Интервјуа

Министерке Јанкулоска, неодамна, актуелниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски побара одговор на прашањето кој е нарачателот и извршителот на случајот Пустец. Ќе му одговорите ли во оваа прилика?

Прашањата кои тој се обидува да ги наметне во јавноста се прашања за кои одговорите се дадени и тука практично без разлика дали некои работи му се допаѓаат или не, или на кој било граѓанин дали му се допаѓаат или не, секој државјанин на Република Македонија, со неговото државјанство, има одредени права, но и обврски кон државата. Така што, независно од неговиот личен однос кон Македонците од дијаспората, тие се сепак наши државјани и имаат одредени права. Целата држава сведочи за случајот, еве на пример како најеклатантен во Кичево и во Струга каде што илјадници луѓе од дијаспората дојдоа само на неколку часа во Република Македонија, го остварија своето гласачко право кое им е гарантирано со Уставот и таму се избра градоначалник на начин на којшто се избра и несомнено тоа е волјата на граѓаните и тие градоначалници кои се избрани во следниве четири години ќе раководат со општината каде што слободно можам да кажам, волјата на луѓето кои се малцинска заедница, во смисла на постојано живеење во тие општини, се наметна како волја на некое виртуелно мнозинство и на тој начин беа избрани локалните власти и во Кичево и во Струга, меѓутоа без оглед како тоа изгледа и дали на некого му се допаѓа или не, бидејќи нели имаше многу коментари по однос на овие случаи во јавноста, сепак нашите закони тоа го дозволуваат, така што тука нема простор за какво било повикување на одговорност или какво било спорење на процедурата. Впрочем и ДИК како најлегитимен и најнадлежен орган го потврди и го потпиша избирачкиот список за сите општини во Република Македонија, а сите партии, вклучително и партијата на градоначалникот на Центар, потврдија дека избирачкиот список е беспрекорно чист и дека врз основа на тој избирачки список изборите може да почнат и може да завршат, впрочем како што и завршија. Инаку факт е дека господинот Жерновски од кога дојде на функцијата градоначалник, наместо да се зафати со некои суштински прашања кои се од негова надлежност, тој постојано се обидува да ја дефокусира јавноста. Впрочем еве веќе цела недела па и повеќе, тој ја занимава јавноста со наводен обид за негов поткуп, меѓутоа до денешен ден ниту пријавил такво нешто, ниту пак обезбедил каква било информација до надлежните институции врз основа на која ние би можеле да постапиме и да го расчистиме случајот.

Што доколку тој одлучи да не ги каже имињата коишто вие ги барате? Што тогаш ќе направите и што ќе направите ако ви ги каже имињата?

Во секој случај ние секогаш кога имаме какво било сознание кое може да резултира со обезбедување докази постапуваме без исклучок. Значи, сме имале повеќе случаи каде што обвинителот постапувал по јавно допрен глас, меѓутоа одговорноста на секој поединец е да даде свој придонес во борбата против криминалот и корупцијата. Прикривањето на кривично дело е само по себе пропишано како кривично дело во Кривичниот законик. Посебна е одговорноста на јавните личности. Не е доволно и не е во ред да тврдите дека вие 100-процентно гарантирате дека некаде има обид за криминал без притоа да соработувате со институциите. Ако не ги каже јавно личностите кои му нуделе поткуп, за кои тој тврди дека му нуделе поткуп, тогаш легитимно јавноста ќе почне да се сомнева дека тој е соучесник во една таква операција или, пак, дека свесно одел со манипулација, да не речам лага, со цел да привлече внимание врз себе или, пак, да го одвлече вниманието од некои суштински прашања со кои тој треба да се занимава.

Тој вели дека нема да ги каже имињата токму поради тоа што од претходните искуства се сомнева дека институциите на системот би реагирале, па посочува некои примери кога не реагирало МВР?

Па не знам, јас не се сеќавам на такви искуства, а и статистиката не бележи такви искуства, така што можеби се тоа некои негови искуства од времето кога неговата партија била на власт, па имало практика да се калкулира со тоа кои случаи ќе се откриваат, кои случаи нема да се откриваат.

Уште еднаш ќе ве навратам на Пустец. Не само опозицијата или обвинувањата и одговорите коишто ги бара Жерновски, забелешки за гласачи од Пустец коишто непосредно пред изборите добиле лични карти имаше и во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР. Дали министерке Јанкулоска за вас ова е затворен случај? Го истраживте ли докрај и дали еве ги проверивте адресите коишто ги посочува опозицијата?

Секој државјанин на Република Македонија има права. Без разлика дали Македонците од дијаспората се луѓе кон кои одредена политичка структура има симпатии или аверзија, тие луѓе имаат права и тие права им се гарантирани со Уставот, така што тука нема простор за никаков коментар, исто како што на некого можеби не му се допаѓа што на само неколку часа дојдоа илјадници луѓе од дијаспората, пред сè етнички Албанци, за да го дадат својот глас во Кичево и во Струга, меѓутоа нашите закони, нашата регулатива тоа го дозволува. Непосредно, па дури и на самиот ден на изборите тие луѓе дојдоа со чартер-летови, со автобуси, го дадоа својот глас и сега Кичево и Струга имаат градоначалници како што имаат. Тоа е нешто што нашите закони го дозволуваат.

Дали вие видовте 60 луѓе коишто живеат во ист стан, како што тврди опозицијата?

Вие не може да им ги ограничите права само затоа што вас или на некој политичар, поединец или група на луѓе не му се допаѓаат. Тие права се гарантирани и луѓето имаат можност да ги уживаат тие права, односно да партиципираат во изборот на власта во Република Македонија и на централно и на локално ниво. Доколку се отвори дискусија по однос на тоа дали луѓето од дијаспората треба да имаат вакви права, местото на таа дискусија е во Собранието на Република Македонија. Отворени сме за дискусија.

Министерке Јанкулоска, јас ве прашувам дали ги проверивте тие адреси што ги споменува опозицијата и дали видовте дали навистина има 60 луѓе што живеат во ист стан?

Јас повторно ќе ве вратам на суштината на прашањето. Нема ништо недозволено во однос на правото на граѓаните од дијаспората да учествуваат во изборот на власта во Република Македонија. Имаат право и да учествуваат на парламентарни избори, имаат право и да учествуваат на локални избори. Дали 7000 луѓе дошле и гласале во Кичево, дали илјадници луѓе дошле и гласале во Струга или во Штип или во Центар или во Струмица или во која било друга општина, тоа е веќе прашање на избор на поединецот дали ќе го оствари своето избирачко право, но тие луѓе ги имаат истите права како што ги имаме и јас и вие и кој било градоначалник или член на совет на општина, која било јавна личност и кој било обичен граѓанин – државјанин на Република Македонија. Правата се гарантирани и тие мора да бидат еднакви за сите.

На денот на полицијата, ја обвинивте опозицијата дека ја потцениле полициската униформа и дека креирала насилни сценарија. Ќе цитирам дел од вашиот говор – „Нема да дозволиме децата, сопругите и мајките на нашите колеги кои ги жртвуваа животите во 2001-та, да бидат сведоци како некој варварски се обидува да ги збрише паметниците на нивната жртва“, иако јас не се сеќавам дека некој кажал оти дека дислоцира или ќе руши споменик на бранители. Можете ли да ме објасните што конкретно значи ваквата изјава? Дека полицијата ќе реагира при обид на дислокација на кој било споменик?

Полицијата ќе реагира секогаш кога ќе има потреба да реагира, значи полицијата не го ограничува своето реагирање на конкретни објекти или на конкретни субјекти, поединци или групи. Полицијата реагира во услови пропишани со закон, а услови пропишани со закон за кои полицијата е надлежна да реагира се нарушување на јавен ред и мир, оштетување на туѓ имот или кој било друг случај кога ќе биде побарана наша асистенција.

Неодамна министерот за правда најави дека ќе бидат екстрадирани двајцата обвинети во случајот Монструм коишто беа пребегани во Косово. Дали со екстрадирањето на овие двајца обвинети се затвара полициската истрага за овој случај?

Полициската истрага во овој момент е практично истрага која е одамна затворена, затоа што ние уште на 1 мај минатата година сè што имавме во прилог на кривичната пријава го доставивме до органите кои понатаму треба да го процесуираат.

Значи во меѓувреме ништо не се пронајде?

Дополнително не сме добиле нови наредби, меѓутоа до самото завршување на случајот со правосилна пресуда, судот и обвинителот може да издадат нова наредба до нас. Ако издаде, впрочем како и досега, експресно ќе постапиме.

Имате некакви информации зошто сè уште тоа не се случило, што ја кочи екстрадицијата?

Во оваа фаза случајот е во надлежност на Министерството за правда, меѓутоа јас како министер за внатрешни работи во повеќе наврати лично разговарам со министерот за внатрешни работи на Косово од кого добив уверување дека ќе направат сè што може да направат за да се забрза случајот. Но, сепак ќе речам дека во оваа фаза надлежноста е кај двете министерства за правда. Од она што го следам преку медиумите и од изјавите на министерот за правда се добива впечаток дека се што Република Македонија требаше да подготви, да испрати, да достави до косовските власти е веќе одамна подготвено и доставено и сега се чека реакција на косовските власти.

Неодамна исто така во Косово беше уапсен познатиот нарко-бос Насер Кељменди. Постојат шпекулации дека истиот тој човек оперирал во Македонија и дека одржувал контакти со одредени криминални групи. Имате ли вие такви сознанија?

Знаете, ние како Министерство за внатрешни работи не коментираме шпекулации, ние постапуваме по информации и тогаш кога ќе обезбедиме докази, ако обезбедиме докази кривична пријава. И во таа смисла и покрај тоа што се работи за лице кое е познато не само во регионот, туку и пошироко, да не речам лице кое се сомничи за многу серозни криминални активности, јас не би одела со некои подетални објаснувања или елаборирања за евентуална негова вмешаност во кривична дела за кои во моментов јавноста шпекулира или сè уште не почнала да шпекулира. Доколку обезбедиме докази, ние поднесуваме кривична пријава.

Во последниов период актуелни беа неколку големи акции – Агент, потоа се случи Фаланга 2, Диригент. Да ве навратам малку на операцијата Агент, зошто ви требаа 4 години да се спроведе една акција за којашто делата што се случиле се случувале и завршиле во 2009-та година?

Некои од активностите траат малку подолго отколку што јавноста смета дека треба да траат, меѓутоа според нас суштинското прашање е: Дали кривичната пријава која ја поднесуваме до обвинителството е доволно добро издржана, односно дали има доволно докази за да таа биде поткрепена и понатаму во соодветна постапка судот да може да одлучи на начин на кој ние условно речено претпоставуваме дека треба да одлучи. И во таа смисла по однос на конкретниот случај јас ќе кажам дека подолг период наназад ние имавме одредени сомневања и сознанија, меѓутоа сè до момент дури не ги потврдиме, односно документираме доказите, ние не би се осудиле да поднесеме недоволно аргументирана кривична пријава.

Дали можеби бевте претпазливи затоа што во акцијата е вклучен поранеше висок државен функционер?

Ние не правиме разлика по однос на тоа кој е вклучен и дали е вклучен поранешен или актуелен функционер од власта или од опозицијата, од институциите. Но ние сме секогаш претпазливи кога поднесуваме кривична пријава, но од аспект на професионалната работа, а тоа е дали е доволно аргументирана и поткрепена со докази соодветната кривична пријава. И оваа и секоја друга пријава пред да биде официјално поднесена повеќе пати се прегледува, разгледува, анализира, за да не се доведеме во ситуација некогаш да направиме грешка, бидејќи сепак се работи за луѓе, се работи за докази и ние мора да сме сигурни дека она што му го презентираме на обвинителот е тоа кореспондира со некоја реална ситуација која се случила во даден период.

 

Извор: „Радио Слободна Европа„

Новинар : Марија Тумановска

Како ја оценувате посетата на Атина и средбата со шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос во контекст на унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, на европските перспективи на Република Македонија, па и во однос на надминувањето на спорот за името?

Посетата беше организирана на највисоко ниво и во конструктивна атмосфера. Грчката страна и даде значење на официјален протокол. Имавме тет-а-тет средба, следеше официјалниот дел каде присуствуваше целиот естаблишмент на МНР, по што следеше и работен ручек во министерство. Покрај министерот Аврамопулос, беа сите политички директори, амбасадори - претходни и сегашни во Македонија. Главната цел на посетата беше да се разговара за европската перспектива на Република Македонија, особено пред Самитот на Европскиот совет во јуни, како и да придонесе за зближување на односите меѓу двете земји. Тоа што беше важно е заедничкиот заклучок дека европската перспектива останува најдобрата алтернатива за регионот. Тие ја поддржуваат РМ во тој процес.
Во однос на прашањето за името, кое не е директна тема, но се наметнува во разговорите за европските интеграции, заклучивме заедно дека е потребно што побрзо изнаоѓање решение за името, прифатливо за двете страни, и оти процесот, кој се одвива во рамки на ОН со посредство на амбасадорот Метју Нимиц треба да се забрза до конечно решение, кое би значело прогрес во евроинтеграцијата на Македонија. Инаку, во однос на официјалните прегвори се знае дека тие се водат во рамки на ОН, а ваквите посети се важни за да се даде позитивен импулс на климата, да се создадат повеќе можности за комуникација, градење на заемна доверба, создавање клима на конструктивна соработка која може да помогне во иднина за процесот, за тоа прашање да се реши. Во тој поглед не треба да има дилема дека има какво било паралелизми во тој процес. Напротив, ние треба да си ја вршиме нашата задача како претставници на Владата и да го дадеме својот придонес во овој процес што е од исклучително значење за сите граѓани на РМ.  
Инаку, покрај посетата на Атина, одржани се и две средби на експертско ниво меѓу претставници на МНР на двете земји, а договорено е проширување на соработката и во областа на транспортот и животната средина. Констатиравме дека успешно се одвива прекуграничната соработка со ИПА фондовите и таа треба да продолжи. Дискутиравме и за една нова можност, а тоа е соработка во Твининг и ТАИЕКС програмите со ИПА фондови во компонентата за зајакнување на нашите капацитети за преговори со ЕУ. Искуството на Грција и соработката во оваа област мислам дека ќе помогне во тој процес. Исто така, беше истакнато значењето на соработката во областа на бизнис секторот, особено што Грција и Македонија имаат тесна економска соработка и Грција е меѓу првите земји стратешки трговски партнери, но и меѓу најголемите странски инвеститори во Македонија.

Се добива впечаток дека грчката страна полесно се одлучува на средби со претставници на македонската Влада кои се од ДУИ, а некако ги одбегнуваат средбите со македонските претставници. На што се должи тоа?

