во оваа насока, по искористувањето на последната кредитна линија од 100 милиони евра, од која веќе се алоцирани околу 22 милиона евра, ние ќе почнеме постапка за повлекување дополнителни 100 милиони евра нова кредитна линија чија камата, како и досега, ќе ја субвенционираме. И токму овие средства, со нашите инвестиции во градежништвото, на некој начин беа локомоторната сила што ги влечеше компаниите во ова време на тешкотии во економските битисувања и во домашната, и во европската и во светска економија.
Сепак, морам да нагласам дека домашните претпријатија слабо ја искористуваат предноста што Македонија во изминатите 6 години стана земја со најниски трошоци за правење бизнис. Светски гиганти како „Џонсон Мети“, „Џонсон контролс“, „Kемет електроникс“, „Kромберт и Шуберт“, „Дракселмајер“ и други ги селат своите фабрики во Македонија токму поради тоа, отвораат и втори свои фабрики тука, а нашите, кажано во целина, чест на позитивните исклучоци, с` уште мислам, дека не ја искористуваат до крај предноста. Еве само „Џонсон контролс“ и „Џонсон Мети“ во Бунарџик веќе прават 16 отсто од македонскиот извоз, а очекувањата се дека новодојдените инвестиции во слободните економски зони во 2014-та ќе достигнат и до 35 отсто учество во македонскиот извоз. И с` ова за само неколку години. Тоа многу говори за тоа како тие знаат да ги искористат предностите што ги дава Македонија како локација за инвестирање и правење бизнис. Мора да се излезе поагресивно надвор од границите на Балканот. Сопствениците на македонските фабрики и нивните менаџери треба да размислат за ова. Ние сме тука да помагаме, но тие се тие што треба да склучат договор за продажба или да направат иновација во својот производ и да станат поконкурентни. А ова време на криза е најдоброто време за продор на пазарот. Најдоброто!

Гледате ли и други ризици во глобалната и домашната економија?

- Зачестените квантитативни емисии во САД и во ЕУ, односно Европската централна банка, или кај нас популарно наречени печатење пари, колку што радуваат затоа што краткорочно даваат гориво во забавената економија, толку и загрижуваат поради ризикот од зголемена инфлација на глобално ниво. Ако тоа се случи, крајниот ефект ќе биде зголемување на цените изразени во евра и во долари на најзначајните берзански, но и на сите други производи, што директно ќе се одрази и кај нас. Ние сме немоќни да влијаеме на овие процеси, а последиците секако би ги почувствувале во повеќе форми. Но, да се надеваме дека креаторите на економските политики во САД и во ЕУ мислат на ова и нема да го дозволат.
Втор ризик е брзината со која во еврозоната ќе се решаваат актуелните економски проблеми, и сето тоа е ставено во корелација со нас. Досега, според повеќето меѓународни економски аналитичари, тоа не одеше најефикасно и многу чекори можеа порано да се преземат ако ЕУ имаше подобри и поефикасни механизми за справување со ваков вид кризи. Оваа европска должничка криза е многу реална, многу фундаментална, имаме реални долгови што достасуваат, а некои од земјите не можат да ги вратат. Наспроти тоа тие дополнително се задолжуваат со високи стапки на буџетски дефицит од 7-8 или повеќе отсто, проследено со пад на БДП. Неколку земји во ЕУ не прогласија банкрот не од економски причини или напредок, туку со политички одлуки за нивно спасување од страна на Брисел, Берлин и Париз, и со подршка на Вашингтон. Над десет земји во еврозоната се во рецесија. Многу е сериозна ситуацијата.

Околните земји ќе го зголемат ДДВ-то, стигаат информации од Србија дека ги зголемува акцизите. Македонија досега не тргна по овие стапки. Дали ќе успее во политиката на неменувањето на даночните стапки?

- Kарактеристика на оваа влада, како влада десно од центарот, од самото нејзино формирање и од мојот прв ден на позицијата премиер е намалување на даноците. Во суштина и една од првите одлуки беше намалување на даноците. Сметам дека со оваа политика на намалување на даноците и воведувањето на рамниот данок се овозможија добри моменти и таа е корисна и за граѓаните и за компаниите. Така и ќе продолжиме, нема да има зголемување на даноците, иако дел од јавноста, во прв ред мислам на СДСМ, го бараше тоа, но уште тогаш рековме, а еве и сега ќе повторам дека не сакаме и нема да одиме на зголемување на даночните стапки. Ние дополнително и во текот на годината укинавме даноци како што беше тој за фирми што имаат обрт до 3 милиони евра годишно, а го намаливме ДДВ-то за шеќерот, маслото за јадење и за туристичките услуги, и намаливме и голем број царински стапки и давачки. Генерално, таму каде што државата определува цена, а даноците се на некој начин своевидна цена, односно на секој начин имаат влијание во определувањето на финалната цена на стоките и услугите, владата води политика на намалување, а не на зголемување. Македонија има најнизок даночен пакет во Европа и оваа карактеристика освен што е позитивна за домашните компании, има големо влијание и за привлекувањето на странските компании да инвестираат во Македонија. Тоа е, како што кажав, една од причините зошто во последниот период странските компании се одлучуваат да инвестираат кај нас, а од голема помош им е и фактот што имаме договори за слободна трговија со цела Европа, стабилна макроекономија без сериозни ризици и одлична бизнис-клима и правила за игра, која ние ќе се трудиме и понатаму да ја подобруваме преку континуирани реформи.

За идната година најавивте големи инвестициски проекти со кои Владата планира да го поттикне стопанството?

