Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, денеска со градоначалниците на општините Могила, Јасмина Гулевска, на Кривогаштани Рубинчо Шефтероски и на Новаци, Љубе Кузмановски, разговараше за реализацијата на проектите за развој на Пелагонискиот плански регион, за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, финансирани од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа.

- Годинава со 35 милиони денари од буџетот на државата се финансиират 16 нови проекти во општините во Пелагонискиот плански регион. Тенденција на Владата е средствата за оваа програма секоја година да се зголемуваат и да се реализираат проекти кои што ќе имаат директно влијание на подобрувањето на условите за живеење, особено во малите и рурални општини, истакна заменикот министер Павлески, кој што во селата Могила, Пашино Рувци и Гермијан на лице место се интересираше за изведбата на проектите за регулирање на коритото на Црна Река и на нејзините притоки, рекострукцијата на патната инфраструктура и поврзување со регионалниот пат од Пашино Рувце, како и реконструкција на локална патна мрежа во село Гермијан.

Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој оваа година за општините Крушево и Демир Хисар се набевени возила за собирање на отпад, во Битола, во Прилеп и во Ресен се зајакнати капацитетите на територијалните противпожарни единици, а се работи и на подобрување на социјалните услуги во општина Долнени, село Ропотово, каде што за таа намена целосно се реновираат и опремуваат административни простории.

Заменикот министер Павлески ја истакна и можноста за користење средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција.
        
- За проекти за прекугранична соработка со Грција од страна на Европската Унија на располагање се 45,5 милиони евра, а Центарот за развој на 
Пелагонискиот плански регион веќе го реализира Проектот за рурално претприемништво во вкупна вредност од 950 000 евра, финансиран од ИПА Програмата на Европската Унија Балкан Медитеран, рече Павлески.

Со симболично откинување на првото јаболко, денеска во Ресен, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски го означи почетокот на годинешната берба на јаболка.

На манифестацијата Преспански јаболкобер, заедно со министерот Николовски присуствуваа  евроамбасадорот Самуел Жбогар и постојаната претставничка на УНДП во Македонија Луиза Витон.

Николовски соопшти дека поради лошата година за производителите на јаболка и појавата на вишок на род Владата заедно со МЗШВ работи на  мерки со кои ќе се овозможи откуп на целата количина индустриско јаболко.

„Знаеме за штетите кои оваа година ги имаше во преспанскиот регион, но има голем род и голема количина на индустриско јаболко. Нема да ги оставиме граѓаните сами. Тоа е клучната порака која денес сакам да ја кажам. Знаеме дека максимално 20. 000 тони може да собере преработувачката индустрија и дека ќе остане вишок на производство. Затоа Владата работи на мерки кои ќе го стабилизираат откупот, за што веќе утре имаме состанок со производителите, откупувачите и преработувачите“, изјави министерот Николовски.  

Министерот Николовски, посочи дека мерките за откупот на јаболка се очекува да бидат донесени на следната седница на Влада.

Во рамки на манифестацијата министерот со земјоделците и локалната самоуправа разговараа за политиките и придобивките од ЕУ и НАТО, за претстојната берба на јаболка, како и за сите мерки што досега Владата ги има донесено за развој на овоштораството вклучително и за производството на јаболка.

Николовски потенцираше во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, субвенцијата за предадено овошје во преработувачка индустрија е зголемена од 2 на 3 денари за килограм.

За 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен потенцијал. За реконструкција кај овошните насади особено кај јаболката за промена на асортимент се воведе нова поголема субвенција од 9.900 денари. Тоа се дополнителни мотивирачки средства за македонските стопанства за да го подобрат своето производство, порача Николовски.

Денеска формално започна објаснувачкиот скрининг за Македонија и Албанија, како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија. Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и главен политички преговарач и Шеф на Делегацијата за преговори со Европската унија д-р Бујар Османи, Министерката за правда Рената Дескоска и посебниот советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата на Република Македонија и главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим м-р Бојан Маричиќ ја предводат владино - државната делегација, составена од 40 експерти, на која Европската комисија ќе и го презентира Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и главен политички преговарач и Шеф на Делегацијата за преговори со Европската унија д-р Бујар Османи и Министерката за правда Рената Дескоска имаа свои излагања при официјалното отворање на состанокот.

