Сервисни информации

Министерството за труд и социјална политика, соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07), 24 мај 2018 година, четврток, „Св. Кирил и Методиј“, Денот на сесловенските просветители е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.   

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните на Република Македонија им го честита празникот.

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ (,,Службен весник на РМ,, бр.21/98 и 18/07), 23 мај 2018 година, среда, Националниот ден на Власите, е неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница во Република Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честита Националниот ден на Власите.    

Министерството за труд и социјална политика соопштува, дека согласно со Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на РМ“, бр.21/98 и 18/07), 25 мај 2018 година (петок), Духовден, петок пред Духовден е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Македонија.

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека во рамки на проектот за подобрување на исхраната на децата во предучилишните установи и основните училишта кој се реализира во соработка и со поддршка на УНИЦЕФ, унапредена е содржината на Правилникот за стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта.

Од страна на МОН изготвено е Упатство за негова правилна примена, а дополнително е креирана и електронска алатка која овозможува проверка на квалитетот на оброците наменети за најмладите.

„Наведените прописи и е-алатката се наменети за раководствата и одговорните лица во основните училишта, во насока на соодветно планирање на исхраната која има особено големо значење за правилниот психофизички раст и развој на децата“, информираат од Министерството за образование и наука.

„Апелираме да се почитуваат и правилно да се применуваат прописите кои ги утврдуваат референтните вредности за енергетски и нутритивен внес, даваат препораки за видовите намирници и јадења, за начините на подготовка, препораки за број и распоред на оброци и препораки за храна која треба да се избегнува или поретко да се конзумира, бидејќи тоа е единствениот начин да се превенира појавата на потхранетост, дефицит на микронутриенти, угоеност и други хронични заболувања поврзани со исхраната на децата“, соопштува министерството.

Со оглед на фактот што континуирано и значително се подигнува општествената свест за важноста на правилната исхрана и конзумирањето на здрава храна, од МОН веруваат дека органите за контрола на примената на правото во пракса, во рамки на редовните надзори и контроли „ќе имаат прилика да изготвуваат исклучиво позитивни извештаи, во кои ќе нема или пак, констатираните предизвици ќе бидат минимални“.

Достапни се на следниот линк

Денеска се отвори новиот објект „Детелинка“, во рамките на градинката „Ангел Шајче“ во Куманово. Се работи за адаптиран простор за згрижување на 62 деца, на возраст од 9 месеци од 6 години. Објектот со 3 занимални и други пропратни простории е на површина од 348 м2. 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во нејзиното обаќање потенцираше дека ова е уште еден конкретен чекор за зголемување на опфатот на деца во предучилишни установи во Република Македонија. 

Министерството за труд и социјална политика во рамките на својот буџет издвои 3.789.000,00 денари за изведување на градежно-занаетчиски работи и 1.513.112,00 денари за опремување на просторот. МТСП исто така обезбедува средства за редовно вршење на дејноста во овој објект преку блок дотации.
 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовка денеска го посети новиот наменски адаптиран простор за детска градинка во ООУ „Рампо Левката“ подрачно училиште во Општина Прилеп. МТСП во рамките на својот буџет обезбеди средства во износ од 1.642.176,00 денари за опремување на овој простор.

Во Општина Прилеп континуирано се забележува недостаток на капацитети за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. За таа цел, Министерството за труд и социјална политика во соработка со општината заеднички пристапија кон решавање на оваа ситуација со адаптирање на простор во кој ќе се згрижуваат до 100 деца од предучилишна возраст.

Се работи за објект од 331 м2, со посебен влез, 4 занимални, дистрибутивна кујна, 4 санитарни простории за деца, санитарна просторија за возрасни, кујна, ходник, просторија за вработени, соба за изолација и пацио/внатрешен двор.

„Главната задача која ја имаме наследувајќи еден разрушен систем е да ги зголемиме капацитетите преку изградба и адаптација на објекти. Многу ме радува што се интензивира отворањето на нови капацитети за згрижување на деца, што значи дека ги гледаме резултатите од нашата посветеност за остварување на Програмска цел на оваа Влада - да се зголеми офатот на деца во предучилишно образование за 50% до крајот на мандатот“, изјави Царовска.