- Да, како дел од заложбите на Владата за поддршка на економскиот развој преку инвестициите во капитални проекти и како политичка определба на Владата во идниот период да се насочиме кон големи инфраструктурни проекти, во наредната година ќе следуваат голем број инвестиции на тоа поле. Тоа врзува голем број вработени и учествува во БДП, а секако дава и добра работа за компаниите што работат или ќе работат на овие проекти, независно дали како изведувачи или подизведувачи, во нив по правило секогаш се ангажирани и многу домашни компании, што влијае и на кондицијата на домашната економија.
Генерално, активноста ќе се одвива на неколку поенти - патишта, пруги, енергетика, општествен интерес. Kај патиштата одиме со план за обезбедување средства за автохтона инвестиција. Можам да кажам дека првичните сигнали и контакти се во добра насока, има сериозни претпоставки дека ќе успееме во заокружувањето на финансиската конструкција и да почнеме со градба, но тоа е засега само почетно позитивно чуство, треба да се почека да видиме како ќе заврши. Правиме подготовка да се понудат за концесија два помали патни правца за автопати, за кои имаме сигнал дека би добиле поддршка, а тоа е Гостивар-Kичево и Скопје-Блаце, а за другите 3 делници автопат почнавме анализи и разговори за кредит и други начини на финансирање. Засега од првичните разговори сме оптимисти, но би почекал на финалниот епилог, иако голем дел од нашата енергија и ангажман е насочен на ова поле. Kај железницата за делницата Kуманово-Бељаковце, за која ќе се склучи договор со градежна фирма во првите три месеци од 2013-та, а веќе од наредниот месец почнува со физичка работа за реконструкција и рехабилитација на 54 километри пруга од Kоридорот 10, цели 50 години нереконструиран. Пред неколку недели почна и градбата на делницата Демир Kапија-Смоквица од Автопатот Александар Македонски, вредна 220 милиони евра. Тече и градбата на патот Струмица-Радовиш, како и на неколку други регионални патишта, како патот кон Kожув, на пример.
2013 ќе биде година кога ќе почнат неколку крупни проекти во енергетиката. Најзначајно е дека се планира да почне изградба на гасоводниот прстен, и тоа првата фаза: Kлечовце-Штип-Неготино-Kавадарци, за која се надеваме да почне напролет в година. Ќе почне и изградбата на ХЕ „Бошков Мост“,ќе продолжи рехабилитацијата на шест хидроелектрични централи, а ќе продолжи и реализацијата на проектот „Ветерен парк Богданци“. Ќе почне и реализацијата на проектот „Луково Поле“, а ќе продолжиме со модернизација на блок 2 и блок 3 од ТЕ Битола. Во 2013 ќе продолжи проширувањето на трансформацијата на далноводот Скопје - Битола, далноводот Штип - Ниш, замена на постојниот далновод Скопје - Тетово.
Се разбира, нема да запрат и инвестициите од поширок општествен интерес, напротив, ќе се засилат. Почнува реализацијата на втората фаза од проектот за изградба и реконструкција на болниците, а очекуваме круцијално место да има изградбата на нов клинички центар, каде што по сите стандарди во комплетно нов објект ќе бидат интегрирани и по сите стандарди предвидени поголем број клиники, која се планира да почне следното лето. Обезбедивме и средства за изградба на водоводи и канализации и за подобрување на условите во казнено-поправните домови преку инвестиции во објектите. Продолжуваме со изградба на спортски сали, училишта, реконструкции на училишта и многу други проекти според нашата програма. С` на с`, во 2013 година ќе биде ставен суштински акцент на инфраструктурата, која и по обем на средства и по други придобивки што произлегуваат од инвестициите, значително ќе придонесе за унапредување на условите за економско закрепнување и растење.

Истакнавте дека од март пензионерите и социјалците ќе добијат повисоки примања, некои велат дека тоа е купување на поддршката за претстојните избори, а некои дека е трик. Ќе обезбеди ли државата средства за исполнување на ова ветување?

- Ако сме оделе на купување поддршка намерно пред избори, зошто досега и во период кога немало избори веќе сме ја зголемиле пензијата за просечни 35%, а најниската пензија за 42%? И социјалната помош ја имаме зголемено за околу 22%, а имаме воведено и нови социјални трансфери, а некои трансфери сме ги зголемиле и девет пати, како за поддршката на децата без родители што го напуштаат Домот. Не е ниту трик ниту купување поддршка, туку е одраз на еден искрен однос кон пензионерите и кон социјално ранливите групи. Социјалната помош ќе биде зголемена за 5% почнувајќи од мартовската исплата. Пензиите ќе ги зголемиме за околу 7%, од кои 5% се зголемување што го имаме ветено во програмата и околу 2% се резултат на усогласувањето на пензиите со порастот на трошоци на живот, чија методологија пред некоја година ја променивме во корист на пензионерите, па оттогаш добиваат и повисоки усогласувања. Во следниот период, во консултации со здруженијата на пензионерите, но и пошироки консултации, треба да го определиме моделот на зголемувањето, дали би оделе на линеарно зголемување со определен апсолутен износ или зголемување по процент врз основа на основицата на секоја пензија. Инаку, дека ова што го говорам за искрениот и партнерски однос се огледа и преку редица други мерки што ги спроведуваме, кои имаат интенција да ги подобрат условите на овие општествени групи - намалени се цените на лековите, а некои лекови се ослободени од квоти со што се достапни во целиот месец, пензионерите веќе трета година по ред ја користат можноста за бесплатна бањско-климатска рекреација и бесплатно возење со автобус во некои денови во неделата, воведовме и го зголемивме надоместокот за борба против енергетска сиромаштија, воведена е парична помош за социјално ранливите групи чии деца одат во средно училиште, даваме бесплатни станови за социјалците, 2.000 деца од ранливи семејства ја искористија можноста за бесплатен летен одмор, а уште 1.000 ќе одат на зимување и многу други работи. Неодамна донесовме законски измени за од 1 јануари сите пензионери што земаат пензија помала од просечната да не мора да плаќаат болничка партиципација, а пред некој месец стартуваше и надоместот за придружно лице за лицата со 99 отсто оштетен вид и најтешко инвалидизираните лица. Знаете, ние потешко даваме ветувања отколку СДСМ, можеби и помали и пореални, ама се држиме до зборот.
 

Освен мерките за поддршка на стопанството, зборувавте и за рецесијата на наталитетот. Колку е таа опасна, што правиме за да ја надминеме, и зошто одлучивте да ја споменете токму сега?

- Економските растови и рецесии се сериозен проблем и огромен предизвик на сите актуелни влади, особено поради големата криза со која се соочуваат голем број земји. Сепак, се случува и уште еден, според мене, и многу посериозен проблем и предизвик, кој мора да го посочиме гласно, а тоа е рецесијата на наталитетот, кој, како што кажав, е многу поголем проблем, а во нашата држава, за разлика од другите развиени земји, имам впечаток како да се потценува. Ние се соочуваме со овој феномен и пробуваме да се бориме со него, но и Вие сте сведок дека досега немало ниту една посериозна дебата на оваа тема што ќе доживее посилен фокус кај јавноста, а, од друга страна, сите наши обиди за мерки или јавни кампањи на оваа тема беа дочекувани со сериозен отпор кај некои слоеви и структури. Сепак, ова е проблем на модерното време, со кој се соочуваат дури и најголемите и економски најсилните држави. Истакнувањето на проблемот токму во овој говор имаше цел освен да поттикне дискусија, да го исфрли на површина и да почне да се разгледува од различни аспекти. Економски, образовен, културолошки, социолошки и така натаму.