Оваа теза, посебно во Македонија, не е корисна, затоа што ние сме сите претставници на една влада и работиме во интерес на граѓаните на РМ, а тоа е евроатлантската интеграција, како еден од стратешките приоритети. Самиот факт што ние како ДУИ сме ги прифатиле овие ресори, Одбрана и Евроинтеграции, ние мора да се ангажираме и да придонесеме Македонија да покаже напредок во Евро-Атлантските интеграции. Тоа е генерален став и секој во Владата во својот дел е ангажиран колку што може да помогне во успешна реализација на својата агенда, своето портфолио. Во тој дел спаѓа и комуникацијата со Грција во однос на овие прашања. Што се однесува до средбите битно ни е, пред се, да создадеме клима на соработка, да градиме одреден степен на доверба при што од средбите и двете страни ќе имаат корист. И во конкретниот случај, да потсетам имало и до сега средби на премиерот и министерот за надворешни работи со грчки претставници, но овие средби во Грција се дополнителен импулс и од тоа добиваат Македонија и сите граѓани. Со добра координација може да имаме само корист од нив, зашто без разлика дали се членови на една политичка партија или на друга, дали се политичари Албанци или Македонци кога ќе станеме членка на ЕУ и НАТО подеднакво ќе бидат среќни сите граѓани - Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми...     

За прашањата во јавноста дали има дуализам во Владата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, можам да кажам дека мојата посета во Грција е во својство на Заменик претседател на Влада за европски прашања во Владата на Република Македонија, која ги претставува интересите на граѓаните на Република Македонија и тука не служам како вицепремиер само за Албанците, за Македонците или само за Турците, туку на сите граѓани во Република Македонија и со тој мандат сме изгласани во Собранието од пратениците на РМ кои ја имаат поддршката од мнозинството граѓани.

Дали на средбата со Аврамопулос стана збор за последниот предлог на медијаторот Нимиц?

Секако дека разменивме мислења и за тоа, но останува официјалните позиции да се процесираат во рамки на регуларните преговори и тоа е најдобриот пат. Ние во однос на прашањето за името рековме дека треба побрзо да се реши и во тој контекст се очекува во наредниот период од двете страни, како што е нагласено од Нимиц, да ги дадат своите позиции со цел процесот да може да се движи понатаму.

Грчките медиуми излегоа со шпекулации дека до самитот на ЕУ во јуни Скопје и Атина треба да одговорат на последниот предлог на Нимиц. Постои ли таков рок?

Не би зборел за рокови, но важно е процесот да тече побрзо, односно што побрзо да се произнесат двете страни за да продолжиме понатаму кон решението. Со конструктивен пристап, да се фокусираме кон иднината, како партнери да дојдеме да заедничко решение. Да гледаме напред, преку можностите да градиме наша заедничка иднина во Европското семејство! 

Доколку не се случи напредок во процесот на разговорите за името можно ли е Македонија на јунскиот ЕУ самит да добие датум за почеток на преговорите?

Ќе го парафразирам заклучокот од декемврискиот самит дека доколку Македонија покаже соодветен прогрес во приоритетите на Пристапниот дијалог на високо ниво, во однос на добрососедските односи и дојде до решение за името прифатливо за двете страни тогаш ќе добие рамка за датум за започнување преговори. Тоа подразбира дека за да сме сигурни дека би имале датум треба да имаме и решение за името до тој период. Но, без разлика каков ќе биде исходот во јуни, ние остануваме посветени на реформите за ЕУ, не смееме да се откажеме, затоа што евроспката и евроатланстаката перспектива на земјата останува единствен и врвен приоритет за земјата и од политички и од економски аспект.

Се добива впечаток дека немате големи очекувања од самитот на ЕУ во јуни?

- Не би сакал да прогнозирам некој оптимизам, сакам да останам објективен и претпазлив. Ние нашето треба да си го сработиме, да ги продолжиме реформите, да покажеме прогрес во добрососедските односи и во името. Тие се трите работи што Советот во декември ги запиша за нас, а треба да ги завршиме до јуни. Останува министрите на ЕУ во јуни да дискутираат. Сакам реално да пристапиме и прогнозите, а амбициите да ги претвориме во наша секојдневна работа.

Една од забелешките во Пролетниот извештај за Македонија е и формирање Анкетна комисија за настаните од 24 декември, работа што се уште не е завршена. Можно ли е тоа да претставува пречка за добивање датум за преговори во јуни?

Тоа е една од работите што Брисел ги очекува од нас. Ние до јуни имаме време да покажеме резултат. Секако дека исполнувањето на политичкиот дијалог и договорот од 1 март се исклучително важни затоа што ќе ги стават под знак прашалник политичките критериуми на РМ. Добро беше што РМ успеа на 1 март да го надмине тој предизвик и политичарите да ги стават интересите на граѓаните пред партиските интереси. Сега следи имплементација, и таа имплементација на тој договор, вклучително и на Анкетната комисија ќе се дискутира и во јуни, затоа што извештајот се однесува на Република Македонија, и не е извештај за работата на Владата или некоја друга институција. Затоа треба политичките партии и од опозицијата, како и од владината коалиција да покажат напредок во однос на тоа што е договорено, со цел Македонија како држава да напредува во евроинтеграцијата.

Грција следната година треба да го преземе претседавањето со ЕУ. Дали тоа дава повеќе надеж дека е можна промена на нивниот став во однос на името, со оглед и на Агендата 2014 година од Солун за проширување на ЕУ кон Југоисточна Европа?

Во ЕУ се одлучува врз консензуална основа на сите земји члеки. Не можам да прејудицирам дали тоа претседавање може да менува нешто, но секако треба да се гледа како на можност. Но, ние и до тогаш, во континуитет треба да разговараме заедно и да бараме решение за надминување на отвореното прашање за името. Важно е ние да достигнеме такво ниво на соработка и да се доближиме во преговорите до таа фаза која ќе доведе до замено прифатливо решение.

Извор: МИА

Новинар: Виолета Ангеловска

 

Минатата година имавме ниско ниво на странски вложувања. Дали тоа се должи само на економската криза и на стравот од инвестирање?

- Секако дека кризата има ефект, но да ги видиме бројките малку подетаљно. Лани приливот на странските инвестиции, според податоците на НБРМ, изнесува над 260 милиони евра. За жал, истата година имаме зголемен одлив на заработена добивка, односно странските фирми во Македонија со својата добивка ги кредитираат фирмите-мајки. Ова е најзабележително во Словенија, што не е за чудење со оглед на економската и политичката криза во таа земја. Затоа, нето-приливот на странските директни инвестиции (СДИ) е драстично намален, но, сепак, не гледаме одлив на акционерски капитал. И со ваквото ниво, во периодот од 2007 до 2012 г., годишниот нето-прилив на СДИ во Македонија е за 35 отсто поголем од периодот од 1997 до 2006 г. Позитивните трендови се каде што треба да бидат, имаме зголемен прилив од Белгија, Германија, САД и од Турција, токму од оние земји каде што имаме и нови проекти и зголемени активности.

Лани премиерот Никола Груевски и други владини претставници посетија многу земји, не само во Европа туку и на други континенти? Дали веќе има ефект или допрва се очекува?

- Ефектот од средба или посета на странска земја за привлекување инвестиции може да дојде и по неколку години, но со малку среќа и добра подготовка, може и побрзо. На пример, од минатогодишните роуд-шоуа имаше зголемен број посети на странски фирми во Македонија, а забележавме и неколку фирми што размислувале за инвестирање токму за време на нашите промоции. Синџирот на донесување одлуки зависи од повеќекратни активности, рекламирање, роуд-шоуа, директни средби и на крај - посети во Македонија. Токму затоа, голем ефект ќе има во иднина.

Kакви се резултатите од промоторите во странство?

- Економските промотори денес имаат три задачи: привлекување странски инвестиции, промоција на извозот и на туризмот. Иако звучи како едно исто, тоа е доста обемна работа која многу земји што имаат повеќе ресурси ја разделуваат на различни институции. Во Македонија, од повеќегодишната работа на промоторите имаме забележано позитивни ефекти. На пример, досега има неколку проекти што се резултат на работата на економските промотори, а зголемениот број туристи исто така е резултат на промоцијата на Македонија во поголемите туристички агенции низ Европа и пошироко. Несомнено е дека со зголемено искуство и ресурси, резултатите од промоторите ќе продолжат да се шират бидејќи тие се на терен постојано и побрзо реагираат на интересот кај странските фирми.

Придонесот од странските вложувања, освен во вложените средства, е и во отворање нови работни места. Дали ланските инвестиции ја намалија невработеноста?

- Највидливиот придонес од странските инвестиции се вработувањата. Од минатата година се реализираа неколку проекти: „Ван Хул“, „Kромберг и Шуберт“, „Дрекслмајер“, „Kемет“, „Продис“, „Технохозе“, експанзија на „Џонсон Мети“, итн. Првичниот план на сите овие фирми изнесува над 7.500 нови работни места. Но веќе во првата година ги забележавме следниве бројки: „Ван Хул“ речиси 30, „Kромберг и Шуберт“ - 360, „Дрекслмајер“- 500, „Kемет“- 10, „Продис“ над 50, „Технохозе“- 30, а „Џонсон Мети“ има вкупно над 300 вработени. Така што само во една година ефектите се огромни. И кај доста домашни фирми што соработуваат со странските имаме забележано зголемени вработувања и инвестиции. С` уште имаме ситуација каде што за една позиција на оглас се јавуваат голем број кандидати, значи имаме уште работа во овој домен и продолжуваме да привлекуваме инвестиции.

Kакви се очекувањата за годинава? Неодамна премиерот Никола Груевски најави изградба на нова фабрика со странски капитал во Велес. За што станува збор?

Јас сум повеќе фокусиран во мојот домен за гринфилд-инвестиции, да се зголемува бројот на активни проекти и с` повеќе компании да донесуваат одлука за инвестирање во Македонија. Годинава гледаме резервирана доза оптимизам. Во некои сектори низ Европа има доста раздвижување, а во многу е статус кво. Неодамна јас успешно завршив преговори со германска фирма за производство на електронски делови која ќе инвестира во Велес. Главните луѓе дојдоа во посета неколкупати во текот на минатата година и имавме интензивни средби со градоначалникот во Велес, Горан Петров и со Славчо Чадиев, кои направија с` за одлуката да биде позитивна за нивниот град. Тоа не се случува преку ноќ и токму соработката, поддршката и довербата од актуелната власт во Велес беа клучни за германската фирма да се одлучи за тој град. И покрај нашето залагање, без поддршка од локалната власт нема инвестиции. И понатаму, за да се реализира оваа инвестиција од 30 милиони евра, која ќе донесе 500-600 вработувања, апсолутно неминовна е поддршката од Велес.

Дали Владата настојува новите инвестиции да ги распределува по другите градови бидејќи последните нови фабрики беа во Битола, Kавадарци, сега во Велес, претходно во Демир Хисар?

Наша стратегија е да отвораме шанси во сите општини и секаде да се лоцираат нови странски, а и домашни инвестиции. Имаме интензивни соработки со општините и во некои од нив правиме индустриско-развојни зони за да се поттикне инвестирањето. Но, сепак, ние не влијаеме врз тоа дали една инвестиција треба да оди во една или во друга општина, туку таа одлука ја носат самите фирми и зависи од тоа што се нуди, каков е кадарот, условите. Нам ни е важно фирмата што сака да инвестира, кога ќе дојде во Македонија, да има што поголем избор и да не размислува за друга земја.

Европа е во криза, а тоа може негативно да се одрази врз приливот странски инвестиции од нашиот континент. Дали ќе може да се компензира со вложувања од некои други делови на светот?

- Во контекст на глобалната економија, што се однесува до Европа, најголем потенцијал гледаме во Германија и во земјите околу неа, што растат заедно со нејзината економија. Затоа што Германија има раст, има потреба од нови капацитети и намалување на трошоците. А со такви инвестиции не се оди надвор од европскиот континент. За жал, таа е исклучок во Европа и од она што последниве месеци го забележуваме, во некои индустрии има раст, но во голем дел од индустриските сектори во Европа ситуацијата е статус кво. Значи многу мал и маргинален раст или стабилни пазари, што значи дека оној огромен потенцијал што го има Европа не е максимално реализиран. Во некои земји има огромни структурални проблеми, некаде се тоа бирократски проблеми, некаде постои огромна невработеност и ригидност на работната рака, а некои се премали пазари, иако се во ЕУ. Затоа на европскиот континент тешко може да се најде земја каде што има раст на пазарите.

Растот на инвестициите, од она што фирмите ни го кажуваат, го гледаме во Америка, бидејќи иако и оваа економија има структурни промени, таа брзо се справува со нив. Во САД има бум на инвестирање во енергетиката и во енергетските извори и се проценува дека за 10 до 15 години ќе стане енергетски независна и ќе биде најголем производител на гас, а за неколку години и на нафта, и тоа драстично ги намалува енергетските трошоци, што заедно со флексибилен пазар на работна рака, овозможува раст, па затоа Америка има потенцијал. Во Kина има мало забавување на растот, но целиот азиски континент е во подем, па и на овој пазар, како и во Русија и во Јужна Америка, гледаме потенцијал. Тоа се истовремено и пазари кон кои можат да се ориентираат домашните .

Фокус ни е и азискиот континент, особено на земјите во близина на Европа, какви се Русија и Турција како големи пазари. Оваа година ќе се обидеме и во Јужна Америка, да видиме каков е потенцијалот таму за инвестиции од тие региони.

Споменавте дека настојувате да бидеме поконкурентни во однос на други земји. Што уште може да се направи во таа насока за да бидеме во предност?

Она што досега го имаме направено е ставање фокус врз образованието зашто сепак фирмите сакаат да вработат квалитетен кадар. Ако нема кадри, ништо не вреди. Затоа во изминативе години посветивме внимание на зголемување на бројот на студенти и дипломци. Втор чекор е зголемување на квалитетот на тие кадри и подобри програми за дообука. Тука сакаме с` повеќе да ги вклучиме вишите технички школи, кои се доста добар механизам за дообучување на на кадарот. Продолжуваме да инвестираме во инфраструктурата, односно во поврзаноста на Македонија со останатите земји, подобрување на автопатиштата, с` повеќе општини да се достапни за такви инвестиции. И секако, подобрување на какви било бирократски процедури, намалување на давачките или воведување активни субвенции во ситуации кога имаме конкуренција од некоја друга земја што го нуди истото.

Извор: „Дневник“

Новинар: Зденка Павковиќ

Неодамна изјавивте дека со измените на Изборниот законик се исполнети условите за демократски и фер локални избори. Но, опозицијата смета дека не се исполнети сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР  во однос на Изборниот законик. Како ги коментирате опозциските забелешки?

