Интервјуа

Македонскиот премиер Никола Груевски во ексклузивно интервју за “Капитал“, зборува за владината политика против економската криза, капиталните инвестиции во 2012, новите странски инвестиции, решавањето на проблемот со името...
„Во првото полугодие од 2011 година остварена е стапка на раст од 5,2%, што упатува дека Македонија се враќа на нивото на економски раст остварено пред кризата. Секогаш може повеќе и подобро, но доколку објективно се погледне врз реалноста, ние треба да бидеме задоволни од сработеното. Со политиките и посветеноста на реализација на проектите што сме ги ветиле пред граѓаните ќе продолжиме независно од наметнатиот проблем со името“, вели премиерот Груевски во ексклузивното интервју за „Капитал“.

Капитал: Претседателе поминаа 100 дена од работата на последниот владин состав. Но, и безмалку 2.000 дена откако Вие ја водите Владата на Република Македонија. Во изминатите пет години направивте многу промени! Суштински и помалку суштински. Но, фактите денеска говорат дека сепак Македонија не бележи економски раст како што Вие и Вашиот економски тим во владата предвидувате од година на година! Од друга страна Македонија не е ни блиску до преговори со ЕУ поради проблемот со името, наметнат од Грција! Дали во вакви околности сте задоволни од сработеното?

Груевски: Можеби најдобро би било да се фокусираме на овие 100 дена од новата Влада. Nајмногу заради фактот што според многумина оваа Влада во 100 дена има завршено повеќе работи од некои други влади во целиот мандат.

Да потсетам, пред само четири месеци граѓаните дадоа оценка за тие пет години. Но, дури и да го прескокнеме фактот дека граѓаните на избори дадоа доверба на владините политики од изминатите пет години, и со тоа дадоа оценка на сработеното, значи дури и ако се говори за изминатите пет години, како што тоа сака да го направи опозицијата, да не натера да заборавиме дека имаше избори неодамна, мојот одговор на вашето прашање би бил - Да, во изминатите пет години се направија многу суштински промени, но во ова интервју верувам дека нема да имате простор да говориме за сето сработено.

Сепак, кога зборуваме за фактите, не треба да се заборава дека во изминатите години Македонија го оствари највисокиот годишен раст на БДП во поновата историја, вториот најголем раст во историјата и највисокиот раст на БДП по глава на жител, оствари највисоко ниво на СДИ (странски директни инвестиции) иако во овој период се случи најголемата светска економска криза во последните 80 години, а сериозни ризици и закани од ескалација на должничката криза во Европа се се уште присутни во европски и светски рамки.

Во периодот кој го споменувате Македонија го реализираше и најголемиот раст на извозот, а пред почетокот на светската криза, намалувајќи ја невработеноста за цели пет процентни поени, од околу 37% на околу 32%, се оствари и најголемото намалување на невработеноста што се случило за кои било последователни две години во нашата економска историја.

За жал, ова беше и период кога Владата, покрај со светската криза, претходно се соочи и со најголемиот нафтен шок и најголемото светско покачување на цените на нафтата и на храната, со кои светот не се соочил во поледните 40 години.

Во изминатиот период Владата соодветно одговори на кризата со цел минимизирање на нејзините последици, заштита на македонските граѓани и бизнис секторот.

Здравата економска политика на земјата придонесе и во 2009 година македонската економија да оствари трет најдобар резултат во Европа и да ја задржи социјалната стабилност, што не беше случај со земјите во регионот и пошироко. Во првото полугодие од 2011 година остварена е стапка на раст од 5,2% што упатува дека Македонија се враќа на нивото на економски раст остварено пред кризата.

Знаете, секогаш може повеќе и подобро, но доколку објективно се погледне врз реалноста ние треба да бидеме задоволни од сработеното. Со политиките и посветеноста на реализација на проектите што сме ги ветиле пред граѓаните ќе продолжиме независно од наметнатиот проблем со името, а тоа неминовно ќе придонесе за повисоки стапки на раст и подобрување на животниот стандард на македонските граѓани.

Капитал: Реформите и економскиот раст беа главните чинители на програмата - Преродба во сто чекори, и Pрограмите кои потоа произлeгуваа од неа. Во експертската јавност сите партиски програм беа оценети како добри. Првата во 2006 беше оценета како одлична. Но, вашите елаборации навестуваа и обврзуваа на нов економски модел за развој на македонската економија. Тој модел се уште не го гледаме во целост. Денеска резултатот е: Фалат инвестиции, домашни и странски, ефикасни институции, и јавна администрација, бизнис клима која ќе создава услови за отворање нови компании, работни места. Зошто нема вакви резултати?

Груевски: Кога зборуваме за нов модел на економски развој, мислиме на ниски даноци, и трошоци за работа на фирмите, пријателско бизнис окружување и засилена промоција на земјата како атрактивна бизнис – дестинација, за да растат инвестициите, да расте вработеноста и животниот стандард. Бројните реформи кои ги спроведовме како: воведување и задржување на најниски даноци во Европа, намалувањето на социјалните придонеси, четирите пакети на антикризни мерки, проектот „Регулаторна гилотиња” со кој значително се олеснија постапките за вршење бизнис, реформите во Катастарот, упростувањето на процедурите за градежни дозволи и други даваат резултати.

Значи, резултатите се тука и истите се потврдени не само од нас, туку и од реномирани институции како Светска банка во чиј Извештај ”Doing Business”, Македонија оствари извонреден напредок на општата ранг листа и во конкуренција на 183 држави според условите за водење бизнис рангирана е на високото 22-ро место во светот, во друштво на земји со високо развиена економска и пазарна структура.

Македонија повеќе години наназад е лидер во регионот на Југоисточна Европа, но со последниот извештај зад нас се и 19 земји членки на ЕУ и многу други високо развиени земји.

Дека резултатите се тука, говори и податокот за СДИ во првите седум месеци од 2011, согласно кој истите достигнаа износ од 167 милиони евра, што е повеќе од вкупниот износ на СДИ во 2010 година, кога истите изнесуваа 159 милиони евра.

Само последниве три месеци имавме отпочнување со реализација на 5-6 крупни гринфилд инвестиции на американски, индиски, руски и италјански фирми во слободните економски зони, кои ќе донесат зголемено производство, извоз и илјадници работни места. Значи резултати од реформите има во практика. Во иднина очекуваме пријателското бизнис окружување во Македонија да биде препознаено од се поголем број на инвеститори и истите во него да ги реализираат сопствените бизнис планови. Убедени сме дека во практика резултатот од ваквите реформи ќе е извесен и позитивен.

Секако ова не значи дека сакам да кажам дека се е одлично или идеално, или дека нема многу проблеми, но факт е дека има крупен напредок во многу прашања во економијата, направен во исклучително вонредни околности во свeтската економија.

И има многу аргументи кои укажуваат дека новите економски политики кои вие ги нарекувате нов модел, не само што се спроведоа, туку и даваат резултати, повторно ќе кажам во меќународно економско опкружување и шокови кои не се случиле 40 или 80 години.

Секогаш кога се оценува некој период од минатото, независно дали е поврзано со економија, или политика, или нешто друго, мора да се земе во обзир историскиот контекст на околности во кои се влечеле одредени чекори и се постигнуваеле некои резултати.

Капитал: Пред две години најавивте инвестиции од 8 милијарди евра во инфраструктура и други капитални објекти. Капиталните инвестиции се уште се незначителни, со исклучок на проектот „Скопје 2014”. Зошто парите од Буџетот не одат за капитални инвестиции, кои имаат додадена вредност и обезбедуваат економски раст, туку во плати за јавната администрација, пензии и во неефективни субвенции за земјодлеците, кои на крај продуцираат само поголема лична потрошувачка, а со тоа и поголем увоз!

Груевски: Да, пред две години објавив план за инвестиции, приватни, јавни, концесии, се заедно во износ од 7 милијарди евра за наредните 8 години.

Не би можел да се согласам со констатацијата дека парите од Буџетот не се наменети за капитални инвестиции. Доколку ја погледнете структурата на Буџетот во изминатите години ќе забележите дека Владата постојано го зголемува делот наменет за капитални инвестиции. Така во 2011 година за капитални расходи се предвидени за повеќе од 30% средства во однос на претходната година. Во изминатиот период, Владата започна крупен инвестициски циклус, со кој конечно посериозно се инвестира во изградба на локални и регионални патишта, водоводи, канализации, амбуланти, училишта и проекти од областа на културата. Ангажираноста на градежните компании на реализацијата на инфраструктурните проекти придонесе за пораст на градежништвото во првото полугодие од 24,2%.

Независно што Европа ја зафаќа нова рецесија, и секоја земја прави корекции кон намалување на проекциите во економијата, јас сеуште се надевам и ќе направам се што е во моја моќ до истекот на овој период да го достигнеме ова проектирано ниво на инвестиции, или барем приближно до него.

Што се однесува на субвенциите за земјоделците не можам да се согласам дека тие се непродуктивни и неефикасни, затоа што тие даваат резултат- континуирано се зголемува обемот на обработливи површини, а извозот на земјоделски производи порасна околу 20% во првите осум месеци од 2011 година, во однос на истиот период во 2010-та гoдина, а големи растови имаше и во претходните години. Ние како Влада сме убедени дека субвенциите во земјоделствоto ќе имаат исклучително позитивни импликации во профилирањето на Македонија како земја со конкурентно земјоделско производство.

Капитал: Дали сте задоволни со економскиот модел на Македонија кој продуцира годишен раст од максимум 2%, 3%, 4%, а не од минимум 8-9%, колку што треба за да се почувствува подобрување на севкупниот економски амбиент?

Груевски: Ако постоеше економски модел кој продуцира стапки на економски раст од 8%-9% Република Македонија ќе го применеше. Да постоеше модел кој продуцира стапки и над овие 8%-9% секако дека ќе имаше предност пред првиот. За жал економијата не функционира на принцип на едноставно аплицирање на однапред познати модели, туку стапката на економски раст е производ на различни инпути и многу меѓусебно условени врски, таа е производ на домашниот, но е условена и од надворешниот сектор.

Во 2007 година започна исклучително поволен циклус на економски раст, при што БДП реализира стапка на раст од 6,1%, како и во првите три квартали од 2008 кога економскиот раст достигна 6,9%, но под ударот од светската економска криза истиот беше прекинат во четвртиот квартал на 2008-та година, и севкупно во 2008 година беше остварена стапка на раст од 5%.

Јасно е дека ако не се случеше светската криза денес ќе можевме да кажеме дека новите економски политики не само што во 2007-та godina овозможија да се случи највисокиот економски раст од 6,1%, туку ќе имавме и околу 7% раст во 2008-та.

Влијанието на светската економска криза значително го ограничи потенцијалот за раст на македонската економија, и го запреа трендот кој водеше кон стапки на раст од типот на оние кои вие ги посакувате во вашето прашање, и се разбираа сите ние.