Исто така е важно да се разбие дел од еден стереотип во јавноста - дека намалениот наталитет е резултат на економските предизвици, на социјални проблеми, на немаштија кои често се користат како оправдување кога ќе се постави прашањето зошто во Македонија денес семејствата имаат с` помалку деца. Статистиката и искуствата не само од Македонија, туку од светот, покажуваат дека економскиот аспект има мало влијание на наталитетот, односно не е пресуден. Во Европа и во другите региони на демократијата, подеднакво помалку деца во споредба со порано имаат и богатите, и средната класа и социјално ранливите групи. И затоа токму пред бизнисмените зборував за намален наталитет, моментот беше искористен како повод за да се разбие токму овој стереотип, во таа сала немаше сиромашни или невработени, таму имаше бизнисмени, раководители на фабрики и компании. Но и кај поимотните лица во Македонија просекот на наталитет во семејството е под индексот 2, односно имаат максимум по две деца.
Сите ние како општество треба да направиме промена во свеста, некои велат промените треба да се направат во нашите глави, мора да го разбиеме тој стереотип на економското алиби. И Германија, и Англија, и Франција и САД се богати земји, но се соочуваат со проблемот на намалениот наталитет, значи не е до парите. Побогатите земји пробуваат да го решаваат со увоз на емигранти од Азија, Африка и од Јужна Америка. И зарем на нашите предци им било полесно, зарем тие имале повеќе пари? Не. И тие се соочувале со предизвици, и од економски аспект, но и војни, слаба лекарска заштита, болести, суши, а имале повеќе деца. Генерално проблемот најмногу се чувствува во Европа. Во минатото жителите на Европа претставувале 20 отсто од светската популација, денес само 11 отсто, а процените се дека во идните десет години учеството на европските жители во вкупната светска популација ќе падне на 7 отсто. Во Македонија наталитетот е намален за повеќе од половина во споредба со 1950 година. Ако тогаш се раѓале 50.000 деца годишно, денес се раѓаат 22.000. Kаде не води тоа? Еве оценете сами. Ниту развој ниту економија, нема ништо без луѓе. Луѓето се производители, потрошувачи, работници, и не смее вака да се продолжи. Ќе се насочиме и кон справување со овој предизвик. Почнавме со мерки, како што е паричната помош за трето родено дете, и ми е жал што Уставниот суд донесе одлуки со кои моравме да ја поништиме мерката за финансиска поддршка и на четврто дете. Почнавме и јавни кампањи. Но што и да прави државата е минимално, треба сите ние на ниво на поединец и на ниво на семејство да се одважиме, да се откажеме од разните алибија, оправдувања, пролонгирања, и да создадеме вистински однос кон ова прашање кое има огромна улога во идниот развој на Македонија. Немам илузија дека ќе го решам овој проблем, но моја обврска е да го истакнам и да барам начин како да се бориме, и да вложам максимум да го исправам. Многу поразвиени и поорганизирани земји се соочуваат со ваков феномен, ќе ги согледаме нивните искуства за поттик на демографскиот раст и наталитет, но и ние ќе бидеме креативни. И во оваа битка е потребна широка општествена платформа и поддршка од сите политички фактори и општествени актери во целиот општествено-политички спектар, без разлики на определба или припадност.


Извор: „Дневник“

Новинар: Зденка Павковиќ

 

Глас на Америка:  На маргините на ОН, имавте средба со Вашиот грчки колега, прва по неколку месеци. Зошто се јавија различни видувања за тоа што си кажавте?

Попоски:  Не би можел да ви кажам.  Она што го изнесовме беше отворен разговор за запознавање.  Разменивме повеќе аргументи, какви се, какви можат да бидат односите меѓу нашите две земји.  Тоа што го упативме како порака е дека Република Македонија сака да биде во НАТО и во ЕУ, а таму е Република Грција и сакаме да градиме заедничка иднина.  Мислам дека тоа беше многу јасна порака и така и треба да биде сфатена.    

Глас на Америка:  Во Њујорк, побаравте јакнење на улогата на Меѓународниот суд на правдата и почитување на неговите одлуки на светско ниво...

Попоски:  Тоа не бевме само ние кои го бараа тоа.  Клучната порака од оваа сесија на Генералното собрание беше дека почитувањето на меѓународното право е основа за обидите за надминување на било какви билатерални спорови.  Следната порака беше дека  демократските принципи треба да се почитуваат насекаде и не се никаков ексклузивитет само на западните демократии.  Во тој правец, мислам дека севкупната меѓународна заедница презема одговорност таквите принципи да бидат рефлектирани во еден неразумен спор кој постои веќе 20 години. 

Глас на Америка:  Како планирате да добиете поголема гласност за прашањето за името, на собир од ваков вид, но и понатаму?

Попоски:  Токму преку примерот со владење на правото, нешто што мислам дека е исклучително значајно во правец на надминување на наметнатиот спор.  Мислам дека може да добиеме поголема видливост и луѓето да разберат дека во суштина и правниот аспект, и она што е разумно, е на страна на отстранување на овие препреки кои денес постојат на патот на Македонија.  

Глас на Америка:  Пред да пристигнете во Њујорк, во Скопје престојуваше еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој рече дека очекува позитивен извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија.  Дали очекувате и датум за почеток на преговори?

Попоски: Не можам да прејудицирам каков ќе биде извештајот се` додека не ни биде предаден, а тоа ќе се случи на 10-ти октомври.  Тоа што знам е дека ние имаме направено максимум да опстои таа препорака за почеток на преговорите, и знам дека Македонија никогаш не била поподготвена во изминатите 20 години од почетокот на преговорите со ЕУ.  Одлуката за почетокот на преговорите треба да ја донесе Советот на министри.  Ние апелираме до сите земји – членки, тука, да се водат од оние принципи, кои ги воделе луѓето кои ја основале таа ЕУ – проект за мир, меѓусебно разбирање и неблокирање и вклучување  на сите актери во процесот на европска интеграција.  Само на тој начин, и ако оваа порака биде примена од сите земји - членки, мислам дека европската идеја има светла иднина.      