- Прашањето на измените на Изборниот законик не е завршено прашање, напротив во однос на таа тема се продолжува во континуитет. Имено Собранието на Република Македонија ги усвои измените на Изборниот законик  кои се однесуваа на локалните избори. Измените кои беа прифатени  во Собранието се со приоритет во делот на локалните избори, а во наредниот период ќе продолжиме во делот на парламентарните и претседателските избори кои исто така се дел од препораките од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

Самите членови на Работната група побараа прво да заврши постапката во Собранието, каде на предлозите имаше  доставено повеќе амандмани. Значи Министерството за правда, односно Владата на Република Македонија ќе направи се што е во рамките на нејзината надлежност во однос на продолжување со  работа на  Работната група.

Дали се направени измени  во Изборниот законик кои се однесуваат на гласањето на дијаспората, имајќи предвид дека на последните избори беа забележани слабости?

- Работната група при Министерство за правда расправаше околу измените на Изборниот законик, односно околу гласањето на дијаспората, при што приоритет даде на измените на Законот кој се однесува за локалните избори како дел од дадените препораките од ОБСЕ/ОДИХР, а истовремено продолжува континуирано да се работи со цел да бидат вградени сите препораки дадени од ОБСЕ/ОДИХР вклучувајќи го и гласањето на дијаспората, која претставува приоритет и силна волја на Владата на Република Македонија.  

До каде е постапката за измените и дополнувањата на Законот со кој целосно ќе се уреди материјата за вршење на процена и ќе се обезбеди уставното право за утврдување на пазарната вредност на предметот на процена при експропријациите?

- На крајот на минатата година се извршија и првичните формални и неопходни активности за започнување со работа на проценувачите во Република Македонија. Имено со   формирањето на Комората на проценувачи формално започнаа со работа проценувачите во Република Македонија.

На  основачкото  Собрание  беа усвоени и основните акти на Комората  како што се  Деловникот за работа, Статутот на Комората, Правилникот за дисциплинска одговорност и Програмата за работа на Комората на проценувачите.

Се изврши и избор на претседател на Комората на проценувачите. Процените се неопходни и се вршат во сите случаи на пренос на правото на сопственост, кога се определува вредноста на капитал во случаи во кои доаѓа до промена на вредноста и структурата на капиталот и  при статусни промени, во постапки на стечај и ликвидација, при финансирање и подигање на хипотекарен и заложен кредит, при пребивање на побарувања во постапка за експропрацијација, одданочување со даноци на имот, инвеститорски консалтинг и во други случаи предвидени со закон.

Владата на Република Македонија оцени за потребно да се донесе предметниот закон при што целосни ќе се уреди материјата за вршење на процена и се обезбеди уставното право за утврдување на пазарната вредност на предметот на процена при експропријациите, како и при определување на вредноста на капиталот на друштвата во сите случаи кога доаѓа до промена на вредноста и структурата на капиталот, во стечајните постапки, при финансирањето и кредитирањето, и други случаи предвидени со  закон.

Заради горенаведеното во насока на  обезбедување на економска стабилност на пазарот, се востанови дејноста процена.

Во фаза на донесување е Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за медијација. Што поконкретно предвидуваат овие измени и дополнувања?

- Со  Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за медијација се воведува субвенционирање на медијацијата од државата, како резултат на определбата на државата за поуспешно функционирање на концептот на медијација во Република Македонија.  

Субвенционирањето на медијацијата од страна на државата има за цел  стимулирање на процесот на медијација во Република Македонија и уверување на страните во праксаата за бенефициите од постапките за медијација, без притоа да трпат определени финансиски импликации.

Имено со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за медијација се предвидува дека државата ја субвенционира постапката за  медијација доколку бидат исполнети следните услови: постапката за медијација била спроведена пред започнување на судска постапка, една од страните во постапката за медијација е физичко лице, медијаторот го пријавил предметот за медијација како завршен во Регистарот за евиденција на постапките за медијација, и ако медијаторот презентирал трошковник на пропишан образец за наплатени трошоци на постапката за медијација и наградата на медијаторот. Воедно се пропишува дека државата субвенционира само една постапка за медијација помеѓу исти страни за еден спорен однос со цел спечување можни злоупотреби и ист спорен однос помеѓу исти странки да  се користат субвенции од државата.

Условите во затворите во државава се уште не се на посакуваното ниво. Каква е моменталната состојба во затворите и дали конечно подобрите условите ќе станат реалност ?

- Во однос на забелешките дадени  во извештаите на Комитетот против тортура од Советот на Европа можам да кажам дека за прв пат по многу извештаи од КПТ  нотиран е позитивен напредок.

Во таа смисла по препорака на Комитетот подобрени се  условите во најкртичните делови. Доекипирани се и подобро организирани се чуварските служби, а донесени се редица куќни правила и програми за рехабилитација. Направена е реконструкција на постоечките објекти  и  подобрен е статусот на вработените.

Во еден од нотираните факти се спомнува  - злоупотреба  во секторот обезбедување. Во тој дел има изработено Упатство за внатрешна контрола  кое упатство секој затвор поединечно треба да го применува.

Со новите законски и подзаконски акти се настојува да се превенира и да се спречи злоупотребата во затворите.

Поведена е дисциплинска постапка  против 42 вработени, а на 5 лица им престанал работниот однос. Исто така важно е да напоменеме дека ригорозно се постапува со сите кои ја злоупотребуваат службената должност и безбедноста на затворениците.

Но морам да напоменам дека не очекуваме  се да се смени преку ноќ. Најголем проблем е пренаселеноста, која ќе се реши со скорешно отварање на Кумановскиот затвор. Во наредниот период  се очекува да почне изградбата на првата фаза објекти во комплексот Идризово-проект кој во неколку етапи треба да финишира со целосно нов казнено-поправен дом.

На последниот неформален состанок на министрите за правда и за внатрешни работи, што се одржа во Даблин, во рамки на ирското Претседателство со Советот на ЕУ учествувавте и Вие. Кои беа приоритетните прашања на дискусија?

- Темите околу кои дискутираа министрите за правда  од земјите членки на ЕУ, како и од земјите кандидати за членство во Унијата, беа посветени на постапки во преку-гранични случаи на стечај, заштита на личните податоци, како и заштита на основните права на граѓаните на ЕУ, активности за справување со говор на омраза и нетолеранција, како и борба против расизмот и антисемитизмот.

Во тој контекст, министрите беа едногласни дека е потребно ревидирање на Регулативата за постапките за стечај, преку поедноставување на формалностите со кои се регулира реципрочно признавање и извршување на пресудите во работи на прекугранични случаи на стечај, а со цел за поефикасни стечајни постапки во прекуграничните односи, кое воедно е едно од приоритетите на Ирското претседателство.

Исто така беше изразена взаемна согласност и волја за промовирање на човековите права преку превземање на мерки за казнување на насилство или омраза насочена против лица кои припаѓаат на одредена раса, боја, религија, национално или етничко потекло, како и казнување на извршувањето на таквите акти на јавно ширење или дистрибуција на плакати, слики или друг материјал.

Какви се Вашите очекувања за правдата во Република Македонија  во 2013 година?  

- Со оглед на активностите кои ги има превземено Министерството за правда,  а се прикажани во годишниот извештај за 2012 година, односно  во смисла на изготвените закони и подзаконски акти кои се усвоени и донесени од страна на Собранието на РМ или други закони и подзаконски акти кои се во постапка, очекувам успешно и професионално имплементација на законите и подзаконските акти од страна на судовите и другите државни институции кои се надлежни за нивната примена. Тоа не значи дека во 2013 година нема да има и други активности, напротив Министерството за правда и понатаму ќе продолжи со истото темпо на реализација на Програмата на Владата на Република Македонија во делот на донесување, изменување или дополнување на одредени закони кои се во надлежност на ова Министерство, а посебно сакам да нагласам дека Министерството за правда и понатаму ќе се залага за целосно усогласување на меѓународните конвенции, односно на правото на ЕУ со националното право на Република Македонија, како и спроведување на стручни обуки за судиите, јавните обвинители и други лица во насока на професионализација на кадровите заради правилна примена на законите. 

 

Извор: „МИА“

Новинар :Даниела Маркоска-Алексовска

 

ЕБОР предвиде дека македонската економија годинава ќе порасне за 1,8 отсто. Дали оваа проекција е реална и кои се носечките сектори што ќе ја опорават економијата?

- Проценката на ЕБОР дека економијата на Република Македонија во текот на 2013 година ќе се зголеми за 1,8 отсто е многу близу до стапката на пораст на БДП од 2 отсто во 2013 година, која ја проектираа Владата на Република Македонија и ММФ. Се чини дека таквата стапка е реално остварлива, затоа што е проектирана со примена на конзервативен (претпазлив) метод кој, главно, се сведува на следното:

Прво, при проектирањето се земени предвид актуелните и очекуваните стагнантни движења и состојби во светската економија и во економијата на ЕУ, особено во економиите на земјите со кои Република Македонија остварува најинтензивна економска соработка (Германија, Италија, Србија, Грција, В. Британија, Бугарија...);

Второ, БДП на Република Македонија во 2012 година се движеше околу нулата или можеби нешто под неа. Тоа значи дека споредбената основица за пораст на БДП во 2013 година е релативно ниска. Поради тоа, пораст од 1,8 отсто на економијата е вредност што може да се оствари, освен ако не се случи некое ново драстично нарушување на состојбите во европската економија, што би имало директни негативни последици и за македонската.

Проектираниот пораст на БДП може да се оствари со дејствување на повеќе сектори. Доминатно ќе биде влијанието на градежништвото, особено по најавите на Владата на Република Македонија за интензивирање на капиталните градежни интервенции во областа на патната и железничката инфраструктура и енергетиката. Дополнителен поттик на тоа ќе биде најавената или веќе почнатата реализација на странски директни инвестиции во развојните индустриски зони и во туризмот. Мерките што кон крајот на минатата и во почетоткот на оваа година ги донесе НБРМ ќе влијаат на поттикнување на производството за извоз на разни стоки и услуги, при истовремено намалување на увозот (особено на енергенси) што, исто така, позитивно ќе влијае врз големината на БДП. За остварување на планираниот пораст на БДП ќе влијае и задржувањето, а во одделни сегменти и зголемувањето на домашната потрошувачка, како резултат на зголемените буџетски средства за исплата на пензии и за социјални случаи. Најпосле, логично е да се очекува засилено дејство и на земјоделството, како резултат на натамошното зголемување на субвенциите во таа област, но и на се подобрата политика на откупување и пласирање на земјоделските производи на домашниот и на странските пазари.  

Дали има заинтересирани за тендерите за продажба на ОХИС, Еурокомпозити, ЕМО и Тутунски комбинат Прилеп?

- Интерес генерално постои за сите овие фирми, барем поаѓајќи од интересот за добивање на податоци, како и директни посети од страна на заинтересирани инвеститори. Бидејќи рокот  за претходно објавените јавни повици за продажба на акциите на Република Македонија во ОХИС АД Скопје и Еурокомпозит АД Прилеп беше продолжен,  а заинтересираните можат да подигнат тендерска документација и да достават понуди до 16.04.2013 година, премногу е рано да се зборува дали и колку понуди би добиле до крајниот рок. Веќе е познато во јавноста дека за друштвото ОХИС официјално е заинтересирана компанијата Алкот Груп, со седиште во Швајцарија. За Еурокомпозит АД Прилеп, пак, досега интерес пројавија компании од Велика Британија, САД, Турција и Литванија.

Според известувањето што го добивме од ЕМО Охрид АД, интерес за оваа фирма покажале компании од Италија, Србија и Турција, и тоа за купување на поодделни фабрики кои работат во состав на ЕМО АД, но пројавен е интерес и од страна на една македонска компанија за закуп на една од фабриките во состав на друштвото.

Генерално постои интерес и за Тутунски комбинат АД Прилеп, како една од компаниите со потешкотии во работењето, со доминанто учество  на акциите на Република Македонија во структурата на капиталот, но за нив последниот објавен повик за продажба на акциите на Република Македонија беше во 2010 година. 

Русите најавуваат влез во енергетскиот сектор во земјите од Западен Балкан. Се спомнува и нивна заинтересираност за Чебрен и Галиште. Дали е реално да се очекува дека ќе аплицираат на тендерот за изградба на овие две значајни хидроцентрали?

- Од информациите со кои располага Министерството за економија и анализите што се прават за состојбата во електроенергетскиот сектор во земјата и во регионот, може да се заклучи дека Русија преку своите енергетски компании полека навлегува во енергетскиот сектор во регионот. Како што е познато, руска компанија е сопственик и на ТЕ-ТО Скопје („Синтезис Груп”), која е независен производител на електрична и топлинска енергија, а од 1 јануари годинваа компанијата „Балкан Енерџи Груп” (која исто така е поврзана со „Синтезис Груп”) е носител на лиценците за производство, дистрибуција и снабдување со топлина во Скопје.

На 8 ноември 2012 година беше објавен Јавниот повик за изградба на хидроелектрани на Црна Река, т.е за ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште, а една од компаниите која откупи тендерска документација е и компанијата „Балкан Енерџи Груп”, според што не е исклучена можноста оваа компанија да достави понуда за изградба на овие две хидроелектрани.

 
Годинава Владата за прв пат предвиде 500.000 денари како техничка и консултантска помош за фирмите кои воведуваат ХАЛАЛ стандард. Дали воведувањето на овој стандард може да помогне за зголемување на македонскиот извоз?

- Една од целите на мерката е зајакнување на конкурентноста на производите и услугите произведени во Република Македонија, преку имплементирање на ХАЛАЛ стандардот. Пазарот на кој е задолжителен ХАЛАЛ стандардот опфаќа 1,8 милјарди жители, со потрошувачки капацитет од 635 милјарди евра и со годишна стапка на раст  30-40 отсто. Самите бројки ја детерминираат важноста на тој пазар, односно преку имплементацијата на ваков стандард не се исполнуваат само условите за извоз на овој пазар,  туку воедно се отвара нов пазар како можност за пласирање на различни производи и услуги кои што се произведуваат кај нас. Затоа  Министерството за економија, во соработка со ИВЗ и стопанските комори во Република Македонија одлучи во рамките на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништвио за 2013 година да воведе една таква мерка, која се очекува директно да влијае врз намалување на трошоците за воведување на ХАЛАЛ стандардот во рамките на компаниите, а со тоа ќе се придонесе генерално кон подобрување на квалитетот и конкурентноста на нашите производи во пазарот.  

Какви се ефектите од владината поддршка за отворање мали бизниси?

