Во случајот со младиот Никола Саздовски, чијшто живот за жал згасна прерано, јавноста е целосно и навремено информирана за активностите кои ги преземаа и сеуште ги преземаат сите владини надлежни институции.

Владата на Република Македонија е пример за транспарентност, отчетност и одговорност кон граѓаните. Не постојат информации или какви било податоци кои се прикриваат или не се достапни за медиумите и граѓаните на Република Македонија.

Министерството за внатрешни работи веднаш по несаканиот инцидент за настанот објави информација во дневниот билтен, а во наредните денови беа приведени и двајца од тројцата сторители.  

Ги повикуваме сите државни институции да ја завршат постапката во однос на случајот транспарентно и со целосна посветеност во интерес на правдата.

Во исто време, Владата на Република Македонија упатува сочуство кон семејството на починатото момче. Воедно упатуваме апел до сите граѓани да се почитуваат различностите, да не се употребува говор на омраза кој директно ја поттикнува спиралата на омраза.

Крајно некоректно е трагичната смрт на Саздовски да се користи за политичко профитирање.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и владина делегација во состав Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи, денеска ги започнаа активностите на учеството на централниот дел од Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што се одржува во Лондон.

Прогрaмата на Самитот ЕУ-Западен Балкан започна со приемот организиран од премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј за шефовите на делегациите на земјите членки Берлинскиот процес и на земјите членки на ЕУ присутни на самитот, како и за претставниците на Европската Комисија.  Премиерот Заев присуствуваше и на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите (РИКО). 

На работната сесија на ручекот, посветена на економијата и на регионалната соработка, со воведно излагање се обрати еврокомесарот за соседска политика и за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Лидерите на Европската Унија и на Западен Балкан ја потврдија заложбата за зајакнување на регионалната соработка, за подем на економијата и за раст на трговската размена меѓу земјите во регионот. Заедно со напредокот во агендата за дигитализација на поврзувањето меѓу земјите и народите во областите со најмногу потенцијал, се очекува во скора иднина напредок во мобилноста, односно во движење на работна сила.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев потоа беше поканет да се обрати на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, на која претседаваше британската премиерка Тереза Меј.

Премиерот Заев на Самитот ќе учествува и во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка Тереза Меј, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава  во 2019 година.

На оваа пленарна сесија пред присутните ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, Канцеларката  на СР Германија Ангела Меркел и еврокомесарот Јоханес Хан, на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.

Официјалната програма на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што овој пат се одржува во Лондон, завршува вечерва со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, кој ќе го приреди принцот Чарлс. 
 

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи, заедно со претставници на иницијативата „Го сакам Водно“, денес извршија увид на нова предлог траса по која би поминувала гасоводната цевка преку Водно.

Новата траса од страна на МЕР е предложена со цел максимално да се заштити зелениот појас на Водно, а сепак во краток рок да се започнат градежните работи на гасоводот, кој исто така ќе биде од голема корист за заштита на животната средина.

Вицепремиерот Анѓушев ја поздрави иницијативата на граѓаните за заштита на зелениот појас на Водно, при што истакна дека имал намера лично да ја помине трасата по која треба да се гради гасоводот и на лице место заедно со претставниците на „Го сакам Водно“ и директорот на МЕР да утврдат колку зеленило и од кој вид се наоѓа на трасата.

„Невладините организации се коректив на работата на Владата и денес се уверив дека критиките и барањата на иницијативата „Го сакам Водно“ се делумно оправдани. Во однос на нивните барања Македонски енергетски ресурси подготви предлог на нова траса за изградба на гасоводот, во кој предлог максимално се избегнуваат површините покриени со шума, делумно ќе се користат и патчињата и патеките кои веќе постојат, со што за околу 70% ќе се намали влијанието врз зелениот појас во постапка на градење. Владата и МЕР прават максимални напори да се започне со изградбата на оваа делница, секое пролонгирање ќе има негативно влијание врз екологијата. Доколку се пролонгира изградбата на оваа делница за дополнителни 2, 3 или 5 години, тоа значи дека многу домаќинства ќе продолжат да ги загреваат домовите со дрва, а тоа значи дека многу повеќе шума ќе се сече за оваа намена, отколку за изградбата на гасоводот“, потенцира вицепремиерот Анѓушев.