Вицепремиерот Османи посочи дека почетокот на скрининг процесот е историски момент и влез на Македонија во последната фаза во процесот на подготовка за преговори за полноправно членство во ЕУ. 

„Европската и евроатлантската ориентација на земјата претставува точката на обединување на нашето општество уште од самата независност, а во процесот на приближување кон Европската Унија, неповратно се вградени сите претходни Влади, пренесувајќи ги интересите на земјата на своите наследници, кои продолжуваат онаму каде нивните претходници застанале.“

Османи и се заблагодари на администрацијата, граѓанскиот сектор и експертската јавност и упати повик за широка инклузивност во рамките на овој процес и ги истакна трите паралелни процеси по кои Владата, но и целата држава ќе се движат во рамките на евроинтегративните процеси.

„Државата паралелно ќе се посвети на имплементација на Договорите за добрососедство со Бугарија и Грција, ќе го задржи реформскиот моментум за исполнување на забелешките и насоките на заклучоците од јунските совети, како и цврсти и бескомромисно ќе влезе во исполнување на обврските од објаснувачкиот скрининг, подготвувајќи се со тоа, на сите три полиња паралелно, за почеток на преговорите во јуни следната година“ .

Министерката Дескоска, рече дека делегацијата е подготвена да ги вложи напорите во процесот на скрининг, а потоа во процес на преговори, бидејќи овие напори се инвестиција во мир, просперитет, стабилност и безбедност, како инвестиција во развојот на демократијата и заштита на човековите права, инвестиција во безбедна и просперитетна иднина на Македонија.

„Почитувањето на човековите права, независното судство, владеењето на правото и демократијата не се само барања што треба да се исполнат при пристапувањето во ЕУ. Тие се, исто така, стратешките цели на Владата на Република Македонија. Тие се наши цврсти и недвосмислени цели. И ова беше потврдено во нашата Владина програма и во Плановите за реформи, План 369 и План 18.“ 

Дескоска потенцираше дека владеењето на правото не значи само усвојување на законодавство во согласност со ЕУ, туку и негова конзистентна имплементација на одржливи решенија.

„Нема да оставиме простор за сомнеж во политичка волја за реформите, за борба против корупцијата и криминалот, за заштита на човековите права, за зајакнување на независноста на судството, за замена на владеењето на човекот со владеењето на правото.“

Министерката Дескоска смета дека скринингот ќе помогне да се создаде нова реформска динамика која ќе ја унапреди консолидацијата на Македонија како стабилна, модерна демократија, која ги поддржува и го зајакнува владеењето на правото и целосно ги опфаќа европските вредности.

Посебниот советник на претседателот на Владата на Република Македонија за евроатлантски интеграции, Главен технички преговарач и Шеф на техничкиот преговарачки тим Бојан Маричиќ во своето излагање во рамки на отворањето на дводневниот состанок рече дека Македонија е прва меѓу земјите на Западен Балкан што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 г., доби статус на кандидат во 2005 г., но чекаше 13 години за отпочнување на преговорите. Маричиќ посочи дека исклучителните напори и динамика вложени на внатрешен план преку итните реформски приоритети, но и на надворешен план преку надминување на билатералните спорови ги отстранија пречките на патот кон ЕУ.

„Ако некој ме запрашаше за нашата перспектива за интеграција во ЕУ пред две години, кога Република Македонија беше во долга и длабока политичка криза, јас сум прилично сигурен дека немаше да предвидам дека денеска, македонската делегација ќе седи тука, во Берлемонт, во срцето на ЕУ, започнувајќи со подготвителната фаза од пристапните преговори во седиштето на Европската унија.“

Маричиќ укажа дека Република Македонија е во клучна фаза на градење на преговарачката структура која ќе го води процесот на општествена трансформација и промена на однесување, кој е потребен за пристапувањето кон ЕУ, но верува дека партнерски однос со Европската комисија ќе помогне во исполнување на стратешката цел.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска го прими во проштална посета Шефот на канцеларијата на НАТО во нашата земја капетан Горазд Бартол, офицер во армијата на Република Словенија.