- Сите мерки кои Владата на Република Македонија ги има планирано и реализирано се во насока на подобрување на бизнис опкружувањето, институционалната поддршка на малите бизниси, пристапот до обуки и пристапот на капитал. Сето ова се прави со цел да се олесни започнувањето со бизнис во Македонија, кое треба да ја зголеми претприемничката активност на државата, а со тоа да се придонесе кон намалување на невработеноста и зголемување на економскиот раст. 

Во оваа насока Владата на Република Македонија, преку Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика и Македонската банка за поддршка на развојот, реализираат проекти и мерки кои имаат за цел олеснување на отварањето на нови бизниси и тоа преку обезбедување на субвенции, ваучери за потенцијалните и постоечките фирми, грантови и кредити. И покрај негативното влијание на економската криза врз севкупната економска активност,  Владата на Република Македонија преку имплементација на активни мерки, поточно конкретни проекти и мерки, во голема мера ги амортизираше негативните ефекти. Меѓу нив се: Субвенционирање на женското претприемништво; 50 отсто намалување на трошоците за регистрација на бизнис за студенти; Програма за самовработување; Програма преку обука до субвенционирано вработување; Програма преку обука до одржлива вработување; Едукација за започнување на бизнис; Субвенционирање на вработување; Финансиска поддршка на правни субјекти – МСП и занаетчии за отварање на нови работни места, како и преку Програмата за развој и промоција на туризмот.

Дали и годинава ќе се даваат субвенции за домаќинствата кои ќе вградат сончеви колектори и дали се размислува за зголемување на бројот на домаќинства кои ќе добијат субвенција?

- Секако, со цел поголемо стимулирање на користењето на сончевата енергија во Република Македонија, Владата на Република Македонија и оваа година донесе Програма за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2013 година (Сл.весник бр.04/2013).

За нејзина реализација за 2013 година во Буџетот на Република Македонија се обезбедени средства во вкупен износ од 6.000.000 денари, кои ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30 отсто, но не повеќе од 300 евра во денарска противредност по домаќинство за 2013 година.

Јавниот оглас е веќе објавен, и тоа на 25 јануари во неколку дневни весници и на веб страницата на Министерството за економија и ќе трае до 31 мај. Секој заинтересиран граѓанин, кој има купено и вградено соларен колектор во својот дом во  времетраењето на огласот од 25 јануари до 31 мај оваа година има право да достави барање за надоместување на дел од трошоците.

На 8 јуни е предвидено јавното извлекување на добитниците, за деталите дополнително ќе биде информирана јавноста, а сите баратели ќе бидат поканети на јавниот настан.

И во изминатиот период, односно во текот на 2007, 2009, 2011 и 2012 година беа реализирани програмите за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на сончеви термални системи. Досега вкупно се субвенционирани 1.901 домаќинства, односно во 2007 и 2009 година по 500 домаѓинства, во 2011 година 420 домаќинства и во 2012 година 481 домаќинство.

Поголемото вклучување на обновливите извори на енергија во енергетската потрошувачка се една од главните стратешки цели на Владата на Република Македонија во енергетскиот сектор. Вклучувањето на обновливите извори на енергија е значајно од аспект на создавање услови за безбедно снабдување со енергија и креирање на услови за одржлив развој во земјата. Владата ги мотивира и пред се ги подржува сите мерки и активности кои придонесуваат за промоција на обновливите извори на енергија, како и заштитата на животната средина. И стимулирањето на користењето на соларните колектори во домаќинствата е една од мерките кои се  планираат да се реализираат и во иднина на годишно ниво.

Туризмот во Македонија во последниов период станува една од позначајните гранки. Дали се предвидува некоја нова мерка за привлекување туристи и колку субвенции се предвидени  за годинава за привлекување странски туристи?

- Ние како Влада, водејќи се од својата заложба за развој, унапредување и промоција на туризмот во државата, покрај субвенциите за ниско буџетните авио компании со цел привлекување на овие авио компании и отворени нови линии за поврзаност со светот, преку Програмата за развој на туризмот за 2013 година, ќе дадеме сериозна поддршка и значителен придонес во развојот на туристичката дејност.

Намената на издвоените средства е ефикасна и конкретна поддршка на промотивните активности за туристичкиот развој на државата, поттикнување на инвестициите во туризмот, презентација на Република Македонија како поволна и интересна туристичка дестинација, анимација на странските туристи за остварување на посети на земјата, развој на туристичките гранки, овозможување подобра и поефикасна туристичка понуда, како и директна финансиска поддршка за привлекување на странски туристи преку субвенционирање на туристичките агенции кои носат странски туристи во земјата.

Дел од активностите ќе се реализираат преку Министерството за економија, а дел преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Мора да споменеме дека оваа година Владата издвои 148.000.000 денари или околу 2,5 милиони евра, што е за два и пол пати повеќе средства во однос на минатата година, кога финансиската поддршка изнесуваше околу милион евра.

Посебно значајно е што како Влада годинава ја зголемивме сумата за субвенции за привлекување на странски туристи, односно за субвенционирање на организираниот туристички промет и од минатогодишните 800.000 евра за оваа намена, во 2013 година се издвоени 1.000.000 евра, што е зголемување за 20 отсто.

За поддршка на редовните промотивни активности се предвидуваат 53.000.000 денари, и тоа за: промотивен материјал, учество на туристички саеми, средби со странски туроператори и посети на Република Македонија од страна на туроператори и новинари, билборд кампањи, конференции и работилници за дојдовен туризам.

Така, годинава потенцијалите на нашата земја организирано ќе бидат презентирани и промовирани на 18 дестинации, и тоа на големи саемски манифестации од областа на туризмот, како што се саемите во Москва, Виена, Хелсинки, Утрехт, Софија, Тирана, Истанбул, Белград, Варшава, Брисел, Милано, Гетеборг, Познањ и Берлин, како и специјална промоција на саеми и останати манифестации во Индија, Кина, Јапонија и САД, со што се очекува зголемување на свесноста на странските туроператори за нашата земја, што би резултирало и со зголемени посети.

Предвидена е и електронска промоција, преку нови медиуми и интернет, чиј таргет е младата популација која е најголем корисник на овие медиуми, како и специфична промотивна активност насочена кон транзитните патници кои циркулираат во земјата одејќи кон друга дестинација.  

Поддршка на туризмот годинава ќе опфаќа и мапирање и обележување на планинарски и велосипедски патеки, креирање на мапи, како и комплетен водич и е-водич со планинарски и за велосипедски патеки;  поддршка и развој и промоција на кампинзите; развој на е-пазар „Изнајми стан или викендичка“; поддршка и организација на културни и спортски активности во функција на развој на туризмот; изработка на стратегии за развој на алтернативен туризам и сл.

Со 4.704.000 денари ќе се спроведат активности за субвенционирање за разни туристички манифестации и форуми и субвенционирање на Националните ресторани-меани, ќе се продолжи со проектот за одбележување (сигнализација) на туристичките места, печатење на промотивни материјали од областа на туризмот, функционирање на  центарот за обука со едукација и тренинзи во туризмот и угостителството за платформата „доживотно учење“ и сл.

Во делот на развојот на туризмот интересни годинава се и четирите кредитни линии за долгорочно финансирање за купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети до 70 легла со стандард не поголем од оној кој е определен со три ѕвезди, проект кој е дел од Програмата на Владата за 2011-2015 година.

Станува збор за четири кредитни линии, изработени во соработка со Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), по поволни услови со прифатлив и разумен рок на отплата и вклучен грејс-период, кои помагаат при купување, изградба или адаптација на сместувачки капацитети. Се работи за поттикнување на отворање на нови сместувачки капацитети кои особено во европските држави се масовно искористени и претставуваат значаен дел од обртот на средства во светскиот туризам, а се и модел за развој на малиот и среден бизнис. 

Посебен акцент би сакал да ставам и на новата програма за вложување во инфраструктурата во државата, пред се на патната, која е многу важна за развојот на туризмот, воопшто.

 

Извор: „МИА“

Новинар: Валентин Јанковски

 

Реконструкција на галерискиот простор на Музејот на современата уметност, во кој конечно ќе биде презентирана постојана поставка со дела од богатата колекција на музејот, меѓународни претставувања на македонската култура во Марсеј, Венеција, Ница, Рим, Денови на македонската култура во Шведска и во Холандија, учество на саемите на книгата во Белград и во Истанбул. Ова е само дел од содржините најавени во Националната програма за култура, на кои, како што вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ќе биде ставен фокус во претстојнава година. Министерката најавува дека ќе инсистира јавноста да биде информирана за проектите за кои не е поднесен отчет, а за кои се земени државни пари, како и за проектите што се финансирани од државата, а сѐ уште не се реализирани. Државните пари мора да се оправдаат, вели Канческа-Милевска.

Денеска ја објавивте Националната програма за култура. Кои проекти би ги издвоиле како најзначајни во годинашниот избор?


- Во годишната програма се поддржани повеќе проекти, кои се од големо значење и за институциите и за уметниците, но и за целокупниот позитивен развој на културата во нашата земја. Тоа се проекти од сите дејности на културата, како и капитални инвестиции значајни за самите институции. Оваа година ќе продолжиме со заштитата на нашето вредно културно наследство и со интензивна меѓународна културна промоција. Од позначајните проекти во годишната програма, ќе ја издвојам реконструкцијата на галерискиот простор на Музејот на современата уметност, во кој конечно ќе биде презентирана постојаната поставка со дела од богатата колекција на музејот. Публиката ќе има можност да ги види уметничките дела на Пикасо, Вазарели, Хокни, Џаспер Џонс и на многу други што ги поседува музејот.
Годинава ќе го отвориме и музејот на децата-бегалци во рамките на Музејот на Македонија, а ќе ја завршиме и реконструкцијата на киносалите во Кратово и во Пробиштип, реконструкцијата на Музејот во Крива Паланка, како и реконструкцијата на саат-кулите во Прилеп и во Гостивар. Во 2013-та ќе ја продолжиме и реализацијата на проектот за реконструкција на фасадите на објектите, кои се споменици на културата во сите градови низ Македонија. Тоа е долгорочен проект, кој ќе се реализира во следните четири години.

И покрај финансиската криза, буџетот за култура оваа година ќе биде поголем во однос на минатата. Како успеавте да се изборите за поголем буџет?


- Во време на економска криза, кратењето на средствата е секогаш на сметка на културата, но, за среќа, во нашата држава не е така. Премиерот и министрите во Владата имаат должна почит кон културата, кон нашето национално културно богатство и творештво, и тоа е многу важно. Со претходните проекти сме ја оправдале довербата, па затоа добиваме континуирана поддршка, која се зголемува од година на година. Сите проекти што ги реализираме придонесуваат за едно развојно поместување на културата.


Капиталните проекти, кои се во процес на изградба, полека се финализираат. Конечно и филхармоничарите, кои со децении немаат соодветен простор, ќе добијат своја концертна сала. Задоволни ли сте од динамиката на изградба и дали договорените термини за финализација ќе бидат запазени?


- Се работи за сложени градби, кои првпат се градат во нашата држава, како театарот, концертната сала или новите музеи, кои имаат навистина современ и модерен пристап во изложувањето на музејските експонати. Кога почнуваат проектите, секогаш се изготвува динамика, но понекогаш работите не одат според зацртаниот план, од објективни причини. Тоа не зависи од нас, туку од сите инволвирани страни што ги реализираат проектите. Голем дел од овие објекти се завршени, а дел од нив се во завршна фаза. Оваа година нѐ очекува завршување на изградбата и промоција на значајните капитални објекти, како што се Стариот театар, Археолошкиот музеј и Театарот во Велес, а ќе ја започнеме и изградбата на Турскиот и на Струмичкиот театар, како и реконструкцијата на Албанскиот театар. Идната година ќе биде завршена и концертната сала за Македонската филхармонија. Во 2014 година оваа најстара институција во нашата држава одбележува 70 години од формирањето, па ќе биде пригодно овој јубилеј да го прослават во нова концертна сала. Во моментов е објавен тендер за последната фаза од изградбата, за реализација на ентериерот со акустиката.

Изминативе години малку поголем акцент е ставен на меѓународните претставувања. Се презентира ли доволно македонската култура во странство?


- Меѓународните претставувања се приоритет и во Програмата за култура за 2013 година. Македонската култура оваа година ќе биде претставена во Марсеј - европската престолнина на културата за 2013 година, ќе одиме на Биеналето во Венеција, ќе организираме Денови на македонската култура во Шведска и во Холандија, земји со кои одбележуваме 20-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи. Македонија ќе учествува и на 7. Франкофонски игри во Ница, а традиционално ќе се реализира и манифестацијата „Во чест на св. Кирил“ во Рим. Македонската опера и балет, Филхармонијата и театрите, исто така, ќе имаат меѓународни претставувања, како и уметниците, кои индивидуално ќе ја презентираат нашата култура во странство или го промовираат своето творештво во културно-информативните центри во Њујорк и во Софија. Ќе бидеме присутни и на саемите на книгата во Белград и во Истанбул.

Подготвивте и Национална стратегија за култура. Ќе помогне ли оваа форма да се детектираат приоритетите во македонската култура?


- Националната стратегија ја изработивме многу транспарентно, во консултација со странски и со домашни експерти, со соработници од МАНУ, имавме јавна расправа, дебати. Исто така, стратегијата беше испратена на мислење до над 150 субјекти од областа на културата, институции, граѓански здруженија, истакнати поединци од културата, државни органи. Она што е важно да се напомене е дека не станува збор за декларативен документ, туку документ со посебен акциски план за подобрување на условите во македонската култура. Детектирани се сите слабости во сите сфери на културата и дадени се конкретни решенија. Од нив нема бегање, тие мора да се применат. Стратегијата помина на седница на Владата, а сега треба да биде изгласана и во Собранието. Мислам дека успеавме да создадеме квалитетен стратегиски документ, кој ќе има позитивна рефлексија во остварувањето на културата и ќе ги промени работите на подобро.


Уметниците велат дека сте исклучително отворена за соработка и дека не ви е важна партиската определеност кога станува збор за презентација на македонската култура. Кои критериуми ви се важни кога давате зелено светло за одреден проект?


- Политиката мора да се тргне настрана кога станува збор за уметност и култура. Јас сум целосно неоптоварена и ослободена од тоа бидејќи за мене се најважни уметничките вредности, креативноста и успешната презентација на македонската култура во странство. Се радувам и се гордеам на секој постигнат успех на македонските уметници и институции, кој, верувајте, е најголемо признание и најсилен аргумент на една држава. Отворена сум кон сите, квалитетот ми е на прво место.