Вицепремиерот појасни дека изградбата ќе се изведува максимално внимателно, изведувачите за време на градежните работи ќе го заштитат секое дрво кое не е на трасата на гасоводната мрежа, а воедно ги покани невладините организации да вршат надзор врз градежните работи. 

Вицепремиерот и претставниците на граѓанската иницијатива договорија средба на почетокот на наредната недела, на која треба да се усогласат ставовите и да се прецизираат наредните чекори и динамика на изведбата на гасоводот.
 

Република Македонија ќе учестува како земја партнер на 56-то издание на Меѓународниот саем за земјоделство и храна АГРА 2018, што ќе се одржи од 25 до 30 ти август, во Горна Радгона, Република Словенија. Оваа година фокусот на саемот ќе бидат  младите земјоделци и нивното вклучување во агро бизнисот.

„Добивањето покана за партнерство на овој меѓународен саем, кој се смета за еден од најважните саеми за земјоделство и храна во Централна Европа, е доказ за негувањето пријателски односи и доверба со Република Словенија и претставува силна поддршка на нашата земја во евроинтегративниот процес, и во нашите заложби за европско, модерно, ефикасно и конкурентно земјоделско производство кое со својот квалитет ќе биде препознатливо на надворешните пазари“. – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Усогласувањето на македонското земјоделство со европското земјоделство преставува приоритет во евроинтегративниот процес на Република Македонија.

„Не постои подобрa можност од овој настан на кој Република Македонија може да го претстави својот потенцијал пред меѓународната заедница,во време кога Македонија со големи чекори оди по патот на ЕУ и НАТО, пренесувањето и размена искуства е тоа што всушност го нуди ЕУ во рамките на своите членки,тоа добар начин за припрема на македонското земјоделство и другите институции пред преговорите за членство со ЕУ“. – изјави Милан Јазбец , Амбасадор на Р. Словенија во Р. Македонија

Република Македонија  како земја партнер  ќе ја искористи оваа прилика да се претстави од повеќе аспекти, пренесувајќи ги своите традиционални вредности при производството на храна и вино, на културно богатство, туризам, а ќе ги претстави и можностите за инвестиции.

Презентацијата на земјата ќе ги содржи следните компоненти: 

- Вкусот на Македонија – со акцент на промоција на македонската конзервна индустрија односно преработките од овошје и зеленчук како познатиот македонски ајвар, лутеница и други традиционални производи чиј извоз е со постојан раст, понатаму македoнското традиционално овчо сирење и македонското јагне. 

- Органска Македонија – односно Македонија како земја богата со еколошки региони погодни за производство на здрава органска храна чија потрошувачка во е со постојан тренд на раст, особено на европскиот пазар,

- Вина на Македонија – промоција на квалитетното флаширано вино, како производ со додадена вредност и голем потенцијал за извоз, како и градење на препознатливост на Македонија како винска земја,

- Македонија како турстичка дестинација  и земја со можности за инвестирање

Од буџетот на Министерството во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година, се обезбедени средства за изнајмување на штандот и за негово дизајнирање со национални обележја. Учество на саемот можат да земат фирмите во областа на земјоделството и преработувачката индустрија, кои можат да ја искористат оваа одлична можност за промоција на своите производи и поврзување со деловните партнери надвор од Македонија.
 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска непосредно пред самитот на НАТО во Брисел со видео – изјава им се обрати на граѓаните на Република Македонија.

Во видео-изјавата министерката Шекеринска потенцира дека следните два дена Македонија ќе седне на иста маса со светските велесили, и дека од 2008 година граѓаните видоа што значи да се живее во несигурна држава и во нестабилен регион.