Охрабруваат податоците за 2011 година. Како што кажав и претходно, секогаш може повеќе и подобро, но со оглед на севкупните состојби сметам дека правиме максимални напори за да ја придвижиме економијата напред. Фактот што во првиот момент кога почна да олабавува светската криза, а тоа е крајот на 2010-та и почетокот на 2011-та, веднаш почнаа повторно стапки на висок раст од 5,2% во првите 6 месеци од 2011.

Само што се израдувавме на овој раст кој беше и поголем од нашите проекции, должничката криза во Европа доби свое ново поглавје со проследено со нова рецесија.

Одлуката на грчкиот премиер за одење на референдум околу спасувачкиот пакет објавен деновиве дополнително ја комплицира ситуацијата, што во најмала рака ќе го забави опоравувањето, и се плашам дека повторно нашите економски политики повеќе ќе ни користат да ги ублажуваат овие нови шокови, отколку да се во функција на високиот раст. Но, секои здрави политики и континуирани реформи и подобрувања се од корист, независно какви се околностите.

Капитал: Бизнисмените бараат нов економски модел, кој значи свртеност на државата кон домашниот бизнис, поттикнување на извозот (МБПР, субвенции, гаранции), поддршка на домашната индустрија, намалување на финансиското оптоварување на стопанството за сметка на гломазната и неефикасна јавна администрација. Дали сте подготвени за вакви промени?

Груевски: Владата во изминатиот период гради партнерски однос со приватниот сектор, преку блиска комуникација со стопанствениците и нивните претставници, и предлозите и мерките кои доаѓаа од страна на приватниот сектор сериозно беа разгледувани и во најголем дел прифаќани од страна на Владата. Нивото на доверба помеѓу државата и приватниот сектор никогаш досега не било подобро, како што никогаш досега приватниот сектор немал попартнерски и пријателски кон бизнисот настроена влада. Всушност тоа тие самите секојдневно јавно го говорат, а извештајот на светската банка само го потврдува истото.

Ние сме свесни дека државата функционира благодарение на приватниот сектор и даноците кои тој ги издвојува. Оттаму, од исклучително значење е тој да биде моќен и во добра кондиција, бидејќи на него почива целата држава. Што се однесува до финансиското оптоварување можам да кажам дека благодарение на реформите во минатите години Македонија е меѓу земјите со најниски даноци во Европа, што секако оди во прилог на бизнисот. За илустрација фискалното оптоварување во Република Македонија изнесува 33% од БДП, а просечно во земјите во ЕУ тоа изнесува 44%. Тоа е вистинската слика и прецизниот стручен одговор за тоа какво даночно оптоварување има во Македонија.

Има многу други факти со кои можам да ја поткрепан тезата за влада која најмногу помогнала на приватниот бизнис. Никогаш досега не се случило без да биде повикана владата во една година да тропне самата на врата на над 150 фирми за да ги праша дали имаат проблеми кои може да им ги реши и уште на над 40 фирми кои имаат имотно правни проблеми на чии врати испратила неповикани преставници од институциите со цел да им ги решаваат проблемите, и поединечно но и системски врз база на искуствата од слушнатите проблеми.

Никогаш досега немало проект регулаторна гилотина спроведен главно со повик до компаниите да дадат идеи што треба да се подобри во регулативата и бирократијата, и над 90% од тоа е реализирано. Ниту пак премиер кој имал толку многу поединечни средби на негова иницијатива со менаџери за да слушне и да помогне да се решат нивните проблеми. Ниедна влада досега не овозможи решавање на прашањето на градежно изградено земјиште како оваа влада со моделот и цените кои ги понуди. Нема влада која досега така силно ги намалила давачките за комуналии на индустриски објекти, хотели, земјоделски откупни центри и слично како што ние го направивме тоа со можноста за само едно евро од квадрат.

Или пак упростувањето за добивање градежни дозволи, модернизацијата на царибната и УЈП во однос на давање на услугите на компаниите, или пак укинувањето на данокот на добивка за секоја фирма која нема да ја распредели добивката.

Листата е долга, не е случајно што Светската банка не само што не прогласи за трета земја по реформи за создавање добра бизнис клима за минатите 12 месеци, и на генералната листа za 4-5 години стигнавме од 96-то на 22-то место во светот, туку во овој извештај не издвои како случај од кој треба другите земји да учат искуства и да ги преминуваат, од земја, како што велат е 6 години постојано, без прекин во крупни економски реформи и подобрувања. Бидејки има земји и влади кои во овие извештаи ќе блеснат една година со постигнување висока позиција за таа година, и потоа со години ги нема меѓу топ реформаторите. Единствено Mакедонија континуирано е во врвот на топ реформаторите. Но, иако во Република Македонија постојат добри услови за водење бизнис, тоа нема да значи дека и во иднина нема да останеме силно фокусирани на ова прашање.

Капитал: Најголем проблем и товар на Буџетот е јавната администрација, која секојдневно расте, што со рамковни, што со партиски вработувања. Буџетот веќе стана заложник на вработувањата во јавната администрација. Таквата политика е неодржлива на среден и долг рок. Во еден момент ќе треба или да отпуштате, или да зголемувате даноци, или да се задолжувате! Дали има волја во Владата да се реши овој проблем или сепак партиските интереси се пред се?

Груевски: Немаме намера да зголемуваме даноци, туку напротив да ги намалуваме онаму каде што тоа е можно. Само во последниве неколку месеци ги намаливме ДДВ-то за туристички услуги, ДДВ-то за суровото масло за јадење, го укинавме данокот за фирми кои на годишно ниво остваруваат обрт до 3 милиони денари, за фирмите со обрт од 3 до 6 милиони денари предвидовме избор на даночен модел, ги намаливме и царините за шеќерот, пулпата за сокови, спортските реквизити.

Во изминатиот период Владата стави акцент на реформите во областа на јавната администрација, при што се изменија законите за државните и јавни службеници со кои во голема мерка се стесни просторот за било какви влијанија во процесот на селекција и избор на службеници.

Вo администрацијата ќе се вработуваат луѓе со висок стручен и морален интегритет.

Понатаму, преземени се реформи за скратување на постапките и роковите за добивање на услуги од јавната администрација, а воведени се и нови електронски апликации за поднесување и размена на документи со кои дополнително се подобрува ефикасноста на јавната администрација.

Во однос на обемноста на администрацијата можам да кажам дека внимателно ја следиме состојбата при што се одобруваат вработувања таму каде што е најнеопходно, а истовремно се врши и прераспределба на постојните вработени за поефикасно искористување на капацитетот. Треба да имате во вид и дека во администрацијата има постојани флуктуации на луѓе кои или се пензионираат или, пак се вклучуваат во приватниот сектор.

Дел од вработувањата произлегуваат и од обврските превземени со Рамковниот договор.

Не би се согласил со констатацијата дека Буџетот е заложник на вработувањата во јавната администрација бидејќи сведоци сме на вложување на средства од Буџетот во повеќе области и сегменти без притоа да има било какви проблеми во навременото сервисирање на обврските за исплата на плати во јавниот сектор.

Со реформите кои ќе се спроведат, и со прераснувањето на администрацијата во вистински сервис на граѓаните, забелешките во однос на неа ќе исчезнат.

Кога граѓаните и трговските субјекти ќе ги добиваат услугите брзо, ефикасно и ефтино, а тој процес е веќе започнат, тогаш и нивната своевидна нетрпеливост, која што повеќе е стереотипна, ќе исчезне во целост. Најновите мерки за санкционирање на административците, но и на министрите и директорите во случаите на молчење на администрацијата, со екстремно високи парични казни и можност за затворска казна, не само што се најригидни во цела Европа, туку веќе даваат и резултати. Внимателно ја следиме нивната примена, и реагираме веднаш на обиди да не се применува. Чекорот да се формира министерство за информатичко општеsтвo, и администрација се покажа за вистински.

Проектот за интероперабиилност, во кој се помалку граѓаните ќе одат од шалтер на шалтер, е проект кој веќе дава резултати кои може да се квантифицираат. Tочно знаеме колку илјади помалку одења на шалтери се остварени откако се воведе овој закон во последните неколку месеци и одкако 5 институции - УЈП, Царина, Kатастерот, Cентралниот регистер и од неодамна МВР, се поврза межусебно во системот на интероперабилност. Но, се согласувам дека има уште многу работа.

Капитал: Најавено е ново задолжување на меѓународниот пазар од 130 милиони евра. Дали е паметно Македонија да се задолжува за покривање на плати, пензии и субвенции, а не за капитални инвестиции? Како ќе се враќаат кредитите ако парите не се оплодуваат?

Груевски: Секоја влада во Европа проектира буџетски дефицит, кој ако е до 3 осто и од БДП не е дискутабилен, дури корисен е, поттикнувачки за развојот и согласно правилата на ЕУ, чии земји членки за жал во кризниот период не го почитуваа ова.

Нашиот буџетски дефицит е 2,5% и е еден од најниските во Европа, ако не и најнизок. Секој буџетски дефицит се покрива со позајмување.

Со оглед на моменталната состојба на пазарот на капитал, Владата на Република Македонија е во преговори со странски комерцијални банки за обезбедување на финансиски средства во износ од 130 милиони евра, но под многу поволни услови.

Се работи за новиот инструмент за гаранција во лимитиран период (Policis Based Guarantee) на Светска Банка, преку кој Владата ќе ги обезбеди овие средства за финансирање, а позади целата трансакција стои Светска Банка со својата гаранција. Овие средства ќе бидат наменети за финансирање на буџетските потреби што значи и за капитални инвестиции.

Со други зборови заемот со кој ќе се покрие буџетскиот дефицит ќе се користи за капитални инвестиции, како водоводи, канализациони мрежи, патишта, и други инвестиции.

Македонија, според сите меѓународни статистики, е со ниско до умерено ниво на задолженост и во делот на државниот долг и во делот на надворешниот долг. Во делот на државниот долг, остануваме земја со ниско ниво на задолженост од 26,2% од БДП заклучно со последниот податок за третиот квартал од 2011 година и тоа е најниско ниво на државен долг во регионот и едно од трите најниски во Европа. Значи Македонија гледано стручно, како економист, а не политички, согласно стручните меѓународно прифатени методологии е земја која е меѓу трите најмалку задолжени земји во Европа.

Капитал: Владата и многу државни институции се особено активни во трошењето пари за реклами и промотивни кампањи. Колку пари се потрошени за оваа намена и кои се ефектите? Која е целта на овие кампањи?

Груевски: На јавните информативни кампањи кои ги спроведува Владата на Република Македонија, како и останати институции треба да се гледа во поширок контекст. И тоа е пракса секаде во светот, и тука нема некој баук.