Проектот „Скопје 2014“ ја подели стручната јавност. Сте се посомневале ли некогаш во неговата оправданост?


- Никогаш не сум се посомневала во оправданоста на проектот, секогаш велам дека времето ќе покаже од какво значење биле овие инвестиции, и од историски и од културен и од архитектонски аспект. Од страна на Министерството за култура, реализацијата на овие проекти е во согласност со сите законски прописи и процедури во нашата држава. За сите објекти што ги реализира Министерството за култура во почетокот распишавме меѓународни конкурси за идејни решенија, а во комисиите членуваа архитекти предложени од асоцијациите на архитектите на Македонија. Тие архитекти, кои беа именувани во комисиите по предлог на асоцијациите на архитектите, ги избраа идејните решенија и го ставија својот потпис на одлуките. Во комисиите членуваше и по еден странски архитект. Идејните решенија пристигнати на конкурсите ѝ беа презентирани и на јавноста, преку неколку изложби. Целата процедура беше транспарентна, ние не наметнавме ниту едно решение, а изборот беше направен од членовите на комисиите. Објектите што се изградија и оние што наскоро ќе бидат финализирани се од капитално значење за македонската култура. Конечно ќе добиеме репрезентативен театар опремен со најмодерна технологија, во кој уметниците ќе имаат нормални услови за работа. Македонската филхармонија, по речиси седум децении, конечно ќе добие концертна сала, направена според највисоки стандарди. Нема сомневање кога станува збор за овие проекти, тие се важни за македонската култура, за афирмација на нашите културни вредности. Тие ќе останат, а ние сме минливи и менливи. 

Ве критикуваат дека во Националната програма за култура го практикувате принципот секому по малку. Тешко ли е да се направи соодветна селекција на проекти, а истовремено да бидат задоволни сите што заслужиле да бидат финансирани со државни пари?


- Не се согласувам со таа констатација, зашто ако е така, немаше да се реализираат голем број капитални проекти, а за тоа говорат резултатите и фактите. Никогаш досега не се финансирала толку интензивно културата, особено во делот на капиталните проекти. Она што е интересно да се каже, а на јавноста не ѝ е познато, е какви проекти пристигнуваат на адресата на Министерството за култура. Има проекти со несоодветно пополнети апликации во кои содржините на проектите не се елаборирани на соодветен начин, на некои дури и годината не им е изменета, бидејќи со истиот проект конкурирале и претходно до Министерството за култура. Треба да се има посериозен пристап кон конкурсот и пополнувањето на апликациите. Од оваа година ќе инсистираме јавноста да биде информирана за проектите за кои не е поднесен отчет, а за кои се земени државни пари, за проектите што се финансирани од државата, а сѐ уште не се реализирани. Државните пари мора да се оправдаат. Оваа година имаше навистина квалитетни проекти, наспроти оние примери што ги споменав, а стручните комисии, како и досега, водеа сметка да се направи добар избор на проекти, кои се квалитетни и се од национален интерес за културата. Комисиите не се водат од принципот секому по малку, туку е важно да се поддржат капитални проекти, да се направи добра селекција во која нема да биде запоставен ниту еден сегмент од македонската култура. Важно ни е да постои рамноправен однос кон сите сфери во културата. Мислам дека и годинава направивме добар избор на квалитетни и издржани проекти. 

 

Извор: „Нова Македонија“

Новинар: Ангелина Димоска

 

Госпоѓо Канческа-Милевска, во време на економска криза во Европа, каков буџет за култура може да очекуваме во 2013 година?

- Во споредба со претходната година, можам да кажам генерално дека вкупниот буџет на Министерството за култура за 2013 година е зголемен за над 19 проценти. Ме радува фактот што програмските средства за дејностите од областа на културата се зголемени, а во делот на капиталните инвестиции се следи динамиката на сите проекти што се наоѓаат во програмата на Министерството и на Владата на Република Македонија. Можеме да очекуваме поддршка на голем број квалитетни проекти во културата и завршна реализација на голем број капитални инвестиции. Оваа година не очекува завршување на изградбата и промоција на значајните објекти, како што се Стариот театар, Археолошкиот музеј, театарот во Велес; промоција на куќата на родителите на Ататурк; реконструкција на делот на МСУ во кој ќе биде изложена постојана поставка, а ќе го отвориме и Музејот на децата-бегалци во рамките на Музејот на Македонија, како и многу други. Ќе продолжиме со заштитата на нашето вредно културно наследство и со интензивна меѓународна културна промоција. Во 2013-та ќе ја започнеме и изградбата на Турскиот и на Струмичкиот театар, како и реконструкцијата на Албанскиот театар. Во 2014, пак, не очекува отворањето на концертната сала за Македонската филхармонија, со која оваа институција ќе го одбележи својот значаен јубилеј - 70 години од основањето.

Најавено е дека старо-новиот театар ќе биде отворен во 2013 година. Знаеме дека се работи на внатрешноста на театарот, на орнаментиката и сл. До каде се активностите и се планира ли големо отворање?

- Особено значајно е што сите капитални инвестиции што беа ветени во програмата на Владата и на Министерството за култура се реализираат и се остваруваат со интензивно темпо. Она што го имавме ветено како инвестиција, во голем процент е завршено и промовирано. Во моментов, сите сили ни се насочени кон отворањето на Стариот театар и настојуваме, доколку ни дозволат временските услови, тоа да се случи на 27 март, Светскиот ден на театарот. Свеченото отворање на Стариот театар ќе биде одбележано со премиерна изведба на текст од Јордан Плевнеш, "Вечна куќа". Верувам дека на отворањето на театарот ќе присуствуваат многу мои колеги, министри за култура од регионот и пошироко, до кои ќе упатам покани, а, се разбира, дека нема да изостане и присуството на уметниците од странство, на луѓето од фелата, кои ќе бидат поканети од директорот на МНТ, како и од другите директори. Граѓаните со нетрпение го очекуваат отворањето на овој објект бидејќи кај голем дел од нив се уште живее носталгијата за стариот театар кој е дел од нивната младост, место на кое се среќавале, се дружеле и уживале во културните содржини.

Во моментов интензивно работиме на орнаментиката во објектот. Многу е значајно што театарот ќе биде и музеј сам по себе бидејќи низ орнаментиката е претставено нашето богато културно наследство, мотиви кои припаѓаат на доцноантичкото, средновековното и постсредновековното уметничко наследство од сферата на мозаичната продукција, фрескосликарството, иконописот, декоративната пластика и копаничарските творби. Тука ќе ја видите нашата најубава резба од црквата "Свети Спас", орнаментика од мозаиците од Хераклеја, детали од теракотните икони од Виница, земскиот грб на Македонија од 16 век, маски, релјефи, менади, музи.

Пет реномирани уметници од РМ, кои беа избрани на конкурс, во моментов го украсуваат таванот на главната сала на театарот каде што ќе биде отсликана нашата богата културна слоевитост. Интензивно се работи и на влезната партија во фоајето каде што ќе биде претставена голема композиција на скулптури на нашите основачи на театарот: Прличев, Чернодрински, Хаџи Константинов-Џинот, Иљовски, Крле, Панов, што ја изработува авторот Карадаре. Театарот има уште една сцена за помали театарски претстави. На горната површина се поставени 46 скулптури од познати македонски автори кои ја доловуваат атмосферата на драмата, комедијата и трагедијата, како и човечки претстави кои со својата појава упатуваат на содржините на театарот.

 Ќе се засили ли меѓународната дејност оваа година, дали македонската култура ќе биде присутна во странство?

- Меѓународната промоција е многу важна за една држава. Македонија има многу што да промовира и да покаже и на полето на културното наследство и на полето на богатото културно уметничко творештво. И оваа година, како и претходните, ќе продолжиме со интензивна културна промоција во странство. Во споредба со многу години наназад, сега средствата во меѓународната дејност се зголемени двојно. За илустрација, во 2006 година за меѓународна дејност биле издвоени 35 милиони денари, а во 2012 - 75 милиони денари. Во Годишната програма на Министерството се поддржуваат голем број проекти на нашите национални и локални институции, граѓански здруженија и реномирани уметници. Во меѓународната дејност во 2012 година имавме поддржано вкупно 253 проекти, од кои 91 проект се на независната културна сцена, што зборува за партнерскиот однос на Министерството за култура со овој сектор. Министерството обезбедува средства за котизации, за членарини, бидејќи е важно нашите институции да бидат дел од меѓународните организации. Се води сметка и во делот на индивидуални проекти на наши уметници што изложуваат во странство. Ќе го посочам ателјето во Париз, каде што многу наши репродуктивци престојуваат по два месеца, односно секоја година по шест уметници имаат можност да престојуваат, да разменат искуства, да разменат проекти со авторите и со институциите од оваа земја. Ќе ги споменам и Културниот центар во Њујорк и Културниот центар во Софија, а сега се планира да се отворат културни центри и во Истанбул и во Москва. Тоа е одлична можност за културата, за нашите уметници да имаат каде да изложуваат, каде да се промовираат и да остваруваат идни контакти и проекти. Ќе ја споменам и успешноста во искористување на ИПА-фондовите, програмата "Култура 2007-2013", а интензивно работиме и на спроведување и промоција на Стратегијата за креативните индустрии.

Исто така, во областа на издаваштвото, на последниот состанок на Советот за култура беше укажано дека треба да се воведат уште построги критериуми при изборот на проектите на издавачките куќи кои се јавуваат како комесари и не претставуваат на саемите на книгата. Саемите се одличен простор за да се промовира културата на државата. Се сеќавам дека во поранешно време саемите не се искористуваа во таа насока, а можам да кажам дека во Франкфурт, на пример, покрај издаваштвото имавме и одлична промоција на сите потенцијали на нашата држава.

Оваа година не очекува промоција во државите со кои одбележуваме 20 години билатерални односи - Шведска и Холандија, ќе има претставување во Брисел, како и во Марсеј, кој е европска престолнина на културата. Традиционално, македонската култура ќе биде претставена и на Биеналето на ликовната уметност во Венеција и на манифестацијата "Македонија во чест на св. Кирил" во Рим, а ќе се реализираат и многу други проекти.

Што ќе се случува на полето на филмот во 2013? Се разговара за изградба на ново студио, привлекување на странски продукции, излез од кризата на "Вардар филм"...?

- Морам да истакнам дека за филмската дејност во Република Македонија се води грижа како никогаш досега. Навистина е евидентна поддршката од страна на Владата на Република Македонија која не изостанува во ниту еден сегмент од филмското производство. Податоците говорат дека во последните пет години се реализираа 61 филм, се снимија многу документарни филмови, а забележливо е и присуството на македонските филмови на светските фестивали. Ќе споменам дека Македонија на Берлинскиот и на Канскиот фестивал минатата година се претстави со дури 3 филма. Оваа година ја очекуваме и финалната реализација на филмовите на Столе Попов "До балчак" и на Игор Иванов-Изи "Соба со пијано" за кои верувам дека ќе се најдат на програмите и на нашите и на странските фестивали, а ќе започнат да се снимаат и нови филмови.

Сакам да потенцирам дека Министерството за култура во изминатиот период пристапи кон изработка на анализа на сите состојби во филмската дејност, во која свој придонес дадоа Кинотеката на Македонија, Филмскиот фонд и голем број домашни и странски експерти. Оваа анализа имаше цел да понуди ефективни решенија за разрешување на долгогодишната агонија со "Вардар филм", истражување на можностите за изградба на филмско студио (со опрема за филмска продукција и постпродукција) или за адаптација, што ги ветивме во Програмата на Владата, како и изнаоѓање предлог-мерки за поттикнување на странска филмска и телевизиска продукција во Македонија. По изработката на анализата, подготвивме поопсежна информација до Владата на РМ во која предложивме рестартирање на "Вардар филм" кој во иднина би функционирал како нова национална институција која ќе се грижи за промоција и за дистрибуција на македонските филмови во странство. Многу важно е да се направат големи чекори во промоцијата и дистрибуцијата на филмовите. Покрај учеството на фестивалите, македонските филмови мора преку странските дистрибутери да се прикажуваат и на странските киномрежи за да можат граѓаните на другите држави да се запознаат со македонското филмско творештво. Во однос на изградбата на филмското студио, предложивме тоа да се реализира по пат на јавно-приватно партнерство, со доделување земјиште од страна на државата. Доколку не постои интерес за тоа, државата би купила опрема која би ја менаџирала институцијата "Вардар филм", а би ја користеле субјекти кои имаат добиено поддршка од Филмскиот фонд за филмска продукција. Исто така, ја утврдивме и потребата од изнаоѓање решенија за поттикнување на странската продукција во Македонија. Како што знаете, во Република Македонија даноците се со најниска стапка споредено со другите држави. Ќе формираме работна група со претставници на Министерството за финансии, на УЈП и филмски работници за да видиме на кој начин да им го олесниме пристапот на странските филмаџии, кои би ги реализирале своите продукции во Македонија.

Во наредниот период ќе се работи и на измена на Законот за Филмскиот фонд со цел да се изнајдат и други извори на финансирање на Фондот. Во моментов Фондот обезбедува средства само од државата, а тој мора да собира средства и од други, алтернативни извори, по примерот на многу други држави. Информацијата за состојбите во филмската дејност со предлог-мерките за нивно надминување е веќе доставена до Владата и по нејзиното усвојување, ќе се преземат и сите чекори за нивна имплементација.

Кога сме кај промоција на филмот, може ли подетално да прокоментирате кои се плановите околу промоцијата на книгата надвор од државата. Се најавува Агенција за книга...

- Во Националната стратегија за култура ги детектиравме сите слабости во остварувањето на културата во РМ и понудивме решенија кои ќе ги унапредат состојбите во поединечните дејности. Во издавачката дејност предвидовме основање на Центар за книгата како специјализирана и координативна институција која ќе се грижи за промоција и афирмација на книгата, како и институционална поткрепа и подобрување на законските регулативи за оваа дејност. Предложивме и објавување на конкурс за меѓународни издавачки куќи кои би преведувале дела на наши македонски автори на странските јазици, како значаен сегмент.

Македонија е една од ретките држави во светот што дава огромна поддршка на издаваштвото. Покрај конкурсот што го објавува Министерството секоја година за поддршка на издавачките куќи како приватни субјекти, Министерството за култура објавува и посебен повик за откуп на книги, со цел сето она што е значајно како книжен фонд да се откупи и да се дистрибуира до националните и до другите библиотеки во Македонија. Во другите држави тоа функционира само врз база на откуп, а така се гледа на пазарот и успешноста на приватните издавачки куќи и на нивниот пласман. Во последниот период, како што знаете, се реализираа и низа капитални проекти од областа на издаваштвото. Ќе ја споменам едицијата 130 тома македонска книжевност" на македонски и англиски јазик, која е веќе дистрибуирана во повеќе од 400 светски библиотеки и чиј антологиски приказ наскоро ќе биде преведен и на други јазици; публикацијата Превод на дела на добитници на "Нобеловата награда" кој е комплетно завршен и неодамна проширен со уште 41 наслов; едицијата "Ѕвезди на светската книжевност" која содржи 560 книги и која комплетно ќе биде реализирана во 2014 година, а ќе го споменам и најновиот проект на кој работиме и е насловен "Врвови во светската мисла" во областа на филозофијата, психологијата со психоанализата и историјата.