„Утре и задутре во Брисел Република Македонија ќе седне на иста маса со светските велесили. Нашата земја официјално ќе ја добие поканата за членство во НАТО. Оваа шанса во 2008 година ја пропуштивме и оттогаш натаму, работите тргнаа во погрешен правец. Видовме што значи да се живее во несигурна држава и во нестабилен регион. Поминувавме низ многу кризи, а државата стагнираше на секое поле. Почитувани сограѓани, во изминативе 10 години едно стана јасно – без отворени перспективи за членство во НАТО и во Европската Унија, иднината на Македонија е несигурна. Членството во НАТО е историска шанса која сега мора да ја искористиме. Со тоа Република Македонија ќе стане партнер и сојузник со најмоќните земји во светот. Членството во НАТО ќе биде стабилност и сигурност за Република Македонија и нејзините граѓани. Но, тоа ќе донесе и шанса за побрз економски развој и просперитет “, вели министерката.

Шекеринска истакнува дека изминатата година беа направени крупни промени, крупни чекори напред, а решени беа тешки проблеми.
 
„Покажавме дека Македонија може подобро. Горда сум на постигнатото, продолжуваме понатаму“, вели министерката Шекеринска во своето видео-обраќање.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што денеска се одржува во Лондон, имаше средби со претставници на Охридската група, пријатели и поддржувачи на нашата земја, предводени од сер Џорџ Робертсон. 

На средбите искусните дипломати и политичари, претставници на повеќе меѓународни организации, го истакнаа исклучителниот напредок на Република Македонија и ја нагласија историската важност за постигнатиот договор со Република Грција кој ги отвори вратите за членство во НАТО и датум за преговори со ЕУ.

Премиерот Заев ги запозна членовите на Охридската група со чекорите што претстојат при имплементацијата на договорот, а особено за референдумот на кој граѓаните треба да го кажат последниот збор и избор за иднината на земјата што ја гарантираат членството во НАТО и стартот на преговорите со Европската Унија.  

Соговорниците на работните состаноци се согласија дека од огромна важност е што мнозинството од граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ и НАТО и дека тоа е аргумент за оптимистички очекувања за исходот од референдумот.

Претставниците на Охридската група потенцираа дека овој напредок на земјата немаше да биде можен ако не беше храброто лидерство и успешната реализација на реформите.

Лорд Робертсон, поранешниот Генерален секретар на НАТО, информираше на средбите дека сите членови на групата Охрид и пријатели на Република Македонија го поддржале писмото кое во име на групата било испратено до шефовите на државите и на владите на земјите членки на ЕУ и НАТО, за позитивна одлука на Европскиот Совет и за најавеното активирање поканата за членство во НАТО.

На работните средби со премиерот Заев и со дел од владината делегација, претставниците на Охридската група истакнаа дека и понатаму остануваат посветени на  поддршката за Република Македонија и уште еднаш потенцираа дека пред земјата е единствена шанса за трајно стабилизирање и за остварување на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО, кои гарантираат економски напредок и демократски институции.

На предлог на министерството за економија на денешната седница на Владата на Република Македонија ќе биде разгледана информацијата во врска со донесување на програма за изменување на програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018 година, со предлог-програма, како и информацијата во врска со потпишувањето на меморандум за разбирање во енергетскиот сектор помеѓу министерството за економија на Република Македонија и министерството за енергетика и рударство на Република Косово.

Пред министрите денеска ќе се најдат и две информации предложени од министерството за здравство, односно информацијата за спроведена постапка по објавен оглас за избор на Национален координатор за трансплантација на Република Македонија, со предлог - решение, како и информацијата со барање за отпочнување постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка и акциски план за реконструкција, пренамена и адаптација и доградба на ЈЗУ Општа болница Кичево – втора фаза.

Како материјал за информирање на 78-мата седница министрите ќе го разгледаат извештајот за реализација на оперативниот план на активностите за имплементација на Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност за 2017 година.

На денешната седница, членовите на Владата ќе дебатираат и за информацијата предложена од министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно информацијата за потпишување на спогодба помеѓу македонското и министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, за фитосанитарна соработка.

78-мата седница на Владата на Република Македонија е предвидено да започне во 12:00 часот.