Кампањите не се наменети за промоција на Владата, ниту на поединечните институции, туку дел од нив се насочени кон информирање на граѓаните за одредени можности кои им стојат на располагање, прeку одредени проекти, значи дел од нив се од информациски карактер, додека останатите се спроведуваат со цел подигнување на свеста за одреден проблем, значи имаат едукативен карактер.

Оттаму, неблагодарно е да се зборува за ефекти, особено на краток рок, бидејќи истите се потешко мерливи. Поделувањето на одредена информација со граѓаните може да им заштеди време и средства, а бројните кампањи за зголемување на етиката и свеста на поединците и општествените групи, пред се на младата популација, придонесува кон градење на одговорни и општествено свесни индивидуи, од кои полза има целата држава.

Направете анализа и ќе видите дека многу европски земји, Британија, Германија, па и САД и Австралија спроведуваат вакви кампањи, и тоа е нормално и се смета за општествена придобивка секаде во светот.

Сепак, има и кампањи кои се донекаде мерливи. На пример кампањата за образование значително помогна за менување на свеста особено кај помладите во однос на одење на повисоко ниво на образование. Македонија е земја каде 99 осто од основците се запишуваат во средно, и 99 осто од матурантите се запишуваат на универзитет. Се разбира секој од нив не успева да го заврши факултетот, но огромен процент кои почнале успеваат.

Или кампањата купувајте македонски производи која само во првите една година за 20 осто го зголеми прометот на македонски производи.

Добро е да се спомене дека во најголем дел од случаите, онаму каде тоа е потребно, кампањите одат во пакет со мерки на владата во поедина сфера, или нови закон, реформи кои во пракса го стимулирааат и поткрепуваат она што кампањата го објаснува.

Во изминатите години имавме критики и за кампањите на меѓународните медиуми за привлекување туристи и инвеститори. Но кога оваа година ефектите започнаа да доаѓаат, да доаѓаат поголем број туристи, што е и очигледно и има прецизна статистика, а и да почнуваат да се градат нови фабрики од странски инвеститори, од кои некои од нив јавно објавија дека рекламата за Македонија ги поттикнала да ја стават Македонија во комбинација за нивната следна инвестиција, а подоцна и да ја изберат, критиките почнаа да опаѓаат.

Еве сега започна кампањата за поттикнување на претприемничкиот дух. Ефектите од оваа кампања ќе доаѓаат постепено во следните години, но сигурно ќе ја менуваат свеста во овој сегмент. Македонија евидентно се менува!

Капитал: Ако ги прашате бизнисмените за искрен одговор, ќе Ви кажат дека имаат огромни финансиски проблеми, немаат ликвидни средства, тешко доаѓаат до кредит, тешко наплаќаат од државата. Дали и како работите на решавање на овој проблем?

Груевски: Државата неможе да ги реши сите проблеми на бизнисмените и неможе да решава индивидуални проблеми на поединечни бизнисмени кои зависат од нивната лична способност за правење бизнис, но може да постави рамка и да овозможи услови кои ќе им ги пообрат значително можностите на бизнисмените, и ќе решат добар дел од нивните потешкотии, и ние како влада тоа го правиме.

Не велам дека одредени економски субјекти не се соочуваат со финансиски потешкотии, но убеден сум дека генералната слика за македонскиот бизнис сектор не е таква. Со цел надминување на финансиските потешкотии на претпријатијата и обезбедување на полесен пристап до капитал во изминатиот период Владата обезбеди 100 милиони евра за поддршка на претпријатијата преку кредити со субвенционирани каматни стапки.

Во моментов ќе започне реализацијата на нова кредитна линија од свежи 150 милиони евра од надвор кои под поволни каматни стапки од 5,5% ќе им бидат ставени на располагање на домашните фирми. И овие мерки беа силно поздравени од бизнис заедницата.

Тука би сакаl да повторам дека Владата и бизнис заедницата имаат редовен дијалог и соработка, редовна размена и уважување на предлози и мислења, и мислам дека таа сораотка вродува со плод, особено во вакви драматични времиња за светската економија која се соочува со кризи од различен вид.

Воведувањето на новиот инструмент задолжница, секако ќе помогне во проблемите со неплаќање на долговите меѓусебно.

И конечно, многу зависи со кои бизнисмени разговарате.

Оние на кои им оди бизнисот, најчесто не се оние кои имаат премногу забелешки, како и оние на кои не им оди бизнисот најчесто алибито за сопствениот неуспех, или неисправни и лоши деловни одлуки, ги заменуваат со префрлање на вината кон владата и владините економски политики. Ако расчепкате подлабоко, ќе видите дека најголем дел од аргументите, ако воопшто ви ги набројат, не држат.

Јас минатата есен, некаде од септември, па се до изборите, воведов практика најмалку еднаш неделно да имам работен ручек со најмалку 4 бизнисмени на масата, и плус неколку министри со мене. Плус, повремено ги канев на средби стопанските комори, поединечно или групно!

Нема проблем кој не сум го чул, нема аргумент кој не сум го анализирал, нема барање кое не сум се обидел да го решам, па макар и да е поединечно за некоја фирма, а не системско. На тие средби нема политики и партии, се канат бизнисмени од различни политички, етнички, верски и било какви провиниенции.

Едно лице од мојот кабинет од секоја таква средба независно во кој облик е секогаш води записник кој се поствавува на првата наредна владина седница, со предлог заклучоци со кои ги задолжувам министрите да се осврнат на проблемот и во точно утврден рок да ми дадат отчет за сработеното.

Морам да ви кажам дека реакцијата на најмалку половина од бизнисмените е дека не им се верува тоа што го гледаат, таквиот пристап на работа на премиерот и владата. Најмногу шокирани се најчесто бизнисмените за кои јавно се знае дека се блиски до опозицијата, кои се јавно експонирани во тој поглед. Тие го добиваат истиот третман како и другите, и по неколку дена слушам одгласи како раскажуваат по луѓе дека сеуште не им се верува за она што се случило. Само така Македонија ќе оди напред. Реформите имаат смисла само ако тие бидат разбрани и спроведени, но и почуствувани во секоја компанија.

Капитал: Последните податоци покажуваат пад во индустријата. Кризата од еврозоната многу брзо се прелеа во македонската економија. Како Владата ќе се справува со новата епизода од глобалната економска криза, која очигледно ќе ја гледаме до крајот на оваа и почетокот на идната година?

Груевски: Индустриското производство заклучно со септември има кумулативен раст од 6,3% што е во рамки на проекциите на Владата. Факт е дека растот на индустриското производство слабее во однос на почетокот од годината што во најголема мера се должи на случувањата во Европската Унија, која да не заборавиме и да не потцениме дека се соочува со голем предизвик по однос на долгот на поедини нејзини членки кој силно ја притиска европската економија и нејзината ликвидност.

Живееме во необично време кога не само банки или компании, имаме земји кои банкrотираат, а на некои им е одбројано во денови кога ќе им се случи тоа, особено ако не добијат некој спасувачки пакет. Македонската економија е поврзана и зависна пред се од движењето на пазарите во Европа бидејќи околу 60% од извозот е концентриран во земјите на Европската унија, што претставува значаен канал преку кој кризата може да се прелее. Умерен оптимист сум во однос на економските случувања во Европа, пред се поради јасната определба на европските лидери за опстанок на монетарната унија.

Македонија не може да влијае на случувањата во Европа, но Владата будно ги следи случувања и е подготвена во секој момент да ги преземе неопходните мерки со цел да се амортизира негативното влијание. Впрочем Владата и во изминатиот период демонстрираше капацитет дека може да се справи во кризни ситуации преку дизајнирање и имплементација на соодветни економски политики, пред се тука мислам на четирите пакети на антикризни мерки, со чија помош македонската економија успешно ги надмина предизвиците на Светската економска криза.

Капитал: Зошто кај привлекувањето странски инвестиции работите се одвиваат бавно и се сведуваат на многу меморандуми, најави, интереси, роуд шоуа и министри за странски инвестиции. Кога ќе можеме да мериме обем на инвестиции со кој ќе се рамниме со Србија и Бугарија, или Албанија, па и Црна Гора на пример, кои ни се сериозни конкуренти во регионот?

Груевски: Во последниот период од неколку месеци имаме мини инвестициски бум, 8 компании, меѓу кои Кромберг и Шуберт, Протек груп, Мадерсон груп, Кемет Електроникс,  Агрокор, втората фабрика на Џонсон контролс... се решија, донесоа одлука  да инвестираат во свои капацитети во Македонија, или пак ја стартуваа инвестицијата, при што со тие инвестиции ќе се отворат околу 10 000 нови работни места во идниот период, тргнувајки постепено од средината на следната година. Во преговори сме со друга група вакви компании кои треба да одберат земја за следната нивна фабрика за производство.

Во периодот пак од 2006 до 2010 година и покрај тоа што три години беше присутно влијанието на светската економска криза, странските директни инвестиции надминаа 1,6 милијарди евра, што е многу повеќе во однос на претходни периоди.

Тоа што процесот можеби изгледа дека се одвива бавно е затоа што Владата има сериозен и сеопфатен пристап во привлекувањето на странски инвестиции, за што говори и фактот што во нашиот мандат реномирани светски компании покажаа интерес односно инвестираа во земјава. Воедно, би сакал да истакнам дека кога се прават споредби со други земји особено од регионот, не треба да се заборава на апсорбциониот капацитет на земјата во однос на странските директни инвестиции, во смисла на тоа дали се работи за странски капитал наменет за приватизација на некоја компанија, или се работи за целосно нова инвестиција, т.е. гринфилд инвестиции.

Во Македонија процесот на приватизација е веќе завршен, така што ние сме фокусирани на привлекување на странски капитал наменет за отварање на нови претпријатија, инвестирање во фиксни средства и создавање на нови работни места, и тука работите одат многу потешко и побавно отколку да имаш крупни државни компании за приватизација, како што имаше Македонија во деведесетите, и неповратно ја прокоцка шансата нивната приватизација. Namesto армија невработени, да значи нов инвестиционен циклус. И во идниот период ќе продолжиме со засилено темпо на привлекување на инвестиции. И сметам дека имаме добар концепт, сеопфатен, не само во презентација на поволностите и намалувањето на даноците или, пак државната пoмош на странски инвестиции, туку и инвестициите во образованието имаат силна улога во подобрувањето на сликата за Македонија како поволна дестинација за водење бизнис.

Капитал: ќе преземе ли Владата нешто за решавање на проблемот со блокадата на македонско-грчката граница. Таа ги уништува македонските извозници, кои губат по стотици илјади евра месечно?

Груевски: Ова прашање неодамна го отворивме на економскиот совет и долго го дискутиравме, при што освен од институциите на државата побаравме мислење и од повеќе професори на правниот факултет во Скопје, кои беа поканети на седницата и дадоа стручно гледиште од аспект на меѓународните правила и можности.