Премиерот Зоран Заев изрази голема благодарност за придонесот на канцеларија на НАТО за покажаната цврста поддршка за нашето членство во НАТО, и за асистенцијата во изминатиот период, и  додаде дека  е блиску моментот кога Република Македонија како рамноправен партнер во НАТО, ќе биде во можност да го даде и својот приоднес во алијансата која беше столб на мирот и безбедноста во изминатите седум децении, и која го обезбедуваше развојот и просперитет на земјите членки и на евро-атлантската заедница.

Претседателот на Владата на РМ Заев и Шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје во заминување разговараа и за актуелниот миг во пресрете на реферемдумот од кој се очекува нашата земја да  добие консензулано одобрување за финализирање на процесот за пристапување во членството на НАТО на почетокот од 2019 година.

Премиерот Заев на средбата се заблагодари и за личниот и посветен ангажман на капетан Бартол во исполнувањето на неговата мисија како шеф на канцеларијата на НАТО во нашата земја, и за неговиот придонес во остварувањето на политичките и воено-безбедносните стандарди на нашата земја во процесот на аспирација за членство во алијансата.

Шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, капетан Бартол, изрази силна благодарност за поддршката што тој ја доби од Владата на РМ, од Министерството за одбрана и лично од премиерот Заев, министерката Шекеринска и останатите членови на Владата и од структурите на АРМ, заради која неговата и работата на мисијата на НАТО во нашата земја на крајот е крунисана со поканата за нашата земја да биде 30-та земја членка на алијансата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик-претседател на Владата на Република Македонија Кочо Анѓушев, денес присуствуваше на одбележување на отпочнувањето на градежните активности  на мултифункционален станбено-деловен комплекс Лимак Дајмонд во Скопје.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање истакна:

Ми претставува посебна чест денеска да присуствувам на официјализирањето на стартот на работите големиот мултифункционален станбено-деловен комплекс Лимак Дајмонд во главниот град на Република Македонија, чија вредност се проценува на над 250 милиони евра

Задоволството е уште поголемо ако се знае дека инвеститор на овој, слободно можам да кажам, импозантен градежен зафат и објект е компанијата Лимак Холдинг.

Светски реномирана компанија со седиште во Турција, специјализирана за секаков вид инфраструктурни и градежни проекти, вклучувајќи аеродроми, пристаништа, автопати, брани, хидроцентрали, фабрики, индустриски објекти, цевководи, хотелиерство и туризам.

Како компанија која поставува силно посакувани, високи стандарди во овие области, Лимак Холдинг се најде на листата на 250 Топ градежни компании рамо до рамо со светски докажани градежни магнати.

Влегувањето на Лимак Холдингс во портфолиото на странските инвеститори кај нас, како една од компанија која ги спојува технички вештини и долгогодишно искуство, со општествена одговорност и деловна етика, бездруго ќе биде фактор што ќе ги поттикне сите потенцијални инвеститори да дојдат побргу во нашата земја.

Лимак Дајмонд од повеќе аспекти ќе го промени нашиот град на подобро. Станува збор за современ мултифункционален комплекс кој ќе обединува деловно – резиденцијални единици, хотелски комплекс и трговски центар во согласност со модерните потреби и навики на граѓаните на Скопје.

Во комплексот автентично ќе се вклопи и симболот на градот - Старата железничка станица, денес Музеј на град Скопје, кој ќе биде возобновен и со поддршка на Град Скопје.

Паралелно со овие активности, Лимак Холдингс ја стартуваше изведбата на подземниот булевар, кој се планира да биде завршен за период од 22 месеци. Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот. Двонасочен коловоз во 6 ленти со должина од 800 метри, кој ќе го  дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје. 

Потфат достоен за почит.

Турција е во редот на првите десет трговски партнери на Македонија. Можеме повеќе и подобро и ќе го докажеме тоа. 

Во 2017 година трговијата достигна 456 милиони долари, од коишто извозот е 89 милиони долари, додека увозот 367 милиони долари.

Нашата цел е, низ заедничка посветеност, трговијата да достигне минимум една милијарда долари.

Инвеститорите во Македонија имаат искрен и отворен партнер во Владата, што се грижи за стабилно и предвидливо деловно опкружување.

Создадовме нов модел за привлекување странски инвестиции, што е транспарентен. Нашата определба е тој модел да биде низ јавно објавени критериуми. Условите да бидат исти за странските и домашните компании.