Глас на Америка:  Меѓутоа, решавањето на билатералните спорови и натаму останува еден од клучните моменти за влез во ЕУ – се наведува во резолуцијата за проширувањена Унијата за периодот 2012-2015.  Ваш коментар?

Попоски: Мислам дека европската интеграција е најдобриот лек за надминување на билатералните спорови. Мислам дека таа теза треба да оди во тој правец – со интегрирање во ЕУ, всушност, билатералните спорови кои постојат од еден митолошки аспект, особено на Балканот, ќе исчезнат.  Треба да се фокусираме на остварување на целта, а тоа е вклучување на сите во рамки на ЕУ.  Македонија во ниту еден момент не избегнува надминување на сите билатерални разлики.  Тоа можеме да го постигнеме со дијалог, со отвореност, и со она што е клучно за европската идеја, а тоа е сите да бидеме заедно во тоа семејство, а не да ја искористиме европската идеја за поставување сопки на соседот.  Во тој дух, најдобро може да се надмине и тој проблем кој нам ни е наметнат, и кој опстојува веќе 20 години.

Извор: „Гласот на Америка на македонски јазик“

Новинар: Јане Бојаџиевски

 

Гoспоѓо Арифи, на средбата со еврокомесарот за проширување Штефан Филе ќе му ги презентирате резултатите од спроведеното со пристапниот дијалог на високо ниво. Колку од наведените задачи во патоказот се исполнети?

Јас мислам и очекувам да имаме една добра и успешна средба и трета рунда од дијалогот на високо ниво. Мислам дека имаме позитивни резултати и добри информации во однос на три големи прашања кои се во взаемен интерес меѓу нас и ЕУ.

Едното е сетот на закони кои се однесува на изборите од кои ние добивме мислење од ОБСЕ и ОДИХР, каде што во голема мера се усогласивме. Вториот е законот за декриминализација на клеветата и навредата, во рамки на кој закон се усогласивме со Советот на Европа и експертското мислење од страна на Советот на Европа. И, третиот е извештајот кој се однесува на прашањата од реализација на Охридскиот рамковен договор.

Секако дека предмет на тој дијалог е целиот патоказ и низ целиот патоказ обврските до кои сме се придржувале, но мислам дека главното оценување ќе биде дадено по тие три точки каде што јас мислам дека имаме добра реализација. Затоа очекувам да имаме една успешна рунда што е многу битна и многу клучна имајќи го предвид фактот дека се одржува пред извештајот за прогрес и секако пред декември кога ќе се одржи состанокот на Советот на Европската унија.

Има ли пробиени рокови за некои задачи?

Не мислам дека има проблеми кои би биле од типот на големи пробивања на рокови, во принцип сме во рамки на тоа што го преземавме како обврска.

Превод на пресуди, развој на софтвер за судска статистика, измени во закони и обуки... Се добива впечаток дека станува збор за технички постапки кои во себе не носат суштински реформи. Зошто има потреба за технички работи да водат дијалог еврокомесар и примиер?

Јас сметам и токму затоа ги подвлеков овие три битни елементи кои носат дефинитивно успех, затоа тој документ е патоказ, фактички се дава до детали, процесот на реализација на тие обврски е детализиран, така што во рамките на патоказот има и обврски од тој тип кои не се такви сами по себе, туку се во функција на реализација на некои од големите политички договори кои ги имаме со Европската унија.

На пример, преведувањето на пресудите на Судот за човекови права се однесуваат на пресуди кои се донесени во врска со разни случаи за навреда и клевета кои се воделе, кои ќе им служат многу во праксата на нашите судови да бидат во кохеренција со членот 10 од Конвенцијата за човекови права.

Во делот за слобода на медиуми е наведено дека Работната група сочинета од СЕП и ЗНМ ќе дискутира за зајакнувањето на етиката и професионалните стандарди во новинарството. Нели е контрадикторно владини претставници да утврдуваат што е етика и професионални стандарди и нели со тоа се задира директно во независноста на новинарството?

Значи секако дека претензијата не е Владата да им укаже на новинарите во однос на нивните стандарди и во однос на етиката и нивниот кодекс на однесување. Мислам дека тоа е една од петте теми кои биле тема на разговорот со новинарите и тоа е една взаемна договорена тема, заедно со декриминализацијата, правата, работните права на новинарите како тема на разговор. Секако, доколку би се имало големи дилеми од другата страна по однос на ова прашање, секако дека тенденцијата, најмалку моја, но и на моите колеги, би било некого да подучуваме како да биде новинар, затоа што мислам дека тоа ниту е тенденција, а најмалку е благодарно.

До каде е реализацијата на задачата со која СРД треба да ја примени законската одредба за сопственичката структура  во медиуми со оглед на тоа што постојано се одложува?

Значи според обврските кои СРД ги има преземено тоа треба да биде заклучно со 30 септември. Очекуваме до крај на месецот да бидеме информирани од таа институција во однос на реализацијата на законските обврски што ги имаат.

Тој член во законот е таму со години, но зошто беше потребно ЕУ да не советува да го спроведеме, па да се фатиме за работа?

Јас мислам дека во принцип многу работи кај земјите кандидати се дел од нивните закони, додека атмосферата за активирање на многу прашања кои се демократски важни за стандардите во тие земји доаѓа по некој процес кој е поврзан со Европската унија. Затоа ЕУ е еден голем катализатор кој преку својот процес помага во воспоставањето и подигнувањето на демократските стандарди на сите земји кои се кандидати или го водат предпристапниот дијалог. Затоа мислам дека тоа е една ситуација каде што многу е очекувано овој процес што го водиме со ЕУ да даде придонес кон отворање и интензивирање на теми кои се поврзани со нашите домашни демократски стандарди. Впрочем ние треба да бидеме коректни и да признаеме дека целиот овој процес на дијалог на високо ниво нас ни помогна да отвораме, да дискутирам и да напредуваме во теми кои секако можеби без овој процес со ЕУ само со наши сили или волја потешко ќе напредувавме.

Според патоказот, до 15 јуни требаше да биде изработена анализата за сегашната состојба на вработување на членови на заедниците. Колку административци во моментов седат дома и земаат плата?