Заедничко мислење е дека компаниите и земјата располагаат со многу малку инструменти, да не речам воопшто не располагаат, во смисла на решение на овој проблем. Направивме темелна анализа, и ќе продолжиме да останеме фoкусирани на ова прашање, внимателно следејки ја состојбата и повремено отварајки го ова прашање на редовните седници на економскиот совет кој се одржува секоја недела, најчесто во понеделниците, што е уште еден нов модел на поголема фокусираност на економијата од страна на владата и државните институции.

Капитал: Последната информација од Владата е дека односите Македонија-Грција се заладени. Тоа значи дека претходно биле затоплени? Зошто тогаш не го решивте спорот за името?

Груевски: Прашањето со спорот кој нашиот јужен сосед го има со нашето име е сериозен и комплексен, и затоа не дозволува произволни толкувања изречени со ваква леснотија како во вашето прашање. Се работи за прашање на кое максимално посветено и одговорно му пристапуваме и како држава и како државно раководство. Фактите говорат дека и покрај нашата искрена намера и волја за надминување на овој предизвик, во моментов од страна на јужниот сосед не постои интерес за осврнување на истиот.

Донекаде тоа и го разбирам, тие се соочуваат со огромни проблеми, финансиска криза, штрајкови, државен банкрот, приватни банкроти на илјадници граѓани и фирми, немири, ситуацијата е многу напната на овие теми. Она што не е коректно и што не можам да го разберам е обвинувањата од нивна страна дека Македонија не се труди доволно за да го надмине предизвикот. Тоа е неточно, тоа е непринципиелно, и не помага во градењето на довербата, исто како и притисоците кои се прават на структури во Европската Унија за и Унијата да презема чекори кои наидуваат на револт кај нашето население. Мислам дека со еден поголем ентузијазам, со рационалност и со одважност да се надминат стереотипите, и да се работи на добрососедските односи, како и со уважување на аргументите на меѓународното право кои се на наша страна, Грција би можела да го надмине овој спор, во интерес на двете земји и во интерес на регионот. 

Во историјата на ЕУ, поголемиот дел земји кои и се приклучувале на унијата имале проблем со некоја земја членка, но во сите случаи било овозможено паралелно да се одбвиваат преговорите за решение на тој проблем и преговорите за зачленување во ЕУ. Тој пристап во сите ситуации дал позитивен резултат, и успешно завршиле двата процеси. За жал од случајот со Македонија пристапот на ЕУ, под притисок на Грција е променет, и обратно од она што се случувало во минатото, оневозможен е прогресот во двете паралелни ленти. Сепак, ние ќе продолжиме да вложуваме максимални напори за изнаоѓање на решение, иако секојдневно се соочууваме со видливи неправди и некоректности.

Капитал: Со секое оддалечување од спорот за името Македонија се оддалечува од евроатланските интеграции. Токму ваква атмосфера се чувствува во моментот. Дали сметате дека Македонија има алтернатива на ЕУ и НАТО? Србија и Црна Гора брзаат напред! Има ли Македонија друго сценарио освен ЕУ?

Груевски: Стратешка определба на Владата е членството на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО. Ние со дела и факти сме докажале дека таа стратегија е на највисоко ниво на нашите приоритети, доказ за тоа се реформите кои ги спроведуваме, а најмногу европските вредности во кои веруваме и кои ги споделуваме, и верувајте тие не зависат од примесите на бирократизмот на некоја структура. Тие вредности им припаѓаат на сите граѓани на Европа, и на македонските граѓани вклучително.

Не ја разбирам оваа подметнувачка теза, дека наводно Македонија бара некои алтернативи, некакви вртења. Да беше така, ние ќе излезевме и тоа јасно ќе го кажевме, во наш стил, и ќе го аргументиравме нашиот став.

Ако пак тезата ја влечете од мојата реакција во однос на изоставувањето  атрибутот “македонски” од Извештајот, но и од некоректната изјава на комесарот Филе во однос на повеќе други прашања, и затоа сте створиле таков впечаток, кој е неточен, тогаш повторно тезата за наводните алтернативи е неточна.
Mojaта реакција е на линија на одбрана на достоинството на нацијата, на националните чувства, на државниот и национален интерес, и колку што гледам и следам таа реакција е на исто ниво како и реакцијата на целокупното македонско општество, што значи дека е исправна и е поддржана.

И ако внатре во самата ЕУ секојдневно има различни мислења, меѓусебни критики и отворен дијалог за скоро секое прашање и област, малку ми е чудна реакцијата кај некои структури во Mакедонија, кои секое различно искажано гледиште, незадоволство или критика на нечии изјави, веднаш го преточуваат во нова политика на државата, или нов стратешки план или слични формулации кои создаваат некаков ,,ерес,, ако се има различно мислење со некој службеник или политичар од ЕУ, или со некоја политика или одлука на ЕУ. Па зарем и тие не можат да згрешат нешто, зарем таму не работат луѓе, или тие се беспрекорно функционални роботи. Не. Сето тоа упатува на табу теми, на ограничување на искажување на сопствен став и на тотална некреативност, што се одлики на едно друго време кое се надевам дека помина со доаѓањето на демократијата и мултипартизмот. За жал социјализмот помина, но неговиот дух сеуште е длабоко во многумина од нас.

Можеби не дотолку во овој, но во еден поширок контекст, има и такви кои живеат со максимата позната во Македонија уште од времето на осмалинскиот период, преточена и во народната поговорка која вели: наведната глава, сабја не ја сече. Тој дух, кој исто така преовладува кај многумина, е исто така ограничувачки фактор за севкупниот развој на земјата, создава кочници, непотребни оtкажувања, фрустрации, општествени конфликти...

Јас на пример мислам дека наведната глава сабја ЈА сече.

Капитал: Пропаѓањето на пописот покажа дека односите ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ во владината коалиција не се целосно испеглани. Што се случи, зошто се појави курцшлус на веќе „договорената” работа, како што претходно ветуваа двете партии?

Груевски: Тезата од прашањето е сосема погрешна. Одлуката за прекин на пописот дојде како резултат на препорака на Државната пописна комисија и на Заводот за статистика, и таа препорака за прекин на пописот беше донесена едногласно од сите членови на владејачката коалиција, од сите партии и сите етнички заедници. И ние, и ДУИ, и Ромите, Турците, Србите, Бошњаците од коалцијата сметавме дека е подобро, поисправно и поцелисходно да се спроведе попис кој ќе биде објективен и реален, па и по цена да се прекине постоечкиот попис за кои имаше сериозни забелешки по однос на примена на методологијата за попишување од лицата на терен. Ние бевме свесни за импликациите на прекинот, и нивното искористување во функција на политичката агенда на опозицијата. Видете, нереален попис не му користи на никого. Погрешни податоци може да доведат до грешни одлуки во врска со развојот, инвестициите, со модернизацијата. Тоа не е добро, и токму тоа беше спречено.

Капитал: Дали не сметате дека е неодржливо една земја да не може законски и технички да спроведе една важна статистичка операција како што е пописот?

Груевски: Дали ќе беше подобро да се дозволеше нереален попис? Сигурно не, во еден таков случај ќе бевме соочени со лавина на аргументирани критики. Ако го погледнете регионот ќе видите дека во половина од земјите во кои беше спроведен пописот се констатирани големи забелешки и има несогласувања помеѓу различните општествени чинители. Добар дел од земјите на ЕУ, не прават попис по структура и методологијата типична за овие простори. Не се работи за капацитетите, за перфорамнсите, институциите имаат капацитет кој во случајот на пописот е потврден и од страна на Еуростат, мислам дека балканизацијата на статистичката операција попис и нејзиното набљудување со преголема примеса на политизација е она што е предизвик кој треба регионално да го надминеме.

Прекинот на оваа операција може да се гледа и од еден друг аспект. Охридскиот рамковен договор има многу предности и добри решенија. Сепак има и по некоја слабост. Кога во еден устав ќе ставите дека се зависи од процентот на застапеност на етничките заедници, неможете да очекувате дека пописот ќе помине без проблеми. Желбата за повеќе можности кои ги даваат процентите на етничка застапеност по автоматизам создаваат тензија, особено во места како Балканот, но и не само Балканот. Погледнете ја на пример Белгија која 30 години неможе да спроведе попис.

Капитал: Пописот и барањата на Вашиот коалиционен партнер укажуваат на една слабост во позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во владината коалиција. Како функционирате со Ахмети?

Груевски: Со г-дин Ахмети засега имаме коректен однос, базиран на принципи, би рекол однос на фер плеј. Според досегашната соработка тој ги поддржува и се залага за основните правци на работа за подигнување на економскиот стандард, стандардот на граѓаните, за нови инвестиции, подобро здравство, образование, зачленување во ЕУ и НАТО. Како во секој соработка, можеби некогаш има и по некој момент на различни мислења, ставови, приоритети, но со дијалог, со аргументација истите сме ги надминувале, и мислам дека тоа е добро, да има дебата и конструктивност.

Двете партии ја добиле довербата на народот да ги управуваат процесите за да ги задоволат потребите на народот, да ги остварат целите кои граѓаните ги поставиле, и тоа е врвен приоритет околу кој нема разногласие. Не би коментирал перцепции за нечија наводна слабост, или јакост, бидејќи во сите односи, и со партиите од Коалицијата За подобра Македонија, и во коалицијата со ДУИ влегуваме со почит, со меѓусебно уважување и соработуваме на принципиелни основи.

Извор: Магазин "Капитал"

 

 

 

 

 

 

Во изминатиот период имавте повеќе средби со македонските бизнисмени на кои тие побараа и конкретни мерки за подинамичен развој на економијата? Што од тие барања можат реално да се реализираат?

Со македонските бизнисмени имаме изградено континуирана комуникација. Сметаме дека комуникацијата меѓу Владата и бизнис-сектор е од големо значење за развојот на македонската економија и затоа во наредниот период планираме да го интензивираме оваа партнерство. Низа мерки и проекти потекнуваат токму од дијалогот меѓу овие сектори.

Воведување на едношалтерски систем за инвеститори е едно од барањата од страна на бизнис-заедницата на кое Владата веќе подолг период работи со цел на креирање еден систем, кој ќе овозможи подобрување на квалитетот на услугите и условите за инвестирање.

Поедноставувањето на царинските стапки е едно од барањата кои имаат реална можност да се исполнат. Во наредниот период Владата ќе вложи напори да ги поедностави транспортот со соседните држави. Но, сепак, ова барање не зависи само од македонската Влада, туку и од расположението на владите во соседните држави.

Владата со тек на време ќе ги исполни сите барања на бизнис-заедницата кои се реални и остварливи. Развојот на бизнис-секторот и економијата е еден од приоритетите на оваа Влада, која силно се залага за нивниот развој.

