Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев синоќа во Кавадарци на граѓанската трибина во организација на коалицијта „Заедно за Европска Македонија“  ги поздрави многубројните граѓани со пораката дека нашата иднина е во Европска Македонија и ги повика кавадарчани да ја зграпчат историската можност позитивно да одлучат за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО со што ги осигуруваме и обезбедуваме безбедноста, трајниот мир, економскиот просперитет и стабилност на нашата државата.
 
Говорници на граѓанската трибина беа и актерот Љупчо Бубо Каров и пејачката Кристина Арнаудова кои ги повикаа своите сограѓани да ја дадат поддршката и да излезат на гласање на референдумот за европска Македонија, заедно да одлучиме земјата да тргне посилно напред и да обезбедиме иднина за нашите деца.
 
„Јас сакам да ве повикам на 30-ти септември да излезете на гласање. Од сабајле кој пие кафе, пие, да си испие кафенцето, да си се дотера со најубавата облека, да си ја понесе најубавата насмевка со себе, да оди на гласање, да се врати и да си ги гушне децата дома и да знае дека донел вистинска одлука и за своите деца, и за својата Македонија.“ повика премиерот Заев.
 
Зборувајќи за важноста на референдумското изјаснување на граѓаните на 30-ти септември премиерот Заев рече дека станува збор за историска одлука за која во иднина со гордост треба да ги погледнеме нашите деца во очи дека сме им ја обезбедиле иднината во Европска Македонија.
 
„Ќе може да ги погледнеме децата наши во очи и да им кажеме: Ќерко, синко ние ја обезбедивме иднината тогаш кога требаше. Го направивме чекорот, донесовме одлука, обезбедивме перспективи за вас децата. Еве денеска вие живеете убаво, перспективно, може да се образувате каде сакате во Европа, може да имате рамноправен третман со сите млади луѓе како што го има по цела западна Европа.“ порача премиерот Заев.
 
Премиерот Заев ги повика сите граѓани заедно да одржиме лекција со референдумот за Европската Униј, за верба во европски вредности и како што рече уште еднаш да и помогнеме на Европа.
 
„Што имала Македонија да и даде на Европа? Дава веќе Македонија на Европа. Дава европски манири, дава европски однос, дава љубов кон Европа. Дава верба во владеење на правото, закони да важат еднакво за сите, во севкупни човекови права и слободи, во севкупната слобода вклучително и слободата на медиумите, во професионална безбедност, комплетно Европа добива и од нас од нашата верба.“ зборуваше премиерот Заев пред граѓаните на Кавадарци на граѓанската трибина оргнизирана од коалицијата „Заедно за европска Македонија“.

Времената мерка за ослободување на царинската давачка за увоз на смрзнато свинско месо, даде позитивни резултати за развојот на домашната месна индустрија, порачаа на денешната прес конференција потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и претседателот на Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни производи при Стопанската комора на Македонија, Гоце Трајчев.

Анализата на Групацијата покажува дека за првите три месеци откако е воведена мерката, значително е зголемено вкупното производство на сувомесни производи, извозот на македонските месни преработки, а потрошувачите добија производи со пониски цени.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека, оваа мерка ќе ја зголеми искористеноста на производствените капацитети на месната индустрија, кои досега работеа со минимална искористеност од 28 отсто.

 

 

„Досега во супермаркетите три четвртини од месните производи беа од увоз, а само една четвртина беа од македонско производство, Тоа беше аларм за Владата, во соработка со Министерството за земјоделството, Министерството за економија и Стопанската комора на Македонија да најдеме начин како да ја санираме оваа состојба. Владата донесе мерка со која што ги олесни царинските бариери што оваа индустрија ја ставаше во неконкурентна состојба со увозните производи. Денеска сме сведоци дека мерката даде значаен резултат, производството е зголемено за 40 отсто а извозот за 61 отсто, и воедно цената на сувомесните производи за граѓаните е намалена“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, потенцираше дека мерката е донесена после повеќе состаноци до претставници од месната индустрија и со фармерите, се со цел да се донесе соодветно решение од интерес на двете страни, а при тоа да не се загрози домашното производство на свежо свинско месо. Во целиот процес беа значајни и анализите на Агенцијата за храна и ветеринарство, за состојбата со домашното производство на свинско месо.