Владата даде до ЕУ сеопфатен извештај за реализацијата на Охридскиот договор каде што влегува и прашањето на правичната застапеност и како тој процес понатаму низ реформата во администрацијата треба да се адресира. Јас нема да можам да дадам бројки за административци колку се ефикасни или не се ефикасни. Но сметам дека ориентација на секоја земја која се стреми кон Европската унија е да има ефикасна, добро спремна администрација и најмалку да има административци кој не се активирани во тој процес. Јас мислам дека и од тој аспект е поправена сликата на администрацијата, има уште многу да се работи, но текот низ кој се движиме со овој процес, кој оди заедно со дијалогот на високо ниво мислам дека влијаено на подобрување на тој процес. Еден од приоритетите е и реформа во изборното законодавство, односно, како што е наведено во патоказот - целосно одвојување на државата од партија.

Постигната ли е оваа цел со оглед на тоа што во блиска иднина не очекуваат избори?

Јас мислам дека ние исто така покажавме добра динамичност и во однос на ова прашање, имајќи го предвид фактот дека е големо прашање што се следи со голема заинтересираност до ЕУ. Значи изборниот законик се работеше во рамките на работната група во Министерство за правда, истиот беше испратен за ревизија во ОБСЕ и ОДИХР. Тука го имаме и законот за финансирање на политичките партии и сет други прашања кои се однесуваат на изборите. Мислам дека ние како земја треба да го одржиме позитивниот тренд на оценување од минатите избори па натака. Да ги зголемиме стандардите, тоа е наша цел и на ЕУ, исто така и мислам дека тука оценките ќе бидат позитивни. Во однос на принципот на одвојување на партијата и државата како дефиниција што стои во патоказот, тоа е еден политички оптимум што сите ние како претенденти на европски стандарди мора да го расчистиме како волја и како ориентација.

Може ли да заклучиме дека е одвоена државата од партијата?

За да заклучите со „да„ или „не“, тоа е проблем, но во принцип како напредување или како напредок во оваа фаза од тоа што сме го исцртале мислам дека имаме направено добар исчекор.

Една од забелешките на ОДИХР е финансирањето на партиите. Имаше случаи кога поединци давале илјада евра за кампања, а во изјави за медиумите тврдеа дека не се сеќаваат, со што се создаде сомнеж. Може ли да се надеваме дека оваа причина за сомневање ќе биде исклучена на следните избори?

Значи тоа е и дилема која е останата отворена како таква. Секако дека во рамки на консултации на политичките партии и од опозицијата и од власта, ќе се види како тоа да се надмине како забелешка од страна на ОДИХР и ОБСЕ и на претходните избори што повеќе пати беше кажана. За тоа прашање очигледно ќе ни треба пошироко договарање како тоа би го решиле, дали да го вратиме старото законско решение или засега ќе останеме на ова. Ова е прашање што треба да се реши.

Честопати аналитичарите тврдат дека во Македонија има добри закони само што проблемот е во нивното спроведување. Што ќе гарантира дека овој пат законите кои се однесуваат на изборите и општо кои ги има во патоказот дека ќе се спроведат?

Јас мислам дека законите се носат за да се спроведат. Има процеси кои фактички го следат неспроведувањето. Нас ни е укажано многу пати и во разните билатерални состаноци што ги имаме во Брисел, дека е многу битно освен да изработиме добри закони, да останеме ориентирани на нивна имплементација.

Дали е реално очекувањето на претседателот Иванов дека во декември Македонија ќе добие датум за преговори?

Јас мислам дека ние апсолутно имаме право да очекуваме да добиеме датум за преговори, особено доколку го финишираме со успех третиот дијалог на високо ниво и овој извештај за прогрес. Јас сметам дека после овој едногодишен процес ЕК ќе биде еден многу силен партнер и лобист за Македонија и затоа мислам дека ние таа работа на Европската Комисија треба да им ја олесниме со реализирање на обврските кои сме ги преземале. Мое чувство е дека ние политички добро одговараме на обврските и според тоа имаме право да очекуваме ЕК да се заложи за нас најсилно што може за да има процес кој дефинитивно ќе го деблокира отворањето на преговорите со ЕУ.

Како ќе влијае кризата врз евроинтеграцискиот процес доколку се распишат предвремени избори. Има ли на повидок некакво договорено решение за кризата?

Процесот со Европската унија е еден висок политички приоритет и ние остануваме ориентирани кон тој висок политички приоритет. Додека секако за другите прашања, како и секоја политичка партија спремни сме да водиме политичка битка и да водиме разговор, и да договориме и тие договори секако да бидат за доброто на граѓаните, но исто така да го помагаат тој процес што е многу значаен за сите нас, а тоа се евроатланските интеграции.

Во дел од медиумите се врти шпекулација дека може да се кандидирате за градоначалник на Тетово, има ли вистина во тие информации?

Целиот мој фокус и целиот мој ангажман во изминатава година беше ставен во прашањето и подобрувањето на процесите со Европската унија и Европската комисија особено. Мојот политички фокус и мојата базична најголема работа се однесува значи на тоа, на тоа работам, тоа е мој највисок приоритет, додека како и секој политичар сум спремна за секакви предизвици, под услов тие предизвици да бидат сериозни како што сум јас сериозна кон работата што ја вршам.

Извор : „Радио слободна Европа“

Новинар :Зорана Гаџовска

 

Македонија и Русија имаат долга традиција на пријателство, разбирање и културна блискост. И ова не е политичка флоскула. Постои заемен интерес и заложба од двете земји за интензивирање на соработката на политички, економски и културен план. Како резултат на заемното залагање има нагорен тренд во соработката во сите сфери, одговори Зоран Ставрески, потпретседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии на прашањето на дописникот на ИТАР-ТАСС за оценката за односите меѓу Русија и Македонија.

- Политичките односи меѓу двете земји се на високо ниво. Минатиот месец премиерот на Република Македонија Никола Груевски и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин остварија средба во Санкт-Петербург, на која беа потврдени позитивните односи меѓу двете земји кои ги карактеризира висок степен на пријателство и партнерство. Пред две години, за време на истиот форум беше остварена средба и меѓу претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и тогашниот претседател, а сегашен премиер на Руската Федерација Дмитри Медведев. Минатиот месец во Москва беше потпишана спогодба за признавање на документите за образование и научни титули меѓу Македонија и Руската Федерација, со што граѓаните од двете земји со дипломите стекнати дома ќе можат да работат или да го продолжат своето образование во другата земја.