Кој е, според Вас, патот по кој Македонија треба да оди за да може да остварува повисоки стапки на економски раст поголеми од 6%-7%? (конкретни мерки и политики)

Патот до побрз економски раст е што побрза реализација на владината програма. Таму се набројани повеќе од илјада проекти и активности кои се осмислени токму со таа намена: забрзан економски раст и намалување на невработеноста. Несериозно е кој било да каже дека со неколку проекти или мерки е можно да се оствари голема стапка на развој, бидејќи да беше така едноставно сите држави во светот ќе го правеа тоа и ќе имаа рецепт за успех. Доколку се реализира програмата на Владата за наредните четири години, мислам дека овие стапки на раст се целосно реални и остварливи. Сепак, дури и во Манифестот за реформи и развој, кој е основата на програмата на Владата, и во чија изработка имав значителен придонес, е кажано дека основна претпоставка за високи стапки на развој е да нема уште една светска економска криза. За жал, од ден на ден, глобалните економски процеси не одат во позитивна насока и секако дека тоа нема да има поволно влијание и врз македонската економија.

Едно од барањата на бизнисмените е и порелаксирана монетарна политика и воведување на флексибилен наместо фиксен девизен режим на денарот? Што мислите за оваа идеја?

Изјавите на бизнисмените кои се однесуваат на монетарната политика треба да се земаат со голема резерва. Прво, не постои консензус и кај нив за оваа работа, а лично сметам и дека не располагаат со доволна експертиза за квалитетни макроекономски анализи на ниво на држава. Повеќе се работи за интерес на неколку големи извозници со цел да добијат поевтин конечен производ и поголема заработка за сопствените компании, што се разбира е легитимно како барање. Сепак, ова барање не е во интересот на целата држава, туку повеќе во интересот на нивните компании.

Од сите досегашни анализи коишто се спроведувани и во рамките на Владата, но и во Народната банка, во Светската банка и ММФ, институции кои ги земаат предвид сите комплексности на едно вакво прашање, укажуваат дека курсот на денарот треба да остане стабилен. Во спротивност, со флуктуирачки курс постои реален ризик да добиеме висока инфлација, високи каматни стапки за девизните кредити, зголемени износи што ќе треба да ги враќаат фирмите кои веќе се задолжиле во евра, намалување на девизните резерви и конечно намалување на животниот стандард. Од тие причини, во овој момент не ја поддржувам оваа идеја.

До 2009 година работевте во реалниот сектор, две години, пак, сте дел од извршната власт. Ги знаете проблемите и барањата на реалниот сектор, од друга страна знаете со колкав буџет располага државата и кои ѝ се приоритетите? Кога утре би се вратиле во приватниот сектор, што ќе побарате прво од Владата како мерка за да се подобри бизнис-климата во земјава?

Вашето прашање е всушност начин да ме прашате со што не се согласувам во сегашните владини политики. Сметам дека во рамките на сегашните ограничувања, Владата го дава својот максимум во подобрување на бизнис-климата, што всушност е валоризирано и од Светската банка во најновиот извештај за Дуинг бизнис, каде што Македонија е рангирана пред голем број држави и од Европската унија, и највисоко од сите земји на Балканот.

Но, би додал и дека сè додека сум дел од тимот на премиерот Груевски, сè што имам да кажам како идеја или сугестија за подобрување на бизнис-климата, но и за останатите сегменти на работење на Владата, соопштувам на седниците на Владата или на членовите на владиниот тим и, се разбира, се обидувам тоа да го спроведам.

И покрај високиот ранг во Извештајот Дуинг Бизнис, македонската економија е прилично неконкурентна според цените, квалитетот, идеите и иновациите, технологијата... Што Владата презема за подобрување на конкурентноста на компаниите и економијата?

Прашањето почнува со констатација со која не се согласувам целосно. Во определени сегменти македонската економија станува сè поконкурентна, што е сè поевидентно од постојаното зголемување на извозот и зголемувањето на бројот на странски туристи во земјата. Се разбира, ситуацијата не е розова, но направени се големи подобрувања, но она што е поважно, следат и низа на нови мерки и политики со кои дополнително ќе се зголеми конкурентноста.

Во најскоро време ќе го реафирмираме Националниот совет за конкурентност кој во последните неколку години не беше многу активен. Во рамките на мојот кабинет уште во текот на минатата година е изготвена сериозна анализа со предлог-мерки и проекти за подобрување на конкурентноста и голем број од тие предлози се веќе вградени во владината програма. Направени и предложени се низа мерки со кои се подобрува соработката меѓу науката и реалниот сектор, мерки за подобрување на стандардите и капацитетите на институциите кои се занимаваат со акредитација, подобрување на квалитетот на образованието, голем број инфраструктурни проекти, проекти за понатамошно намалување на административниот товар врз бизнис-заедницата и слично.

Паралелно со овие активности, Владата вложува големи напори кон привлекување странски инвестиции. Една од бројните причини е што еден од бенефитите на странските инвестиции е внесувањето нови технологии во државата, како и зголемувањето на вештините и знаењето на работниот кадар, при што се намалува технолошкиот јаз меѓу Македонија и развиените европските земји.

“ЗАДОЛЖНИЦАТА“  ЌЕ СТАРТУВА СЛЕДНАТА ГОДИНА

Кои се приоритетите на Владата во следните шест месеци? Што ново може да очекува бизнисот во насока на поголем извоз, поефикасна администрација, порелакирана даночна и казнена политика?..

Во наредните шест месеци треба да започнат и стапат на сила низа проекти и мерки кои имаат за цел да го поттикнат развојот на економијата. Конкретно за поттикнување на извозот предвидено е воведување на извозен факторинг. Можноста да ги продадат побарувањата на МБПР со одреден дисконт претставува значаен бенефит за извозниците. Со цел подобрување на ликвидноста на компаниите, на почетокот од следната година предвидено е воведување на новиот инструмент “Задолжница”. Овој инструмент ќе овозможи средствата автоматски да се префрлаат на сметките на доверителите од сметките на должниците, при што би се подобрила ликвидноста на компаниите. Понатаму ќе продолжи да се спроведува проектот “Учиме од бизнис-заедницата“, односно ќе продолжат посетите на компани од страна на владини тимови. Оваа практика се покажа како многу успешна, бидејќи директните средби со бизнис-секорот овозможуваат директно воочување на проблемите и нивно брзо решавање. Еден од проблемите кои се наведени од страна на бизнис-заедницата е неетичката селекција од страна на испекторските служби. Воведување на проектот е-инспекторати ќе овозможи електронско избирање испектори, при што ќе се елеминира неетичката селекција. Кога веќе станува збор за проекти кои се темелат на база на информатичка технологија, би го напоменал и проектот Електронско поднесување на царински декларации и документи. Еден од низата проекти кои се насочени кон намалување на трошоците и потребното времето за извршување на царинските процедури.

Со сопственикот на гасоводот од Солун до Скопје - Вардакс АС, неодамна постигнавте договор дека на Македонија ќе ѝ исплатат пет милиони евра. Што се случи во меѓувреме? Зошто Македонија не добива и не бара пари од дивиденда?

На последното Собрание на акционери, каде што Владата имаше и свој претставник, беше донесена одлука за распределба на средства на акционерите врз основа на акумулираната добивка, според која, Република Македонија треба да добие 4,6 милиони евра. Очекуваме во наредните 30 дена да дојде до целосна операционализација на оваа одлука и средствата да се најдат на сметката на државната фирма Нафтовод ДОО, која во име на Владата е акционер во Вардакс АС со 20% од акциите. Напоменувам дека ова е првпат од основањето на оваа компанија Македонија да добие дел од акумулираната добивка, и покрај тоа што е малцински акционер, што е резултат на преговорите што мојот кабинет ги водеше со другиот акционер во Вардакс АС.

Проектот Чебрен и Галиште е речиси во завршна фаза. Неодамна изјавивте дека тој е најблиску до реализација од кога било досега. Можеме ли да очекуваме дека до крајот на годинава некој конкретен чекор, како потпишување договор? Кои компании имаат најголеми шанси да го добијат проектот?

До средината на декември очекуваме да добиеме понуди од страна на квалификуваните компании, и би требало до крајот на годината да се објави која е компанијата која ја има дадено најповолната понуда. Но, во оваа фаза не би се осмелил да кажувам кој е фаворит за да го добие договорот. Победник ќе биде компанијата која ќе понуди највисок процент на учество на ЕЛЕМ во заедничката компанија која ќе го гради проектот Чебрен и Галиште. Доколку дојде до успешна реализација на овој проект, мислам дека слободно ќе може да се каже дека е тоа најголемиот економски проект започнат во изминатите 20 години во Република Македонија.

Кога во 2009 година станавте дел од Владата, пред себе веројатно си зададовте цел кои проекти сакате да ги видите завршени, за да не доживеете личен неуспех влегувајќи во Владата, а напуштајќи го реалниот сектор? Колку од вашите амбиции ги остваривте? Кој е Вашиот најголем предизвик на оваа функција? 

Еден дел од проектите и целите кои ги имав зададено пред себе се реализирани, но еден дел останува да се реализираат. Јас сум умерено задоволен од постигнатите резултати, иако лично очекував дека некои од проектите ќе ги реализирам значително побрзо. Како главен предизвик на оваа функција би ја навел светската економска криза, која во голема мера го забави темпото на влез на странските инвеститори, нешто на што потрошив доста добар дел од времето во изминатите две години. Тука не мислам само на инвеститори во зоните, туку и на партнери за некои од големите инфраструктурни проекти. Светската економска криза влијаеше и на тоа екстерната побарувачка за производите од македонските компании да не биде со очекуваното темпо, што резултираше со нецелосно ефектуирање на сите реформи и активности кои беа предводени од мојот кабинет.

Пред да го прифатите предизвикот вицепремиер за економски прашања работевте како директор и партнер на Меѓународниот инвестициски фонд СЕАФ за Јужен Балкан, како резултат на осумгодишното раководење на СЕАФ Македонија. Колку ваквото искуство и пријателства Ви помогнаа во работата како заменик-претседател на Владата?

Пријателствата беа од корист во делот на формирање квалитетен тим на луѓе во мојот кабинет, додека искуството во делот на водење и анализа на инвестициони проекти беше повеќе од драгоцено и потребно за функцијата која ја извршувам. Гледањето на работите од аспект на еден странски инвеститор, улога во која се наоѓав многу години, ми помогна во реализација на неколку големи проекти, но и во надминување на некои од посериозните спорови кои ги имаше Владата со некои странски и домашни инвеститори.

Понекогаш, за жал, искуството од приватниот сектор и стекнатите навики предизвикуваа и голем број лични фрустрации, особено на почетокот, бидејќи во приватниот сектор нема чекање од моментот на носење на одлуката до нејзиното реализирање, додека во јавниот сектор понекогаш треба да потрошите повеќе енергија да ги мобилизирате институциите да ги реализираат одлуките со бараното темпо, отколку на самото носење на одлука. Сепак, би сакал овде да ја нагласам улогата на тимот кој го формирав во Владата во рамките на мојот кабинет, којшто е од клучно значење за квалитетно извршување на мојата работа. Се работи за луѓе кои се многу квалитетни и посветени на работата, и на кои сум им неизмерно благодарен за работата што ја извршуваат.