 

 

„Резултат на оваа мерка е што целата оваа месна индустрија се спаси од колапс, затоа што во последниот период бевме сведоци како за краток временски период се затворија 12 објекти. При тоа, со мерката добивме позитивни резултати во делот на зголемување на извозот нашите сувомесни преработки, а без при тоа  да биде нарушено домашното производство на свежо свинско месо. МЗШВ, во насока на поддршка на овој домашен сектор кој што забележува пораст кај производството на свежо свинско месо, Владата паралелно носеше нови мерки и политики. За годинава за 10 отсто се зголемија субвенциите за домашните  фармери со развоен потенцијал, а за прв пат распишавме и оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп за сточна храна. МЗШВ веќе работи и пакет нови мерки за сточарството “, изјави министерот Николовски.

Вицепремиерот Анѓушев и министерот Николовски порачаа дека нашето членство во НАТО и ЕУ, ќе придонесе за уште побрз развој на овој сектор, на земјоделството и крајно на  вкупната економија.

Од Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни производи при Стопанската комора на Македонија, изразија задоволство за воведената мерка, со која што е решен проблем, кој што се таложел со години. Оценуваат дека како резултат на оваа мерка не само што ќе се зголеми искористеноста на производствените капацитети, туку тоа ќе придонесе и за отворање на нови работни места и зголемување на платите во овој сектор.  

 

 

Под слоганот #СеГрижимеЗаедно и #ДомашнаПосета денеска во Кочани беше отворен првиот Мобилен сервис за здравствени и социјални услуги, пилот услуга на Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, а поддржан од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). 

Сервисот го најавија министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев. 

Новата услуга ќе биде реализирана од страна на двата тима составени од медицински сестри и социјални работници кои ќе работат на терен. Тие секојдневно ќе посетуваат домаќинства во Кочани и руралните заедници со цел превенција, основна социјална и здравствена грижа во домашни услови.

“Денеска го воведуваме Мобилниот сервис, пилот услуга за домашна посета, за да ги приближиме здравствените услуги поблиску до граѓаните. Министерството за здравство препознава дека живеењето во социјален ризик води до нееднаков пристап до здравствени услуги, а тоа директно влијае врз здравјето на нашите граѓани. Очекуваме дека оваа услуга ќе придонесе за намалување на бројот на хоспитализации и здравствени компликации и ќе се придонесе кон подобрување на достапноста и квалитетот на здравствена грижа.“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека во најголем број на случаи здравствените и социјалните ризици се испреплетуваат. Во земјата досега не постоеше заеднички сервис во кои ќе се спојат овие две услуги. За прв пат во медицинскиот тим ќе се вклучи и социјален работник чија задача ќе биде да препознае евентуални социјални ризици во семејствата. 

,,Програмата за развој на Обединети Нации со гордост учествува во оваа пилот иницијатива со ресорните министерства, со цел граѓаните на Кочани да ги почувствуваат бенефитите од овој ново формиран сервис, а истиот да прерасне во иден редовен модел на здравствена и социјална заштита”, потенцираше постојаната претставничка на УНДП во земјата.  

Заеднички веруваме дека Мобилниот сервис за кратко време ќе ги покаже позитивните резултати од терен, а воедно и ќе претставува добар модел кој би се реплицирал и во следните две општини - Битола и Ресен. Интенцијата е, по овие три први општини истиот систем да профункционира и на национално ниво. 
 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од министрите за транспорт и врски, животна средина и образование, Горан Сугарески, Садула Дураки, Арбер Адеми, заменичката министерка за финансии, Ширете Елези  и градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи денеска во општина Липково ја посетија локацијата каде што се започнати градежни работи за изградба на прочистителна станица за вода за пиење.

 

 

„Денеска сме овде да означиме почеток на изградба на филтер станицата и доводниот цевковод за водоснабдување на Липково, проект вреден 84 милиони денари од кои 75 милиони денари се обезбедени од Владата на Република Македонија преку кредитната линија на Европската инвестициона банка, а 9 милиони денари се обезбедени од општина Липково. Ова е само почеток на водоснабдувањето на Липково. Се работи за вода пиење. Во 21 век не смееме да оставиме ниту едно село, ниту едно детенце во Македонија да остане без вода за пиење,“ потенцираше премиерот Заев во изјавата што ја даде за медиумите.