Коментар околу актуелната ситуација и решенијата кои беа донесени околу авторските права во однос на ЗАМП и ММИ.

- Кога се носеше новиот Закон за авторското право и сродните права, бев директно вклучена во сите фази од неговата изработка и донесување со цел да се слушнат сите субјекти - со кои проблеми се соочуваат, како сето тоа да се надмине и да се интегрира во Законот кој треба да биде во интерес и на оние што плаќаат и на оние што треба да ги соберат овие средства и да ги дистрибуираат до самите автори. Законот се донесе на транспарентен начин, преку голем број јавни расправи, поединечни состаноци и се усвои без ниедна забелешка од страна на Собранието на РМ.

Авторското право е неприкосновено право. Тоа право секаде во светот се цени и за тоа право секој мора да плати доколку го користи. Во согласност со Законот за авторското право, сите оние здруженија на граѓани што ги исполнуваат условите добиваат дозвола за колективно управување со авторските права. Во моментов две здруженија во РМ ја имаат таа дозвола, тоа се ЗАМП и ММИ. Ги прифаќам сите укажувања што беа изложени во јавноста бидејќи мора да се ставите и на едната и на другата страна. Навистина е важно да постои соработка меѓу здруженијата и оние субјекти што плаќаат за користење на авторските права. Ние целосно ја респектираме законската можност носителите на правата од користењето на својот труд и сопственост да остваруваат приходи, но, исто така, го уважуваме и фактот дека поддршката на корисниците е основен предуслов за остварување на нивната дејност. Затоа донесувањето на тарифникот треба да биде од заемен интерес на носителите на правата, корисниците и пошироката општествена заедница.

Министерството за култура по реакциите во јавноста за тарифникот на новото здружение ММИ согласно со Законот изврши надзор при кој наидовме на одредени слабости во нивниот статут и другите општи акти и не се согласивме со висината на надоместоците утврдени во тарифникот. Министерството нема надлежност во однос на донесувањето и објавувањето на ваквите тарифници и токму затоа, многу е битно кога се носи тарифник, тој да се донесува транспарентно, со максимална вклученост на сите засегнати страни. Од огромна важност е сиве овие здруженија да работат транспарентно, да даваат редовно отчетност пред јавноста, колку средства се собрани од корисниците и како се распоредени по автори. Оној што плаќа сака да знае дали средствата се дистрибуирани до авторите, а за авторите е битно колку средства се собрани и дали им се законски доделени. Само на ваков транспарентен и отчетен начин на работа на здруженијата можат да се остварат целите на колективното управување со авторските права што долгорочно ќе придонесе и за промовирање на самите автори.

Во моментов се врши надзор и во ЗАМП за што јавноста наскоро ќе биде запознаена. Министерството, заради унапредување на постојните законски решенија за авторското право, подготвува и измени на Законот кои наскоро ќе влезат во владина постапка на донесување.

 И оваа година најмногу сте напаѓани поради проектот Скопје 2014. Накратко, сте се посомневале ли некогаш во оправданоста на аспекти од проектот, дали мислите дека сте претерале на моменти?

- Не, никогаш не сум се посомневала за оправданоста на овој проект. За проектот Скопје 2014 ќе кажам едно нешто: времето ќе покаже од какво значење биле сите овие инвестиции за државата, за културата и за уметноста. Имам позитивен однос кон сиве овие инвестиции и сите критики ги доживувам како средство да се изразат ставовите во нашето демократско општество. Кога создавате, кога градите, во државата постои развој, таа се унапредува, не стагнира. Ние имаме на што да бидеме горди како држава, во однос на културата, во однос на идентитетот, историјата. Ќе ја споменам изградбата на Музејот на македонската борба, објект кој е позитивно прифатен и од странската и од домашната јавност. Ќе се навратам на мојот колега од Црна Гора, министерот Миќуновиќ, кој имаше можност околу два часа да помине низ Музејот. По посетата на Музејот, искрено, од срце, ми честиташе и се заблагодари што имал можност да види многу работи за Македонија коишто претходно ги знаел и кои во Музејот се прикажани на реален, објективен начин со аргументирани факти, токму такви какви што се. Сметам дека е од особена важност што во време на економска криза, кога во голем број држави се кратат буџетите на сметка на културата, Владата на Република Македонија, сите министри и особено премиерот имаат чувство, разбирање и должна почит кон културните вредности на сопствената држава. За првпат културата зазема значајно место во општествениот развој, таа е во самото срце на системот.

Археолошкиот музеј е следен од капиталните проекти што ќе се отворат. Се најавува дека ќе има репродукција на ковчегот со ликот на Александар Македонски, погребна кочија, реплики од златни погребни маски... Ќе ни откриете ли некои нови податоци што досега не се познати во јавноста?

- Сметам дека е особено значајно што нашата држава обезбеди согласност од Република Турција да се изработи копија од саркофагот кој се наоѓа во Археолошкиот музеј во Истанбул и на кој е прикажан Александар. Експертски тим од двете земји веќе работи на изработката на таа копија, која заедно со највредните артефакти на македонското културно наследство ќе биде изложена во новиот Археолошки музеј. Ентериерното уредување на новиот музеј ќе биде направено според сите светски стандарди и ќе има најсоодветни услови за презентација и чување на артефактите. Проектот за ентериерно уредување на Археолошкиот музеј е добро осмислен концепциски и виртуелно, во самиот простор ќе имаме можност да видиме реконструкција на голем број археолошки локалитети, интерактивни лед-подови и екрани, амбиентална музика, се со цел да се доловат времето и автентичноста на локалитетот, како и нашето богато културно наследство. Во самиот објект ќе бидат презентирани голем број артефакти што ги поседува државата, како и голем број експонати кои беа откриени во последните години кога имавме интензивни истражувања и беа пронајдени над 480.000 примероци.

Не престануваат и пофалбите за Вашиот вкус и стил на облекување. Кој моден совет би го дале на нашите читателки?

- Тоа е индивидуално гледање, некому му се допаѓате, некому не. Моден совет кој би го дала е да се почитувате самите себеси, да уживате во она што го носите, да се наоѓате себеси во тоа. Секогаш се водам од таа максима. Немам некој моден стилист или некој што ми кажува што треба да носам. Го носам она што ми се допаѓа и во коешто се чувствувам пријатно. Секогаш сум водела сметка за мојот изглед и секогаш сум ги следела модните трендови. Тоа е дел од мене.. знаете како, тоа или го носите во себе или не.

Вие сте и сопруга, и мајка, и менаџер со огромен број обврски, кој е Вашиот совет за успешно балансирање меѓу обврските и семејството?

- Многу е важно да имате поддршка од семејството бидејќи без таа поддршка, не можете да успеете и да напредувате во професијата. Лично, без поддршката од моето семејство и од најблиските, не би можела ниту добро да функционирам ниту да дадам силен исчекор во она што го работам. Поддршката е најбитна и изразувам голема благодарност до моето семејство. На крајот, се зависи од свеста и совеста на личноста и од посветеноста. Само свесно и посветено, вложувајќи се максимално во она што го работите, можете да дојдете до позитивни резултати или да направите нешто повеќе.

Извор: „Вечер“

Новинар: Дејан Трајкоски

Фото: Н. Батев

 

Економски.мк:На Македонија и се случи најдраматичното гласање на Буџетот досега. Можевте ли да очекувате вакво сценарио?

Ставрески:Не, не очекував вакво сценарио. Јас верував и се уште верувам дека избраниците на народот треба да работат ЗА интересите на народот и државата, а не ПРОТИВ народот и државата.

Економски.мк: Сега експертите се поделени, дел сметаат дека носењето на буџетот во законскиот рок ја спаси Македонија од рецесија во првиот квартал, а дел пак сметаат дека начинот на кој беше изгласан буџетот ќе ја турне земјава во криза заради која ќе нема инвестиции. Кој е вашиот став?

Ставрески: Постоеја две главни закани доколку не го изгласавме Буџетот за 2013 и не се обезбедеше неговото финансирање со поволните кредити од Светска банка, од кои понатаму ќе произлезеа и други последици.

Првата и најважна е дека под знак прашање ќе се ставеше редовната исплата на пензиите, социјалната помош, субвенциите за земјоделците, исплатата на обврските кон фирмите, реализацијата на капиталните инвестиции – изградбата на патишта, на училишта, болници. Покрај ова, немаше да може да се зголемат пензиите, социјалната помош и субвенциите. Стопанството и граѓаните ќе беа во грч, што ќе влијаеше на општата економска активност и приходите во буџетот. Банките ќе прекинеа да ја финансираат државата, кој би финансирал држава ако нема донесено буџет, што ќе беше уште еден удар врз ликвидноста на буџетот и стопанството.

Втората е дека ќе се нарушеше имиџот на Република Македонија. Кога знаете дека една држава не може да донесе буџет, тогаш поставувате прашање дали таа воопшто е способна да донесе било каква политичка одлука. Тоа е лош сигнал и за странските инвеститори и кредитните агенции, но и за меѓународдните финансиски институции и за Европската Комисија. Дури и да обезбедевме средства од некоја банка или со еврообврзница, во такви околности сите ќе бараа енормно висока камата. Според нашите пресметки, тоа ќе ја чинеше Република Македонија преку 84 милиони евра, непотребно фрлени пари.

Се на се, последиците кои произлегуваа од овие две закани се повеќедимензионални: финансиски, социјални, политички. Со изгласување на буџетот се спречи криза во економијата, но и воопшто во земјава.

Економски.мк: Опозицијата ве обвини дека ја туркате земјава во грчко сценарио, а странски институции упорно повторуваат дека Македонија е земја со умерен долг. Каква е состојбата со јавниот долг во последните години?

Ставрески: Тоа е најапсурдно од многуте апсурдни обвинувања од страна на опозицијата. Еве неколку факти кои зборуваат кој е во право:

Долгот на централна влада на крајот на октомври 2012 година изнесува 30,6% од БДП. Само за потсетување, државниот долг на Република Македонија на крајот на 2005 година изнесуваше 38,2% од БДП. Грција има долг од 175% од БДП. Каде е сличноста?

Да потсетам и тоа дека истиот тој СДСМ во два мандати ја има задолжено Република Македонија со 1.545 милиони евра. Владата во периодот 2007-2012 отплати 367,5 милиони евра кредити земени во времето на СДСМ, а од 2013 до 2020 ќе отплатиме уште 459,1 милиони евра исто така земени кредити во време на СДСМ.

СДСМ во повеќе свои мандати имаа земено 7 заеми за буџетска поддршка, исти такви какви што сега ни дава Светска банка и за кои што пишуваа срамни писма, брукајќи се пред меѓународните финансиски институции.

Најдобриот одговор на многубројните неосновани критики од страна на опозицијата за високото ниво на задолженост на државата, стигна од страна на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои искажаа позитивни оценки за стабилната фискална политика и ниското ниво на задолженост на Република Македонија.

Покрај ова, и реномираните меѓународни кредитни рејтинг агенции Fitch и Standard & Poors не го намалија кредитниот рејтинг на Република Македонија потенцирајќи ги умерената задолженост, нискиот буџетски дефицит, квалитетните економски политики, стабилниот финансиски сектор и приливот на СДИ како потенцијал за економскиот раст во следниот среднорочен период. Исто така, тие наведоа дека Република Македонија е далеку под нивото на задолженост од земјите кои се на исто рамниште според кредитниот рејтинг ББ.

Конечно, согласно последните податоци објавени во Еуростат, Република Македонија и понатаму останува четврта најниско задолжена земја во Европа.

После сите овие факти, каде некој гледа сличност со Грција? Очигледно СДСМ се единствени што гледаат сличност, и затоа се во изолација по ова прашање.

Економски.мк: Проектиравте скромен раст и поголем дефицит. Што носи овој буџет за граѓаните и за државата?

Ставрески: Социјален и истовремено развоен – така може да се опише Буџетот за 2013 година. Буџетот за следната година е поддршка за економскиот раст и истовремено заштита на најранливите категории на населeние во услови на европска економска криза. Предвидени се повисоки капитални инвестиции, но и повисоки пензии, социјална помош и субвенции за земјоделците. Приходната страна е проектирана првпат во овие 20 години на ниво кое што не е повисоко од приходната страна на буџетот од претходната година. Тоа подразбира дека Владата на Република Македонија предлага буџет во кој нема зголемување даноци, односно истите се задржуваат на идентично ниво со што Македонија ќе има и натаму најниски даноци во Европа. Капиталните инвестиции се проектирани на високо ниво кое е за 10,4 проценти повисоко од годинашното. Со почнување на неколку крупни инфраструктурни проекти во делот на транспортната мрежа, железничката инфраструктура ќе се придонесе за реализација на економскиот раст кој е предвиден на два проценти.

Со проекциите во буџетот, во 2013 година ќе се задржи конзистентната фискална политика и Македонија ќе остане меѓу петте најмалку задолжени земји во Европа. За резиме, овој буџет е вистински одговор за предизвизците што ја очекуваат економијата следната година.

Економски.мк: Бизнис секторот може да биде сигурен дека државата брзо ќе се радолжува, но дали може да се очекува зголемување на кредитирањето за да се подобри ликвидноста на македонското стопанство?

Ставрески:Раздолжувањето оди како што ветивме, па и подобро. Вкупниот долг кој на средината на септември изнесуваше 5.653 милиони денари, или околу 92 милиони евра, со денешен датум е намален на 1.809 милиони денари, или околу 29,5 милиони евра. Тоа е намалување за цели 68%.

Истовремено, Владата на Република Македонија досега обезбеди поволни кредитни линии од Европската инвестициска банка во износ од 250 милиони евра, а ќе бидат обезбедени и дополнителни 100 милиони евра. Овие средства се со субвенционирана камата и се главниот извор на финансирање на доимашните фирми во последниве две-три години.

Исто така, Народна банка за прв пат, по примерот на други централни банки, донесе нестандардна мерка насочена пред се кон поевтинување на каматните стапки на кредитите, како и за ослободување на дел од банкарските средства за кредитирање. Воопшто, се преземаат сите мерки кои се на располагање за да се даде една инјекција на свежи средства во стопанството.