Кој е вашиот став за должничката криза со која се соочува Европа и сè погласните прогнози за нова светска економска рецесија, и како тие се одразуваат врз Македонија. Има ли Владата план Б како да & помогне на економијата ако светската економија влезе во рецесија?

Македонија не може да ја спречи должничката криза нити светската рецесија, доколку дојде до неа. Она што покажавме во годините на кризата од 2009 година, е дека и во такви ситуации знаевме да изнајдеме мерки и политики со кои ги ублаживме негативните ефекти за македонската економија. Се разбира дека размислуваме за сите можни сценарија, и доколку дојде до нив, ќе излеземе со пакет-мерки со кои ќе ѝ помогнеме на македонската економија. Но, секако дека ова не се поволни времиња за економијата и ризиците се реални.

Што е потешко да се менаџира државно министарство или компанија? Кои се Вашите приници за успешно управување?

Секоја работа си има свои предизвици и специфичности, но со сигурност можам да кажам дека степенот на сложеност и факторите кои треба да ги земете предвид при носењето одлуки се поголеми на ниво на вицепремиер, отколку како директор на инвестициски фонд. Она што е заедничко за двете позиции е дека во тимот работев и работам со луѓе со голем интелектуален капацитет. Имам неколку едноставни правила за управување, но овде би издвоил дека со членовите на тимот треба да бидете целосно искрени и отворени, доколку сакате да ја стекнете нивната доверба. Сметам дека потребно е да се одберат квалитетни луѓе кои се самостојно мотивирани, на кои ќе им се објасни кои се целите и што сакате да постигнете, потоа дадете им креативна слобода да го реализираат тоа што сте го замислиле без да им се мешате во секој чекор. Често пати тие ќе го направат зададеното подобро и од тоа што сте го замислиле. Давајте му поддршка на тимот секогаш кога можете, критикувајте ги за грешките само во четири очи, и кога можете и кога е тоа заслужено, пофалете ги и наградете ги. Помогнете им на способните и амбициозните луѓе да ги остварат своите лични професионални цели, дури и кога тоа ќе значи дека може да го напуштат вашиот тим. Ценам и дека од вработените треба да се бара да работат на себе и постојано да го подобруваат своето знаење, бидејќи така ќе станат и позадоволни и посигурни во себе, но ќе станат и повредни членови на вашиот тим.

ОТШТЕТАТА ОД 72 МИЛ. ЕВРА ШТО ЈА БАРА ТАРБС Е ПРЕВИСОКА

Пред Владата претстои спорот со Австралиски Тарбс, кој бара отштета од 72 милиони евра. Сè погласни се шпекулациите дека двете страни “се пазарат“ за намалување на сумата. Која е позицијата и плановите на Владата во однос на овој спор? 

Според мое мислење, барањето на Тарбс за отштета од 72 милиони евра е во голема мера преценето, особено ако се има предвид дека Тарбс реално се јавувал најмногу во улога на давател на услуги во делот на сателитски пренос на телевизиски сигнал на Македонската радио-телевизија во износ од неколку милиони евра, а многу помал дел се има појавено како реален инвеститор во земјата. Спорот е комплексен од аспект што главните проблеми се настанати со неколку влади наназад, а не со актуелната Влада, така што не е едноставно да се утврдат сите факти. Се разбира, Тарбс имаат правна можност да постават каков било износ како барање за отштета во судскиот спор, но истото треба во судска постапка и да го докажат како реално настаната штета. Наша обврска е да ја заштитиме државата и нејзините граѓани од плаќање непотребни штети, но притоа да водиме сметка и за почитување на договорните обврски кои се преземени кон Тарбс од страна на државните институции. Засега нема никакви преговори меѓу страните, иако постоеја контакти со цел меѓусебно да се запознаеме со тоа како секоја од страните гледа на спорот. Исто како и Тарбс, и Владата ги презема сите потребни чекори за да има соодветна квалитетна одбрана и во овој судски спор. Можам само да кажам дека сме умерени оптимисти во однос на исходот. Лично би сакал во иднина да го видам спорот разрешен со што помали негативни последици за двете страни.

Извор: Магазин Капитал

Новинар: Катерина Попоска

 

 

 

 

 


Грција веќе повеќе месеци избегнува средби, а тие што ги има се несуштински. Економската криза дури и создаде многу подобра позиција кај меѓународната заедница. Тие сфатија дека се темпирана бомба во рацете на ЕУ, која ако многу се притисне ќе експлодира. И затоа никој не смее да ги допре или да ги притисне по прашањето за името. Во таква комотна ситуација, Атина нема интерес да се реши прашањето со разумен компромис. Ќе продолжи  да им продава приказна дека многу се трудат, дека сме блиску до решение, а тие ќе го зголемуваат притисокот врз нас, што уште повеќе ќе не одалечи од целта.


 


Ова, меѓу другото, го истакнува претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, во вториот дел од интервјуто за МИА, во кое се осврнува и на тужбата на Македонија против Грција во Хаг, евентуалниот референдум за името, критиките од ЕК...


 


...... Добро, ајде да се концентрираме на очигледно главниот проблем, името. Што се случува на тој план, нема многу информации во јавноста.


- Во еден период средбите зачестија, атмосферата се подобри и се чинеше дека се создадоа услови за разговор и решение. Имаше и различни идеи и можеби и волја кај нашиот сосед. Сега се изменија условите, а на тоа придонесоа два фактори. Грција веќе повеќе месеци одбегнува средби, а и тие кои ги има се несуштински, значи средби заради средби, каква што неодамна беше онаа меѓу министрите за надворешни, чија цел беше Грција да покаже пред партнерите во меѓународната заедница дека нешто работи и се труди.


Всушност воопшто не се труди. Првиот фактор за тој однос е економската криза во Грција која што освен што реално ги дефокусира, им создаде многу подобра позиција кај меѓународната заедница. Тие сфатија дека се темпирана бомба во рацете на ЕУ, која ако многу се притисне ќе експлодира, ќе има огромни штети, ќе има изгореници, жртви… И сфатија дека заради тоа никој не смее да ги допре или да ги притисне по прашањето на името. Второ, гледаат дека притисокот во целост е на наша страна и го чекаат исходот од тоа. Се надеваат дека или ние ќе ги прифатиме нивните услови под притисок или ќе дојдат други времиња со други политичари, од кои имаат јасно ветување дека експресно ќе го решат проблемот. Тоа експресно се подразбира во чија корист ќе биде и затоа се комотни. Зошто тогаш Грција во една ваква ситуација би брзала со решението?
Се надевам дека некој аргументирано ќе ме демантира за ова, вклучително и Грција.


Нели ги засега исходот на тужбата во Хаг?


- Ги засега, но не премногу, бидејќи доколку го изгубат спорот, не планираат да ја испочитуваат одлуката на судот. Пресметуваат дека сегашната ситуација во која се наоѓаат ќе им го овозможи тоа.


Неодамна во печатот се појавија анализи во правец што Македонија ќе направи во сите варијанти, т.е. ако го добие, ако го загуби или ако решението е половично…


- Ги видов.Тоа се паушални анализи, произлезени и од некој брифер кој сакајќи да се истакне себе си, демек многу разбира, или е добро информиран, само ни прави штета како држава.


Во меѓународната заедница преовладува мислењето дека ние сме виновната страна, таков е впечатокот.


- Да, ние сме виновни што не сакаме да прифатиме предлози кои со сигурност ќе паднат на референдум.


Но, доколку, сепак, и власта и опозицијата застанат зад еден предлог, нели мислите дека тоа ќе помине на референдум?


- На опозицијата никој од оние што името и идентитетот нешто им значи не и верува по ова прашање, целосно го загубија кредитот со постапките во минатото. Нас делумно се уште ни веруваат, затоа што сме внимателни ни веруваат, но гледајќи под каков притисок сме сигурно дека ќе имаат резерва при која било наша заложба за решение во иднина.


Сепак, ако дојде до референдум, дали вие ќе го кажете својот став?


Да, јасно ќе го кажеме.


Дали мислите дека луѓето нема да ве следат?


Зависи што ќе понудиме. Ако има доволно аргументи, ќе не следат, ако немаме, нема да не следат. Очигледно, од сите истражувања на јавното мислење, а ги имаше многу, членството во НАТО и почетокот на преговори за членство во ЕУ, не се доволен аргумент за мнозинството граѓани. Во овие 20 години народот научи многу за ова прашање, и ова е едно од прашањата за кои политичарите не можат кој знае колку да влијаат.Тоа е она што не можат да го разберат многумина од меѓународната заедница.


Во основа ако добро се размисли и логично е народот да не верува на политичарите по ова прашање, а посебно не на власта, која и да е власт, бидејќи власта е под постојан притисок и може да донесе погрешна одлука, свесно или несвесно. Со оглед дека за ова прашање опозицијата не ја ставаат во математиката воопшто, можеби најмногу заради нивниот калкулантски однос и перцепцијата дека тие се би прифатиле само за да им се допаднат на странците,  на граѓаните им останува најмногу да се потпрат на сопствениот мозок, расудување и разбирање на нештата. Медиумите, или голем дел од нив, што се однесува до ова прашање, одамна се доказ дека имаат крајно ограничено влијание врз мнозинството граѓани.
Јас во основа сметам дека и правично е граѓаните за ова да не ги слушаат политичарите, дури ни власта, затоа што политичарите се минливи и менливи, еден ден ќе не нема, а одлуките ако се погрешни ќе останат и ќе треба сите да живеат со тоа. Затоа треба секој добро да ги ислуша сите политичари, сите медиуми, претставниците на меѓународната заедница, …сите, да ги чујат сите аргументи, и за и против, и  на крај самите да расудат и со своја глава да одлучат како ќе гласаат.


Дали сте оптимист или песимист дека ќе се реши проблемот со името наскоро?


- Ако продолжи оваа тактика на некои поединци од меѓународната заедница на неизбалансиран притисок, би рекол дека сум повеќе песимист. Во таква комотна ситуација, Грција нема интерес да се реши прашањето со разумен компромис. Грција ним ќе продолжи да им продава приказна дека многу  се трудат, дека сме многу блиску, а тие ќе го зголемуваат притисокот врз нас, кој, пак, уште посилно ќе не одалечи од целта, како што на почетокот зборував.


Колку голема штета ќе имаме ако ја загубиме препораката?


- Ќе имаме штета, иако главната придобивка од препораката е ако преговорите започнат и станеме членки на ЕУ. Тоа го нема заради се ова што го кажав досега.


Кога очекувате да имате наредна средба со грчкиот премиер?