Премиерот Заев додаде дека се обезбедени околу 100 милиони евра за изградба и реконструкција на комунална инфраструктура и рече дека дел од овие средства се од ТАВ, околу 35 милиони евра, 20-тина се заштеди на јавните претпријатија, 50 милиони евра се нова кредитна линија од ЕИБ и 12 милиони евра се неискористени од постоечката кредитна линија на ЕИБ.

„Апелирам до општините коишто сеуште немаат искористено од тие пари да ги искористат до крај овие 12 милиони евра. Овде се направени такви алокации на средства кон општина Липково за овие 75 милиони денари. Верувам дека со многу брзо темпо, со ефикасни постапки ќе се пуштат цевките насекаде во Липково“, истакна Премиерот Заев и рече дека Владата останува посветена и сериозно ќе пристапува во реализацијата на вакви проекти кои значат решавање на елементарните потребни на граѓаните.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во својата изјава информираше дека со реализацијата на овој проект се создаваат услови за развој на водоводна мрежа во 22 населени места од општина Липково и како што рече паралелно на тоа ќе се гради и цевковод во должина од 570 метри до Липково. Тој како и премиерот ги повика општините да изработуваат и доставуваат квалитетни проекти.

 

 

„Само да информирам дека од мај месец се склучени 20 договори за изградба на водоводи и канализација, дополнително имаме активни тендери за седум општини и до крај на годината очекуваме тој број значително да се зголеми“, рече министерот Сугарески и порача дека очекува оваа и наредната година огромен број на комунални проблеми да бидат решени преку изградба на комунална инфраструктура.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки порача дека со реализацијата на овој проект се исправа голема неправда на граѓаните на Липково кои сега ќе можат да ја користат водата од природата и упати уверување дека граѓаните ќе дадат поддршка за членство на земјата во ЕУ и НАТО.

 

 

Градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи изјави дека денешниот ден е значаен за Липково бидејќи започнува изградба на голем капитален објект со кој се започнува процес на решавање на елементарна потреба на граѓаните за снабдување со вода за пиење.
 

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, вицепремиерот и министер за внатрешни работи,  Оливер Спасовски, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски денес присуствуваа на свеченоста со која се означи почетокот на изградба на новиот објект на компанијата Индустри сервис во населба Маџари.

Вицепремиерот Анѓушев, потенцираше дека оваа нова инвестиција на компанија која е специјализирана за производство на храна за потребите на големи индустриски капацитети е уште еден доказ за процесот на индустријализација кој се одвива во Република Македонија. Тој дополни дека овој тип на компании се многу важни во индустријата, бидејќи според податоците од Светската организација на трудот, компаниите кои имаат организирана исхрана ја зголемуваат својата продуктивност дури до 20%.

„Станува збор за семејна компанија, која започнала како мала, а во текот на годините се проширувала. Факт е дека во многу земји индустријата се заснива на семејни компании, а добар пример за тоа е Германија, каде 70% од компаниите се семејни, со долга традиција и кои се развивале со паметен менаџмент“, потенцираше Анѓушев.

Анѓушев подвлече дека во јули 2018 година, забележан е пораст на индустриското производство од над 8%, просечната плата во истиот месец е за над 6% повисока од истиот месец лани, додека извозот од Република Македонија бележи раст од 14,1%, што покажува дека индустријата бележи значителен прогрес.

„Задачата на Владата да ги поддржи компаните во нивниот развој. Компанијата Индустри сервис е корисник на проектот Странски експерти за домашни компании и токму во декември странски експерт ќе помогне со реализација на новата инвестција. Оваа компанија аплицираше за користење на мерките од третиот столб, кој се спроведува преку ФИТР, нивната апликација е позитивно оценета и се очекува да биде поддржана во вториот бран“, дополни Анѓушев.

Вицепремиерот се осврна и на претстојниот референдум, при што истакна дека евро-атлантските интеграции на земјата се главен приоритет на Владата, поради тоа што на тој начин се обезбедува стабилност и сигурност, а со тоа и подобри услови за нови инвестиции и побрз раст и развој на економијата.

Овој објект за подготовка на храна ќе претставува најголем и најсовремен угостителски капацитет од овој тип на цела територија на Македонија. Целна група ќе бидат домашните и странските компании во земјава со над 300 вработени, нагласи градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски.