Економски.мк: Како ја оценувате 2012 во однос на странските директни инвестиции и што очекувате за идната година на овој план?

Ставрески:Приливот на странски инвестиции беше солиден, имајќи ги предвид околностите. Но за жал имавме и повисок одлив на средства во вид на ипслата на дивиденди и кредити на фирмите во странство. Оваа година во поглед на странски инвестиции беше година на „Кемет електроникс“, на „Продис“, на „Кромберг и Шуберт“, „Текхнохозе“, втората фабрика на „Џонсон Контролс“ во Штип, „Скопје Сити Мол“…неколку помали фабрики се отворија во индустриските зони во градовите низ Македонија, отворени се 1.720 нови работни места, а до крајот на следната година се очекува да се отворат уште 4.000 нови работни места. Ова се случува кога во регионот и Европа странските директни инвестиции стагнираат или се во негатива.

Но дали една Влада има или нема успех на полето на привлекување на инвестиции, најоправдано е да се цени врз основа на подолгорочни резултати бидејќи и самиот процес на подобрување на бизнис амбиентот, а потоа промовирање на земјата и носење на одлука од страна на инвестиорите, е долгорочен. За пет години во Република Македонија по основ на странски инвестиции се влезени 1.600 милиони евра, што е двапати повеќе од вкупниот прилив во десетгодишен период кога нашите политички конкуренти од СДСМ ја водеа земјата (ако се изземат приватизациите на државните монополи). Ова покажува дека владините мерки и политики, како и економските презентации на земјава надвор, даваат резултати.

Економски.мк:И покрај кризата, во последните години стапката на невработеност паѓа. На што се должи ова?

Ставрески:Во изминатите години стапката на невработеност континуирано се намалува. Во третиот квартал во 2012 година таа изнесува 30,6, што е најниска стапка на невработеност последните 8 години. Уште побитно, ова се случува во услови на економска криза, кога невработеноста се зголемува во сите европски земји. Сега стапката на невработеност во Македонија е на пониско ниво од предкризниот период.

Намалувањето на невработеноста се должи на повеќе мерки и реформи кои ги спроведува оваа Влада во насока на подобрување на состојбите на пазарот на труд. Тука може да ги споменеме мерките за поддршка на ликвидноста на компаниите преку ниските и рамни даноци, новиот модел на данок на добивка кој овозможи фирмите да имаат 0% данок на добивка доколку не исплаќаат дивиденди и намалените социјални придонеси од 32% на 26,5%. Исто така, значајна е и поддршката на Владата за поттикнување на претприемништвото и приватната иницијатива (првенствено давањето кредити за отпочнување на сопствен бизнис, формализирање на бизнисите и како и за намалувањето на сивата економија), активните мерки и политики за вработување кои се насочени кон лицата кои активно бараат работа, политиката на привлекување на странски директни инвестиции кои отвораат нови работни места итн. Сите овие активности придонесоа за ублажување на последиците од кризата и влијаеја врз намалувањето на стапката на невработеност.
За да може правилно да се димензионираат мерките и политиките за зголемување на вработеноста, како и истите правилно да се насочат, потребно е да се има јасна слика за бројот на невработени лица кои активно бараат работа. Во таа насока, преку измени на законската регулатива се овозможи раздвојување на правото на задолжително здравствено осигурување и условот за регистрирање како невработено лице за стекнување на тоа право. Истото придонесе за значителното намалување на бројот на невработените лица.

Економски.мк: Какви се Вашите очекувања за состојбите во еврозоната годинава? Се гледа ли крајот на кризата?

Ставрески: Економската активност во Еврозоната во текот на 2013 година ќе биде сеуште под силен притисок на фискалната консолидација и недовербата како клучни проблеми. Сепак факт е дека одлучната интервенција на ЕЦБ помогна да се отфрли најлошото сценарио за масовна криза и уште подлабока рецесија. Очекуваме како изминува годината, да има постепено подобрување на состојбите, но се на се растот ќе остане низок и проектираното закрепнување се очекува да биде со слаб интензитет. Реалниот раст на БДП во Еврозоната, според декемвриските проекции на Европска централна банка, се очекува да изнесува помеѓу -0,6% и -0,4% во 2012 година, меѓу -0,9% и 0,3% во 2013 година и меѓу 0,2% и 2,2% во 2014 година. И во такви околности, ние ќе го извлечеме максимумот. Македонската економија ќе оствари подобри резултати од оваа година и растот ќе биде повисок отколку растот на европската економија, иако и натаму тој ќе се движи под потенцијалната стапка на пораст на македонската економија.

Извор: Економски.мк

 

 

На истекот на годината која е вашата оценка за нивото на развој на информатичкото општество во Македонија и кој ќе биде вашиот фокус во таа насока во наредната година?

- Завршивме уште една година со напредок во  информатичкото општество во Република Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика во првиот квартал од годинава, 64,2 проценти  од испитаниците поседуваат компјутер во домаќинствата, што е за три проценти повеќе во однос на  истиот квартал лани, а 58,3 проценти имаат  интернет, што е пораст од 3,3 проценти. Но, од особено значење е тоа што дури 58,1 процент се корисници на широкопојасен интернет, што претставува зголемување за 16 проценти во споредба со 2011 година. Во меѓувреме, реализирани се повеќе проекти меѓу кој најзначајен е системот за е-Даноци за правни и физички лица. Со овој систем граѓаните можат електронски да ги поднесат даночните пријави до Управата за јавни приходи. Исто така, го воведовме и порталот е-Демократија, како уште една алатка за граѓаните да можат да бидат во директен контакт со институциите.

Го надградивме системот за оценување на администрацијата, популарно наречен „Семафор“  и воведовме можност за оценка и во електронска и во хартиена форма. Нови уреди во пробна фаза на системот ќе функционираат на 110 шалтери во повеќе институции низ државата,  а  се планира да станат решение за оценка на администрацијата на сите 1.200 шалтери.

Во рамките на проектите би ја споменал иницијативата за Отворено партнерство со Владата, која подразбира отворање на податоците од јавен карактер, според Законот за слободен пристап до информации и јавен карактер за граѓаните и бизнис-заедницата. Со тоа ќе постигнеме поголема институционална транспарентност, брз и точен пристап до информациите и креирање нови бизнис-модели. Впрочем, отвореноста и транспарентноста е еден од темелните принципи на демократијата во едно општество. За таа цела ја креиравме веб страната opendata.mioa.gov.mk, преку која граѓаните имаат повеќе избор преку пристап до повеќе податоци, а пред се информации произведени од апликациите кои ги користат отворените услуги.

Во ноември го промовиравме Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), хостиран од Министерството за информатичко општество и администрација. ЕНЕР претставува електронски систем кој покрај постојните прописи во Република Македонија ги содржи и предлог законите на министерствата во фаза на нивна подготовка. Тој е алатка наменета за електронско информирање на граѓаните на претставниците од невладините организации, стопанските комори, бизнис асоцијации и правни лица, претставниците на владата, како и на одделните министерства, во врска со постојните прописи и предлог законите на министерствата во фаза на подготовка.

Во програмата за работа на Министерството за информатичко општество и администрација, за 2013 година имаме планирано голем број проекти, меѓу кои најзначајни се надградбата на проектот за размена на податоци помеѓу државните институции по електронски пат т.н интероперабилност со министерства, фондови и неколку судови. Веќе е во тек и вториот оглас за 50 електронски продавници, ќе се финализира е-потсетникот каде што граѓаните ќе можат да изберат за кои документи што имаат рок на траење сакаат да бидат потсетени преку СМС или е-пошта, надградба и проширувањето на проектот за електронско водење на документи што е во тек ќе биде реализирано, како и поголем број на е-Услуги што граѓаните ќе можат да ги добијат преку интернет, без потреба од посетување на најблиската канцеларија, особено од Управата за водење на матична евиденција. Исто така, 2013-та ќе биде година кога владините услуги ќе прераснат од е-Услуги во м-Услуги, односно истите да бидат достапни преку апликации за мобилни телефони.

Веќе подолг период се вршат подготовки за преминот од аналогно во дигитално емитување на телевизиските програми. Што е постигнато досега и што ќе  добијат граѓаните од тој процес?

- Тоа е процесот на доделувања на т.н дигиталната дивиденда. Република Македонија е прва земја од поширокиот регион која се подготвува на 1 Јуни 2013 година да им понуди на граѓаните тв сигнал со дигитално емитување. Со ова ќе се подобри квалитетот на преносот на сигналите, ќе им се овозможи на локалните телевизии да прераснат во локални телевизии во осум региони и еден подрегион на град Скопје. На јавен транспарентен конкурс се избра оператор кој што ќе ги опслужува националните и регионалните телевизии со доволен спектрум за да можат националните телевизии да почнат да работат и со HD висока резолуција, кога тие ќе бидат подготвени. Со овој процес, ќе се ослободат фреквенциите што сега ги користат аналогните телевизии, за да може да се воведи и 4Г мобилна телефонија во нашата држава.

 

Која е вашата оценка за квалитетот на телевизиските програми, што сметате дека треба да се подобри и ќе предложите ли промени во регулативата во таа насока?

- Граѓаните се тие што го оценуваат квалитетот на програмите. Се додека има интерес и гледаност од нивна страна, понудата на емисиите ќе биде таа што е сега.

Сметам дека треба да се подобри понудата од домашната продукција и затоа имаме предлог во новиот Закон за медиуми. Нашата цел е да ги поттикнеме телевизиските куќи да креираат сопствена програма која ќе биде од интерес на публиката, задоволувајќи го нејзиниот вкус, но истовремено ќе биде на професионално и квалитативно ниво, како во техничка, така и во содржинска смисла на зборот.

Какви се резултатите од активностите што ги спроведува МИОА за поголема употреба на електронско плаќање и што ќе следи во идниот период на тоа поле?

- Уште како министер задолжен за информатичкото општество, а сега и на администрација, максимално сум посветен на подобрување на електронската трговија во Македонија, сектор кој што се уште е во раните фази на развој. Ги направивме сите законски измени за да можат да влезат светски платежни процесори, меѓу кој најпознатиот е PayPal. Пред пет години стапив во директен контакт со генералниот директор на иБеј, која што е мајка фирма на PayPal , Џон Донахју, кој лично се заложи за влез на PayPal во Македонија. Следеше кризата во САД, со која што инвестициите што беа неопходни за проширување на PayPal мрежата беше ставена во мирување. Откако помина кризата, поради големиот интерес од земјите PayPal одлучи да ги групира помалите економии и во група да ги постави во нивната мрежа. Се надеваме дека наскоро и Македонија со земјите од регионов што не се дел од PayPal ќе има можност да ги користат нивните услуги. Но, покрај PayPal во Македонија се присутни повеќе други што се конкуренција на PayPal, но не толку големи.

Дополнително овозможивме и плаќање преку мобилен телефон, најпрво преку СМС порака, а сега и со допир на мобилниот уред со платежниот уред.

Оваа година го започнавме проектот за 100 електронски продавници. За 2012 година се пријавија 32 претприемачи со интерес нивните продукти да ги понудат преку Интернет, а моментно е во тек вториот повик за 2013 година за 50 нови е-продавници. Би сакал да ја искористам оваа прилика и да ги поканам сите заинтересирани да достават бизнис план, со цел да бидат евалуирани и селектрирани најдобрите 50 продавници.

До каде се подготовките за новиот Закон за администрација и кои се главните придобивки од него?

- Подготовките на Законот за администрација се во завршна фаза. На него се работи повеќе од една година со голем број на домашни и странски експерти, разгледувајќи ги состојбите од Канада, Обединети Нации, Европската Комисија и голем број на земји членки на ЕУ. Ќе има многу новини во овој закон. Ќе предложиме дополнителни тестови за влез во администрацијата во зависност од нивото на позицијата за која што ќе се конкурира. За повисоките работни места ќе се вреднува и работното искуство што кандидатот го има стекнато повеќе од дипломата, а не само образованието што го поседува.  Едноставно станува збор за целосен систем за вработување според заслуги. За прв пат се прави анализа на работни места и во јавната администрација. При крај е каталогот на работни места, со што ќе се унифицираат и стандардизираат категориите на работни места и во јавната администрација. Се воведува систем на т.н 360 степени модел на оценување со кое што ќе се добијат многу објективни оценки на крајот од годината за вработените во администрацијата. Ќе се оценува според сработеното на претходно јасно поставени мерливи индикатори на почетокот од годината, а ќе оценуваат и граѓаните преку њњњ.семафор.миоа.гов.мк. Особено се посветува внимание на забелешките од извештајот на ЕУ во однос на припадниците на помалите етнички заедници во Република Македонија, со цел да се имплементираат нивните препораки и целосното спроведување на Охридскиот Рамковен Договор и вработување според заслуги. Во овој дел ангажирани се експерти од СИГМА.

Новиот закон ќе придонесе за професионална, транспарента, деполитизирана и најважно сервисно ориентирана администрација за потребите на граѓаните.

Ваш став за ефикасноста на администрацијата и нејзината бројност и дали институциите ја испочитуваа обврската за евидентирање во регистарот ?

- Ефикаснаста многу зависи и од раководството во институции. Според повеќето анализи што ги спреведовме преку Таен Клиент, се доаѓа да заклучук дека голема улога имаат функционерите со кои што раководат институциите. Затоа сега водуваме нов механизам т.н Барометар на квалитет со која ќе се мери квалитетот на институциите од аспект на внатрешни перформанси и надворешни фактори во поглед на испораката на услуги кон граѓаните. Ќе се воведе награда на најдобро спроведен проект која ќе биде доделена на институција/сектор/одделение/тим/работна група, за најуспешно спроведена програма/проект/активност. Проектот вклучува развој и имплементација на методологија за стандардизирано мерење на квалитетот на институциите и нивно рангирање согласно добиените резултати. Имплементацијата на методологијата „Барометар на квалитет на институции“ ќе влијае на создавање на конкурентност на институциите во администрација и ќе ги поттикне да ги спроведат дефинираните и планирани реформски процеси во Стратегијата за реформа на јавната администрација. Транспарентноста на целиот процес ќе влијае на развивање на подобри организации и посервисно ориентирани институции. Ќе се применува рамка заснована на Малком Балдриџ, моделот од САД прилагодена и адаптирана според потребите и состојбите во администрацијата во Република Македонија. Ќе се мерат седум критериуми, лидерство, стратешко планирање, ориентираност кон корисниците, ориентираност кон човечките ресурси, менаџирање со процеси, анализи и резултати.