Го поддржуваме поврзување меѓу странските и домашните компании. За економски бенефит, за развој и за подобри услови во остварувањето на бизнисот и на едните и на другите.

Потврда на нашите новите, активни и ефикасни политики и политиките на доверба што се наша водилка во соработката, е и стартот на работите на овој мега проект на една реномирана странска компанија каква што е Лимак Холдингс.

Уште еднаш, ви благодарам за довербата и ви посакувам успешна реализација на вашиот проект кој наскоро ќе биде едно од најатрактивните места во главниот град на нашата земја.

На свеченоста по повод одбележувањето на градежните активности на мултифункционален станбено-деловен комплекс Лимак Дајмонд во Скопје, свое обраќање имаше и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија Кочо Анѓушев, кој  истакна дека инвестицијата на Лимак во вредност од 250 милиони евра, значително ќе придонесе на раздвижување на градежништвото.

„Преку реализација на вакви комерцијални проекти, на приватни инвеститори, но и преку реализација на инфраструктурни проекти, кои се од корист и за граѓаните и за Република Македонија, ќе го подигнеме градежништвото во земјата. Само оваа инвестиција на Лимак во наредните 40 месеци ќе има импакт од 5 милиони евра на месечно ниво во Бруто државниот производ, што е значително влијание. Ако во првиот квартал од 2018 година имавме пад на градежништвото од околу 40%, со реализација на предвидените градежни проекти очекувам значителен пораст на градежништвото во иднина, и ќе постигнеме раст на БДП и над проектираните 3%“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, денеска на прес-конференција ја информираше јавноста за активностите кои Владата ќе ги преземе во насока на заштита на граѓаните од лажни вести и дезинформации, преку објави на социјалните мрежи, за време на претстојниот период пред референдумски молк.

Секоја вест, како што најави портпаролот на прес-конференцијата, која ќе биде детектирана дека е лажна или дека е дезинформација или пак полувистина, ќе биде соодветно идентификувана и, како што појасни тој, ќе биде објавено дека е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата, на социјалните мрежи: на Твитер профилот - портпарол на Влада на Република Македонија, како и на официјалната Фејсбук страна на Владата на Република Македонија

Во продолжение на прес-конференцијата на оваа тема, портпаролот Миле Бошњаковски рече:

Вечерва завршуваат активностите на кампањата од јавен интерес со која Владата ги информираше граѓаните на нашата земја за придобивките од договорот со Грција и за придобивките од членството во НАТО и ЕУ, поврзано со референдумот кој треба да се одржи во недела.

На полноќ настапува законски предвидениот молк и период до 30 септември, денот кој е одреден за изјаснување на граѓаните на референдумот.

Врвен приоритет на оваа Влада, е на граѓаните да им биде обезбеден сеопфатен и објективен пристап до релевантни и точни информации, врз основа на кои граѓаните самостојно ќе одлучат како ќе се изјаснат на референдумот во недела.

Искуството, особено за време на кампањата, покажа нагласено присуство и ширење лажни вести, дезинформации и говор на омраза, како и креирање вести врз основа на полу информации.

Сето ова претставува длабоко поткопување на демократските процеси во државата, ширење дискриминација и омраза на штета на граѓаните, како и дискредитација на институциите.

Владата на Република Македонија во согласност со принципот на добро владеење и во насока на тоа дека сме засегната страна во процесот на референдумот, најавува дека ќе го почитува пред-референдумскиот молк и ќе се воздржи од активности кои имаат поврзаност со референдумот и со изјаснувањето на граѓаните во наредниве 48 часа почнувајќи од полноќ вечерва.

Истовремено, поттикнати од препораките на Советот на Европа, ОБСЕ и другите меѓународни организации со цел обезбедување заштита на слободата на изразување, и за сузбивање на лажните вести и пропаганда,  сакаме да укажеме дека Владата е целосно свесна дека просторот на социјалните медиуми е изложен на креирање на „лажни вести и дезинформации“ со цел обид за манипулација на граѓаните на земјава.

Имајќи ја предвид штетата врз јавниот интерес која може да настане од лажна пропаганда во текот на референдумскиот молк, Владата на РМ најавува дека НЕМА ДА ДОЗВОЛИ граѓаните да бидат изложени на лажни вести, ќе ги проверува фактите и ќе ги презентира пред граѓаните.