„Општина Гази Баба и во иднина ќе ги поддржува сите инвеститори кои ќе сакаат да вложат на наша територија, а со тоа директно да влијаат на развивање на општината и што е особено важно, на намалување на невработеноста во Гази Баба. Отворени сме за сите странски и домашни компании, општина Гази Баба ќе им секогаш биде лојален партнер“, потенцираше Георгиевски.

Сопственикот на Индустри сервис, Драган Смилковски рече дека во моментов компанијата вработува преку 150 лица, додека во новиот објект ќе се инвестираат околу 1,5 милиони евра, а планирани се до 100 нови работни места. Тој рече дека компанијата соработува со големи индустриски капацитети приштo дневно произведуваат околу 9.000 оброци, односно над 2 милиони оброци годишно, а со новиот капацитет производството се удвојува.

„Локацијата на која ќе се гради објектот е на парцелата од 2.650 м2, додека вкупната градежна развиена површина изнесува 1.800 м2. Новиот проект ќе има капацитет за подготовка и служење на 9.000 оброци на дневна основа, односно преку 2.000.000 оброци годишно. Овој објект за подготовка на храна ќе претставува најголем и најсовремен угостителски капацитет од овој тип во Република Македонија“, кажа Смилковски.

 

„Патриот е секој човек кој што тргнува прво од државните интереси, од интересите на нашиот народ којшто нè прави лични калкулации, туку носи храбри одлуки.“ рече вчера вечер премиерот Зоран Заев на граѓанската трибина во Кичево.

Истакнувајќи ја својата благодарност до сите припадници на останатите и помали етнички заедници во Кичево за разбирањето при постигнувањето на договорот со Грција, Премиерот Заев посочи дека местото на мултиетничка, сплотена, стабилна Македонија е во ЕУ и НАТО. 

„Македонија има потреба од вас граѓаните. Нашите деца очекуваат најмалку тоа што ние сме добиле од нашите татковци. Водење грижа за нашата иднина, наша должност е да им оставиме на сите наши деца повеќе од тоа што нашите татковци ни оставиле. Да им обезбедиме Европска Македонија. Ова е одлука за нашата единствена партија Република Македонија“ рече премиерот, Заев.

Тој потенцираше дека со членството на Македонија во НАТО и ЕУ ќе имаме исто право на глас како сите други светски земји членки во НАТО. Со членството во ЕУ ќе се зголеми помошта од ЕУ, ќе има тројно повисоки субвенции за земјоделие и за храна, ќе пораснат платите во државата, ќе добиеме директна поддршка за правосудство и за безбедност во државата како и за социјална заштита и еднакви услови за живот во Македонија.

- Нема друга алтернатива, затоа да не ја пропуштиме оваа шанса за европска Македонија, кон која тежнееме. Јас сум убеден дека нашиот народ ќе успее да донесе искрена, историска, мудра одлука затоа што секогаш нашиот народ тоа го правел. Јас знам дека сите сме горди на нашето минато и тоа е наше минато, наша историја но наша должност е да ја обезбедиме иднината. Референдумот е најмоќната демократска алатка. Гласот на граѓаните е конечен, посочи премиерот Заев. 

Должност ни е да бидеме граѓани на оваа земја како што треба. Затоа сакам да ве поканам на 30 септември по утринското кафе или чај, после тоа сите на гласање а кога ќе изгласаме да се вратиме дома, да си ги гушнеме децата да им кажеме дека донесовме одлука за нив, обезбедена е нивната иднина и да се радуваме на иднината на Република Македонија. Ајде да и покажеме на Европа и на целиот демократски свет дека ја заслужуваме нивната поддршка и ајде да им покажеме на нашите деца и генерациите што доаѓаат после нас дека сме достојни за одлуката што ќе ја донесеме на 30 септември, излегуваме и гласаме ЗА!“ – порача претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на граѓанската трибина во Кичево.

 

- Пријатели имаме огромни, оваа наша земја, заедно со граѓаните, ќе ја направиме земја за почит. Животот овде да го живееме, тоа е првата цел, не само за нас туку и за младите, порача претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на граѓанската трибина во Демир Хисар.

Тој ги повика граѓаните на референдумот да покажат пред земјите членки на НАТО и на ЕУ дека овој народ знае што е добро и дека и Демир Хисар ќе гласа За европска Македонија. 