Во однос на регистарот за државна и јавна администрација, евиденцијата е континуиран процес, а официјалната бројката на администрацијата ги опфаќа секторите, кои што уставниот суд на Република Македонија не ги поништи. Новиот Закон за администрација ќе го регулира и овој дел за да се евидентираат сите вработени во јавната администрација, без разлика дали тие се вработени преку Законот за работни односи, Законот за администрација или некој од материјалните закони на институциите. Воведувањето на мобилноста во администрацијата ќе придонесе до балансирање на бројот на вработени според потребите на институциите, во оние што имаат суфицит и дефицит на персонал.

Веќе подолг период се најавува верзија на законот за медиумите. Кога ќе се носи тој закон и кои ќе бидат неговите основи?

- На последната средба со Здружението на новинари беше побарано од нивна страна да се разгледа можноста за донесување на овој закон после локалните избори за да нема злоупотреба за време на кампањата. Но, пролонгирањето на донесувањето на овој закон го загрозува спроведувањето на дигитализацијата на теливизиите. Со оглед на новонастаната ситуација во Собранието на Република Македонија, потребна ни е дополнителна анализа кога ќе се започне со оваа расправа. Целта на овој закон е да обезбеди слобода на изразување и слобода на медиумите, заштита и развој на медиумскиот плурализам, право на информирање и пристап до разновидни и независи информации и програмски содржини, како основни начела на демократското општество. Се тоа тоа треба да поттикнува развој на медиумите и аудиовизуелните медиумски услуги, развој на независна продукција, поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата, поттикнување на јавниот дијалог, толеранцијата и разбирањето меѓу граѓаните и многу други сегменти кои што ќе придонесат и за развој на економијата во Република Македонија. Со овој Закон се уредуваат  правата, обврските и одговорноста на издавачите на медиуми,  давателите на аудиовизуелните медиумски услуги  и обезбедувачите на програмски пакети. Се надевам дека за брзо време ќе започнеме со јавната расправа за донесување на Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги.

Како МИОА му помага на ИТ секторот во услови на светска економска криза?

- Еден од клучните проекти оваа година што им помогна на голем број на бизниси во малопродажбата на ИТ секторот е доделувањето на ваучерите за студентите од социјалните семејства. Оваа година се доделија вкупно 5.775 ваучери со вкупна вредност од 89.512.500 ден.

Во разговорите што ги имав со поголем број од сопственици на бизниси што успеаа да привлечат голем број на студенти, јасно и гласно потенцираа дека доколку не беше овој проект на Владата, поголем број од вработените од овој сектор би биле отпуштени од работа, а некои од фирмите ќе ги затвореа своите врати. Според нивните зборови, иако во изминатите два проекта за доделувањето на ваучерите во 2008 и 2009 година, вкупниот број на ваучери беше далеку поголем  (околу 12.000 и 10.000), овојпат проектот имаше многу поголем позитивен ефект за опстанокот на овие фирми и задржување на бројот на вработени.

Исто така, очекувам студентите што добија ваучери да ги користат компјутерите за напредок во образованието, а истовремено да бидат во чекор и со ИТ технологијата.

На крајот, би сакал на сите граѓани на Република Македонија да им посакам Среќна нова 2013 година, со желба за успех во професионалниот и приватниот живот.

Извор : МИА

Новинар: Лидија Велковска

 

1. Неодамна беше донесен Буџетот за 2013 година после подолгa неизвесност поради случувањата во Собранието на Република Македонија. Што значи тоа за реализацијата на мерките и активностите во сферата на социјалната политика и социјалната заштита?

- Обидот за создавање хаос во државата заврши со контраефект за тотално деструктивната опозиција. Народот го крена гласот и застана на страната на оние коишто навистина и мислат добро на државата и се грижат за интересите на сите граѓани на Република Македонија. Народот застана на страната на оние коишто власта ја добија на легитимни демократски парламентарни избори. Поддршката што ја добивме беше евидентна, а тоа е доказ дека граѓаните на оваа земја препознаваат неправдини и обиди за насилно преземање позиции и создавање анархија. Но, тоа е веќе минато коешто сигурно нема да биде заборавено од гласачкото тело. Буџетот е усвоен, а тоа значи дека се обезбедени средства за нормален тек и функционирање на сите општествени сфери. Замислете до недоглед да беше блокирана исплатата на плати, пензии, социјални помошти, субвенции, функционирањето и изградбата на детските градинки, училиштата, капитални инвестиции и сето останато? За среќа мнозинството во Република Македонија не го дозволи тоа. Нам ни преостанува да продолжиме со исполнување на одговорностите, ветувањата и обврските за обезбедување достоинствен живот за сите.


2. Дали во него има зголемување на средствата за социјални трансфери во однос на минатите години. Мислите ли дека обезбедените средства се доволни да се заштитат најзагрозените категории во услови на криза?

- Практично буџетот за 2013 година е проектиран за да одговори на последиците од светската економска и европската должничка криза коишто имаат силно влијание и врз Република Македонија во сите општествени сфери. При неговото креирање внимававме да бидат опфатени сите значајни категории буџетски корисници. За следната година МТСП доби поголем износ на средства за околу 4 милијарди денари во однос на оваа година, како резултат на веќе усвоените зголемувања на социјалните трансфери, пред се на пензиите, социјалните помошти, средствата коишто директно ќе влијаат на намалувањето на невработеноста и слично.

3. Годинава беше ставен акцент на демографското стареење на населението. Што како ресорно Министерство преземате за да се надмине таа ситуација?

- Неколку години наназад  Владата на Република Македонија користи повеќедимензионален пристап за намалување на последиците од оваа непопуларна појава, запазувајќи ги економскиот, социолошкиот, образовниот и културолошки аспект.
Но владините мерки како што се: парична помош за третородено дете, месечниот надоместок од 8000 денари за мајките коишто родиле 4 деца како еден вид пензија по 62-та година доколку мајката не може да оствари пензија по било кој основ, правото на  детски додаток како финансиска поддршка за семејствата со пониски примања по член на семејство,  правото на додаток за децата со посебни потреби, поддршката од дел од локалните самоуправи, коишто исплаќаат надоместок во вид на еднократна парична помош за секое родено дете, вклучување на невработените во активните политики и мерки за вработување, зголемените социјални трансфери, отворањето на нови детски градинки и проширување на капацитетите на постоечите, зголемената заштита на жената работничка во случај на бременост, раѓање и родителство, не  би значеле ништо доколку сериозноста на проблемот не ја разбуди свеста кај опшатата популација, односно кај сите општествени чинители, пред се граѓаните и граѓанските иницијативи,  бизнис заедницата, приватниот сектор.... По однос на ова прашање мора да постои единство и сплотеност, предуслови коишто полека се создаваат, и тоа е добро. Тоа е позитивен сигнал за надминување на овој децениски проблем.

Дополнителен мотив треба да биде и нотираниот напредок на ова поле од Државниот завод за статистика, според кој бројот на живородени деца во третото тримесечје од годинава е  за 3,5% поголем во споредба со истиот период лани. Следната година очекуваме уште подобра вест!


4. Дали и колку стареењето на населението може да предизвика проблеми во функционирањето на Фондот за ПИОМ и на редовната исплата на пензиите во иднина?

- Пензискиот систем не се гледа изолирано и секогаш е поврзан со економските и демографските трендови. Од друга страна, а не помалку значајно е фактот што пензискиот систем е дел од социјалната сигурност на граѓаните.
Во Република Македонија уште во 2000 година се започна со пензиските реформи заради  обезбедување стабилен и одржлив пензиски систем на долг рок. Реформата ги  балансира интересите на идните генерации на пензионери со интересите на сегашните генерации на пензионери, осигурувајќи соодветни пензии и за денешните и за утрешните стари лица
Споредено со останатите држави од регионот каде што соодносот на вработени и корисници на пензија драстично се намалува, во Република Македонија тоа не е случај. Но морам да напоменам дека соодносот 1,74 осигуреници на 1 корисник на пензија не ме радува и покрај тоа што овој сооднос не го доведува во прашање фукционирањето на пензискиот систем. Нашите напори се насочени кон создавање на еден позитивен тек на тоа поле, преку зголемување на вработеноста и подобрување на демографската слика во Република Македонија и во тој дел мислам дека сме на добар пат.

5. Дали намалувањето на пензиската основица  може да предизвика намалување на идните пензионери?

- Не можеме да зборуваме за намалување на пензиската основица, а тоа би сакал да го појаснам и поткрепам со факти. Со измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување,  процентот од кој се определува висината на пензијата се утврдува на 1,61% од пензиската основа , но за пензиски стаж навршен по 1.1.2013 година, а од друга страна нема огранучување на процентот на максимум 80% за пензиски стаж повисок од 40 години, како што беше во претходното законско решение.
Искажано преку пример, за осигуреник кој има 40 години пензиски стаж до 31.12.2012 година, процентот од пензиската основа ќе се определува како и досега без промена, односно за 40 години пензиски стаж ќе добие 80% , а за секоја година пензиски стаж по јануари 2013 година по 1,6%, или за 42 години пензиски стаж ќе има 83,2%.

Имајќи предвид дека висината на пензијата од првиот пензиски столб зависи од платите и навршениот пензиски стаж, секогаш е поповолно за осигурениците (работниците) да работат подолго за да остварат повисок износ на пензија.
Вака проектираното решение нема да влијае на висината на пензија, пред се поради фактот што со законот за пензиско и инвалидско осигурување се уредува да нема огранучување на процентот намаксимум 80% и за пензиски стаж повисок од 40 години.

6. Како Влада сте размислувале ли за зголемување на старосната граница за пензионирање?

- Иако во европските држави постои тренд на зголемувањето на условите за стекнување право на старосна пензија, тоа во македонскиот пензиски систем нема да е случај. Во моментот условот за стекнување право на старосна пензија е 64 години живот (маж), односно 62 години на живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж. Така и ќе остане.

7. Неодамна почна да се врши пререгистрација на невработените и тоа на лица кои активно бараат работа или лица кои не бараат работа, а се пријавуваат заради здравствено осигурување. Какви резултати треба да даде оваа пререгистрација?

- Со измените коишто ги воведовме во тој дел  се изврши промена во водењето на евиденциите на невработените лица, односно воведовме т.н. двојна евиденција, чијашто цел е да се изврши структурна класификација на невработени лица кои активно бараат работа и други лица коишто формално бараат работа но, всушност, не бараат вработување, едноставно се пријавуваат заради остварување на други цели и интереси. Тоа како податок е од исклучително големо значење за нас во насока на идно  реално  проектирање и планирање активни мерки и политики за вработување, од кои најголемиот бенефит ќе го почувствуваат активните баратели на работа. Но, Агенцијата за вработување и понатаму ќе ги нуди своите услуги подеднакво на сите евидентирани невработени лица.  Исто така, она што е најважно е дека воведените измени нема да избришат ниту едно лице од евиденцијата,  прашање за коешто имаше многу дилеми и шпекулации во изминатиот период.

8. Колку досегашните мерки кои се преземаат за намалување на невработеноста даваат резултати?

- Резултатите од она што оваа Влада го нуди како политика за намалување на невработеноста се евидентни. Податок којшто неодамна го објави и Државниот завод за статистика. Од една страна нудиме Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување коишто секоја наредна година ги содржат мерките коишто дале најголем ефект во претходната година. Досега со шестте Оперативни планови беа опфатени повеќе од 42000 лица, дел од нив преку директни вработувања и работни ангажмани, дел преку обуки и практики за подобрување на нивните работни вештини и способности, со што стануваат поконкурентни на пазарот на трудот и им се олеснува пристапот до работно место. Врз основа на најдобрите практики од изминатиот период ќе биде и Оперативниот план за 2013 година. Од друга страна,  морам да ја напоменам и политиката на странски директни инвестиции, којашто дава и уверен сум дека ќе продолжи да дава одлични резултати. Досега во странски компании во земјава се вработија неколку стотици граѓани и тој тренд ќе продолжи и следната година имајќи ги во предвид најавите  и проекциите на компаниите за нивни капацитетни и кадровски проширувања. 

9. Најавивте отварање нови градинки, дополнителни вработувања и обуки во постојните. До каде е тој процес?

- По цели 20 години во РМ се отвори нова детска градинка. Од друга страна, капацитетите на постоечките интензивно се прошируваат, бидејќи потребата е голема и реална. Неколку комплетно нови градинки во изградба, проект со усвоен акциски план за отварање на нови 14 градинки во  рурални места во 13 општини во следната година. Во постапка е носењето на нов Закон за заштита на децата кој предвидува следење на модерните и нови текови кога станува збор за згрижување на децата од предучилишна возраст, инклузија на социјално ранливи категории на дечиња во градинките и низа други работи се доказ дека оваа Влада вложува во најголемото богатство на една земја, вложува во сопствената иднина, во правилниот раст и развој на децата.
Како резултат на сето тоа, произлезе и потребата од ангажирање на дополнителен кадар во градинките, што беше потврдено и со одлука на владина седница. Веќе е изработен и акциски план со утврдена временска динамика, на еден транспарентен начин преку јавни огласи за вработување да бидат ангажирани 252 лица воспитувачи, негователи, технички кадар, како и ангажирање на 54 логопеди во сите градинки во земјава, а во насока на подобрување на квалитетот на згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст. Дел од огласите се активни во овој момент и сите заинтересирани лица коишто ги исполнуваат условите можат да аплицираат за работен ангажман.

10. Ве обвинуваа за дискриминација на ЛГБТ заедницата поради вашиот искажан став за можноста тие да склучуваат бракови или посвојуваат деца. Дали и натаму останувате на мислење дека земјата не е подготвена да го овозможи тоа?

- Јас во неколку наврати го потврдив мојот личен став и ставот на партијата на којашто припаѓам. И тој став останува непроменет. Слободно побарајте мислење од јавноста по однос на ова прашање и ќе видите дека мнозинството не е подготвено за било какви модификации на формата на бракот којшто во РМ од секогаш бил дефиниран како заедница помеѓу еден маж и една жена. Во овој момент нам  како нација ни се потребни мерки за зголемување на наталитетот, а тоа бракот помеѓу лица од ист пол практично не го овозможува.

11. За крај, едно прашање надвор од политиката. Важите за прилично активен политичар...Колку времето ви дозволува да бидете со семејството, и еве, да откриеме пред јавноста каде ќе ја прославите новата година?

- Со правилна организација и распределба на обврските и нивно навремено извршување, што значи одговорност кон тоа што го работите,  преостанува време за сé. Секој слободен момент го користам да бидам со најблиските, сопругата и ќеркичката коишто се мојот најголем извор на енергија. Особено радоста, задоволството и насмевките на мојата ќерка. За новогодишната прослава ќе бидам со нив, во Маврово.

Извор: МИА

Новинар: Славица Стефановска