Имено, во текот на референдумскиот молк секоја објава која ќе биде детектирана дека е лажна или дека е дезинформација или полувистина, ќе биде соодветно идентификувана и ќе биде објавено дека е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата и на Твитер профилот - Портпарол на Влада на РМ како и на официјалната Фејсбук страница на Владата.

На крајот, ги повикуваме граѓаните да ги примаат сите вести со внимание, за време на молкот. Да ги анализираат изворите од којшто доаѓаат информациите и да прават двојна проверка на секоја вест која им изгледа невообичаена или сензационална.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за здравство д-р Венко Филипче и директорот на Дирекцијата на ТИР зоните, Александар Младеновски денеска присуствуваа на настан посветен на отпочнувањето на изградбата на фабриката на првата странска инвестиција со потекло од Република Албанија во ТИРЗ Скопје 1, Саген.

Станува збор за инвестиција од фармацевтската индустрија којашто ќе произведува инфузиони раствори и генерички лекови со најсофистицирана технологија за производство. Првичната инвестиција ќе изнесува 6.5 милиони евра и ќе отвори 53 нови работни места, а според бизнис планот на компанијата се очекува вкупната инвестиција да достигне 20 милиони евра со вкупен број на вработени од 300 лица.

„Сакам да ја споделам радоста со сите нас за овој историски момент којшто денеска се случува. Историски е, бидејќи ја зголемуваме лепезата на фармацевтски производи овде во Македонија како домашно производство преку странска инвестиција, второ историски е бидејќи имаме сериозен и докажан инвеститор којшто доаѓа од пријателска земја. Ние со Република Албанија сме големи пријатели, наш сосед со кој меѓусебно си помагаме во нашите интеграции и аспирации за економски напредок“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

Премиерот Заев изрази благодарност до сопственикот Исуф Бербери за искажаната доверба и за одлуката да ја реализира инвестицијата која се очекува да достигне 20 милиони евра токму овде во Македонија.

„Сметајте и понатаму на нашата поддршка заради тоа што инвестицијата е во зародиш, ќе расте и се надевам по план ќе се развива онака како што е замислена. Ние сме овде да асистираме и да бидеме од ваша помош бидејќи конечната цел на инвестицијата е секако да заработите профит, но ќе давате плати, ќе го полните нашиот буџет и ќе партиципирате во вкупниот раст на БДП“, додаде премиерот Заев и рече дека со приближувањето на земјата до ЕУ и НАТО Македонија станува посакувана дестинација за многу нови странски и домашни инвестиции.

„Верувам дека во периодот што доаѓа овој регион и нашата земја ќе станат сè повеќе и повеќе посакувано место за инвестирање и создавање профит. Преку ваквите инвестиции се потврдува нашиот развој и нашите резултати од економските политики кои ги водиме. Оваа инвестиција е охрабрување за убавата иднина на Република Македонија интегрирана во НАТО и ЕУ, ваквите инвестиции ќе бидат наше секојдневие“, рече премиерот Заев.

По повод отпочнувањето со градба на новата фабрика на компанијата од фармацевтската индустрија Саген, свои обраќања имаа и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата на ТИР зоните, Александар Младеновски.

„Во изминатиот период сведоци сме дека стартуваше градба на фабрики на околу 15 компании, а само во последните недели се градат фабрики кои ќе вработат над 2000 луѓе“, рече вицепремиерот Анѓушев и потенцираше дека стартуван е процесот на индустријализација кој е важен за одржлив економски раст на долг рок.

„Индустријата е таа што дава ефекти на долг рок, затоа оваа влада ќе биде посветена на силна индустријализација. Само преку нови фабрики и инвестиции во високи технологии можат да се отворат работни места атрактивни за високо стручниот кадар за долгорочен импакт кон одржлив економски раст и развој. Од јануари до август просечен раст на индустриското производство изнесува д 5,5 % и заедно со други параметри се сигнал  за стабилизација на економијата”, соопшти вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање.

Министерот за економија, Крешник Бектеши зборуваше за економските параметри кои покажуваат дека економијата е ставена на стабилни основи и дека Планот за економски раст ги дава очекуваните резултати.