И на економски план одиме напред во соработката. Но тука ќе кажам – може и подобро. Особено во областа на трговската размена. Големиот руски пазар е предизвик. Македонија може да понуди многу повеќе на вашиот пазар, особено земјоделски производи, вино и храна, но и фармацевтски и други производи. Затоа преку учество на саеми и организиран настап на македонските фирми, правиме напор да се остварат потребните контакти за промоција и дистрибуција на македонските производи на рускиот пазар.

Од особено значење за трговско-економската и научно-техничката соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација е Меѓувладината македонско-руска комисија. Шестата комисија се оддржа на почетокот на јули во Нижниј Новгород, при што од страна на Русија ни беше врачена нацрт-спогодбата за влез во „Јужен тек“ и беше потпишан Меморандум за соработка за изградба на гасоводната мрежа во Република Македонија. Исто така за битна институција за подобрување на трговската и економска соработка ја сметам Македонско-руската стопанска комора, која координира организиран настап на македонските компании на рускиот пазар.

Што прави македонската влада за привлекување на странските инвеститори во таа смисла и на инвеститорите од Русија?

-Русија е важен инвестициски партнер на Македонија. Влезот на руската „Протек груп“ со изградба на фабриката за производство на хомеопатски лекови во слободната зона Бунарџик, верувам дека ќе биде позитивно искуство за руските инвеститори и повод за нови инвестиции. Така беше и досега. Во Македонија има повеќе успешни руски инвестиции како „Лукоил“, гасната електрана „ТЕ-ТО“ и рудниците Бучим и Саса, во кој е вложен руски капитал.

Стратегијата на македонската влада во однос на привлекување на странски инвестиции е едноставна – прво ги овозможивме најповолните услови за инвестирање во Европа и второ со истите ги запознаваме потенцијалните инвеститори. Со рамен данок од 10 отсто, Македонија има најниски даноци во Европа. Притоа, ако фирмата ја реинвестира или задржи добивката, стапката на данок е нула. Дополнително на ова, посебни поволности за странските инвеститори нудат слободните економски зони. Тие вклучуваат десетгодишно ослободување од плаќање даноци и царина, симболична цена за закуп на земјиште, директна државна помош и многу други привилегии со кои се истакнуваме како најконкурентна инвестициска дестинација во регионот.

Македонија е една од ретките земји во Европа, кои и покрај турбуленциите предизвикани од европската должничка криза, успеаа да задржи непроменет и стабилен кредитен рејтинг. Тоа е резултат на ниската задолженост на земјата од само 29 отсто и нискиот буџетски дефицит од 2,5 отсто од БДП, како и стабилниот финансиски систем. Воедно, релевантни меѓународни институции последниве неколку години континуирано ја оценуваат Македонија во редот на земји топ-реформатори и најдобри бизнис дестинации во светот.

Што се однесува до инвеститорите од Русија, од почетокот на годинава два пати имаше посета на високи македонски владини делегации на руски региони на кои беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија. За време на првата посета беа опфатени Ростовскиот и Краснодарскиот регион, додека за време на втората посета, која беше предводена од премиерот на Република Македонија Никола Груевски, инвестициските потенцијали беа презентирани во Московската, Владимирската, Нижегородската и Ленинградската област. На овие презентации присуствуваа повеќе стотини руски бизнисмени. Можам да кажам дека сме задоволни од интересот и контактите кои беа остварени за време на овие посети, а исто така сме задоволни и што беа посетени различни региони во Русија. Очекувам контактите што се воспоставија при овие посети да продолжат во иднина и да се материјализираат преку зголемена трговија и инвестиции.

Кои сфери на македонската економија сметате дека би можеле да бидат најпривлечни за рускиот капитал?

-  Генерално сите. Сепак би ги истакнал енергетиката, земјоделството, недвижностите, туризмот, минералните суровини и фармацијата. Во контекст на ова би посочил дека Македонија во голема мера го има надминато хендикепот на мал пазар со оглед на тоа што има потпишано договори за слободна трговија со сите европски земји. Се надевам дека ваков договор ќе потпишеме и со Руската Федерација, што би овозможило значајно зголемување на трговската размена.

Како ја оценувате соработката со Русија во областа на енергетиката. Какви препреки, според вас, можат да и попречат на реализацијата на двостраната согласност за „Јужен тек“ и гасификацијата на Македонија?

- Енергетиката е сектор во кој македонско-руската соработка има направено значаен прогрес. Во 2010 година успеавме да затвориме едно крупно прашање: се потпиша спогодбата за користење на 60 милиони долари од клириншкиот долг на Русија кон Македонија за реализација на националната гасоводна мрежа во Македонија. Во текот на оваа година на средбата со премиерот Никола Груевски, претседателот на Руската Федерација Путин изрази поддршка и заложба за приклучување на Македонија кон коридорот „Јужен тек“, како и за скорешно почнување со проектот за  гасификација на Македонија, согласно Спогодбата за регулирање на клириншкиот долг. Она што радува е што веќе на следната официјална посета на македонска владина делегација, која се случи по две недели, од руската страна беше врачена нацрт-спогобата за влез на Македонија во коридорот „Јужен тек“. Исто така беше потпишан меморандум за соработка со руската компанија Стројтрансгас, кој е прв сериозен чекор кон изградба на национална гасоводна мрежа во земјава. Веќе во средината на август очекуваме експерстки тим од компанијата „Стројтранс гас“ да дојде во Македонија за финални преговори и понуда. Очекуваме договорот да се потпише до крајот на оваа година, по што би почнала и изградбата на мрежата. Во меѓувреме од македонска страна се преземаат потребните активности за да се почне со постапката за експропријација и добивање на одобрение за градба.

Што се однесува на приклучувањето на Македонија кон „Јужен тек“, македонската страна ја разгледува нацрт-спогодбата која ја добивме. Штом ќе ја доусогласиме и потпишеме,  ќе се формира руско-македонско мешовито претпријатие надлежно за реализација на гасоводниот крак кон Македонија.

Вклучувањето на Македонија во проектот „Јужен тек“ и проектот за изградбата на националната гасоводна мрежа се од извонредно стратешко значење за Република Македонија кое ќе обезбеди вклучување на Македонија во меѓународните транспортни коридори и стабилен извор на гас за идните генерации. Партнерството со Русија во овој контекст е од суштинско значење.