На првиот ден од петтата Kонференција на високо ниво за Западен Балкан (Самит), под покровителство на британската премиерка Тереза Меј, МНР Никола Димитров учествуваше на панел дискусијата “Иднината на Берлинскиот процес” со невладини и младински организации - видеото може да се преземе од следниов линк https://youtu.be/XD3VSvXSeLY.

Министерот Димитров имаше посебни обраќања на работниот ручек, како и на пленарната дискусија посветена на билатералните прашања.

МНР Димитров: „Нашиот пристап при решавање на билатералните прашања е искрен: отворен дијалог, се трудиме да ги сфатиме барањата на другата страна, немаме скриена агенда“.

Конференцијата се организира во рамките на „Берлинскиот процес“, чии членки се шесте земји од Западен Балкан (Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија), и петте земји-членки на ЕУ: Германија,  Aвстрија, Франција, Италија, Велика Британија. Во својство на набљудувачи во процесот учествуваат Бугарија, Словенија и Хрватска.

Во рамки на програмата на Министрите за надворешни работи, предвидени се дискусии поврзани со реформската агенда во контекст на евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан, билатералните односи, како и глобалните безбедносни и миграциски предизвици.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска, во пресрет на неговото, и на учеството на владината делегација на Самитот ЕУ/Западен Балкан во Лондон, се сретна со Извршниот директор на Фондацијата за демократија Вестминстер од Велика Британија, Ентони Смит.
 
Премиерот Заев на средбата го истакна придонесот на канцеларијата на Фондацијата Вестминстер во Република Македонија, која во изминатите 10 години спроведуваше проекти од исклучително значење за јакнење на капацитети на Собранието на нашата држава, на унапредувањето на парламентарната демократија, како и за демократизацијата на политичките партии.
 
Извршниот директор на Фондацијата за демократија Вестминстер, Смит го издвои како исклучително позитивен напредокот што го направи Република Македонија во изминатата година, и потенцираше дека позитивниот пресврт беше направен со храбрите чекори што ги презеде Владата на РМ со договорот со Бугарија, и особено со договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство. Тој додаде дека со новите вредности во соседската и регионална политика, како и со унапредувањето на демократскиот амбиент, Република Македонија доби и соодветно признание со датумот за преговори со Европската Унија и со најавеното активирање на поканата земјата да стане 30-та членка на НАТО.
 
На средбата е изразен заеднички заклучок дека на референдумот за договорот со Република Грција, граѓаните на Република Македонија ќе ги верификуваат политиките што ги отворија вратите на ЕУ и НАТО.
 
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев потенцираше дека гласот на пратениците е контролниот глас на граѓаните и дека и во претстојниот период од огромна важност е поддршката за унапредување на парламентарната демократија, демократизацијата на политичките партии и за јакнење на институциите како клучни во реформите што треба да бидат заокружени до отворањето на поглавјата за преговори со ЕУ во јуни идната година.

Министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, денеска, оствари средба со амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, г-дин Карло Ромео.

Министерот Адеми за време на разговорите опширно го информираше соговорникот со активностите на неговиот Кабинет околу Националната стратегија и основните столбови за соработка со дијаспората во повеќе области од нејзин интерес.

Имајќи во предвид големото присуство на дијаспората по потекло од Македонија во Италија, се нагласи дека истата претставува добра можност за изградба на мостови за соработка од повеќе области пред се во економијата, културата, образованието и  инвестициите.

Министерот Адеми најави дека во септември оваа година ќе ја посети Италија и побара средби со соодветни институции во Владата и министерството за надворешни работи на Република Италија.

Амбасадорот Ромео изрази интерес за актуелните активности на Владата на Република Македонија во процесите на НАТО и евро-интеграциите за коишто ја истакна целосната поддршка на Владата на Република Италија, за членството на Р. Македонија во НАТО и ЕУ.

Воедно, нагласи дека оваа недела во Брисел на Самитот на НАТО, Македонија ќе добие покана за членство при што процесот на зачленување ќе заврши во предвидениот рок.

За време на разговорот, меѓу другото, стана збор и за повеќе актуелни состојби во регионот и пошироко во светот.