- Не знам, јас сум подготвен во кое било време, но сепак воопшто не е важно се додека средбите другата страна ги користи за да покаже пред членките на Унијата и САД дека се труди и дека и треба уште малку време да го реши ова и се разбира се додека оваа приказна и ја купуваат верувајќи во неа или правејќи се дека веруваат во неа, сеедно.


Слушнавме многу негативни реакции на Вашето возвраќање на прес-конференцијата на комесарот Фуле. Како ги доживувате?


- Не сум сигурен дека има премногу негативни реакции за тоа.  Но, јас одамна се навикнав дека во Македонија постојат политички и медиумски структури кои за „ерес“ го прогласуваат секое различно мислење од она на кој било дел од меѓународната заедница, макар била тоа и некоја маргинална странска невладина организација и кои сметаат дека безпоговорно треба се да се прифати, а ако може и самите да си ја додадеме вината, за да не засакаат.


Мислам дека тоа е погрешно. Треба отворено да ги кажуваме нашите размислувања и позиции. Тоа е во духот на демократијата која за ЕУ е на врвот на приоритетите. Ако може внатре во ЕУ секојдневно да има дебати и различни мислења по различни прашања од сите видови политики, ако таму има за се и сешто различни и спротивставени мислења и аргументи,  на што ќе им личиме ние, а и што ќе постигнеме ако за се одговараме со „да, така е“, дури и кога различно сме убедени по одредени проблеми. Секој отворен дијалог е покорисен отколку премолчувањето и наталожувањето на фрустрации кај нас. Некогаш тоа нема да помогне, но некогаш може и да помогне. Важно е да сме искрени пред себе и пред Бог. Се убивме од работа. Има и резултати, иако сме свесни дека имаме уште многу работа, но за толкав период зад нас направено е максимум. Знаеме дека го знаат тоа. Затоа што многумина од нив во неформални разговори тоа и ни го признаваат. Дури еден висок преставник на ЕУ неформално ми кажа дека се надеваат оти брзо ќе се реши прашањето за името, оти веќе не знаат што да ни смислат да сработиме без отворање на преговорите и на скринингот, од кои треба да произлезат нови реформи. Тоа е чесно што ми го кажа. Но, некоректно е некои негови претпоставени да го говорат обратното. Други преставници од ЕК истото му го имаат кажано и на министерот Иво Ивановски, пред само неколку недели, и други членови на Владата слушнале вакви коментари. Затоа, јас велам, ако си искрен пред себе и пред Бог, вистината и правдата мора да дојдат.


Реагиравте и на тоа што ја немаше придавката „македонски“. Тука, сепак, од сите добивте поддршка…


- Тоа што се случува со одбегнувањето на пишување на името на јазикот и тоа од страна на ЕУ, се разбира под притисок на Грција, е најдобар одговор на сите кои јавно не убедуваат дека овој спор не бил за идентитетот, туку само за името. Со ваков гест Европската комисија директно се замеша во спорот, односно во делот, кој како што тие самите кажуваат нели, не е дел од спорот, јазикот и националноста, со што само ги озакони постапките на Грција.


Видовме и многу реакции за поставеното прашање на новинарот Борјан Јовановски. Како вие го чувствувате тоа?


- Јас не би го коментирал тоа прашање на поранешниот новинар, за кој сите се чудат како се нашол во салата за прес-конференции на Комисијата, и како токму тој го имал ексклузивното право да поставува прашања, а не и другите новинари од Македонија во салата, но и тоа говори доволно за темата транспарентност и слобода на медиумите, но и за стандардите кои треба да ги следиме.
Но, сепак ако не беше тој веројатно  ќе беше некој друг кој е заинтересиран да користи средства од фондовите на ЕУ за проекти поврзани со медиумите. Со оглед дека спомнатата личност е добро позната на македонската јавност и инволвирана во низа скандали и афери, јас би се воздржал од коментар. Очигледно претходно нарачаното прашање беше во функција за подготовка на терен за следната година за повлекување на препораката, доколку до тогаш не се реши спорот за името.


Зошто токму сега и на ваков начин им е потребно ова?


- Две години по ред од ЕУ отворено и јавно говорат дека главниот и единствен проблем за незапочнување на преговорите е нерешениот проблем со името, а не нешто друго. Сега, прашањето е како да не притискаат со обвинување дека не правиме доволно реформи, кога претходно беше кажано дека земјата е дојдена до ниво потребно за почеток на преговорите, и треба уште само да се реши името. Непријатно е да застанат зад криминалот во „пајажина“ па се користат општи фрази од типот загриженост за слободата во медиумите, и се бараат маани надвор од овој случај, кои не е лесно да се најдат, а да се крупни и сериозни, или да не се пренагласени, или пак да ги нема и во повеќето земји членки на Унијата. Слушаме и фрази од типот дека уназадиле некои реформски процеси, а  не чувме сериозни примери кои се тие.


Мислам дека ако не не сакаат во Унијата почесно е да кажат: „Не ве сакаме“ или „Решете го проблемот со Грција па јавете ни се“. Тоа колку и да не е принципиелно, многу повеќе секој би го почитувал заради искреноста, отколку ваков вид на очигледни неправди со измислување проблеми или нивно пренагласување и пренагласување, и на луѓе кои ги спојуваат денот и ноќта со работа на реформите и напредокот да им говорат дека работат со половина срце. Тоa е крајно нефер.



 


Новата тактита на одредени поединци или на дел од меѓународната заедница да се врши притисок врз Македонија за прашањето за името со тврдења дека не правиме доволно за реформите и со пренагласувања на слабостите е погрешна и нема да постигне резултат, туку ќе даде обратен ефект. Ова прашање не се решава со сила, со ставање на целиот притисок само врз едната страна. Сепак, остануваме на истите приоритети за членство во НАТО и ЕУ и на реформскиот пат, и тоа во моментот е наш стратешки интерес. Дури реформите и да не го дадат очекуваниот резултат во однос на нашето придвижување во НАТО и ЕУ, тие се добри за земјата, за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.


Ова, меѓу другото, го истакнува претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, во интервју за МИА, вио кое се осврнува на Извештајот од ЕК, разликите со Грција околу уставното име, спроведувањето на реформите...


МИА денеска во целост го објавува првиот дел од интервјуто, вториот ќе го објави утре.


Како сте задоволен од извештајот на ЕУ за Република Македонија?


- Македонија во изминатата година направи многу реформи и голем напредок. Се работеше макотрпно и посветено. И како резултат на таа работа, Македонија  заслужено доби позитивен извештај од ЕУ, на чија основа доби и потврда на препораката за почеток на преговорите. Трета година по ред добиваме позитивен извештај и препорака за почеток на преговорите, нешто што е несомнено голем успех за сите граѓани на нашата земја, за сите институции и за сите политички партии. Покрај тоа, друга придобивка е што од наведените забелешки и констатирани слабости од тој извештај ќе произлезат идеи за нови реформи и подобрувања, што секако ќе ја придвижат земјата напред.


Но, се чини дека изјавите на комесарот Штефан Фуле беа нестандардно остри за Владата, на што и Вие реагиравте со невообичаено за Вас остра реторика. На што се должи ова?


- Ова се должи на новата тактика на одредени поединци или дел од меѓународната заедница во однос на притисокот на Македонија за решение за името. Тие веруваат дека ако јас и Владата прифатиме некоја од грчките варијанти за решение за името, тогаш се решава проблемот со името, поточно дека нашата поддршка ќе значи успешен референдум.  Тоа е голема грешка и како резултат на тоа грешно верување нивната тактика е да вршат притисок врз Владата и врз мене како премиер, во правец дека не доволно правиме за реформите и со пренагласување на слабостите, да бидеме во непријатна ситуација. Тоа би требало да е наше девалвирање пред јавноста, на кое очекувањето е ние, како политичари, денеска нашата Влада, но утре и секоја друга, да одговориме со прифаќање решение по секоја цена, за да не олабават од ваквиот вид критики. Оваа тактика ни беше најавувана индиректно, а некогаш и директно, и не е важно кој ја смислил, дали поединци во Брисел, или подалеку, сепак, резултатите ги гледаме, таа се спроведува. Иако лично мислам дека тоа е тактика која ќе даде обратен ефект, со оглед дека  веќе се спроведува, немам избор, освен да се справувам со неа. По една година или две кога ќе се соочиме со фијаското од тактиката, двете земји ќе бидат многу подалеку од решение, отколку што се сега. Ова прашање не се решава со сила, особено не на ваков начин, кога целиот притисок се става на едната страна, а на другиот скоро и да нема притисок. Нашиот народ вели: „не можат по атот, па по самарот“.


Значи да очекуваме ваков вид пренагласено истакнување на слабостите од повеќе страни во иднина?


- Да, од многу страни. Разни меѓународни  НВО, здруженија, институции, политичари, експерти… ќе добијат поддршка и од некои медиуми веројатно. Методите се веќе познати и никој нема да се изненадува или како што вика Балашевиќ во една негова стара песна, …принципот е ист, се останато се нијанси. Целта е јасна: притисок за решение на спорот по секоја цена.


Дали со ова сакате да кажете дека Македонија нема слабости во судството, јавната администрација, слободата на медиумите, корупцијата…


- Не, напротив, секако дека има слабости и потреба од подобрувања, од нови реформи, мерки и секоја сугестија во таа насока е секогаш добродојдена. Ние не спиеме на тоа уво дека се е розево во Македонија. Имаме проблеми, има наталожени проблеми и практики, кои ниту почнале, ниту ќе завршат со нас, како што е тоа секаде во светот, реформи во овие сфери, но и пошироко се потребни секаде, и во регионот, но и пошироко, но, сепак, факт е дека и ние многу работиме и многу направивме во правец на нивно подобрување. И ќе продолжиме да го правиме тоа. Но, во овој случај ќе се соочиме со пренагласување на тие слабости, сериозно пренагласување, кое е наменско, а во прилог на овој факт оди едно едноставно објаснување дека на состаноците кои ги имаме со одредени претставници на меѓународната заедница во 90 проценти од разговорите се дискутира за прашањето за името, а 10 проценти за останатите теми, меѓу кои и споменатите реформи. А кога ќе излеземе на прес-конференција по состанокот или кога ќе се пушти соопштение за јавноста од нивна страна, ситуацијата изгледа обратно: како попатно да сме го спомнале прашањето за името, а 90 отсто од времето да сме збореле за јавната администрација, судството итн.  Тоа кажува многу за приоритетите, но и за се останато, за кое говорев.


Можеби сето ова ќе влијае мотивирачки на Владата, да сработи повеќе?


- Не може создавањето на чувство на неправда кај никого да влијае мотивирачки. Може да создава само фрустрации, а фрустрациите ја пренасочуваат енергијата. Јас ќе се обидам таа енергија да ја задржам на правиот колосек, на реформите, но нема да биде лесно. Фрустрациите кои ќе произлезат од чувството на неправда сигурно ќе произведат одредени ефекти кои тешко можат да се предвидат. Знаете ако барам од функционерите да работат по 15 саати заедно со мене, и од таа работа има резултат кој е за почит, и ако таков силен резултат немало претходно во минатото, а некој однадвор, од кого чекате реална, правична оценка и валоризација Ви вели не работите и немате резултат, тоа боли, и таа болка, независно која била целта, ќе излезе на место. Ќе видиме на што.