Градоначалникот Илија Јованоски дополни дека капацитетите ќе се зголемуваат и во наредниот период. „Во постапка е изработка на проектна документација за изградба на градинка во населбата „Точила“. Се надевам дека до крајот на оваа година документацијата ќе биде комплетно изработена и дека следната година ќе ја изградиме градинката. Сакам да напоменам и дека две компании од нашиот град бараат дозвола и законска можност, заедно со Општината да изградат детски градинки за потребите на нивните вработени“.

Царинската управа на Република Македонија, го одбележа 26 април Светскиот ден на интелектуалната сопственост, преку активности - дел од кампањата „Стоп за фалсификуваните производи“.

Кампањата „Стоп за фалсификуваните производи“ започна да се спроведува на 5 април 2018 година, како дел од активностите организирани по повод одбележувањето на 14 април - Денот на Царинската управа. Кампањата стартуваше во трговскиот центар Сити Мол каде беше поставен штанд на кој беа изложени примероци од запленети фалсификати, а по повод 26 април Светскиот ден на интелектуалната сопственост, со штетните последици кои може да ги предизвикаат фалсификатите се запознаа и учениците од СУГС ,, Јосип Броз Тито" од Скопје.

Имено, вчера (26.04.2018 година) во просториите на училиштето изложени беа примероци од запленети фалсификувани производи, а на учениците им се делеа информативни брошури и истите во разговор со царинските службеници имаа можност покрај информации за опасноста од употребата на фалсификати, да се информираат и за се што презема Царинската управа во борбата против фалсификатите и за тоа како најлесно може да ги препознаат фалсификуваните производи.

Оваа кампања е фокусирана на заштита на корисниците од купувањето на фалсификуваните производи бидејќи тие преставуваат огромен ризик за здравјето на луѓето, додека светската економија бележи огромни загуби поради дејствија поврзани со производството и пуштањето во оптек на фалсификувани производи.

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека, согласно со Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07), 1 мај 2018 година (вторник), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на сите граѓани во Република Македонија им го честита Денот на трудот.

Се известуваат сите даночни обврзници (физички / правни лица) и сметководители на подрачјето на Скопје и неговата околина дека од 1-ви Мај 2018 година услугите на УЈП - Регионална дирекција Скопје ќе бидат достапни само доколку странката претходно закажала средба преку Инфо центарот на УЈП или преку интернет.

Услугата „Закажи средба“ овозможува секоја странка да закаже термин за средба со даночен агент во УЈП - Регионална дирекција Скопје во време кое нему му одговара, според расположливите термини, а со цел консултација од даночната сфера, и тоа: добивање на општи информации за рокови, начини за пријавување и плаќање даноци; отворање на бизнис и регистрација на даночен обврзник; консултации за издадени даночни документи; утврдување на даноци; постапки за наплата на долгови; правни прашања и консултација за други специфични прашања.

Закажувањето на термин за средба во УЈП – Регионална дирекција Скопје може да се врши преку Инфо центарот на УЈП 0800 33 000 или 02/3253 200 или он-лајн преку веб страницата на Контакт центарот kontaktcentar.ujp.gov.mk која овозможува пристап до услугата „Закажи средба“.
Странката, односно даночниот обврзник или сметководителот што закажал средба во УЈП – Регионална дирекција Скопје, а не е во можност да присуствува на закажаниот термин, потребно е средбата да ја откаже или да ја презакаже за друг достапен термин преку Инфо центарот или он-лајн.

Услугата „Закажи средб@” од 1-ви Мај 2018 година е задолжителна за сите странки кои ќе ги користат даночните услуги во УЈП - Регионалната дирекција Скопје, а странката која нема претходно да „Закаже средба“, нема да биде во можност навреме да ги користи услугите на УЈП-Регионалната Дирекција Скопје.

Воведувањето на систем за управување со странки „Закажи средба“ во УЈП - Регионалната Дирекција Скопје е со цел подобрување на даночните услуги, намалување на времето на чекање, намалување на метежите на даночните шалтери, навремена услуга и точен одговор за даночните обврзници.

Управата за јавни приходи – Регионална Дирекција Скопје е отворена за непосредна комуникација и соработка со своите даночни обврзници и истите ги очекува на претходно закажаната средба.

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ„ бр.21/98 и 18/07), 8 април 2018 година (недела), Меѓународниот ден на Ромите е неработен ден за граѓаните припадници на ромската заедница во Република Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните припадници на ромската заедница во Република Македонија им го честита Меѓународниот ден на Ромите.