Извор: ИТАР ТАСС

Новинар: Александар Борисов

Г. Попоски, каква е климата во регионалните односи на Балканот?

- Сега сме во добра фаза и мислам дека сите можеме да покажеме поинаков лик на Балканот. Најчесто надвор, Балканот се поврзува со конфликти, проблеми, блокади, како и со различни поделби. Сметам дека сега сме во состојба да го промениме ова восприемање. Од неодамна Македонија е претседавач на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и  нашата основна порака е да се поддржуваме заемно, се повеќе да се обединуваме и  Балканот да го направиме појасно видлив однадвор.  На тоа треба да се акцентираат сите земји во регионот.  

Ве загрижува ли тоа што се случува во Северно Косово, напрегнатоста на која сме сведоци ?

Ние сме дел од регион во кој тоа што се случува, во различни рамки и конфликти, се одразува врз сите  земји. Нашата цел е такви ситуации да се што може помалку. Не би рекол дека, ако постои некоја криза или проблем во Косово, тоа не би се одразило на останатите земји во нашиот регион. Најдобриот рецепт е да гледаме кон заедничката иднина што стои пред нас. И тоа е Европската Унија. Ако погледнеме кон таа перспектива, помалку ќе бидат и ризиците од проблемите.

Какви се бугарско-македонските односи денес, 20 години по воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји?  Зошто продолжува да се комплицирани, а на моменти и прилично напрегнати?

- Мислам дека има многу елементи кои може да придонесат односите меѓу Бугарија и Македонија да бидат извонредно позитивни. Сметам дека Бугарија по своето зачленување во Евроската Унија и НАТО  треба да постане моќен поддржувач на влегувањето на сите останати држави во регионот во тие меѓународни организации. Би сакал да видам повеќе пораки од страна на Бугарија, кои би биле фокусирани врз изградбата на оваа поддршка.  Таа би била најјак знак дека можеме да градиме заедничка иднина.  Во минатото се нагледавме  на многу поделби и конфликти. Мислам дека сега нашите односи треба да се одвиваат во европски дух.  20 години се еден сериозен период и по него би било пологично да видиме дека европската линија доминира врз бугарско-македонските односи. 

Но еве, Скопје и Софија изостануваат од тоа, а билатералните односи  тонат. Зошто е тоа така?

- Многу често се работи за вештачки и искривени претстави. Мислам дека повеќе внимание се обраќа на теми поврзани со делењето и изградбата на одредени искривени позиции и дека недоволно се инвестира во заемната соработка.  Имам предвид дека соработката не оди на ниво граѓански организации, бизнис, општини – простор кој ни отвара многу нови можности. За жал, пред јавноста доминираат други акценти. Понекогаш, спорадични проблеми се претставуваат како основни и водечки. Мислам дека ние имаме добра база врз која да ги градиме односите помеѓу нас како меѓу две европски  држави, кои заемно  ќе се  поддржуваат, почитуваат и со желба иднината да ја изградат во рамките на европското семејство. Еве такви односи  ни се потребни.

Не постои сомневање во тоа, г-не Министре,  но инцидентот од 4ти мај о.г., кога бугарскиот амбасадор во Скопје беше нападнат кога нашата делегација се обидувала да положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, покажува нешто друго, нели ? Како министер за надворешни работи Вие како ги перцептирате сличните инциденти во нашите односи?

- Треба да ви кажам дека на овој случај му беше придаден контекст којшто ги акцентира конфликтите на сметка на соработката.  Важно е да  се свртиме кон конструктивноста. Инцидентите не се добредојдовни во нашите односи. И во Македонија, и во Бугарија треба да се погрижиме акцентот да биде врз линијата на соработка помеѓу нас. Во овој процес нашите амбасади го имаат своето важно место, тие ги изградуваат нашите односи и тоа треба да биде во  фокусот на јавниот интерес. Само тој којшто сака  да  создава  негативна клима во нашите  контакти би имал интерес да предизвикува инциденти независно дали постојат или не.

По овој случај, дали Вие го дискутиравте случајот со Вашиот бугарски колега, министер Младенов?

- Имавме можност да се видиме на меѓународни форуми. Од македонска страна нашата клучна порака беше дека би сакале Бугарија да посвети повеќе внимание на видливата и постојана поддршка за евроатлантската интеграција на Македонија. Тоа би бил многу јак сигнал. На самитот на НАТО во Чикаго зборувавме со министер Младенов и за тоа дека, доколку бугарската поддршка за Македонија се реализира, ќе го скршиме еден од најстарите стереотипи, кои се многу традиционални за сите нас на Балканот – а тоа е дека повеќе си причинуваме проблеми и пречки  отколку што се поддржуваме . Сметам дека имаме потенцијал да направиме промена на тој план за да можеме да си помагаме и соработуваме во реализацијата на нашите заеднички проекти.

Г-дине Министре, Вие знаете дека Бугарија во последниве години секогаш ја поддржувала  Македонија на патот кон НАТО и ЕУ, но нашите односи некако наспроти тоа не успеваат  многу да напреднат...

- Понекогаш ни недостасува еден поширок, поевропски поглед на нештата. Мислам дека тоа е единствениот рецепт за добри билатерални односи – да ги гледаме преку призмата на успехот во европската интеграција и да  сме заедно во европското семејство. Но, понекогаш во таа насока се појавуваат и проблеми. Се чувствува недостаток на позитивни примери за заемна соработка и тоа е сериозен  недостаток.  Постои тенденција вниманието да се фокусира врз проблемите и предизвиците. Затоа, сметам  дека е многу важно пораките да се во европски дух.  Во таа насока можеме многу да направиме – да го подобриме ликот на соседот, подобро да се запознаеме со него. Еве тоа треба да биде доминантно помеѓу нас.

Но случајот со македонскиот филм „Трето полувреме“ не  е таков. Во него Бугарија е покажана како фашистичка држава. А тоа  пречи на европскиот дух на нашите односи, за кој вие зборувате, не мислите ли?