Сепак, останувате на претходните приорити за влез во ЕУ и НАТО и на реформскиот пат, или имате промени?


- Да. Остануваме на истите приоритети за членство во НАТО и ЕУ и на реформскиот пат и тоа е во моментов стратешки интерес на нашата земја. Дури и да не го дадат реформите очекуваниот резултат во однос на нашето придвижување во НАТО и ЕУ, тие се добри за земјата, за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.


Велите дека ова нема да ви биде поголема мотивација да сработите повеќе, туку само ќе предизвика фрустрација. Тогаш ако е така,  нема ли сето ова да Ви влијае обесхрабрувачки?


- Ќе влијае секако, и веќе влијае. Но, ќе се бориме. Ние пред се,  работиме за граѓаните, за оние кои ни ја дале довербата, и за сите граѓани. Тоа е силата која не држи, која ни дава мотив да опстоиме на предизвиците. Одамна ми е јасно дека во меѓународните политички односи нема правда, уште помалку идеална правда, и ние не сме воопшто наивни, ниту пак во очекувањата во тие односи сме посебно романтични. Но, факт е дека Македонија 20 години постојано се соочува со неправди. И тоа е едно историско бреме, но наша обврска е да го промениме тоа, да престанеме да се самосожалуваме, и кога сметаме дека тоа е за вистинските принципи и вредности, да се спротивставиме и да кажеме гласно, ние веруваме во ова,  а не да молчиме и срамежливо да чекаме некој да ни каже што да правиме и како да се однесуваме.  Понекогаш имам чувство дека некои моќни центри  во чии вредности многу веруваме, на нас, на нашата држава, гледаат како на дете, кое не го планирале, ама дошло, па сега и не чувствуваат целосна обврска како врз планирано и посакувано дете, и некако детето им пречи. Со тек на време, со смена на генерациите, тоа ќе исчезне. Ова беше уште понагласено во деведесетите. Таквите деца, обично се принудени сами да се борат, и животот ги тера побрзо да созреат. Знаете, од секоја мака, произлегува и некоја корист за тој кој правично постапува.


Дали во тој дух би ги коментирале и коментарите во јавноста, со кои се гледа дека многу работи кои Македонија ги завршила успешно и коректно, или ги нема во конечниот извештај или се преиначени во негативна форма, или пишува дека Брисел не е известен за тоа, а постојат докази за спротивното.


- Очигледно е дека намерата била Македонија да не добие четворка или петка, туку некоја пониска оценка, за да може да се критикува посилно и да се најави дека следната година може да биде повлечена препораката.


Сепак, комесарот Фуле не кажа директно дека тоа ќе се случи, туку дека има таква можност…


- Комесарот Фуле е искусен дипломат и тој никогаш нема директно да го каже тоа, особено не кога годината се уште не почнала, а тој веќе отворено да потврди негативен извештај. Но, ние исто така научивме да читаме пораки искажани со јазикот на дипломатијата.


Сакате да кажете дека заканата ќе биде остварена  и следната година Македонија ќе добие негативен извештај без разлика на сработеното?


- Доколку не се реши проблемот со името, многу е извесно тоа, независно колку реформи ќе направиме. Тоа е пораката која ние треба да ја разбереме. И ја разбравме.


Зошто би ни го направиле тоа?


- Многу е полесно да се казнува послабиот и кон него да се покажуваат и испробуваат мускулите. На Грција и играат „пиперевка“, заради Грција низ Европа паѓаат влади, а нормално кога не можат на Грција, некои фактори нам ни покажуваат колку се моќни. Тоа е. Сепак, тука апсолутно не сакам да бидам сфатен погрешно, дека некој треба да ползува политички капитал врз грбот на ефектите од кризата, и да се злоупотребат некои состојби во која било функција, но барем да не се заборави на правичноста или на балансираноста во пристапот, затоа што на крај сите ние имаме достоинство  и сите ние веруваме во идеалите на слобода, правда и еднаквост.


Зошто велите дека на Грција и играат „пиперевка“?


- Постојат повеќе прицини. Една од нив е фактот  што  Грција е член на ЕУ. Внатрешните односи во ЕУ се така уредени, што секоја држава може да направи компликација на било која држава, и на било кој функционер во ЕУ. Правото на вето, односно системот на консензус на многу видови одлуки, го овозможуваат тоа. Грција досега покажала дека знае да направи проблем ако биде мотивирана за тоа. Никој несака да се замери со член на ЕУ, дури и ако гледа дека во однос на некој надворешен член има сериозна неправда и непринципиелност. Еден амбасадор на постара земја членка на Унијата, внатрешните односи во ЕУ сликовито ми ги опиша со фразата „Турски пазар“, каде секој со секого преговара и од секого зависи. Втора причина е што Грција како постара и помоќна држава има далеку посилно лоби…


Но, господине Груевски, Грција никогаш не била во понезавидна улога од сега. Таа е на колена пред нејзините партнери во Унијата, од кои чека спас.


- Јас би рекол дека колку што Грција е заинтересирана да се спаси од кризата, најмалку толку, ако не и повеќе, заинтересирани се и другите земји членки, бидејќи финансиската, неконтролирана пропаст на Грција, ќе воведе во иста ситуација и други земји од Унијата, а  конечно тоа може да значи крах на еврото и на многу големи банки во најмоќните земји. Од тука произлегува, дека токму сега, по ова прашање, проблемот со името и блокадата на Грција, меѓународната заедница е прилично внимателна кон Грција. Тие не сакаат да им направат дополнителен притисок, на и онака зовриената внатрешна состојба во Грција, која може да доведе до пад на владата, која никој во ЕУ не ја посакува. Затоа би рекол сега, по онаа народната поговорка, „не можат по атот, па удираат по самарот“.


Дали госпоѓата Александра Кас Грање ви даде некое објаснување за изјавата на комесарот Фуле при предавањето на извештајот.


- Таа ми рече дека не ја слушнала изјавата, но дека претпоставува оти произлегува од фрустрацијата што ја чувствуваат затоа што долго време не може да се реши проблемот со името. Тоа само ми потврди дека проблемот со пренагласувањето на критиките за реформите во неколку области всушност е немањето решение за името. Бевме најмалку десет луѓе во просторијата кога го кажа тоа. Но, пред неа многу други, во неформални или полуформални средби, ми го рекле истото.


Вие го осудувате тоа?


- Јас донекаде ги разбирам. Европската комисија е во непријатна ситуација. Таа излезе чесно и искрено и, независно на се, предложи почеток на преговори во 2009-та, иако очекуваше проблеми. Но, веќе три години по ред нејзината препорака Европскиот совет ја игнорира, за да избегне скандал со класично вето од страна на Грција. Тоа на луѓето во Комисијата им прави непријатна ситуација. Тие бараат излез. Еден од излезите е да не прогласат за неспособни и да ја повлечат препораката и да си ја подобрат сопствената комоција. За такво нешто потребно им е годинава, иако позитивна, сепак, да ни ја намалат оценката, за да подготват терен за следната година. Можат да го направат тоа, иако е нечесно, непринципиелно и ќе даде лош ефект и лоша порака. Покрај тоа, некако ја руши и сликата создадена кај граѓаните за ЕУ, за принципите, правичноста и објективноста. Од друга страна, ние политичарите треба да им објасниме на граѓаните дека се движиме во правична заедница.


Имаат уште еден проблем, а  тоа што сега треба да исфорсираат нови земји со кои е потребно да започнат преговори, што е добар чекор, но потребно им е оправдување зошто нас не нема, а тоа оправдување да не е само името, оти ако е само името се во непријатна ситуација, од многу аспекти.


Веројатно сето ова добро и доаѓа на опозицијата?


- Да, ама нив не ги спасува ова. Тие се надеваат дека со старата стратегија и екипа, со старото водство и со безидејноста и неискрениот пристап друг ќе им ја одработи победата. Тоа нема да се случи. Но, и опозицијата мора да разбере дека ова е проблем од национален интерес и дека преку саботажи од внатре, само и наштетуваат на државата, ние како Влада сме најмалку важни. Време е да се надраснат дневно-политичките препукувања.


Треба да поработиме на реформите во целина. Добро се работи, има добра активност, но треба уште повеќе во однос на реформите и ефикасноста на јавната администрација. Не треба да го занемариме фактот дека судството и целиот тој процес е под голема лупа на Европската Унија и тука исто така треба да се поработи, изјави вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи во интервју за Радио Слободна Европа.



- Не можам да кажам дека има застој во реформите во судството, но мислам дека треба да го промениме кон подобро имиџот и оти тоа може да се направи. Имав состаноци со високи судски инстанци и гледам волја и подготвеност. Таа подготвеност треба да се покаже и мислам дека ќе биде ценета и од Брисел, истакна Арифи.



Прашана на што го темели оптимизмот дека во октомври Македонија ќе добие добар извештај за напредокот од Европската Комисија, Арифи со одговор дека „оптимизмот не можете да го темелите на ваши желби, туку на тоа што го правите“.



- Јас го темелам врз основа на тоа како одговоривме најпрво и на листата на Санино. Го темелам и врз тоа дека можеби можеме да дадеме еден нов поттик на процесите. Имавме добри избори што мислам дека ќе се признае во извештајот и дека ќе имаме извештај со кој ќе добиеме преодна оценка, можеби не највисоката, но има ситуации кога е битно да поминете. Сметам дека ќе поминеме и од тоа треба да бидеме задоволни. Инаку, очекувам реален извештај, да ни се каже каде сме добри, а каде треба да се подобриме и ние тоа да го направиме, рече вицепремиерката за евроинтеграции.



Во врска со спорот со Грција, Арифи вели дека добрата волја и подготвеноста за решавање на ова прашање треба да продолжи да се покажува и оти таа волја треба да биде покажана и од другата страна.



- Волјата и подготвеноста, како позитивна сум ја гледала секогаш и мислам дека таа добра волја била и треба да продожи да се покажува, како што сметам дека таква волја треба да биде покажана и од другата страна. Но сум рекла повеќе пати и повторно ќе споменам дека за нас можеби ова прашање е поургентно и позначајно отколку за другата страна, затоа што ние сме надвор од клубот, а тие се внатре и можат вака да не блокираат и да не кочат. А не е во наш интерес да останеме надвор од процесот затоа што е значаен тој евроатлантски процес. Сметам дека треба да дадеме поттик, да покажеме добра волја, да вложиме енергија за да излеземе од блокадата, затоа што на крајот на краиштата тоа е во наш интерес, нагласи вицепремиерката Арифи во интервју за Радио Слободна Европа.