 

 

- Ги повикувам сите граѓани, ова е наша заедничка татковина и наша заедничка обврска е да водиме грижа за неа. Носев одлуки за договорот со Бугарија, Грција, едно општество за сите, застанаа зад мене Владата и Парламентот, сега барам да застане и народот. Одлуките ги носев верувајки дека огромното мнозинство граѓани ќе ги поддржи и верувам дека и цензусот ќе го постигнеме. Овој народ секогаш кога станувало збор за државата носел правилни одлуки, рече премиерот, Заев.

- Цензусот е крупна работа, 904 илјади гласачи треба да гласаат. Секој има обврска кон државата да гласа. Може да биде "за", може "против", но секој кој бојкотира е против државата. Верувам до небото во нашиот народ, додаде премиерот, Заев. 

Тој посочи дека со договорот од Преспа "добивме држава што никој повеќе не ја спори, со македонски идентитет потврден од сите и македонски јазик, потврден од сите во светот".

- Европскиот парламент ќе го користи македонскиот јазик како 26. официјален јазик, 156 илјади страници европско законодавство ќе бидат преведени и на македонски јазик. Вчера во ЕП зборував на македонски јазик, посочи претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

- Затоа, да излеземе на 30. септември и да гласаме за европски Демир Хисар и За европска Македонија, повика претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на граѓанската трибина во Демир Хисар.

 

Во рамките на тридневната посета на Република Италија, министерот  Едмонд Адеми задолжен за дијаспора во Владата на Република Македонија денеска оствари  работни средби со претседателот на регионалниот парламент на Трст, г-дин Пјеуро Мауро Занин и со потпретседателот Франческо Роко. 
 
На оваа средба се разговараше за одличните односи на регионот Трст, еден од најразвиените делови на северна Италија, со балканските земји во рамките на економската соработка, културата и традицијата. 
 
Претседателот Занин го пренесе интересот за продлабочување на односите со Република Македонија во областа на човековите ресурси, проектни програми, во областа на земјоделството, образованието и културата. Воедно министерот Адеми и претседателот Занин разменија повеќе информации за актуелните политички состојби во двете земји. 
Г-дин Занин искажа беспрекорна поддршка за Република Македонија за референдумското прашање. Според него Италија претставува традиционален партнер во поддршката  во сите развојни етапи на интеграциските процеси на Република Македонија. Соговорникот изрази надеж дека референдумот ќе заврши со успех и потсети дека ниту една земја порано во изградбата на партнерските односи со ЕУ, немала ваква поддршка.
 
Министерот Адеми се заблагодари на оваа пријателска средба, го покани претседателот Занин да ја посети Република Македонија и да се запознае со состојбите во нашата земја, а воедно да се изгради меѓусебна соработка со овој регион на Италија и Република Македонија.
 
Министерот Адеми, посочи дека регионот Трст и Република Македонија имаат потреба да ја зајакнуваат и развиваат соработката во насока на инвестициите и пренесување на искуствата во повеќе области на взаемни интереси пред се во областа на економијата, трговијата, земјоделската соработка и во областа на културата и образованието.
 
Стана збор и за дијаспората од Република Македонија, која е распространета во Америка, Европа, а со посебен нагласок на Италија која е целосно интегрирана во Трст и регионот околу него. 
 
Во разговорите двајцата соговорници се сложија дека нашата дијаспора е целосно интегрирана во италијанското општество и служи како мост за развивање на пријателски односи меѓу двете земји. Двајцата соговорници се согласија со тоа дека институциите во Трст треба да преземат чекори за целосна поддршка и промоција на македонската култура, јазик и историја.
 
Воедно, министерот Адеми оствари средба и со ректорот на Универзитетот на Трст  проф. Маурицио Фермеглиа. Оваа највисока  академска и образовна институција апсорбира студенти не само од Италија туку и од други европски држави, а воедно и од Северна Африка. Универзитетот во Трст е институција за изучување на  природните и општествените науки, со посебен осврт на фармацијата и медицината, математиката и биолошките науки. За време на разговорот, соговорникот покажа големо познавање за Република Македонија во целина, но и за актуелните политички состојби во земјата.   
 