- Не можам да коментирам нешто што не сум го видел. Од она што знам за овој филм е дека станува збор за една љубовна историја претставена во извонредно трагичен период од историјата, што се однесува на Втората Светска војна и  Холокаустот. Не сметам дека филмската уметност треба да се одразува  на нашите односи во иднина. Во секој случај, тие мрачни глави од историјата не треба да бидат причина за одбегнување на зближувањето меѓу државите. Кога држави како Франција и Германија,   на пример, успеале да надминат слични проблеми и станале основувачи на заедничката европска идеја, тоа означува дека треба и нас да не инспирира  да направиме повеќе за заемната соработка. Треба да оставиме сите елементи како филмска индустрија, култура и уметност да се одвиваат по својот пат.  Но, тоа што треба да биде наша заедничка цел е политичките  решенија да се земаат врз основа на заедничките интереси, а не врз искривени претставувања за пријателска или непријателска позиција кон некого.  Најважно за нас е да се концентрираме врз иднината и тоа ќе ни ги изгради мостовите. 

Каков е во Македонија одгласот од изјавата на премиерот Бојко Борисов дека доколку Бугарија биде запрашана за името  „Северна Македонија“,  нашата земја ни би била согласна поради што тоа би можело да предизвика територијални претензии од страна на Скопје ? Како вие како надворешен министер би реагирале на таква изјава?

-Мислам дека во моментот во кој на Република Македонија и е наметнат нелогичен спор, притоа без никаков основ, и кога тој спор се злоупотребува за поширока опструкција и блокирање на Македонија, нема никаква потреба од дополнително проблематизирање. Македонија е ставена во една ситуација во која Грција непринципиелно и вон правните рамки ја блокира перспективата на нашата земја да се интегрира во НАТО и во ЕУ. Ова не само што не се базира врз заедничките интереси, туку и многу пречи. Тоа е констатирано во одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Во тие услови  секое  дополнително комплицирање на ситуацијата задава тешкотии. Сметам, дека секој добронамерен може да придонесе само ако  предлага начини за дополнителна интеграција, а не за опструкции на процесот.  Во таа смисла, Република Бугарија не би требало  да ја изградува својата позиција врз основа на оспорување и блокирање на македонската интеграција. Затоа, би сакал да видам пораки што ќе бидат базирани на конкретна поддршка, на позитивен тон и на зголемувањето на комуникацијата помеѓу нас.  Ние тоа  го сакаме.  Дали Грција, преку својата политика на спротивставување и опструкции на интеграцијата на Македонија, де факто дава тон за можноста, врз слична база, да се гради надворешно-политичка позиција и таа да станува атрактивна за други држави, е посебно прашање. Не треба да дозволиме тоа да биде доминантна тенденција. Треба да изградиме обединета  позиција дека сите ние имаме заеднички интерес да си помагаме меѓу себе и што е можно побрзо да станеме дел од европското семејство. Бугарија има многу добра позиција да биде мотор на една таква политика.  Навистина жалам што Грција ја испушти можноста уште од моментот кога Македонија ја објави својата независност да стане шампион во евроатлантските структури. Погледајте, на пример,  што прави една Финска за Естонија. Тоа е инвестиција која секогаш може да се врати. Мислам, дека Република Бугарија  има можност по влегувањето во ЕУ да ја преземе улогата на мотор во интеграцијата во ЕУ на Западниот Балкан. И јас би сакал токму тоа да го видам во бугарската надворешна политика. Со тоа сите во регионот ќе добиеме.

Пред некое време, македонски аналитичар изјави дека не би било лошо Бугарија да влезе во спорот за името меѓу Македонија и Грција за да покаже колку  е апсурдно грчкото настојување. Како гледате на слична можност? 

- Грција многу долго гради имиџ на земја која ја блокира интеграцијата на својата соседка. Би сакал тоа време да можеше да се врати,  овој имиџ да не постои. За жал, минатото не се враќа. Но иднината е таа, на која можеме да влијаеме. Најдобро за иднината на Грција, и  посебно во условите на сериозна економска криза, која виси над Европа, би  било таа Европа да гради имиџ на конструктивен партнер, кој ја поддржува интеграцијата на регионот, а не на таков кој ја блокира.  Дополнителните елементи во овој крајно ирационален спор, користени  како образложенија за блокирањата се непродуктивен приод.  Мислам дека Бугарија може да ја подобри својата позиција со внесување на позитивен фактор, елемент од разум од гледна точка на држава, член на НАТО и ЕУ.  А тоа, што кажувате, дека спорот е апсурден е сосема точно. И мислам дека никој разумен човек денес нема да  се согласи дека  причините се логични.  Во последниве 20 години во Атина се изгради еден мит дека постоењето на независна Република Македонија претставува закана за безбедноста и територијалниот интегритет на Грција. Ова не може да се дефинира на друг начин  освен како глупост.  Во истото време, во денешниот  контекст, ние заедно споделуваме заеднички интереси и дејствија во полето на безбедноста. Не заборавајте дека Република Македонија е контрибутор во мисијата на ИСАФ во Авганистан каде заедно со делови од армиите од нашиот регион учествува во заедничка мисија.  Во рамките на општата европска политика за безбедност постои една општа бригада од Југоисточна Европа каде македонски, бугарски, грчки и војници од другите земји од регионот  учествуваат во една заедничка воена мисија.  Тоа е голем симболичен  пример. Пред 100 години армиите на овие држави  може  да се бореле меѓу себе и нашите народи да страдале од тие војни и  рушевини. Но денес, можеме да бидеме заедно под една команда и да ги штитиме заедничките и регионалните интереси.  Споредете ги овие две состојби на нештата со оној мит и глупост за блокирање на Република Македонија од страна на Грција. Гледате за каков контраст станува збор.

Пред некое време, поранешниот српски претседател Борис Тадиќ предложи Белград да посредува меѓу Скопје и Атина за спорот за името на вашата држава. Може ли некој од соседите на Македонија да учествува во решавањето на овој проблем?

- Не мислам дека некој од регионот би имал главен придонес и би се вклучил во еден крајно  ирационален  проблем. Од изминатите 20 години стана јасно дека клучот за решавање на проблемот е во Атина,  кај тие кои ги носат одлуките таму. Ако тие успеат да ги надминат стереотипите за победници и победени, ако се откажат од блокирањето, јас сум сигурен дека тоа би бил единствениот пат Грција да изгради подобра позиција во иднината. Овој тип на проблеми може да се надмине со промена на менталитетот  на тој кој го создал. Не може да се бега од реалноста.  А таа е дека Република Македонија постои и ние сме дел од една заедница каде доминантни треба да бидат почитувањето на правото и на демократските принципи.

 

Извор : Неделник „ТЕМА“

Новинар: Николај Крстев, БНР