„Само во првото полугодие бележиме раст на извозот од технолошко – индустриските развојни зони за 18% во споредба со лани, а вредноста на извезени стоки од зоните изнесува 1 милијарда 360 милиони евра“, порача министерот Бектеши во своето обраќање.

„Ме радува фактот што бизнисмените од Албанија се сè повеќе заинтересирани да инвестираат во Македонија“, соопшти директорот на ТИР зоните, Александар Младеновски.

Во духот на долгогодишното и растечко пријателство помеѓу двете земји, но и како симбол за долготрајност и стабилност на инвестицијата беше засадено маслиново дрво старо 300 години.

Ги повикувам граѓаните доколку било кој врши притисок врз нив или ги заплашува во врска со гласањето во недела, тоа да го пријават во најблиската полициска станица. Тајноста на гласот е гарантирана и ќе биде санкциониран било каков обид за загрозување на слободното изразување на волјата на граѓаните, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференцијата по денешната посета на СВР Куманово и локалната самоуправа.

Министерот  Спасовски ги информира медиумите дека на средбата со раководството на СВР Куманово, како и на посетите кои во текот на септември се реализираа во другите сектори за внатрешни работи,  се разговараше за претстојниот референдум во недела и мерките кои МВР ги презема за се да помине во најдобар ред односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните. МВР е подготвено за референдумот во недела, а, согласно законите, секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран, рече Спасовски.

На средбата во СВР Куманово се разговараше и за безбедносната состојба на ова подрачје и беше констатирано дека таа е стабилна и се бележи подобрување во работењето. Во првото полугодие од 2018 година во Куманово има осетно зголемување на откривачката активност во областа на економскиот криминал, недозволената трговија со дрога и други области. Во текот на првото полугодие од 2018 година, активностите насочени кон спречување и откривање на недозволена трговија резултираа со откривање на 14 кривични дела, што претставува зголемување од 75% на откривачката функција во однос на споредбениот период од минатата година. Одлични резултати има и во откривањето на криумчари на мигранти, а се бележи и намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир.

На средбата со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски беше констатирана одличната соработка меѓу МВР и општина Куманово, а се разговараше и за дополнително унапредување на таа соработка. Министерот Спасовски најави и дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за изградба на нов објект на СВР Куманово.

 

Интерен оглас број 7 / 2018

Врз основа на член 11,  член 30 став 1 алинеја 2 став 3 и став 5, член 48 и член 49 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија” бр.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев ја посети новоотворената фабриката за откуп, преработка и трговија со тутун „СЕКЕ“, во индустриската зона Опаленик, Крушево.

По успешното 3 – годишно работење на компанијата во регионот, „СЕКЕ ДООЕЛ Прилеп“ инвестираше во изградба на нова фабрика. Половина од инвестицијата за изградба на објектот е од сопствен капитал на компанијата.

На средбата со менаџментот на компанијата „СЕКЕ“, Премиерот Заев ја поздрави одлуката на раководството да инвестира во фабрика и да го зголеми својот обем на работа, бидејќи како што истакна Премиерот Заев, странските инвестиции се исклучително важни за Република Македонија, со нив се отвораат нови работни места, а на тој начин се подобрува и стандардот на граѓаните.

„Ова исто така е и одраз на пријателството коешто го градиме со Грција. Македонија има огромен потенцијал на тутун и мило ми е што фабриката ќе придонесе за посигурен откуп на тутунот“, додаде Премиерот Заев.   

Претседателот на бордот на директори на фабриката „СЕКЕ“, Панајотис Таренидис, го информираше Премиерот Заев дека засега во фабриката се вработени 55 луѓе, но дека таа бројка за само неколку месеци ќе се зголеми на 350.  

Со работењето на фабриката, како што рече Таренидис ќе им помогнеме на тутунопроизводителите, ќе го забрзаме развојот на локалната, но и на целокупната економија во Република Македонија.

Основачот и сопственик на компанијата во Република Македонија, „СЕКЕ СА Ксанти“, фирма којашто од пред околу 70-тина години е формирана во Ксанти како Кооперативна унија на тутунопроизводители, инаку втора по големина по количина на откупен ориентален тутун на Балканот.