Целта на оваа посета беше запознавање на двете страни и  воспоставување на основа за идна соработка помеѓу Универзитетот на  Република Македонија и Универзитетот од Трст. Министерот Адеми го посети и центарот на поранешната Воена болница која е адаптирана во Академска институција  за тренинг, менторирање, практична настава  и усовршување.
 
Центарот има улога на одржување на иновативни студии, професионалното издигнување, помагање на иновативни решенија во производството во различни нивоа на академската кариера и зголемување на менаџерските капацитети во практиката.
 
За посетата на министерот  Адеми во Италија имаше голема заинтересираност од страна на државните и регионалните телевизии, како и од печатените медиуми и на крајот на средбите министерот Адеми имаше интервју за државната телевизија Раи Уно, но  и за регионалните телевизиски станици од Трст.
 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска беше во Охрид. Тој се сретна со градоначалникот Јован Стојановски, а за време на прошетката низ градот се виде и разговараше со граѓани од Охрид и регионот на теми кои се битни за нив. 

Како последна активност за време на посетата имаше граѓанска трибина која се одржа во просториите на Општината на град Охрид. Пред преполната сала, министерот Димитров се осврна на предизвиците со кои се соочуваат охриѓани, а како еден од главните предизвици беше идентификуван проблемот со одливот на младите од регионот. „Ова е реален предизвик за Охрид и околината. Младите си одат во потрага за подобар живот, од град со огромен потенцијал. Тоа е нешто што мора да го смениме. Патот до таму не е краток, ниту па лесен и само одговорно и со многу работа ќе стигнеме до целта. Мора да успееме. Важно е да тргнеме по патот, низ вратата, со исправена глава. Следниот суштински чекор по патот кон европска Македонија ќе се случи на 30 септември“ - кажа министерот Димитров. 

Министерот се осврна и на економските бенефити од НАТО што во голема мера ќе имаат релативно брз позитивен ефект во Охрид и околината, преку развој на туризмот но со фокус на еколошката одржливост и со внимателно планирање и имплементација на тој развој, со исклучиво важен акцент ставен на заштитата на животната средина. 

Активностите на министерот за надворешни работи Никола Димитров викендов продолжуваат во Скопје. 

Денес, во Куманово беше отворена и пуштена во употреба најсовремена акредитирана лабораторија за микробиологија и паразитологија по најнови светски стандарди со вкупно 19 методи за испитувањена на храна и вода, на кој настан присуствуваше министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициска клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ, државниот секретар на Министерство за економија Зоран Павловски и директорот на Агенција за поддршка на претприемништво во Република Македонија Иле Миткоски.

Во оваа лабораторија се испитуваат сите видови на млеко и млечни производи, месо и месни производи, јајца, вода, сокови, пиво, зачини, сточна храна и др. производи. ,,Оваа е пред сè голем напредок во контрола на процесот на производство на храна, најголем дел од нашата опрема е од Израел и Италија”, истакна сопственикот Најден Бајдевски.

Министерот Шапуриќ посочи дека домашните инвестиции се основата на македонската економија и токму заради тоа сите домашни инвеститори имаат поддршка од Владата. Министерот го посочи Законот за финансиска подршка на инвестициите како значаен инструмент преку кој домашните компании можат да добијат поврат на инвестираните средства. Една од основните цели на Законот за финансиска поддршка на инвестициите е воведување високи технологии, истражни центри и лаборатории кои не самошто придонесуваат за подобар квалитет на производство туку водат и кон технолошки развој. Потсети дека во јули беа потпишни договори со над 100 домашни компании на кои државата им додели финансиска подршка за нивните инвестиции. Истакна дека растот од 3.1% на БДП во вториот квартал воопшто не е случаен и дека со влезот во НАТО и отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ, домашната економијата ќе продолжи континуирано да расте со забрзано темпо.

„Посебно радува фактот што оваа инвестиција е во Куманово затоа што на тој начин значително се придонесува за развој на локалната економија и пред сè вработување на локалното население“, изјави министерот Зоран Шапуриќ.

Упати честитки на сопственикот на оваа инвестиција која значи отворање на нови работни места како и со методологијата на работа на самата лабораторија.
Сопственикот на компанијата г-дин Најден Бајдевски го запозна министерот со плановите на компанијата за усовршување на стручниот кадар како и со планот за наредниот циклус на инвестиции на компанијата.